55. БОЖЈОТО ЦАРСТВО НЕМА ДА ДОЈДЕ ВИДЛИВО
Некои фарисеи дошле кај Исуса со прашањето: „Кога ќе дојде Божјото царство?“ Поминале повеќе од три години откако Јован Крстителот ја објавил веста која одѕвонувала низ нивната земја како трубен глас: „Се приближи царството небесно”. (Матеј 3:2) Овие фарисеи до тогаш не виделе никаков знак за основање на тоа царство. Многумина од оние што го отфрлиле Јована и на секој чекор му се спротивставувале на Исуса, навестувале дека Неговата мисија доживеала неуспех. {КВ 506.1}
Исус одговорил: „Царството Божјо не Доаѓа на видлив начин; ниту ќе може да се каже: ‘Еве го овде, или ене го онде’, зашто Божјото царство е во вас внатре”. Божјото царство почнува во срцето. Не очекувајте дека овде или онде ќе се појавуваат знаци на земна сила кои ќе го одбележат неговото доаѓање. {КВ 506.2}
„Ќе дојде време,“ рекол Исус обраќајќи им се на Своите ученици, „кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот човечки, и нема да видите”. Се наоѓате во опасност да не ја препознаете славата на Мојата мисија, зашто не е опкружена со световен раскош. Вие не увидувате колку голема предност уживате денес што меѓу вас лично се наоѓа Оној Кој, иако има облик на човек, Тој е живот и светлина на луѓето. Ќе дојдат денови, кога со копнеж ќе се сетите на можноста која ви била дадена да одите и да разговарате со Божјиот Син. {КВ 506.3}
Поради својата себичност и земните стремежи дури ни Исусовите ученици не можеле да ја сфатат духовната слава што Тој настојувал да им ја открие. Дури откако Христос се вратил кај Својот Татко и по излевањето на Светиот Дух на верниците, учениците во потполност го сфатиле карактерот на Спасителот и Неговата мисија. Откако биле крстени со Светиот Дух, почнале да сфаќаат дека биле во непосредно присуство на Господ на славата. Додека се сеќавале на Христовите зборови, нивните умови биле отворени, така што ги разбрале пророштвата и ги сфатиле чудата што Тој ги направил. Чудата од Неговиот живот минувале покрај нив и тие прилегале на луѓе што се будат од сон. Тогаш сфатиле дека „Речта стана тело и се настани меѓу нас. И ние ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото, полн со благодат и вистина”. (Јован 1:14) Христос дошол од Бога кај грешниот свет за да ги спаси паднатите Адамови синови и ќерки. Кога го сфатиле ова, учениците сега самите себеси си изгледале помалку важни. Тие никогаш не се измориле од повторување на Неговите зборови и дела. Неговите поуки, кои само нејасно ги разбрале, сега за нив претставувале ново откровение. Светото Писмо за нив станало нова книга. {КВ 506.4}
Кога ги пребарувале пророштвата што сведочеле за Христа, учениците дошле во заедништво со Божеството и стекнале знаење за Оној, Кој се вознел на Небото, за да го заврши делото што го започнал на Земјата. Тие увиделе дека Тој располагал со сознание кое ниедно човечко суштество не може да го разбере доколку не му се пружи божествена помош. Им била потребна помош од Оној, Кој го претскажале царевите, пророците и праведниците. Со восхит ги читале и препрочитувале пророчките описи за Неговиот карактер и дело. Колку нејасно ги сфаќале пророчките списи; колку бавно ги примале големите вистини што сведочеле за Христа! Додека го набљудувале во Неговото понижување, кога одел како човек меѓу луѓето, тие не ја разбрале тајната на Неговото отелотворување, двојниот карактер на Неговата природа. Нивните очи биле заслепени, така што не биле во состојба во потполност да го препознаат божественото во човечкото. Меѓутоа, кога Светиот Дух ги просветлил, колку силно посакувале повторно да го видат и да седнат покрај Неговите нозе! Колку само посакувале да можат да дојдат кај Него и Тој да им ги објасни оние делови од Светото Писмо што не можеле да ги разберат! Колку внимателно би ги слушале Неговите зборови! Што мислел Христос, кога рекол: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите”. (Јован 16:12) Колку биле желни да го знаат сето тоа! Тагувале што верата им била толку слаба, што нивните замисли биле толку далеку од саканата цел, што не успеале да ја сфатат реалноста. {КВ 507.1}
Еден гласник бил испратен од Бога да го објави Христовото доаѓање и да го насочи вниманието на еврејскиот народ и на светот кон Неговата мисија, за луѓето да можат да се подготват да го примат. Прекрасната личност што ја најавил Јован се наоѓала повеќе од триесет години меѓу нив, а тие всушност не знаеле дека Тој е Оној, Кого Бог го испратил. Учениците чувствувале грижа на совеста што дозволиле неверието кое преовладувало да ги закваси нивните мислења и да го замагли нивното разбирање. Светлината на овој мрачен свет блескала среде неговиот мрак, а тие не сфатиле од каде доаѓаат нејзините зраци. Самите себеси се прашувале зошто се однесувале така, за да Христос мора да ги укорува. Честопати ги повторувале Неговите разговори и зборувале: „Зошто дозволивме земните обѕири и противењето на свештениците и рабините да ги збунат нашите сетила, така што не разбравме дека меѓу нас се наоѓа Еден, Кој е поголем од Мојсеј, дека не поучува Еден, Кој е помудар од Соломон? Колку биле тапи нашите уши! Колку слабо било нашето сфаќање!“ {КВ 508.1}
Тома не сакал да верува сѐ додека не го ставил својот прст во раната што ја направиле римските војници. Петар се одрекол од Него, тогаш кога Тој бил понижен и отфрлен. Тие болни спомени се враќале во нивната свест на јасен начин. Биле со Него, но не Го познавале, ниту ценеле. Но колку сега тие нешта ги допреле нивните срца, кога го увиделе своето неверие! {КВ 508.2}
Кога свештениците и поглаварите се здружиле против нив, кога биле донесени пред совети и ги фрлале во затвор, Христовите следбеници се радувале „што беа удостоени да поднесат понижување за Неговото име”. (Дела 5:41) Се радувале што пред ангелите и луѓето можеле да докажат дека тие ја препознале Исусовата слава и дека одлучиле да одат по Него, па дури и ако изгубат сѐ останато. {КВ 508.3}
Денес е исто онака, како и во времето на апостолите, дека човештвото не може да ја запознае Христовата слава без вдахновение од Божјиот дух. Христијанството кое го љуби светот и кое прави компромиси, не може да ги цени вистината и Божјото дело. Следбениците на Учителот не се наоѓаат онаму каде што има удобен живот, земни почести и прилагодување кон овој свет. Тие се наоѓаат многу понапред, на патеката на трудот, понижувањето и презирот, во првите редови на борбата „против началствата, против властите, против светските управители на темнината, против поднебесните духови на злобата”. (Ефесјаните 6:12) И денес, како и во Христово време, тие се погрешно разбрани, навредувани и угнетувани од страна на современите свештеници и фарисеи. {КВ 508.4}
Божјото царство не доаѓа со надворешно покажување. Евангелието на Божјата благодат, со својот дух на самоодрекување, никогаш не може да биде во хармонија со духот на овој свет. Тие две начела се во меѓусебно непријателство. „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот дух, затоа што тоа за него е безумие и не може да го осознае, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин”. (1. Коринтјаните 2:14) {КВ 509.1}
И денес во верскиот свет има многумина кои, како што веруваат, работат за воспоставување на Христовото царство како земно и временско владеење. Тие сакаат да го направат нашиот Бог владетел на царствата на овој свет, владетел во земните судови и кампови, законодавни сали, палати и пазари. Тие очекуваат Тој да владее со помош на легални закони, спроведени од човечката власт. И бидејќи Исус сега не е тука лично, тие самите ќе преземат на себе да дејствуваат наместо Него и ги спроведуваат законите на Неговото царство. Воспоставувањето на такво царство го претставува она што го посакувале Евреите во Христовото време. Во тоа време тие би го примиле Христа, кога Тој би имал волја да воспостави земно царство, и да го спроведе она што тие го сметале како Божји закон и нив да ги направи објаснувачи на Својата волја и претставници на Својата власт. Но Тој рекол: „Моето царство не е од овој свет”. (Јован 18:36) Тој не сакал да го прими земниот престол. {КВ 509.2}
Власта под која живеел Исус била изопачена и угнетувачка; секаде можеле да се видат ужасни злоупотреби принудувања, нетрпеливост и груба суровост. Сепак, Спасителот не се обидувал да спроведе граѓански реформи. Тој не ги нападнал националните злоупотреби, ниту ги осудувал непријателите на народот. Тој не се мешал во надлежноста или управувањето на оние кои се наоѓале на власт. Тој, Кој бил наш пример, не се мешал во земните власти, не затоа што бил рамнодушен кон човечките страдања, туку затоа што лекот не се наоѓал во човечките и надворешните мерки сами по себе. За да биде успешно, лекувањето мора да биде поединечно и срцето мора да се препороди. {КВ 509.3}
Христовото царство не може да се воспостави со одлука на судовите, советите или законодавните собранија, ниту под покровителство на големите луѓе на овој свет, туку со имплантирање на Христовата природа во човечките синови, преку дејството на Светиот Дух. „А на сите што го примија, им даде власт да станат Божји синови на оние кои веруваат во Неговото име, кои не се родени од крв, ниту од похота телесна, ниту од човечка волја туку од Бога“ (Јован 1:12,13) Тоа е единствената сила што може да го воздигне човештвото. А човековото учество во остварувањето на тоа дело се состои во проповедање и практикување на Божјите зборови. {КВ 509.4}
Кога ја започнал својата служба во Коринт во тој многуброен, богат и злобен град, извалкан со пороците на незнабоштвото кои не се ни за споменување, апостол Павле рекол: „Решив меѓу вас да не знам за ништо друго освен за Исуса Христа и тоа Распнатиот“ (1. Коринтјаните 2:2) Пишувајќи им потоа на некои од нив, кои биле извалкани од најлошите гревови, тој можел да каже: „Но, се измивте, се посветивте и бевте оправдани во името на нашиот Господ Исус и преку Духот на нашиот Бог”. „Постојано му благодарам на мојот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена преку Исуса Христа”. (1. Коринтјаните 6:11; 1:4) {КВ 510.1}
Денес, како и во Христово време, делото на Божјото царство не лежи во рацете на оние што гласно бараат признавање и поддршка од земните владетели и човечките закони, туку во оние што во Негово име му ги објавуваат на народот оние духовни вистини, кои животот на слушателите ќе го доведат до искуство слично со Павловото: „Со Христа сум распнат и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене”. (Галатјаните 2:20) Тогаш и тие ќе работат како и Павле за доброто на другите. Тој рекол: „Па така, ние сме пратеници наместо Христа, како Бог да моли преку нас; ве молиме во Христово име, помирете се со Бога”. (2. Коринтјаните 5:20) {КВ 510.2}