39. „ДАЈТЕ ИМ ВИЕ ДА ЈАДАТ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 14:13-21; Марко 6:32-44; Лука 9:10-17; Јован 6:1-13.

Христос се повлекол со Своите ученици на едно тивко место, но тој редок момент на мирен одмор набргу бил прекинат. Учениците мислеле дека се повлекле таму каде што нема да бидат вознемирувани; но тогаш, кога на мноштвото им недостасувало божествениот Учител, тие се запрашале: „Каде е Тој?“ Сепак, некој од нив забележал во која насока заминале Христос и Неговите ученици. Многумина тргнале по копно да ги најдат, додека други се упатиле со чамец преку езерото. Наближувала Пасха, па групи на верници од близу и од далеку, на својот пат кон Ерусалим, се собрале да го видат Исуса. Ним им се придружиле други, така што на крајот се собрале пет илјади мажи, освен жени и деца. Пред Христос да стигне на брегот, мноштвото веќе го чекало. Меѓутоа, Тој пристигнал на копно незабележан од нив и поминал насамо извесен период со Своите ученици. {КВ 364.1}

Набљудувајќи го од ридот мноштвото што Доаѓало, Неговото срце било трогнато од сочувство. Иако го прекинале и му го одзеле Неговиот одмор, не бил нетрпелив. Гледајќи го народот што постојано Доаѓал, видел една поголема потреба, која барала Негово внимание. Тој „се сожали над нив, зашто беа како овци без пастир”. Напуштајќи го Своето место на почивка, нашол едно соодветно место, каде што можел да им служи. Свештениците и поглаварите не им пружиле никаква помош, но од Христа потекла исцелувачка вода на живот, додека го поучувал мноштвото за патот на спасението. {КВ 364.2}

Народот ги слушал зборовите на милост, кои течеле толку слободно од усните на Божјиот Син. Тие ги слушнале зборовите полни со благодат, кои биле толку едноставни и толку јасни, што делувале на нивните души, како мелем од Галад. Исцелувањето од Неговата божествена рака им донесувало радост и живот на оние што умирале, а сила и здравје на оние кои страдале од болести. Тој ден им изгледал како Небото да е на Земјата, па целосно заборавиле колку долго ништо не јаделе. {КВ 365.1}

Денот се ближел кон крајот. Сонцето заоѓало на запад, но луѓето уште не си оделе. Исус работел цел ден без храна и одмор. Бил блед од умор и глад и учениците го преколнувале да се одмори од Својата напорна работа. Меѓутоа, Тој не можел да се одвои од мноштвото народ што се туркал околу Него. {КВ 365.2}

Конечно учениците дошле до Него настојувајќи го да го распушти народот, зашто тоа е за нивно добро. Многумина дошле од далеку и не јаделе ништо од изутрината. Во околните градови и села можеле да си купат храна. Меѓутоа, Исус им рекол: „Дајте им вие да јадат,“ и потоа му се обратил на Филип и го прашал: „Каде да купиме леб за да јадат овие?“ Тоа го кажал за да ја испита верата на учениците. Филип фрлил поглед на ова море од луѓе и размислувал Колку е невозможно да се обезбеди храна за да се задоволат потребите на толкаво мноштво. Тој одговорил дека леб за двесте денарии не би бил доволен за да се раздели меѓу нив и секој да добие по малку. Исус прашал Колку храна може да се најде меѓу луѓето. „Овде има едно момче“ рекол Андреј, „кое има пет јачменови лебови и две мали риби. Но што е тоа за толкаво мноштво?“ Исус заповедал да му се донесе тоа. Тогаш им заповедал на учениците сите присутни да ги сместат на тревата и во групи од по педесет или сто луѓе, за да се сочува редот и сите да можат да бидат сведоци на она што Тој ќе го направи. Кога тоа било сторено, Исус ја земал храната, „и погледна кон небото, ги благослови и ги скрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвото”. „И јадеа сите и се наситија. И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошници”. {КВ 365.3}

Оној, Кој ги учел луѓето како да си обезбедат мир и среќа, мислел исто толку на нивните земни потреби Колку и на духовните. Луѓето биле изморени и ослабени. Тука имало и мајки со бебиња во рацете и со малечки деца кои се држеле за нивните скутови. Многумина стоеле веќе со часови. Тие биле толку живо заинтересирани за Христовите зборови што ниту за момент не помислиле да седнат, а мноштвото било толку големо, што постоела опасност да се изгазат еден со друг. Исус сакал да им даде можност да се одморат, па им заповедал да седнат на тревата. Местото било обраснато со трева, така што сите можеле удобно да се одморат. {КВ 365.4}

Христос никогаш не правел чудо освен само за да задоволи некоја реална потреба, а секое чудо било од таков карактер за да ги води луѓето кон дрвото на животот, чии листови се за исцелување на народите. Едноставната храна што ја делеле рацете на учениците содржела цела ризница поуки. Била обезбедена скромна храна; рибата и јачменовиот леб претставувале секојдневна храна на рибарите од Галилејското Езеро. Христос можел да постели пред народот богат оброк, но храната подготвена единствено заради задоволување на апетитот, не би претставувала никаква поука за нивно добро. Со таа поука Христос ги поучил дека природната храна која Бог ја обезбедил за човекот била изопачена. Никогаш луѓето не уживале толку во раскошните гозби, подготвени заради задоволување на изопачениот вкус, како што овој народ уживал во одморот и едноставната храна што Христос ја обезбедил за нив толку далеку од човечките населби. {КВ 366.1}

Кога денес луѓето би биле едноставни во своите навики и би живееле во склад со природните закони, како што на почетокот живееле Адам и Ева, би биле обилно задоволени сите потреби на човечкото семејство. Би имало помалку вообразени потреби и повеќе можности да се работи според Божјата волја. Меѓутоа, себичноста и попуштањето на изопачените желби донеле грев и беда во светот и појава на изобилството на една, и оскудноста на друга страна. {КВ 367.1}

Исус не сакал да ги привлече луѓето кон Себе, задоволувајќи ја желбата за раскош. За големото мноштво луѓе, изморени и гладни по еден долг и возбудлив ден, едноставниот оброк претставувал не само доказ за Неговата сила, туку и за Неговата нежна грижа за нив во вообичаените потреби на животот. Спасителот не им го ветил на Своите следбеници раскошот на овој свет. Нивната исхрана може да биде едноставна, па дури и оскудна; нивниот начин на живот сиромашен, но Неговата Реч е гаранција дека нивните потреби ќе бидат задоволени и Тој го ветил она што е многу подобро од земната благосостојба, а тоа е постојана утеха со Своето присуство. {КВ 367.2}

Нахранувајќи пет илјади луѓе, Исус го тргнал превезот од светот на природата и ја открил силата која не престанува да работи за наше добро. Во продукција на земните жетви, Бог секојдневно прави чудо. По природен пат се врши истото она што Христос го направил, нахранувајќи го мноштвото. Човекот ја обработува земјата и сее семе, но само животот од Бога може да овозможи семето да изрти. Бог дава дожд, воздух и сонце, па земјата „прво донесува стебленце, па клас, а потоа полн клас зрна”. (Марко 4:28) Бог е Оној, Кој секојдневно храни милиони со жетвите на земните полиња. Луѓето се повикани да соработуваат со Бога во грижата за житото и во подготовката на лебот и поради тоа го губат од вид небесното делување. Тие не му оддаваат слава на Бога, која му припаѓа на Неговото свето име. Делувањето на Неговата сила се припишува на природните фактори или на човековата работа и заслуги. Наместо Бог, се слави човекот, а Неговите благодатни дарови се изопачуваат со себична употреба, па наместо благослов, стануваат проклетство. Бог сака да го измени сето тоа. Тој сака нашите затапени сетила да станат остри, за да ја увидат Неговата милостива љубезност и да го прослават поради манифестирањето на Неговата сила. Тој сака да го препознаеме Него во Неговите дарови за тие според Неговата намера, навистина да бидат на благослов. Всушност, со таа цел биле извршени Христовите чуда. {КВ 367.3}

Бидејќи мноштвото било нахрането, им останало доста храна. Меѓутоа, Оној, Кој ги имал на располагање сите ресурси на бесконечната сила, рекол: „Соберете ги парчињата што останаа за ништо да не пропадне”. Овие зборови значат многу повеќе од ставањето на лебот во кошниците. Поуката има двојно значење. Ништо не треба да се растури. Не смееме да занемариме ниту еден земен благослов. Не смееме да запоставиме ништо што може да му користи на некое човечко суштество. Треба да се собира сѐ што може да ги ублажи страдањата на гладните на Земјата. Исто така, мораме да водиме грижа и во духовен поглед. Кога кошниците со храна биле собрани, луѓето помислиле на своите пријатели дома. Сакале и тие да вкусат од лебот што Исус го благословил. Тие остатоци од храна биле разделени на желното мноштво, кое ги понело со себе во околните краеви. Така, оние кои биле на гозбата можеле на другите да им го дадат лебот што Доаѓа од Небото, за да ја задоволат гладта на душата. Тие требало да го повторат она што го научиле за прекрасните Божји нешта. Ништо не треба да се загуби. Ниту еден збор што се однесува на вечното спасение не смее неискористен да падне на земјата. {КВ 368.1}

Чудото со лебовите не учи да се надеваме во Бога. Кога Христос нахранил пет илјада луѓе, храната не била при рака. Тој очигледно немал никакви средства на располагање. Се наоѓал во пустина со пет илјада мажи, освен жени и деца. Тој не го повикал тоа големо мноштво да тргне по Него; луѓето дошле без повик и без заповед. Сепак, знаел дека по долгото слушање на Неговите поуки ќе почувствуваат глад и умор; бидејќи и Самиот чувствувал потреба за храна. Тие биле далеку од своите домови, а ноќта се спуштала. Многумина од нив немале пари да купат храна. Оној, Кој поради нив постел четириесет дена во пустината, не сакал да дозволи гладни да се вратат во своите домови. Божјото провидение го довело Исуса таму каде што се наоѓал и Тој зависел од Својот небесен Татко за средствата да ја задоволи оваа потреба. {КВ 368.2}

И ние мораме да се надеваме во Бога, кога ќе се најдеме во тешки околности. Мораме да бидеме мудри и разумни во сите животни ситуации, за да не се доведеме себеси во неволја поради нашите непромислени постапки. Не треба да се впуштаме во неволја, занемарувајќи ги средствата што Бог ги обезбедил и злоупотребувајќи ги способностите што Тој ни ги подарил. Христовите работници мораат целосно да се покоруваат на Неговите упатства. Делото е Божјо и ако сакаме да бидеме благослов за другите, мораме да ги следиме Неговите планови. Не смееме своето „јас“ да го направиме центар; нашето „јас“ не треба да прими чест. Ако планираме според нашите сопствени идеи, Господ ќе не препушти на нашите грешки. Меѓутоа, ако ги следиме Неговите упатства и ако се најдеме во теснец, Тој ќе не избави. Не смееме да паѓаме во очај, туку во секоја неволја мораме да бараме помош од Оној, Кој располага со бескрајни можности. Често ќе се најдеме во тешки ситуации и тогаш мораме со најголема доверба да се надеваме во Бога. Тој ќе ја сочува секоја душа која западнала во неволја, трудејќи се да оди по Господовиот пат. {КВ 369.1}

Христос ни наредува преку својот пророк: „Подели го својот леб со гладните“ и „нахрани ја душата на страдалникот“; „ако видиш гол, облечи го“ и „сиромашните бездомници доведи ги во твојот дом”. (Исаија 58:7-10) Тој ни дал налог: „Одете по сиот свет и проповедајте му го евангелието на секое создание”. (Марко 16:15) Меѓутоа, колку често нашето срце се обесхрабрува и нашата вера исчезнува, кога гледаме колку се големи потребите, а колку се мали средствата во нашите раце. Како Андреј, гледајќи ги петте јачменови лебови и двете малечки риби, и ние извикуваме: „Што е тоа за толкаво мноштво?“ Често се колебаме да дадеме сѐ што имаме, плашејќи се да трошиме и да се потрошиме за другите. Меѓутоа, Исус ни наредува. „Дајте им вие да јадат”. Неговата заповед е ветување, а зад Него стои истата онаа сила, која го нахранила мноштвото покрај езерото. {КВ 369.2}

Во Христовото дело со кое ги задоволил земните потреби на гладното мноштво се наоѓа една длабока духовна поука за сите Негови работници. Христос примил од Таткото, им дал на учениците, тие им дале на мноштвото, а луѓето еден на друг. Така сите што се соединети со Христа ќе го примат од Него лебот на животот, небесната храна, за да ја поделат на другите. {КВ 369.3}

Надевајќи се целосно во Бога, Исус ги зел тие неколку лебови; па иако тоа било недоволно дури и за Неговото семејство на ученици, не ги повикал сами да јадат, туку им дал леб и им наредил да го разделат на народот. Храната се намножувала во Неговите раце и рацете на учениците, подадени кон Христа, Кој самиот е Леб на Животот, никогаш не биле празни. Малечкото количество било доволно за сите. Откако потребите на луѓето биле задоволени, биле собрани остатоците и Христос и Неговите ученици јаделе од таа драгоцена храна, која Небото им ја обезбедило. {КВ 369.4}

Учениците биле канали за комуникација помеѓу Христа и народот. Тоа треба да биде големо охрабрување за Неговите денешни ученици. Христос е големиот центар, изворот на сета сила. Неговите ученици треба да ја примат својата залиха од Него. Најспособните и најдуховните можат да го даваат само она што ќе го примат. Сами по себе, тие не можат да направат ништо за потребите на душите. Ние можеме да им го дадеме на луѓето само она што сме го примиле од Христа, а можеме да примиме само ако даваме и на другите. Сѐ додека доброволно даваме, дотогаш и ќе примаме; Колку повеќе даваме, толку повеќе и ќе примаме. Така можеме постојано да веруваме, да се надеваме, да примаме и да даваме. {КВ 370.1}

Делото на градење на Христовото царство нема да запре, иако неговото напредување изгледа бавно и несовладливите препреки како да сведочат против напредувањето. Делото е Божјо и Тој ќе обезбеди средства и ќе испрати помошници, вистински, срдечни ученици, чии раце ќе бидат преполни со храна за гладното мноштво. Бог не ги заборава оние кои работат со љубов, пренесувајќи ја Речта на животот на душите кои пропаѓаат и кои, од своја страна, посегнуваат по храна за да нахранат и други гладни души. {КВ 370.2}

Во нашата работа за Бога постои опасност премногу да се потпираме на она што може да го постигне човекот со своите таленти и способности. Така го губиме Бога од вид. Многу често работникот за Христа не ја сфаќа својата лична одговорност. Тој се наоѓа во опасност да го префрли својот товар врз организации, наместо да се потпре на Оној, Кој е извор на сета сила. Голема грешка е во Божјото дело да се надеваме во човечка мудрост или во бројки на луѓе. Успехот на работата за Христа не зависи толку од бројките, ниту од способностите, колку од чистите намери, од вистинската едноставност на срдечната вера, која се потпира на Бога. Мораме на себе да примиме лична одговорност, мораме да ги прифатиме личните должности и лични напори мора да се преземат за оние кои не го познаваат Христа. Наместо својата одговорност да ја префрламе на оние кои ги сметаме за поспособни од нас, треба да работиме во склад со своите способности. {КВ 370.3}

Кога во вашето срце ќе се појави прашање: „Каде да купиме леб да јадат овие?“ -нека вашиот одговор не биде одговор на неверие. Кога учениците го слушнале Христовиот налог: „Дајте им вие да јадат“ помислиле на сите можни тешкотии. Тие се прашувале: „Дали треба да одиме во селата да купиме храна?“ Така и денес, кога толку луѓе се без лебот на животот, Господовите деца се прашуваат: „Дали да испратиме по некого да дојде од далеку и да ги нахрани?“ Но, што рекол Исус? „Седнете ги луѓето“ и тука Тој ги нахранил. Така и вие, кога сте опкружени со души кои имаат потреба, знајте дека тука е Христос. Зборувајте со Него. Донесете му ги своите јачменови лебови на Исуса. {КВ 370.4}

Може да ни изгледа дека средствата со кои располагаме не се доволни за делото, но ако тргнеме напред со вера, верувајќи во семоќната Божја сила, на располагање ќе ни бидат изобилни ресурси. Ако работата е од Бога, Тој самиот ќе обезбеди средства за нејзино извршување. Тој ќе ги награди оние кои едноставно и искрено се надеваат во Него. И она малку што мудро и разумно се користи во служба за Господа, ќе се намножи во текот на давањето. Во Христовите раце малечкото количество храна останало непотрошено, сѐ додека гладното мноштво не било нахрането. Ако се обратиме на Изворот на секоја сила со испружени раце за да примиме, ќе бидеме поддржани во нашата работа, дури и во најтешките околности и ќе бидеме во состојба и на другите да им го дадеме лебот на животот. {КВ 371.1}

Господ вели: „Давајте и ќе ви се даде”. „Кој скржаво сее, скржаво и ќе жнее, а кој сее со благослов со благослов и ќе жнее… А Бог може во вас да умножи секаква благодат, та, имајќи секогаш доволно сѐ, засекогаш да имате доволно сѐ и да изобилувате со секое добро дело, како што е напишано: {КВ 371.2}

Растури, им даде на сиромасите; Неговата праведност останува засекогаш” „А Оној што му дава семе на сејачот и леб за храна, ќе го умножи вашето семе и ќе даде да израснат плодовите на вашата праведност; и да бидете богати во сѐ за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност на Бога”. (Лука 6:38; 2. Коринтјаните 9:6-11) {КВ 371.3}

Сподели го ова:

Слични објави