14. „НИЕ ГО НАЈДОВМЕ МЕСИЈАТА”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 1:19-51.

Јован Крстителот проповедал и крштевал во Витавара, од другата страна на реката Јордан. Тоа било недалеку од она место, каде што Бог го запрел текот на реката додека Израел не преминал од другата страна на брегот. Недалеку оттаму се наоѓала тврдината Ерихон, која при освојувањето била урната од страна на небесните војски. Сега оживеало сеќавањето на тие настани и се придал длабок интерес за веста на Крстителот. Нема ли Оној, Кој во минатите векови правел толку чуда, повторно да ја покаже Својата сила за ослободување на Израел? Таквата мисла ги возбудила срцата на луѓето, кои секојдневно се собирале на брегот на Јордан. {КВ 132.1}

Јовановото проповедање оставило длабок впечаток на народот, па тоа го предизвикало вниманието на еврејските поглавари. Плашејќи се од бунт, Римјаните со сомнеж гледале на секое собирање на народот, а сѐ што укажало на организирање на народот, предизвикувало страв кај еврејските поглавари. Јован не ја признал власта на Синедрионот и не барал одобрение за својата работа; ги укорувал и старешините и народот, фарисеите и садукеите. Сепак народот срдечно го следел. Интересот за неговото дело станувал сѐ поголем и поголем. Иако не им укажувал почит, луѓето во Синедрионот сметале дека тој, како јавен учител, се наоѓа под нивна надлежност. {КВ 132.2}

Ова тело го сочинувале членови бирани од свештенството, од врховните поглавари и од народните учители. Првосвештеникот вообичаено бил претседател. Сите членови морале да бидат позрели луѓе, иако не и стари, луѓе, кои не само што ја познавале еврејската вера и историја, туку и луѓе со општо знаење. Морале да бидат без телесни мани, женети и татковци, бидејќи се верувало дека така ќе бидат похумани и поблагородни од другите. Се состанувале во една просторија поврзана со Ерусалимскиот храм. За време на еврејската независност, Синедрионот бил највисок народен суд со световна и црковна власт. Иако сега потчинет на римските намесници, Синедрионот сѐ уште имал силно влијание врз граѓанските и верските работи. {КВ 133.1}

Синедрионот не можел да ја одложи истрагата за Јовановата работа. Имало луѓе кои се сеќавале на откровенијата дадени на Захарија во храмот и на пророштвото на татко му, кое кажувало дека неговото дете ќе биде гласник на Месијата. Тоа било заборавено во нередите и промените кои се случиле во текот на изминатите триесет години. Сега повторно оживеало во сеќавањето, заради возбудувањето предизвикано со Јовановата работа. {КВ 133.2}

Минало многу време откако Израел немал пророк, одамна немало таква реформа, каква што се забележувала сега. Барањето да се признае гревот изгледало како ново и возбудливо. Многу водачи не сакале да одат да ги слушаат Јовановите повици и осудувања, за да не бидат наведени да ги разоткријат тајните на сопствениот живот. Сепак, неговото проповедање било непосредно објавување на Месијата. Било добро познато дека речиси навршиле седумдесетте седмици од Даниеловото пророштво во врска со доаѓањето на Месијата и сите силно копнееле да имаат удел во ерата на националната слава, која тогаш била очекувана. Воодушевувањето на народот било толкаво, што Синедрионот набргу бил принуден или да го одобри или да го отфрли Јовановото дело. Неговата власт над народот веќе била ослабната. Станало сериозно прашањето како ќе ги сочува своите позиции. Во надеж дека ќе дојдат до некој заклучок, тие му испратиле на Јован една делегација од свештеници и Левити да поразговараат со новиот учител. {КВ 133.3}

Кога делегатите се приближиле, собраното мноштво ги слушало Јовановите зборови. Горделивите рабини се приближиле со авторитет чија цел била да остави впечаток на народот и да го поттикне пророкот на покорност. Со почит, речиси со страв, мноштвото народ им направило пат. Угледните луѓе во своите раскошни облеки, горделиви поради својата положба и власт, стоеле пред пророкот од пустината. {КВ 133.4}

„Кој си ти?“ рекле тие барајќи одговор. {КВ 134.1}

Знаејќи што мислат, Јован одговорил: „Јас не сум Христос”. {КВ 134.2}

„Тогаш кој? Дали си Илија?“ {КВ 134.3}

„Не сум”. {КВ 134.4}

„Дали си тој пророк?“ {КВ 134.5}

„Не”. {КВ 134.6}

„Кој си? Да можеме да им кажеме на оние што не испратија? Што велиш ти за себе?“ {КВ 134.7}

„Јас сум глас на оној што вика во пустината, израмнете го патот Господов, како што кажа пророкот Исаија”. {КВ 134.8}

Библискиот текст што Јован го споменал овде се однесувал на она прекрасно пророштво на Исаија: „Тешете го, тешете го мојот народ, вели вашиот Бог. Зборувајте му утешно на Ерусалим, јавете му дека неговото одредено време е завршено, дека му е простено беззаконието… Гласот на оној, кој вика во пустината зборува: ‘Подгответе го патот на Господа, израмнете му ја на нашиот Бог патеката во пустелијата. Нека се издигнат сите долини и нека се спуштат сите брегови и гори. Нека се израмни што е нерамно и стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие славата Господова и ќе ја види секое тело’”. (Исаија 40:1-5) {КВ 134.9}

Во старо време, кога некој цар патувал низ зафрлените делови на своето царство, една група луѓе оделе пред царските кочии за да ги израмнат стрмните места и да ги пополнат длабнатините за царот да може да патува без опасност и без пречки. Овој обичај го искористил пророкот за сликовито да го прикаже евангелското дело. „Сите долини нека се издигнат и нека се спуштат сите брегови и гори”. Кога Божјиот Дух со Својата чудесна и разбудувачка сила ќе ја допре душата, тогаш се спушта човечката горделивост. Тогаш световните задоволства, положбата и власта стануваат безвредни. „Мудрувањата и секое превознесување што се дига против познавањето за Бога“ се отфрлаат, а секоја помисла се заробува „за покорност на Христа”. (2. Коринтјаните 10:5) Тогаш понизноста и пожртвуваната љубов, кои толку малку се ценат кај луѓето, се издигнуваат како единствена вредност. Тоа е задача на евангелието, а Јовановата вест била еден дел од тоа. {КВ 135.1}

Рабините продолжиле со своето испрашување: „Тогаш зошто крштеваш, кога не си ни Христос, ни Илија, ниту тој пророк?“ Зборовите „тој пророк“ се однесувале на Мојсеј. Евреите биле склони да веруваат дека Мојсеј ќе воскресне и дека ќе биде земен на Небото. Не знаеле дека Мојсеј веќе воскреснал. Кога Крстителот го започнал своето дело, многумина мислеле дека тој можеби е пророкот Мојсеј, кој воскреснал од мртвите, бидејќи толку добро ги познавал пророштвата и историјата на Израел. {КВ 135.2}

Исто така се верувало дека Илија лично ќе се појави пред доаѓањето на Месијата. Ова очекување Јован го негирал, но неговите зборови имале подлабока смисла. Подоцна, повикувајќи се на Јована, Исус рекол: „Ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде”. (Матеј 11:14) Јован дошол во дух и во сила на Илија за да ја изврши истата задача што ја извршил Илија. Кога Евреите би го примиле, таа би била извршена за нив. Меѓутоа, тие не ја прифатиле неговата вест. За нив Јован не бил Илија. За нив тој не можел да ја исполни мисијата заради која дошол. {КВ 135.3}

Многумина од оние кои биле собрани на Јордан присуствувале на Исусовото крштевање, но само неколкумина меѓу нив го забележале знакот, кој тогаш бил даден. Во текот на претходните месеци од Јовановата мисија многумина одбиле да го послушаат повикот на покајание. Тоа направило нивните срца да станат тврди, а нивниот разум замрачен. Кога Небото сведочело за Исуса при Неговото крштевање, тие не го забележале тоа. Очите, кои никогаш не биле вперени во Оној, Кој е невидлив не го согледале откровението на Божјата слава; ушите, кои никогаш не го слушале Неговиот глас, не ги слушнале зборовите на сведоштво. Така е и денес. Често Христовото присуство и присуството на ангелите што служат се открива на собирите на луѓето, а многумина не го знаат тоа. Тие не забележуваат ништо необично. Меѓутоа, има и такви на кои им е откриено Спасителовото присуство. Нивните срца ги оживуваат мир и радост. Тие се утешени, охрабрени и благословени. {КВ 136.1}

Пратениците од Ерусалим го прашале Јован: „Зошто крштеваш?“; и го чекале неговиот одговор. Одненадеж, додека со поглед поминувал низ мноштвото, неговите очи пламнале, неговото лице засветлело, а целото негово битие го проникнало длабоко чувство. Со испружени раце, Тој извикал: „Јас крштавам со вода, а меѓу вас стои Еден, Кого вие не го познавате. Тоа е Оној што Доаѓа по мене. Јас не сум достоен да му ги одврзам ниту врвците на обувките”. (Јован 1:26, 27)  {КВ 136.2}

Веста што требало да му ја однесат на Синедрионот била јасна и недвосмислена. Јовановите зборови не можеле да се однесуваат на никој друг освен на Оној, Кој одамна бил ветен. Месијата се наоѓал меѓу нив! Изненадени, свештениците и поглаварите гледале околу себе со надеж дека ќе го откријат Оној, за Кого Јован зборува. Меѓутоа, во мноштвото не било возможно Тој да се забележи. {КВ 136.3}

Кога при крштевањето на Исус, Јован укажувал на Него како на Божјо Јагне, била фрлена нова светлина врз работата на Месијата. Мислите на пророкот биле насочени кон зборовите на Исаија: „Го одведоа како јагне на колење”. (Исаија 53:7) Во текот на следните седмици, Јован со нов интерес ги проучувал пророштвата и учењето за жртвената служба. Тој не ги разликувал јасно двете фази на Христовото дело во својство на напатена жртва и во својство на победоносен цар, но видел дека Неговото доаѓање има подлабоко значење од она што го сфатиле свештениците или народот. Кога во толпата го забележал Исуса при Неговото враќање од пустината, со доверба очекувал дека Тој ќе му даде на народот некој знак за Својот вистински карактер. Речиси нетрпеливо чекал Спасителот да ја објави Својата мисија, но ниту еден збор не бил изговорен, никаков знак не бил даден. Исус не одговорил на зборовите со кои го објавил Крстителот, туку се повлекол меѓу Јовановите ученици, не давајќи никаков надворешен знак за Својата посебна задача и не презел никакви мерки со што би го свртел вниманието на Себе. {КВ 136.4}

Следниот ден Јован повторно го видел Исуса како Доаѓа. Додека Светлината на Божјата слава почивала на Него, пророкот ги испружил своите раце и извикал: „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот. Ова е Оној за Кого ви реков: ‘По мене Доаѓа човек кој беше пред мене..’. Јас не го познавав. Но затоа дојдов да крштевам со вода за Тој да биде објавен на Израел… Го видов Духот, како слезе од Небото како гулаб и остана над Него. Јас не го познавав, но Оној што ме прати да крштевам со вода ми рече: ‘На кого ќе видиш да слегува Светиот Дух и останува на Него, тоа е Оној што крштева со Свети Дух’. И јас го видов тоа и сведочам дека Тој е Божји Син”. (Јован 1:29-34) {КВ 137.1}

Дали е тоа Христос? Со стравопочитување и чудење народот го набљудувал Оној, за Кого било кажано дека е Божји Син. Јовановите зборови длабоко го трогнале народот. Тој им зборувал во Божјо име. Тие од ден на ден го слушале како ги осудува нивните гревови и секој ден се зацврстувало уверувањето дека е испратен од Небото. Но, Кој бил Тој, Кој бил поголем од Јован Крстителот? Во Неговото скромно однесување и облекување немало ништо што би укажувало на Неговата возвишена положба. Тој навидум бил обичен човек, облечен како и тие во скромна сиромашна облека. {КВ 137.2}

Во мноштвото се наоѓале и некои луѓе, кои при Христовото крштевање ја здогледале божествената слава и го слушнале Божјиот глас. Меѓутоа, Спасителовиот изглед многу се променил од тоа време. При крштевањето тие го виделе Неговото лице преобразено во светлината од Небото, а сега блед, исцрпен и слаб, бил препознаен само од пророкот Јован. {КВ 137.3}

Набљудувајќи го одблизу, народот видел лице на кое се одразувало божественото сочувство, помешано со свесност за поседување сила. Секој поглед на окото, секоја црта на лицето била одбележена со понизност и изразувало неискажлива љубов. Се чинело дека е опкружен со атмосфера на духовно влијание. Иако во однесувањето бил скромен и не се наметнувал, оставал впечаток на сила која била скриена, но не можела целосно да се сокрие. Дали тоа бил Оној, Кој Израел толку долго го чекал? {КВ 137.4}

Исус дошол во сиромаштија и понизност, за да биде наш пример и наш Откупител. Како би можел да ги учи луѓето на понизност ако се појавил во царски сјај? Како би можел да изнесува толку остри вистини како што била беседата на гората? Што би било со надежта на скромните во животот доколку Тој дошол на овој свет како Цар? {КВ 138.1}

Меѓутоа, на присутните им изгледало невозможно Оној, Кого Јован го означил, да биде поврзан со нивните возвишени очекувања. Затоа многумина биле разочарани и многу збунети. {КВ 138.2}

Зборовите што свештениците и рабините сакале да ги слушнат дека Исус сега ќе го обнови царството на Израел не биле изговорени. За таков цар тие чекале и бдееле и таков цар биле подготвени да прифатат. Но Оној, Кој сакал да го основа Своето царство на праведност и мир во нивното срце, тие не сакале да го примат. {КВ 138.3}

Следниот ден, додека двајца ученици стоеле во близина, Јован повторно го здогледал Исуса меѓу луѓето. Славата на Невидливиот повторно го осветлила лицето на пророкот и тој извикал: „Еве го Божјото Јагне!“ Овие зборови, иако не биле целосно сфатени, ги возбудиле срцата на учениците. Што значело името што Јован му го дал „Божјо Јагне?“ Ниту самиот Јован не го објаснил тоа. {КВ 138.4}

Напуштајќи го Јован, тие го побарале Исуса. Едниот од нив бил Андреј, Симоновиот брат, а другиот евангелистот Јован. Тие биле првите Христови ученици. Поттикнати од еден неодолив нагон, тие тргнале по Исуса желни да зборуваат со Него, но Сепак полни со стравопочитување и без зборови, потонати во извонредното значење на мислите: „Дали е тоа Месијата?“ {КВ 138.5}

Исус знаел дека учениците го следеле. Тие биле први плодови на Неговата служба и срцето на божествениот Учител било среќно, затоа што тие души се одѕвале на Неговата благодат. Сепак, свртувајќи се кон нив, Тој ги прашал: „Што барате?“ Сакал сами да одлучат дали ќе се вратат или ќе ја изговорат својата желба. {КВ 138.6}

Тие биле свесни само за една желба. Нивните мисли ги исполнувало Неговото присуство. Тие извикале: „Рави,… каде живееш?“ Во краткиот разговор крај патот не можеле да го примат она по што копнееле. Сакале да бидат насамо со Исуса, да седат крај Неговите нозе и да ги слушаат Неговите зборови. {КВ 138.7}

„Тој им рече: ‘дојдете и видете’. И Отидоа да видат каде живее и останаа кај Него тој ден”. {КВ 139.1}

Кога Јован и Андреј би имале неверлив дух како свештениците и поглаварите, не би се нашле како ученици покрај Исусовите нозе. Би му пристапиле како критичари, за да ги судат Неговите зборови. Многумина така ја затвораат вратата на најскапоцените прилики. Меѓутоа, овие први ученици не постапиле така. Тие одговориле на повикот на Светиот Дух, упатен преку проповедањето на Јован Крстителот. Сега го препознале гласот на небесниот Учител. Исусовите зборови за нив биле полни со свежина, вистина и убавина. Учењето на списите од Стариот Завет било осветлено со божествена светлина. Повеќекратните теми на вистината се појавиле во нова светлина. {КВ 139.2}

Понизноста, верата и љубовта ја оспособуваат душата да ја прими мудроста од Небото. Верата, која работи преку љубовта е клучот на знаењето и секој, кој љуби „го познава Бога”. (1. Јованово 4:7) {КВ 139.3}

Ученикот Јован бил човек со срдечни и длабоки чувства, ревносен, но мисловен. Тој почнал да ја препознава Христовата слава – не световниот раскош и сила, како што го учеле да се надева, туку „славата што ја има како Единороден од Таткото – полн со благодат и вистина”. (Јован 1:14) Тој длабоко размислувал за оваа прекрасна тема. {КВ 139.4}

Андреј сакал и на другите да им ја пренесе радоста, која го исполнувала неговото срце. Барајќи го својот брат Симон, тој извикал: „Ние го најдовме Месијата”. Симон не чекал друг повик. И тој го слушнал проповедањето на Јован Крстителот, па побрзал кај Спасителот. Христовиот поглед почивал врз него, читајќи го неговиот карактер и историјата на неговиот живот. Неговата избувлива природа, неговото срце полно со љубов и чувства, неговите амбиции и самодоверба, историјата на неговиот пад, неговото покајание, неговата работа и неговата маченичка смрт сето тоа Спасителот го прочитал, па рекол: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи камен”. {КВ 139.5}

„На другиот ден Исус посака да оди во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: Тргни по мене!“ Филип го послушал налогот и веднаш станал Христов работник. {КВ 139.6}

Филип го повикал Натанаил. Тој се наоѓал во толпата, кога Крстителот укажал на Исуса како на Божјо Јагне. Гледајќи го Исуса, Натанаил се разочарал. Може ли тој Човек, Кој носел знаци на макотрпна работа и сиромаштија, да биде Месијата? Меѓутоа, Натанаил не можел да го отфрли Исуса, зашто веста на Јован донела увереност за неговото срце. {КВ 139.7}

Во времето кога Филип го повикал, Натанаил се наоѓал во една тивка шумичка, задлабочен во мислите за објавата на Јован и за пророштвата што се однесувале на Месијата. Тој се молел да му се открие дали Оној, Кого Јован го најавува е навистина Избавителот, и Божјиот Дух се излеал врз него, осведочувајќи го дека Бог го посетил Својот народ и дека за него подигнал рог на спасение. Филип знаел дека неговиот пријател ги проучува пророштвата и го пронашол додека овој се молел под смоквата. Скриени меѓу лисјата, тие често се молеле на тоа осамено место. {КВ 140.1}

Веста „Го најдовме Оној, за Кого Мојсеј напишал во Законот, а исто така и пророците,“ на Натанаил му се сторила како непосреден одговор на неговата молитва. Меѓутоа, верата на Филип сѐ уште била колеблива. Со сомневање, тој додал: „Исус од Назарет, синот на Јосиф”. Во срцето на Натанаил повторно се појавиле предрасуди и тој извикал: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ {КВ 140.2}

Филип не се впуштал во расправа. Тој рекол: „Дојди и види. И Исус го виде Натанаила како му се приближува и рече за него: Еве вистински Израелец во кого нема лукавство”. Изненаден, Натанаил извикал: „Од каде ме познаваш? Исус му одговори и рече: Пред да те повика Филип те видов, кога беше под смоквата”. {КВ 140.3}

Тоа било доволно. Божествениот Дух, Кој му дал сведоштво на Натанаил додека сам се молел под смоквата, сега му зборувал преку Исуса. Иако се сомневал и им попуштал на своите предрасуди, Натанаил дошол кај Исуса со искрена желба за вистината и сега неговата желба била исполнета. Неговата вера била поголема од верата на човекот што го довел кај Исуса. Тој одговорил и рекол: „Рави, ти си Син Божји, ти си цар Израелев”. {КВ 140.4}

Кога Натанаил би се доверил на рабините за водство, никогаш не би го пронашол Исуса. Гледајќи и расудувајќи самостојно, тој станал Христов ученик. Така е и денес со многумина на кои предрасудите не им даваат да го прифатат она што е добро. Колку би бил поинаков резултатот кога тие би „дошле и би виделе”. {КВ 140.5}

Сѐ додека луѓето имаат доверба во водството на човечки авторитет, никогаш нема да дојдат до спасоносно сознание за вистината. Како Натанаил, треба самостојно да ја проучуваме Божјата Реч и да се молиме за просветлување на Светиот Дух. Ангелите од светот на светлината се близу оние, кои во понизност бараат божествено водство. {КВ 141.1}

Со повикување на Јован, Андреј, Симон, на Филип и Натанаил започнало основањето на христијанската црква. Јован му посочил двајца од своите ученици на Христа. Тогаш еден од нив, Андреј, го нашол својот брат и го повикал кај Спасителот. Потоа бил повикан Филип и тој отишол да го побара Натанаила. Тие примери треба да не поучат за значењето на личниот напор, да им упатуваме непосредни повици на своите роднини, пријатели и соседи. Има луѓе, кои целиот свој живот тврдат дека го познаваат Христа, но никогаш не преземале ниту еден личен напор да доведат барем една душа кај Спасителот. Тие им ја препуштаат целата работа на проповедниците. Тој може да е доста квалификуван за својот повик, но не може да го направи она што Бог им го препуштил на членовите на црквата. {КВ 141.2}

На многумина им е потребна помош од христијаните, чие срце е полно со љубов. Многумина пропаднале, кои можеле да бидат спасени, доколку нивните соседи, обични мажи и жени, лично би се потрудиле околу нив. Многумина чекаат некој лично да им се обрати. Во семејството, во соседството, во местото каде што живееме насекаде постои работа, која треба да ја извршиме како мисионери за Христа. Ако сме христијани, таа работа ќе ни биде уживање. Веднаш штом некој е обратен, во него се раѓа желба на другите да им каже каков драгоцен пријател пронашол во Исуса. Спасоносната вистина која посветува, не може да биде затворена во неговото срце. {КВ 141.3}

Сите што ќе се посветат на Бога стануваат канали на светлината. Бог ги прави Свои помошници, за да им ги соопштат на другите богатствата на Неговата благодат. Неговото ветување е: „Нив и се околу Мојата гора ќе ги сторам благослов и ќе им дадам дожд навреме и тоа ќе биде дожд на благослови”. (Езекиел 34:26) {КВ 141.4}

Филип му рекол на Натанаил: „Дојди и види !“ Тој не барал од него да прифати туѓо сведоштво, туку лично да го види Христа. Сега, кога Исус се вознел на небото, Неговите ученици се Негови претставници меѓу луѓето, а еден од најуспешните начини душите да се придобијат за Него е во нашиот секојдневен живот да го манифестираме Неговиот карактер. Нашето влијание врз другите не зависи толку од она што го зборуваме, колку од тоа какви сме. Луѓето можат да ја негираат и отфрлаат нашата логика, можат да се спротивставуваат на нашите повици, но животот посветен на несебичната љубов претставува аргумент, кој не може да се негира. Доследниот живот, обележан со Христовата кротост, претставува сила во светот. {КВ 141.5}

Христовото учење било израз на внатрешното уверување и искуство и оние кои учеле од Него, станале учители според божествениот пример. Божјата Реч, изговорена преку оној, кој и самиот е посветен преку неа, има животворна сила што ја прави привлечна за слушателите и тие стекнуваат убедување дека тоа е жива реалност. Ако ја прими љубовта кон вистината, човекот го манифестира тоа во убедливоста на своето држење и во тонот на својот глас. Тој го објавува она што и самиот го слушнал, видел и опипал за зборовите на животот, за и другите да имаат заедница со него преку познавањето на Христа. Неговото сведоштво, кое произлегува од усните допрени со жив јаглен од олтарот е вистина за приемчивото срце, и таа го посветува карактерот. {КВ 142.1}

Оној што настојува Светлината да се пренесе на другите и самиот ќе биде благословен. Тоа ќе биде дожд на благослови”. „Кој напојува, самиот ќе биде напоен”. (Изреки 11:25) Бог би можел да ја постигне Својата цел и да го спаси грешникот без наша помош; меѓутоа, ние мораме да учествуваме во Неговото дело, за да стекнеме карактер сличен на Христовиот. За да учествуваме во Неговата радост во радоста да ги видиме душите спасени преку Неговата жртва, мораме да учествуваме во Неговото залагање за нивното спасение. {КВ 142.2}

Срдечните и искрените зборови со кои Натанаил првпат ја изразил својата вера, звучеле како песна во Исусовите уши. И Тој „му одговори и рече: Веруваш зашто ти реков дека те видов под смоквата. Ќе видиш и поголеми работи од тоа”. Спасителот со радост го очекувал Своето дело да донесува добри вести на кротките, да ги превива ранетите срца и да ја објави слободата на заробениците на сатаната. Имајќи ги на ум драгоцените благослови што им ги донел на луѓето, Исус додал: „Вистина, вистина ви велам, отсега ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се качуваат и слегуваат над Синот Човечки”. {КВ 142.3}

Всушност овде Христос рекол: „На брегот на Јордан се отвори небото и Духот слезе врз Мене како гулаб. Таа сцена потврди дека Јас сум Божји Син. Ако верувате во мене дека сум Божји Син, вашата вера ќе биде освежена. Ќе видите дека небото е отворено и дека веќе нема да се затвори. Го отворив заради вас. Божјите ангели се качуваат носејќи му ги на Таткото молитвите на сиромашните и несреќните и слегуваат носејќи им благослов, надеж, охрабрување, помош и живот на синовите човечки”. {КВ 142.4} Божјите ангели постојано се качуваат од Земјата на Небото и се симнуваат од Небото на Земјата. Христовите чуда за погодените и болните биле издејствувани со Божја сила, преку службата на ангелите. Преку Христа, со помош на службата на Неговите небесни гласници, нам ни доаѓаат сите Божји благослови. Примајќи на Себе човечки облик, нашиот Спасител ги спојува Своите интереси со интересите на паднатите Адамови синови и ќерки, додека со Своето божество се држи за Божјиот престол. Така Христос е посредник за општење на луѓето со Бога и на Бога со луѓето. {КВ 143.1}

Сподели го ова:

Слични објави