31. БЕСЕДА НА ГОРАТА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 5, 6 и 7 глава

Христос ретко ги собирал Своите ученици насамо да ги слушаат Неговите зборови. За свои слушатели Тој не ги одбирал само оние што го познавале патот на животот. Неговото дело се состоело во тоа да допре до срцата на многумина што сѐ уште биле во незнаење и заблуда. Своите пораки за вистината Тој ги давал таму, каде што можеле да влијаат на замраченото разбирање. Самиот Тој бил Вистината и стоел со опашани бедра и со раце секогаш испружени да благословува. Тој настојувал со зборови на опомена, молба и охрабрување да го подигне секој што ќе му пристапи. {КВ 298.1}

Иако им била првенствено упатена на учениците, Беседата на Гората е изговорена пред големо мноштво. По ракоположувањето на апостолите, Исус отишол со нив на брегот на морето. Тука народот почнал да се собира рано наутро. Покрај вообичаеното мноштво од галилејските гратчиња, тука се наоѓал народ од Јудеја, па дури и од Ерусалим, од Переја, од Декаполис, од Идумеја, сѐ до југот на Јудеја; од Тир и Сидон, од феникиските градови од бреговите на Средоземното Море. „Кога слушнаа какви големи дела Тој изврши,“ тие „дојдоа да го чујат и да се излекуваат од своите болести… зашто од Него излегуваше сила што ги исцелуваше сите”. (Марко 3:8; Лука 6:17-19) {КВ 298.2}

 На тесниот брег немало дури ни место за стоење, на кое Неговиот глас би можел да ги досегне сите оние што сакале да го слушнат, па Исус ги повел назад на падинката на планината. Стигнувајќи до една рамнина соодветна за сместување на ова големо мноштво, Тој седнал на тревата, а учениците и народот го следеле Неговиот пример. {КВ 298.3}

Местото на учениците секогаш било веднаш до Исуса. Народот постојано се туркал околу Него, но учениците сфатиле дека не смеат да дозволат да бидат истуркани од Неговото присуство. Тие седеле близу до Него, за да не пропуштат ниту еден збор од Неговите поуки. Биле внимателни слушатели, желни да ги сфатат вистините што требало да ги објават во сите земји и во сите векови. {КВ 299.1}

Со чувство дека ќе слушнат нешто исклучително, тие сега се туркале околу Својот Учител. Верувале дека царството наскоро ќе се воспостави, а од настаните што се случиле тоа утро, дошле до уверување дека ќе биде соопштено нешто во врска со тоа. Мноштвото исто така било исполнето со чувство на очекување, и на желните лица се одразувал длабок интерес. Додека луѓето седеле на зелената падинка на ритчето, очекувајќи ги зборовите на божествениот Учител, нивните срца биле исполнети со мисли за идната слава. Тука имало книжевници и фарисеи, кои го очекувале денот, кога тие ќе владеат над омразените Римјани и ќе ги поседуваат богатствата и сјајот на големото светско царство. Сиромашните селани и рибари се надевале на ветувањето и уверувањето дека нивните бедни колиби, скудната исхрана, тешкиот живот и стравот од сиромаштијата ќе бидат заменети со палати и изобилство и денови на леснотија. Се надевале нивната груба облека, која дење им била наметка, а ноќе прекривка, Христос ќе ја замени со скапоцените и раскошни облеки на нивните освојувачи. Секое срце треперело од гордата надеж дека Израел наскоро ќе биде почестен пред сите народи како Господов избран народ, а Ерусалим, издигнат како престолнина на едно универзално царство. {КВ 299.2}

Христос ги разочарал надежите во световна големина. Во Беседата на Гората Тој настојувал да го поништи она што е создадено со погрешно воспитување и дека на Своите слушатели ќе им даде точна претстава за Своето царство и за Својот сопствен карактер. Сепак, Тој не ги нападнал директно заблудите на народот. Ја видел бедата во која се наоѓа светот заради гревот, а Сепак не им дал сликовит приказ на нивната бедна состојба, туку ги учел на нешто неспоредливо подобро од она што тие го знаеле. Не борејќи се против нивните идеи за Божјото царство, Тој им ги изложил условите под кои единствено може да се влезе во него, препуштајќи им да извлечат сопствени заклучоци во поглед на природата на тоа царство. Вистините што ги изнесувал не се помалку значајни за нас, отколку што биле за мноштвото што одело по Него. И нам ни е исто толку потребно колку и на нив да ги дознаеме основните начела на Божјото царство. {КВ 299.3}

Првите Христови зборови упатени на народот на гората биле зборови на благослов. „Среќни се оние“, рекол Тој, „кои ја препознаваат својата духовна сиромаштија и кои чувствуваат дека им е потребно откупување”. Евангелието треба да се проповеда на сиромашните. Тоа не се открива на оние што се духовно горди, кои тврдат дека се богати и дека ништо не им треба, туку на оние кои се понизни и скрушени. Само еден извор е отворен за чистење од гревот изворот за сиромашните по дух. {КВ 299.4}

Горделивото срце копнее да заслужи спасение, но и нашето право на Небото и нашата подобност да влеземе во него се засноваат на Христовата праведност. Господ не може ништо да направи за спасение на човекот, сѐ додека тој, уверен за сопствената слабост и лишен од секоја самодоволност, не се потчини под Божјо управување. Тогаш, може да прими дар, со кој Бог сака да го дарува. Ништо не и се скратува на душата, која е свесна за својата потреба. Таквата душа има неограничен пристап кон Оној, во Кого се наоѓа сето изобилство: „Вака вели Вишниот и Возвишениот, Кој живее вечно и името му е Свети: ‘Престојувам во високо и свето место, но Јас сум и со оној што има скрушен и понизен дух, да го подигнам духот на понизните, да ги оживеам срцата на скрушените”. (Исаија 57:15) {КВ 300.1}

„Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат”. Со овие зборови Христос не не учи дека плачењето само по себе има моќ да ја отстрани вината на гревот. Тој не одобрува наводна или смислена понизност. Плачот за кој зборува не се состои од потиштеност и лелекање. Иако сме тажни поради гревот, истовремено треба да се радуваме на драгоцената предност што сме Божји деца. {КВ 300.2}

Често тагуваме, бидејќи нашите зли дела донесуваат непријатни последици по нас самите, но тоа не е покајание. Вистинската тага поради гревот е резултат на делувањето на Светиот Дух. Духот ја открива неблагодарноста на срцето, кое го омаловажило и растажило Спасителот и во покајание не доведува до подножјето на крстот. Со секој грев Исус повторно е ранет. И кога ќе го насочиме погледот кон Оној, Кого сме го раниле, тогаш плачеме поради гревовите со кои сме му нанеле страдање. Таквиот плач не наведува да се откажеме од гревот. {КВ 300.3}

Световните луѓе можат да тврдат дека таквата тага е само сла6ост, но таа всушност е сила, која го врзува покајникот за Бесконечниот со врски кои не можат да се раскинат. Таа покажува дека Божјите ангели повторно и ги враќаат на душата оние благодати, кои биле изгубени поради тврдоста на срцето и престапите. Солзите на покајникот се само капки дожд кои и претходат на сончевата светлина на светоста. Тагата навестува радост, која ќе стане жив извор на душата. „Само признај го своето беззаконие, кое го изврши против Господ твојот Бог“ „и Јас нема да го излеам Мојот гнев врз вас, зошто Јас сум милостив, вели Господ”. (Еремија 3:13,12) „На натажените во Сион,“ Тој решил да им даде „убавина наместо пепел, масло на радост наместо оплакување, облека на пофалба, наместо опаднат дух”. (Исаија 61:3) {КВ 300.4}

За оние кои се ожалостени заради неволји и тага за нив постои утеха. Горчината на болката и понижувањето се подобри од попуштањето на гревот. Со помош на страдањето Бог ни ги открива болните места во нашиот карактер за преку Неговата милост да можеме да ги совладаме своите гревови. Ни се откриваат поглавја непознати за нас самите и пред нас се поставува прашањето дали ќе го примиме Божјиот укор и совет. Кога ќе се најдеме во неволја, не треба да лелекаме и да се жалиме. Не треба да се буниме или со својата тага да се оттргнуваме од Христовите раце. Мораме да имаме понизен дух пред Бога. Господовите патишта се мрачни за оној што сака да ги гледа работите во Светлината што нему му одговара. Овие патишта и изгледаат мрачни и тажни на нашата човечка природа. Меѓутоа, Божјите патишта се патишта на милост и на нивниот крај се наоѓа спасение. Илија не разбирал што прави, кога во пустината рекол дека не сака веќе да живее и кога му се молел на Бога да умре. Во Својата милост Господ не го направил за него тоа што тој го барал. Сѐ уште за Илија имало едно големо дело да изврши, а кога неговото дело ќе биде завршено, тој нема да пропадне во обесхрабрување и осаменост во пустината. Нему не му било наменето да слезе во смртниот прав, туку да се издигне во слава, во поворка на небесни кочии, до престолот на висините. {КВ 301.1}

На тажните Господ им ги упатува овие зборови: „Ги видов патиштата негови. Ќе го исцелам и ќе го водам и ќе го утешам него и оние што го жалат”. „Тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста”. (Исаија 57:18; Еремија 31:13) {КВ 301.2}

„Блажени се кротките”. Тешкотиите на кои наидуваме можат да бидат значително намалени со онаа кротост, која се крие во Христа. Ако ја поседуваме понизноста на нашиот Господ, тогаш се издигнуваме над навредите, прекорите и непријатностите на кои секојдневно сме изложени и тогаш тие престануваат да фрлаат мрак врз нашиот дух. Самоконтролата претставува највозвишен доказ за благородноста на христијанинот. Оној, кој пред злоупотребата или суровоста нема да сочува спокоен и доверлив дух тој го пишува Бога од Неговото право да го открие во него совршенството на Својот сопствен карактер. Понизноста на срцето е сила со која Христовите следбеници победуваат, таа е обележје на нивната врска со небесните дворови.  {КВ 301.3}

„Иако Господ е возвишен, Тој ги гледа понизните”. (Псалм 138:6) Бог нежно ги набљудува оние кои го манифестираат Христовиот кроток и понизен дух. Светот може да ги презира, но тие имаат голема вредност во Божјите очи. Нема само мудрите, големи и добротворни луѓе да имаат пристап во небесните дворови, не само вредните работници, полни со ревност и неуморна активност. Не; и сиромашните по дух, оние, кои копнеат по Христовото присуство, понизните по срце, чиј највозвишен копнеж е да ја творат Божјата волја тие изобилно ќе имаат пристап. Таквите ќе бидат вброени меѓу оние кои ги испрале облеките и ги избелиле во крвта на Јагнето. „Затоа тие се пред Божјиот престол и му служат ден и ноќ во Неговиот храм. А Оној што седи на престолот ќе живее меѓу нив”. (Откровение 7:15) {КВ 301.4}

„Блажени се гладните и жедните за праведност”. Чувството на недостојност предизвикува во срцето глад и жед за праведност и таа желба нема да остане неисполнета. Оние што во своето срце прават место за Исуса ќе ја искусат Неговата љубов. Ќе бидат задоволени сите оние, кои копнеат да бидат слични на Божјиот карактер. Светиот Дух никогаш не ја остава без помош душата која го насочува погледот во Исуса. Тој ги зема Христовите нешта и ѝ ги покажува на неа, и ако погледот на окото постојано е вперен кон Христа, делото на Светиот Дух не престанува, додека душата не се преобрази во Неговиот лик. Чистата љубов ќе ја исполни душата, давајќи и способност за повозвишени достигнувања, за зголемено знаење за она што е небесно, така што нема да биде лишена од полнината. „Блажени се гладните и жедните за праведност, зашто ќе се наситат”. {КВ 302.1}

Милостивите ќе најдат милост, а оние што имаат чисто срце, ќе го видат Бога. Секоја нечиста мисла ја валка душата, нанесува штета на чувството за морал и придонесува за слабеење на влијанието на Светиот Дух. Таа го помрачува духовниот вид, така што луѓето не можат да го видат Бога. Господ може да простува и му простува на покајаниот грешник, но и покрај простувањето, душата е осакатена. Оној, кој сака јасно да ги разликува духовните вистини, мора да го избегнува изговарањето нечисти зборови и да избегнува секаква нечиста мисла. {КВ 302.2}

Меѓутоа, Христовите зборови опфаќаат и повеќе отколку само слободата од сетилната нечистотија, повеќе од слободата од обредното осквернување кое Евреите толку строго го избегнувале. Себичноста не спречува да го гледаме Бога. Себичниот дух Бога потполно го изедначува со себеси. Ако не се откажеме од тоа, не можеме да го сфатиме Оној, Кој е љубов. Само несебичното срце, понизниот дух што е полн со доверба ќе согледа дека Бог е „милостив, полн со благодат, долготрпелив и богат со добрина и со вистина”. (Излез 34:6) {КВ 302.3}

„Блажени се миротворците”. Христовиот мир Доаѓа од вистината. Тој е во хармонија со Бога. Светот е во непријателство со Божјиот закон; грешниците се во непријателство со својот Создател и како резултат на тоа тие се и во меѓусебно непријателство. Но псалмистот кажува: „Голем мир имаат оние што го љубат Твојот закон и ништо нема да ги соблазни”. (Псалм 119:165) Човекот не може да го создаде мирот. Човечките планови за облагородување и воздигнување на поединци или на општеството не можат да создадат мир, бидејќи не досегнуваат до срцата. Единствената сила која може да го создаде или овековечи мирот е Христовата благодат. Кога ќе се засади во срцата, таа ги изгонува злите страсти, кои предизвикуваат расправија и неслога. „Наместо трње ќе растат чемпреси, наместо коприва ќе никнува мирта;“ и животната пустина „ќе се зарадува и ќе процвета како трендафил”. (Исаија 55:13; 35:1) {КВ 302.4}

Собраното мноштво се восхитувало на ова учење, кое толку се разликувало од начелата и примерите на фарисеите. Луѓето дошле до точката да веруваат дека среќата на овој свет зависи од поседувањето на нештата од овој свет и дека треба да се копнее по слава и по почестите од луѓето. Многу било угодно да се биде нарекуван „рабин,“ и да се биде воздигнат како мудар и религиозен, и нивните доблести да бидат покажани пред народот. Тоа се сметало како круна на среќата. Но Исус, во присуство на тоа големо мноштво луѓе изјавил дека земната добивка и почест претставуваат единствена награда, која тие можат да ја добијат. Тој зборувал со сигурност и Неговите зборови биле придружувани од убедувачка сила. Луѓето молчеле, а нивните души ги обземало чувство на страв. Со сомневање гледале еден во друг. Кој од нив ќе се спаси ако учењето на овој Човек е вистина? Многумина биле убедени дека овој извонреден Учител е вдахнат со Божјиот Дух и дека мислите што Тој ги изговорил биле божествени. {КВ 305.1}

Бидејќи им објаснил во што се состои вистинската среќа и како таа може да се постигне, Исус поодредено укажал на должностите на Своите ученици кои, како од Бога избрани учители, треба да ги водат другите по патеката на праведноста и вечниот живот. Знаел дека тие често ќе страдаат заради разочарувањата и обесхрабрувањето, дека ќе наидат на одлучен отпор, дека ќе ги навредуваат и дека нивното сведоштво ќе биде отфрлано. Добро знаел дека понизните луѓе, кои внимателно ги слушале Неговите зборови, во остварувањето на Својата мисија ќе бидат изложени на клевети, мачења, заробеништво и смрт, па затоа продолжил: {КВ 305.2}

„Блазе на гонетите заради праведност, зашто нивно е царството небесно. Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и кога ќе зборуваат против вас секакви лоши зборови лажно, заради Мене. Радувајте се и бидете премногу весели, затоа што голема е вашата награда на Небесата, зашто така ги гонеа и пророците кои беа пред вас”. {КВ 305.3}

Светот го сака гревот, а ја мрази праведноста и тоа било причината за непријателството кон Исуса. Сите што ја одбиваат Неговата бескрајна љубов, ќе увидат дека христијанството е нешто што го нарушува нивниот мир. Христовата светлина ја растерува темнината, која ги прикрива нивните гревови и неопходноста од реформа е очигледна. Додека оние, кои се потчинуваат на влијанието на Светиот Дух почнуваат да војуваат сами со себе, оние, кои се држат до гревот, војуваат против вистината и нејзините претставници. {КВ 306.1}

Така се создава раздор, па Христовите следбеници се обвинети како вознемирувачи на луѓето. Всушност тие го навлекуваат на себе непријателството на светот поради заедницата со Бога. Тие го примаат прекорот поради Христа. Тие одат по патеката по која оделе најблагородните луѓе на Земјата. Прогонувањето не треба да го примаат со тага, туку со радост. Секоја огнена неволја претставува средство со кое Бог ги облагородува. Секоја таква проба ги оспособува да станат соработници во Неговото дело. Секој судир има свое место во големата битка за праведноста и секој ќе ја зголеми радоста во нивната крајна победа. Имајќи го тоа на ум, тие ќе го примат испитот на нивната вера и трпение со радост, отколку да се плашат од истото и да го избегнуваат. Трудејќи се да ја исполнат својата обврска кон овој свет, посакувајќи само да стекнат одобрување од Бога, Неговите слуги треба да ја исполнат секоја должност не обѕирајќи се на стравот или на наклонетоста од страна на луѓето. {КВ 306.2}

„Вие сте солта на Земјата“ рекол Исус. Немојте да се повлекувате од светот за да го избегнете прогонството. Мора да живеете меѓу луѓето, за мирисот на божествената љубов да може, како сол да го зачува светот од расипаност. {КВ 306.3}

Срцата што се одѕиваат на влијанието на Светиот Дух, претставуваат канали преку кои се излева Божјиот благослов. Кога оние кои му служат на Бога би биле тргнати од Земјата и кога Неговиот дух би бил повлечен од луѓето, овој свет би бил препуштен на пустош и уништување, што би било плод на сатанската власт. Иако злите не го знаат тоа, тие дури и за благословите на овој живот се должни на присуството на Божјиот народ во светот, народ, кој тие го презираат и прогонуваат. Меѓутоа, ако тие се само христијани по име, тогаш тие се како сол, која е блуткава. Тие во светот не вршат никакво добро влијание. Тие се полоши од неверниците, бидејќи погрешно го прикажуваат Бога. {КВ 306.4}

„Вие сте светлина на светот”. Евреите сакале благодатта на спасението да ја ограничат само на нивниот сопствен народ, но Исус им покажал дека спасението е како сончевата светлина. Таа му припаѓа на целиот свет. Библиската вера не смее да се ограничува помеѓу кориците на една книга, ниту помеѓу ѕидовите на една црква. Таа не смее да се изнесува повремено заради наша сопствена корист, а потоа повторно грижливо да се тргне. Таа треба да го посвети секојдневниот живот, манифестирајќи се себеси во сите наши деловни и општествени односи. {КВ 306.5}

Вистинскиот карактер не се обликува однадвор и потоа се става на себе; тој зрачи одвнатре. Ако сакаме другите да ги упатиме по патот на праведноста, тогаш начелата на правдата мора да бидат всадени во нашите срца. Нашето исповедање на верата може да ја објави теоријата на религијата, но нашата практична побожност ги поткрепува зборовите на вистината. Доследниот живот, светото однесување, непоколебливата чесност, активниот, добронамерниот дух, побожниот пример тоа се средства со чија помош светлината му се пренесува на светот. {КВ 307.1}

Исус не се задржувал на спецификациите на законот, но не оставил Неговите слушатели да заклучат дека Тој дошол да ги отфрли барањата на законот. Тој знаел дека шпионите биле подготвени да се фатат за секој збор што би можеле да го искриват заради остварувањето на своите цели. Тој знаел дека во душата на многу слушатели постоеле предрасуди и не рекол ништо што би можело да ја поколеба нивната вера во религијата и одредбите што им биле доверени преку Мојсеј. Христос го дал и моралниот и обредниот закон. Тој не дошол да ја уништи довербата во упатствата што Самиот ги дал. Поради Својата голема стравопочит кон законот и кон пророците, Тој настојувал да го сруши ѕидот на традиционалните прописи, кои ги ограничувале Евреите. Отфрлајќи го нивното погрешно толкување на законот, Тој грижливо ги заштитувал учениците да не попуштаат во поглед на виталните вистини доверени на Евреите. {КВ 307.2}

Фарисеите се гордееле со својата послушност кон законот, но многу малку знаеле за неговите начела во секојдневниот живот, така што за нив зборовите на Спасителот звучеле како ерес. Кога Тој ги отфрлил рушевините под кои била затрупана вистината, тие сметале дека Тој ја отфрлил и самата вистина. Тие си дошепнувале еден на друг дека Спасителот го омаловажува законот. Тој ги прочитал нивните мисли и им одговорил, велејќи: {КВ 307.3}

„Немојте да мислите дека Јас дојдов да го поништам законот или пророците; не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам”. Со ова Исус ги побил обвинувањата на фарисеите. Неговата мисија во светот се состоела во тоа да ги оправда светите барања на законот за кој тие го обвинувале дека го крши. Кога Божјиот закон би можел да биде изменет или укинат, тогаш Христос не би морал да ги поднесува последиците од нашите престапи. Тој дошол да го објасни односот на законот кон човекот и да ги прикаже неговите прописи со Својот сопствен живот на послушност. {КВ 307.4}

Бог ни ги дал Своите свети прописи зашто го љуби човештвото. За да не заштити од последиците на престапот, Тој ни ги открива начелата на праведноста. Законот е израз на Божјата мисла; кога е примен во Христа, тој станува наша мисла. Законот не издигнува над силата на вродените желби и склоности, над искушенијата што водат кон грев. Бог сака да бидеме среќни и затоа Тој ни ги дал начелата на законот, за во послушност кон нив да имаме радост. Кога ангелите при Христовото раѓање пееле:

„Слава на Бога во висините,

и на Земјата мир и меѓу луѓето добра волја” (Лука 2:14),

тие ги објавувале начелата на законот, кој Тој дошол да го направи голем и славен. {КВ 308.1}

Кога законот бил објавен на Синај, Бог им ја открил на луѓето светоста на Својот карактер, за преку истакнување на спротивноста, да можат да ја видат својата грешност. Законот бил даден за да ги осведочи за гревот и да им ја покаже нивната потреба од Спасителот. Тој би го направил тоа, кога Неговите начела би биле применети во срцето, со помош на Светиот Дух. Тоа дело треба и денес да се врши за нас. Во Христовиот живот јасно се покажани начелата на законот и додека Божјиот Свет Дух влијае на срцето, додека Христовата светлина им открива на луѓето дека им е потребна Неговата крв која прочистува и Неговата праведност која оправдува, законот сѐ уште претставува сила, која не доведува кон Христа, за да бидеме оправдани преку вера. „Господовиот закон е совршен, ја преобразува душата”. (Псалм 19:7) {КВ 308.2}

„Додека постојат небото и Земјата,“ рекол Исус, „нема да исчезне ниту една цртичка, ниту една титла од законот додека не се исполни сѐ”. Сонцето кое блеска на небото и цврстата земја на која живееме, се Божји докази дека Неговиот закон е непроменлив и вечен. Дури и тие да исчезнат, божествените начела ќе опстојат. „Полесно е за небото и Земјата да поминат, отколку една црта од законот да пропадне”. (Лука 16:17) Системот на симболи што укажувал на Христа, како на Божјо Јагне требало да се укине при Неговата смрт, но начелата на Декапогот се непроменливи, исто така, како и Божјиот престол. {КВ 308.3}

Бидејќи „Господовиот закон е совршен“ секое отстапување од него мора да претставува зло. Христос ги осудува оние, кои не се покоруваат на Божјите заповеди и ги учат другите да го прават истото. Со својот живот на послушност, Спасителот докажал дека законот е задолжителен; Неговиот живот докажал дека човекот може да го држи законот и покажал како со таа послушност се развива извонреден карактер. Сите што се покоруваат како Него, исто така објавуваат дека законот е „свет, праведен и добар”. (Римјаните 7:12) Од друга страна, сите што ги кршат Божјите заповеди го поддржуваат тврдењето на сатаната дека законот е неправеден и дека човекот не може да му се покорува. Со тоа тие му помагаат на големиот противник во неговите измами и го обесчестуваат Бога. Тие се деца на злиот, кој на небото прв се побунил против Божјиот закон. Кога на таквите би им се дозволило влез во Небото, би значело да се доведат повторно елементи на неслога и бунт и да се загрози добробитието на вселената. Ниту еден човек, кој свесно запоставува макар и само едно начело на законот, нема да влезе во небесното царство. {КВ 308.4}

Рабините сметале дека нивната праведност претставува влезница за на Небото, но Исус рекол дека таа не е доволна и е безвредна. Фарисејската правда ја сочинувале надворешните обреди и теоретското познавање на вистината. Рабините тврделе дека се свети заради нивните напори за држење на законот. Но нивните дела ја раздвоиле праведноста од религијата. Многу совесно ги вршеле сите обредни прописи, меѓутоа животот им бил неморален и деградиран. Нивната таканаречена праведност никогаш не можела да влезе во небесното царство. {КВ 309.1}

Најголемата измама на човечкиот ум во Христово време била претпоставката дека самото согласување со вистината ја сочинува праведноста. Сите човечки искуства покажале дека теоретското познавање на вистината не е доволно за спасение на душата. Тоа не донесува плодови на праведност. Строгите обѕири кон она што се нарекува теолошка вистина, често одат заедно со омразата кон изворната вистина што се открива во животот. Најмрачните поглавја од историјата се преполни со извештаи за злосторства, кои ги извршиле религиозни луѓе, кои имале предрасуди. Фарисеите тврделе дека се Авраамови деца и се фалеле со тоа што ги поседуваат списите, но тие предности не ги сочувале од себичноста, злобата, лакомоста за добивка и од најниското лицемерие. Се сметале за најголеми религиозни луѓе во светот, но нивната таканаречена ортодоксност ги довела до тоа да го распнат Господа на славата. {КВ 309.2}

Оваа опасност постои и денес. Многумина сметаат дека се христијани, едноставно заради фактот што прифатиле некои верски начела. Меѓутоа, тие не ја остваруваат вистината во секојдневниот живот. Тие всушност и не веруваат во вистината, ниту ја љубат, и затоа не примиле сила и благодат што доаѓаат преку посветеноста на вистината. Луѓето можат да исповедаат дека веруваат во вистината, но ако со тоа не станат искрени, благи, трпеливи, долготрпеливи, ако умот не им е насочен кон Небото, тогаш таа претставува проклетство за нив, а преку нивното влијание и проклетство за светот. {КВ 309.3}

Праведноста која Христос ја проповедал се состои во прилагодување на срцето и животот со откриената Божја волја. Грешните луѓе можат да станат праведни, само ако имаат вера во Бога и одржуваат животна врска со Него. Тогаш вистинската побожност ќе ги возвиши мислите и ќе го облагороди животот. Тогаш надворешните форми на религијата ќе бидат во согласност со внатрешната христијанска чистота. Тогаш обредите што се извршуваат во Божјата служба нема да бидат бесмислени церемонии, како оние на лицемерните фарисеи. {КВ 310.1}

Исус ги зема заповедите поединечно и ја објаснува длабочината и широчината на нивните барања. Наместо да отфрли и една цртичка од нивната важност, Тој покажува Колку се далекусежни нивните начела и објаснува Колку судбоносна грешка направиле Евреите со своето надворешно покорување. Тој вели дека лошата мисла или страствениот поглед веќе претставуваат кршење на Божјиот закон. Човекот што направил и најмала неправда, го крши законот и ја унижува својата морална природа. Убиството прво се појавува во мислите. Оној што и дава место на омразата во своето срце, стапнува на патеката на убиецот и неговите жртви се одвратни на Бога. {КВ 310.2}

Евреите негувале дух на одмазда. Во својата омраза кон Римјаните, тие изговарале страшни осудувања и причинувале задоволство на злиот преку манифестирање на неговите особини. Така се обучувале себеси за страшните дела на кои тој ги навел. Во верскиот живот на фарисеите немало ништо што би им препорачало побожност на незнабошците. Исус ги упатувал да не се лажат себеси со мислата дека можат во своите срца да се побунат над своите угнетувачи и да негуваат желба да им се одмаздат за сторената неправда. {КВ 310.3}

Вистина е дека постои оправдано негодување дури и кај Христовите следбеници. Кога тие ќе видат како Бог е обесчестен и како се озлогласува Неговата служба, кога ќе видат како невините се угнетуваат, тогаш во душата се раѓа праведна лутина. Таквиот гнев, кој потекнува од чувствително срце, не е грев. Но оние што мислат дека можат да се гневат на секоја наводна провокација, го отвораат своето срце на сатаната. Ако сакаме да бидеме во хармонија со Небото, мораме да ги истераме од душата горчината и непријателството. {КВ 310.4}

Спасителот оди понатаму од ова. Тој вели: „Ако донесеш свој дар на жртвеникот и тука се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го дарот тука пред жртвеникот, оди и прво помири се со братот, па тогаш дојди и принеси го својот дар”. Многумина се ревни во верските обреди, додека меѓу нив и нивните браќа постојат несреќни несогласувања што би можеле да се отстранат. Бог бара од нив да направат сѐ што е во нивна моќ за да ја вратат слогата. Додека не го направат тоа, Тој не може да ја прими нивната служба. Должноста на христијанинот во тој поглед е јасно назначена. {КВ 310.5}

Бог ги излева Своите благослови на сите. „Тој прави Неговото сонце да изгрева над злите и добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните”. Тој е „благ кон неблагодарните и кон злите”. (Лука 6:35) Тој ни заповеда да бидеме слични на Него. „Благословувајте ги оние кои ве колнат,“ вели Исус, „правете им добро на оние што ве мразат,… за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е на небесата”. Тоа се начелата на законот и тие се извори на живот. {КВ 311.1}

Божјиот идеал за Неговите деца е повозвишен, отколку што може да досегне највозвишената човечка мисла. „Бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко”. Таа заповед е и ветување. Планот на откупување го прави возможно нашето целосно избавување од силата на сатаната. Христос секогаш ја одвојува покајничката душа од гревот. Тој дошол да ги уништи делата на сатаната и овозможил Светиот Дух да биде даден на секоја покајничка душа за да ја чува од грешење. {КВ 311.2}

Не смее да се мисли дека моќта на искушувачот претставува извинување за некое лошо дело. Сатаната ликува, кога слуша како луѓето, кои се нарекуваат Христови следбеници ги оправдуваат маните во својот карактер. Токму тие оправдувања водат во грев. Нема оправдување за гревот. Светиот темперамент и животот сличен на Христовиот, му е достапен на секое Божјо дете што се кае и што верува. {КВ 311.3}

Идеалниот христијански карактер е сличен на Христовиот. Како што Синот Човечки бил совршен во Својот живот, така и Неговите следбеници треба да бидат совршени во својот живот. Исус во сѐ бил создаден слично на своите браќа. Станал тело, како што сме и ние. Бил гладен, жеден и уморен. Се одржувал со храна и се окрепувал со сон. Ја делел судбината на човекот, но Сепак, бил безгрешен Божји Син. Бил Бог во тело. Неговиот карактер треба да биде наш. За оние што веруваат во него, Господ вели: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ”. (2. Коринтјаните 6:16) {КВ 311.4}

Христос е скалата што Јаков ја видел, чие подножје било на Земјата, додека највисокото скалило допира до самата порта на Небото до прагот на славата. Кога на тие скали би им недостасувало едно скалило за да допрат до Земјата, ние би биле загубени. Меѓутоа, Христос Доаѓа до нас таму каде што сме. Тој ја примил на Себе нашата природа и победил за и ние, примајќи ја Неговата природа, да можеме да победиме. Создаден „во облик на грешно тело“ (Римјаните 8:3), Тој живеел безгрешен живот. Сега со Својата божествена природа се држи за небесниот престол, додека со Својата човечка природа досега до нас. Тој не повикува со вера во Него да ја достигнеме славата на Божјиот карактер. Затоа мораме да бидеме совршени, како „што е совршен и нашиот небесен Татко”. {КВ 311.5}

Исус покажал во што се состои праведноста и укажал на Бога, како на Нејзин извор. Понатаму, Тој зборувал за практичните должности. „Во давањето милостина, во молитвата и во постот,“ велел Тој, „не правете ништо што би привлекло внимание или би придобило пофалба за себеси. Давајте искрено, заради доброто на сиромашните што страдаат. Во молитвата, вашата душа нека одржува врска со Бога. Кога постите, не одете со наведната глава и со срце преполно со мисли за себе”. Срцето на фарисеите било како неплодна и непрофитна почва во која не можело да успее семето на божествениот живот. Најугодна служба за Бога ќе изврши оној што ќе му се предаде без никаква резерва. Преку заедница со Бога, луѓето стануваат Негови соработници во прикажување на Неговиот карактер на човечкиот род. {КВ 312.1}

Службата извршена со искрено срце има голема плата. „Таткото, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. Карактерот се образува со животот што го живееме преку Христовата благодат. Првобитната убавина почнува да се обновува во душата. Се примаат одлики на Христовиот карактер и божествениот лик зрачи од човекот. Лицата на мажите и жените кои одат и работат со Бога, изразуваат небесен мир. Тие се опкружени со небесна атмосфера. За таквите почнало небесното царство. Тие ја имаат Христовата радост, радост заради што се на благослов за човештвото. Тие имаат чест што се прифатени за употреба од Господа. Ним им е доверено да го извршуваат Неговото дело во Негово име. {КВ 312.2}

„Никој не може да им служи на двајца господари”. Не можеме да му служиме на Бога со поделено срце. Библиската вера не е еден фактор меѓу многуте други; нејзиното влијание мора да биде супериорно, проникнувајќи го и управувајќи го секое друго. Таа не смее да биде како боја нафрлана на платно на одделни места, туку мора да го проникнува целиот живот, како кога платното ќе се потопи во боја, така што секоја нишка од ткаенината ќе биде целосно обоена со боја што не избледува. {КВ 312.3}

„Ако твоето око е здраво, цело тело ќе ти биде осветлено. Но, ако окото ти е зло, цело тело ќе ти биде темно”. Чистотата и одлучноста на целта се услови да се прими светлина од Бога. Оној што сака да ја познае вистината, мора да биде подготвен да прими сѐ што се открива во неа. Тој никогаш не може да прави компромис со заблудата. Да се колеба и да се биде поделен во верноста на вистината значи да се избере темнината на заблудата и сатанската измама. {КВ 312.4}

Световните начела и непроменливите начела на праведноста не се мешаат едни со други незабележливо, како боите на виножитото. Вечниот Бог повлекол широка и јасна граница меѓу нив. Христовата сличност толку се разликува од таа на сатаната, како што се разликува пладнето од полноќта. Христови соработници се само оние што живеат Негов живот. Ако се негува само еден грев во душата, или ако една лоша навика се задржи во животот, целото суштество е заразено. Човекот станува орудие на неправедноста. {КВ 313.1}

Сите што ќе ја одберат Божјата служба, треба да почиваат во Неговата грижа. Христос посочил на птиците во воздухот и на цвеќето во полето и ги повикал Своите слушатели да ги набљудуваат тие предмети на Божјото создавање. „Зар не сте вредни многу повеќе од нив?“ истакнал Тој. (Матеј 6:26) Божественото внимание, кое се подарува на кој било предмет е во сооднос со неговата положба во скалата на егзистирањето. Малото кафено врапче е предмет на грижата на Провидението. За полското цвеќе, за тревата што ја покрива земјата како килим, Нашиот небесен Татко ги забележува и води грижа за нив. Големиот Уметник мислел и на лилјаните и ги направил толку прекрасни, што ја засениле Соломоновата слава. Колку тогаш повеќе се грижи за човекот, кој е Божја слика и слава? Тој копнее Неговите деца да покажат карактер сличен на Неговиот. Како што сончевиот зрак му ги дарува на цвеќето неговите разновидни и нежни нијанси, така Бог и ја дарува на душата убавината на Својот карактер. {КВ 313.2}

Сите што ќе го изберат Христовото царство на љубов, праведност и мир и кои ќе ги стават интересите на тоа царство над сѐ, поврзани се со Горниот свет и ги добиваат сите благослови потребни за овој живот. Во книгата на Божјото провидение, во книгата на животот, секому му е дадена една страница. Таа страница го содржи секој детал од нашиот живот; избројани се дури сите влакна на главата. Божјите деца никогаш не се отсутни од Неговиот ум. {КВ 313.3}

„Немојте да се грижите за утре”. Мораме да го следиме Христа ден за ден. Бог не дава помош за утре. Тој не им ги дава на Своите деца сите упатства за нивниот животен пат одеднаш, бидејќи тоа би можело да ги збуни. Тој им кажува само толку, колку што се во состојба да запомнат и да извршат. Сила и мудрост ни се даваат за сегашните потреби. „Ако некому од вас му недостига мудрост,“ за денеска, „нека бара од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без приговор и ќе му се даде”. (Јаков 1:5) {КВ 313.4}

„Не судете и нема да бидете судени”. Не се сметајте себеси подобри од другите луѓе и не се поставувајте себеси за нивни судии. Бидејќи не сте во состојба да ги распознаете побудите, не можете да им судите на други. Критикувајќи го другиот, се осудувате себеси, бидејќи покажувате дека вршите дело на сатаната, обвинувачот на нашите браќа. Господ вели: „Испитајте се самите себеси дали сте во верата; проверете се самите себеси”. Тоа е наша задача. „Кога би се суделе самите себеси, не би ни се судело”. (2. Коринтјаните 13:5; 1. Коринтјаните 11:31) {КВ 314.1}

Доброто дрво ќе раѓа добри плодови. Ако плодот не е вкусен и не е корисен, дрвото е лошо. Така и родот што се донесува во животот дава доказ за состојбата на срцето и за совршеноста на карактерот. Со добри дела никогаш не може да се купи спасение, но тие се знак на верата, која работи преку љубовта и ја чисти душата. Иако вечна награда не ни се доделува поради нашите заслуги, таа Сепак ќе биде во сооднос со делото извршено преку Христовата благодат. {КВ 314.2}

Така Христос ги изложил начелата на Своето царство и покажал дека тие се големи животни правила. За да остави впечаток за поуката кај Своите слушатели, Тој додава илустрации. „Не е доволно“ вели Тој, „да ги слушате Моите зборови. Преку послушност вие мора да ги направите основа на вашиот карактер. Самодовербата е жив песок. Ако градите на човечки теории и измислици, вашата куќа ќе се сруши. Ќе ја однесат ветриштата на искушенијата и виорите на проверките. Меѓутоа, овие начела што ви ги дадов Јас, ќе опстојат. Примете ме; градете врз Моите зборови”. {КВ 314.3}

„И така секој што ги слуша овие Мои зборови и ги извршува, може да се спореди со мудар човек, кој изградил куќа на карпа; и заврна дожд и надојдоа реки, дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се урна, зашто беше изградена на камен”. (Матеј 7:24, 25) {КВ 314.4}

Сподели го ова:

Слични објави