33. КОИ СЕ МОИТЕ БРАЌА?

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 12:22-50; Марко 3:20-35.

Синовите на Јосиф биле далеку од тоа да бидат наклонети кон Исуса и Неговото дело. Извештаите за Неговиот живот и дејност кои допреле до нив предизвикале кај нив изненадување и вознемиреност. Слушале како Тој цела ноќ поминува во молитва, дека преку денот Тој бил опкружен од големи групи луѓе, како за Себе не одвојувал време ниту да јаде. Неговите пријатели сметале дека Тој се исцрпува со постојана работа; не можеле да го разберат Неговиот став кон фарисеите, а некои стравувале да не е поместен од умот. {КВ 321.1}

Неговите браќа го чуле ова, како и обвинувањето на фарисеите дека Тој истерува демони со помош на сатанската сила. Длабоко го чувствувале прекорот заради нивното сродство со Исуса. Знаеле колкав метеж создале Неговите зборови и дела, па не биле само шокирани заради Неговите смели изјави, туку и поради Неговото разобличување на книжевниците и фарисеите. Одлучиле да го убедат или да го принудат да престане со таква работа, па ја навеле Марија да им се придружи, надевајќи се дека благодарение на Неговата љубов кон неа, ќе бидат во состојба да го наговорат да биде повнимателен. {КВ 321.2}

Непосредно пред тоа Исус извршил по вторпат чудо на исцелување на еден човек што бил опседнат, слеп и нем, па фарисеите го повториле обвинувањето: „Тој ги изгонува ѓаволите преку кнезот на ѓаволите”. (Матеј 9:34) Христос отворено им рекол дека тие се одвојуваат од изворот на благослов со тоа што делото на Светиот Дух му го припишуваат на сатаната. Може да им се прости на оние што зборувале против Исуса, не сфаќајќи го Неговиот божествен карактер, бидејќи со помош на Светиот Дух можат да дојдат до тоа да ја увидат својата грешка и да се покајат. Каков и да е гревот, вината може да се измие со Христовата крв, ако душата се покае и ако верува; но оној што го отфрла делото на Светиот Дух, се става себеси онаму, каде што покајанието и верата не можат да го досегнат. Преку Духот Господ делува на срцето и кога луѓето свесно го отфрлаат Духот и тврдат дека Тој е од сатаната, со тоа тие ја прекинуваат врската преку која Бог може да комуницира со нив. Кога делото на Светиот Дух конечно ќе се отфрли, тогаш Бог не може ништо повеќе да направи за душата. {КВ 321.3}

Фарисеите на кои Христос им ја упатил оваа опомена, ни самите не верувале во обвинувањата што ги изнесувале против Него. Меѓу тие големодостојници немало ниту еден, кој се чувствувал привлечен кон Спасителот. Тие го слушнале гласот на Светиот Дух во своето срце, Кој им зборувал дека Исус е Израелевиот Помазаник и ги повикувал да го признаат и да станат Негови ученици. Во светлината на Неговото присуство ја увидувале својата несветост и копнееле по праведност, која самите не биле во состојба да ја создадат. Бидејќи еднаш го отфрлиле, сега би било премногу понижувачки да го примат како Месија. Бидејќи се упатиле по патеката на неверието, биле премногу горди за да ја признаат својата грешка. За да не мораат да ја признаат вистината, очајно се обидувале да го оспорат учењето на Спасителот. Доказите за Неговата сила и милост нив ги иритирале. Не можеле да го спречат Спасителот да врши чуда, не можеле да го замолчат Неговото учење, но направиле сѐ што било во нивна моќ лажно да го прикажат и да ги изопачат Неговите зборови. Сепак, Божјиот Дух сѐ уште ги следел и убедувал, па морале да подигаат многу препреки за да се спротивстават на Неговата сила. Со нив се борела најголемата сила, која може да влијае на човечкото срце, но тие не сакале да попуштат. {КВ 322.1}

Бог не е Тој, Кој ги заслепува очите на луѓето, ниту ги стврднува нивните срца. Тој им испраќа светлина за да ги поправат своите грешки и да ги изведе на сигурна патека. Очите стануваат слепи, а срцето тврдо заради тоа што луѓето ја отфрлаат светлината. Тоа често се случува постепено и речиси незабележливо. Светлината Доаѓа до душата преку Божјата Реч, преку Неговите слуги или со непосредно делување на Неговиот Дух, но, ако човекот игнорира еден зрак светлина, тој со тоа делумно го умртвува духовното согледување, па следното откривање на светлината уште помалку се распознава. Така се зголемува темнината, додека на крај темнина не завладее во душата. Тоа било случај со овие еврејски водачи. Тие биле убедени дека Христа го следи божествена сила, но за да се спротивстават на вистината, на сатаната му го припишувале делото на Светиот Дух. Со тоа тие свесно се одлучиле за измама, му се предале на сатаната и оттогаш па натаму тие биле управувани од неговата сила. {КВ 322.2}

Со Христовата опомена во поглед на гревот против Светиот Дух тесно е поврзана опомената против празните и зли зборови. Зборовите го манифестираат она што е во срцето. „Зашто устата го зборува она со што е преполно срцето”. Зборовите се и нешто повеќе од одраз на карактерот; тие имаат и повратно дејство на карактерот. Луѓето потпаѓаат под влијание на сопствените зборови. Поттикнати од сатаната, тие често во моментален нагон и даваат израз на љубомората и злите претпоставки, кажувајќи нешто во што и самите не веруваат; но зборовите влијаат на мислите. Тие се измамени од своите зборови и почнуваат да веруваат дека е вистина она што е изговорено под влијание на сатаната. Бидејќи веќе го искажале своето мислење или својата одлука, тие честопати се премногу горди да го повлечат тоа, па се обидуваат да докажат дека се во право, сѐ додека на крај и сами не поверуваат во тоа. Опасно е да се изговори некој збор на сомневање, опасно е да се става под прашање и критикува божествената светлина. Навиката за лекомислено критикување без стравопочит влијае на карактерот, бидејќи негува недостаток на стравопочит и неверие. Човекот што се оддава на таа навика несвесно стапува на опасен пат и на крај е подготвен да критикува и да го отфрли делото на Светиот Дух. Исус рекол: „За секој празен збор што ќе го изговорат луѓето ќе одговараат на судниот ден. Зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш осуден”. {КВ 323.1}

Тогаш додал уште една опомена на оние на кои Неговите зборови оставиле впечаток, кои го слушале со задоволство, но не се предале, за да може Светиот Дух да се всели во нив. Душата не пропаѓа само поради отпорот, туку и поради немарноста. „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот“ рекол Исус, „тој талка низ пусти места барајќи покој, но не наоѓа. Тогаш си вели: ‘Ќе се вратам во мојот дом од кој излегов’; и штом се врати го наоѓа празен, очистен и суреден. Тогаш оди и доведува со себе седум други духови полоши од себе, па влегуваат и живеат таму”. {КВ 323.2}

Во Христово време имало многу луѓе, како што ги има и денес, за кои изгледало дека се ослободиле од сатанската сила; преку Божјата благодат тие биле ослободени од злите духови што владееле со нивната душа. Тие се радувале во Божјата љубов, но како оние слушатели во параболата, кои прилегаат на камена почва, не пребивале во Неговата љубов. Тие не се предавале секојдневно на Христа за Тој да може да престојува во нивното срце, а кога лошиот дух се вратил со „седум други духови полоши од себе,“ со нив целосно загосподарила силата на злото. {КВ 323.3}

Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили никогаш не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува еден натприроден елемент во човечката природа. Душата што му се предава на Христа станува Негова тврдина, која Тој ја држи во еден бунтовен свет и Тој не сака во неа да се признае некоја друга власт освен Неговата. Душата која се држи така во поседот на небесните сили, е несовладлива за нападите на сатаната. Но ако не се предадеме под контрола на Христа, над нас ќе владее злиот. Неминовно мораме да бидеме под власт на едната или на другата голема сила, кои се борат за превласт во светот. Не е неопходно да избереме служба на царството на темнината за да потпаднеме под нејзина власт. Доволно е само да занемариме да се соединиме со царството на светлината. Ако не соработуваме со небесните сили, сатаната ќе го заземе срцето и ќе го направи свое живеалиште. Единствена одбрана против злото е Христос да престојува во срцето преку вера во Неговата праведност. Ако животно не се поврземе со Бога, никако нема да можеме да му се спротивставиме на кобното дејство на самољубието, самоугодувањето и искушението на гревот. Можеме да се откажеме од многу лоши навики, извесен период можеме да се одвоиме и од друштвото на сатаната, но ќе бидеме победени, ако немаме животна врска со Бога со тоа што ќе му се предаваме секој момент. Без лично познавање со Христа и постојано општење, изложени сме на милост и немилост на непријателот и на крај ќе се покориме на неговата волја. {КВ 324.1}

„Со тоа последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде“ вели Исус, „и со ова зло поколение”. Нема потврдокорни луѓе од оние, кои го игнорирале повикот на милост и го презреле Духот на благодатта. Гревот против Светиот Дух најчесто се манифестира во упорно одбивање на небесниот повик на покајание. Секој чекор во отфрлање на Христа е еден чекор кон отфрлање на спасението и кон гревот против Светиот Дух. {КВ 324.2}

Отфрлајќи го Христа, еврејскиот народ направил непростлив грев, а ние можеме да ја направиме истата грешка доколку го отфрлиме повикот на милост. Ние го навредуваме Кнезот на животот и се изложуваме на срам пред сатанската толпа и пред небесната вселена, кога одбиваме да ги слушаме Неговите ополномоштени гласници и наместо тоа ги слушаме сатанаските помошници, кои сакаат да ја одвлечат душата од Христа. Сѐ додека некој прави така, нема да има надеж, ниту простување и конечно ќе ја загуби секоја желба да се помири со Бога. {КВ 324.3}

Додека Исус го поучувал народот, Неговите ученици му јавиле дека надвор се Неговата мајка и Неговите браќа и дека сакаат да го видат. Тој знаел што е во нивното срце, па „му одговори на оној што му го јави тоа: ‘Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?’ И ја подаде раката кон Своите ученици и рече: ‘Еве ја Мојата мајка и Моите браќа!’ Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко, тој Ми е и брат и сестра и мајка”. {КВ 325.1}

Сите што сакале да го примат Христа со вера, биле соединети со Него со една врска посилна од секоја човечка роднинска врска. Станувале едно со Него, како што Тој бил едно со Таткото. Како верник и како извршител на Неговите зборови, Неговата мајка била потесно и по спасоносно поврзана со Него, отколку преку своето природно сродство. Неговите браќа не можеле да имаат никакви благодети од врската со Него, освен ако го примат како свој личен Спасител. {КВ 325.2}

Каква само поддршка би нашол Исус во Своите земни роднини ако тие верувале во Него, како на Оној што дошол од Небото и ако соработувале со Него во вршење на Божјото дело! Нивното неверие фрлило своја сенка на Неговиот земен живот. Тоа бил еден дел од горчината на чашата на болката, која Тој ја испил за нас. {КВ 325.3}

Божјиот Син длабоко го чувствувал непријателството што се појавило во човечкото срце против евангелието, па најтешко му било во Неговиот дом, бидејќи Неговото срце било полно со љубезност и љубов и Тој ја ценел нежноста во семејните односи. Неговите браќа сакале да ги прифати нивните погледи, што би било во спротивност со Неговата божествена мисија. Тие сметале дека Нему му е потребен нивниот совет. За Него расудувале од човечка гледна точка и мислеле дека би ги одбегнал непријатните судири што ги предизвикале Неговите зборови, кога би го зборувал она што било прифатливо за книжевниците и фарисеите. Сметале дека Тој го загубил својот ум со тоа што тврди дека има божествен авторитет и што упатува укори на рабините поради нивните гревови. Знаеле дека фарисеите бараат можност да го обвинат и сметале дека им дал доволно причини за тоа. {КВ 326.1}

Со тие свои ограничени мерила тие не можеле да ја сфатат мисијата која Тој дошол да ја исполни и не сочувствувале со Него во Неговите неволји. Нивните груби и неблагодарни зборови покажувале дека немаат јасна претстава за Неговиот карактер и дека не распознале оти божественото се споило со човечкото. Често го гледале тажен, но наместо да го тешат, нивниот дух и зборови само го ранувале Неговото срце. Неговата чувствителна природа била изложена на маки, Неговите побуди погрешно се толкувале, Неговото дело било несфатено. {КВ 326.2}

Неговите браќа често ја застапувале фарисејската филозофија, која била излитена и застарена и биле убедени дека можат да го поучуваат Него, Кој ја познавал сета вистина и ги знаел сите тајни. Многу песно го осудувале она што не можеле да го разберат. Нивните прекори длабоко го трогнувале и Неговата душа била изморена и нажалена. Тие исповедале вера во Бога и сметале дека го бранеле Бога, иако Бог бил со нив во тело, но тие не го познале. {КВ 326.3}

Поради сето тоа, Неговиот пат бил трнлив. Христа толку го болело неразбирањето во сопствениот дом, што за Него било олеснување да оди некаде, каде што не постоело тоа. Постоел еден дом што Тој сакал да го посетува домот на Лазар, Марија и Марта, каде што Неговиот дух наоѓал одмор во атмосферата на вера и љубов. Сепак, на Земјата немало никој, кој можел да ја сфати Неговата божествена мисија или да го знае товарот што Тој го понел заради човештвото. Често можел да најде олеснување само во осаменост и во заедница со Својот небесен Татко. {КВ 326.4}

Оние кои се повикани да страдаат заради Христа, кои мораат да поднесуваат неразбирање и недоверба дури и во својот дом, можат да најдат утеха во мислите дека и Исус морал да го поднесува тоа. Тој има сочувство кон нив. Тој ги повикува да го побараат Неговото друштво и да најдат олеснување, какво што наоѓал Тој во општењето со Таткото. {КВ 327.1}

Оние кои го примаат Христа како личен Спасител не се напуштени како сирачиња, сами да го носат товарот на животот. Тој ги прима како членови на небесното семејство; ги повикува да го наречат Неговиот Татко свој Татко. Тие се Негови „малечки,“ драги на Божјото срце, поврзани со Него со најнежни и најтрајни врски. Тој чувствува огромна нежност кон нив, која го надминува сето она што нашите родители го чувствувале кон нас во нашата немоќ, како што божественото го надминува човечкото. {КВ 327.2}

Во законите дадени на Израел има една убава илустрација за Христовиот однос кон неговиот народ. Ако некој Евреин поради сиромаштија морал да се одвои од своето наследство и да се продаде како роб, најблискиот роднина бил должен да го откупи него и неговото наследство. (Види Левит 25:25; 47-49; Рут 2:20) Така и должноста да не откупи нас и нашето наследство, кое сме го изгубиле поради гревот, му припаѓа на Оној, Кој ни е „Близок роднина”. Тој стана наш роднина за да не откупи. Спасителот ни е поблизок од таткото, мајката, братот, пријателот или љубовникот. „Не бој се,“ рекол Тој, „зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си мој”. „Драгоцен си во Моите очи, ценет си и Јас те возљубив; затоа и давам луѓе за тебе и народи за твојот живот”. (Исаија 43:1,4) {КВ 327.3}

Христос ги љуби небесните суштества што го опкружуваат Неговиот престол; но од каде потекнува онаа голема љубов со која не љуби нас? Не можеме да ја сфатиме, но можеме да знаеме дека е вистина преку нашето лично искуство. Ако сме во сродство со Него, со колкава нежност мораме да се однесуваме кон оние, кои се браќа и сестри на нашиот Господ? Не треба ли брзо да ги признаеме барањата што произлегуваат од ова божествено сродство? Усвоени во Божјото семејство, зар нема да го почитуваме нашиот Татко и нашите роднини? {КВ 327.4}

Сподели го ова:

Слични објави