16. ХРИСТОС ВО СВОЈОТ ХРАМ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 2:12-22.

„Потоа слезе во Капернаум Тој, мајка му, Неговите браќа и Неговите ученици и останаа таму неколку дена. Се приближуваше Пасха јудејска и Исус отиде горе во Ерусалим”. {КВ 154.1}

На овој пат Исус и се придружил на една од големите групи што се упатиле во главниот град. Тој сѐ уште не ја објавил јавно Својата мисија и незабележано се вмешал во мноштвото. Во тие прилики, често се разговарало за доаѓањето на Месијата на кое толку многу укажувала службата на Јован. Со големо воодушевување се зборувало за очекуваната национална големина. Исус знаел дека тие очекувања ќе бидат разочарани, бидејќи се засновале на погрешно толкување на Светото Писмо. Со длабока сериозност Тој ги објаснувал пророштвата и настојувал да ги поттикне луѓето потемелно да ја проучуваат Божјата Реч. {КВ 154.2}

Еврејските поглавари го поучувале народот дека во Ерусалим ќе добијат поуки како треба да му се служи на Бога. Во текот на пасхалната седмица многумина се собирале во Ерусалим од сите краеви на Палестина, па дури и од далечните земји. Предворјата на храмот биле исполнети со различно мноштво. Многумина не биле во состојба со себе да донесат жртви, кои требало да се принесат како симбол на големата Жртва. За да им се излезе на тие луѓе во пресрет, животните можеле да се купат во дворот на храмот. Тука се собирале разни луѓе за да ги купат своите дарови. Тука се менувале сите странски пари, за да се добијат монети што се користеле во храмот. {КВ 154.3}

Секој Евреин бил должен годишно да плаќа половина сикал, како „откуп за својата душа,“ а парите собрани на тој начин биле употребени за одржување на храмот (Излез 30:12-16) Покрај тоа, биле давани огромни суми како доброволни дарови, кои биле ставани во ризницата на храмот. Исто така, сите странски пари требало да се променат за да се добијат пари кои се викале сикал и кои биле приложувани за служба во светилиштето. Таа размена на пари пружала можност за измами и уцени и се претворила во срамна трговија, која претставувала извор на приходи за свештениците. {КВ 155.1}

Трговците барале претерани цени за животните што се продавале, а својата заработувачка ја делеле со свештениците и поглаварите, кои на тој начин се богателе на штета на народот. Верниците биле поучувани да веруваат дека Божјиот благослов нема да почива на нивните деца и на нивните ниви ако не принесат жртви. На тој начин можела да се добие висока цена за животните, бидејќи луѓето, по долгото патување, не сакале да се враќаат во своите домови, а да не извршат служба на побожност, заради која всушност дошле. {КВ 155.2}

Голем број жртви биле принесувани за време на Пасхата, па продажбата во храмот била многу голема. Метежот што владеел поради тоа, повеќе прилегал на бучен добиточен пазар, отколку на свет Божји храм. Тука можело да се слушне гласно спогодување, мукање на добиток, блеење на овци, гукање на гулаби, сето тоа измешано со ѕвекот на пари и со гневно препирање. Метежот бил толку голем, што ги вознемирувал верниците, а зборовите упатени на Семоќниот биле задушени од вревата што продирала во храмот. Евреите многу се фалеле со својата побожност. Тие се радувале со својот храм и секој збор изговорен против храмот се сметал како богохулство. Тие многу строго се придржувале за обредите поврзани со храмот, но среброљубието било посилно од нивните обѕири. Тие не биле нималку свесни за тоа колку се оддалечиле од првобитната цел на службата што ја одредил Бог. {КВ 155.3}

Кога Господ се спуштил на Синајската гора, тоа место било посветено од Неговото присуство. На Мојсеј му било наредено да постави граници околу гората и да ја посвети, а Господовата Реч се слушала како опомена: „Внимавајте да не се качувате на гората и да не се допирате до крајот нејзин. Секој што ќе ја допре гората, ќе го најде смрт. Никаква рака да не се допре до неа, туку нека биде каменуван или со стрела застрелан; било човек или живинче, нека не остане во живот”. (Излез 19:12,13) Така е дадена поука за тоа дека секаде, каде што Бог го открива Своето присуство, тоа место е свето. Прилозите за Божјиот храм морале да бидат сметани како свети. Меѓутоа, љубовта кон добивката направила сето ова да се заборави. {КВ 155.4}

Свештениците и поглаварите биле повикани да бидат Божји претставници за народот; нивна должност била да ја исправат злоупотребата на предворјето на храмот, а на народот морале да му дадат пример на чесност и сочувство. Наместо да се грижат за својата заработувачка, требало да ги разгледуваат состојбата и потребите на верниците и да им помогнат на оние кои не биле во можност да ги купат потребните жртви. Но тие не постапувале така. Нивните срца се стврднале поради лакомост. {КВ 156.1}

На тој празник Доаѓале оние кои страдале, оние кои биле во неволја и тага. Тука се наоѓале слепи, хроми, глуви. Некои биле носени на носила. Многумина биле толку сиромашни, што не можеле да купат дури ни најскромна жртва за Господа, толку сиромашни, што не можеле да купат храна за да ја задоволат сопствената глад. Тие биле ожалостени и огорчени од изјавите на свештениците. Свештениците се фалеле со својата побожност. Тие тврделе дека се чувари на народот, но немале ниту сочувство, ниту сожалување. Сиромашните, болните, оние на смртна постела, попусто барале помош. Нивните страдања не буделе никакво сочувство во срцата на свештениците. {КВ 157.1}

Влегувајќи во храмот, Исус со еден поглед ја согледал таа сцена. Видел нечесна трговија. Ја видел бедата на сиромасите, кои верувале дека без пролевање крв нема да бидат простени нивните гревови. Видел дека надворешното предворје на храмот е претворено во место за нечесна трговија. Светото подрачје се претворило во пространа менувачница. {КВ 157.2}

Христос видел дека нешто мора да се направи. На народот му биле наметнати многу обреди без да им се даде потребно објаснување во поглед на нивното значење. Верниците ги принесувале своите жртви, не знаејќи дека тоа се симболи на една совршена Жртва. А меѓу нив, непознат и непризнат, се наоѓал Оној, Кого симболично го претставувала целокупната нивна служба. Тој дал упатства во поглед на принесување на жртвите. Тој ја сфатил нивната симболика и видел дека сето тоа сега се изопачува и погрешно се сфаќа. Духовното обожавање брзо исчезнало. Никаква врска не ги спојувала свештениците и поглаварите со нивниот Бог. Христовото дело било насочено кон тоа да воспостави поинакво богослужение. {КВ 157.3}

Со испитувачки поглед Христос ја опфатил сцената, додека стоел на скалилата од предворјето на храмот. Тој со пророчко око гледа во иднината и гледа не само години туку децении и векови. Тој гледа како свештениците и поглаварите ќе ги пишат неволниците од нивните права и ќе забранат евангелието да им се проповеда на сиромашните. Тој гледа како Божјата љубов ќе биде прикривана од грешниците и како луѓето ќе тргуваат со Неговата благодат. Додека ја набљудувал таа сцена на осквернување, на Неговото лице се одразувало негодување, достоинство и одлучност. Вниманието на народот почнало да се насочува кон Него. Очите на оние, кои биле вовлечени во несветата трговија се задржале на Неговото лице. Тие не можеле да го оттргнат својот поглед. Тие чувствувале дека тој Човек ги чита нивните најскриени мисли и ги открива нивните тајни побуди. Некои се обидувале да ги сокријат своите лица, бидејќи на нив биле испишани нивните зли дела, кои тие испитувачки очи ќе ги прочитаат. {КВ 157.4}

Мешаницата стивнала. Звукот на трговијата и спогодувањето престанал. Настанала мачна тишина. Целиот собир бил проникнат со чувство на стравопочит. Се чинело како да се доведени пред Божјиот суд за да одговараат за своите дела. Набљудувајќи го Христа, тие виделе дека низ човечката надворешност се открива она што е божествено. Небесното височество стоело, како што ќе стои Судијата во последниот ден; сега не бил опкружен со славата што ќе го придружува тогаш, но поседувал иста таква способност да ги чита душите на луѓето. Неговиот поглед преминувал преку мноштвото, забележувајќи го секој поединец. Неговата појава со царско достоинство се издигнувала над нив, додека божествената светлина го осветлувала Неговото лице. Проговорил, а Неговиот јасен, ѕвонлив глас Оној ист Глас, Кој од Синајската гора го објавил Законот што го кршат свештениците и поглаварите одекнал низ сводовите на храмот: „Носете ги овие работи одовде и не правете од домот на Мојот Татко дом за тргување”. {КВ 158.1}

Слегувајќи полека по скалите и подигајќи го камшикот од јаже што го земал влегувајќи внатре, Тој им наредил на трговците да се оддалечат од територијата на храмот. Со ревност и строгост што никогаш порано не ги покажувал, ги превртел масите на менувачите на пари. Металните пари јасно одѕвонувале на мермерниот под. Никој не се осмелил да праша за Неговиот авторитет. Никој не се осмелил да ја собере својата лошо заработена добивка. Исус не ги удирал со камшикот, но тој едноставен камшик во Неговата рака изгледал како пламен меч. Службениците на храмот, свештениците кои склопуваат нечесни зделки, посредниците и трговците на добиток со своите овци и говеда побрзале да го напуштат ова место со една мисла; да побегнат од осудата на Неговото присуство. {КВ 158.2}

Паника го погодува мноштвото, кое ја почувствувало сенката на Неговата божествена природа. Од бледите усни на стотици луѓе се слушале извици на ужас. Дури и учениците трепереле од страв. Тие се наоѓале под силен впечаток на Исусовите зборови и постапки, кои отстапувале од Неговото вообичаено однесување. Се сеќавале дека за Него било напишано: „Ме изеде ревност за Твојот дом”. (Псалм 69:9) Набргу, бучното мноштво со својата стока се нашло далеку од Господовиот храм. Предворјата биле ослободени од несветата трговија и над местото каде што владеел метеж се спуштила длабока тишина и свеченост. Господовото присуство, кое некогаш ја посветило гората, сега го посветило храмот, подигнат во Негова слава. {КВ 158.3}

Со чистењето на храмот Исус ја најавил Својата месијанска служба и го започнал Своето дело. Тој храм, подигнат да биде место за престојување на божественото присуство, има за цел да биде очигледна поука за Израел и за светот. Уште од вечни времиња Божја намера била секое создание, од светлиот и свет серафим до човекот, да биде храм во кој ќе престојува Творецот. Човечкиот род, заради гревот престанал да биде Божји храм. Замрачено и извалкано од грев, човечкото срце веќе не можело да ја открива божествената слава. Меѓутоа, со отелотворување на Божјиот Син се исполнила намерата на Небото. Бог престојува во луѓето и човечкото срце повторно станува Негов храм преку спасоносната милост. Божја волја била храмот во Ерусалим да биде постојано сведоштво за високата Божја цел за секоја душа. Меѓутоа, Евреите не го разбрале значењето на градбата со која толку се гордееле. Не сакале да се предадат себеси да бидат свет храм на божествениот Дух. Предворјата на храмот во Ерусалим, полни со метеж и несвета трговија, премногу верно го прикажувале храмот на срцето, извалкано од присуството на сетилни страсти и несвети мисли. Чистејќи го храмот од световните продавачи и купувачи, Исус ја објавил Својата мисија; чистење на срцата од нечистотијата на гревот од земните желби, од себичните барања, од лошите навики што ја расипуваат душата. „Одненадеж во својот храм ќе дојде Господ што го барате вие и Ангелот на заветот по Кого копнеете. Еве го, веќе Доаѓа, вели Господ над војските. Но кој ќе го поднесе денот на Неговото доаѓање и кој ќе опстане, кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган леарски и како пепелницата на белачот. Тој ќе седне како оној што топи и пречистува сребро. Ќе ги очисти синовите Левиеви и ќе ги прочисти како злато и сребро”. (Малахија 3:1-3) {КВ 161.1}

„Не знаете ли дека вие сте храм Божји и дека Божјиот Дух пребива во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него ќе го уништи Бог, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие”. (1. Коринтјаните 3:16,17) Ниту еден човек не може сам да го истера злото што се вгнездило во неговото срце. Единствено Христос може да го очисти храмот на душата. Но Тој не сака насилно да влезе. Тој не влегува во срцето како некогаш во стариот храм, туку вели: „Еве стојам пред врата и тропам. Оној што ќе го чуе мојот глас и што ќе ја отвори вратата, ќе влезам кај него”. (Откровение 3:20) Тој ќе дојде не само на еден ден, бидејќи вели: „Ќе живеам и ќе одам меѓу нив…, а тие ќе бидат Мој народ”. Дој ќе ги погази нашите беззаконија; ќе ги фрли во морските длабочини сите наши гревови”. (2. Коринтјаните 6:16; Михеј 7:19) Неговото присуство ќе ја очисти и ќе ја посвети душата за да биде свет храм на Господа и „во живеалиште Божјо преку Духот”. (Ефесјаните 2:21,22) {КВ 161.2}

Совладани од ужас, свештениците и поглаварите побегнале од дворот на храмот и од проникливиот поглед што ги читал нивните срца. Во своето бегство сретнувале други што оделе кон храмот и ги повикувале да се вратат, раскажувајќи им што виделе и што чуле. Со длабоко сочувство Христос ги набљудувал луѓето што бегале, исплашени и несвесни за тоа што всушност претставува вистинска служба за Бога. Во таа сцена, Тој видел симбол на расејување на еврејскиот народ, кој ќе биде раселен поради своите беззаконија и своето непокајание. {КВ 162.1}

Зошто свештениците побегнале од храмот? Зошто не останале на свој терен? Оној, Кој им заповедал да одат, бил син на дрводелец, сиромашен Галилеец, без земна положба и моќ. Зошто не му се спротивставиле? Зошто ја напуштиле толку неправедно стекнатата добивка и побегнале при заповедта на еден човек, чиј надворешен изглед бил толку скромен? {КВ 162.2}

Христос зборувал со царски авторитет, а во Неговата појава и во тонот на Неговиот глас имало нешто на што тие не можеле да се спротивстават. Кога ја слушнале наредбата, тие сфатиле како никогаш порано дека всушност се најобични лицемери и ограбувачи. Кога божествената природа заблескала низ човечката, тие не само што ја виделе лутината на Христовото лице, туку го сфатиле и значењето на Неговите зборови. Се чувствувале како да се пред престолот на вечниот Судија, како да им е изречена пресуда за вечни времиња. Извесно време биле убедени дека Христос е пророк, а многумина поверувале дека Тој е Месијата. Светиот Дух ги потсетил на изјавите на пророците за Христа. Дали ќе го прифатат ова осведочување? {КВ 162.3}

Не сакале да се покаат. Тие знаеле дека сочувството на Христа за сиромашните се разбудило. Тие знаеле дека се виновници заради уценување во работењето со луѓето. Го мразеле Христа затоа што ги читал нивните мисли. Неговата јавна осуда ја навредила нивната гордост и биле љубоморни на Него, заради влијанието што го имал кај народот. Одлучиле да му постават прашање со кое право ги истерал и кој му ја дал таа сила. {КВ 162.4}

Полека и претпазливо се вратиле во храмот, но со омраза во срцето. Но каква промена се случила за време на нивното отсуство. Кога тие побегнале како виновници, сиромашните останале; тие го гледале Исуса, чие лице изразувало љубов и сочувство. Со солзи во очите, Тој им рекол на оние околу Него, кои трепереле: „Не плаши се, Јас ќе те избавам, а ти ќе ме прославиш. Заради тоа Јас дојдов на овој свет”. {КВ 162.5}

Народот се стискал околу Христа упатувајќи му итни, трогателни молби: „Учителу, благослови ме”. Неговото уво го слушнало секој повик. Со сожалување поголемо од сожалувањето на нежна мајка, се наведнувал над страдалниците. Секому му посветувал внимание. Секој поединец го излекувал од каква и да било болест да боледувал. Немите ги отвориле своите усни во благодарност, слепите го гледале лицето на својот Исцелител. Срцата на страдалниците се исполниле со радост. {КВ 163.1}

Кога свештениците и службениците на храмот го виделе тоа големо дело, какво откровение за нив претставувале гласовите што ги слушнале! Луѓето раскажувале за болките што ги претрпеле, за своите неисполнети надежи, за тешките денови и бессоните ноќи. Кога изгледало дека е згасната и последната надеж, Христос ги излекувал. Товарот беше толку тежок,“ сведочел еден „но јас пронајдов помошник. Тоа е Христос и јас целиот свој живот ќе го посветам на Неговата служба”. Родителите им зборувале на своите деца: „Тој ви го спаси животот. Подигнете го својот глас и фалете Го!“ Гласовите на децата и младите, татковците и мајките, пријателите и гледачите се здружиле во благодарност и пофалба. Нивните срца биле исполнети со надеж и среќа. Нивните души биле исполнети со мир. Тие душевно и телесно закрепнале и се вратиле дома, насекаде објавувајќи ја неспоредливата Исусова љубов. {КВ 163.2}

При Христовото распнување, оние што биле излекувани на тој начин, не се придружиле на толпата што викала: „Распни го, распни го!“ Нивните чувства биле на Исусовата страна, бидејќи ја почувствувале Неговата љубов и чудесна моќ. Знаеле дека Тој е нивен Спасител, бидејќи им дал телесно и духовно здравје. Ги слушале проповедите на апостолите и ги разбрале, бидејќи Божјата Реч пронашла пат до нивните срца. Тие станале посредници на Божјата милост и орудија на Неговото спасение. {КВ 163.3}

Мноштвото што побегнало од предворјето на храмот, почнало полека да се враќа. Луѓето делумно закрепнале од стравот што ги опфатил, но нивните пица Сепак изразувале неодлучност и страв. Со вчудовидување ги набљудувале Исусовите дела и биле убедени дека во Него се исполниле пророштвата во поглед на Месијата. Гревот за обесветување на храмот во голема мера паѓал на свештениците. Според нивни упатства предворјето на храмот било претворено во пазар. Во споредба со нив, народот не бил виновен. Исусовиот божествен авторитет оставил длабок впечаток на луѓето, но кај нив преовладувало влијанието на свештениците и поглаварите. Тие ја сметале Христовата мисија за новина и се сомневале во Неговото право да го спречува она што го дозволила црковната власт. Биле навредени што пазарот бил растурен и го задушувале во себе дејството на Светиот Дух. {КВ 163.4}

Свештениците и поглаварите, пред сите останати морале да видат дека Исус е Божји помазаник, бидејќи во нивните раце се наоѓале светите списи во кои е опишана Неговата мисија и знаеле дека во чистењето на храмот се манифестирало нешто поголемо од човечката сила. Колку и да го мразеле Исуса, не можеле да се ослободат од мислата дека Тој можеби е пророк што бил испратен од Бога за да воспостави светост во храмот. Со почит која произлегла од тој страв, тие му пристапипе со прашањето: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?“ {КВ 164.1}

Исус им покажал знак. Со светлината која засветлила во нивните срца и делата кои ги правел пред нив, а кои можел да ги прави само Месијата, Тој им дал убедлив доказ за Својот карактер. Сега, кога барале знак, Тој одговорил со една парабола, покажувајќи дека ја сфатил нивната лоша намера и дека гледа до каде таа ќе ги одведе. „Урнете го овој храм,“ рекол „и за три дена Јас ќе го подигнам!“ {КВ 164.2}

Овие Негови зборови имале двојно значење. Тој не мислел само на уништување на еврејскиот храм и обожавањето, туку и на сопствената смрт на уништување на храмот на Своето тело. Евреите веќе ковале заговор за ова. Кога свештениците и поглаварите се вратиле во храмот, предложиле да го убијат Исуса и да се ослободат од Оној, Кој ги вознемирувал. Сепак, кога Тој ги изнел пред нив нивните цели, тие не го разбрале. Сметале дека Неговите зборови се однесуваат само на храмот во Ерусалим и со разлутеност извикале: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти ќе го подигнеш за три дена?“ Чувствувале дека Исус го оправдал нивното неверие и тоа ги утврдило во одлуката да го отфрлаат. {КВ 164.3}

Христова намера не била неверните Евреи да ги разберат тие зборови, кои и за Неговите ученици ќе останат несфатени во тоа време. Знаел дека Неговите непријатели погрешно ќе ги толкуваат тие зборови и дека ќе ги свртат против Него. На Неговото судење, тие зборови биле изнесени како обвинување, а на Голгота ќе му бидат фрлени во лице за да го навредат. Меѓутоа, ако во тоа време им ги објаснил, тоа би значело да ги извести Своите ученици за Своите страдања и да им нанесе болка, која во тоа време сѐ уште не биле во состојба да ја понесат. Покрај тоа, таквото објаснување премногу рано би им ги покажало на Евреите последиците од нивните предрасуди и од нивното неверие. Тие веќе тргнале по патот по кој постојано ќе одат, сѐ додека Тој не биде одведен како јагне на колење. {КВ 164.4}

Овие Христови зборови биле изговорени поради оние, кои ќе поверуваат во Него. Тој знаел дека тие зборови ќе се повторуваат. Бидејќи биле изговорени за време на Пасха, тие зборови ќе дојдат до ушите на илјадници луѓе и ќе бидат пренесени низ сите краеви на светот. И кога Тој ќе воскресне од мртвите, значењето на тие зборови ќе биде јасно. За многумина тие ќе бидат убедлив доказ за Неговото божество. {КВ 165.1}

Среде духовната темнина, дури и Исусовите ученици често пати не ги разбирале Неговите поуки. Меѓутоа, многу од тие поуки им станале јасни со подоцнежните случувања. Кога Тој веќе не бил со нив, Неговите зборови требало да останат во нивните срца. {КВ 165.2}

Зборовите на Спасителот, кои се однесувале на храмот во Ерусалим: „Урнете го овој храм и за три дена пак ќе го подигнам,“ имале подлабока смисла, отколку смислата што ја согледале Неговите слушатели. Христос бил темел и живот на храмот. Службата во храмот била симбол на жртвата на Божјиот Син. Свештенството е воспоставено да ја прикажува Христовата посредничка улога и дело. Целиот систем на принесување жртви симболично ја прикажувал смртта на Спасителот заради откупување на светот. Принесувањето на тие жртви не би имало никаква смисла, ако големиот настан на кој укажувале тие би бил веќе остварен. {КВ 165.3}

Бидејќи целиот обреден систем симболично укажувал на Христа, тој систем немал никаква вредност без Него. Кога Евреите го запечатиле отфрлањето на Христа, осудувајќи го на смрт, тие го отфрлиле сѐ она што давало смисла на храмот и службата во него. Светоста на нивниот храм исчезнала; тој бил осуден на пропаст. Од тој ден жртвените прилози и службата во врска со тоа, станале бесмислени. Како и Каиновата жртва, тие не изразувале вера во Спасителот. Со тоа што го предале Христа на смрт, Евреите всушност го уништиле храмот. Кога Христос бил распнат, завесата во храмот се раскинала на два дела, од горе до долу, означувајќи дека е принесена големата финална Жртва и дека целиот систем на жртвите засекогаш престанал. {КВ 165.4}

„За три дена Јас ќе го подигнам”. При смртта на Спасителот, силите на темнината како да победиле и се радувале на својата победа. Меѓутоа, од отворениот Јосифов гроб Христос излегол како победник. „Тој ги разоружа поглаварствата и властите, јавно ги изложи, победувајќи над нив”. (Колосјаните 2:15) Со Својата смрт и воскресение, Тој станал слуга на „вистинската скинија што ја подигна Господ, а не човек”. (Евреите 8:2) Луѓе го подигнале еврејскиот шатор за состанок, луѓе го изградиле еврејскиот храм, но небесното светилиште, на кое земното било симбол, не го подигнал ниту еден човечки архитект. „Еве го човекот на кого името му е Изданок… Тој ќе го изгради храмот Господов и ќе се прослави; ќе седне и ќе владее на Својот престол и ќе биде свештеник на Својот престол”. (Захарија 6:12,13) {КВ 165.5}

Службата на жртвување која укажувала на Христа е помината, но очите на луѓето се вперени кон вистинската жртва за гревовите на светот. Земната свештеничка служба престанала, но ние гледаме на Исуса, слугата на Новиот Завет и на „крвта за попрскување, која подобро зборува од крвта на Авел”. „Уште не е отворен патот за небесното светилиште, додека постои првата скинија… Но Христос, кога се појави како првосвештеник на идните добра, поминувајќи низ поголемата и посовршена скинија, која не е направена со раце… влезе еднаш и засекогаш во светото место, откако обезбеди вечно откупување за нас”. (Евреите 12:24; 9:8-12) {КВ 166.1}

„Затоа може целосно да ги спаси оние што доаѓаат преку Него кај Бога, зашто секогаш живее за да посредува за нив”. (Евреите 7:25) Иако службата морала да се премести од земниот во небесниот храм, иако светилиштето и нашиот голем Првосвештеник ќе бидат невидливи за човечките очи, Сепак учениците нема да претрпат никаква загуба поради тоа. Во нивното општење со Небото нема да има никаков прекин, ниту ќе се намали нивната моќ поради отсуството на Спасителот. Додека Исус служи во небесното светилиште, со своето присуство, Исус сѐ уште служи во црквата на Земјата. Ние не можеме да го видиме, но се исполнило ветувањето што е дадено при заминувањето: „Еве, Јас сум со вас секогаш, дури до крајот на светот”. (Матеј 28:20) Иако ја пренел Својата власт на слугите од понизок степен, Неговото животворно присуство е сѐ уште во Неговата црква. {КВ 166.2} „Имајќи голем Првосвештеник,… Исус, Божјиот Син, да се држиме цврсто за верата што ја исповедаме. Зашто ние немаме првосвештеник, кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Еден, Кој е искушан во сѐ како и ние, само што не згрешил. Затоа слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта за да примиме милост и да најдеме благодат за помош во време на потреба”. (Евреите 4:14-16) {КВ 166.3}

Сподели го ова:

Слични објави