51. „СВЕТЛИНА НА ЖИВОТОТ”
Оваа поглавје е засновано на Јован 8:12-59; 9.
„Исус повторно им прозборе, велејќи: ‘Јас сум Светлината на светот. Оној што ме следи Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на животот’”. {КВ 463.1}
Кога ги изговорил тие зборови, Исус се наоѓал во оној дел од храмот што бил посебно поврзан со службите на Празникот Сеници. Во средината на ова предворје се издигале два високи столба на кои се наоѓале огромни светилници. По принесувањето на вечерната жртва сите светилки биле запалени, така што нивната светлина блескала над Ерусалим. Овој обред бил одржуван во спомен на столбот на Светлината, кој ги водел Израелците во пустината, а исто така се сметало дека укажува на доаѓањето на Месијата. Навечер, кога светилките биле запалени, во предворјето владеела голема радост. Постари луѓе со бела коса, свештениците во храмот и поглаварите на народот, учествувале во свечените танци според звуците на инструменталната музика и пеењето на Левитите. {КВ 463.2}
Во осветувањето на Ерусалим била изразена националната надеж во доаѓањето на Месијата, Кој со својата светлина ќе го осветли Израел. Меѓутоа, за Исуса таа сцена имала пошироко значење. Како што блескавите светилки на храмот осветлувале сѐ околу себе, така Христос изворот на духовна светлина ја осветлува темнината на светот. Сепак, тој симбол не бил совршен. Големата светлина која ја поставила Неговата рака на небото била подобра претстава за славата на Неговата мисија. {КВ 463.3}
Било утро. Сонцето само што се појавило над Маслиновата Гора и неговите зраци со заслепувачки сјај се разлеале по мермерните палати, осветлувајќи го златото по ѕидовите на храмот, кога Исус, покажувајќи на сонцето, рекол: „Јас сум светлината на светот”. {КВ 463.4}
Меѓу оние што ги слушале тие зборови, се наоѓал еден човек кој многу подоцна ги повторил овие зборови: „Во неа беше животот и животот им беше светлина на луѓето. И Светлината светеше во темнина, но темнината не ја разбрала”. „Тоа беше вистинската светлина, која го осветлува секој човек, што Доаѓа во светот”. (Јован 1:4,5,9) Нешто подоцна, по Христовото вознесување, Петар пишувајќи под вдахновение на Светиот Дух, се сетил на симболот што го употребил Христос: „Ние имаме исто така и сигурна пророчка реч и вие добро правите што внимавате на неа како на светило што свети на темно место додека не осамне ден и додека не се појави ѕвездата Деница во вашите срца”. (2. Петрово 1:19) {КВ 464.1}
Секогаш, кога Бог му се јавувал на Својот народ, светлината била симбол на Неговото присуство. На почетокот, кога била изговорена Речта на создавањето, од темнината заблескала светлина. Светлината била скриена во столб од облак дење, а во столб од пламен ноќе и тој столб ја водел големата израелска војска. Светлината страшно многу величествено блескала околу Господ на Синајската гора. Светлина почивала врз поклопецот на милоста во светилиштето. Светлината го исполнила Соломоновиот храм при неговото посветување. Светлината ги осветлувала витлеемските брекчиња, кога ангелите ја донеле веста за спасение на пастирите кои будно стражареле. {КВ 464.2}
Бог е светлина; и со зборовите „Јас сум светлината на светот“ Христос објавил дека е едно со Бога, како што ја објавил Својата врска со целокупното човечко семејство. Тој на почетокот причинил „од темнината да засвети светлина”. (2. Коринтјаните 4:6) Тој е светлина на сонцето, на месечината и на ѕвездите. Тој бил духовната светлина што во симболите, фигурите и пророштвата светлела над Израел. Меѓутоа, светлината не била дадена само на еврејскиот народ. Како што сончевите зраци допираат до најоддалечените краеви на Земјата, така и светлината на Сонцето на Праведноста ја осветлува секоја душа. {КВ 464.3}
„Тоа беше вистинската светлина, која го осветлува секој човек, што Доаѓа во светот”. Светот имал свои големи учители луѓе со генијален ум и со способности за длабоко проучување, луѓе чии зборови поттикнувале мисли и отворале пространи полиња на знаење; тие луѓе биле почитувани како водачи и добродетели на човечкиот род. Меѓутоа, Тој е повозвишен од нив. „А на сите што го примија Тој им даде власт да станат Божји синови”. „Бога не го видел никој никогаш; Единородниот Син, Кој е во крилото на Таткото, Тој го објави”. (Јован 1:12,18) Ние можеме да ја следиме наназад низата на големите учители на овој свет онолку колку што далеку одат човечките записи, но Светлината била пред нив. Како што Месечината и ѕвездите од Сончевиот систем светат затоа што од нив се одбива сончевата светлина, така и големите мислители на светот, доколку нивното учење е вистинито, претставуваат само отсјај на зраците на Сонцето на Праведноста. Секоја скапоцена мисла, секој блесок на разумот Доаѓа од Светлината на светот. Во денешно време многу слушаме за „високото образование”. Вистинско „високо образование“ е она што го дава Оној „во Кого е скриено сето богатство на мудроста и знаењето”. „Во Него беше животот и животот им беше светлина на луѓето”. (Колосјаните 2:3; Јован 1:4) „Оној што ме следи Мене“ рекол Исус, „нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот”. {КВ 464.4}
Со зборовите „Јас сум светлината на светот“ Исус објавил дека е Месијата. Во храмот во кој Христос проповедал, стариот Симеон зборувал за Него како за „светлина за осветлување на незнабошците и слава на Твојот народ Израел”. (Лука 2:32) Со овие зборови тој применил на Исус едно пророштво што му било познато на цел Израел. Светиот Дух преку пророкот Исаија рекол: „Малку е да ми бидеш слуга, да ги подигнеш племињата на Јаков и да го вратиш остатокот Израелев; Јас ќе те поставам за светлина на незнабошците, за Моето спасение да достигне до крајот на Земјата”. (Исаија 49:6) Според општото толкување, тоа пророштво се однесувало на Месијата, а кога Исус рекол: „Јас сум светлината на светот“ народот не можел, а да не го препознае Неговото тврдење дека Тој е Ветениот. {КВ 465.1}
На фарисеите и поглаварите тоа тврдење им изгледало како дрско присвојување. Тие не можеле да дозволат такво нешто да тврди човек што е како нив. Правејќи се дека ги игнорираат Неговите зборови, тие прашале: „Кој си Ти?“ Одлучиле да го принудат на јавно признание дека Тој е Христос. Неговиот надворешен изглед и Неговото дело толку се разликувале од она што го очекувал народот, така што неговите лукави непријатели сметале дека народот ќе го отфрли како измамник, ако отворено каже дека е Месијата. {КВ 465.2}
Меѓутоа, на нивното прашање: „Кој си Ти?“ Исус одговорил: „Она што ви го кажав од почетокот”. Она што се откривало во Неговите зборови, се откривало исто така и во Неговиот карактер. Тој бил олицетворение на оние вистини што ги проповедал. Потоа Исус рекол: „Јас ништо не правам сам од Себе, туку зборувам онака како што ме научи Мојот Татко. Оној што Ме прати е со Мене. Таткото не Ме остави сам, зашто Јас секогаш го правам она што му е Нему угодно”. Тој не се обидувал да го докаже Своето тврдење дека е Месија, туку укажал на Своето единство со Бога. Кога нивните умови би биле отворени за Божјата љубов, тие би го примиле Исуса. {КВ 465.3}
Меѓу Неговите слушатели се наоѓале многумина кои биле привлечени кон Него со вера, па им рекол: „Ако вие продолжите во Мојата наука, навистина сте Мои ученици; и ќе ја запознаете вистината и вистината ќе ве ослободи”. {КВ 466.1}
Овие зборови ги соблазниле фарисеите. Заборавајќи дека народот толку долго бил потчинет под туѓ јарем, луто извикале: „Ние сме потомци Авраамови и никогаш никому не сме му робувале. Како велиш ти: Ќе станете слободни?“ Исус ги набљудувал овие луѓе робови на злобата, чии мисли биле насочени кон одмазда и тажно одговорил: „Вистина, вистина, ви велам, секој што прави грев, роб му е на гревот”. Тие биле во најтешко ропство биле управувани од лош дух. {КВ 466.2}
Секој човек кој одбива да му се предаде на Бога се наоѓа под власт на една друга сила. Таквиот човек не си припаѓа сам на себеси. Тој може да зборува за слободата но, всушност се наоѓа во најлошо ропство. Тој не е во можност да ја види убавината на вистината, бидејќи неговиот разум е под власт на сатаната. Иако себеси се лаже дека ги следи диктатите на сопствениот разум, тој всушност се покорува на волјата на кнезот на темнината. Христос дошол да ги искине од душата оковите на ропството на гревот. „И ако ве ослободи Синот, навистина ќе бидете слободни”. „Законот на Духот на животот во Христа Исуса“ не „ослободува од законот на гревот и смртта”. (Римјаните 8:2) {КВ 466.3}
Во делото на спасување нема принудување. Тука не се употребува никаква надворешна сила. Под влијание на Божјиот Дух, човекот има можност слободно да одлучи кому ќе му служи. Највозвишеното чувство на слобода се наоѓа во промената која се случува, кога душата ќе му се потчини на Христа. Отфрлањето на гревот е акт кој го врши самата душа. Вистина, ние не можеме сами да се ослободиме од власта на сатаната. Меѓутоа, кога копнееме да се ослободиме од гревот и ако чувствувајќи ја својата голема потреба во молитва бараме сила која е надвор од нас и над нас, божествената сила на Светиот Дух ги исполнува силите на нашата душа и тие се покоруваат на Божјата волја. {КВ 466.4}
Единствен услов под кој е можна човековата слобода се состои во тоа човекот да стане едно со Христа. „Вистината ќе ве ослободи“, а Христос е вистина. Гревот може да триумфира само ако го заслабне разумот и ако ја уништи слободата на душата. Да му се потчиниме на Бога значи да се вратиме на самите себеси, да се вратиме на славата и достоинството на човекот. Божествениот закон на кој треба да се покоруваме е „закон на слободата”. (Јаков 2:12) {КВ 466.5}
Фарисеите тврделе дека се Авраамови деца. Исус им рекол дека тоа тврдење можат да го докажат само ако ги творат Авраамовите дела. Вистинските Авраамови потомци би живееле онака како што живеел тој живот на послушност кон Бога. Тие не би се обидувале да го убијат Оној, Кој ја зборувал вистината што му ја дал Бог. Ковајќи заговор против Христа, рабините не правеле Авраамови дела. Фактот дека потекнуваат од Авраама сам по себе нема никаква вредност. Без духовната поврзаност со него, која се манифестира во тоа што би го имале истиот дух и би ги вршеле истите дела, тие не биле негови деца. {КВ 466.6}
Тоа начело е исто толку значајно за едно прашање кое долго го возбудувало христијанскиот свет прашањето за апостолската наследност. Потеклото од Авраам не се докажува со име и лоза, туку со сличноста на карактерот. Исто така, апостолската наследност не се заснова на пренесувањето на црковната власт, туку на духовното сродство. Животот поттикнат од апостолскиот дух, верувањето и вистината што тие ја поучувале тоа е вистинскиот доказ за апостолската наследност. На тој начин луѓето стануваат наследници на првите проповедници на евангелието. {КВ 467.1}
Исус го негирал тврдењето дека Евреите се Авраамови деца. Тој рекол: „Вие ги вршите делата на својот Татко”. Подбивајќи се, тие одговориле: „Ние не сме родени од блудство; ние имаме еден Татко Бог”. Овие зборови, како илузија на околностите на Христовото раѓање, требало да бидат стрела против Христа во присуство на оние кои почнувале да веруваат во Него. Исус не обрнувал внимание на тие подли навестувања, туку рекол: „Ако Бог беше ваш Татко, тогаш би ме сакале Мене, зашто Јас излегов и дојдов од Бога”. {КВ 467.2}
Нивните зборови и дела сведочеле за нивната врска со оној, кој бил лажливец и убиец. „Вашиот татко е ѓаволот“ рекол Исус, „и сакате да ги исполнувате желбите на својот татко. Тој беше убиец на луѓето од почеток и не стои во вистината, зашто во него нема вистина… Мене не ми верувате, зашто ви ја зборувам вистината”. (Јован 8:44,45) Фактот дека Исус ја зборувал вистината, и тоа со сигурност, била причина што еврејските водачи не го прифатиле. Тие самоправедни луѓе биле соблазнети од вистината. Вистината ја открила сета лажност на заблудата, го осудувала нивното учење и начин на живот и затоа не била добредојдена. Повеќе сакале да ги затворат своите очи пред вистината, отколку понизно да признаат дека биле во заблуда. Тие не ја сакале вистината. Не ја посакувале, иако била вистина. {КВ 467.3}
„Кој од вас ќе ме докаже виновен за грев? Ако ви ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате?“ Три години од ден на ден непријателите го следеле Христа, трудејќи се да најдат некоја дамка во Неговиот карактер. Сатаната и сиот сојуз на злото сакале да го надвладеат, но во Него не нашле ништо со што би добиле предност. Дури и ѓаволите биле принудени да признаат: „Ти си Светец Божји”. (Марко 1:24) Исус живеел според законот пред очите на Небото, пред очите на световите кои не паднале во грев и пред очите на грешните луѓе. Пред ангелите, демоните и луѓето, Тој изговорил зборови кои никој не можел да ги побие, зборови кои од кои било други усни би биле богохулство: „Јас секогаш го чинам она што Нему му е угодно”. {КВ 467.4}
Фактот дека Евреите не сакале да веруваат во Христа, иако не можеле да најдат грев во Него, покажува дека тие сами немале поврзаност со Бога. Не го препознале Неговиот глас во пораката на Неговиот Син. Мислеле дека го осудуваат Христа, но отфрлајќи го, се осудиле себеси. „Оној кој е од Бога“ рекол Исус, „ги слуша Божјите зборови. Вие не ги слушате затоа што не сте од Бога”. {КВ 468.1}
Оваа поука е вистинита за сите времиња. Многу луѓе кои уживаат да ситничарат, да критикуваат, да пронајдат нешто сомнително во Божјата Реч, сметаат дека со тоа даваат доказ за слободата на своите мисли и за својата остроумност. Вообразуваат дека и судат на Библијата, а всушност си судат себеси. Со тоа тие покажуваат дека не се во можност да ја ценат вистината која е од небесно потекло и која ја опфаќа вечноста. Нивниот дух не е исполнет со стравопочитување пред величественоста на Божјата праведност. Тие се задржуваат на ситници и со тоа ја покажуваат својата ограничена земна природа и срце кое не е во состојба да го осознае и да го почитува Бога. Човекот чие срце одговорило на божествениот допир, ќе копнее по она што го умножува неговото познавање за Бога, и го облагородува и издигнува карактерот. Како што цветот се свртува кон сонцето со цел сјајните зраци да можат да го допрат и да го обојат со убавина, така и душата ќе се сврти кон Сонцето на Праведноста, за небесната светлина да може да го разубави карактерот со убавите особини на Христовиот карактер. {КВ 468.2}
Подвлекувајќи остра разлика помеѓу нивниот став и ставот на Авраам, Исус продолжил: „Вашиот татко, Авраам, се радуваше да го види Мојот ден и го виде и се израдува”. {КВ 468.3}
Авраам многу посакувал да го види ветениот Спасител. Најсесрдно се молел пред својата смрт да го види Месијата. И тој го видел Христа. Му била дадена натприродна светлина и го сфатил Христовиот божествен карактер. Го видел Неговиот ден и се израдувал. Му бил даден поглед на божествената жртва за гревот. За оваа жртва тој имал илустрација преку своето сопствено искуство. Добил заповед: „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш,… и принеси го… како жртва паленица”. (Создавање 22:2) На жртвениот олтар го положил синот на ветувањето во кого ги полагал своите надежи. Тогаш, додека чекал со подигнат нож да го послуша Бога, покрај олтарот слушнал Глас од небото, Кој рекол: „Не ја спуштај раката врз момчето и немој ништо да му сториш. Еве сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец”. (Создавање 22:12) Авраам бил изложен на оваа ужасна проба за да го види Христовиот ден и да ја сфати големата Божја љубов кон светот, толку голема што за да го подигне светот од неговата деградација, го дал Својот единороден Син да умре со најсрамна смрт. {КВ 468.4}
Авраам од Бога научил најголема поука која некогаш му била дадена на еден смртник. Била услишена неговата молитва да го види Христа пред да умре. Го видел Христа, го видел сето она што смртните луѓе можат да го видат и да останат живи. Потчинувајќи се целосно на Божјата волја, бил во состојба да ја сфати визијата што му била дадена за Христа. Му било покажано дека Бог, давајќи го Својот единороден Син за да ги спаси грешниците од вечна пропаст, поднел поголема и повеличествена жртва од онаа што кога било би можел да ја принесе еден човек. {КВ 469.1}
Авраамовото искуство дава одговор на прашањето: „Со што ќе дојдам пред Господа и да паднам ничкум пред Севишниот Бог? Ќе дојдам ли пред Него со жртви паленици, со едногодишни телиња? Дали ќе му бидат на Господа мили илјада овнови, или десет илјади потоци масло? Дали да му го принесам првородениот син поради мојот престап, плодот на моето тело за гревот на мојата душа?“ (Михеј 6:6, 7) Во Авраамовите зборови: „Сине, Бог ќе си обезбеди за Себеси јагне за жртва паленица“ и во Божјото обезбедување на жртва наместо Исак, било објавено дека никој сам не може да се откупи себеси. Незнабожечкиот систем на жртви бил целосно неприфатлив за Бога. Ниеден татко не требало да го принесе својот син или ќерка како жртва за својот грев. Единствено Божјиот Син можел да ја понесе вината на светот. {КВ 469.2}
Преку своето страдање Авраам бил во состојба да ја види Спасителовата жртвена мисија. Меѓутоа Израелците не сакале да го сфатат она што било толку недобредојдено за нивното горделиво срце. Христовите слушатели не го забележале длабокото значење на Неговите зборови за Авраама. Фарисеите во нив виделе само нов повод за ситничарење. Возвратиле со потсмев, како да можеле да докажат дека Исус е луд: „Уште немаш педесет години, а си го видел Авраама?“ {КВ 469.3}
Исус свечено и достоинствено им одговорил: „Вистина, вистина ви велам, ЈАС СУМ уште пред да се роди Авраам. {КВ 469.4}
Тишина завладеала на овој голем собир. Овој галилејски учител го присвоил Божјото име што му било дадено на Мојсеј за да се изрази поимот на вечно присуство. Се прогласил Себеси за Оној, Кој е самопостоечки, Оној, Кој бил ветен на Израел, „чиешто потекло е од дамнини, од вечните времиња”. (Михеј 5:2) {КВ 469.5}
Повторно свештениците и рабините повикале против Исуса како против богохулник. Неговото тврдење дека е едно со Бога и порано ги поттикнувало да му го одземат животот, а неколку месеци подоцна тие отворено рекле: „Не те каменуваме за добро дело, туку заради хула; заради тоа што се правиш Бог, иако си само човек”. (Јован 10:33) Тие биле решени да го уништат затоа што бил Божји Син и го изјавил тоа. Тогаш многумина што стоеле на страната на свештениците и рабините зеле камења да фрлат на Него. „Но Исус се сокри и излезе од храмот и минувајќи помеѓу нив, така си отиде”. {КВ 470.1}
Светлината засветила во темнината, но „темнината не ја сфати”. (Јован 1:5) {КВ 470.2}
„Одејќи по пат, виде човек слеп од своето раѓање. И го прашаа Неговите ученици: ‘Учителе, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?’ Исус одговори: ‘Не згрешил ниту тој, ниту неговите родители, туку за на него да се покажат Божјите дела..’. Кога го кажа тоа, плукна на земјата и со плунката направи кал со која му ги намачка очите на слепиот, па му рече: Оди, изми се во бањата Силоамска што во превод значи Пратен. Тој отиде, се изми и се врати гледајќи”. {КВ 470.3}
Кај Евреите било распространето верувањето дека гревот се казнува во овој живот. Секоја неволја била сметана како казна за некое злодело коешто го направил самиот страдалник или неговите родители. Вистина е дека сите страдања произлегуваат од престапот на Божјиот закон, но таа вистина е извртена. Сатаната зачетникот на гревот и на сите негови последици ги наведува луѓето да гледаат на болеста и смртта како тие да доаѓаат од Бога како казна која самоволно се нанесува поради гревот. Затоа оној што го снашла некоја тешка болест или несреќа морал да го носи уште и тој додатен товар дека го сметаат како голем грешник. {КВ 471.1}
Така бил подготвен патот Евреите да го отфрлат Исуса. Оној што „ги понесе нашите болести и ги зеде нашите немоќи на Себе“ бил сметан од страна на Евреите дека „Бог го ранува, бие и мачи“ и затоа го засолнувале своето лице од Него. (Исаија 53:4,3) {КВ 471.2}
Бог дал една поука чија цел била да го спречи тоа. Историјата за Јов покажала дека страдањата ги нанесува сатаната, но Бог ги преиначува според Своите планови на милост. Меѓутоа, Израелците не ја разбрале таа поука. Отфрлајќи го Христа, Евреите ја направиле истата онаа грешка заради која Бог ги укорил пријателите на Јов. {КВ 471.3}
Христовите ученици го имале истото верување како Евреите за врската помеѓу гревот и страдањето. Исправајќи ја нивната заблуда, Исус не ја објаснил причината за несреќата на тој човек, туку им кажал какви ќе бидат последиците. Поради тоа ќе се манифестираат Божјите дела. Тој рекол: „Додека сум во светот, Јас сум светлината на светот”. Откако ги помазал очите на слепиот човек, го испратил да се измие во Силоамската бања и видот му се вратил на човекот. Така на прашањето на учениците, Исус одговорил на практичен начин, како што вообичаено одговарал на прашањата што му биле поставувани од љубопитност. Учениците не биле повикани да полемизираат за тоа кој згрешил, а кој не, туку да ја сфатат Божјата сила и милост во давањето вид на слепиот. Било очигледно дека ниту калта, ниту бањата во која се измил слепиот човек немале никаква исцелувачка моќ, туку дека таа моќ се наоѓала во Христа. {КВ 471.4}
Тоа исцелување ги зачудило фарисеите. Сепак, тие биле исполнети со омраза повеќе од кога и да е, бидејќи тоа чудо било извршено во сабота. {КВ 471.5}
Соседите на момчето и оние што го познавале од порано, извикале: „Нели е ова оној што седеше и просеше?“ Го гледале со сомнеж, бидејќи со отворени очи, неговото лице било изменето и посреќно и изгледал како друг човек. Луѓето се прашувале еден со друг. Некои рекле: „Тој е“ други: „Напикува на него”. Меѓутоа, оној што го примил овој голем благослов, го прекинал ова распрашување и рекол: „Јас сум!“ Тогаш им раскажал за Исуса и како бил исцелен, а тие запрашале: „Каде е Тој?“ Тој рекол: „Не знам”. {КВ 471.6}
Тогаш го извеле пред советот на фарисеите. Тие повторно го прашале на кој начин прогледал. „А тој им рече: ‘Ми стави кап на очите, јас се измив и гледам’. Тогаш некои фарисеи рекоа: ‘Овој човек не Доаѓа од Бога, зашто не празнува сабота’”. Фарисеите се надевале дека ќе можат да го прикажат Исуса како грешник, кој поради тоа не може да биде Месијата. Не знаеле дека Оној што го излекувал слепиот човек ја создал саботата и ги познавал нејзините барања. Тие изгледале многу ревни во почитување на саботата, а планирале убиство токму тој ден. Меѓутоа, ова чудо оставило силно влијание на многумина што слушнале за ова чудо, така што биле убедени дека Оној, Кој му ги отворил очите на слепиот човек е повеќе од обичен човек. Одговарајќи на обвинувањето дека Исус е грешник затоа што не ја празнува саботата, тие рекле: „Како може грешен човек да прави такви чуда?“ {КВ 472.1}
Рабините повторно го прашале слепиот кој бил исцелен: „Што мислиш ти за Оној што ти ги отвори очите? А тој им рече: ‘Тој е пророк’”. Тогаш рабините почнале да тврдат дека тој не бил слеп од раѓање и дека не прогледал. Ги повикале неговите родители и ги прашале: „Дали ова е вашиот син за кого велите дека се родил слеп?“ {КВ 472.2}
Тука се наоѓал и човекот кој самиот изјавил дека бил слеп и на кого му бил повратен видот, но рабините попрво не би им верувале на своите очи, отколку да признаат дека биле во заблуда. Толку била силна предрасудата; толку изопачена фарисејската праведност. {КВ 472.3}
На фарисеите им преостанувала само една надеж, а тоа е да ги заплашат родителите на тој човек. Навидум искрено, прашале: „Како може сега да гледа?“ Родителите се плашеле да не се компромитираат, бидејќи било изјавено дека секој кој ќе го признае Исуса за Месија ќе биде „исклучен од синагогата“ триесет дена. За тоа време во домот на престапникот не можело да биде обрежано ниту едно дете, ниту да биде оплакан мртовец. Оваа осуда се сметала како голема несреќа, а доколку не довела до покајание, следела уште потешка казна. Големото дело извршено над нивниот син оставило длабок впечаток на родителите, но тие Сепак одговориле: „Знаеме дека ова е наш син и дека се роди слеп. А како може сега да гледа, не знаеме. Не знаеме ниту кој му ги отвори очите. Прашајте го него; тој е возрасен и ќе ви каже сам за себе”. Така ја префрлиле целата одговорност од себеси врз својот син, бидејќи не се осмелувале да го исповедаат Христа. {КВ 472.4}
Неизвесноста во која се нашле фарисеите, нивните сомнежи и предрасуди, нивното неверие во фактите сето тоа почнало да ги отвора очите на народот, а особено на обичните луѓе. Исус често правел чуда на улица, а Неговото дело секогаш ги ублажувало страдањата на несреќните. Многумина се прашувале себеси: „Дали Бог би вршел такви силни дела преку еден измамник, како што фарисеите тврделе за Исуса”. Судирот станувал сериозен и на двете страни. {КВ 473.1}
Фарисеите увиделе дека со своите постапки му даваат публицитет на Исусовото дело. Тие не можеле да негираат дека чудото е направено. Исцелениот човек бил полн со радост и благодарност. Тој ги гледал прекрасните нешта во природата и убавината на небото и земјата го исполнила со задоволство. Тој слободно раскажувал што доживеал, а тие повторно се обиделе да го замолчат, велејќи: „Подај му слава на Бога; ние знаеме дека тој човек е грешник”. Тоа значи: „Не зборувај повеќе дека тој Човек ти го вратил видот; Бог го направил тоа”. {КВ 473.2}
Слепиот човек одговорил: „Дали Тој е грешник или не, јас не знам; но едно знам: Јас бев слеп, а сега гледам”. {КВ 473.3}
Тие повторно го прашале: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?“ Со многу зборови тие се обидувале да го збунат, така што тој можеби ќе помисли дека е измамен. Сатаната и неговите зли ангели биле на страната на фарисеите и ги соединиле своите сили и лукавство со човечкото резонирање, за да делуваат против Христовото влијание. Тие го отапиле уверувањето кое фаќало корен во многу умови. Божјите ангели исто така се наоѓале тука за да му дадат сила на човекот на кого му бил обновен видот. {КВ 473.4}
Фарисеите не сфатиле дека имаат работа со некој друг освен со необразованиот човек кој бил роден слеп; тие не го знаеле Оној со Кого биле во судир. Божествената светлина го осветлувала секој агол од душата на исцелениот. Кога тие лицемери се обиделе да го наведат на неверие, Бог му помогнал со своите силни и директни одговори да покаже дека тие не можат да го фатат во стапица. Одговорил: „Веќе ви кажав, но не слушавте. Што сакате повторно да чуете? Можеби сакате и вие да станете Негови ученици?“ Тогаш почнаа да го навредуваат и рекле: „Ти си негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а од каде е овој, не знаеме”. {КВ 474.1}
Господ знаел низ какви неволји минува тој човек, па му дал благодат и способност, така што станал сведок за Христа. Тој на фарисеите им одговарал со зборови кои биле остар прекор за оние кои му поставувале прашања. Тие тврделе дека се толкувачи на Библијата, дека се верски водачи на народот; но Сепак тука бил Некој, Кој правел чуда, а тие признавале дека не го познаваат ниту изворот на Неговата моќ, ниту Неговиот карактер и тврдења. „Тоа е и за чудење“ рекол човекот, „што вие не знаете од каде е, а мене Сепак ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку, ако некој е богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша. Од почетокот на светот не се слушнало некој да отвори очи на оној што бил роден слеп. Ако Тој не би бил од Бога, не би можел да направи ништо”. {КВ 474.2}
Исцелениот човек се сретнал со своите инквизитори на нивен терен. Неговите аргументи биле несоборливи. Фарисеите биле изненадени и молчеле како маѓепсани од неговите директни, решителни зборови. Неколку моменти владеела тишина. Тогаш намуртените свештеници и рабини ги собрале околу себе своите облеки, како да се плашат од зараза во допир со него; ја истресле правта од своите нозе и фрлиле врз него осудувања: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе не учиш нас?“ И тие го исклучиле од синагогата. {КВ 474.3}
Исус слушнал што се случило и наоѓајќи го набргу, Тој рекол: „Веруваш ли во Божјиот Син?“ {КВ 474.4}
Прв пат слепиот човек го здогледал лицето на својот Исцелител. Пред да оди пред советот на фарисеите тој ги видел своите родители кои биле загрижени и збунети; ги набљудувал намуртените лица на рабините; сега неговите очи почивале на полното со љубов, спокојно Исусово лице. Тој веќе, по голема цена за себеси, го признал Него како носител на божествената сила. Сега му било дадено едно повозвишено откровение. {КВ 474.5}
На прашањето на Спасителот: „Веруваш ли во Божјиот Син?“ некогашниот слеп човек одговорил со прашањето: „А Кој е Тој господине, за да верувам во Него?“ Исус му рекол: „Си го видел Него и тоа е Оној што зборува со тебе”. Човекот се фрлил пред нозете на Спасителот во гест на обожавање. Не само што му бил подарен вид, туку се отвориле и очите на неговото разбирање. Христос се открил на неговата душа и Тој го примил како испратен од Бога. {КВ 475.1}
Недалеку се собрала една група фарисеи. Забележувајќи ги, Исус помислил на спротивноста што секогаш се манифестирала како резултат на Неговите зборови и дела и рекол: „Јас дојдов за суд на овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат и да ослепат оние што гледаат”. Христос дошол да ги отвори слепите очи и да им подари светлина на оние што седат во темнина. Тој за Себе објавил дека е светлината на светот, а чудото кое тогаш го извршил ја потврдило Неговата мисија. Луѓето кои го гледале Спасителот кога Тој бил на Земјата, го имале тој благослов, да бидат сведоци на поцелосно откровение на божественото присуство, какво што никогаш порано светот не уживал. Знаењето за Бога е откриено поцелосно. Меѓутоа, токму ова откровение било суд за оние кои не го прифаќале. Нивниот карактер бил ставен на проба, нивната судбина била одредена. {КВ 475.2}
По манифестирањето на божествената моќ, која на слепиот човек му дала природен и духовен вид, фарисеите останале во уште поголема темнина. Чувствувајќи дека Христовите зборови се однесуваат на нив, некои од нив прашале: „Зар и ние сме слепи?“ Исус одговорил: „Кога би биле слепи, не би имале грев”. Кога Бог би направил да биде невозможно за вас за да ја видите вистината, вашето незнаење не би претставувало грев. „Но сега тврдите дека гледате”. Сметате дека сте во состојба да гледате, а го отфрлате единствениот начин со чија помош можете да добиете вид. На сите кои ја сфатиле својата потреба, Христос им пришол со неизмерна помош. Меѓутоа, фарисеите не сакале да признаат дека нешто им недостига. Тие одбивале да дојдат кај Христа и затоа останале во слепило во слепило за кое самите биле виновни. Исус рекол: „Вашиот грев останува”. {КВ 475.3}