37. ПРВИТЕ ЕВАНГЕЛИСТИ
Оваа поглавје е засновано на Матеј 10; Марко 6:7-11; Лука 9:1-6.
Апостолите биле членови на семејството на Исус и го придружувале пеш на Неговиот пат низ Галилеја. Со Него ги делеле тешкотиите и неволјите што ги снаоѓале. Ги слушале Неговите беседи, оделе и разговарале со Божјиот Син и од Неговите секојдневни поуки учеле како да работат на издигнување на човештвото. Кога Исус му служел на мноштвото што се собирало околу Него, Неговите ученици биле присутни, желни да го извршат она што Тој ќе им го заповеда и да ја олеснат Неговата работа. Тие му помагале при организирање на луѓето, донесувајќи ги болните при Спасителот и грижејќи се на сите да им биде удобно. Тие се труделе да ги забележат слушателите што се интересираат, им го објаснувале Светото Писмо и на различни начини се залагале за нивниот духовен напредок. Го ширеле учењето што го примиле од Исуса и секојдневно стекнувале богати искуства. Но, нив исто така им било потребно и искуство да работат сами. Ним сѐ уште им биле потребни многу поуки, големо трпение и нежност. Сега, додека Тој бил со нив за да им укаже на нивните грешки, за да може да ги советува и поправа, Спасителот ги испратил како Свои претставници. {КВ 349.1}
Додека биле со Него, учениците често биле збунети заради учењата на свештениците и фарисеите, но во своите недоумици тие Доаѓале кај Исуса. Тој им ги изнесувал вистините на Светото Писмо наспроти традициите. На тој начин ја зајакнувал нивната доверба во Божјата Реч и во голема мера ги ослободувал од нивниот страв од рабините и од нивното ропство на традициите. Во обучувањето на учениците, примерот на Спасителовиот живот бил многу поефективен од кое било доктринарно поучување само по себе. Кога биле одвоени од Него, се сеќавале на секој Негов поглед, глас и збор. Кога Доаѓале во судир со непријателите на евангелието, тие често ги повторувале Неговите зборови и биле многу радосни, гледајќи дека тие имаат влијание на народот. {КВ 349.2}
Исус ги повикал дванаесетмината кај Себе и им рекол по двајца да одат низ градовите и селата. Ниеден не бил испратен сам, туку брат бил поврзан со брат, пријател со пријател. Така, можеле меѓусебно да си помагаат и да се храбрат, да се советуваат и молат, надополнувајќи ја слабоста на едниот со силата на другиот. На истиот начин Исус подоцна испратил седумдесет ученици. Целта на Спасителот била гласниците на евангелието да бидат здружени на ваков начин. Во наше време евангелското дело би било далеку поуспешно, кога би се угледале на тој пример. {КВ 350.1}
Пораката на учениците била иста како и пораката на Јован Крстителот и на Самиот Исус: „Се приближи царството небесно”. Тие не требало да влезат во судир со луѓето околу тоа дали Исус е Месија, туку во Негово име требало да ги вршат истите оние дела на милост кои Тој ги вршел. Тој им рекол: „болни лекувајте, лепрозни чистете, мртви воскреснувајте, истерувајте лоши духови; бесплатно добивте, бесплатно давајте”. {КВ 350.2}
За време на Својата служба, Исус поминувал повеќе време во лекување на болните отколку во проповедање. Неговите чуда сведочеле за вистинитоста на Неговите зборови дека не дошол да уништува, туку да спасува. Неговата праведност одела пред Него, а Господовата слава била Негова стража одзади. Каде и да одел, гласовите за Неговата милост оделе пред Него. Онаму каде што ќе поминел, оние кои биле предмет на Неговото сочувство се радувале на своето здравје и ја ставале на проба својата новостекната сила. Мноштва се собирале околу нив и од нивните усни сакале да слушнат за делата кои Господ ги извршил. Неговиот глас бил првиот звук, кој многумина некогаш го слушнале, Неговото име бил прв збор што некогаш го изговориле, Неговото лице прво, кое некогаш го виделе. Зошто тие не би го љубеле Исуса и не би му изразувале благодарност? Кога поминувал низ градовите и населбите, Тој бил како животворна струја што дава живот и радост секаде каде што одел. {КВ 350.3}
Христовите следбеници треба да работат онака како што работел Тој. Ние треба да ги храниме гладните, да ги облечеме голите, да ги утешиме страдалниците и погодените. Ние треба да им служиме на очајните, да им влееме надеж на безнадежните. И на нас исто така ќе се исполни ветувањето: „Пред тебе ќе оди праведноста твоја и славата Господова ќе биде твоја стража одзади”. (Исаија 58:8) Христовата љубов која се манифестира во несебична служба, има поголемо дејство во реформирање на оној што чини зло, отколку мечот или судот на правдата. Тие се потребни за да се влее страв на престапниците, но само мисионер исполнет со љубов може да постигне нешто повеќе од тоа. Прекорите често го прават срцето уште потврдо, но тоа ќе омекне под дејство на Христовата љубов. Мисионерот може да ги ублажи не само телесните болести, туку може да го доведе и грешникот кај Големиот Лекар, Кој ќе му ја очисти душата од лепрата на гревот. Бог одредил преку Неговите слуги да го слушнат Неговиот глас оние што се болни, кои се во неволја и кои се под власт на зли духови. Тој сака преку Своите човечки претставници да биде Утешител каков што светот не познава. {КВ 350.4}
На својот прв мисионерски пат учениците требало да одат само „кај загубените овци на домот Израелев”. Кога тогаш би го проповедале евангелието на незнабошците или Самарјаните, би го загубиле влијанието што го имале кај Евреите. Предизвикувајќи ги предрасудите на фарисеите, тие би се вплеткале во судири кои би ги обесхрабриле на почетокот на нивната работа. Дури и апостолите тешко сфаќале дека евангелието мора да им се однесе на сите народи. Сѐ додека не ја сфатиле таа вистина, не биле подготвени да работат за незнабошците. Кога Евреите би го примиле евангелието, Господ имал цел да ги направи гласници до незнабошците. Затоа тие биле први кои требало да ја слушнат веста. {КВ 351.1}
На целото подрачје на Христовата работа имало души кои се разбудиле и сфатиле што им недостига, кои биле гладни и жедни за вистината. Дошло време на овие срца да им се упати порака за Неговата љубов. До сите тие луѓе учениците требало да одат како Негови претставници. На тој начин верниците во нив гледале учители кои Бог ги одредил, па кога Спасителот ќе замине од нив, тие нема да останат без инструкции. {КВ 351.2}
Учениците на своето прво патување требало да одат таму каде што Исус веќе бил пред нив и создал пријатели. Нивната подготовка за патувањето требала да биде едноставна. Ништо не смеело да го одвраќа нивниот ум од големото дело или на кој било начин да предизвика отпор и да ја затвори вратата за понатамошна работа. Тие не требало да ја прифатат облеката на верските учители, ниту пак да носат облека со која ќе се разликуваат од скромните селани. Тие не требало да влегуваат по синагогите и да го повикуваат народот на богослужение, туку само да работат од куќа до куќа. Не смееле да го губат времето во непотребни поздравувања, ниту да одат од еден до друг дом заради забава. Меѓутоа, на секое место требало да го прифатат гостопримството на оние кои биле достојни, на оние кои ги примале исто толку срдечно, како да го примале Христос. Требало да влегуваат во домовите со прекрасниот поздрав: „Мир во оваа куќа”. (Лука 10:5) Тој дом би бил благословен од нивните молитви, од нивните песни на благодарност и од нивното толкување на Светото Писмо во семејниот круг. {КВ 351.3}
Учениците требало да бидат гласници на вистината, да го подготват патот за доаѓањето на својот Учител. Пораката што тие требале да ја проповедаат била Речта на вечниот живот и судбината на луѓето зависела од тоа дали тие ќе ја прифатат или ќе ја отфрлат. За да ја истакне нејзината свеченост, Исус им заповедал на Своите ученици: „А ако некаде не ве примат или не ги послушаат вашите зборови, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од своите нозе. Навистина ви велам, на судниот ден полесно ќе им биде на Содом и Гомор, отколку на тој град”. {КВ 352.1}
Сега окото на Спасителот проникнувало во иднината. Тој ги гледал пошироките полиња во кои учениците по Неговата смрт ќе сведочат за Него. Неговиот пророчки поглед ги опфаќал искуствата на Неговите слуги низ сите векови до Неговото второ доаѓање. Им укажал на своите следбеници на судирите на кои ќе бидат изложени и им ја открил природата и планот на борбата. Им ги прикажал опасностите со кои ќе мора да се соочат, на самооткажувањето што ќе се бара од нив. Сакал да ја пресметаат цената за непријателот да не ги изненади. Тие не требало да војуваат против месото и крвта, туку „против началствата, против властите, против светските управители на темнината, против поднебесните духови на злобата”. (Ефесјаните 6:12) Тие ќе мораат да се борат против натприродни сили, но им е загарантирана и натприродна помош. Во таа војска се наоѓа сета небесна интелигенција. Во нејзините редови се наоѓа и некој поголем од ангел. Светиот Дух, претставник на Заповедникот на Господовите војски, слегува за да управува со битката. Можеме да имаме многу слабости, сериозни гревови и грешки, но Божјата благодат им е ветена на сите што во покајание ја бараат. Силата на Семоќниот е со оние кои се надеваат во Бога. {КВ 352.2}
„Ете,“ рекол Исус, „Јас ве праќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и добродушни како гулаби”. Христос никогаш не премолчел ниту еден збор на вистината, но секогаш го изговарал со љубов. Во комуникацијата со луѓето, Тој користел најголема тактичност, грижливост и љубезно внимание. Никогаш не бил груб, никогаш непотребно не изговорил ниту еден строг збор, никогаш не задавал непотребна болка на некоја чувствителна душа. Тој не ја укорувал човечката слабост. Бестрашно ги осудувал лицемерието, неверието и беззаконието, но овие остри укори ги изговарал со солзи во очите. Плачел над Ерусалим, градот што го сакал, кој не сакал да го прими Него Патот, Вистината и Животот. Тие го отфрлиле Него, Спасителот, но Тој ги гледал со нежно сочувство и со толку длабока тага, што срцето му се кинело. Во Неговите очи секоја душа била драгоцена. Иако секогаш се однесувал со божествено достоинство, се наведнувал со нежност над секој член на Божјото семејство. Во сите луѓе гледал паднати души, кои требало да ги спаси со Својата мисија. {КВ 353.1}
Христовите слуги не смеат да работат според диктатите на природното срце. Тие мораат да бидат во тесна врска со Бога, за да не се подигне нивното „јас“ во случај на провокација и да искажат порој на зборови кои не се на свое место, кои не се како роса или како дожд што ги освежува растенијата кои овенуваат. Сатаната сака тие да го прават тоа, бидејќи тоа е негов начин на работа. Ламјата е таа што се разгневила; сатанскиот дух е оној што се открива во лутината и обвинувањето. Меѓутоа, Божјите слуги мораат да бидат Негови претставници. Тој сака тие да тргуваат само со небесна валута, со вистината која го носи Неговиот лик и натпис. Силата со која тие мораат да го победат злото е Христовата сила. Христовата слава е нивна сила. Тие мораат да ги насочат своите очи на Неговата милност. Тогаш ќе можат да го прикажат евангелието со божествена тактичност и нежност. Духот кој останува благ и кога е предизвикан, многу поделотворно ќе зборува во прилог на вистината, отколку секој друг доказ, колку и да е убедлив. {КВ 353.2}
Оние кои стапуваат во судир со непријателите на вистината, се соочуваат не само со луѓето, туку и со сатаната и неговите посредници. Тие треба да ги имаат на ум зборовите на Спасителот: „Ете Јас ве испраќам како овци меѓу волци”. Нека почиваат во Божјата љубов и духот ќе им биде мирен, дури и при личните навреди. Господ ќе ги опреми со небесно оружје. Неговиот Дух ќе влијае на умот и срцето, така што во нивните гласови нема да се почувствува завивањето на волците. {КВ 353.3}
Продолжувајќи ги Своите поуки на учениците, Исус рекол: „Пазете се од луѓето”. Тие не смееле да имаат неограничена доверба во луѓето кои не знаеле за Бога, ниту да им ги објаснуваат своите планови, бидејќи со тоа би пружиле предност на сатанските помошници. Човечките изуми често работат во спротивност на Божјите планови. Оние кои ѕидаат Господов храм, треба да ѕидаат според планот прикажан на гората според божествениот пример. Ако Божјите слуги се потпираат на советот на луѓето кои не се наоѓаат под влијание на Светиот Дух, Бог е обесчестен и тоа претставува предавство на евангелието. Светската мудрост е лудост за Бога. Оние кои се надеваат во неа, сигурно ќе згрешат. {КВ 354.1}
„Тие ќе ве предаваат на судови… ќе ве изведуваат поради Мене пред управители и пред цареви за сведоштво на нив и на незнабошците”. (Матеј 10:17,18) Прогонството ќе ја рашири светлината. Христовите слуги ќе бидат изведувани пред големците на овој свет, кои инаку можеби никогаш не би слушнале за евангелието. На овие луѓе вистината им била погрешно прикажана. Тие слушале лажни обвинувања за верата на Христовите ученици. Честопати, нивната единствена можност да го дознаат нејзиниот вистински карактер, се состои во тоа што често ги слушаат сведоштвата на оние кои поради својата вера се изведени пред суд. За време на испитувањето од нив се бара да одговараат, а од нивните судии да ги сослушаат нивните сведоштва. Божјата благодат ќе им биде дадена на Неговите слуги, за да се соочат со таа вонредна состојба. „Ќе ви се даде“ вели Исус, „во тој час што треба да зборувате. Зашто нема да зборувате вие, туку преку вас ќе зборува Духот на вашиот Татко”. Кога Божјиот Дух ќе го осветли умот на Неговите слуги, вистината ќе биде прикажана во својата божествена сила и драгоценост. Оние кои ја отфрлаат вистината, ќе се подигнат за да ги обвинуваат и угнетуваат учениците. Меѓутоа, наспроти загубите и страдањата, па дури и смртта, Господовите деца треба да ја откриваат кротоста на својот божествен Пример. Така ќе се покаже спротивноста помеѓу помошниците на сатаната и Христовите претставници. Спасителот ќе биде издигнат пред владетелите и пред народот. {КВ 354.2}
Учениците не биле надарени со храброст и цврстина на маченици, сѐ додека таквата благодат не им била потребна. Тогаш се исполнило ветувањето на Спасителот. Кога Петар и Јован сведочеле пред Синедрионот, луѓето „се восхитуваа, и сфатија дека тие беа со Исуса”. (Дела 4:13) За Стефан е напишано дека „сите што седеа во советот го насочија погледот кон него и видоа дека лицето му е слично на лице на ангел”. Луѓето „не можеле да им се спротивстават на мудроста и на Духот со кој зборуваше”. (Дела 6:15,10) А Павле, опишувајќи ги своите доживувања на судот пред Цезар, вели: „При мојата прва одбрана никој немаше при мене, уште повеќе, сите ме напуштија… Но Господ беше со мене и ме крепеше за преку мене веста да биде целосно објавена и за да слушнат сите незнабошци; и јас бев избавен од устата на лавот”. (2. Тимотеј 4:16,17) {КВ 354.3}
Христовите слуги не требало однапред да подготвуваат говори што ќе ги изнесат, кога ќе бидат изнесени пред суд. Нивната подготовка се состоела во секојдневно трудољубиво складирање на драгоцените вистини на Божјата Реч и во молитва што ја зајакнува нивната вера. И кога биле изведени пред суд, Светиот Дух им помогнал да се сетат на оние вистини што им биле потребни. {КВ 355.1}
Секојдневните и срдечни напори да се запознае Бог и Исус Христос, Кого Тој го испратил, донесуваат сила и делотворност на душата. Знаењето стекнато со трудољубиво истражување на Светото Писмо ќе блесне во сеќавањето во вистинскиот момент. Меѓутоа, оние кои занемариле да се запознаат со Христовите зборови, кои никогаш не ја искусиле силата на Неговата благодат во време на неволја, не можат да очекуваат дека Светиот Дух ќе ги донесе Неговите зборови во нивното сеќавање. Тие треба да му служат на Бога секојдневно со неподелена љубов и тогаш можат да се надеваат во Него. {КВ 355.2}
Непријателството кон евангелието ќе биде толку огорчено, што ќе бидат запоставени дури и најнежните земни врски. Христовите ученици ќе бидат предадени на смрт од членовите на нивните сопствени семејства. „Ќе бидете намразени од сите заради Моето име“ додал Тој, „но оној што ќе истрае до крајот, ќе биде спасен”. (Марко 13:13) Но, тој им рекол да не се изложуваат непотребно на прогонство. И Тој сам често напуштал едно поле на работа и заминувал на друго, за да ги избегне оние кои го барале Неговиот живот. Кога бил отфрлен во Назарет и Неговите сопствени сограѓани се обиделе да го убијат, Тој заминал за Капернаум, и таму луѓето биле восхитени од Неговите учења; „затоа што Неговата Реч беше со сила”. (Лука 4:32) Така Неговите слуги не треба да ја губат храброста поради прогонството, туку да бараат место, каде што сѐ уште ќе можат да работат за спасение на душите. {КВ 355.3}
Слугата не е поголем од својот господар. Кнезот на Небото бил наречен Велзевул, па и Неговите ученици исто така ќе бидат погрешно прикажани. Но, без оглед на опасностите, Христовите следбеници мораат да се придржуваат до своите начела. Тие мораат да го презираат прикривањето. Тие не можат да чекаат прво да се обезбедат од опасноста, па потоа да ја исповедаат вистината. Тие се поставени како стражари да ги предупредат луѓето на нивните опасности. Вистината примена од Христа мора да им се соопшти на сите, слободно и отворено. Исус рекол: „Тоа што ви го зборувам во темнина, кажете го на светлина; и тоа што го слушате во увото, проповедајте го од покривите”. {КВ 355.4}
Исус никогаш не го купувал мирот по пат на компромис. Неговото срце било преполно со љубов кон целиот човечки род, но Тој никогаш не бил попустлив кон нивните гревови. Тој им бил премногу голем пријател за да молчи, кога тие оделе по пат што ќе ги упропасти нивните души, души кои Тој ги откупил со Својата крв. Тој работел на тоа човекот да биде искрен со себе, на својот возвишен и вечен интерес. Христовите слуги се повикани на истото тоа дело и мораат да внимаваат да не се откажат од вистината во настојување да спречат неслога. Тие треба да го бараат „она што служи за мир“ (Римјаните 14:19); но вистинскиот мир никогаш не може да се постигне преку компромис на начелата. Исто така, никој не може да биде верен на начелото, а да не наиде на спротивставување. Децата на непокорноста се противат на христијанството кое е духовно. Меѓутоа, Исус им рекол на Своите ученици: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а не можат да ја убијат душата”. Оние што му се верни на Бога не треба да се плашат од човечката моќ, ниту од сатанското непријателство. Нивниот вечен живот е безбеден во Христа. Тие треба да се плашат од тоа да не се откажат од вистината и на тој начин да ја предадат довербата со која Бог ги почестил. {КВ 356.1}
Сатаната се труди човечките срца да ги исполни со сомнеж. Тој ги наведува да гледаат кон Бога како на строг судија. Тој ги искушува на грев, а потоа ги поттикнува на заклучок дека се премногу зли за да можат да се приближат на својот небесен Татко или за да го поттикнат Неговото сожалување. Господ го разбира сето тоа. Исус ги уверува Своите ученици за Божјото сочувство за нив во нивните потреби и слабости. Ниту една воздишка не се слуша, ниту една болка не се чувствува, ниту една тага не ја прободува душата, а болката да не допре до Татковото срце. {КВ 356.2}
Библијата не ни го прикажува Бога на Неговото возвишено и свето место во состојба на неактивност, молчење и осаменост, туку опкружен од десет илјади по десет илјади и со илјада илјади свети суштества кои чекаат да ја вршат Неговата волја. Преку каналите што ние не ги забележуваме, Тој е во активна комуникација со секој дел од Своето царство. Меѓутоа, Неговото внимание и интересот на целото Небо е сконцентрирано на овој малечок свет, на душите заради чие спасение го дал Својот единороден Син. Бог се наведнува од Својот престол, за да го слушне плачот на угнетените. Секому што искрено се моли, Тој му одговара: „Еве ме”. Тој ги подига оние кои се во неволја и угнетените. Сите наши страдања го погодуваат и Него. Во секое искушение и во секоја неволја Ангелот на Неговата присутност е близу за да избави. {КВ 356.3}
Ниту еден врабец не паѓа на земјата, а Таткото да не го види тоа. Омразата против Бога го наведува сатаната да го мрази сето она за што Спасителот се грижи. Тој се обидува да го наруши Божјото дело и ужива кога ги уништува дури и немите созданија. Благодарение единствено на Божјата заштита птиците се сочувани за да не развеселуваат со својата радосна песна. „Не плашете се; вие вредите повеќе од многу врапчиња”. {КВ 356.4}
Исус понатаму вели: „Како што Ме признавате вие Мене пред луѓето, така Јас ќе ве признам пред Бога и светите ангели. Вие треба да бидете Мои сведоци на Земјата, канали преку кои Мојата благодат ќе се излева за исцелување на светот. Така Јас ќе бидам ваш претставник на Небото. Таткото не го гледа вашиот грешен карактер, туку ве гледа облечени во Моето совршенство. Јас сум посредник преку Кој ви доаѓаат небесните благослови. Секој што ќе ме признае Мене, учествувајќи во Мојата жртва за изгубените, ќе биде признаен како учесник во славата и радоста на откупените”. {КВ 357.1}
Христос мора да престојува во секој што сака да го признае. Никој не може да го даде она што не го примил. Учениците можат течно да зборуваат за науката, тие можат да ги повторуваат самите Христови зборови, но ако ја немаат Христовата кротост и љубов тие не го признаваат. Духот спротивен на Христовиот дух се одрекува од Христа, без разлика на верата што ја исповеда. Луѓето можат да се одречат од Христа со тоа што озборуваат други, што зборуваат лекомислено, што зборуваат невистинити и нељубезни зборови. Тие можат да се одречат од Него со тоа што ги избегнуваат животните должности, што се впуштаат во грешни задоволства. Тие можат да се одречат од Него со тоа што се прилагодуваат кон светот, со непристојно однесување, со љубов кон сопственото мислење, што се оправдуваат себеси, што негуваат сомневања, што се грижат за можни незгоди во иднината и што остануваат во темнина. Со сето тоа тие покажуваат дека Христос не е во нив. „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето“ вели Христос, „и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е на Небото”. {КВ 357.2}
Спасителот им рекол на Своите ученици да не се надеваат дека непријателството кон евангелието ќе биде совладано и дека светот ќе престане да се противи по извесен период. „Не дојдов да донесам мир, туку меч,“ рекол Тој. Ова креирање на судир не е последица на евангелието, туку произлегува од спротивставувањето на евангелието. Од сите прогонства најтешко се поднесува несогласувањето во семејството, оддалечувањето од најдрагите земни пријатели. Меѓутоа, Исус вели: „Кој го љуби таткото или мајката повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој го љуби повеќе синот или ќерката, не е достоен за Мене; и кој нема да го земе својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене”. {КВ 357.3}
Мисијата на Христовите слуги е возвишена почест и света доверба. Христос вели: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме прати”. Секое љубезно дело што ќе им се укаже ним во Негово име, нема да остане непризнаено и ненаградено. И во истото тоа нежно признавање, Тој ги опфаќа најслабите и најниските во Божјото семејство: „Кој ќе напои еден од овие малечки“ – оние што се како деца во својата вера и во познавањето на Христа – „само со чаша студена вода затоа што е Мој ученик, навистина, ви велам, никако нема да ја изгуби својата награда”. {КВ 357.4}
Така Спасителот ги завршил Своите поуки. Во Негово име избраните дванаесетмина заминале, како што заминал и Тој, „да го проповеда евангелието на сиромашните,… да ги исцелува скршените по срце, да им проповеда ослободување на заробените и враќање вид на слепите, да ги ослободи угнетените и да ја објави благопријатната Господова година”. (Лука 4:18,19) {КВ 358.1}