7. „ПРИЛЕГА НА КВАС“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:33 и Лука 13:20,21)

Многу образовани и влијателни луѓе доаѓале да го слушаат пророкот од Галилеја. Некои од нив љубопитно и со интерес го гледале мноштвото што се собрало околу Христа додека поучувал покрај езерото. Среде тоа големо мноштво се наоѓале сите општествени класи. Имало сиромашни, неписмени, просјаци во партали, разбојници, на чиешто лице се забележувал печат на вина; осакатени, распуштени, трговци и безделници, угледни и презрени, богати и сиромашни; и сите се тискале околу Христа, се бореле за место во Негова близина, сакајќи да го видат и да го чујат. Посматрајќи го необичниот собир, овие образовани луѓе се прашувале: Зарем Божјото царство навистина се состои од луѓе слични на овие? Спасителот повторно одговорил со парабола: {ХП 95.1}

„Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето”. {ХП 95.2}

Меѓу Евреите квасот понекогаш се користел како симбол на гревот. За време на празникот Пасха на народот му било кажано да отстрани од своите домови секаков квас на ист начин како што му било кажано да го отстрани секој грев од своето срце. „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие“ (Лука 12:1). И апостол Павле зборува за „квас од злоба и лукавство“ (1. Коринтјаните 5:8). Меѓутоа, во оваа парабола на Спасителот квасот се користи како симбол на небесното царство. Со него е прикажана животворната преобразувачка сила на Божјата благодат. {ХП 95.3}

Никој не е толку грешен, никој не паднал толку ниско за да се најде надвор од досегот на таа сила. На сите што сакаат да му се предадат на Светиот Дух ќе им биде всадено ново животно начело; кај човечкиот род треба да се обнови изгубениот божествен лик. {ХП 96.1}

Меѓутоа, човекот не може да се преобрази со својата согласност и волја. Тој нема сила со која може да ја изврши оваа промена. Квасецот – нешто што доаѓа целосно однадвор – мора да се стави во брашното пред да се изврши саканата промена. На ист начин, Божјата милост мора да биде прифатена од грешникот која може да го оспособи да влезе во царството на славата. Сета култура и сето образование што може да ги даде светот ќе доживеат неуспех при обидот деградираното дете на гревот да го претворат во небесно дете. Силата што обновува мора да дојде од Бога. Промената може да ја изврши само Светиот Дух. Сите што сакаат да бидат спасени, големи или мали, богати или сиромашни мораат да се потчинат на делувањето на оваа сила. {ХП 96.2}

Како што квасецот, кога се меша со брашното, работи одвнатре, така и Божјата милост, обновувајќи го срцето, го преобразува животот. Ниту една надворешна промена не е доволна за да нè донесе во хармонија со Бога. Постојат мнозина кои се обидуваат да се реформираат исправајќи ја оваа или онаа лоша навика, надевајќи се дека на тој начин ќе станат христијани, но тие почнуваат на погрешно место. Треба да се започне од срцето. {ХП 97.1}

Исповедањето на верата и поседувањето на вистината во срцето се две различни работи. Не е доволно само да се познава вистината, зашто ние можеме да ја познаваме вистината, а при тоа да не сме ги измениле мислите и чувствата. Срцето мора да се преобрати и да се посвети. {ХП 97.2}

Човекот кој се обидува да ги држи Божјите заповеди затоа што чувствува дека тоа му е должност – затоа што тоа се бара од него – никогаш нема да ја запознае радоста што произлегува од послушноста. Тој и не е послушен! Кога Божјите барања се сметаат за товар, затоа што се противат на човековите склоности, можеме да знаеме дека тој човек не живее вистински христијански живот. Вистинската послушност е последица на начелото што дејствува одвнатре. Таа произлегува од љубовта кон правдата, од љубовта кон Божјиот закон. Суштината на секоја правда е лојалност кон нашиот Откупител. Ова ќе нè наведе да го правиме она што е право затоа што е исправно – затоа што на тој начин му угодуваме на Бога. {ХП 97.3}

Големата вистина за преобразувањето на срцето со силата на Светиот Дух е претставена со Христовите зборови до Никодим: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо… роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух.Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот“ (Јован 3:3-8). {ХП 98.1}

Инспириран од Светиот Дух, апостол Павле пишува: „Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нè засака,иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа во Христоси нè воскресна со Него и нè постави на небесата во Христос Исус,за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус.Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји“ (Ефесјаните 2:4-8). {ХП 98.2}

Квасецот скриен во брашното дејствува невидливо додека не скисне сето тесто. Така и квасот на вистината дејствува таинствено, тивко, постојано, за да ја преобрази душата. Природните склоности се омекнуваат и потиснуваат. Се всадуваат нови мисли, нови чувства, нови побуди. Се поставува и ново стандард на карактерот – Христовиот живот! Умот се менува, способностите дејствуваат во нова насока. Човекот не стекнал нови способности, туку способностите што ги има се посветуваат. Совеста се буди. Сме добиле карактерни црти што нè оспособуваат да му служиме на Бога. {ХП 98.3}

Често се поставува прашањето: Зошто, тогаш, има толку многу луѓе, кои тврдат дека веруваат во Божјата реч, а не се гледа реформа во нивните зборови, духот и  карактерот? Зошто има толку многу луѓе кои не можат да се спротивстават на нивните намери и планови, кои покажуваат непосветен темперамент, чии зборови се груби, арогантни и избувливи? Во нивниот живот се забележува истата онаа себична љубов, истото себично попуштање, истиот темперамент, истите непромислени зборови што се гледаат во животот на световните луѓе. Се забележува истата навредлива суета, истото попуштање кон природните склоности, истата изопаченост на карактерот, како вистината да им е целосно непозната. Причината е што тие не се преобратени! Тие не го скриле квасот на вистината во своето срце. Тој нема можност да ја изврши својата работа. Нивните природни и негувани склоности кон злото не се потчинети на нејзината трансформирачка моќ. Нивните животи го откриваат отсуството на Христовата милост, нивното неверување во Неговата моќ да го преобрази карактерот. {ХП 99.1}

„Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово“ (Римјаните 10:17). Библијата е силно средство за преобразба на карактерот. Христос се молел: „Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Кога се проучува и извршува, Божјата реч влијае врз срцето, покорувајќи ја секоја несвета особина. Светиот Дух доаѓа да го осуди гревот, а верата, која извира во срцето, работи со љубов кон Христа, помагајќи ни со телото, со духот и душата да стануваме слични со Него. Тогаш Бог може да нѐ употреби да ја извршиме Неговата волја. Силата што ни е дадена работи одвнатре, гонејќи нè на другите да им ја објавиме вистината што ни е дадена. {ХП 100.1}

Вистините на Божјата реч ја задоволуваат најголемата практична потреба на човекот – преобразувањето на душата преку вера. Нејзините возвишени начела не смеат да се сметаат за премногу чисти и свети за да не можат да се применат во секојдневниот живот. Тоа се вистини што допираат до небото и ја опфаќаат вечноста, но сепак нивното животно влијание мора да биде вткаено во човечкото искуство. Тие мора да навлезат во сите големи и мали работи во животот. {ХП 100.2}

Примен во срцето, квасот на вистината ќе ги регулира желбите, ќе ги прочисти мислите и ќе го заслади расположението. Тој ќе ги оживее способностите на умот и енергиите на душата. Ќе ја зголеми неговата способност да чувствува и да сака. {ХП 101.1}

За светот наполно е неразбирлив човекот проникнат со ова начело. Себичниот човек кој сака пари, живее само за да си обезбеди богатство, чест  и задоволства на овој свет. Вечниот свет никако не се вклопува во неговите планови. Меѓутоа, Христовите следбеници нема да дозволат мислите да им бидат обземени со минливи работи. Заради Христа, тој ќе се труди и ќе се одрече од себеси, за да може да помогне да се спасат душите кои се без Христа и без надеж во светот. Таков човек светот не може да го сфати, зашто пред неговите очи постојано се вечните реалности. Власта над неговото срце ја презела Христовата љубов со својата откупувачка сила. Таа љубов управува со секоја негова побуда и го издигнува над сите расипани влијанија на овој свет. {ХП 101.2}

Божјата реч треба да има посветувачки ефект врз нашето дружење со сите припадници на човечкото семејство. Квасот на вистината нема кај нас да поттикнува дух на ривалство, славољубие ниту желба да се биде прв. Вистинската небесна љубов не е ниту себична ниту променлива. Таа не зависи од човечките пофалби. Срцето на оној што ја прима Божјата милост е преполно со љубов кон Бога и кон оние за кои Христос умрел. Неговото себично „јас“ не се бори да биде признато. Тој не ги сака другите затоа што тие го сакаат него или затоа што му угодуваат, затоа што ги ценат неговите заслуги, туку затоа што се Христова откупена сопственост. Доколку неговите побуди, неговите зборови и постапки се погрешно разбрани или погрешно протолкувани, тој не се навредува, туку продолжува да оди по истиот урамнотежен пат во животот. Тој е љубезен и промислен, скромен во мислењето за себе, но сепак полн со надеж, потпирајќи се секогаш во Божјата милост и љубов. {ХП 101.3}

Апостолот нè охрабрува: „Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки.Зашто напишано е: ‘Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“ (1. Петрово 1:15,16). Со нашиот темперамент и глас треба да управува Христовата милост. Нејзиното дејство ќе се види во пристојноста, во нежната грижа на братот за брата си и во љубезните охрабрувачки зборови. Во таков дом престојуваат ангели. Животот точи сладок мирис, кој се издигнува кон Бога како свет темјан. Љубовта се открива во добрина, кротост, великодушност и долготрпеливост. {ХП 102.1}

Лицето се менува. Христос, кој престојува во срцето, помага да блеска лицето на оние што Го љубат и ги држат Неговите заповеди. Вистината им се чита на лицето кое открива сладок небесен мир. Не знаејќи, тие покажуваат благородност повозвишена од секоја човечка љубов. {ХП 102.2} Квасот на вистината остварува промена во целиот човек; грубиот го прави префинет и нежен, а себичниот дарежлив. Со негова помош нечистите се чистат, се перат во крвта на Јагнето. Сè што е поврзано со умот, со душата и телото, тој со својата животворна сила го сообразува со божествениот живот. Христос се прославува преку неговиот извонреден и совршен карактер. Кога ќе се извршат овие промени, гласовите на ангелите занесно пеат, а Бог и Христос им се радуваат на душите обликувани според божествениот лик. {ХП 102.3}

Сподели го ова:

Слични објави