66. СУДИР

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 22:15-46; Марко 12:13-40; Лука 20:20-47.

Свештениците и поглаварите молчеле и ги слушале Христовите директни укори. Тие не можеле да ги негираат Неговите обвиненија. Токму затоа станале порешителни да Го фатат во стапица и со таа цел испратиле шпиони, кои „се правеа праведни за да Го фатат во некој збор, па да можат да Го предадат на началството и на власта на управителот”. Не испратиле стари фарисеи кои Исус честопати ги среќавал, туку огнени и ревни млади луѓе кои, како што сметале, Христос не ги познавал. Нив ги придружувале некои Иродовци, чија должност била да ги слушаат Христовите зборови, за да можат да сведочат против Него на Неговото судење. Фарисеите и Иродовците биле огорчени непријатели, но во своето непријателство кон Христа биле единствени. {КВ 601.1}

Фарисеите секогаш биле иритирани што морале да платат данок на Римјаните. Тие сметале дека плаќањето данок е во спротивност со Божјиот закон. Сега помислиле дека им се дава можност да Му постават стапица на Исуса. Шпионите дошле кај Него и правејќи се дека се искрени, како да сакаат да дознаат што им е должност, рекле: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш и не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Дали е дозволено да даваме данок на ќесарот или не?“ {КВ 601.2}

Кога би биле искрени, зборовите „знаеме дека право зборуваш и учиш,“ би биле извонредно признание. Меѓутоа, тие го кажале тоа за да Го измамат; без оглед на тоа, ова сведоштво било вистинито. Фарисеите знаеле дека Христос зборува и учи право, па ќе бидат судени според нивното сведоштво. {КВ 602.1}

Оние што го поставиле тоа прашање на Исуса, мислеле дека доволно ја прикриле својата намера, меѓутоа Исус ги читал нивните срца како отворена книга и го објавил нивното лицемерство. „Зошто Ме искушувате?“ рекол, давајќи им со тоа знак што не го барале и покажувајќи дека ја прочитал нивната тајна намера. Тие уште повеќе се збуниле кога додал: „Покажете Ми една пара од данокот”. Тие Му донеле Тој ги прашал: „И им рече: „Чиј е овој лик и потпис?” Тие одговорија: „На царот”. Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога”. {КВ 602.2}

Шпионите се надевале дека Исус директно ќе одговори на прашањето, на еден или на друг начин. Кога би рекол дека давањето данок е спротивно на законот, тие би Го пријавиле на римските власти и би Го уапсиле за подигање бунт. Меѓутоа во случајот, кога би изјавил дека плаќањето данок е во согласност со законот, тие би Го обвиниле пред народот дека се спротивставува на Божјиот закон. Се чувствувале збунети и поразени. Нивните планови биле срушени. По кратката постапка со која бил даден одговор на нивното прашање, тие веќе немале што да кажат. {КВ 602.3}

Христовиот одговор не бил никакво одбегнување, туку отворен одговор на прашањето. Држејќи во раката кована монета на која бил ликот и името на Цезарот, Тој изјавил дека, бидејќи живеат под заштита на римската сила, тие треба на таа сила да и даваат потпора која се барала од нив, сѐ додека тоа не се судри со повозвишената должност. Меѓутоа, додека мирољубиво им се покоруваат на земните закони, тие секогаш прво треба да ја дадат својата лојалност на Бога. {КВ 602.4}

Зборовите на Спасителот: „Дајте му го… Божјото на Бога“ биле остар укор упатен до Евреите сплеткари. Кога верно би ги исполнувале своите обврски кон Бога, тие не би биле победен народ, потчинет на една туѓа сила. Ниту едно римско знаме не би се веело над Ерусалим, ниту на неговите капии би се наоѓале римски стражи, ниту римскиот намесник би владеел меѓу неговите ѕидини. Еврејскиот народ тогаш плаќал казна заради својот отпад од Бога. {КВ 602.5}

Кога фарисеите го слушнале Христовиот одговор, „се зачудија и оставајќи Го си заминаа”. Тој го укорил нивното лицемерие и вообразеност и истовремено изложил едно големо начело, начело кое јасно ги одредува границите меѓу должностите на човекот кон органите на државните власт и должноста кон Бога. Во умовите на многу луѓе било решено едно спорно прашањето. По оваа средба, секогаш се придржувале кон вистинското начело. Иако многумина си заминале незадоволни, сфатиле дека начелото кое лежи во основа на ова прашање било јасно изложено, па се восхитувале на Христовата голема остроумност. {КВ 602.6}

Кога фарисеите замолкнале, истапиле садукеите со своите лукави прашања. Овие две партии биле во огорчен судир. Фарисеите строго се придржувале на традициите. Многу внимавале на надворешните обреди, биле грижливи во поглед на миењето, постот и долгите молитви и давале милостина со цел да бидат забележани. Меѓутоа, Христос рекол дека го нарушиле Божјиот закон поучувајќи науки што се човечки заповеди. Како група, имале предрасуди и биле лицемери; меѓутоа, меѓу нив имало и луѓе кои покажувале вистинска побожност, кои го прифатиле Христовото учење и станале Негови ученици. Садукеите ги отфрлиле традициите на фарисеите. Исповедале дека веруваат во поголемиот дел од Светото Писмо и ги сметале дека се принципи според кои треба да се постапува, но практично биле скептици и материјалисти. {КВ 603.1}

Садукеите го негирале постоењето на ангелите, воскресението на мртвите и доктрината за идниот живот со неговите награди и казни. На сите овие точки тие се разидувале со фарисеите. Воскресението било посебен предмет на расправа помеѓу двете страни. Фарисеите цврсто верувале во воскресение, но во тие дискусии, нивните погледи за идниот живот станувале нејасни. Смртта за нив била необјаснива тајна. Нивната неспособност да одговорат на аргументите на садукеите создало постојана расправа. Дискусиите помеѓу двете страни вообичаено прераснувале во гневни расправии, кои уште повеќе ги раздвојувале. {КВ 603.2}

Садукеите далеку заостанувале бројно зад своите противници и немале толку силно влијание на народот, но многумина од нив биле богати и го имале влијанието кое го дава богатството. Во нивните редови се наоѓале повеќето свештеници меѓу кои вообичаено бил биран првосвештеникот. Меѓутоа, тој бил биран под услов да не дава многу израз на своите скептични мислења. Бидејќи фарисеите биле многубројни и повлијателни, тогаш кога држеле свештеничка служба, било неопходно за садукеите надворешно да се согласат на нивните учења, но фактот дека биле избирани на такви должности, им придавал значење на нивните заблуди. {КВ 604.1}

Садукеите го отфрлиле Исусовото учење. Тој бил вдахновен од дух за кој тие не верувале дека ќе се манифестира на таков начин, а Неговото учење за Бога и за идниот живот било во спротивност со нивните теории. Тие верувале во Бога како во единствено суштество кое е повозвишено од човекот, но разубедувале дека Провидението што владее со сѐ и божественото предзнаење би го лишиле човекот од неговата слободна волја и би го унизиле до ниво на роб. Учеле дека Бог, откако го создал човекот, го препуштил самиот на себе, така што сега е независен од некоја повозвишена сила. Тврделе дека човекот е во состојба слободно да го води својот живот и им дава насока на настаните во светот, дека неговата судбина е во негови раце. Негирале дека Божјиот Дух работи преку човечките суштества или по природен пат. Сепак верувале дека човекот е во состојба да се возвиши и просветли со правилно искористување на своите природни сили; дека може да го очисти својот живот преку тешки и строги правила. {КВ 604.2}

Нивните поими за Бога влијаеле на нивниот карактер. Според нивно мислење, Бог не се интересира за човекот, затоа тие имале малку почит еден кон друг и меѓу нив имало малку заедништво. Бидејќи не го признавале влијанието на Светиот Дух врз постапките на човекот, во нивниот живот недостасувала Неговата сила. Како и останатите Евреи, тие многу се гордееле со правата кои им припаѓаат уште од раѓањето, како Авраамови деца и со строгото придржување на барањата на законот, но биле лишени од вистинскиот дух на законот, од Авраамовата вера и добродетелството. Нивната љубов опфаќала еден тесен круг. Тие сметале дека секој може да ги обезбеди удобностите и благословите на животот, а потребите и страдањата на другите не влијаеле на нивните срца. Тие живееле само за себе. {КВ 604.3}

Со Своите зборови и дела Христос сведочел за божествената сила, која произведува натприродни резултати, за идниот живот по сегашниот живот, за Бога како Татко на сите луѓе, Кој секогаш се грижи за она што е најдобро за нив. Тој го открил делувањето на божествената сила во добродетелството и сочувството, укорувајќи ја така себичната исклучивост на садукеите. Тој учел дека Бог со Својот Свет Дух делува на срцето за човековото овоземно и вечно добро. Покажал колку е погрешно да се надева во човечката сила за преобразба на карактерот, бидејќи тоа може да го изврши единствено Божјиот Дух. {КВ 605.1}

Садукеите одлучиле да го дискредитираат ова учење. Барајќи повод за судир со Исуса, биле убедени дека ќе успеат да Го оцрнат, дури и ако не им тргне од рака да издејствуваат Негова осуда. Одлучиле да Му постават прашање што се однесува на воскресението. Ако се согласи со нив, со тоа уште повеќе ќе им замери на фарисеите. Ако не се согласи, планирале да го изложат на потсмев Неговото учење. {КВ 605.2}

Според мислењето на садукеите, ако телото е составено од истите честички на материјата во својата бесмртна, како и во својата смртна состојба, тогаш тоа, кога ќе воскресне, ќе има крв и месо и ќе мора и во вечниот свет да го продолжи животот што прекинал на Земјата. Во тој случај тие заклучиле дека земните односи повторно ќе се воспостават, мажот и жената повторно ќе се соединат, браковите ќе се обноват и сѐ ќе тече исто како и пред смртта; а слабостите и страстите на овој живот ќе продолжат во животот што ќе настапи. {КВ 605.3}

Одговарајќи на нивното прашање, Исус ја подигнал завесата од идниот живот. „По воскресението,“ рекол Тој, „ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како Божјите небесни ангели”. Тој покажал дека садукеите имаат погрешно верување. Ставовите од кои поаѓале биле погрешни. Тој додал: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете ниту Писмата, ниту силата Божја”. Не ги обвинувал како што ги обвинувал фарисеите, за лицемерство, туку за погрешно верување. {КВ 605.4}

Садукеите си ласкале себеси дека од сите луѓе најстрого се придржувале за Светото Писмо. Меѓутоа, Исус покажал дека тие не ја сфатиле неговата вистинска смисла. За да се сфати тоа, срцето морало да биде просветлено од Светиот Дух. Тој рекол дека тие не го познаваат Светото Писмо и Божјата сила и дека тоа е причина за нивната збунетост во верата и темнината на умот. Тие се обидувале со својот ограничен разум да допрат до Божјите тајни. Христос ги повикал да ги отворат своите умови за оние свети вистини, кои го прошируваат и зајакнуваат сфаќањето. Илјадници и илјадници стануваат неверници, бидејќи нивниот ограничен разум не може да ги разбере Божјите тајни. Тие не можат да ги објаснат чудесните откровенија на Божјата сила, кои се манифестираат во Неговото провидение и затоа ги отфрлаат доказите за таа сила и ги припишуваат на природните сили, кои уште помалку можат да се сфатат. Единствен клуч за тајните што не опкружуваат е сознанието дека во сите нив се манифестира Божјата сила и присуство. Луѓето треба да го признаат Бога како Творец на вселената, како Оној, Кој им заповеда и ги извршува сите нешта. Потребно е луѓето да имаат поширок поим за Неговиот карактер и за тајната на Неговата сила. {КВ 605.5}

Христос им рекол на Своите слушатели дека Светото Писмо, во кое тие тврдат дека веруваат, не би имало никаква полза, ако нема воскресение на мртвите. Тој рекол: „Што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале што ви рекол Бог: Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов? Бог не е Бог на мртвите, туку на живите”. Она што не постои, Бог го смета како да постои. Тој го гледа крајот уште од почеток и ги гледа резултатите на Своето дело, како веќе да е остварено. Достојните мртви, започнувајќи од Адам, па до последниот верник што ќе умре, ќе го слушнат гласот на Божјиот Син, ќе излезат од гробовите и ќе наследат вечен живот. Бог ќе биде нивен Бог и тие ќе бидат Негов народ. Меѓу Бога и воскреснатите верници, ќе постои Близок и нежен однос. Тоа е предвидено во Неговиот план и Тој го гледа тоа како веќе да постои. Мртвите живеат во Него. {КВ 606.1}

Христовите зборови ги замолчеле садукеите. Тие не можеле да Му одговорат. Не бил изговорен ниту еден збор што би можел да се искористи како осуда против Него. Неговите противници не придобиле ништо друго освен презир од народот. {КВ 606.2}

Фарисеите Сепак сѐ уште не се откажале да го наведат Исуса да каже нешто што тие би можеле да го искористат за да го осудат. Тие убедиле еден учен книжник да го запраша Исуса за тоа кој од десетте начела на законот бил од најголема важност. {КВ 606.3}

Фарисеите ги возвишиле првите четири заповеди, кои укажуваат на должноста на човекот кон Творецот, како да имаат многу поголемо значење од останатите шест, кои ги одредуваат должностите на човекот кон ближните. Поради тоа, на нив мошне многу им недостигала практична побожност. Исус им укажал на луѓето на нивниот голем недостаток и ги поучувал за неопходноста на добри дела, велејќи дека дрвото се познава според своите плодови. Од таа причина, тие Го обвиниле дека ги издига вторите шест заповеди над првите четири. {КВ 606.4}

Законикот му се обратил на Исуса со директно прашање: „Која е прва од сите заповеди?“ Христовиот одговор бил директен и убедлив: „Прва од сите заповеди е: Чуј Израеле; Господ нашиот Бог е единствен Господ. Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила. Тоа е првата заповед”. „Втората е како првата,“ рекол Христос, „зашто оваа произлегува од неа: Љуби го својот ближен како самиот себеси. Друга заповед поголема од овие нема”. „На овие две заповеди висат сиот закон и пророците”. {КВ 607.1}

Првите четири од Десетте заповеди се сумирани во таа единствена голема заповед: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце”. Последните шест се опфатени со другата заповед: „Љуби го својот ближен како самиот себеси”. Двете заповеди се израз на начелата на љубовта. Невозможно е да се држи првата, а втората да се престапува, ниту да се држи втората, а првата да се престапува. Ако Бог се наоѓа на местото што му припаѓа, ако се наоѓа на престолот на срцето, тогаш и нашиот ближен го добива местото што му припаѓа. Тогаш го љубиме како самите себеси. Само ако Го љубиме Бога над сѐ, можеме непристрасно да ги љубиме своите ближни. {КВ 607.2}

Бидејќи сите заповеди се опфатени во љубовта кон Бога и кон човекот, од тука произлегува дека ниту една заповед не може да се престапува, а да не се прекрши тоа начело. На тој начин Христос ги поучил Своите слушатели дека Божјиот закон не претставува збир на посебни одредби, од кои некои се од големо значење, додека други се помалку важни и можат неказнето да се запостават. Нашиот Господ ги прикажува првите четири и последните шест заповеди како една божествена целина и не поучува дека љубовта кон Бога се покажува со тоа што се покоруваме на сите Негови заповеди. {КВ 607.3}

Книжникот што му го поставил прашањето на Исус, бил добро запознаен со законот и бил изненаден од Неговите зборови. Тој не очекувал дека Исус ќе покаже толку длабоко и темелно познавање на Светото Писмо. На тој начин, книжевникот стекнал пошироко сфаќање за начелата на кои почиваат светите одредби. Пред собраните свештеници и поглавари тој чесно признал дека Христос дал правилно толкување на Законот, велејќи: {КВ 607.4}

„Добро, Учителе, право кажа дека Бог е еден и дека нема друг освен Него и дека да Го љубиш Него со сето срце, со сиот разум и со сета сила и да го љубиш ближниот како самиот себеси е поважно од сите паленици и други жртви”. {КВ 607.5}

Мудроста на Христовиот одговор го убедила книжевникот. Тој знаел дека еврејската вера се состои многу повеќе од надворешен обред, отколку од внатрешна побожност. Тој во извесна мера знаел колку без вредност се церемонијалните дарови сами по себе, како и безверното пролевање крв за отстранување на гревот. Љубовта и послушноста кон Бога и несебичната наклонетост кон луѓето, за него имале поголема вредност од сите тие обреди. Во подготвеноста на тој човек да ја признае точноста на Христовите зборови и во Неговиот одлучен и брз одговор пред народот, се манифестирал потполно различен дух од духот на свештениците и поглаварите. Исусовото срце било исполнето со сочувство кон тој искрен книжевник, кој, и покрај негодувањето на свештениците и заканите на поглаварите, се осмелил да го искаже уверувањето на своето срце. „А Исус, кога виде дека умно одговори, му рече: Не си далеку од Божјото царство”. {КВ 608.1}

Книжевникот бил близу до Божјото царство бидејќи признал дека праведните дела се поприфатливи за Бога од жртвите паленици и од другите жртви. Меѓутоа, тој требало да го увиди Христовиот божествен карактер и преку вера во Него да стекне моќ да твори праведни дела. Обредната служба немала никаква вредност доколку со жива вера не е поврзана со Христа. Дури ниту моралниот закон не ја исполнува својата цел, ако не се сфаќа неговата врска со Спасителот. Христос многупати покажал дека законот на Неговиот Татко содржи нешто подлабоко, а не само авторитетни заповеди. Во законот е отелотворено она исто начело што е содржано во евангелието. Законот укажува на човековата должност и ја покажува неговата вина. Човекот мора да очекува прошка и сила од Христа, за да го прави она што го пропишува законот. {КВ 608.2}

Фарисеите биле собрани блиску околу Исуса, кога Тој одговарал на прашањето од книжевникот. Обраќајќи им се ним, Тој им го поставил прашањето: „Што мислите за Христа, чиј Син е?“ Тоа прашање требало да ја стави на проба нивната вера во поглед на Месијата да покаже дали тие го сметаат за обичен човек или за Божји Син. Тие одговориле како во хор: „Давидов”. Тоа било името што пророштвото му го дало на Месијата. Кога Исус го открил Своето божество со Своите моќни чуда, кога ги исцелувал болните и ги воскреснувал мртвите, народот се прашувал меѓу себе: „Зар тоа не е синот Давидов?“ Фениќанката, слепиот Вартимеј и многу други барале помош од Него, велејќи: „Смилувај се на мене, сине Давидов!“ (Матеј 15:22) Кога јавајќи влегувал во Ерусалим, го дочекал радосен извик: „Осана на Давидовиот син! Благословен е Оној, Кој Доаѓа во името Господово!“ (Матеј 21:9) Тој ден, и малите деца во храмот го повторувале тоа припишување. Меѓутоа, многумина што го нарекувале Исуса Давидов син, не го признавале Неговото божество. Тие не сфатиле дека Давидовиот син е исто така и Божји Син. {КВ 608.3}

Одговарајќи на зборовите дека Христос е Давидов син, Исус рекол: „Како тогаш Давид, преку Духот, го нарекува Господ, кога вели: Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе? Па ако Давид го нарекува Господ, тогаш како му е син? И никој не можеше да му одговори ниту збор, ниту некој веќе се осмели од тој ден да го прашува повеќе”. {КВ 609.1}

Сподели го ова:

Слични објави