57. „ЕДНО ТИ НЕДОСТИГА”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 19:16-22; Марко 10:17-22; Лука 18:18-23.
„Додека излегуваше на пат, дотрча еден човек, падна пред Него на колена и го праша: ‘Учителе добар, што треба да правам за да наследам живот вечен’?“ {КВ 518.1}
Момчето што го поставило прашањето бил поглавар. Тој имал голем имот и се наоѓал на одговорна положба. Видел како Христовата љубов се манифестирала кон децата кои биле доведени кај Него; видел како нежно ги прима и ги зема во прегратка и во неговото срце се разбудила љубов кон Спасителот. Почувствувал желба да стане Негов ученик. Бил толку возбуден што, кога Христос одел по Својот пат, потрчал по Него и, клекнувајќи пред Неговите нозе, искрено и срдечно му го поставил прашањето кое било толку значајно за неговата душа и за душата на секое човечко суштество: „Учителе добар, што треба да правам за да наследам живот вечен?“ {КВ 518.2}
„Зошто ме викаш добар,“ рекол Исус, „никој не е добар освен Еден Бог”. Исус имал желба да ја провери неговата искреност и да го поттикне да каже на кој начин го смета за добар. Дали увидува дека Оној со Кого зборува е Божјиот Син? Какви се вистинските чувства на неговото срце? {КВ 518.3}
Поглаварот имал многу високо мислење за својата праведност. Тој воопшто не претпоставувал дека има некакви недостатоци, но тој Сепак не бил потполно задоволен. Чувствувал потреба за нешто што му недостига. Зар Исус не би можел да го благослови, како што ги благословил децата и со тоа да ја задоволи потребата на неговата душа? {КВ 518.4}
Одговарајќи на тоа прашање Исус му рекол дека е потребно да се покорува на Божјите заповеди ако сака да добие вечен живот и цитирал неколку заповеди кои укажуваат на должностите на човекот кон ближните. Одговорот на поглаварот бил потврден: „Сето тоа го држам од својата младост, што уште ми недостасува?“ {КВ 518.5}
Христос го набљудувал лицето на момчето како да го чита неговиот живот и да го испитува неговиот карактер. Тој го засакал и копнеел да му даде мир, благодат и радост, што битно ќе го измени неговиот карактер. „Едно ти недостига,“ рекол Тој, „оди продај сѐ што имаш и дај им го на сиромасите и ќе имаш богатство на Небото. Тогаш дојди, земи го крстот и следи Ме”. {КВ 519.1}
Христос чувствувал наклонетост кон ова момче. Знаел дека бил искрен, кога рекол: „Сето тоа го држам од својата младост”. Спасителот копнеел во него да создаде таква проникливост, која ќе го оспособи да ја види неопходноста за преданост на срцето и христијанска добрина. Тој копнеел во него да види понизно и покајничко срце, свесно за највозвишената љубов што треба да му се пружи на Бога, сокривајќи го својот недостиг во Христовото совршенство. {КВ 519.2}
Исус видел дека тоа момче би можело да биде од помош доколку стане Негов соработник во делото на спасението. Кога би се потчинил на Христовото водство, тој би бил сила за добро. Можел да стане истакнат Христов претставник, бидејќи имал особини кои, доколку тој ги обедини со Спасителот, нему ќе му овозможат да стане божествена сила меѓу луѓето. Познавајќи го неговиот карактер, Христос го засакал. Во срцето на момчето се будела љубов кон Христа, бидејќи љубовта раѓа љубов. Исус посакувал тоа момче да стане Негов соработник. Посакувал него да го направи сличен на Себеси, огледало во кое ќе се одразува сличноста со Бога. Тој копнеел да го развие до совршеност неговиот карактер и да го посвети за да биде од корист на Учителот. Ако тогаш му се предало на Христа, момчето би се усовршило во атмосферата на Неговото присуство. Колку би била поинаква неговата иднина, ако се одлучил на тоа! {КВ 519.3}
„Едно ти недостига,“ рекол Исус. „Ако сакаш да бидеш совршен; оди, продај сѐ што имаш и дај им на сиромасите, па ќе имаш богатство на Небото. Тогаш дојди и следи Ме”. Христос прочитал што се крие во срцето на момчето. Му недостигало уште едно но тоа било начело од животно значење. Му била потребна Божја љубов во душата. Ако не биде задоволен, тој недостаток ќе се покаже како фатален за него; целото негово битие ќе се изопачи. Преку угодување, себичноста ќе зајакнува. За да може да ја прими Божјата љубов, тој мора да се одрекне од големата љубов кон самиот себеси. {КВ 519.4}
Христос го ставил овој човек на проба. Тој го повикал да го избере или небесното богатство или световната големина. Небесното богатство би му било осигурено, кога би го следел Христа. Но затоа мора да се откаже од своето „јас“, својата волја морал да ја потчини под Христовата волја. На младиот поглавар му била понудена Божјата светост. Имал предност да стане Божји син, Христов сонаследник во небесното богатство. Меѓутоа, тој морал да го земе крстот и да го следи Спасителот по патеката на самоодрекување. {КВ 519.5}
Зборовите кои Христос му ги упатил на поглаварот навистина го претставувале повикот: „Изберете денеска на кого ќе му служите”. (Исус Навин 24:15) На него му било препуштено да избере. Исус силно посакувал момчето да се обрати. Тој му укажал на кобниот недостаток во неговиот карактер и со длабоко внимание го очекувал резултатот додека момчето размислувало за тоа. Ако се одлучи да појде со Христа, тогаш мора во потполност да им се покорува на Неговите зборови. Мора да се откаже од своите амбициозни планови. Со каков срдечен, желен копнеж, со каква душевна глад Спасителот го набљудувал момчето, надевајќи се дека тој ќе одговори на повикот на Божјиот Дух. {КВ 520.1}
Христос го нагласил единствениот услов кој би го ставил поглаварот во положба да го усоврши христијанскиот карактер. Неговите зборови биле зборови на мудрост, иако изгледале строги и како многу да барале. Единствената надеж за спасение на овој поглавар се состоела во тоа да ги прифати и да им се покори. Неговата висока положба и неговиот имот суптилно и лошо влијаеле врз неговиот карактер. Ако ги негува, тие ќе го заменат Бога во неговите чувства. Да се задржи малку или многу од Бога, значи да се задржи нешто што би ја намалило неговата морална сила и делотворност; бидејќи ако ги негува нештата од овој свет, колку тие да се неизвесни и безвредни, тие можат целосно да завладеат со него. {КВ 520.2}
Поглаварот брзо воочил што значат Христовите зборови, па се натажил. Кога би ја сфатил вредноста на понудениот дар, бргу би се придружил на Христовите следбеници. Бил член на угледниот еврејски Совет и сатаната го искушувал со ласкави изгледи во иднината. Го сакал небесното богатство, но исто така ги сакал и земните предимства што ги овозможувало неговото богатство. Му било жал што постојат такви услови; сакал вечен живот, но немал волја да поднесе жртва. Цената на вечниот живот му изгледала премногу голема и си заминал тажен, „бидејќи имаше голем имот”. {КВ 520.3}
Неговото тврдење дека го држел Божјиот закон било измама. Тој покажал дека богатството е негов идол. Тој не можел да ги држи Божјите заповеди сѐ додека светот заземал прво место во неговото срце. Ги сакал Божјите дарови повеќе од Дародавецот. Христос му понудил на момчето заедница со Себеси. „Следи Ме“ рекол Тој. Меѓутоа, личниот углед во општеството и неговиот имот за него биле поважни од Спасителот. Да се откаже од своето земно богатство, кое е видливо, за небесното богатство, кое е невидливо тоа бил премногу голем ризик. Ја одбил понудата за вечен живот и заминал, служејќи му секогаш потоа на светот. Илјадници луѓе минуваат низ таа огнена проба, бирајќи помеѓу Христа и светот и многумина го одбираат светот. Како младиот поглавар, тие се свртуваат од Спасителот, зборувајќи во своето срце: „Не сакам овој Човек да биде мој водач”. {КВ 520.4}
Христовата постапка кон момчето ни е прикажана како една очигледна поука. Бог ни дал правило за однесување кое треба да го следи секој еден од Неговите слуги. Тоа е послушност кон Неговиот закон, не само формална послушност, туку послушност, која навлегува во животот и која е прикажана преку карактерот. Бог поставил Свој стандард на карактер каков треба да имаат сите што сакаат да станат поданици на Неговото царство. Како Божји синови и ќерки ќе бидат признаени само оние што ќе станат Христови соработници, само оние што велат: „Господе, сѐ што имам и сѐ што сум ти припаѓа Тебе”. Сите треба да размислат што значи да се посакува Небото, а Сепак да се одврати од истото поради условите кои се поставени. Размислувајте за тоа што значи да му се каже „Не“ на Христа. Младиот поглавар рекол: „Не, не можам да ти дадам сѐ”. Дали и ние го велиме истото? Спасителот ни нуди да учествува со нас во делото кое Бог ни го дал да го вршиме. Тој ни нуди да ги употребиме средствата кои Бог ни ги дал за да го унапредиме Неговото дело во светот. Само на тој начин Тој може да нè спаси. {КВ 523.1}
На младиот поглавар му бил даден имот за да се покаже како верен повереник; тој требало да ги раздели тие добра на благослов на оние на кои се во оскудица. Така Бог и денес им доверува на луѓето имот, способности и можности за тие да бидат Негови претставници, помагајќи ги сиромашните и страдалниците. Оној што ги употребува даровите кои му се доверени, онака како што Бог одредил тој станува соработник на Спасителот. Таквиот човек придобива души за Христа, бидејќи е претставник на Неговиот карактер. {КВ 523.2}
На оние кои, како младиот поглавар, се наоѓаат на висока положба и кои имаат големи имоти може да им изгледа преголема жртвата да се откажат од сѐ за да тргнат по Христа. Меѓутоа, тоа правило е пропишано за сите што сакаат да станат Негови ученици. Само послушноста може да биде примена. Самопредавањето е суштина на Христовото учење. Честопати, тоа се презентира и наложува со јазик кој изгледа авторитетен, но за спасение на човекот нема друг пат освен да се отфрлат оние нешта кои, доколку им попуштаме, ќе го деморализираат целото битие. {КВ 523.3}
Кога му го враќаат на Господа она што е негово, Христовите следбеници акумулираат богатство што ќе им биде дадено кога ќе ги слушнат зборовите: „Добро извршено, добар и верен слуго… влези во радоста на својот Господар”. „Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот и седна од десната страна на Божјиот престол”. (Матеј 25:23; Евреите 12:2) Радоста што ги гледаат откупените души, душите спасени за вечност тоа е награда за сите оние што одат по стапките на Оној што рекол: „Следи Ме”. {КВ 523.4}