46. ИСУСОВОТО ПРЕОБРАЗУВАЊЕ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 17:1-8; Марко 9:2-8; Лука 9:28-36.

Се приближувала вечерта, кога Исус повикал кај Себе тројца Свои ученици Петар, Јаков и Јован и ги повел низ полињата и низ една камена патека до една осамена планинска падина. Спасителот и Неговите ученици го минале денот во патување и проповедање, и искачувањето на планината само уште повеќе го зголемил нивниот замор. Христос на многу страдалници им ги олеснил товарите на душата и телото, ја вратил животната сила во нивниот ослабен организам, но сега и самиот врзан со особините на човечката природа, одејќи по стрмната патека се изморил, како и Неговите ученици. {КВ 419.1}

Сонцето полека заоѓало, но сѐ уште го осветлувало врвот на планината и со својот сјај што венеел ја позлатувал патеката по која оделе тие. Меѓутоа, светлината брзо исчезнала од планинските врвови, како и од долината. Сонцето исчезнало зад западниот хоризонт и темнина ги обвиткала осамените патници. Темнината што ги опкружувала, како да била во склад со нивните животи исполнети со тага, околу кои почнале да се напластуваат и да се згуснуваат облаци. {КВ 419.2}

Учениците не се осмелувале да го прашаат Христа каде ги води и со каква намера. Тој често ги минувал ноќите во молитва на планините. Тој, чија рака ги создала планините и долините се чувствувал удобно во природата и уживал во нејзиното спокојство. Учениците оделе по Христа каде што Тој ги водел, но Сепак се прашувале зошто нивниот Учител ги води по таа мачна угорница, кога тие се уморни и кога Нему исто така му е потребен одмор. {КВ 419.3}

Конечно Христос им рекол дека нема да одат понатаму. Одвојувајќи се малку од нив, Човекот на болката ги излеал своите молитви со силни повици и солзи. Тој се молел за сила, за да може да ја издржи пробата во корист на човештвото. Тој чувствувал потреба со нова сила да се потпре на Семоќниот, бидејќи само на тој начин можел да размислува за иднината. Исто така, Тој ги излеал копнежите на Своето срце за Своите ученици, со цел во часот на силите на темнината да не се поколеба нивната вера. Роса паѓала на Неговото наведнато тело, но Тој не обрнувал внимание на тоа. Ноќната темнина станувала сѐ погуста, но Тој не обрнувал внимание на темнината. Така полека минувале часовите. На почетокот, учениците ги соединувале своите молитви со Неговата во искрена посветеност, но по извесно време, совладани од тешкиот замор сите заспале, иако се обидувале да останат будни и да го задржат вниманието на она што се случувало. Исус им кажал за Своите страдања; ги повел со Себе за да се обединат со Него во молитва, па дури и сега се молел за нив. Спасителот ја видел жалоста на Неговите ученици и копнеел да ја олесни нивната тага, уверувајќи ги дека нивната вера не била напразна. Дури и меѓу дванаесетмината, сите не можеле да го примат откровението што Тој сакал да им го даде. Само тројца, кои требало да бидат сведоци на Неговите страдања во Гетсиманија, биле избрани да бидат со Него на гората. Сега се молел нив да им биде дадена манифестација на славата, која Тој ја делел со Таткото уште пред создавањето на светот, за Неговото царство да се открие на човечките очи и Неговите ученици да бидат доволно силни за да го гледаат тоа. Тој се молел тие да бидат сведоци на манифестација на Неговото божество, за во часот на Неговата најголема агонија да најдат утеха во сознанието дека Тој навистина е Божји Син и дека Неговата срамна смрт претставува дел од планот на спасението. {КВ 419.4}

Неговата молитва била услишена. Додека понизно клечел на каменливата почва, одеднаш небото се отворило, златните порти на Божјиот град се отвориле и свет сјај ја осветлил гората обвиткувајќи го телото на Спасителот. Низ човечката природа блеснало божеството и се споило со славата што Доаѓала одозгора. Подигнувајќи се од Својата лежечка положба, Христос стоел во божествено величество. Исчезнале душевните страдања. Неговото лице сега светело „како сонце“ и Неговата облека била „бела како снег”. {КВ 421.1}

Кога се разбудиле, учениците го здогледале големото изобилство слава која ја осветлила гората. Со страв и чудење го набљудувале светлиот лик на својот Учител. Кога очите им се навикнале на величествената светлина, виделе дека Исус не е сам. Покрај Него се наоѓале две небесни суштества, кои сериозно разговарале со Него. Тоа биле Мојсеј, кој на Синај зборувал со Бога и Илија, кому ми била дадена голема привилегија, привилегија што му била дадена само на уште еден Адамов потомок никогаш да не дојде под власта на смртта. {КВ 421.2}

Петнаесет векови претходно, Мојсеј стоел на планината Фазга и ја набљудувал Ветената Земја. Меѓутоа, тој не можел да влезе во неа поради гревот што го направил кај Мерива. Не му била дадена радоста да ја внесе Израелевата војска во наследството на нивните татковци. Неговата молитва на агонија: „Дозволи ми да одам онаму и да ја видам онаа блажена земја преку Јордан, оној прекрасен горски крај и Ливан“ (Второзаконие 3:25), била одбиена. Морала да се изгаси надежта, која четириесет години ја осветлувала темнината на патувањето низ пустината. Гробот во пустината претставувал завршеток на тие години на труд и грижи што му го притискале срцето. Меѓутоа, Оној, Кој „може да стори неограничено повеќе од она што можеме да молиме или да мислиме“ (Ефесјаните 3:20), во таа мера и одговорил на молитвата на Својот слуга. Мојсеј преминал во царството на смртта, но не останал во гробот. Самиот Христос лично го повикал назад во живот. Сатаната полагал право на Мојсеевото тело заради неговиот грев, но Спасителот Христос го подигнал од гробот. (Јуда 9) {КВ 421.3}

На Гората на преобразувањето Мојсеј бил сведок на Христовата победа над гревот и смртта. Тој ги претставувал оние, кои при воскреснувањето на праведните ќе бидат подигнати од гробот. Илија, кој бил вознесен на небото, не вкусувајќи смрт, ги претставувал оние, кои ќе живеат на Земјата при второто Христово доаѓање и кои „ќе се преобразат наеднаш, за миг, на гласот на последната труба“ кога „ова смртното ќе се облече во бесмртно“ и „ова распадливо ќе се облече во нераспадливост”. (1. Коринтјаните 15:51-53) Спасителот сега бил облечен во небесна светлина, како што ќе се појави, кога ќе дојде „по втор пат за спасение”. Тој ќе дојде „во славата на Својот Татко и со светите ангели”. (Евреите 9:28; Марко 8:38) Сега се исполнило ветувањето на Спасителот дадено на учениците. На гората во минијатура било прикажано идното царство на славата Христос како цар, Мојсеј како претставник на воскреснатите свети и Илија како претставник на оние кои ќе се преобразат. {КВ 421.4}

Иако не ја сфатиле таа сцена, учениците биле среќни што на трпеливиот, кроток и понизен Учител, Кој патувал како беспомошен странец му била оддадена чест од оние кон кои Небото било наклонето. Верувале дека Илија дошол да го објави владеењето на Месијата и дека на Земјата ќе биде воспоставено Христовото царство. Сега засекогаш ќе исчезнат нивните стравувања и разочарувања. Сакале да останат тука, каде што се открила Божјата слава. Петар извикал: „Господе, добро ни е да бидеме тука; ајде да направиме три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија”. Учениците биле убедени дека Мојсеј и Илија биле испратени да го заштитат нивниот Учител и да ја воспостават Неговата власт како цар. {КВ 422.1}

Меѓутоа, пред круната морал да дојде крстот. Предмет на нивниот разговор со Исуса не било Неговото крунисување за цар, туку смртта што го чекала во Ерусалим. Носејќи ја слабоста на човечката природа и оптоварен од нејзините жалости и грев, Исус одел сам меѓу луѓето. Додека го притискала темнината на пробата што го очекувала, се наоѓал во духовна осаменост, во свет Кој не Го познавал. Дури и Неговите сакани ученици, целосно обземени од сопствените сомневања, жалости и славољубиви надежи, не ја сфатиле тајната на Неговата мисија. На Небото бил опкружен со љубов и заедништво; меѓутоа, во светот што Тој го создал, бил осамен. Сега Небото испратило свои гласници, не ангели, туку луѓе кои претрпеле страдање и жалост и кои можеле да сочувствуваат со Спасителот во неволјите на Неговиот земен живот. Мојсеј и Илија биле Христови соработници. Како Исус и тие копнееле за спасението на луѓето. Мојсеј се молел за Израел: „И сега прости им го тој грев; ако ли пак не, тогаш избриши ме и мене од Твојата книга што си ја напишал”. (Излез 32:32) Илија ја искусил духовната осаменост, кога во текот на три и пол години глад го носел товарот на народната омраза и нивните неволји. На гората Кармил сам бил на Божја страна. Сам побегнал во пустината во болка и очај. Тие луѓе, одбрани пред сите ангели околу престолот, дошле да зборуваат со Исуса за сцените на Неговото страдање и да го утешат со уверувањето дека Небото сочувствува со Него. Надежта на светот, спасението на секое човечко суштество тоа било предмет на нивниот разговор. {КВ 422.2}

Бидејќи биле совладани од сонот, учениците слушнале малку од она што Христос и небесните гласници меѓусебно зборувале. Бидејќи не останале будни и не се молеле, тие не го примиле она што Бог сакал да им го даде, сознанието за Христовите страдања и славата која ќе настапи потоа. Тие го пропуштиле благословот што можеле да го добијат учествувајќи во Неговото самопожртвување. Тие ученици бавно верувале во своето срце; малку го ценеле благото со кое Небото сакало да ги збогати. {КВ 425.1}

Сепак, тие примиле голема светлина. Се увериле дека целото Небо знае за гревот што го направил еврејскиот народ, отфрлајќи го Христа. Им биле дадени појасни поими за делото на Откупителот. Со свои очи виделе и со свои уши слушнале работи што се надвор од досегот на човечкото сфаќање. Тие биле „очевидци на Неговото величество“ (2. Петрово 1:16), и сфатиле дека Исус навистина е Месијата, за Кого сведочеле патријарсите и пророците и дека како таков го признала небесната вселена. {КВ 425.2}

Додека сѐ уште ја набљудувале сцената на гората, „ги засолни сјаен облак и се слушна глас од облакот: ‘Ова е Мојот возљубен, Кој е по Мојата волја; Него слушајте го’”. Кога го здогледале облакот на славата, посјаен од оној што одел пред Израелевите племиња во пустината, кога слушнале како Божјиот глас зборува со голема величественост, така што планината се тресела, учениците паднале ничкум на земјата. Останале ничкум, со скриени пица, додека Исус не им пристапил и ги допрел, растерувајќи го нивниот страв со Својот познат глас: „Станете и не плашете се”. Осмелувајќи се да ги подигнат своите очи, тие виделе дека небесната слава заминала, а ликовите на Мојсеј и Илија исчезнале. Тие биле на планината сами со Исуса. {КВ 425.3}

Сподели го ова:

Слични објави