35. „МОЛКНИ, ПРЕСТАНИ!”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 8:23-34; Марко 4:35-41; 5:1-20; Лука 8:22-39.
Тој ден бил полн со настани во Исусовиот живот. Покрај Галилејското Езеро Тој ги изговорил Своите први параболи, објаснувајќи ја со познати примери природата на Своето царство и начинот на кој тоа ќе се воспостави. Своето дело го споредил со работата на сејачот; развојот на своето царство со растењето на синаповото семе и со делувањето на квасецот врз тестото. Големото последно одвојување на праведните од безбожните го опишал со параболата за пченицата и каколот и за рибарската мрежа. Преголемата драгоценост на вистината која Тој ја учел била објаснета со скриеното богатство и со скапоцениот бисер, додека во приказната за домаќинот ги поучил Своите ученици како треба да работат како Негови претставници. {КВ 333.1}
Учел и лекувал цел ден, а во приквечерината народот сѐ уште се туркал околу Него. Од ден на ден Тој им служел, едвај правејќи пауза за да јаде или да се одмори. Злобните критики на фарисеите и нивното изопачување на Неговата наука со кои тие постојано го следеле ги правеле Неговите напори уште потешки и помачни, па на крајот од денот бил толку изморен, што решил да побара одмор на некое осамено место од другата страна на езерото. {КВ 333.2}
Источниот брег на Генизарет бил ненаселен, бидејќи само наместа покрај езерото се наоѓале гратчиња; Сепак, во споредба со западниот брег, тоа била пуста област. Населението било повеќе незнабожечко отколку еврејско и малку одржувало врска со Галилеја. Во таквата област Исус можел да го најде мирот што го барал, па затоа ги повикал Своите ученици да Му се придружат на другата страна. {КВ 333.3}
Откако го отпуштил мноштвото, тие го земале Него „како што беше“ во чамецот и брзо отпловиле. Но не отпловиле сами. На брегот се наоѓале и други рибарски чамци и тие брзо се наполниле со народ кој го следел Исуса, желни да го гледаат и слушаат. {КВ 334.1}
Конечно Спасителот бил ослободен од притисокот на мноштвото па, совладан од умор и глад, легнал на крмата на чамецот и набргу заспал. Ноќта била мирна и пријатна и тишина владеела над езерото; меѓутоа, небото одеднаш се замрачило, низ планинските клисури долж источниот брег почнал да дува силен ветар и над езерото завладеала жестока бура. {КВ 334.2}
Сонцето било зајдено и темнината на ноќта се спуштила над разбрануваното езеро. Гонети од ветрот што завивал, брановите силно удирале врз чамецот на учениците и се заканувале да го потопат. Тие издржливи рибари го поминале целиот свој живот на езеро и своите чамци ги провлекле безбедно низ многу бури, но сега нивната сила и вештина не им вределе ништо. Биле немоќни пред силата на стихијата и надежта им исчезнала, кога виделе како чамецот се полни со вода. {КВ 334.3}
Обземени од напорите да се спасат, заборавиле дека Исус бил во чамецот. Конечно, гледајќи дека напорите им се напразни и гледајќи само смрт пред себеси, се сетиле на Оној по чиј налог тргнале на другата страна од езерото. Во Исуса била нивната единствена надеж. Во својата немоќ и очај, тие повикале: „Учителе, Учителе! Меѓутоа, густата темнина го криела од нивните очи. Гласовите им се загубиле во завивањето на бурата и не добиле никаков одговор. Ги нападнал сомнеж и страв. Дали Исус ги оставил? Зар Оној, Кој ја победил болеста и демоните, па дури и смртта, бил немоќен сега да им помогне на Своите ученици? Зар Тој ги заборавил во нивната неволја? {КВ 334.4}
Повторно повикале, но немало одговор, освен завивањето на бесната бура. Чамецот веќе тонел. Уште еден момент и изгледало дека ќе го проголтаат гладните води. {КВ 334.5}
Одеднаш еден блесок на молња ја пробил темнината и тие го здогледале Исуса како спие, невознемирен од бучавата. Зачудени и очајни, тие повикале: „Учителу, зар тебе не ти е грижа што гинеме?“ Како може толку мирно да одмора, додека тие се во опасност, и се борат со смртта? {КВ 334.6}
Нивниот повик го разбудил Исуса. Кога го осветлила молњата, тие здогледале небесен мир на Неговото лице; во Неговиот поглед читале несебична, нежна љубов, па нивните срца се обратиле кон Него извикувајќи: „Господе, спаси не, загинуваме”. {КВ 335.1}
Никогаш ниту една душа не го извикала тоа, а да не била услишена. Кога учениците се фатиле за веслата да го вложат последниот напор, Исус станал. Стоел сред Своите ученици и додека бурата беснеела, додека брановите удирале во нив, додека водата беснеела, додека молњите го осветлувале Неговото лице, Тој ја подигнал Својата рака, како што често правел во Своите дела на милост и му рекол на разбранетото езеро: „Молкни, престани”. {КВ 335.2}
Бурата престанала. Големите бранови се смириле. Исчезнале облаците и повторно блеснале ѕвездите. Чамецот почивал врз мирното езеро. Тогаш, вртејќи се кон Своите ученици, Исус тажно запрашал: „Зошто толку се плашите? Како немате вера?“ (Марко 4:40) {КВ 335.3}
Учениците молчеле. Дури и Петар не се обидувал да ја изрази страхопочитта која ја исполнувала неговото срце. Чамците што го следеле Исуса се наоѓале во иста опасност како и чамецот на учениците. Луѓето што се наоѓале во нив биле обземени од ужас и очај. Жестоката бура ги приближила чамците еден до друг, така што сите од нив го виделе чудото. Меѓутоа, во мирот што настанал, тие заборавиле на стравот. Луѓето си шепотеле еден на друг: „Кој е Овој што и ветерот и морето го слушаат?“ {КВ 335.4}
Кога Исус се разбудил да се соочи со бурата, бил совршено мирен. Во Неговите зборови и Неговиот изглед немало ни трага од страв, бидејќи во Неговото срце немало страв. Меѓутоа, Тој не почивал заради тоа што поседувал семоќна сила. Не бил спокоен заради тоа што бил „Господар на Земјата, морето и небото”. Тој се откажал од таа сила, велејќи „Јас не можам да правам ништо Сам од Себе”. (Јован 5:30) Тој имал доверба во Татковата моќ. Мирот му го давала верата во Божјата љубов и грижа и силата на тие зборови што ја смириле бурата била Божјата сила. {КВ 336.1}
Како што Исус почивал преку вера во Татковата грижа, така и ние треба да почиваме во грижата на нашиот Спасител. Ако учениците имале доверба во Него, би го сочувале мирот. Нивниот страв во моментот на опасност го открил нивното неверие. Обидувајќи се да се спасат себеси, заборавиле на Исуса; Тој можел да им помогне дури тогаш, кога гледајќи ја својата немоќ, му се обратиле Нему. {КВ 336.2}
Колку често и ние поминуваме низ искуството на учениците! Кога ќе се најдеме во бурата на искушенијата, кога молњите блескаат и брановите преминуваат преку нас, ние се бориме сами со бурата, заборавајќи дека постои Еден, Кој може да ни помогне. Се надеваме во сопствената сила, сѐ додека не ја изгубиме надежта и се најдеме на работ на пропаста. Тогаш се сеќаваме на Исуса и ако го повикаме да не спаси, нема да повикаме напразно. Иако тажно не укорува поради нашето неверие и самодоверба, Тој никогаш не ни ја скратува помошта што ни е потребна. Без разлика дали сме на копно или море, не треба да се плашиме, ако го имаме Спасителот во своето срце. Живата вера во Откупителот ќе го смири морето на животот и ќе не ослободи од опасноста на начин што Тој го смета за најдобар. {КВ 336.3}
Во чудото на смирување на бурата се наоѓа уште една духовна поука. Искуството на секој човек сведочи за вистинитоста на библиските зборови: „А безбожниците се слични на разбрането море што не може да се смири… Нема мир за грешниците, вели мојот Бог”. (Исаија 57:20,21) Гревот го уништил нашиот мир. Додека не го потчиниме сопственото ,,јас“, не можеме да најдеме мир. Со никаква човечка сила не можат да се потчинат силните страсти на срцето. Во тој поглед ние сме исто толку немоќни, како учениците на разбранетото море. Меѓутоа, Оној, Кој ги смирил брановите на Галилејското Езеро има зборови на мир за секоја душа. Колку и да е страшна бурата, оние кои ќе му се обратат на Исуса со извик: „Господе, спаси не“ ќе бидат спасени. Неговата благодат, која ја помирува душата со Бога, ја смирува бурата на човечките страсти и срцето станува спокојно во Неговата љубов. „Тој ја смирува бурата и брановите нејзини стивнуваат. Тие се развеселија зашто стивнаа и Тој ги поведе во нивното посакувано пристаниште”. (Псалм 107:29,30) „Оправдани со вера, ние сме во мир со Бога преку нашиот Господ Исус Христос”. „Мирот ќе биде дело на правдата, а плодот на праведноста траен покој и надевање”. (Римјаните 5:1; Исаија 32:17) {КВ 336.4}
Рано изутрината Спасителот и Неговите следбеници стигнале до брегот, додека светлината на сонцето што се раѓало ги осветлувало езерото и земјата, како да ги благословува со мир. Меѓутоа, само што стапнале на брегот, здогледале сцена поужасна од свирепата бура. Од некое свое засолниште меѓу гробовите, на нив тргнале двајца бесни луѓе кои, како да сакале да ги растргнат на парчиња. На тие луѓе виселе делови од синџири што ги скинале, бегајќи од затвор. Телото им било со рани и крварело на местата каде што тие се расекле со остри камења. Очите им светеле под долгата разбушавена коса и изгледало дека демоните од кои биле опседнати го избришале во нив човечкиот лик, така што повеќе прилегале на диви ѕверови, отколку на луѓе. {КВ 337.1}
Учениците и нивните сопатници побегнале со ужас, но веднаш забележале дека Исус не е со нив, па се свртеле да го побараат. Тој стоел на местото каде што тие го оставиле. Оној, Кој ја смирил бурата, Кој претходно се соочил со сатаната и го победил, не побегнал од овие демони. Кога тие луѓе, чкртајќи со забите и со пена на устата се приближиле кон Исуса, Тој ја подигнал раката која ги смирила брановите и тие не биле во состојба да дојдат поблиску. Стоеле пред Него бесни, но немоќни. {КВ 337.2}
Со авторитет Тој им наредил на злите духови да излезат од нив. Неговите зборови продреле во помрачениот ум на несреќните луѓе. Нејасно чувствувале дека е близу Оној, Кој може да ги спаси од демоните што ги мачеле. Тие паднале пред нозете на Спасителот и му се поклониле, но, кога ги отвориле усните за да замолат за милост, преку нив проговориле демоните, викајќи: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам, не мачи ме”. {КВ 337.3}
Исус прашал: „Како се викаш? Одговорот гласел: „Името ми е Легион, зашто не има многу”. Користејќи ги измачените луѓе како медиуми, демоните го молеле Исуса да не ги протерува од тој крај. На падините на планината, недалеку од нив пасело големо стадо свињи. Демоните замолиле да влезат во нив и Исус им дозволил. Веднаш паника го обзела стадото. Свињите во бес потрчале кон стрмнината, па немоќни да запрат на брегот, се фрлиле во езерото и се удавиле. {КВ 338.1}
Во меѓувреме, врз опседнатите со демони се извршила чудесна промена. Светлина го осветлила нивниот ум. Очите им зрачеле со интелигенција. Нивниот лик, кој толку долго го носел на себе печатот на сатаната, одеднаш станал благ, раскрварените раце биле мирни и тие со радосен глас го славеле Бога за своето избавување. {КВ 338.2}
Свињарите гледале од ритчето сѐ што се случило, па побрзале да ја јават веста на своите работодавачи и на сиот народ. Целото население потрчало кон Исуса со страв и чудење. Двајцата опседнати од демони биле страв и трепет за целата околина. Никој не бил сигурен поминувајќи покрај местата каде што се наоѓале тие, бидејќи тие со демонски бес го напаѓале секој минувач. Сега тие луѓе, облечени и при полна свест, седеле покрај Исусовите нозе, слушајќи ги Неговите зборови и славејќи го името на Оној, Кој ги исцелил. Меѓутоа, луѓето што ја гледале таа чудесна сцена, не се радувале. Загубата на свињите за нив била од поголемо значење, отколку избавувањето на овие заробеници на сатаната. {КВ 338.3}
Исус од милост дозволил сопствениците на свињите да ја претрпат таа загуба. Тие биле целосно обземени од земните интереси и не се грижеле за големите интереси на духовниот живот. Исус сакал да го раскине влијанието на себичната рамнодушност, за да ја примат Неговата благодат. Меѓутоа, жалењето и лутината поради земната загуба ги заслепила нивните очи за Спасителовата милост. {КВ 338.4}
Ова манифестирање на натприродна сила предизвикало суеверие и страв кај народот. Луѓето стравувале овој туѓинец да не предизвика кај нив и други несреќи. Се плашеле од финансиска пропаст и одлучиле да се ослободат од Неговото присуство. Оние што со Исуса преминале преку езерото, им раскажувале што им се случило претходната ноќ, за нивната опасност во бурата и за тоа како Исус ги смирил ветрот и езерото. Но, нивните зборови останале безуспешни. Луѓето во страв тргнале кон Исуса и го молеле да замине и Тој се согласил, Влегувајќи веднаш во чамецот и упатувајќи се кон спротивниот брег. {КВ 339.1}
Жителите од Гергеса имале пред себе жив доказ за Христовата сила и милост. Виделе луѓе на кои им бил вратен разумот; но толку се плашеле да не ги стават во опасност нивните земни интереси, што го сметале за несакан гостин Оној, Кој пред нив го победил кнезот на темнината и небесниот Дар се одвратил од нив. Ние немаме можност како нив да се одвратиме од Христа лично во тело, но сѐ уште постојат многумина што не сакаат да се покорат на Неговата Реч, бидејќи заради послушноста би требало да се откажат од некој земен интерес. Многумина ја отфрлаат Неговата благодат и го отфрлаат неговиот Дух, за да не претрпат некоја парична загуба заради Неговото присуство. {КВ 339.2}
Сосема поинакво чувство имале луѓето опседнати од демоните. Тие сакале да останат во друштвото на својот Ослободител. Во Негово присуство се чувствувале сигурни од демоните што ги мачеле нивните животи и ги уништиле нивните најдобри години. Кога Исус се подготвувал да влезе во чамецот, тие му пристапиле, клекнале покрај Неговите нозе и го замолиле да останат засекогаш покрај Него, за да можат да ги слушаат Неговите зборови. Но Исус им заповедал да си одат дома и да раскажат колку големи нешта Господ направил за нив. {КВ 339.3}
Тие требало да извршат едно дело да се вратат во своите незнабожечки домови и да кажат за благословот што го примиле од Исуса. Им било тешко да се одвојат од Спасителот. Ги очекувале големи неволји во дружењето со своите сонародници незнабошци. Изгледало дека поради нивната долга одвоеност од општеството станале неспособни да го извршат делото што Тој им го доверил. Но биле подготвени да послушаат штом Исус им ја одредил нивната должност. Тие зборувале за Него не само на своите семејства и соседи, туку се упатиле низ цел Декаполис, насекаде објавувајќи ја Неговата спасоносна сила и опишувајќи како Тој ги ослободил од демоните. Извршувајќи го ова дело, можеле да примат поголем благослов, отколку заради лична корист да останеле во Неговото присуство. Кога работиме на ширење на добрата вест за спасението, ние се приближуваме кон Спасителот. {КВ 339.4}
Овие двајца обновени луѓе биле првите мисионери што Христос ги испратил да го проповедаат евангелието во подрачјето на Декаполис. Тие луѓе имале привилегија само неколку моменти да ги слушаат Неговите поучувања. До нивните уши не допрела ниту една единствена проповед од Неговите усни. Не можеле да го поучуваат народот како учениците кои секој ден биле со Христа. Но, тие сведочеле со својата личност дека Исус е Месијата. Можеле да го раскажуваат она што го знаат, она што сами го виделе и чуле и како ја искусиле Христовата сила. Тоа може да го направи секој чие срце е допрено од Божјата благодат. Јован, возљубениот ученик, напишал: „Она што беше од почетокот, што го чувме, што го видовме со свои очи, што го гледавме и што го опипаа нашите раце, за Речта на животот… она што го видовме и чувме, тоа ви го објавуваме и вам”. (1. Јованово 1:1-3) Како сведоци за Христа треба да го зборуваме она што го знаеме, она што сами сме го виделе, слушнале и почувствувале. Доколку сме го следеле Исуса чекор по чекор, секогаш ќе имаме нешто одредено да кажеме за патот по кој не водел. Можеме да зборуваме како сме ги искусипе Неговите ветувања и сме констатирале дека се вистинити. Можеме да сведочиме дека сме ја искусиле Христовата благодат. Тоа е сведоштво на кое не повикува нашиот Господ и поради чиј недостаток светот пропаѓа. {КВ 340.1}
Иако Гергесанците не го примиле Исуса, Тој не ги оставил во темнината што ја избрале. Кога тие побарале од Него да ги напушти, тие не ги слушнале Неговите зборови. Не знаеле што отфрлаат. Затоа повторно им испратил светлина и тоа преку оние, кои тие нема да одбијат да ги слушаат. {КВ 340.2}
Со уништување на свињите, сатаната имал намера да ги одврати луѓето од Спасителот и да го спречи проповедањето на евангелието во таа област. Но токму тој настан предизвикал поголем интерес во целата земја, отколку што тоа би го направил некој друг настан и би го свртел вниманието кон Христа. Иако Спасителот заминал, луѓето што ги излекувал останале како сведоци за Неговата сила. Оние кои биле медиуми на кнезот на темнината, станале канали на светлината, гласници на Божјиот Син. Луѓето со воодушевување ги слушале чудесните вести. Низ целата област се отворила вратата за евангелието. Кога Исус се вратил во Декаполис, народот се собирал околу Него, па не само жителите на еден град, туку и илјадници од околните места три дена ја слушале веста на спасението. Дури и силата на демоните се наоѓа под власта на нашиот Спасител, па делувањето на злото се свртело на добро. {КВ 340.3}
Средбата со луѓето опседнати од демони во Гергеса содржела поука за учениците. Тука се покажала сета длабочина на деградацијата во која сатаната копнее да го фрли сиот човечки род и Христовата мисија во ослободувањето на луѓето од неговата сила. Тие мизерни суштества што живееле по гробиштата, обземени од демони, робувајќи на неконтролираните страсти и гнасните похоти, покажуваат што би било со човечкиот род, кога би бил препуштен на контрола на сатаната. Сатаната постојано врши влијание врз луѓето за да го одвлече вниманието на сетилата, да завладее со умот за зло и да поттикне на насилство и злосторство. Тој го слабее телото, го замрачува умот и ја понижува душата. Кога го отфрлаат повикот на Спасителот, луѓето се препуштаат себеси на сатаната. Тоа денес го прават многумина во сите животни околности, во домот, деловниот живот, па дури и во црквата. Затоа насилството и злосторството ја поплавуваат Земјата и моралната темнина ги покрива човечките живеалишта, како смртна прекривка. Преку своите разни искушенија, сатаната ги наведува луѓето од лоши во полоши зла, сѐ додека целосно не ги изопачи и упропасти. Единствена безбедност против неговата сила може да се најде во Исусовото присуство. Сатаната и пред луѓето и пред ангелите е разоткриен како човеков непријател и уништувач, а Христос како Пријател на човекот и Негов Избавител. Неговиот Дух ќе развие во човекот сѐ што го облагородува карактерот и ја воздига природата. Тој во телото, душата и духот ќе изгради човек за Божја слава. „Зашто, Бог не ни даде плашлив дух, туку дух на сила, на љу6ов и трезвеност”. (2. Тимотеј 1:7) Тој не повикал „да ја придобиеме славата“ карактерот „на нашиот Господ Исус Христос“ не повикал да се „сообразиме со ликот на Неговиот Син”. (2. Солунјаните 2:14; Римјаните 8:29) {КВ 341.1}
Душите што биле деградирани толку ниско што станале орудие на сатаната, сѐ уште со Христова сила се преобразуваат во гласници на праведноста и се испратени од страна на Божјиот Син за да кажат колку „големи нешта Господ стори за тебе и како ти се смилува”. {КВ 341.2}