54. ДОБРИОТ САМАРЈАНИН
Оваа поглавје е засновано на Лука 10:25-37.
Во сторијата за добриот Самарјанин, Христос ја открил природата на вистинската вера. Тој практично покажал дека таа не се состои во никаков систем, пропишани верувања или обреди, туку во дела на љубов, во правење добро на другите, во вистинска добрина. {КВ 497.1}
Додека Христос го учел народот, „стана еден законик и искушувајќи го рече: ‘Учителе, што треба да правам за да наследам живот вечен’?“ Големиот собир внимателно и без здив го очекувал одговорот. Свештениците и рабините мислеле дека ќе му постават стапица на Христа, наведувајќи го законикот да го постави тоа прашање. Меѓутоа, Спасителот не се впуштил во судир. Тој барал одговор токму од оној што го поставил прашањето. „Што е напишано во законот,“ рекол Тој, „како читаш?“ Евреите сѐ уште го обвинувале Исуса дека лекомислено се однесува кон законот даден на Синајската гора; но Тој го насочил прашањето за спасението кон држењето на Божјите заповеди. {КВ 497.2}
Законикот кажал: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои мисли; и својот ближен како самиот себе”. Исус му рече: „Право одговори. Прави го тоа и ќе живееш”. {КВ 497.3}
Законикот не бил задоволен од ставот и делата на фарисеите. Тој ги проучувал Светите Списи со желба да го дознае нивното вистинско значење. За него тоа прашање било од животно значење и тој искрено прашал: „Што треба да правам?“ Во одговорот што го дал за барањата на законот, тој воопшто не ги споменал многубројните прописи за церемониите и обредите. На тие прописи тој не им придавал никакво значење, туку ги изнел двете големи начела на кои висел сиот закон и пророците. Со тоа што го пофалил одговорот на законикот, Спасителот бил во поповолна положба кон рабините. Тие не можеле да го осудат, кога го потврдил она што го изнел еден толкувач на законот. {КВ 497.4}
„Прави го тоа и ќе живееш,“ рекол Исус. Тој го прикажал законот како божествена целина и со таа поука покажал дека е невозможно да се држи еден пропис, а да се крши друг, бидејќи истото начело се провлекува низ сите нив. Врз основа на послушноста кон целокупниот закон ќе се одреди човековата судбина. Најголемата љубов кон Бога и непристрасната љубов кон човекот се начела кои треба да станат реалност во животот. {КВ 498.1}
Законикот дошол до заклучок дека и самиот е престапник на законот. Христовите зборови го увериле дека тој не ја спроведувал во дело праведноста на законот, за која тврдел дека ја разбира. Тој не покажувал љубов кон своите ближни. Било потребно покајание, но наместо да се покае, тој се обидел да се оправда. Одбегнувајќи да ја признае вистината, тој се трудел да покаже колку е тешко да се држат заповедите. Се надевал дека со тоа ќе го избегне уверувањето и дека ќе се оправда во очите на народот. Зборовите на Спасителот покажале дека неговото прашање било непотребно, бидејќи бил во состојба сам да одговори на него. Сепак, тој поставил уште едно прашање, велејќи: „Кој е мојот ближен?“ {КВ 498.2}
Тоа прашање предизвикало бескрајна расправа меѓу Евреите. Тие не се сомневале во врска со незнабошците и Самарјаните; тие биле туѓинци и непријатели. Меѓутоа, каде треба да се прави разлика меѓу припадниците на сопствениот народ, меѓу различните општествени слоеви? Кого свештеникот, рабинот и старешината треба да го сметаат за свој ближен? Тие целиот свој живот го поминувале во извршување на обреди за да се очистат. Допирот со неукото и безгрижно мноштво, според нивното мислење, ги осквернувал, а тоа можело да се отстрани само со голем труд. Дали треба и „нечистите“ да се сметаат за ближни? {КВ 498.3}
Исус и овој пат одбил да биде вовлечен во судир. Тој не го осудил верскиот фанатизам на оние што демнеле да го осудат. Меѓутоа, со една едноставна сторија Тој така им го прикажал на Своите слушатели излевањето на љубовта која потекнува од Небото, што сите срца биле трогнати, а од законикот изнудило признавање на вистината. {КВ 498.4}
Темнината може да се отстрани само ако се прими светлина. Начинот на кој најдобро може да се отстрани заблудата, се состои во тоа да се изнесе вистината. Во откривањето на Божјата љубов се разоткрива изопачениот грев на срцето исполнето со себичност. {КВ 498.5}
„Еден човек,“ рекол Исус, „слегуваше од Ерусалим во Ерихон и падна во рацете на разбојници кои го соблекоа и при тоа го изранија, па го оставија полумртов и си заминаа. Случајно по тој пат слегуваше еден свештеник, па кога го виде, го заобиколи и си замина. Така и некој Левит, кога дојде до тоа место и кога го виде, го заобиколи и си замина”. (Лука 10:30-32) Тоа не била никаква измислена приказна, туку вистински настан. Свештеникот и Левитот кои поминале покрај тој човек се наоаѓале меѓу оние кои ги слушале Христовите зборови. {КВ 499.1}
Патувајќи од Ерусалим до Ерихон, патникот морал да помине низ еден дел од јудејската пустина. Патот водел низ една дива, карпеста клисура, која криела разбојници и била честа сцена на насилство. Тука патникот бил нападнат, ограбен од сето она што било вредно, ранет, претепан и оставен полумртов на патот. Додека тој лежел така, наишол свештеникот, но само фрлил поглед кон ранетиот човек. Наишол и Левитот. Љубопитен да види што се случило, запрел и го погледнал страдалникот. Тој добро знаел што треба да направи, но тоа не била пријатна должност. Се покајал што воопшто поминал покрај тој пат, за да не морал да го види ранетиот човек, но на крај самиот се уверил дека тој случај не претставувал негова грижа. {КВ 499.2}
Двајцата луѓе биле во света служба и нивната должност била да го објаснуваат Светото Писмо. Тие припаѓале на онаа група луѓе кои биле посебно избрани да бидат Божји претставници пред народот. Тие требало да „бидат благи кон оние што се во незнаење и се заблудени”. (Евреите 5:2), за да ги водат луѓето да ја сфатат големата Божја љубов кон човечкиот род. Делото кое тие требало да го извршуваат било исто како и делото кое Христос го опишал како Свое, кога рекол: „Господовиот Дух почива врз Мене, зашто Тој Ме помаза за да го проповедам евангелието на сиромасите; Тој ме испрати да ги исцелам скршените по срце, да им проповедам ослободување на заробените, и враќање на вид на слепите, да ги ослободам угнетените”. (Лука 4:18) {КВ 499.3}
Небесните ангели ги набљудуваат неволјите на Божјото семејство на Земјата и се подготвени да соработуваат со луѓето во олеснувањето на угнетувањата и страдањата. Во Своето провидение Бог ги навел свештеникот и Левитот на патот покрај кој лежел ранетиот страдалник, за да ја видат неговата потреба од милост и помош. Целото Небо набљудувало, да види дали во срцата на тие луѓе ќе се разбуди сожалување кон човечкото страдање. Спасителот бил Оној, Кој во пустината им дал инструкции на Евреите. Од столбот од облак и пламен Тој им дал поука која многу се разликувала од онаа што досега народот ја примал од своите свештеници и учители. Милостивите одредби на законот се однесувале дури и на немите животни, кои не можат да ги изразат своите потреби и страдања со зборови. Во тој поглед, на Мојсеј му биле дадени упатства за Израелевите деца: „Кога ќе наидеш на заталкано добиче или магаре на својот непријател, мораш да му го однесеш назад. Ако го видиш магарето на оној што те мрази како паднало под својот товар, немој да го оставиш. Заедно со неговиот господар мораш да му помогнеш да се дигне”. (Излез 23:4,5). Наведувајќи го примерот на човекот што бил ранет од разбојниците, Христос изнел случај на еден брат во неволја. Со колку поголемо сожалување требало да биде поттикнато нивното срце кон Него, отколку кон едно животно користено за работа. Преку Мојсеј им била дадена вест дека нивниот Господ Бог е „Бог голем, силен и страшен,“ Кој „им дава правда на сиракот и вдовицата и Кој го љуби придојденикот”. Затоа Тој заповедал: „Љубете го и вие придојденикот”. „Љуби го како самиот себе”. (Второзаконие 10:17-19; Левит 19:34) {КВ 500.1}
Јов рекол: „Туѓинецот не ноќеваше на улица; вратата своја ја отворав на патникот”. А кога двајцата ангели во човечки облик дошле во Содом, Лот се поклонил со лицето до земја и рекол: „Ве молам, господари мои, навратете во куќата на својот слуга за да преноќевате”. (Јов 31:32; Создавање 19:2) Сите овие поуки им биле познати на свештеникот и на Левитот, но тие не ги примениле во животот. Воспитани во училиштето на националниот верски фанатизам, тие станале себични, тесногради и исклучиви. Кога го виделе ранетиот човек, тие не можеле да кажат дали припаѓа на нивниот народ или не. Помислиле дека можеби е Самарјанин и го продолжиле својот пат. {КВ 500.2}
Во нивната постапка, онака како што ја опишал Христос, законикот не видел ништо што би било спротивно на она што го научил во врска со барањата на законот. Потоа била прикажана поинаква сцена: {КВ 503.1}
Еден Самарјанин наишол на местото каде што лежел страдалникот и кога го видел, почувствувал сожалување за него. Тој не се прашувал дали тој маченик е Евреин или незнабожец. Самарјанинот добро знаел дека кога улогата би била обратна, Евреинот би го плукнал во лице и со презир би поминал покрај него. Меѓутоа, не се колебал поради тоа. Не обрнувал внимание на тоа дека можеби и сам се изложува на опасност од насилство ако се задржува на тоа место. За него било доволно што тука се наоѓа едно човечко суштество кое страда и на кое му е потребна помош. Ја соблекол својата облека за да го покрие. Маслото и виното што ги подготвил за своето патување, ги употребил за да ги превие раните и да го закрепне ранетиот човек. Го подигнал на своето добиче и одел полека, со рамномерен чекор, така што ранетиот да не биде потресуван и поради тоа да има уште поголеми Болки. Го довел во една гостилница и грижливо го негувал цела ноќ. Изутрината, кога на ранетиот човек му било подобро, Самарјанинот одлучил да го продолжи патот. Пред да го направи тоа, тој му го доверил човекот на гостилничарот, ги платил трошоците и оставил депозит во негова полза. Незадоволен од ова, му рекол на гостилничарот: „Погрижи се за него, и што и да потрошиш повеќе, јас ќе ти платам, кога ќе се вратам”. {КВ 503.2}
Кога ја завршил сторијата, Исус го насочил Својот поглед кон законикот и како да ја читал неговата душа, рекол: „Според твое мислење, кој од тие тројца му беше ближен на оној што паднал во разбојнички раце?“ (Лука 10:36) {КВ 503.3}
Законикот дури ни тогаш не сакал да го изговори името на Самарјанинот, туку одговорил: „Оној што му се смилувал”. Исус рекол: „Оди и ти прави така”. {КВ 503.4}
На тој начин прашањето: „Кој е мојот ближен“ било одговорено засекогаш. Христос покажал дека наш ближен не е само оној што припаѓа на нашата црква или вера. Тоа нема никаква врска со расата, со бојата или со општествената разлика. Наш ближен е секој оној кому му е потребна нашата помош. Наш ближен е секоја душа која непријателот ја ранил и ја повредил. Наш ближен е секој оној, кој е Божја своина. {КВ 503.5}
Во сторијата за добриот Самарјанин Исус се опишал Себеси и Својата мисија. Сатаната го измамува, ранува, краде човекот и го остава да пропадне, но Спасителот имал сожалување кон нашата беспомошна состојба. Тој ја напуштил Својата слава, за да дојде и да не спаси. Тој не нашол на работ на смртта и го презел на Себе нашиот случај. Ни ја отворил вратата на сигурното засолниште и целосно се погрижил за нас, земајќи ги сите издатоци на Себе. Тој умрел за да не откупи. Укажувајќи на Својот сопствен пример, Тој им кажал на Своите следбеници: „Ова ви заповедам, да се љубите еден со друг”. „Да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас”. (Јован 15:17; 13:34) {КВ 503.6}
Законикот му го поставил на Исус ова прашање: „Што треба да правам?“ А Исус, потврдувајќи дека љубовта кон Бога и кон човекот е она што ја сочинува праведноста, рекол: „Прави го тоа и ќе бидеш жив”. Самарјанинот се раководел од побудите на своето добро срце исполнето со љубов и со тоа докажал дека е вршител на законот. Христос му рекол на законикот: „Прави го тоа и ќе живееш”. Од Божјите деца се очекува да прават дела, а не само да остануваат на зборови. „Оној што тврди дека пребива во Него, треба да чекори како што чекореше Тој”. (1. Јованово 2:6) {КВ 504.1}
Оваа поука му е потребна на денешниот свет исто толку колку и тогаш, кога излегла од Исусовите усни. Себичноста и студената формалност речиси го изгаснале пламенот на љубовта и ги истерале добрите карактеристики кои треба да бидат мирис на карактерот. Многумина кои го исповедаат Неговото име, го изгубиле од вид фактот дека христијаните треба да го претставуваат Христа. Ако немаме практичен самопожртвуван дух за добро на другите во семејниот круг, во соседството, во црквата и секаде каде што се наоѓаме, тогаш не сме христијани, без оглед на тоа каква вера исповедаме. {КВ 504.2}
Христос го поврзал Својот интерес со интересот на човештвото и не повикува да бидеме едно со Него заради спасение на човештвото. Тој вели: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте”. (Матеј 10:8) Гревот е најголем од сите зла, а наша должност е да имаме сожалување кон грешникот и да му помагаме. Има многумина кои грешат и кои го чувствуваат својот срам и своето безумие. Тие копнеат за некој збор на охрабрување. Тие гледаат на своите грешки и заблуди, додека не паднат речиси до очај. Тие души не смееме да ги запоставиме. Ако сме христијани, не смееме да поминеме покрај нив, ниту да се држиме што подалеку од оние на кои нашата помош им е најпотребна. Кога гледаме дека човечките суштества се во неволја, било да е заради несреќа или грев, никогаш не треба да кажеме: „Тоа не е моја грижа”. {КВ 504.3}
„Вие духовните, исправајте го таквиот со дух на кротост”. (Галатјаните 6:1) Со вера и со молитва потиснувајте ја силата на непријателот. Зборувајте зборови на вера и охрабрување, кои ќе бидат како мелем за оној што е ранет и повреден. Мнозина, се обесхрабриле и станале малодушни во големата животна борба, а еден збор на љубезно бодрење би можел да ги зајакне за да победат. Никогаш не треба да поминеме покрај некоја душа што страда, а да не се обидеме да и пружиме утеха со која Бог не утешил и нас. {КВ 504.4}
Сето тоа е само исполнување на начелото на законот начелото што е илустрирано во сторијата за добриот Самарјанин и манифестирано во Исусовиот живот. Неговиот карактер ја открива вистинската смисла на законот и покажува што значи да се љуби ближниот како себеси. Кога Божјите деца покажуваат милост, љубезност и љубов кон сите луѓе, тие истовремено даваат сведоштво за карактерот на небесните прописи. Тие сведочат за тоа дека „Господовиот закон е совршен, ја обратува душата”. (Псалм 19:7) Секој оној, кој не манифестира таква љубов, тој го крши законот кон кој тврди дека има стравопочит, бидејќи духот што го манифестираме кон нашите браќа покажува каков е нашиот дух и кон Бога. Божествената љубов во срцето е единствен извор на љубовта кон нашиот ближен. „Ако некој рече: ‘Јас го сакам Бога’, а го мрази својот брат, лажливец е; зашто оној што не го сака својот брат кого го видел, како може да го сака Бога кого не го видел”. Возљубени, „ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и Неговата љубов станува совршена во нас”. (1. Јованово 4:20,12) {КВ 505.1}