19. МЕРКА НА ПРОСТУВАЊЕТО

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 18:21-35)

Петар дошол кај Христа со прашањето: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ Рабините го ограничиле простувањето на три пати. Петар, мислејќи дека го применува Христовото учење, решил бројот да го зголеми на седум, број кој означува совршенство. Христос учел дека никогаш не треба да се умориме да простуваме. Затоа му одговорил: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум!“ {ХП 243.1}

Потоа го опишал вистинскиот услов под кој може да се добие проштавање и опасноста на која се изложува човек кој не сака да прости. Во параболата тој раскажал за постапката на еден цар кон службениците кои ги воделе работите во неговото царство. Некои од тие службеници ракувале со големи суми пари што и припаѓале на државата. Кога царот побарал да ги провери работите што им биле доверени, пред него бил доведен еден човек чијашто сметка покажувала дека на својот господар му должи огромна сума од десет илјади таланти. Бидејќи немал со што да плати, според тогашниот обичај царот наредил да го продадат заедно со сиот свој имот и со тоа да се наплати долгот. Меѓутоа, исплашениот човек паднал пред неговите нозе и почнал да го моли, велејќи му: „Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам!“ Тогаш господарот на тој слуга се сожалил, го ослободил и му го простил долгот. {ХП 243.2}

„Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‘Врати ми го долгот!’ Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ‘Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!’ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го исплати долгот.Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сè што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: ‘Зол слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?’ И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг”. {ХП 244.1}

Во оваа парабола се прикажани подробностите кои се неопходни за да се комплетира дадената слика, но кои во преносна смисла немаат некое духовно значење. Затоа не треба да се обрнува внимание на нив. Меѓутоа, со оваа илустрација се опишани некои значајни вистини и за нив треба да размислуваме. {ХП 244.2}

Простувањето што го доделил царот го претставува божественото простување на гревот. Христос е претставен со царот кој, поттикнат од сожалување, му го простил долгот на Својот слуга. Човекот бил под осуда на прекршениот закон. Тој не можел сам да се спаси и токму затоа Христос дошол на овој свет, ја наметнал Својата божествена природа со човечка и го дал Својот живот, праведник за неправедници. Тој се дал Себеси за нашите гревови и затоа на секоја душа бесплатно и го нуди со крв стекнатото простување. „Зашто милоста е во Господ и голем е откупот во Него“ (Псалм 130:7). {ХП 244.3}

Овде е дадена основната причина зошто мораме да покажеме сожалување кон оние кои се грешници како и ние. „Возљубени, кога така нè возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг“ (1. Јованово 4:11). Христос вели: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). {ХП 245.1}

Кога должникот, од параболата, барал да му се одложи плаќањето на долгот и кога ветил: „Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!“ казната била укината. Целиот долг бил избришан и набргу добил можност да го следи примерот на својот господар кој му простил. Кога излегол, сретнал еден свој пријател, исто така слуга, кој му должел мала сума. Нему му биле простени десет илјади таланти; овој должник нему му должел само сто денарии. Меѓутоа, човекот кон кого се постапило толку милостиво, кон својот соработник се однесувал на сосема поинаков начин. Неговиот должник му упатил молба слична на онаа што самиот тој му ја упатил на царот, но без сличен резултат. Истиот човек, кој пред толку кратко време добил прошка, немал ниту милост ниту сожалување. Милоста што му била укажана нему не се покажала во неговото постапување кон другарот во неволја. Не ја прифатил молбата да биде трпелив. Неблагодарниот слуга не мислел на ништо друго освен на онаа мала сума пари што му ги должел неговиот другар. Го барал само своето и сметал дека има право и во дело ја спровел пресудата слична на онаа која нему милосрдно му била поништена. {ХП 245.2}

Колкумина денес го манифестираат истиот дух! Кога должникот барал милост од својот господар, немал вистинска претстава за големината на својот долг. Не ја сфатил својата беспомошност. Се надевал дека со свој труд ќе се избави себеси. Затоа и барал: „Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!“ Сепак, постојат мнозина кои се надеваат дека со своите дела ќе ја заслужат Божјата милост. Тие не ја сфаќаат својата беспомошност. Тие не ја прифаќаат Божјата милост како бесплатен дар, туку се обидуваат да развијат некоја своја праведност. Нивните срца не се скршени и понизни поради гревот што го направиле и затоа се строги и непомирливи кон другите. Нивните гревови кон Бога, во споредба со гревовите на нивниот брат кон нив, би изгледале како десет илјади таланти на сто денарии – речиси еден милион на еден; а сепак се осмелуваат да не простуваат. {ХП 245.3}

Во параболата господарот го повикал немилосрдниот должник и му рекол: „Зол слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг”. Исус продолжил: „Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на брата си”. Оној што одбива да прости, отфрла секоја надеж дека и самиот ќе добие прошка. {ХП 247.1}

Меѓутоа, поуката од оваа парабола не смее да се применува погрешно. Божјата подготвеност да ни прости на ниту еден начин не ја намалува нашата должност да му бидеме послушни. Исто така, нашето простување што им го даваме на нашите ближни не ги намалува нивните праведни обврски кон нас. Во молитвата на која ги научил Своите ученици, Тој рекол: „И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Матеј 6:12). Со тоа Тој не мислел дека за да ни бидат простени нашите гревови, не смееме од нашите должници да го бараме она што со право ни припаѓа. Ако тие не можат да платат, иако ова може да биде резултат на неразумно управување со средствата, ние не смееме да ги фрлиме во затвор, да ги угнетуваме, па дури и строго да постапуваме кон нив. Меѓутоа, параболата не бара од нас да поттикнуваме безделништво. Божјата реч изјавува дека „кој не сака да работи, тој нека и не јаде“ (2. Солунјаните 3:10). Господ не бара од човекот кој напорно работи да ги поддржува другите во безделничење. Мнозина губат време, не вложуваат сериозни напори, и затоа запаѓаат во сиромаштво и скудност. Доколку овие грешки не бидат поправени од оние што ги имаат овие мани, сè што можеме ние да сториме за нив би личело како на ставање богатство во вреќа со дупки. Сепак, постои и неизбежна сиромаштија, и ние мораме да покажеме нежност и сочувство кон оние што се несреќни. Со ближните треба да постапуваме онака како што би сакале во слични околности да се постапува со нас. {ХП 247.2}

Светиот Дух преку апостол Павле ни препорачува: „И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание,исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени;не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Филипјаните 2:1-5). {ХП 248.1}

Меѓутоа, гревот не смее да се сфати лекомислено. Господ ни заповедал да не трпиме грев кај братот. Тој вели: „Ако згреши против тебе братот твој, укори го!“ (Лука 17:3). Гревот треба да се нарече со неговото вистинско име и јасно да му се изнесе на оној што прави зло. {ХП 248.2}

Во својата препорака до Тимотеј, Павле пишувајќи под инспирација на Светиот Дух, вели: „Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука“ (2. Тимотеј 4:2). И на Тит му напишал: „Зашто има и мнозина непокорни, празнословци и измамници… Поради таа причина укори ги строго за да бидат здрави во верата“ (Тит 1:10-13). {ХП 248.3}

Христос рекол: „Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си;ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор;ако, пак, не ги послуша и нив, кажи и на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник“ (Матеј 18:15-17). {ХП 248.4}

Нашиот Господ учи дека тешкотиите меѓу христијаните треба да се решат во рамките на црквата. Не треба да ги изнесуваме пред оние што не се плашат од Бога. Ако на христијанинот неговиот брат му направи зло, тој нека не се жали на неверниците на суд. Нека ги следи упатствата што ги дал Христос. Наместо да се обидува да се одмазди, нека се труди да го спаси својот брат. Бог ќе ги штити интересите на оние што го љубат и што се плашат од Него, и затоа со доверба можеме нашиот случај да му го предадеме на Оној кој суди праведно. {ХП 248.5}

Премногу често, кога грешките се повторуваат неколку пати, а сторителот секојпат ја признава својата вина, повредениот станува уморен и мисли дека веќе доволно простувал. Но Спасителот јасно ни кажал како мораме да постапуваме со грешните: „Ако згреши против тебе братот твој, укори го, и ако се покае – прости му“ (Лука 17:3). Не држи го како недостоен за твоја доверба. „Пазејќи се и вие да не бидете искушани“ (Галатјаните 6:1). {ХП 249.1}

Ако твоите браќа грешат, треба да им простиш. Кога ќе дојдат кај тебе и ќе признаат што сториле, немој да кажеш: „Мислам дека не покажаа доволно понизност! Мислам дека нивното признание не е искрено”. Од каде ти е правото да им судиш кога не си во состојба да ги читаш срцата? Божјата реч вели: „Ако се покае – прости му. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ‘Се каам’ – прости му“ (Лука 17:3,4). И не само седум пати, туку седумдесет пати по седум – исто толку често колку што ти простува Бог на тебе. {ХП 249.2}

За сè ние и должиме на Божјата бесплатна милост. Милоста во заветот нас нè посвоила. Милоста на нашиот Спасител ни овозможила откуп, обнова и издигнување до ранг на сонаследници со Христа. Да им ја откриеме силата на таа милост и на другите. {ХП 250.1}

На оние што згрешиле немојте да им давате повод да се обесхрабрат. Немојте со својата фарисејска нечувствителност да го ранувате својот брат. Ниту во умот ниту во срцето нека не ви се јави некоја зајадлива, горчлива мисла. Во вашиот глас нека не се покаже никаква трага од презир. Ако сте решиле да искажете некое свое мислење или да заземете рамнодушен став, да покажете сомнителност или недоверба, вие сте ја запечатиле пропаста на таа душа. Нејзе и е потребен брат со сочувствително срце кое со својата љубов, слично на постариот Брат (Христос), ќе ги трогне нејзините човечки чувства. Нека почувствува цврст стисок на братска рака, нека го чуе шепотот: „Ајде да се молиме!“ Бог и вам и нему ќе ви подари богато искуство. Молитвата ве соединува меѓусебно и со Бога. Молитвата го носи Исуса на наша страна и на слабата, збунета душа, и дава нова сила да го совлада светот, телото и ѓаволот. Молитвата ги одбива нападите на сатаната. {ХП 250.2}

Кога некој ќе се сврти од човечките несовршености и го посматра Исуса, во неговиот карактер се случува божествена преобразба. Христовиот Дух влијае врз срцето и го прилагодува на Неговиот лик. А потоа издигнете го Исуса. Вашите духовни очи нека го посматраат „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1:29). Кога ќе се вклучите во Неговото дело, спомнете си дека „Оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови“ (Јаков 5:20). {ХП 250.3}

„Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6:15). Ништо не може да го оправда духот што не простува. Оној кој е немилосрден кон другите, покажува дека ни самиот нема дел во Божјата милост која ги простува гревовите. Божественото проштавање ја привлекува душата на заталканиот кон големото срце на бесконечната љубов. Во душата на грешникот се влева река на божествено сочувство, а од неа истата се влева во душите на другите. Нежноста и милоста што ги покажал Христос во Својот совршен живот ќе се видат во животот на оние што имаат дел во Неговата милост. Но, „Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов“ (Римјаните 8:9). Тој се отуѓил од Бога и вечно ќе биде одделен од Него. {ХП 251.1}

Вистина е дека можеби некогаш добил прошка, но неговиот немилосрден дух покажува дека тој сега ја отфрла Божјата љубов која простува. Тој се одвоил од Бога и се наоѓа во истата положба во која бил и пред да му биде простено. Се откажал од своето покајание и неговите гревови остануваат на него како никогаш да не се покајал. {ХП 251.2}

Големата поука содржана во оваа парабола се крие во разликата меѓу Божјото сожалување и човековата немилосрдност, во фактот дека божествената милост која простува треба да биде мерка за нашето простување. „Не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?“ {ХП 251.3} Нам не ни се простува затоа што ние простуваме, туку онака како што ние простуваме. Темелот на сето простување се наоѓа во незаслужената Божја љубов, а ние со нашето однесување кон другите покажуваме дали таа љубов станала и наша. Затоа Христос вели: „Зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Матеј 7:2). {ХП 251.4}

Сподели го ова:

Слични објави