60. ЗАКОН НА НОВОТО ЦАРСТВО
Оваа поглавје е засновано на Матеј 20:20-28; Марко 10:32-45; Лука 18:31-34.
Се приближувало времето на Пасха и Исус повторно се упатил кон Ерусалим. Во Неговото срце владеело мир поради совршеното единство со Татковата волја и Тој со брзи чекори одел кон местото на жртвувањето. Меѓутоа, учениците ги обземало некое чувство на таинственост, на сомнеж и страв. Спасителот „одеше пред нив; и тие беа вчудовидени, па врвејќи по Него се плашеа”. {КВ 547.1}
Повторно ги повикал дванаесетмината кај Себе и со поголема спрецифичност од кога и да е, им кажал за Своето предавство и страдање. „Еве,“ рекол, „одиме горе во Ерусалим, каде што ќе се исполни сѐ што напишале пророците за Синот човечки. Тој ќе биде предаден на незнабошците и ќе Му се подбиваат, ќе Го малтретираат и плукаат; и ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат. Но Тој ќе воскресне на третиот ден. Тие не разбраа ништо од тоа, зашто тие зборови беа сокриени од нив и не го разбраа она што им беше кажано”. {КВ 547.2}
Зар тие неодамна не проповедале насекаде: „Се приближи царството небесно?“ Зар не ветил и самиот Христос дека мнозина ќе седнат со Авраама, со Исака и со Јакова во Божјото царство? Зар не им ветил на сите оние што ќе остават сѐ заради Него стократно повеќе во овој живот и дел во Своето царство? И зар Тој не им дал на дванаесетмината посебно ветување за положби на голема чест во Своето царство да седат на престоли, судејќи им на Израелевите племиња? И сега нагласил дека ќе се исполни сѐ што е напишано за Него во пророците. Зар пророците не ја претскажале славата на владеењето на Месијата? Во светлината на овие мисли, Неговите зборови за предавство, прогонство и смрт изгледале неодредени и замаглени. Без оглед на тоа какви тешкотии ќе се случат во меѓувреме, тие верувале дека царството брзо ќе се воспостави. {КВ 547.3}
Јован, Зеведеевиот син, бил еден од првите двајца ученици кои тргнале по Исуса. Тој со својот брат Јаков и припаѓал на онаа прва група која оставила сѐ заради Неговата служба. Радосно тие ги оставиле својот дом и своите пријатели за да бидат со Него; тие со Него патувале и разговарале; со Него биле во приватноста на домашниот живот и на јавните собири. Тој ги смирувал нивните стравови, ги ослободувал од опасност, им ги олеснувал страдањата, ги тешел во тагата и ги поучувал со трпение и нежност, додека срцата не им прираснале за Него до таа мера, што во својата огнена љубов посакале да бидат најблиску до Него во Неговото царство. Во секоја прилика Јован заземал место најблизу до Спасителот, а Јаков копнеел по тоа да биде почестен со исто толку Близок однос со Него. {КВ 548.1}
Нивната мајка била Христов следбеник и доброволно му служела Нему со својот имот. Со мајчинска љубов и амбициозност за своите синови, за нив посакувала најпочесни места во новото царство. Затоа ги поттикнувала да го постават своето барање. {КВ 548.2}
Мајката и синовите дошле заедно кај Исуса со молба да исполни едно нивно барање кое многу им значело. {КВ 548.3}
„Што сакате да ви сторам?“ прашал Тој. {КВ 548.4}
Мајката одговорила: „Заповедај овие мои два сина да седнат во Твоето царство едниот десно, а другиот лево од Тебе”. {КВ 548.5}
Исус постапувал нежно кон нив, не укорувајќи ги поради нивната себичност што побарале да бидат над своите браќа. Ги прочитал нивните срца и знаел колку е длабока нивната приврзаност кон Него. Нивната љубов не била само едно човечко чувство; иако осквернета од земноста на човечкиот канал, таа Сепак извирала од изворот на Неговата сопствена откупувачка љубов. Тој не сакал да укори, туку да продлабочи и очисти. Тој рекол: „Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето со кое ќе се крстам Јас?“ Се сетиле на Неговите загадочни зборови кои навестувале неволји и страдање, но самоуверено одговориле: „Можеме”. Сметале дека е најголема чест што можат да ја докажат својата лојалност, учествувајќи во сѐ што треба да му се случи на нивниот Господ. {КВ 548.6}
„Мојата чаша навистина ќе ја пиете и ќе бидете крстени со крштевањето со кое ќе се крстам Јас,“ рекол Тој; пред Него бил крст наместо престол, двајца разбојници, како придружници од Неговата десна и лева страна. Јован и Јаков требало да учествуваат во страдањата на својот Учител; првиот брат загинал од меч, а другиот, најдолго од сите морал да поднесува маки, прекори и прогонство. {КВ 548.7}
„Но да се седи од Мојата десна или лева страна,“ продолжил Тој „не е во Моја власт да го давам, туку ќе им припадне на оние за кои е одредено од Мојот Татко”. Во Божјото царство положбата не се стекнува со фаворизирање. Таа не се заработува, ниту се прима по пат на самоволно дарување. Таа е последица на карактерот. Круната и престолот се знаци на една постигната состојба; знаци на победа над себеси преку нашиот Господ Исус Христос. {КВ 549.1}
Многу подоцна, кога Јован дошол до сличност со Христа, учествувајќи во Неговите страдања, Господ му открил кои се условите да биде близу до Него во Неговото царство. „На оној што победува,“ рекол Христос, „ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како и Јас што победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол”. „Оној што победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и веќе нема да излегува надвор и на него ќе го напишам името на Мојот Бог… и Моето ново име”. (Откровение 3:21,12) Исто така, апостол Павле пишува: „Јас веќе се жртвувам и времето на моето одење е близу. Добро се борев, трката ја свршив, верата ја сочував. Веќе ми е приготвен венецот на праведноста што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија”. (2. Тимотеј 4:6-8) {КВ 549.2}
Најблизу до Христа ќе биде оној што на Земјата најмногу ќе се напои со духот на Неговата самопожртвувана љубов, љубов која „не се фали, не се вообразува… не го бара своето, не се лути лесно, не мисли зло”. (1. Коринтјаните 13:4,5); од љубовта која ги поттикнува учениците, како што го поттикнала нашиот Господ да даде сѐ, да живее и да работи и да се жртвува сѐ до смрт, заради спасение на човештвото. Тој дух се манифестирал во животот на Павле. Тој вели: „За мене да се живее е Христос,“ бидејќи неговиот живот им го открил на луѓето Христа; „а смртта добивка“ добивка за Христа; смртта ја покажува силата на Неговата благодат и ги привлекува душите кај Него. „Христос ќе се возвеличи во моето тело,“ рекол тој, „било преку животот било преку смртта”. (Филипјаните 1:21,20) {КВ 549.3}
Кога десетмината слушнале што бараат Јаков и Јован, биле многу незадоволни. Највисоко место во царството било токму она што секој од нив го посакувал за себе, па тие биле многу лути што изгледало дека тие двајца имаат некоја предност над нив. {КВ 549.4}
Изгледало дека повторно ќе дојде до расправија околу тоа кој ќе биде најголем, кога Исус ги повикал кај Себе и им рекол на разлутените ученици: „Знаете дека владетелите над народите владеат над нив и нивните големци господарат над нив. Но меѓу вас да не биде така”. {КВ 550.1}
Во царствата на овој свет положбата е израз на самовозвишување. Се сметало дека народот постои во полза на владејачките сталежи. Угледот, богатството, образованието сето тоа биле средства со чија помош водачите стекнувале власт над мноштвото. Повисоките сталежи требало да мислат, да одлучуваат, да уживаат и да владеат пониските сталежи само да ги слушаат и да им служат. Религијата, како и сѐ останато, било само уште еден предмет на власта. Народот требало да верува и да ја исповеда верата онака како што заповедале претпоставените. Правото на човекот сам да размислува и да работи било потполно непризнато. {КВ 550.2}
Христос воспоставувал царство што се заснова на поинакви начела. Тој не ги повикувал луѓето за да владеат, туку за да служат; оние кои се силни да ги носат слабостите на послабите. Оној што има власт, положба, способност или образование, тој има уште поголема обврска да им служи на своите ближни. Дури и за најниските Христови ученици е кажано: „Сѐ е ова заради вас“ (2. Коринтјаните 4:15) {КВ 550.3}
„Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде Својот живот како откуп за многумина”. Меѓу Своите ученици Христос бил Тој што се грижел и помагал. Тој ја делел нивната сиромаштија, Тој практикувал самооткажување заради нив, одел пред нив за да ги отстранува тешкотиите, а наскоро требало да го заврши Своето дело на Земјата, положувајќи го Својот живот. Членовите на црквата, која е Негово тело, треба да се раководат според начелата по кои Христос постапувал. Љубовта претставува план и темел на спасението. Во Христовото царство најголеми се оние што се угледуваат на Неговиот пример и кои постапуваат како пастири на Неговото стадо. {КВ 550.4}
Зборовите на Павле го откриваат вистинското достоинство и честа на христијанскиот живот: „Иако сум слободен од сите, на сите им станав слуга,“ „не барајќи своја лична корист, туку корист за мнозина, за тие да бидат спасени”. (1. Коринтјаните 9:19; 10:33) {КВ 550.5}
Во прашањата на совеста душата не треба да биде ограничена. Никој не смее да владее со туѓ разум, да расудува за друг, ниту на друг да му пропишува должност. Бог на секоја душа и дава слобода да размислува и да се придржува до сопственото убедување. „Секој од нас ќе му даде сметка на Бога сам за себе”. Никој нема право својата личност да ја интегрира со личноста на некој друг. Во сите прашања во кои е вклучено начело, „секој нека биде целосно уверен во својот ум”. (Римјаните 14:12,5) Во Христовото царство нема господарско угнетување, нема присилување. Небесните ангели не доаѓаат на Земјата за да владеат и да изнудуваат поклонение, туку доаѓаат како гласници на милоста, да соработуваат со луѓето во подигање на човештвото. {КВ 550.6}
Начелата и зборовите на Спасителовото учење, со својата божествена убавина биле всадени во сеќавањето на возљубениот ученик. До неговите последни денови бремето на Јовановото сведоштво до црквите гласело: „Ова е пораката што ја чувте од почетокот: Да се љубиме еден со друг”. „По тоа ја познавме Божјата љубов, зашто Тој го положи Својот живот за нас; и ние сме должни да ги положуваме своите животи за браќата”. (1. Јованово 3:11,16) {КВ 551.1}
Со таков дух била проникната првата црква. По излевањето на Светиот Дух „мноштвата на оние кои веруваа имаа едно срце и една душа и никој не зборуваше дека нешто од неговиот имот е негово”. „Никој меѓу нив не беше во скудност”. „Апостолите со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса и изобилна благодат беше над сите нив”. (Дела 4:32,34,33) {КВ 551.2}