29. САБОТАТА

Сподели го ова:

Саботата била посветена при создавањето на светот. Онака како што е одредена за човекот, таа води потекло од времето, кога „пееја заедно утринските ѕвезди и кога Божјите синови извикуваа од радост”. (Јов 38:7) Над светот почивал мир, бидејќи Земјата била во хармонија со Небото. „И виде Бог сѐ што создаде и ете беше многу добро“ (Создавање 1:31); и си почина, радувајќи му се на Своето завршено дело. {КВ 281.1}

Затоа што одмарал во саботата „Бог го благословил седмиот ден и го посветил“ одредувајќи го тој ден за света употреба. Тој му ја дал саботата на Адам, како ден за одмор. Таа била спомен на делото на создавањето, а со тоа и знак на Божјата сила и Неговата љубов. Писмото кажува: „Тој направил чудесата Негови да не се заборават”. „Нештата кои се создадени,“ ги објавуваат „Неговите невидливи особини од создавањето на светот“ и „Неговата вечна сила и божество”. (Создавање 2:3; Псалм 111:4; Римјаните 1:20) {КВ 281.2}

Сѐ е создадено од Божјиот Син. „Во почетокот беше Речта и Речта беше со Бога… сѐ стана преку Него и ништо што стана, не стана без Него”. (Јован 1:1-3) Бидејќи саботата е спомен на делото на создавањето, таа е знак за Христовата љубов и моќ. {КВ 281.3}

Саботата ги насочува нашите мисли на природата и не води во заедница со Творецот. Во песните на птиците, во шумот на дрвјата, во музиката на морето сѐ уште можеме да го чуеме гласот на Оној, Кој разговарал со Адам во Едемската градина, во квечерината на денот. И како што ја набљудуваме Неговата сила во природата, наоѓаме утеха, бидејќи Зборот што создал сѐ е оној Збор што дава живот на душата. Тој „Кој и заповедал на светлината да засветли од темнината, засвети во нашите срца за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исус Христос”. (2. Коринтјаните 4:6) {КВ 281.4}

Таа мисла ја мотивирала песната: {КВ 282.1}

„Господе, ме израдува со Своите дела,

И ќе се радувам за делата на Твоите раце.

О, Господе, колку се големи Твоите дела,

и длабоки мислите Твои!”

(Псалм 92:4,5) {КВ 282.2}

Светиот Дух преку пророкот Исаија кажува: „Со кого ќе го уподобите Бога? И со каков лик ќе го споредите?… Зар не знаете? Зар не сте чуле? Нели ви е од искон откриено? Зар не сте сфатиле откако се поставиле темелите на Земјата? Тој седи над земјиниот круг и пред Него жителите се како скакулци. Тој небесата ги распрострел како завеса, ги распнал како шатор за живеење… Со кого ќе Ме споредите, кој е рамен со Мене?“ вели Светиот. „Подигнете ги очите и погледнете: Кој го создал тоа? Кој ја изведува сета таа војска по број и го повикува секој по име; поради Неговата сила и огромна моќ не изоставува ниедно. Зошто зборуваш Јакове, и зошто велиш Израеле: Патот мој е скриен пред Господа и правдата моја му избегнува на мојот Бог? Зар не знаеш? Зар не си чул дека вечниот Бог, Господ, Создателот на земните краишта, не омалаксува ниту се уморува? Тој му дава сила на изморениот и на слабиот му ја умножува крепоста”. „Не бој се, зашто Јас сум со тебе, не се вознемирувај зашто Јас сум твој Бог. Јас ќе те закрепам и јас ќе ти помогнам; јас ќе те поддржам со десницата на Мојата праведност”. „Обратете се кон Мене за да се спасите, сите земни краишта, зашто јас сум Бог и нема друг”. Таа вест е запишана во природата, а цел на саботата е да го сочува споменот на тоа. Кога му наредил на Израел да ги празнува Неговите саботи, Господ рекол: „Тие ќе бидат знак меѓу Мене и вас, за да знаете дека Јас сум Јехова вашиот Бог”. (Исаија 40:18-29; 41:10; 45:22; Езекиел 20:20) {КВ 282.3}

Саботата била опфатена со законот даден на Синај, но таа не била тогаш првпат објавена како ден за одмор. Израелците знаеле за саботата пред да дојдат до Синај. На патот до таму тие ја празнувале. Кога некои ја обесветиле, Господ ги укорил, велејќи: „До кога ќе одбивате да ги држите Моите заповеди и Моите закони?“ (Излез 16:28) {КВ 283.1}

Саботата не била одредена само за Израел, туку и за целиот свет. Таа му е објавена на човекот во Едем и, како и останатите прописи од Декалогот, таа претставува неминлива обврска. За тој закон, кој ја содржи четвртата заповед, Христос вели: „Додека постојат небото и Земјата, нема да исчезне ниту една цртичка и ниту една титла од законот”. Сѐ додека постојат небото и Земјата, саботата ќе биде знак на моќта на Творецот. Кога на Земјата повторно ќе процути Едем, Божјиот свет ден за одмор ќе го почитуваат сите под Сонцето. „Од сабота во сабота“ секој жител на прославената нова земја ќе Доаѓа „да се поклони пред Мене, вели Господ”. (Матеј 5:18; Исаија 66:23) {КВ 283.2}

Од сите прописи што им биле дадени на Евреите, саботата најмногу ги одвојувала од околните народи. Бог одредил празнувањето на саботата да ги означува Евреите како Негови поклоници Таа била симбол на нивното одвојување од идолопоклонството и нивната врска со вистинскиот Бог. Меѓутоа, за да ја празнуваат саботата како света, луѓето и сами мораат да бидат свети. Тие со вера мораат да станат учесници во Христовата праведност. Кога на Израелците им била дадена заповед „Помни го денот саботен за да го празнуваш,“ Господ исто така им рекол: „Ќе ми бидете свет народ”. (Излез 20:8; 22:31) Само на тој начин саботата можела да ги издвои Израелците како Божји поклоници. {КВ 283.3}

Кога Евреите се одвоиле од Бога и пропуштиле преку вера Христовата праведност да ја направат своја, саботата го изгубила своето значење за нив. Во настојување да се издигне себеси и да ги оттргне луѓето од Христа, сатаната настојувал да ја изопачи саботата, бидејќи таа е знак на Христовата сила. Еврејските поглавари ја исполниле волјата на сатаната, кога го опкружиле Божјиот ден за одмор со мачни барања и прописи. Во Христово време саботата била толку изопачена, што придржувањето кон неа го одразувала карактерот на себични и самоволни луѓе, а не карактерот на небесниот Татко полн со љубов. Рабините во суштина го претставувале Бога како Оној, Кој дава закони на кои луѓето не можат да им се покоруваат. Тие го наведувале светот да го смета Бога како тиранин и на заклучок дека луѓето стануваат тврдокорни и сурови ако ја празнуваат саботата како што го бара тоа Бог. Христовото дело се состоело во тоа да ги расчисти тие погрешни сфаќања. Иако рабините го следеле Христа со своето немилосрдно непријателство, Тој дури ни навидум не се прилагодувал на нивните барања, туку одел напред, празнувајќи ја саботата во сообразност со Божјиот закон. {КВ 283.4}

Една сабота, враќајќи се од местото на богослужение, Спасителот и Неговите ученици минувале низ едно поле со зрело жито. Исус ја продолжил Својата работа до доцна, па учениците, минувајќи низ полето почнале да откинуваат класје жито и да ги јадат зрната, откако го триеле со рацете. Во кој било друг ден таквата постапка не би предзивикала никакви забелешки, бидејќи поминувајќи низ нива, овоштарник или лозје, секој слободно можел да набере она што сакал да јаде. (Види Второзаконие 23:24,25) Меѓутоа, да се направи тоа во сабота се сметало за обесветување. Не само што откинувањето на класјето било сметано како некој вид жетва, туку и триењето со раце било сметано за некој вид вршидба. Така, според мислењето на рабините, тоа бил двоен престап. {КВ 284.1}

Шпионите веднаш се пожалиле на Исуса, велејќи: „Ете, учениците твои прават нешто што не е дозволено да се прави во сабота”. {КВ 284.2}

Кога бил обвинет дека во Витезда ја прекршил саботата, Исус се бранел со тврдењето дека е Божји Син, објавувајќи дека работел во хармонија со Таткото. Сега, кога Неговите ученици биле нападнати, Тој на обвинителите им навел примери од Стариот Завет за делата, кои во сабота ги извршиле оние, кои биле во Божја служба. {КВ 284.3}

Еврејските учители се гордееле со своето познавање на Светото Писмо, а одговорот на Спасителот содржел премолчен прекор што им бил упатен заради непознавање на светите списи. „Зар не сте читале,“ рекол Тој, „што стори Давид кога огладне тој и тие кои беа со него; како влезе во Божјиот дом и ги зеде и јадеше од поставените лебови,… што не е законски да ги јаде никој освен свештениците?“ „И им рече: ‘Саботата е создадена поради човекот, а не човекот поради саботата’”. „Зар не сте читале во законот дека во саботни денови свештениците во храмот ја нарушуваат саботата, и не се виновни? Но, Јас ви велам дека тука има Еден, Кој е поголем од храмот”. „Синот Човечки е господар и на саботата”. (Лука 6:3,4; Марко 2:27, 28; Матеј 12:5,6) {КВ 285.1}

Ако Давид бил во право, кога ја задоволил својата глад, јадејќи леб што бил одвоен за света употреба, тогаш и учениците биле во право, кога ја задоволиле својата потреба на тој начин што береле класје во светите саботни часови. Од друга страна, свештениците во храмот извршувале поголема работа во сабота, отколку другите денови. Истата таа работа во земните нешта би била грешна, меѓутоа, работата на свештениците била во служба на Бога. Тие ги извршувале оние обреди, кои укажувале на Христовата моќ на избавување и нивната работа била во склад со намената на саботата. Меѓутоа, сега дошол Самиот Христос. Вршејќи го Христовото дело, учениците ја извршувале Божјата служба и она што било неопходно за остварување на тоа дело било исправно да се прави во саботен ден. {КВ 285.2}

Христос сакал да ги поучи Своите ученици и Своите непријатели дека Божјата служба доаѓа пред сѐ останато. Целта на Божјото дело во овој свет е избавување на човекот. Според тоа, она што е неопходно да се прави во сабота заради остварување на тоа дело е во склад со законот за саботата. Исус тогаш го крунисал Својот аргумент, објавувајќи за Себеси дека е: „Господар на саботата“ Некој, Кој е над секое прашање и над секој закон. Бесконечниот Судија ги ослободил учениците од вината, повикувајќи се на оние прописи за чија повреда тие биле обвинети. {КВ 285.3}

Исус не останал само на тоа што ги укорил своите непријатели. Тој рекол дека во своето слепило тие погрешно ја сфатиле целта на саботата. Тој рекол: „Кога би знаеле што значат зборовите: Милост сакам а не жртва, немаше да ги осудите невините”. (Матеј 12:7) Многубројните празни обреди не можат да го надополнат недостатокот на вистинска искреност и нежна љубов, кои секогаш го карактеризираат вистинскиот Божји поклоник. {КВ 285.4}

Христос повторно ја потврдил вистината дека жртвите сами по себе немаат никаква вредност. Тие биле средство, а не цел. Тие требало да им укажат на луѓето на Спасителот и така да ги доведат во хармонија со Бога. Бог ја цени службата од љубов. Ако тоа го нема, самата рутина на церемонии е навреда за Него. Така е и со саботата. Таа имала цел да ги доведе луѓето во заедница со Бога, но оваа цел не може да се постигне, кога умот е окупиран со заморни обреди. Формалното празнување на саботата значело исмејување. {КВ 286.1}

Влегувајќи една сабота во синагогата, Исус здогледал човек со сува рака. Фарисеите го следеле, желни да видат што ќе направи. Спасителот добро знаел дека ќе го сметаат за престапник ако лекува во сабота, но не се двоумел да го сруши ѕидот на традиционалните барања со кои била оградена саботата. Го повикал болниот човек да стане, а потоа прашал: „Дали е дозволено во сабота да се прави добро или зло? Да се спаси живот или да се погуби?“ Меѓу Евреите важело начелото дека да не се прави добро, кога се има прилика за тоа, значи да се прави зло, да не се спаси нечиј живот, значи да се убие. На овој начин Исус се сретнал со рабините на нивно сопствено тло. „А тие молчеа. Па кога ги изгледа со гнев и ожалостен заради окоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: Протегни ја раката. Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата”. (Марко 3:4,5) {КВ 286.2}

Кога бил запрашан: „Дозволено ли е да се исцелува во саботите?“ Исус одговорил: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, нема да ја фати и нема да ја извади? А колку повеќе вреди човекот од овцата? И така во сабота е дозволено да се прави добро”. (Матеј 12:10-12) {КВ 286.3}

Во присуство на мноштвото, шпионите не се осмелувале да му одговорат на Христа, стравувајќи сами да не западнат во незгода. Знаеле дека Тој ја зборува вистината. Тие повеќе би дозволиле човекот да страда, отколку да ги повредат своите традиции, додека биле подготвени да спасат животно само сопственикот да не биде материјално оштетен, ако истото биде занемарено. Со тоа покажале поголема грижа за немото животно отколку за човекот, кој е создаден според Божји лик. Тука се манифестира природата на сите лажни вери. Тие произлегуваат од желбите на човекот да се издигне над Бога, а доведуваат до тоа човекот да стане понизок од животните. Секоја религија, која се бори против врховната Божја власт му ја одзема на човекот славата што ја имал при создавањето и која му се враќа во Христа. Секоја лажна религија ги учи своите следбеници да не водат грижа за човечките потреби, страдања и права. Евангелието придава голема вредност на човечкиот род, бидејќи е откупен со Христовата крв и не учи нежно да водиме сметка за желбите и неволјите на човекот. Господ вели: „Ќе сторам човекот да вреди повеќе од чисто злато, повеќе од злато офирско”. (Исаија 13:12) {КВ 286.4}

Кога Исус им го поставил на фарисеите прашањето дали е законски да се прави добро или зло во сабота, да се спасува животот или да се убива, Тој ги соочил со нивните сопствени зли намери. Тие со омраза и огорченост го ловеле Неговиот живот, додека Тој спасувал животи и донесувал среќа на многу луѓе. Дали било подобро да се убие во сабота, како што тие планирале да направат, или да се лекуваат болните, како што правел Тој? Дали било поправедно да се смислува убиство во своето срце во светиот Божји ден или да се љубат сите луѓе, нешто што наоѓа израз во милосрдни дела? {КВ 287.1}

Лекувајќи ја сувата рака, Исус го осудил еврејскиот обичај, а четвртата заповед ја ставил на нејзиното од Бога дадено место. „Во сабота е дозволено да се прави добро,“ објавил Тој. Отстранувајќи ги бесмислените ограничувања на Евреите, Христос покажал почит кон саботата, додека оние што го напаѓале, го омаловажувале Божјиот свет ден.  {КВ 287.2}

Оние што сметаат дека Христос го укинал законот, учат дека Тој ја погазил саботата и ги оправдал Своите ученици, кои истото го сториле. Со тоа всушност имаат ист став како Евреите, кои му префрлале на Христа. Со тоа тие му противречат на сведоштвото на Христа, Кој рекол: „Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов”. (Јован 15:10) Ниту Спасителот, ниту Неговите следбеници не ја престапиле четвртата заповед. Христос бил жив претставник на законот. Во Неговиот живот не можел да се најде ниту еден прекршок на Неговите свети прописи. Фрлајќи поглед на едно мноштво сведоци, кои барале можност да го осудат, Тој можел неоспорно да каже: „Кој од вас ме обвинува за грев?“ (Јован 8:46) {КВ 287.3}

Спасителот не дошол да го отфрли она што го зборувале патријарсите и пророците, зашто Тој Самиот зборувал преку овие претставници. Сите вистини на Божјата Реч произлегле од Него. Меѓутоа, тие непроценливи скапоцености биле ставени во погрешни рамки. Нивната драгоцена светлина е користена за да се поткрепи заблудата. Бог сакал сите скапоцености да се извадат од рамките на заблудата и да ги врати во рамките на вистината. Тоа дело можело да го изврши само божествена рака. Преку својата поврзаност со заблудата, вистината почнала да служи за целите на непријателот на Бога и на човекот. Христос дошол да ја постави на она место, на кое ќе го прослави Бога и ќе работи за спасение на човештвото. {КВ 287.4}

„Саботата е создадена поради човекот, а не човекот поради саботата,“ рекол Исус. Установите што Бог ги воспоставил се за корист на човештвото. „Сите нешта се заради нас”. „Било Павле или Аполос, или Кифа, или светот, или животот, или смртта, или сегашно или идно сѐ е ваше, вие пак сте Христови, а Христос е Божји”. (2. Коринтјаните 4:15; 1. Коринтјаните 3:22,23) Законот од десет заповеди, во чиј состав е и саботата, Бог му го дал на Својот народ како благослов. Мојсеј кажал: „И ни нареди Господ,“ рекол Мојсеј, „да ги извршуваме сите овие уредби, да се боиме од Господ, нашиот Бог, за да ни биде добро секогаш, за Тој да ни го запази животот”. (Второзаконие 6:24) На Израел преку псалмистот му е дадена вест: „Служете му на Господа весело; дојдете пред лицето Негово пеејќи. Знајте дека Господ е Бог; Тој не создал, а не ние самите себе; ние сме Негов народ и овци на Неговото пасиште. Влезете низ Неговите порти со благодарност и во дворовите Негови со пофалба”. (Псалм 100:2-4) А за сите што ја пазат „саботата за да не ја осквернат,“ изјавува Господ, „нив ќе ги доведам на Мојата света гора и ќе ги развеселам во Мојот молитвен дом”. (Исаија 56:6,7) {КВ 288.1}

„Така Синот Човечки е Господар исто така и на саботата”. Овие зборови се полни со поука и утеха. Бидејќи е создадена за човекот, саботата е Господов ден. Таа му припаѓа на Христа. Зашто „сѐ стана преку Него, и ништо што стана не стана без Него”. (Јован 1:3) Бидејќи Тој создал сѐ, ја создал и саботата. Тој ја изделил како спомен на делото на создавање. Таа посочува кон Него и како Творец и како Оној, Кој посветува. Таа објавува дека Оној, Кој ги создал сите нешта на Небото и на Земјата, и преку Кого сите нешта опстојуваат, е Глава на црквата и преку Неговата сила ние сме помирени со Бога. Зборувајќи за Израел, Тој рекол: „Им ги дадов Моите саботи како знак меѓу Мене и нив, за да знаат дека Јас сум Господ, Кој ги посветувам“ ги правам свети. (Езекиел 20:12) Саботата е знак на Христовата моќ да не направи свети. Таа е дадена на сите што Христос ги прави свети. Како знак на Неговата посветувачка сила, саботата е дадена на сите, кои преку Христа стануваат дел од Божјиот Израел. {КВ 288.2}

Господ вели: „Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја за да не го правиш она што тебе ти е драго; ако саботата ја викаш задоволство, почесен и свет ден Господов;… тогаш ќе уживаш во Господа”. (Исаија 58:13, 14) Саботата ќе биде задоволство за сите оние што ја примаат како знак на Христовата создавачка и откупителна моќ. Гледајќи го Христа во неа, тие наоѓаат задоволство во Него. Саботата им укажува на делата на создавање, како на доказ на Неговата силна моќ во откупувањето. Саботата потсетува на загубениот Едем и истовремено укажува на мирот, кој е повторно вратен преку Христа. И секој предмет во природата го повторува Неговиот повик: „Дојдете кај Мене сите кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор”. (Матеј 11:28) {КВ 289.1}

Сподели го ова:

Слични објави