52. БОЖЕСТВЕН ПАСТИР
Оваа поглавје е засновано на Јован 10:1-30.
„Јас сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците”. „Јас сум Добриот Пастир и ги познавам овците Мои и Моите овци ме познаваат Мене. Како Мене што ме познава Таткото така и Јас што го познавам Таткото; и Својот живот Јас го давам за овците”. {КВ 476.1}
Исус и овој пат нашол пристап до умовите на Своите слушатели користејќи слики од секојдневниот живот. Тој го споредил влијанието на Духот со студена, освежувачка вода. Себеси се прикажал како светлина, изворот на живот и радост за природата и човекот. Сега со една прекрасна пастирска слика го прикажал Својот однос со оние кои веруваат во Него. Ниедна друга слика не можела да биде поблиска на Неговите слушатели и Христос со Своите зборови засекогаш ја врзал таа слика за Себе. Никогаш повеќе учениците не можеле да набљудуваат пастир кој го чува своето стадо, а да не се сетат на Спасителовата поука. Тие во секој верен пастир го гледале Христа, а во беспомошното и зависното стадо се гледале себеси. {КВ 476.2}
Оваа слика ја употребил и пророкот Исаија говорејќи ги утешителните зборови за мисијата на Месијата: „Сионе, ти кој јавуваш добри вести, искачи се на високата гора; Подигни го силно својот глас, веснику на радосна вест, Ерусалиме! Подигни го, не бој се, кажи им на јудејските градови: Еве го вашиот Бог!… Како пастир ќе го пасе стадото Свое; на раце ќе ги земе јагнињата, и ќе ги носи во Своите прегратки”. (Исаија 40:9-11) Давид тоа го изразува во песна: „Господ е пастир мој, ништо нема да ми недостасува”. (Псалм 23:1) А преку Езекиел, Светиот Дух објавил: „Ќе им подигнам еден пастир што ќе ги пасе”. „Ќе ја побарам загубената, ќе ја вратам заталканата, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја закрепнам немоќната”. „ И ќе склучам со нив сојуз на мир”. „И нема да бидат повеќе плен на незнабошците…, туку ќе живеат мирно и нема никој да ги плаши”. (Езекиел 34:23,16,25,28) {КВ 476.3}
Христос ова пророштво го применил на Себе и ја покажал спротивноста меѓу Својот карактер и карактерот на израелските водачи. Токму во тоа време фарисеите отфрлиле еден човек од стадото, бидејќи се осмелил да сведочи за Христовата сила. Отфрлиле една душа која Вистинскиот Пастир ја привлекол кон Себе. Со тоа покажале дека не го сфаќаат делото што им е доверено и дека се недостојни да бидат пастири на стадото. Исус сега им ја укажал спротивноста помеѓу нив и Добриот Пастир и укажал на Себе како на вистински чувар на Господовото стадо. Меѓутоа, пред да го направи тоа, зборувал за Себе употребувајќи друга споредба. {КВ 477.1}
Тој рекол: „Оној што не влегува во трлото низ вратата, туку прескокнува на друго место, крадец е и разбојник. Оној што влегува низ вратата е пастирот на овците”. Фарисеите не сфатиле дека тие зборови се искажани против нив. Кога во своето срце размислувале за нивното значење, Исус отворено им кажал: „Јас сум вратата. Кој ќе влезе низ Мене, ќе се спаси; тој ќе влегува и излегува и ќе најде пасиште. Крадецот Доаѓа само да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да имаат живот и тоа живот во изобилство”. {КВ 477.2}
Христос е вратата на Божјото трло. Низ таа врата влегле сите Негови деца од најраните времиња. Во Христа, како што е прикажано во сликите, како што е прикажано во симболите, како што е манифестирано во откровенијата на пророците, како што е откриено во поуките дадени на Неговите ученици и во чудата извршени за човечките синови, тие го гледале „Божјото јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот“ (Јован 1:29), и преку Него се примени во трлото на Неговата благодат. Многумина изнесувале разни други нешта во кои треба да има вера светот; измислувале церемонии и системи преку кои луѓето се надеваат дека ќе примат оправдание и мир со Бога и дека така ќе добијат пристап во Неговото трло. Но, Христос е единствениот влез и сите кои поставиле нешто друго наместо Христа, сите кои се обидуваат да влезат во трлото на некој друг начин се крадци и разбојници. {КВ 477.3}
Фарисеите не влегле низ таа врата. Се вовлекле во стадото по некој друг пат, а не преку Христа и поради тоа не го вршеле делото на вистинскиот пастир. Свештениците и поглаварите, книжевниците и фарисеите ги уништувале живите пасишта и ги оскверниле изворите на водата на животот. Вдахновените зборови убаво ги опишуваат тие лажни пастири: „Немоќни не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувавте, истерани не враќавте… туку насилно и свирепо господарите над нив”. (Езекиел 34:4) {КВ 478.1}
Филозофите и учителите во сите векови му презентирале на светот теории за да ги задоволат потребите на душата. Секој незнабожечки народ имал свои големи учители и верски системи кои нуделе некој друг начин на избавување, но без Христа, одвраќајќи ги очите на луѓето од лицето на Таткото, внесувајќи во човечките срца страв од Оној, Кој им давал само благослов. Нивното дело било да го лишат Бога од она што е Негово, и со создавањето и со откупувањето. Овие лажни учители го поткраднуваат и човекот. Милиони човечки суштества робуваат на лажни религии, во синџирите на ропскиот страв и нечувствителна рамнодушност, мачејќи се како животни кои се впрегнати или натоварени, лишени од надежта, радоста или тежнеењето во овој свет и чувствувајќи тивок страв од иднината. Единствено евангелието на Божјата благодат може да ја издигне душата. Размислувањето за Божјата љубов откриена во жртвата на Неговиот Син ќе го допре срцето и ќе ги разбуди силите на душата, како што не може ништо друго да го направи тоа. Христос дошол да го обнови Божјиот лик во човекот; и секој оној што ги одвраќа луѓето од Христа ги одвраќа од изворот на вистинскиот развој; тој ги лишува од надежта, целта и славата на животот. Секој таков е крадец и разбојник. {КВ 478.2}
„Оној што влегува низ вратата е пастирот на овците”. Христос е и вратата и пастирот. Тој влегува низ Самиот Себе. Жртвувајќи се Себеси, Тој станува пастир на овците. „Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат Неговиот глас. Тој Своите овци ги вика по име и ги изведува надвор. И кога ќе ги изведе сите овци, Тој оди пред нив и овците одат по Него, бидејќи го познаваат Неговиот глас”. {КВ 478.3}
Од сите созданија, овцата е едно од нај плашливите и најбеспомошните; затоа пастирот на Исток неуморно и постојано се грижи за своето стадо. Во старо време, надвор од градските ѕидини било опасно. Разбојниците од пограничните номадски племиња и грабливите ѕверки од нивните скришни места во карпите, чекале во заседа да го ограбат стадото. Пастирот го чувал стадото, иако знаел дека со тоа го изложува на опасност сопствениот живот. Опишувајќи го својот неуморен труд додека ги чувал Лавановите стада на пасиштето, Јаков вели: „Дење ме истоштуваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите”. (Создавање 31:40) А Давид како момче, чувајќи ги стадата на својот татко наидувал на лавови и мечки и сам го спасувал украденото јагне од нивните заби. {КВ 478.4}
Додека пастирот го води своето стадо преку карпести гребени, низ шуми и диви клисури до тревни ливади на брегот на реката; додека го чува на планините осамен во ноќите, штитејќи го од разбојници, нежно грижејќи се за болните и слабите, неговиот живот се изедначува со животот на стадото. Силната и нежна врска го поврзува него со субјектите кои се доверени на неговата грижа. Колку и да е големо стадото, пастирот ја познава секоја овца. Секоја од нив има свое име и се одѕива на тоа име, кога пастирот ќе ја повика. {КВ 479.1}
Како што земниот пастир ги познава своите овци, така божествениот Пастир го познава своето стадо што е раширено по цел свет. „Вие сте овци Мои, овци на Моето стадо, а јас сум Бог ваш вели Господ, Бог”. Исус вели: „Јас те повикав по име: ти си Мој”. „Јас те врежав на дланките на Моите раце”. (Езекиел 34:31, Исаија 43:1; 49:16) {КВ 479.2}
Исус нас поединечно не познава и е трогнат од чувството на нашите слабости. Тој сите нас не познава по име. Тој ја знае куќата во која ние живееме, имињата на сите кои се наоѓаат во неа. Тој во одредени времиња им дал упатства на Своите слуги да одат на одредена улица, во одреден град во одредена куќа и да најдат една од Неговите овци. {КВ 479.3}
Исто така, Исус потполно ја познава секоја душа како таа да е единствената душа заради која Тој умрел. Неволјите на секоја душа го допираат Неговото срце. Секој повик за помош стигнува до Неговото уво. Тој дошол за да ги привлече кон Себе сите луѓе. Тој ги повикува: „Следете Ме“ и Неговиот дух влијае на нивните срца и ги привлекува да Му пријдат. Многумина одбиваат да бидат привлечени и Исус знае кои се тие. Тој исто така знае кој радосно го слуша Неговиот повик и кој е подготвен да се предаде на Неговата пастирска грижа. Тој вели: „Овците Мои го слушаат Мојот глас. Јас ги познавам и тие одат по Мене”. Тој се грижи за секоја овца поединечно, како на светот да не постои ниту една друга. {КВ 480.1}
„Тој Своите овци ги вика по име и ги изведува надвор… и овците одат по Него, бидејќи го познаваат Неговиот глас”. Пастирот од Исток не ги брка своите овци, не се служи со сила, ниту со заплашување, туку оди пред нив и ги повикува. Тие го познаваат неговиот глас и се одѕиваат на повикот. Така постапува и нашиот Пастир Спасител со Своите овци. Светото Писмо вели: „Својот народ ти го водеше како стадо преку рацете на Мојсеј и Арон”. Исус преку пророкот објавува: „Те љубам со вечна љубов, затоа со милна љубезност те привлеков”. Тој никого не принудува да оди по Него. Тој кажува: „Ги привлекував со човечки јажиња, со јажиња на љубов”. (Псалм 77:20; Еремија 31:1; Осија 11:4) {КВ 480.2}
Христовите ученици не одат по Него затоа што се плашат од казни или затоа што се надеваат на вечната награда. Тие ја гледаат неспоредливата Спасителова љубов, откриена во Неговото патување на Земјата; од витлеемските јасли до крстот на Голгота и Неговата појава ја привлекува, омекнува и ја покорува душата. Љубовта се буди во срцата кои го гледаат тоа. Тие го слушаат Неговиот глас и одат по Него. {КВ 480.3}
Како што пастирот оди пред своите овци и прв наидува на опасноста што се наоѓа на патот, така и Исус постапува со Својот народ. „Кога ќе ги изведе овците, Тој оди пред нив”. Патот кон Небото е посветен од отисоците од стапалата на Спасителот. Тој пат може да биде карпест и тежок, но Исус одел по тој пат; Неговите нозе ги изгазиле суровите трња за нашиот пат да биде полесен. Тој го понел секој товар кој ние сме повикани да го носиме. {КВ 480.4}
Иако сега се вознел пред Божјото лице и го дели престолот на вселената, Исус не изгубил ништо од Својата сочувствителна природа. И денес тоа е истото нежно, сожаливо срце отворено за секоја болка на човечкиот род. Денес истата таа рака што била прободена е испружена обилно да го благослови Неговиот народ што се наоѓа во светот. „Тие нема никогаш да загинат, ниту пак некој ќе ги оттргне од Моите раце”. Душата што му се предала на Христа во Неговите очи е подрагоцена од целиот свет. Спасителот би поминал низ агонијата на Голгота за да може барем само една душа да биде спасена за Неговото царство. Тој никогаш нема да напушти ниту една душа заради која умрел. Освен ако Неговите следбеници не одлучат да го напуштат, Тој цврсто ќе ги држи. {КВ 480.5}
Во сите наши неволји имаме сигурен Помошник. Тој не нѐ остава сами да се бориме со искушенијата, да се бориме против злото и на крај да не згмечат товарот и жалостите. Иако сега смртните очи не можат да го видат, увото на верата може да го слушне Неговиот глас како зборува: Не бој се, Јас сум со тебе. „Јас сум Оној, Кој живее; бев мртов и, ете жив сум за сите векови”. (Откровение 1:18) Јас ги поднесов вашите жалости, ги искусив вашите борби, се соочив со вашите искушенија. Знам за секоја солза и Јас плачев. Тагите кои лежат толку длабоко што не можат да се кажат на ниту едно човечко уво, Јас ги знам. Немојте да мислите дека сте напуштени и заборавени. Иако вашето страдање не може да најде ехо во ниту едно срце на земјата, гледајте во Мене и живејте. „Планините ќе се поместат и горите ќе се отстранат, меѓутоа Мојата љубезност нема да се одвои од тебе, ниту ќе се разниша заветот на Мојот мир, вели Господ, Кој ти е милостив”. (Исаија 54:10) {КВ 483.1}
Колку и да ги сака своите овци, Сепак пастирот повеќе ги сака своите синови и ќерки. Исус не е само наш пастир, Тој е наш „вечен Татко”. И тој вели: „Јас ги познавам Моите и Моите ме познаваат Мене. Како што Таткото ме познава Мене така и Јас го познавам Таткото”. Колку прекрасни зборови! Единородниот Син, Оној, Кој е во прегратките на Таткото, Оној за Кого Бог објавил дека е „Човекот што е Мој сродник“ (Захарија 13:7) заедницата помеѓу Него и вечниот Бог е употребена за да се прикаже заедницата помеѓу Христа и Неговите деца на Земјата! {КВ 483.2}
Исус не љуби бидејќи ние сме дар од Неговиот Татко и награда за Неговото дело. Тој не сака како Свои деца. Читателу, Тој те љуби тебе. Ни самото Небо не може да ти даде ништо повеќе, ништо подобро. Затоа имај доверба. {КВ 483.3}
Исус мислел на душите од целиот свет кои биле заведени од лажните пастири. Тие кои Тој копнеел да ги собере како овци на Своето пасиште биле расфрлани помеѓу волци и Тој кажал: „Имам и други овци, што не се од ова трло; и нив треба да ги доведам; тие ќе го чујат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден пастир”. (Јован 10:16) {КВ 483.4}
„Таткото ме љуби затоа што Јас го давам животот за пак да го земам”. Тоа значи: „Мојот Татко толку ве засакал, па дури и Јас сум му помил затоа што го давам Својот живот за да ве спасам. Со тоа што станав ваш заменик и гаранција, што го дадов Својот живот, што на Себе ги земав вашите слабости, вашите престапи, уште повеќе му омилев на Својот Татко”. {КВ 483.5}
„Јас го давам животот за пак да го земам. Никој не ми го одзема, туку Јас го давам сам од Себе. Имам власт да го дадам и имам власт пак да го земам”. Иако како член на човечкото семејство бил смртен, Тој како Бог бил извор на живот за целиот свет. Можел да се спротивстави на доаѓањето на смртта и можел да одбие да се покори на нејзината власт. Но тој доброволно умрел за да ги осветли животот и бесмртноста. (2. Тимотеј 1:10) Ги земал на Себе гревовите на светот, ги носел нивните проклетства, го положил Својот живот како жртва, за луѓето да не умрат за вечност. „А Тој ги понесе нашите жалости, ги зеде на Себе нашите Болки… Тој беше ранет за нашите престапи и беше биен за нашите гревови. Врз Него падна казната заради нашиот мир и со Неговите рани ние се исцеливме. Сите ние заталкавме како овци и секој одеше по свој пат. А Господ ги положи врз Него беззаконијата на сите нас”. (Исаија 53:4-6) {КВ 484.1}