17. НИКОДИМ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 3:1-17.

Никодим заземал висока и доверлива положба во еврејскиот народ. Бил високо образован, надарен со исклучителни способности и ценет член на народниот совет. Како и многу други, и тој бил поттикнат од Исусовото учење. Иако богат, учен и ценет, тој бил необично привлечен од скромниот Назареќанец. Поуките што ги слушнал од усните на Спасителот оставиле на него длабок впечаток и сакал што повеќе да дознае за тие прекрасни вистини. {КВ 167.1}

Манифестирањето на Христовиот авторитет при чистењето на храмот предизвикало решителна омраза кај свештениците и поглаварите. Тие се плашеле од силата на овој туѓинец. Таква смелост на еден непознат Галилеец не смеела да се трпи. Тие одлучиле да стават крај на Неговото дело. Меѓутоа, сите не биле едногласни во поглед на таа цел. Некои се плашеле да се спротивстават на Оној, Кој толку очигледно постапувал под влијание на Божјиот Дух. Тие се сеќавале како пророците биле убивани затоа што ги жигосувале гревовите на водачите во Израел. Знаеле дека ропството на Израел било последица од тврдоглавоста со која тие ги отфрлале Божјите укори. Стравувале дека свештениците и поглаварите, ковајќи завера против Исуса, ќе тргнат по патот на своите татковци и ќе навлечат нови несреќи врз нацијата. Никодим ги делел тие чувства. А за време на едно советување на Синедрионот, кога се размислувало за тоа каков став треба да се заземе кон Исуса, Никодим советувал претпазливост и умереност. Тој истакнал дека доколку Бог навистина му доделил власт на Исуса, тогаш би било опасно да се отфрлат Неговите опомени. Свештениците не се осмелувале да го отфрлат тој совет и извесно време не преземале никакви отворени мерки против Спасителот. {КВ 167.2}

Откако слушнал за Исуса, Никодим грижливо ги проучувал пророштвата што се однесувале на Месијата и колку повеќе пребарувал, толку посилно било неговото убедување дека Тој е Оној, Кој треба да дојде. Како и многу други во Израел и тој бил тажен поради обесветувањето на храмот. Бил сведок на настанот кога Исус ги истерал продавачите и купувачите; видел чудесно манифестирање на божествената сила; видел како Спасителот ги прима сиромашните и ги исцелува болните; ги видел нивните радосни погледи и ги слушнал нивните зборови на благодарност; затоа не можел да се сомнева во тоа дека Исус од Назарет навистина е Божји Пратеник. {КВ 168.1}

Многу посакувал да разговара со Исуса, но се плашел да го побара јавно. Би било премногу понижувачки таков израелски поглавар да признае дека ја одобрува работата на еден толку малку познат учител. Кога Синедрионот би дознал за неговата посета, би се изложил на нивниот презир и осуда. Одлучил тајно да го посети Исуса, оправдувајќи го тоа со причината дека многу други ќе го следат неговиот пример, кога тоа би било јавно. Распрашувајќи се добро за местото на коешто Исус се повлекувал на Маслиновата Гора, чекал додека градот не потонал во сон, а потоа го побарал. {КВ 168.2}

Во Христово присуство Никодим чувствувал некоја чудна плашливост, која се обидувал да ја сокрие под призвук на присебност и достоинство. „Рави!“ рекол „знам дека Ти си учител дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави чудесата што ги правиш ти, ако Бог не е со него”. Зборувајќи за посебните Христови дарови како учител и за Неговата прекрасна сила да прави чуда, се надевал дека ќе го приготви патот за разговор. Неговите зборови имале намера да изразат и предизвикаат доверба, но всушност изразувале неверие. Тој не го признавал Исус за Месија, туку само за учител испратен од Бога. {КВ 168.3}

Наместо да го прими овој поздрав, Исус го спуштил погледот на соговорникот како да ја чита неговата душа. Во Својата бесконечна мудрост, пред Себе видел човек што ја бара вистината. Знаел за целта на неговата посета, па со желба да го продлабочи убедувањето коешто веќе се јавувало во умот на Неговиот слушател, преминал непосредно на работата, велејќи свечено, но благо: „Вистина, вистина ти велам; оној што нема да се роди одозгора, не може да го види Божјото царство”. (Јован 3:3) {КВ 168.4}

Никодим дошол кај Спасителот со желба да дискутира со Него, но Исус го упатил на основното начело на вистината. „Теоретското сознание не е она што тебе ти недостига, туку духовна обнова. Тебе не ти е потребно да ја задоволиш својата љубопитност, туку да имаш ново срце. Мораш да примиш нов живот одозгора пред да научиш да го цениш она што е небесно. Сѐ додека не настапи оваа промена, преку која се обновува сѐ во душата, дискусијата за Мојот авторитет и за Мојата мисија за тебе нема да има спасоносно значење за тебе”. {КВ 171.1}

Никодим ја слушнал проповедта на Јован Крстителот за покајанието и за крштевањето и за неговото укажување на Оној, Кој ќе крштева со Светиот Дух. И сам чувствувал дека кај Евреите нема доволно духовност, дека тие во голема мера се робови на лицемерието и световната слава. Се надевал на една подобра духовна состојба при доаѓањето на Месијата. Меѓутоа, веста на Јован не предизвикала во него сознание за сопствената грешност. Бил строг фарисеј и се фалел со своите добри дела. Бил надалеку почитуван заради својата добродушност и дарежливост во одржување на службата во Храмот и сметал дека Божјата благонаклонетост му е осигурена. Бил изненаден од помислата за едно царство, кое е премногу чисто за тој да го види во својата сегашна состојба. {КВ 171.2}

Сликата на преродувањето со која се послужил Исус не му била целосно непозната на Никодим. Луѓето од незнабоштвото, кои се обратиле во израелевата вера, често се споредувани со деца. Затоа сигурно сфатил дека Христовите зборови не треба да се толкуваат буквално. Сметал дека со своето раѓање како Израелец бил сигурен за место во Божјото царство. Мислел дека не му е потребна никаква промена. Затоа се изненадил од зборовите на Спасителот. Бил иритиран што тие толку непосредно се однесувале на него. Фарисејската горделивост се борела со чесната желба на човекот, кој трага по вистината. Се зачудил што Христос така зборува со него, не почитувајќи ја неговата положба на поглавар во Израел. {КВ 171.3}

Изненаден од својата сталоженост, тој му одговорил на Исуса со зборови полни со иронија: „Како може да се роди човек кога е стар?“ Како и многумина други, кои стануваат свесни за острата вистина, тој покажал дека телесниот човек не може да го прими она што е од Божјиот Дух. Во него нема ништо што би одговорило на духовноста, бидејќи духовните нешта ги сфаќаат само оние, кои се духовни. {КВ 171.4}

Меѓутоа, Спасителот не одговарал на ниту еден аргумент со друг аргумент. Подигнувајќи ја раката со свечено, мирно достоинство, Тој со уште поголема убедливост ја повторил вистината: „Вистина, вистина ти велам, оној што нема да се роди од вода и од Дух, не може да влезе во Божјото царство”. Никодим знаел дека Исус зборува за крштевање со вода и за обновување на срцето со Божјиот Дух. Бил уверен дека се наоѓа во присуство на Оној, Кого го претскажал Јован Крстителот. {КВ 171.5}

Потоа Христос рекол: „Што е родено од телото, тело е; што е родено од Духот, дух е”. По природа срцето е лошо и „кој ќе извади чисто од нечисто? Никој”. (Јов 14:4) Никаков човечки изум не може да пронајде лек за грешната душа. „Телесниот ум е во непријателство со Бога, зашто не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може”. „Зашто од срцето излегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудство, кражби, лажни сведоштва, хули”. (Римјаните 8:7; Матеј 15:19) Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само надворешна вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Своето „јас“ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Таа промена може да се постигне само со делотворното делување на Светиот Дух. {КВ 172.1}

Никодим сѐ уште бил збунет, а Исус, со помош на ветрот прикажал што мисли: „Ветерот дува каде што сака и му го слушаш шумот, но не знаеш ниту од каде Доаѓа, ниту каде оди. Така е и со секој човек, кој е роден од Духот”. {КВ 172.2}

Ветрот се слуша меѓу гранките од дрвјата и како шушка во лисјата и цветовите, а Сепак е невидлив и никој не знае од каде Доаѓа и каде оди. Така, Светиот Дух делува на срцето. Тоа делување не може подобро да се објасни отколку со невидливото движење на ветрот. Човекот можеби не е во состојба точно да го одреди времето и местото или да се сети на сите околности во процесот на обратување, но тоа не значи дека не се обратил. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кај Христа. Тие можат да се примат преку размислување за Него, преку читање на Светото Писмо, преку слушање на Речта од жив проповедник. Одненадеж, кога Духот непосредно апелира, душата радосно се предава на Исуса. Многумина тоа го нарекуваат ненадејно обратување, но тоа е последица на долгото додворување на Божјиот Дух последица на трпелив, долготраен процес. {КВ 172.3}

Иако сам по себе е невидлив, ветрот предизвикува ефекти што се гледаат и чувствуваат. Така и влијанието на Духот врз душата се открива во секоја постапка на оној што ја чувствува неговата спасоносна моќ. Кога Божјиот Дух презема контрола врз срцето, животот се преобразува. Грешните мисли се отфрлаат, злите дела се оставаат; љубовта, понизноста и мирот доаѓаат на местото на гневот, зависта и кавгата. Радоста го зазема местото на тагата, а на лицето се одразува небесна светлина. Никој не ја гледа раката, која го зема товарот, ниту ја забележува светлината, која Доаѓа од небесните дворови. Благословот Доаѓа, кога душата преку вера и се предава на Бога. Тогаш таа сила што ниту едно човечко око не може да ја види, создава ново суштество според Божјиот лик. {КВ 173.1}

Невозможно е ограничените умови да го сфатат делото на избавување. Неговата тајна го надминува човечкото сознание, но Сепак оној што преминува од смрт во живот, сфаќа дека тоа е божествена стварност. Почетокот на избавувањето можеме да го дознаеме овде, по пат на лично искуство. Неговите последици достигаат до вечни времиња. {КВ 173.2}

Додека Исус зборувал, неколку зраци на вистина продреле во умот на поглаварот. Омекнувачкото и потчинувачко дејство на Светиот Дух оставило впечаток на неговото срце. Меѓутоа, тој не ги разбрал целосно зборовите на Спасителот. На него не оставил толку силен впечаток неопходноста од преродување, колку начинот на кој се врши тоа. Тој рекол со чудење: „Како може да биде тоа?“ {КВ 173.3}

„Ти си учител на Израел и не го знаеш тоа?“ запрашал Исус. Човекот кому му е доверено верско воспитување на народот, без сомневање не би требало да биде во незнаење за толку значајни вистини. Исусовите зборови содржеле поука, па Никодим наместо да биде иритиран од отворените зборови на вистината, би требало да има многу поскромно мислење за себеси, поради своето духовно незнаење. Сепак Христос зборувал со такво свечено достоинство и Неговите зборови и израз на лицето манифестирале толку сесрдна љубов, што Никодим не се навредил, кога ја сфатил својата понизна состојба. {КВ 173.4}

Меѓутоа, кога Исус објаснил дека Неговата мисија на Земјата се состои во тоа да воспостави духовно, а не привремено царство, Неговиот слушател се загрижил. Гледајќи го тоа, Исус додал: „Ако не ми верувате, кога ви кажав земни работи, како ќе ми верувате ако ви зборувам за небесни?“ Кога Никодим не можел да го сфати Христовото учење што го објаснува делото на милоста врз срцето, како ќе ја сфати природата на Неговото славно небесно царство? Не разбирајќи ја природата на Христовото дело на Земјата, не можел да го сфати Неговото дело на Небото. {КВ 173.5}

Евреите што Исус ги истерал од храмот тврделе дека се Авраамови деца, но побегнале од присуството на Спасителот, бидејќи не можеле да ја издржат Божјата слава што се манифестирала во Него. Така пружиле доказ дека не биле погодни преку Божјата благодат да учествуваат во светите обреди во храмот. Ревно се труделе да одржат само надворешен изглед на светост, но истовремено ја запоставиле светоста на срцето. Држејќи се за словото на законот, постојано го кршеле неговиот дух. Ним им била неопходна онаа промена што Христос му ја објаснил на Никодим ново морално раѓање, очистување од гревот и обновување на знаењето и на светоста. {КВ 173.6}

Не постоело никакво извинување за слепилото на Израел во поглед на делото на обновување. Под вдахновение на Светиот Дух, Исаија напишал: „Така сите станавме нечисти и сета наша праведност е како извалкана облека”. Давид се молел: „Дај ми Боже, чисто срце и обнови во мене вистински дух!“ Преку пророкот Езекиел е дадено ветувањето: „Ќе ви дадам ново срце и нов дух ќе вдахнам во вас. Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. Свој Дух ќе вдахнам во вас за да одите по Моите уредби”. (Исаија 64:6; Псалм 51:10; Езекиел 36:26,27) {КВ 174.1}

Никодим ги читал овие места со замаглен ум, но сега почнал да ја сфаќа нивната смисла. Видел дека ниту најстрогото почитување на словото на законот во надворешниот живот не му дава право на човекот да влезе во небесното царство. Според мислењето на луѓето, неговиот живот бил праведен и чесен; но во Христово присуство чувствувал дека срцето му е нечисто и животот несвет. {КВ 174.2}

Никодим бил привлечен кон Христа. Додека му објаснувал што е преродување, Никодим посакал и нему да му се случи таква промена. Како можело да се постигне тоа? Исус одговорил на тоа неизговорено прашање: „Како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така мора да биде подигнат Синот Човечки, за секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен”. {КВ 174.3}

Тоа била област што ја познавал Никодим. Симболот на подигнатата змија му ја објаснил мисијата на Спасителот. Кога Израелскиот народ умирал од каснувањето на отровните змии, Бог му наредил на Мојсеј да направи змија од бакар и да ја постави на возвишено место среде логорот. Тогаш на цел народ му било објавено дека секој што ќе погледне во змијата ќе остане жив. Израелците знаеле дека сама по себе, змијата нема никаква сила да им помогне. Таа била симбол на Христа. Како што кипот, направен во облик на смртоносна змија бил подигнат за нивно исцелување, така и Тој, Кој бил „во облик на грешно тело“ (Римјаните 8:3), требало да биде нивен Откупител. Многу Израелци сметале дека жртвената служба сама по себе има моќ да ги ослободи од гревот. Бог сакал да им покаже дека таа немала повеќе моќ отколку змијата од бронза. Со тоа сакал да ги насочи нивните мисли кон Спасителот. Тие не можеле да сторат ништо сами, било да се работи за исцелување на телесните рани или за ослободување од гревот, туку единствено со вера во Божјиот Дар. Требало да гледаат во Него за да живеат. {КВ 174.4}

Оние кои биле каснати од змии, можеле да се колебаат да погледнат. Можеле да поставуваат прашања каква делотворност може да има во тој симбол од бронза. Тие можеле да побараат научно објаснување, меѓутоа, никакво објаснување не било дадено. Тие морале да ја примат Божјата Реч што им била дадена преку Мојсеј. Да не се погледне, значело да се загине. {КВ 175.1}

Душата не може да се просветли со расправи и дискусии. За да живееме, мораме да гледаме во Христа. Никодим примил поука и не ја заборавил. Го проучувал Светото Писмо на нов начин, не заради теоретски расправи, туку за да прими живот за душата. Потчинувајќи се на водството на Светиот Дух, почнал да го гледа небесното царство. {КВ 175.2}

Денеска постојат илјадници луѓе, кои треба да ја научат истата вистина што му била објаснета на Никодим од примерот со подигнатата змија. Тие мора да се покорат на Божјиот закон доколку сакаат да ја стекнат Неговата благонаклонетост. Кога се повикани да гледаат на Исуса и да поверуваат дека Тој ги спасува единствено преку Својата благодат, тие извикуваат: „Како може да биде тоа?“ {КВ 175.3}

Како Никодим, мораме да настојуваме да влеземе во животот на ист начин, како и најголемите грешници. Освен Христа, „нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да се спасиме”. (Дела 4:12) Преку вера ја примаме Божјата благодат, но верата не е наш Спасител. Со неа ништо не се стекнува. Таа е рака со која се фаќаме за Христа и ги присвојуваме Неговите заслуги, лекот за гревот. Дури и не можеме да се покаеме без помош на Божјиот Дух. Светото Писмо вели за Христа: „Него Бог го издигна со Својата десница да биде Поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и простување на гревовите”. (Дела 5:31) Покајанието Доаѓа од Христа, исто како и простувањето. {КВ 175.4}

Како тогаш ќе се спасиме? „Како Мојсеј што подигна змија во пустината,“ така е подигнат Синот Човечки за секој што е измамен или каснат од змијата да може да погледне и да живее. „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов. Неговата љубов не привлекува кон Него. Ако не се спротивставуваме на оваа привлечна сила, ќе бидеме доведени пред крстот и ќе се покаеме за гревовите, кои го распнале Спасителот. Тогаш Божјиот Дух преку вера буди нов живот во душата. Мислите и желбите се доведуваат во потчинетост на Христовата волја. Срцето и умот се обновуваат според ликот на Оној што дејствува во нас, да си покори сѐ на Себеси. Тогаш Божјиот закон е запишан во мислите и срцето, па можеме да кажеме со Христа: „Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја, О Боже мој”. (Псалм 40:8) {КВ 175.5}

Во разговорот со Никодим, Исус го изложил планот на спасение и Својата мисија во светот. Во ниедна подоцнежна беседа Исус не го изложил толку целосно, чекор по чекор, делото што мора да се изврши во срцата на сите оние што сакаат да го наследат небесното царство. На почетокот на Својата служба, Тој ја открил вистината на еден член на Синедрионот, на разум, кој бил најприемчив, на еден одреден учител на народот. Меѓутоа, поглаварите на Израел не и посакале добредојде на светлината. Никодим ја сокрил вистината во своето срце и во текот на три години од неа се гледало малку плод. {КВ 176.1}

Меѓутоа, Исус ја познавал нивата на која посеал семе. Зборовите упатени таа ноќ на еден слушател на осамената гора, не биле изгубени. Извесен период Никодим не го признавал јавно Христа, но го набљудувал Неговиот живот и размислувал за Неговото учење. На советувањата на Синедрионот, Никодим повеќепати ги спречил намерите на свештениците да го уништат Христа. Кога на крај, Исус бил распнат на крстот, Никодим се сетил на учењето на Маслиновата Гора: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот Човечки, за секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен”. Светлината на тој таинствен разговор го осветлувала крстот на Голгота и Никодим во Исуса го видел Спасителот на светот. {КВ 176.2}

По Христовото вознесение, кога учениците биле расеани поради прогонството, Никодим смело стапил во првите редови. Тој го употребил своето богатство за да ја помогне младата црква, иако Евреите се надевале дека таа ќе исчезне по Христовата смрт. Никодим, кој бил толку претпазлив и колеблив, во моментот на опасност бил цврст како карпа; ја поттикнувал верата на учениците и давал средства за спроведување и напредок на евангелското дело. Го презирале и го прогонувале оние, кои порано му укажувале почит. Станал сиромашен во земните добра, но не се поколебал во верата, чиј почеток бил во оној ноќен разговор со Исуса. {КВ 177.1} Никодим му раскажал на Јован за тој разговор и Јован го запишал со своето перо, за да служи како поука на милиони луѓе. Вистините што тогаш биле изнесени и денес се исто толку значајни, како онаа свечена ноќ во сенките на планината, кога еврејскиот поглавар дошол кај понизниот галилејски Учител, за да научи за патот на животот. {КВ 177.2}

Сподели го ова:

Слични објави