67. ИСУС ГИ УКОРУВА ФАРИСЕИТЕ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 23; Марко 12:41-44; Лука 20:45-47; 21:1-4.

Тоа бил последен ден од Христовото учење во храмот. Во Ерусалим се собрало огромно мноштво луѓе, а вниманието на сите било насочено кон Христа. Предворјето на храмот било преполно со луѓе, кои внимателно ги следеле овие дискусии и желно го примале секој збор што излегувал од Неговите усни. Никогаш дотогаш не се случувало такво нешто. Тука стоел младиот Галилеец без никакви земни почести и знаци на царско потекло. Околу Него се наоѓале свештениците во своите раскошни облеки, поглаварите чијашто облека и ознаки укажувале на нивната возвишена положба и книжниците со свитоци во рацете на чии записи често укажувале. Исус спокојно, со царско достоинство стоел пред нив. Располагајќи со небесен авторитет, Тој непоколебливо ги набљудувал Своите противници, кои го отфрлиле и го презреле Неговото учење и кои сакале да Му го одземат животот. Многубројни биле оние кои Го напаѓале, но напразни биле нивните планови да Го фатат во стапица и да Го осудат. Тој одговорил на сите нивни предизвици, изнесувајќи ја чистата и светла вистина, наспроти темнината и заблудите на свештениците и фарисеите. Тој им укажувал на овие водачи за нивната вистинска состојба и на казната која неминовно ќе ги снајде заради нивната упорност во злото. Опомената била верно дадена. Сепак, на Христа му останало да изврши уште едно дело. Требало да се постигне уште една цел. {КВ 610.1}

Народот сѐ повеќе се интересирал за Христа и за Неговото дело. Луѓето биле привлечени од Неговото учење, но исто така биле многу збунети. Тие ги почитувале свештениците и рабините заради нивната интелигенција и нивната привидна побожност. Во сите верски прашања тие безусловно се покорувале на нивниот авторитет и нивните погледи. Меѓутоа, сега виделе дека тие луѓе се обидуваат да Го уништат угледот на Исуса Учителот чии доблести и знаење се поблескаво излегувале од секој судир. Луѓето ги набљудувале наведнатите глави на свештениците и старешините и на нивните лица виделе израз на пораз и збунетост. Се чуделе зошто поглаварите не веруваат во Исуса, кога Неговото учење е толку јасно и едноставно. Тие сами не знаеле по кој пат да тргнат. Со длабоко внимание го следеле секое движење на оние чиишто совети секогаш ги прифаќале. {КВ 611.1}

Преку параболите кои Христос ги изговорил, Тој имал за цел да ги предупреди поглаварите и да ги поучи оние кои биле подготвени да примат поуки. Меѓутоа, било потребно да се зборува уште појасно. Народот бил поробен преку стравопочитувањето на традициите и од слепата вера во расипаното свештенство. Христос морал да ги раскине тие окови. Карактерот на свештениците, поглаварите и фарисеите морале поцелосно да се изложат. {КВ 611.2}

„На Мојсеевата столица,“ рекол Христос, „седат книжниците и фарисеите. Сѐ што ќе ви кажат извршувајте и држете, но не се управувајте според нивните дела, зашто тие зборуваат, а не извршуваат”. Книжниците и фарисеите тврделе дека им е даден божествен авторитет сличен на Мојсеевиот. Тие сметале дека го заземаат неговото место како толкувачи на Законот и како судии на народот. Во тоа својство тие барале од народот целосно почитување и послушност. Исус ги повикал Своите слушатели да го прават она што учеле рабините во сообразност со Законот, но да не се угледаат на нивниот пример. Тие и самите не се придржувале до своето сопствено учење. {КВ 612.1}

Дури и од она што тие го поучувале, многу било во спротивност со Светото Писмо. Исус рекол: „Тие врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат”. Фарисеите одредувале многу прописи што биле засновани на традицијата и кои без причина ја ограничувале личната слобода. Некои делови од законот ги толкувале така што му наметнувале на народот прописи кои тајно сами ги отфрлале и од кои кога тоа служело за остварување на нивните цели, тврделе дека се ослободени. {КВ 612.2}

Тие постојано се труделе да се покажат како побожни. Ниту една работа не им била толку света за да не може да им послужи за остварување на таа цел. Зборувајќи за Своите заповеди, Бог му рекол на Мојсеј: „Врзи ги на својата рака за знак и нека ти бидат како запис меѓу очите”. (Второзаконие 6:8) Овие зборови имаат една длабока смисла. Кога размислува за Божјата Реч и ја спроведува на дело, човекот во целост се облагородува. Преку праведни и милосрдни дела на рацете, како печат ќе се покажат начелата на Божјиот Закон. Тогаш раката нема да се извалка со подмитување, ниту со нешто што е изопачено и лажно, туку вредно ќе извршува дела на љубов и милосрдие. Ако се насочени во благородна цел, очите ќе бидат бистри и јасни. Изразувачкото лице и очите кои зборуваат, ќе посведочат за беспрекорниот карактер на оној што ја љуби и почитува Божјата Реч. Меѓутоа, Евреите во Христово време не го сфаќале тоа. Заповедта дадена на Мојсеј била претворена во пропис дека тие начела од Светото Писмо треба да се носат на себе. Токму затоа тие биле запишани на ленти од пергамент и на видлив начин приврзани околу главата и околу зглобовите на рацете. Меѓутоа, со тоа не се постигнало Божјиот закон поцврсто да влијае на разумот и срцето. Тие ленти биле носени како ознаки, со цел да привлечат внимание. Се сметало дека на оние што ги носат, тие им даваат изглед на побожност кој предизвикува почит кај народот. Исус задал удар на тоа суетно преправање: {КВ 612.3}

„И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи реси на своите облеки. Сакаат челни места на гозбите, први места во синагогите, поздрави на јавни места и луѓето да ги викаат: Рави, Рави. Но вие не се нарекувајте Рави, зашто еден е вашиот Рави Христос, а вие сте сите браќа. Никого на Земјата не го нарекувајте свој татко, зашто еден е вашиот Татко, Кој е на Небото. Ниту се нарекувајте учители, зошто еден е вашиот Учител Христос”. Со вакви зборови Спасителот ја открил себичната амбициозност, која секогаш копнее по положба и власт, покажувајќи привидна понизност, додека срцето е исполнето со алчност и завист. Кога луѓето биле повикувани на некоја гозба, гостите биле седнувани според нивниот ранг, а оние кои добивале најпочесно место, уживале особено внимание и специјални почести. Фарисеите секогаш гледале таквите почести да ги осигурат за себе. Исус ја укорил таквата пракса. {КВ 613.1}

Тој исто така ја укорил суетата што се манифестирала во посакување титули како што се рави или учител. Таква титула не им припаѓа на луѓето, туку на Христа. Свештениците, книжевниците и поглаварите, толкувачите и извршителите на законот сите тие биле браќа, деца на еден Татко. Исус му рекол на народот да не му дава на ниеден човек почесна титула, која покажува дека тој има власт над нивната совест или вера. {КВ 613.2}

Кога Христос денес би бил на Земјата, опкружен со оние што носат титула „пречесен“ или „пресвет,“ зар не би ги повторил Своите зборови: „Ниту се нарекувајте учители, зошто еден е вашиот Учител Христос”. Светото Писмо вели за Бога: „Свето и страшно е Неговото име”. (Псалм 111:9) На кое човечко суштество му приличи такво име? Колку малку човекот има од онаа мудрост и праведност која ја навестува таквото име! Колку многу од оние што носат таква титула погрешно го претставуваат Божјото име и карактер! Ах, колку често земните амбиции, деспотизмот и најниските гревови се скриени под извезените облеки на оние кои се наоѓаат на високи и свети должности. Спасителот продолжил: {КВ 613.3}

„Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Кој се воздига себеси ќе биде понижен, а кој ќе се понизи, ќе биде извишен”. Христос постојано учел дека вистинската големина се мери со моралната вредност. Според оценката на Небото, големината на карактерот се состои во тоа да живееме за добро на нашите ближни, да твориме дела на љубов и милосрдие. Христос Царот на славата бил слуга на грешните луѓе. {КВ 613.4}

„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери,“ рекол Исус, „што го затворате небесното царство пред луѓето; самите вие не влегувате во него, ниту дозволувате да влезат оние што би сакале”. Изопачувајќи го Светото Писмо, свештениците и закониците го заслепиле разумот на оние кои инаку би примиле сознание за Христовото царство и за оној внатрешен, божествен живот, кој е неопходен за вистинска светост. {КВ 614.1}

„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, што ги подјадувате куќите вдовички и лицемерно долго се молите. Затоа построго ќе бидете осудени”. Фарисеите имале големо влијание врз народот и го користеле тоа влијание заради сопствен интерес. Тие ја стекнале довербата на побожните вдовици, а потоа им зборувале дека нивна должност е да го посветат својот имот во верски цели. Бидејќи ги обезбедиле нивните пари во свои раце, тие подли интриганти ги користеле за свои цели. За да ја прикријат својата нечесност, тие долго се молеле на Бога пред светот и се преправале дека се многу побожни. Христос рекол дека поради тоа лицемерие уште повеќе ќе бидат осудени. Истиот укор паѓа на мнозина во наше време, кои исповедаат голема побожност. Нивните животи се извалкани од себичност и алчност, но Сепак сето тоа го покриваат под превезот на божемната побожност и така извесен период ги мамат своите ближни. Меѓутоа, тие не можат да го измамат Бога. Тој ја чита секоја намера на срцето и ќе му суди секому според неговите дела. {КВ 614.2}

Христос безрезервно ја осудувал злоупотребата, но внимавал да не намали ничии обврски. Тој ја осудувал себичноста што ги изнудувала и злоупотребувала даровите на вдовиците. Истовремено, Тој ја пофалил вдовицата која го донела својот дар во Божјата ризница. Човечката злоупотреба на дарот не го скратува Божјиот благослов на дарителот. {КВ 614.3}

Исус бил во предворјето каде што се наоѓале садовите за собирање на дар и ги гледал оние кои Доаѓале и ги оставале своите дарови. Многу богаташи донесувале големи износи, кои ги оставале на таков впечатлив начин, за да бидат забележани. Исус ги набљудувал со тага, но не рекол ништо за нивната дарежливост. Потоа Неговото лице се разведрило, кога видел една сиромашна вдовица како колебливо се приближува, како да се плаши дека некој ја набљудува. Кога богатите и горделивите поминувале за да ги остават своите дарови, таа се повлекувала како да не се осмелува да продолжи понатаму. Сепак копнеела да направи нешто, колку и да е тоа малку, за делото што го љубела. Го погледнала дарот што го држела во својата рака. Бил многу мал во споредба со даровите на другите околу неа, но тоа било сѐ што имала. Кога и се пружила прилика, таа брзо ги ставила своите две лепти и се свртела за да си оди. Меѓутоа правејќи го тоа, таа го сретнала Исусовиот поглед, кој сериозно бил насочен кон неа. {КВ 614.4}

Спасителот ги повикал Своите ученици и им укажал на нејзината сиромаштија. Потоа до нејзиното уво допреле Неговите пофални зборови: „Навистина ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите”. Очите на таа сиромашна жена биле исполнети со солзи радосници, кога видела дека нејзината постапка е сфатена и ценета. Многумина би ја советувале да го задржи својот мал дар за себе. Предаден во рацете на добро ситуираните свештеници, нејзиниот дар ќе се изгуби меѓу многуте скапоцени дарови што биле донесени. Меѓутоа, Исус ги сфатил нејзините намери. Таа верувала дека Бог одредил служба во Храмот и сакала со тоа да придонесе Колку што може. Направила сѐ што можела, а нејзината постапка останала како спомен на неа низ сите времиња и ќе и биде радост во вечноста. Нејзиното срце било во нејзиниот дар. Големината на тој дар не бил оценет според вредноста на паричката, туку според љубовта кон Бога и според желбата да се даде придонес за Неговото дело и според копнежот што ја навел на таа постапка. {КВ 615.1}

Исус за сиромашната вдовица рекол дека таа „пушти повеќе од сите”. Богатите давале од своето изобилство, а многумина од нив давале за да бидат видени и почитувани од другите луѓе. Со своите големи дарови тие не се пишувале од никаква удобност, па дури ни од раскош. Нивните дарови не барале жртва и според вредноста не можеле да се споредат со лептите на вдовицата. {КВ 615.2}

Побудите им даваат белег на нашите постапки и ги означуваат како срамни или како постапки со висока морална вредност. Бог не смета дека најдрагоцени се оние големи дарови кои ги гледаат сите очи и кои ги фали сечиј јазик. Ситните должности извршени со радост, малите дарови кои не се даваат заради покажување и кои во очите на човекот може да изгледаат безвредни, често имаат најголема вредност во Божјите очи. Срцето исполнето со вера и љубов му е подрагоцено на Бога од најскапоцениот дар. Сиромашната вдовица ги дала парите за својата живеачка, за да го направи она малку што го направила. Таа се лишила од храна за да ги даде тие две лепти за делото што го љубела. Тоа го направила со вера, убедена дека нејзиниот небесен Татко нема да ги изгуби од вид нејзините големи потреби. Со тој свој несебичен дух и детска вера, таа ја придобила пофалбата на Спасителот. {КВ 615.3}

Меѓу сиромасите се наоѓаат многумина кои со сето срце копнеат да изразат благодарност на Бога за Неговата благодат и вистина. Тие искрено сакаат заедно со своите поимотни браќа да учествуваат во помагање на Божјата служба. Тие души не треба да се отфрлат. Нека тие ги положат своите лепти во небесната ризница. Ако се дадени од срце исполнето со љубов кон Бога, овие делумни ситници стануваат посветени дарови, непроценливи прилози кои Бог со радост ги прима и ги благословува. {КВ 615.4}

Кога Исус рекол дека вдовицата „пушти повеќе од сите,“ Неговите зборови биле точни не само во поглед на побудите, туку и во поглед на резултатот. „Две лепти, кои прават еден кодрант,“ и донеле на Божјата благајна многу поголем износ од даровите на оние богати Евреи. Влијанието на тој мал дар бил како поток кој е мал на својот извор, но кој станува сѐ поширок и сѐ подлабок во својот тек низ вековите. Тој дар на илјадници начини придонел да се олеснат неволјите на сиромашните и да се шири проповедањето на евангелието. Примерот на самопожртвување што го пружила вдовицата постојано влијаел на илјадници срца во сите земји и во сите векови. Тој дар влијаел и на богатите и на сиромашните, а нивните прилози ја зголемиле вредноста на нејзиниот дар. Благословот што Бог го излеал на лептите на вдовицата станал извор на големи благослови. Истото тоа важи за секој дар и за секоја постапка направена со искрена желба да се придонесе за Божја слава. Тој е поврзан со целите на Семоќниот. Нема човек, кој може да ги оцени нивните резултати на добро. {КВ 616.1}

Спасителот продолжил да ги осудува книжниците и фарисеите: „Тешко вам слепи водачи, кои велите: Ако некој се заколне со храмот, не е ништо; ако пак се заколне со златото од храмот, тогаш е обврзан. Безумни и слепи! Што е поголемо, златото или храмот кој го посветува златото? Или пак: Ако некој се заколне со жртвеникот, не е ништо, но ако се заколне со дарот што е на него, тогаш е виновен. Безумни и слепи, што е поголемо; дарот или жртвеникот што го посветува дарот?“ Свештениците ги толкувале Божјите барања според своите сопствени лажни и ограничени мерила. Тие вообразувале дека прават точна разлика помеѓу степенот на вина на различните гревови, лекомислено преминувајќи преку некои гревови, додека други можеби помалку сериозни ги сметале како непростливи. Со паричен надомест ги ослободувале луѓето од нивните завети. А за големи суми пари понекогаш преминувале преку тешки гревови. Истовремено тие свештеници и поглавари во други случаи изрекувале строги казни за незначителни престапи. {КВ 616.2}

„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, што давате десеток од нане, од копар и од ким, а сте го оставиле поважното во законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да го правите, а и она да не го пропуштите”. Со овие зборови Христос повторно ја осудува злоупотребата на светите обврски. Тој не ја отфрла самата обврска. Бог одредил систем на десеток и тој систем се одржувал од најрани времиња. Авраам, таткото на сите верни, дал десеток од сѐ што имал. Еврејските поглавари ја признавале обврската на давање десеток и тоа било правилно, но не им дозволувале на луѓето да го вршат она што самите го сметаат за своја должност. Биле давани самоволни прописи за сите случаи. Прописите станале толку сложени, што било невозможно да се исполнуваат. Онака како што го дал Бог, системот бил добар и прифатлив, но свештениците и рабините го претвориле во мачен товар. {КВ 616.3}

Значајно е сѐ што заповеда Бог. Христос нагласил дека должност е да се дава десеток, но додава дека со тоа не може да се оправда запоставувањето на другите должности. Фарисеите биле многу прецизни, кога станувало збор за десеток од градинарски билки како што биле нането, кимот и копарот, тоа не ги чинело многу, а истовремено со тоа стекнувале глас дека се совесни и свети. Од друга страна, нивните бескорисни рестрикции го притискале народот и ја уништувале почитта кон светиот систем што Бог сам го одредил. Тие ги принудувале луѓето да размислуваат за некои ситници и со тоа го одвраќале нивното внимание од важните вистини. Биле занемарени поважните работи во законот правдата, милоста и вистината. „Ова требаше да го правите,“ рекол Христос, „а и она да не го пропуштите”. {КВ 617.1}

На сличен начин рабините изопачиле и други закони. Во упатствата што се дадени преку Мојсеј било забрането да се јаде нечисто. Употребата на свинско месо како и месото на извесни други животни била забранета, бидејќи на тој начин во крвта се внесуваат нечисти состојки и се скратува животниот век. Меѓутоа, фарисеите не останале на оние ограничувања што им ги дал Бог. Тие неоправдано оделе во крајност. Меѓу останатато, барале од народот да ја процедува водата што се употребува, за да не содржи ниту најмал инсект, кој би спаѓал меѓу нечистите животни. Споредувајќи го тоа непотребно ситничарење со големината на нивните вистински гревови, Исус им рекол на фарисеите: „Слепи водачи, вие цедите комарец, а голтате камила”. {КВ 617.2}

„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, што сте како варосани гробови кои однадвор изгледаат убави, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија”. Како што варосаниот и убаво украсен гроб криел остатоци што се распаѓаат, така надворешната светост на свештениците и поглаварите го прикривала беззаконието. Исус продолжил: {КВ 617.3}

“Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, оти им ѕидате гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведниците и велите: Кога би живееле ние во времето на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците. Така сами сведочите дека сте синови на оние што ги убивале пророците”. За да ја покажат својата почит кон мртвите пророци, Евреите биле ревни во украсување на нивните гробови, но не се ползувале од нивните учења, ниту ги уважувале нивните укори. {КВ 617.4}

Во Христово време постоело некое суеверно почитување на гробовите на мртвите и на нивно украсување биле трошени големи суми пари. Во Божјите очи тоа било идолопоклонство. Со своето претерано почитување на мртвите, луѓето покажувале дека не Го љубат Бога над сѐ, ниту своите ближни како самите себеси. Истото тоа идолопоклонство во голем степен постои и денес. Многумина се виновни што ги запоставуваат вдовиците и сирачињата, болните и сиромашните за да подигнат скапи споменици на мртвите. За таа цел не се штедат време, пари ниту труд, додека се запоставуваат должностите кон живите должностите на кои Христос јасно укажал. {КВ 618.1}

Фарисеите граделе споменици на пророците, ги украсувале нивните гробници и си зборувале меѓу себе: „Ако живеевме во времето на нашите татковци, немаше со нив да ја пролеваме крвта на Божјите слуги”. Истовремено правеле планови како да го одземат животот на Неговиот Син. Тоа треба да биде поука за нас. Тоа треба да ни ги отвори очите да видиме колку сатаната е во состојба да го измами разумот што се одвраќа од светлината на вистината. Многумина одат по трагите на фарисеите. Тие ги почитуваат оние што ги дале своите животи за верата. Тие се чудат колку Евреите биле слепи, кога Го отфрлиле Христа. Тие зборувале дека, кога би живееле во Негово време, радосно би го примиле Неговото учење, никогаш не би биле соучесници во гревот на оние кои Го отфрлиле Спасителот. Меѓутоа, кога послушноста кон Бога бара самооткажување и понижување, истите тие луѓе го задушуваат своето уверување и ја отфрлаат послушноста. На тој начин манифестираат ист дух како фарисеите, кои Христос ги осудил. {КВ 618.2}

Евреите не увидувале колку ужасна одговорност преземаат со отфрлањето на Христа. Од времето кога била пролеана првата невина крв, кога праведниот Авел паднал од раката на Каин, историјата се повторува, а вината се зголемува. Во сите векови пророците го подигале својот глас против гревот на царевите, поглаварите и народите, зборувајќи зборови кои Бог им ги дал и покорувајќи се на Неговата волја, со што ги изложиле на опасност своите животи. Од поколение на поколение се натрупувала ужасна казна за оние кои ја отфрлаат светлината и вистината. Сите тие казни, Христовите непријатели сега ги навлекле на своите глави. Гревот на свештениците и поглаварите бил поголем од гревот на сите претходни поколенија. Отфрлајќи го Спасителот, тие станале одговорни за крвта на сите праведни, кои биле убиени од времето на Авела, па сѐ до Христа. Чашата на нивното беззаконие наскоро ќе се прелее. Наскоро на нивните глави ќе се излее казната на Божјата правда. Исус ги предупредил на тоа:“ {КВ 618.3}

За да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на Земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варихиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Навистина, ви велам, сето тоа ќе падне врз ова поколение”. {КВ 619.1}

Книжниците и фарисеите кои слушале што зборува Исус, знаеле дека Неговите зборови се вистинити. Знаеле како пророкот Захарија бил убиен. Додека зборовите на Божја опомена биле на неговите усни, некој сатански бес го обземал царот отпадник и по негова наредба, пророкот бил погубен. Неговата крв ги попрскала камењата во предворјето на храмот и не можела да се избрише; таа крв останала да сведочи против отпаднатиот Израел. Сѐ додека постои храмот, тука ќе стои крвта на тој праведник која го моли Бога да биде одмаздена. Кога Исус ги споменал тие ужасни гревови, мноштвото затреперило од ужас. {КВ 619.2}

Гледајќи во иднината, Исус рекол дека закоравеноста на Евреите и нивната нетрпеливост кон Божјите слуги и понатаму ќе биде иста како порано: {КВ 619.3}

„Затоа ете, Јас праќам меѓу вас пророци, мудреци и книжници, од кои едни ќе убиете и ќе распнете, а други ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град”. Пророците и мудреците, исполнети со вера и Свет Дух Стефан, Јаков и многу други ќе бидат осудени и убиени. Со рака издигната кон Небото и додека божествената светлина ја обвиткувала Неговата личност, Христос зборувал како судија на оние што се наоѓале пред Него. Неговиот глас, кој толку често бил благ и се застапувал, сега укорувал и осудувал. Слушателите трепереле. Впечатокот што го оставиле Неговите зборови и Неговиот поглед никогаш не можел да се избрише. {КВ 619.4}

Христовиот гнев бил насочен против лицемерието, против големите гревови со кои луѓето ги уништувале сопствените души, го мамеле народот и му нанесувале срам на Бога. Во измамливите аргументи на свештениците и поглаварите Тој го препознал делувањето на сатанските сили. Остра и продорна била Неговата осуда на гревот, но Тој не изговорил ниту еден збор на одмазда. Во Него бил светиот гнев против кнезот на темнината, но не манифестирал никаква раздразливост. Така и христијанинот што живее во хармонија со Бога и кој поседува благи својства на љубов и милост ќе чувствува праведен гнев против гревот, но страста не го наведува да ги хули оние што него го хулат. Дури и кога ќе се соочи со оние кои, поттикнати од силата одоздола, ја бранат невистината, тој во Христа ќе го сочува мирот и власта над себе. {КВ 619.5}

Божественото сожалување се одразувало на лицето на Божјиот Син, кога го набљудувал храмот и Своите слушатели. Со придушен глас поради длабоките душевни маки и горчливи солзи, Тој извикал: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца како квачката што ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте!“ Тоа била борба на одвојување. Во Христовото оплакување се излевало самото Божјо срце. Тоа било таинствено простување на долготрпеливата Божја љубов. {КВ 620.1}

Замолкнале и фарисеите и садукеите. Исус ги повикал Своите ученици и се подготвувал да го напушти храмот, не како победен, кој е принуден да се повлече пред неговите противници, туку како некој чие дело било завршено. Се повлекол како победник од судирот. {КВ 620.2}

Многумина ги сочувале во своето срце драгоцените вистини кои во текот на тој значаен ден паднале од Исусовите усни. Кај тие луѓе се јавиле нови мисли, се разбудиле нови копнежи и започнал нов живот. По Христовото распнување и воскресение, тие луѓе истапиле напред и својата од Бога дадена улога ја извршиле мудро и ревно, во склад со големината на делото. Тие носеле порака која ги допрела срцата на луѓето, ослабнувајќи ги старите суеверија што толку долго ги закржлавувале животите на илјадници луѓе. Пред нивното сведоштво човечките теории и филозофии станале празни приказни. Огромни последици произлегле од зборовите што Спасителот му ги упатил на тоа вчудоневидено мноштво во ерусалимскиот храм. {КВ 620.3}

Меѓутоа, Израел како народ се одвоил од Бога. Природните гранки на маслиновото дрво се скршиле. Набљудувајќи ја за последен пат внатрешноста на храмот, Исус во тажен тон рекол: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст. Зашто ви велам: Отсега нема да ме видите повеќе додека не кажете: Благословен е Оној, Кој Доаѓа во името Господово”. Дотогаш храмот го нарекувал дом на Својот Татко, но сега, кога Божјиот Син ќе излезе надвор од тие ѕидови, Божјата слава засекогаш ќе се повлече од храмот кој бил подигнат во Негова слава. Оттогаш обредите во храмот ќе бидат бесмислени, а неговите служби за исмејување. {КВ 620.4}

Сподели го ова:

Слични објави