9. СКАПОЦЕН БИСЕР

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:45,46)

Нашиот Спасител ги споредил благословите на откупителната љубов со скапоцен бисер. Својата поука ја илустрирал со параболата за трговецот кој бара убави бисери, кој, наоѓајќи скапоцен бисер, „оди и продава сè што има и го купува“. Самиот Христос е бисер со голема вредност. Во Него е собрана целата слава на Отецот, полнотата на божеството. Тој е одраз на славата на Отецот и отпечаток на Неговата личност. Славата на Божјите особини е изразена во Неговиот карактер. Секоја страница на Светото Писмо сјае со Неговата светлина. Христовата праведност, како чист, сјаен бисер, нема никаков недостиг, ниту дамка. Ниту едно човечко дело не може да го подобри големиот и скапоцен Божји дар. Тој е без мана. Во Христа се „скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето“ (Колосјаните 2:3). Тој ни „стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп“ (1. Коринтјаните 1:30). Сè што може да ги задоволи потребите и копнежите на човечката душа и на овој свет и на светот што доаѓа, се наоѓа во Христа. Нашиот Откупител е бисер, кој е толку драгоцен, што во споредба со него сè друго може да се смета за загуба. {ХП 115.1}

Христос „дојде кај Своите, но Своите не Го примија” (Јован 1:11). Божјата светлина засветила во темнината на овој свет, и „темнината не ја опфати“ (Јован 1:5). Но не беа сите рамнодушни кон овој небесен дар. Трговецот во параболата ја претставува групата која искрено ја сакала вистината. Кај разни народи имало умни и искрени луѓе кои во литературата и науката, и во религиите на паганскит свет, го барале она што би можеле да го добијат како духовно богатство. И меѓу Евреите имало такви кои го барале она што го немале. Незадоволни од формалната религија, тие копнееле по она што е духовно и возвишено. Избраните Христови ученици припаѓале на оваа втора група, додека Корнилиј и евнухот од Етиопија припаѓале на првата. Тие не само што копнееле по небесната светлина, туку и се молеле да ја добијат; и кога Христос им се открил, тие со радост Го примиле. {ХП 116.1}

Во параболата бисерот не е претставен како дар. Трговецот го купил давајќи за него сè што имал. Мнозина го бараат значењето на оваа загатка, бидејќи Христос во Библијата е претставен како дар. Тој навистина е дар, но само за оние кои без резерва се предаваат себеси, душата, телото и духот. Ние треба да му се предадеме на Христа, да живееме живот на доброволна послушност кон сите Негови барања. Сè што сме, сите способности и таленти што ги поседуваме, сè му припаѓа на Господа и треба да биде посветено на Неговата служба. Кога така ќе му се предадеме целосно на Него, Христос со сето небесно богатство ни се дава нам. Ние добиваме бисер со непроценлива вредност. {ХП 116.2}

Спасението е бесплатен дар, а сепак треба да се купува и продава. На пазарот со кој управува божествената милост, скапоцениот бисер е претставен како вредност што се купува без пари и без цена. На тој пазар сите можат да ги добијат небесните добра. Ризницата на скапоценостите на вистината е отворена за сите. Господ кажува: „Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори“. Никаков меч не го чува влезот низ таа врата. Одвнатре и пред вратата се слушаат гласови: Дојди! Гласот на Спасителот сериозно и со љубов нè повикува: „Те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш” (Откровение 3:8,18). {ХП 116.3}

Христовото евангелие е благослов што можат да го имаат сите. Најсиромашните, исто како и најбогатите, се способни да го купат спасението, зашто ниту едно богатство не е во состојба да го плати. Тоа се стекнува со доброволна послушност, со тоа што ќе му се предадеме на Христа, станувајќи Негова откупена сопственост. Образованието, дури и она од највисок ранг, не може само по себе да го приближи човекот до Бога. Фарисеите ги уживале сите земни и сите духовни предности и горделиво се фалеле: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол“ (Откровение 3:17). Христос им понудил бисер со голема вредност, но тие со презир одбиле да го примат, па им рекол: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо“ (Матеј 21:31). {ХП 117.1}

Ние не можеме да го заработиме спасението, но треба да го бараме со ист интерес и истрајност како да се откажеме од сè на светот за да го добиеме. {ХП 117.2}

Ние треба да бараме бисер со голема вредност, но не на световните пазари или на световни начини. Цената што треба да ја платиме не е изразена во злато или сребро, зашто и тие му припаѓаат на Бога. Да ја отфрлиме помислата дека световните или духовните предности можат да ни обезбедат спасение. Бог од нас бара доброволна послушност. Тој нè замолува да се откажеме од нашите гревови. Христос изјавува: „На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол“ (Откровение 3:21). {ХП 117.3}

Постојат луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале целосно од своите погрешни навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат скапоцениот бисер Тие не ја совладале несветата амбиција и својата склоност кон световните привлечности, не го зеле крстот ниту пошле по Христа по патот на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но сепак не целосно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не можат да влезат во него. Речиси, но не и потполно спасен, значи да се биде не речиси, туку целосно изгубен. {ХП 118.1} 

Параболата за трговецот кој бара убави бисери има двојно значење: тоа не се однесува само на луѓето кои го бараат небесното царство, туку и на Христа кој го бара Своето изгубено наследство. Христос, небесниот трговец, кој бара убав бисер, во изгубеното човештво гледал бисер со голема вредност. Во човекот, извалкан и уништен од гревот, Тој видел можност да го откупи. Срцата што претставувале бојно поле со сатаната и кои биле спасени со силата на љубовта, за Спасителот се поскапоцени од оние што никогаш не паднале. Бог не гледал не човештвото како на подло и безвредно мноштво; Тој го гледал во Христа и видел што може тоа да стане преку силата на Неговата откупителска љубов. Тој ги собрал сите богатства на вселената и ги заложил за да го купи бисерот. И Исус, кога го пронашол, го става на Својата круна. „Зашто тие ќе заблескаат како камења на круна во земјата Негова“ (Захарија 9:16). „Тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи“ (Малахија 3:17). {ХП 118.2}

Но, Христос како скапоцен бисер и наша привилегија да го поседуваме ова небесно богатство, треба да биде тема со која најмногу ќе се занимаваме. Само Светиот Дух може да им ја открие на луѓето вредноста на тој скапоцен бисер. Времето во кое Тој делува на срцето е време кога во посебна смисла се бара и се наоѓа овој небесен дар. Во Христово време мнозина го чуле евангелието, но нивниот ум бил затемнет од лажното учење, и затоа кај Учителот од Галилеја не го препознале Божјиот Пратеник. Но, по Христовото вознесение, Неговото востоличување на престолот на своето посредничко царство било објавено со излевање на Светиот Дух. На денот Педесетница Светиот Дух слегол врз луѓето. Христовите сведоци ја објавувале силата на воскреснатиот Спасител. Небесната светлина навлегла во затемнетиот ум на оние што биле измамени од Христовите непријатели. Тие сега го виделе на возвишена положба „Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел“ (Дела 5:31). Го виделе опкружен со небесна слава, со бесконечни богатства во Неговите раце да им го даде на сите што се одвратиле од својот бунт. Кога апостолите ја објавиле славата на Единородниот од Отецот, три илјади души се преобратиле, на кои им помогнале да се видат себеси во вистинска светлина, грешни и расипани, а Христа како нивен пријател и Откупител. Христос бил издигнат и прославен со силата на Светиот Дух кој почивал врз луѓето. Со вера, овие верници го виделе Христа кој претрпел понижување, страдања и смрт, за да не загинат, туку да имаат вечен живот. Откривајќи им го Христа преку Духот тие им помигнале да ја сфатат Неговата моќ и величина, и тие со вера ги испружиле рацете кон Него, велејќи: „Јас верувам!“ {ХП 118.3}

Тогаш радосната вест за воскреснатиот Спасител била однесена до најдалечните места на населениот свет. Црквата гледала како и пристапуваат обратеници од сите страни. Верниците навистина биле преобратени. Грешниците се обединиле со христијаните во потрага по бисерот со голема вредност. Се исполнило пророштвото: „И најслабиот меѓу нив во оној ден ќе биде како Давид, а домот Давидов ќе стане како Бог, како ангел Господов пред нив“ (Захарија 12:8). Секој христијанин во својот брат видел божествен лик на великодушност и љубов. Преовладувал еден интерес. Еден предмет ги проголтал сите други. Сите срца чукале во хармонија. Единствена амбиција на верниците била да го прикажат Христовиот лик во својот карактер и да се трудат да го прошират Неговото царство. „А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа… Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господ Исус Христос; и имаше голема благодат над сите нив”. „А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво“ (Дела 4:32,33; 2:47). Христовиот Дух го оживеал целото собрание, зашто тие го нашле скапоцениот бисер. {ХП 120.1} Овие сцени треба да се повторат со уште поголема сила. Излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница го претставувал раниот дожд, но позниот дожд ќе биде пообилен. Светиот Дух очекува да го побараме и да го добиеме. Христос повторно треба да се открие во сета полнота со силата на Светиот Дух. Луѓето ќе ја препознаат вредноста на скапоцениот бисер и со апостол Павле ќе речат: „Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба.Затоа, сметам дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос“ (Филипјаните 3:7,8). {ХП 121.1}

Сподели го ова:

Слични објави