20. „АКО НЕ ВИДИТЕ ЗНАЦИ И ЧУДА”
Оваа поглавје е засновано на Јован 4:43-54.
Галилејците што се враќале од Пасха донеле со себе извештај за чудесните Исусови дела. Осудата на Неговите постапки од страна на поглаварите во Ерусалим Нему му го отворила патот во Галилеја. Многумина се жалеле поради злоупотребата на храмот и поради алчноста и дрскоста на свештениците. Тие се надевале дека овој Човек, Кој ги натерал поглаварите на бегство, може да е очекуваниот Избавител. Сега им пристигнувале вести, кои изгледа дека ги потврдувале нивните најсветли очекувања. Се зборувало дека пророкот се прогласил Себеси за Месија. {КВ 196.1}
Меѓутоа, жителите на Назарет не верувале во Него. Затоа Исус, на Својот пат кон Кана не го посетил Назарет. Спасителот им рекол на Своите ученици дека пророкот нема чест во својот роден крај. Луѓето судат за карактерот само според она што самите се способни да го ценат. Тесноградите и световните луѓе го оценувале Христа според Неговото скромно потекло, Неговата скромна облека и Неговите секојдневни тешкотии. Тие не можеле да ја ценат чистотата на тој дух, на Кој немало ниту една дамка од грев. {КВ 196.2}
Веста за Христовото враќање во Кана набргу се раширила низ цела Галилеја, донесувајќи со себе надеж на оние што страдале и кои биле во неволја. Во Капернаум вестите го привлекле вниманието на еден еврејски благородник, кој бил во царска служба. Неговиот син боледувал од некоја навидум неизлечива болест. Лекарите го оставиле да умре, но кога таткото слушнал за Исуса, тој одлучил да му се обрати за помош. Детето се наоѓало во многу тешка состојба и се стравувало дека нема да живее до Неговото враќање. Сепак благородникот сметал дека лично мора да му го изнесе случајот. Се надевал дека молбите на еден татко ќе разбудат сожалување кај Големиот Лекар. {КВ 196.3}
Кога стигнал во Кана, го нашол Исуса опкружен со големо мноштво луѓе. Со вознемирено срце, тој се протуркал до Спасителот. Неговата вера се поколебала, кога пред себе видел еден едноставно облечен човек, правлив и изморен од патот. Се посомневал во тоа дека таа Личност може да го направи она за што дошол да го моли. Сепак, му се обратил на Исуса, му кажал зошто дошол и го замолил Спасителот да појде со него до неговиот дом. Меѓутоа, Исус веќе знаел за неговата неволја. Пред благородникот да тргне од својот дом, Спасителот знаел каква неволја го снашла. {КВ 197.1}
Меѓутоа, Исус исто така знаел дека таткото во својот ум поставил услов за својата вера во Него. Ако неговата молба не биде услишена, тој нема да го прими како Месија. Заради тоа, додека благородникот чекал во неизвесност, Исус рекол: „Ако не видите знаци и чуда, не верувате”. {КВ 198.1}
И покрај сите докази за тоа дека Исус навистина е Месија, молителот решил својата вера да ја услови со тоа што ќе му се услиши молбата. Спасителот го споредил ова сомневање со едноставната вера на Самарјаните, кои не барале никакво чудо ниту пак знаци. Неговата Реч, секогаш присутен доказ за Неговото божество, имала убедлива моќ, која ги освојувала нивните срца. Христа го болело што Неговиот сопствен народ, кому му било доверено Светото Писмо, не го слушал Божјиот глас, Кој им зборувал преку Неговиот Син. {КВ 198.2}
Сепак, благородникот имал извесна вера, бидејќи дошол да го бара она што го сметал за најдрагоцено од сите благослови. Исус сакал да дарува и повеќе од тоа. Сакал не само да го исцели детето, туку и благородникот и неговото семејство да ги направи учесници во благословите на спасението и да запали светлина во Капернаум, кој многу скоро ќе стане поле на Неговата сопствена работа. Меѓутоа, благородникот морал да ја увиди својата потреба пред да ја посака Христовата благодат. Овој човек на висока положба претставувал многумина од својот народ. Тие се интересирале за Исуса од себични побуди. Се надевале дека ќе добијат некоја посебна корист од Неговата моќ и својата вера ја засновале на остварување на тие земни добра. Тие не ја забележувале својата духовна болест и не увидувале дека им е потребна божествена благодат. {КВ 198.3}
Како блесок на светлина, зборовите на Спасителот упатени на благородникот го разоткриле неговото срце. Тој видел дека побудите што го навеле да го бара Исуса биле себични. Ја согледал својата колеблива вера во нејзината вистинска светлина. Во длабок очај сфатил дека неговото сомневање би можело да го однесе синот во смрт. Знаел дека се наоѓа во присуство на Оној, Кој може да ги чита мислите на човекот и на Кого сѐ му е можно. Во агонија на својата потреба, тој извикал: „Господине, дојди додека не ми умрело детето”. Тој со вера цврсто се фатил за Исуса, како што направил Јаков, кога по борбата со ангелот, извикал: „Нема да те пуштам додека не ме благословиш”. (Создавање 32:26) {КВ 198.4}
Како Јаков, и тој преовладал. Спасителот не може да се оддалечи од душата што цврсто се држи за Него, молејќи за својата голема потреба. Тој му рекол: „Оди, твојот син е жив”. Благородникот заминал од Спасителот исполнет со мир и радост какви што никогаш порано не доживеал. Не само што цврсто верувал дека неговиот син ќе оздрави, туку со силна доверба верувал во Христа како Откупител. {КВ 198.5}
Во истиот час, оние, кои бдееле над детето што умирало во домот во Капернаум, забележале ненадејна и таинствена промена. Сенката на смртта исчезнала од лицето на Болниот. Црвенилото од треска му отстапило место на благото руменило на здравјето што се враќало. Заматените очи блеснале со интелигенција и во слабото, исцрпено тело повторно се вратила сила. На детето не се задржале никакви знаци од неговата болест. Неговото тело кое горело станало нежно и влажно и детето заспало со спокоен сон. Треската го напуштила во најголемата горештина на денот. Семејството било восхитено и настанала голема радост. {КВ 199.1}
Кана не била толку далеку од Капернаум и благородникот можел да се врати дома вечерта по својот разговор со Исуса. Но, тој не брзал со своето враќање. Дури следното утро стигнал во Капернаум. Какво враќање било тоа! Кога дошол да го бара Исуса, неговото срце било исполнето со тага. Сончевата светлина му изгледала свирепа, песната на птиците како потсмев. Колку поинакви биле неговите чувства! Целата природа имала поинаков изглед. Тој гледал со поинакви очи. Додека патувал во тивкото рано утро, целата природа како да го прославувала Бога заедно со него. Кога се наоѓал на извесна оддалеченост од својот дом, слугите му излегле во пресрет сакајќи да го отстранат стравот кој, како што верувале, тој сигурно го чувствувал. Меѓутоа, тој не се изненадил од вестите што му ги донеле, туку со длабок интерес, кој тие не го разбирале, ги прашал, кога на детето му станало подобро. Тие одговориле: „Вчера во седмиот час го напушти треската”. Во оној ист момент, кога татковата вера се фатила за сигурното ветување: „Твојот син е жив,“ божествената љубов го допрела детето што умирало. {КВ 199.2}
Таткото побрзал да го поздрави својот син. Тој го притиснал на своите гради, како дете вратено од мртвите и постојано му заблагодарувал на Бога за тоа чудесно оздравување. {КВ 200.1}
Благородникот копнеел да дознае повеќе за Христа. Кога подоцна го слушнал Неговото учење, тој и неговото семејство станале Негови ученици. Нивната неволја резултирала во обратување на целото семејство. Гласините за ова чудо се прошириле. Во Капернаум, каде што Христос направил најголем број од своите дела, бил подготвен патот за Неговата лична служба. {КВ 200.2}
Оној, Кој го благословил благородникот од Капернаум, исто така сака да не благослови и нас. Меѓутоа, како и загрижениот татко, и ние често го бараме Исуса затоа што на тоа не наведува желбата за некоја земна благодат и дури откако ќе се исполни нашето барање, покажуваме доверба во Неговата љубов. Спасителот копнее да ни даде поголем благослов отколку што бараме, а го одложува одговорот на нашите барања, за да ни го покаже злото што се наоѓа во нашето срце и нашата длабока потреба од Неговата благодат. Тој сака да се откажеме од себичноста, која не наведува да го бараме. Треба да ја увидиме својата беспомошност и очајна потреба, надевајќи се целосно во Неговата љубов. {КВ 200.3} Благородникот сакал да види дека неговата молитва е услишена пред да поверува, но морал да го прифати Исусовиот збор дека неговата молитва е услишена и дека му е даден благословот. Таа поука мораме и ние да ја научиме. Не треба да веруваме затоа што гледаме или чувствуваме дека Бог не слуша. Мораме да веруваме во Неговите ветувања. Кога ќе му пријдеме со вера, секоја молитва допира до Божјото срце. Кога го бараме Неговиот благослов, треба да веруваме дека го примаме и да му заблагодариме на Бога што сме го примиле. Потоа треба да ги вршиме своите должности уверени дека благословот ќе дојде кога ни е најмногу потребен. Кога ќе научиме така да постапуваме, ќе знаеме дека молитвите ни се услишени. Бог може да стори за нас „прекумерно изобилно,“ „според богатството на Својата слава“ и „според дејството на Неговата силна моќ”. (Ефесјаните 3:20,16; 1:19) {КВ 200.4}