36. ДОПИРОТ НА ВЕРАТА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 9:18-26; Марко 5:21-43; Лука 8:40-56.

Враќајќи се од Гергеса на западниот брег, Исус сретнал мноштво народ што дошол да го пречека и тие радосно го поздравиле. Тој останал извесен период на брегот, учејќи и лекувајќи, а потоа се упатил во домот на Левиј-Матеј, за да се сретне со цариниците на гозбата. Тука Јаир, старешината на синагогата, го нашол Христа. {КВ 342.1}

Овој еврејски старешина дошол кај Исуса во голема неволја и фрлајќи му се пред нозете, тој извикал: „Мојата ќеркичка е на умирање; те молам дојди и положи ги рацете на неа, за да оздрави и да живее”. {КВ 342.2}

Исус веднаш тргнал со него во неговиот дом. Иако виделе многу од Неговите дела на милост, учениците биле изненадени што одговорил на молбата на горделивиот рабин. Сепак, тие тргнале по својот Учител, а по нив одел народот, возбуден и полн со очекување. {КВ 342.3}

Куќата на старешината не била далеку, но Исус и Неговите придружници напредувале полека, бидејќи толпата го притискала од сите страни. Загрижениот татко бил нетрпелив поради тоа, но Исус од сочувство кон луѓето, запирал од време на време за да ублажи нечии страдања или да утеши нечие вознемирено срце. {КВ 342.4}

Додека тие така оделе, еден гласник се пробил низ мноштвото и му донел вест на Јаир дека неговата ќерка умрела и дека е бесполезно да го оптоварува Учителот понатаму. Тоа допрело до увото на Исус. „Не плаши се,“ рекол Тој, „само верувај и ќе биде спасена”. {КВ 342.5}

Јаир уште повеќе се доближил до Спасителот и заедно побрзале кон неговиот дом. Таму веќе биле оплакувачите наемници и свирачите на флејта, кои го исполнувале воздухот со врева. Присуството на мноштвото и буката непријатно влијаеле на Исусовиот дух. Тој се обидел да ги смири, велејќи: „Зошто викате и плачете? Девојчето не е умрено, туку спие”. Присутните биле разлутени од зборовите на овој Странец. Виделе дека детето е во прегратка на смртта, па му се потсмевале. Наредувајќи им на присутните да излезат од куќата, Исус ги повел со Себе таткото и мајката на девојчето и тројца ученици Петар, Јаков и Јован и заедно влегле во одајата на смртта. {КВ 343.1}

Исус се доближил до постелата и земајќи ја раката на девојчето во Својата, нежно, со вообичаениот јазик на нејзиниот дом, ги изговорил зборовите: „Девојче, Јас ти зборувам, стани”. {КВ 343.2}

Истиот момент безживотното тело затреперило. Пулсот на животот почнал повторно да чука. На усните се покажала насмевка. Очите широко се отвориле, како да се будат од сон и девојчето зачудено ја набљудувало групата покрај постелата. Потоа станала, а нејзините родители ја прегрнале, плачејќи од радост. {КВ 343.3}

На патот кон Јаировиот дом, Исус во мноштвото сретнал една несреќна жена, која дванаесет години страдала од болест што и го загорчувала животот. Сѐ што имала потрошила на лекари и лекови, само за да и биде кажано дека болеста е неизлечлива. Меѓутоа, во неа оживеала надежта, кога слушнала како Христос лекува. Била убедена дека ќе се излекува само ако може да дојде до Него. Толку слаба и болна, дошла на брегот каде што Тој поучувал и се обидувала да се протурка низ мноштвото, но напразно. Одела по Него до куќата на Левиј-Матеј, а Сепак не можела да допре до Него. Почнала да очајува. Тогаш Исус, пробивајќи се низ мноштвото, се приближил на местото на кое се наоѓала таа. {КВ 343.4}

Златната прилика дошла. Била во присуство на Големиот Лекар! Меѓутоа, во оној метеж не можела да му се обрати Нему, ниту пак да ја здогледа Неговата става повеќе од еден момент. Стравувајќи дека ќе ја загуби единствената можност за оздравување, таа се туркала нанапред, зборувајќи си сама на себе: „Ако само ја допрам Неговата облека, ќе бидам исцелена”. Додека Исус поминувал, таа ја испружила раката и одвај се допрела до работ на Неговата облека. Во тој момент знаела дека е излекувана. Во тој единствен допир била сосредоточена верата на нејзиниот живот и во истиот момент болката и слабоста и отстапиле место на силата и совршеното здравје. {КВ 343.5}

Со благодарно срце таа се обидела да се повлече од мноштвото, но Исус одненадеж застанал, како и народот со Него. Се свртел и погледнувајќи околу Себе, запрашал со глас кој јасно се слушнал низ џагорот на мноштвото: „Кој ме допре?“ Народот одговорил на ова прашање со вчудовидувачки поглед. Со оглед дека Исус бил притиснат со народ од сите страни, тоа прашање звучело чудно. {КВ 344.1}

Петар, кој секогаш бил подготвен да зборува, рекол: „Учителу, мноштво народ те турка и те притиска, а Ти прашуваш, кој ме допре?“ Исус одговорил: „Некој Ме допре, зашто почувствував како од Мене излезе сила”. Спасителот го разликувал допирот на верата од случајниот допир на невнимателното мноштво. Ваквата доверба не смее да остане незабележана. Тој сакал на оваа понизна жена да и упати зборови на утеха, кои за неа ќе бидат извор на радост зборови што ќе бидат благослов за Неговите следбеници до крајот на времето. {КВ 344.2}

Насочувајќи го погледот кон жената, Тој инсистирал да знае кој го допрел. Увидувајќи дека притајувањето е напразно, таа, тресејќи се, излегла напред и се фрлила пред Неговите нозе. Со солзи на благодарност, таа ги раскажала своите страдања и како пронашла олеснување. Исус благо и рекол: „Ќерко, не плаши се; верата твоја те спаси; оди си со мир”. Тој не дал можност за суеверие дека самиот допир од Неговата облека донесува исцелување. Исцелувањето не Доаѓа преку надворешниот допир со Него, туку преку верата, која цврсто се држи за Неговата божествена сила. {КВ 344.3}

Љубопитното мноштво што блиску се притискало до Христа не примило животодавна сила. Меѓутоа, кога жената страдалничка ја испружила раката да го допре, верувајќи дека ќе се излекува, таа ја почувствувала силата на исцелувањето. Така е и во духовен поглед. Да се зборува за верата површно, да се моли без душевен глад и жива вера не вреди ништо. Формалната вера во Христа, која го прима само како Спасител на светот, никогаш не може да и донесе оздравување на душата. Верата, која води кон спасение, не се состои само во интелектуално спознавање на вистината. Оној што сака сѐ да дознае за да верува, не може да прими Божји благослов. Не е доволно да се верува за Христа; ние мораме да веруваме во Него. Единствена вера која ни користи е верата која го прима како личен Спасител, која ги присвојува Неговите заслуги. Многумина сметаат дека верата е начин на размислување. Спасоносната вера е трансакција преку која оние кои го примаат Христа, стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. Живата вера тоа е зголемување на животната сила, тоа е доверба со помош на која душата станува победоносна сила. {КВ 347.1}

Бидејќи ја излекувал жената, Исус сакал таа да изрази признавање за благословот што го примила. Даровите што ги нуди евангелието не треба да се примаат крадешкум, ниту да се уживаат тајно. Така Господ не повикува да ја посведочиме Неговата добрина. „Вие сте ми сведоци, вели Господ, дека јас сум Бог”. (Исаија 43:12) {КВ 347.2}

Нашето признавање на Неговата верност е избрано небесно средство за откривање на Христа на светот. Ние треба да ја признаеме Неговата благодат, која ја објавиле светите луѓе во минатото, но најголемо влијание има сведоштвото на нашето лично искуство. Ние сме Божји сведоци, кога го откриваме во нас делувањето на божествената сила. Животот на секој поединец се разликува од животот на останатите, па и неговите искуства суштински се разликуваат од останатите. Бог сака благодарноста која му ја упатуваме да носи обележје на нашата личност. Тие драгоцени признавања за пофалба на славата на Неговата благодат, поддржани со христијанскиот живот, имаат неодолива сила што делува во насока на спасување на душите. {КВ 347.3}

Кога десетте лепрозни дошле кај Исуса за да ги излекува, Тој им рекол да одат и да се покажат на свештеникот. Тие попатно се очистиле, но само еден од нив се вратил да му оддаде Нему слава. Останатите заминале по својот пат, заборавајќи го Оној, Кој ги излекувал. Колкумина сѐ уште постапуваат така! Господ работи постојано во полза на човештвото. Тој постојано ги дели Своите великодушни благослови. Тој ги подига болните од постелите на изнемоштеност, ги избавува луѓето од опасностите што тие не ги гледаат, им дава должности на небесните ангели да ги спасуваат од несреќи, да ги заштитат од „поморот што се притајува во мрак“ и од „погибелта што пусти на пладне”. (Псалм 91:6); но, нивните срца се рамнодушни. Тој ги дал сите богатства на Небото за да ги откупи, а тие ја забораваат Неговата голема љубов. Поради својата неблагодарност, тие ги затвораат своите срца за Божјата благодат. Како троскот во пустината, тие не знаат кога ќе дојде доброто и нивните души населуваат суви места во пустината. {КВ 348.1}

За наше сопствено добро е живо да си спомнуваме за секој Божји дар. На тој начин верата добива сила сѐ повеќе да бара и да добива. Најмалиот благослов кој го примаме од Бога, за нас претставува поголемо охрабрување од сѐ она што читаме за верата и доживувањата на другите. Душата што се одѕива на Божјата благодат, прилега на залеана градина. Нејзиното здравје брзо извира, нејзината светлина блеска во темнината, а Господовата слава се одразува во неа. Да се сеќаваме на Господовата добрина и љубов и на многукратната Негова нежна милост. Како Израелците и ние треба да подигнеме наши камења на сведоштва и на нив да ја запишеме драгоцената сторија за она што Бог го направил за нас. И кога размислуваме за Неговото постапување кон нас на нашето патување низ животот, треба од нашите срца, кои се омекнати со благодарност, да кажеме: „Што да му вратам на Господа за сѐ што ми стори? Ќе ја земам чашата на спасението и ќе го повикам името Господово. Ќе му ги исполнам заветите на Господа пред целиот Негов народ”. (Псалм 116:12-14) {КВ 348.2}

Сподели го ова:

Слични објави