28. ЛЕВИЈ МАТЕЈ
Оваа поглавје е засновано на Матеј 9:9-17; Марко 2:14-22; Лука 5:27-39.
Од римските службеници во Палестина, цариниците биле најомразени. Евреите постојано биле лути од фактот дека данок им наметнува една туѓа сила; тоа ги потсетувало на губењето на нивната национална независност. Цариниците не биле само орудие на римското угнетување; тие изнудувале пари од народот за своја корист. Ако некој Евреин би прифатил таква служба кај Римјаните, се сметало дека ја предава честа на својот народ. Го презирале како отпадник и го сметале како еден од најлошите членови на општеството. {КВ 272.1}
На тој општествен слој му припаѓал Левиј-Матеј, кој бил повикан во Христовата служба веднаш по четворицата ученици на Генисаретското Езеро. Фарисеите го проценувале Матеј според неговата професија, но Исус во тој човек видел срце отворено за примање на вистината. Матеј ги слушал проповедите на Спасителот. Кога, под влијание на Светот Дух, ја сфатил својата грешност, сакал да побара помош од Христа, но знаејќи колку рабините биле непристапни, сметал дека и големиот Учител нема да му посвети внимание. {КВ 272.2}
Седејќи еден ден во својата кабина собирајќи патарина, видел како Исус му се приближува. Бил многу изненаден, кога ги слушнал зборовите што му биле упатени: „Следи Ме”. {КВ 273.1}
Матеј „остави сѐ, стана и тргна по Него”. Не се колебал, не поставувал прашања, не помислил дека својата доходовна професија ќе ја замени со сиромаштија и тежок живот. Му било доволно тоа што ќе биде со Исуса за да ги слуша Неговите зборови и што ќе се соедини со Него во Неговото дело. {КВ 273.2}
Така било и со учениците кои биле повикани порано. Кога Исус ги повикал Петар и неговите другари да тргнат по Него, тие веднаш ги оставиле своите чамци и мрежи. Некои од нив имале пријатели што зависеле од нив, но, примајќи го Спасителовиот повик, не се колебале и не прашувале: „Како ќе живеам и како ќе го издржувам своето семејство?“ Го послушале повикот, а подоцна, кога Исус ги прашал: „Кога ве пратив без ќесе, без торби и без обувки, дали нешто ви недостигаше?“; можеле да одговорат: „Ништо”. (Лука 22:35) {КВ 273.3}
Матеј со своето богатство, а Андреј и Петар со својата сиромаштија, биле ставени пред истиот тест; исто посветување било направено од страна на секој. Во моментот на успех, кога мрежите биле полни со риби и привлечноста на стариот живот најсилна, Исус ги повикал учениците од езерото да напуштат сѐ поради делото на евангелието. Така се испитува секоја душа дали е посилна желбата за земното богатство или за заедништво со Спасителот. {КВ 273.4}
Верноста кон начелото секогаш побарува многу. Ниеден човек нема да има успех во Божјата служба, ако не е со сето срце во делото и ако не смета дека сѐ е безвредно, кога ќе се спореди со прекрасното знаење за Христа. Ниту еден човек, кој задржува нешто од Христа не може да биде Негов ученик, а уште многу помалку негов соработник. Кога луѓето го ценат големото спасение, самопожртвувањето што се покажало во Христовиот живот, ќе се покаже и во нивниот. По кој било пат да ги поведе, тие ќе се радуваат да го следат. {КВ 273.5}
Повикот на Матеј да биде еден од Христовите ученици предизвикало големо негодување. Со изборот на цариник за еден од своите најблиски следбеници, Исус како верски учител ги навредувал верските, општествените и националните обичаи. Фарисеите се надевале дека, користејќи ги предрасудите на народот, ќе успеат да ја свртат струјата на јавното мислење против Исуса. {КВ 273.6}
Многу од цариниците биле заинтересирани. Нивните срца се почувствувале привлечени кон божествениот Учител. Во радоста што станал ученик, Матеј сакал да ги доведе своите бивши колеги кај Спасителот. Затоа подготвил голема гозба во својот дом и ги повикал своите роднини и пријатели. Меѓу нив се наоѓале не само цариници, туку и многу други, кои поради сомнителниот углед биле отфрлени од своите соседи, кои строго се придржувале до прописите. {КВ 273.7}
Гозбата била приредена во чест на Исуса, а Тој не се колебал да ја прифати учтивоста. Добро знаел дека тоа ќе ја навреди фарисејската партија и дека ќе го доведе во опасност Неговиот углед во очите на народот. Меѓутоа, никакви обѕири од политиката не можеле да влијаат на Неговите постапки. За Него надворешните разлики немале никакво значење. Тоа што го привлекувало Неговото срце била една душа жедна за водата на животот. {КВ 274.1}
Исус седел како почесен гостин на трпезата со цариниците, покажувајќи со Своето сочувство и љубезност дека го признава достоинството на човекот. Тие луѓе копнееле да станат достојни за Неговата доверба. На нивните жедни срца, Неговите зборови паѓале со благословена, животворна сила. Се буделе нови желби и на душите што биле отфрлени од општеството им се укажала можност за нов живот. {КВ 274.2}
На таквите собири имало многу луѓе на кои учењето на Спасителот оставило длабок впечаток и кои го признале дури по Неговото вознесение. Кога дошло до излевање на Светиот Дух и кога три илјади лица се обратиле во текот на еден ден, меѓу нив биле многумина кои првпат ја слушнале вистината на трпезата на цариниците, а некои од нив станале гласници на евангелието. За Матеј, примерот што му го дал Исус на оваа гозба претставувал трајна поука. Презрениот цариник станал еден од најпосветените евангелисти, одејќи грижливо по стапките на својот Учител. {КВ 274.3}
Кога дознале за Исусовото присуство на гозбата на Матеј, рабините ја искористиле и таа можност да го обвинат. Меѓутоа, овој пат одлучиле да делуваат преку учениците. Се надевале дека поттикнувајќи ги нивните предрасуди, ќе ги отуѓат од нивниот Учител. Нивната политика се состоела во тоа да го обвинат Христа кај учениците, а учениците кај Христа, насочувајќи ги своите стрели таму, каде што најверојатно ќе зададат рани. Ова е начин на кој делувал сатаната уште откако станал незадоволен на Небото и неговиот дух ги поттикнува сите оние, кои се трудат да создадат неслога и разидување. {КВ 275.1}
„Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“ прашувале рабините. {КВ 275.2}
Исус не чекал Неговите ученици да одговорат на обвинението, туку Самиот одговорил: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Но одете и научете што значи: Повеќе сакам милост отколку жртва. Зашто Јас не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание”. Фарисеите се сметале за духовно здрави и дека не им е потребен лек, додека за цариниците и незнабошците тврделе дека пропаѓаат поради духовна болест. Зар тогаш Неговото дело не се состоело во тоа како Лекар да оди токму кај оние луѓе на кои Неговата помош им била потребна? {КВ 275.3}
Меѓутоа, иако имале толку високо мислење за себе, фарисеите всушност биле во полоша состојба, отколку луѓето кои тие ги презирале. Цариниците имале помалку предрасуди и биле помалку самозадоволни и затоа биле отворени за влијанието на вистината. Исус им рекол на рабините: „Одете и научете што значи: Повеќе сакам милост отколку жртва”. Со тоа покажал дека иако тие тврдат дека ја објаснуваат Божјата Реч, воопшто не го познаваат нејзиниот дух. {КВ 275.4}
Фарисеите молчеле извесен период, но затоа станале порешителни во своето непријателство. Ги побарале учениците на Јован Крстителот, настојувајќи да ги поттикнат против Спасителот. Фарисеите не ја прифатиле мисијата на Крстителот. Тие подбивно укажувале на неговиот живот полн со самооткажување, на неговите едноставни навики, на неговата груба облека и го прогласиле за фанатик. Затоа што тој го осудувал нивното лицемерство, тие давале отпор на неговите зборови и се обидувале да го свртат народот против него. Божјиот Дух работел на срцето на тие подбивачи, укажувајќи им на гревот, но тие ја отфрлиле Божјата опомена, изјавувајќи за Јован дека бил опседнат со ѓаволот. {КВ 275.5}
Сега, кога Исус се дружел со луѓето и кога јадел и пиел на нивната трпеза, тие го обвиниле дека е ненаситник и пијаница. Овие обвинувања биле токму од оние, кои самите биле такви. Како што сатаната погрешно го прикажува Бога и му припишува свои сопствени особини, така тие безбожни луѓе лажно ги претставувале Господовите гласници. {КВ 276.1}
Фарисеите не сакале да увидат дека Исус јадел со цариниците и грешниците за да им донесе небесна светлина на оние кои биле во темнина. Тие не сакале да увидат дека секој збор на божествениот Учител бил живо семе кое ќе изрти и ќе роди плод на слава на Бога. Тие биле решителни да не ја примат светлината и иако се спротивставувале на мисијата на Јован Крстителот, сега биле подготвени да им се додворуваат на неговите ученици со надеж дека ќе издејствуваат нивна соработка против Исуса. Тие тврделе дека Исус ги анулира старите обичаи и ја споредувале строгата побожност на Јован Крстителот полна со самооткажување со однесувањето на Исус, Кој јадел со цариниците и грешниците. {КВ 276.2}
Во тоа време Јовановите ученици биле во голема жалост. Тоа било пред да дојдат кај Исуса со Јовановата порака. Нивниот сакан учител бил во затвор и тие ги поминувале деновите во тага. Исус не се обидел да го ослободи Јован и дури изгледало дека Тој го дискредитира неговото учење. Ако Јован бил испратен од Бога, зошто Исус и Неговите ученици одат по патот, кој толку се разликува од неговиот? {КВ 276.3}
Јовановите ученици немале јасно разбирање за Исусовото дело и мислеле дека обвинувањата на фарисеите можеби имаат некоја основа. Се придржувале до многу правила што ги одредувале рабините, па дури и се надевале дека ќе се оправдаат со делата на законот. Евреите сметале дека постот е добро дело и најстрогите меѓу нив постеле два дена секоја седмица. Фарисеите и Јовановите ученици постеле, кога вторите дошле кај Исуса со прашањето: „Зошто ние и Фарисеите постиме често, а Твоите ученици не постат?“ {КВ 276.4}
Исусовиот одговор бил многу благ. Тој не се обидувал да го исправи нивното погрешно сфаќање во поглед на постот, туку само да ги исправи во поглед на Својата мисија. Тоа го направил на тој начин што го користел истиот сликовит приказ што го користел и Јован Крстителот во своето сведоштво за Исуса. Јован рекол: „Оној што има невеста е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува што го слуша гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни”. (Јован 3:29) Јовановите ученици не можеле, а да не се сетат на зборовите на својот учител, кога Исус, употребувајќи го истиот пример, рекол: „Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека младоженецот е со нив?“ {КВ 276.5}
Кнезот на Небото бил меѓу Својот народ. Светот го добил најголемиот Божји дар. Радост за сиромашните, бидејќи Христос дошол да ги направи наследници на Своето царство. Радост за богатите, бидејќи ќе ги научи како да стекнат вечно богатство. Радост за неуките, бидејќи ќе ги направи мудри за спасение. Радост за учените, бидејќи ќе им открие подлабоки тајни, отколку оние што тие некогаш ги разбрале; со мисијата на Спасителот, на луѓето ќе им бидат откриени вистините што биле сокриени уште од создавањето на светот. {КВ 277.1}
Јован Крстителот се израдувал што го видел Спасителот. Колку тогаш поголеми причини за манифестирање на радост имале учениците, кои биле почестени со предноста да одат и да разговараат со Височество на Небото! За нив тоа не било време да плачат и да постат. Морале да го отворат своето срце, за да ја примат светлината на Неговата слава, за да можат да им пренесат светлина на оние што седат во темнина и во смртна сенка. {КВ 277.2}
Сликата што Христос ја прикажал со овие зборови, била блескава, но над неа лежела темна сенка, која само Тој ја видел. „Но, ќе дојде време, кога ќе се земе младоженецот од нив и тогаш тие ќе постат”. рекол Тој. Кога ќе го видат Својот Господ предаден и распнат, учениците ќе тагуваат и ќе постат. Во Своите последни зборови што им ги упатил во горната соба, Тој рекол: „Уште малку и нема да ме видите, и пак малку, па ќе ме видите. Вистина, вистина, ви велам, вие ќе плачете и ќе тагувате, а светот ќе се радува. Вие ќе бидете тажни, но вашата тага ќе се претвори во радост”. (Јован 16:19,20) {КВ 277.3}
Кога ќе воскресне од гробот, нивната тага ќе се претвори во радост. По вознесувањето Тој ќе биде лично отсутен, но преку Утешителот ќе биде со нив и затоа тие нема да го поминуваат своето време во тажење. Тоа било она што Сатаната го сакал. Тој сакал тие на светот да му дадат впечаток дека биле измамени и разочарани, но тие морале со вера да гледаат во светилиштето горе, каде што Исус служел за нив; тие требало да го отворат своето срце за Светиот Дух, Неговиот претставник и да се радуваат во светлината на Неговото присуство. Ќе дојдат денови на искушение и неволја, кога ќе дојдат во судир со владетелите на овој свет и водачите на царството на темнината, кога Христос нема лично да биде со нив и кога нема да бидат во состојба да го распознаат Утешителот и тогаш ќе имаат можност да постат. {КВ 277.4}
Фарисеите настојувале да се воздигнат себеси придржувајќи се строго за надворешните форми, додека срцата им биле полни со завист и неслога. „Ете,“ кажува Писмото, „вие постите за караници и расправии и со тупаница да биете безбожно. Немојте да постите веќе како денеска и ќе се чуе вашиот глас во висините. Таков ли е постот што го определив: ‘Човекот ја мачи својата душа еден ден; да ја наведнува главата надолу како трска и да постила под себе вреќиште и пепел?’ Тоа пи ќе го наречеш пост и угоден ден на Господа?“ (Исаија 58:4,5) {КВ 278.1}
Вистинскиот пост не е само формалност. Писмото го опишува постот што го избрал Бог „Да ги раскинеш оковите на неправдата, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетените и да го скршиш секој јарем”. Да „му ја отвориш својата душа на гладниот, да ја наситиш душата на неволниот”. (Исаија 58:6,10) Овде е прикажан вистинскиот дух и карактер на Христовата работа. Целокупниот Негов живот бил жртвување на Себеси заради спасение на светот. Без разлика дали постел во пустината на искушението или тоа што јадел со цариниците на гозба кај Матеј, Тој го давал Својот живот за откуп на загубените. Вистинскиот дух на преданост не се покажува во бесполезно тагување, измачување на телото и изобилство на жртви, туку во предавање на себеси во служба на Бога и човекот. {КВ 278.2}
Продолжувајќи го Својот одговор на Јовановите ученици, Исус изговорил една парабола, велејќи: „Никој не пришива на стара облека крпа од нова облека, зашто и новата ќе се отпара, а на старата не и прилега нова крпа”. Веста на Јован Крстителот не треба да се спојува со традициите и суеверието. Обидите да се спојат преправањата на фарисеите со Јовановата посветеност само би го направиле поочигледен јазот што постои меѓу нив. {КВ 278.3}
Исто така, ниту начелата на Христовата наука не можеле да се спојат со фарисејските обреди. Христос не требало да го премости постоечкиот јаз направен со Јовановото учење, туку спротивноста меѓу старото и новото да ја направи уште појасна. Исус понатаму го опишал ова, велејќи: „Никој не става ново вино во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истекува и мевовите пропаѓаат”. Мевовите што се употребуваат за чување на ново вино по извесен период стануваат суви и трошни и така непогодни повторно да служат за истата цел. Со тој пример што им бил познат, Исус ја прикажал состојбата на еврејските поглавари. Свештениците, книжевниците и поглаварите биле утврдени во калапот на церемониите и традициите. Нивните срца се собрале како исушените мевови со кои Тој ги споредил. Сѐ додека се задоволувале со формална религија, било невозможно да станат чувари на живата небесна вистина. Тие сметале дека нивната сопствена праведност е доволна и не сакале некој нов елемент да биде внесен во нивната религија. Божјата добра волја кон луѓето тие не ја примале како нешто што е одвоено од нив. Тие ја поврзувале со сопствените заслуги за своите добри дела. Верата што работи преку љубовта и ја чисти душата не може никако да биде соединета со верата на фарисеите сведена на церемонии и човечки прописи. Попусти би биле обидите Исусовото учење да се спои со постоечката вера. Божјата животворна вистина, како виното што преврива, би ги уништила старите, гнили мевови на фарисејската традиција. {КВ 278.4}
Фарисеите сметале дека се премногу мудри за им бидат потребни поуки и премногу праведни за да им е потребно спасение, премногу почестени за да им биде потребна почест што Доаѓа од Христа. Спасителот се свртел од нив за да најде други што ќе ја примат небесната вест. Кај неуките рибари, кај цариникот на пазарот, кај жената Самарјанка, кај обичните луѓе, кои го слушале со задоволство, Тој нашол нови мевови за ново вино. Оние души што со задоволство ја примаат светлината испратена од Бога претставуваат орудија во евангелското дело. Тие се негови посредници за ширење на познавањето на вистината во светот. Ако припадниците на Неговиот народ преку Христовата благодат станат нови мевови, Тој ќе ги наполни со ново вино. {КВ 279.1}
Христовото учење, иако било прикажано со ново вино, не било нова наука, туку откровение на она што било учено од самиот почеток. Меѓутоа, Божјата вистина за фарисеите го изгубила своето првобитно значење и убавина. За нив Христовото учење речиси во секој поглед било ново и целосно непрепознаено и непризнато. {КВ 279.2}
Исус укажал на силата што ја има лажното учење во уништувањето на ценењето и копнежот по вистината. „Никој,“ рекол Тој, „пиејќи старо вино, не сака ново, зашто вели: Старото е поубаво”. Целокупната вистина што е дадена преку патријарсите и пророците блескала со нова убавина во Христовите зборови. Меѓутоа, книжевниците и фарисеите немале желба за драгоценото ново вино. Додека од нивните души или срца не се испразнат старите традиции, обичаи и практики, во умот или срцето нема место за Христовото учење. Тие цврсто се држеле за мртвите форми и се одвратиле од живата вистина и од Божјата сила. {КВ 279.3}
Тоа довело до пропаст на Евреите и ќе доведе до пропаст на многу души и во наше време. Илјадници и илјадници луѓе паѓаат во истата онаа заблуда, поради која Христос ги укорил фарисеите на гозбата во куќата на Матеј. За да не се откажат од некои омилени поими или за да не отфрлат некое мислење кое за нив е идол, многумина ја отфрлаат вистината што Доаѓа од Таткото на светлината. Тие се премногу самоуверени, се потпираат на сопствената мудрост и не ја увидуваат својата духовна сиромаштија. Тие бараат да бидат спасени со тоа што ќе направат некое значајно дело. Кога ќе видат дека нема начин во Божјото дело да го вткајат своето „јас“, тие го отфрлаат понуденото спасение. {КВ 280.1}
Формалната вера никогаш не може да води души кон Христа, бидејќи тоа е вера без љубов и без Христа. На Бога му се одвратни постот и молитвите кои произлегуваат од самооправдувачкиот дух. Свечените собири за богослужение, верските обреди, надворешната понизност, импресивната жртва сето тоа објавува дека оние кои го прават тоа, се сметаат себеси за праведни и дека имаат право на Небото но сето тоа е измама. Спасението никогаш не може да се купи со нашите сопствени дела. {КВ 280.2}
Како што било во времето на Христа, така е и денес; фарисеите не се свесни за својата духовна сиромаштија. Ним им е упатена веста: „Зашто тврдиш богат сум и се збогатив и ништо не ми треба; а не знаеш дека ти си беден, мизерен, сиромав, слеп и гол. Те советувам да купиш од Мене злато пречистено во оган, да се збогатиш и бела облека, за да се облечеш и да не се гледа срамот на твојата голотија”. (Откровение 3:17, 18) Верата и љубовта се злато прочистено во оган. Меѓутоа, кај многумина златото потемнело, богатата ризница е изгубена. За нив Христовата праведност е како необлечена облека, како недопрен извор. За нив е кажано: „Имам нешто против тебе, затоа што си ја оставил својата прва љубов. Затоа сети се од каде си паднал, покај се и врши ги првите дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го отстранам твојот свеќник од неговото место, ако не се покаеш”. (Откровение 2:4,5) {КВ 280.3}
„Жртва на Бога е смирен дух; срце скрушено и понизно, Боже, нема да презреш”. (Псалм 51:17) Човекот мора да се испразни од своето ,,јас“ пред да може да биде во вистинска смисла верник во Исуса. Кога човекот ќе се откаже од себе, тогаш Господ може да направи од истиот ново создание. Ново вино можат да држат само нови мевови. Христовата љубов ќе го вдахне верникот со нов живот. Во оние, кои постојано гледаат во Началникот и Свршителот на верата, ќе се одразува Неговиот карактер. {КВ 280.4}