8. СКРИЕНО БОГАТСТВО

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:44)

„Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сè што имал, и ја купил таа нива“ (Матеј 13:44). {ХП 103.1}

Во старо време било вообичаено луѓето своето богатство да го кријат во земја. Кражбите и грабежите биле честа појава. Секогаш кога настапувале промени во врвовите на власта, сите што имале големи имоти биле изложени на високи давачки. Освен тоа, земјата се наоѓала во постојана опасност од инвазија на разбојнички војски. Како последица на тоа, богатите се труделе своето богатство да го сочуваат криејќи го, а земјата се сметала за безбедно скривалиште. Меѓутоа, честопати местото каде што било скриено се заборавало; сопственикот можела да го снајде смрт, или пак затворот или прогонството да го одвојат од неговото богатство, а богатството што толку внимателно го чувал, му било препуштено на некој среќен пронаоѓач. Во Христово време не било необично на некоја запуштена земја да се најдат стари монети и украси од злато и сребро. {ХП 103.2}

Човек зема под наем земја за да ја обработува, и додека воловите ја ораат почвата, закопаното богатство излегува на виделина. Кога човекот ќе го открие ова богатство, тој гледа дека среќата му е на дофат. Враќајќи го златото на неговото скривалиште, тој оди дома и продава сè што има за да ја купи нивата со богатството. Неговото семејство и соседите мислат дека тој го загубил умот. Посматрајќи го полето, тие не гледаат никаква вредност во запуштената почва. Но, човекот знае што прави; и кога нивата ќе стане негова, тој го пребарува секој нејзин дел за да го најде богатството што на овој начин го обезбедил. {ХП 103.3}

Оваа парабола ја прикажува вредноста на небесното богатство и напорите што треба да се вложат за да се обезбеди. Пронаоѓачот на богатството во полето бил подготвен да се откаже од сè што има, подготвен е да работи неуморно за да го обезбеди своето скриено богатство. На ист начин и пронаоѓачот на небесното богатство ниту еден напор нема да го смета за премногу голем, ниту една жртва за премногу скапа за да се стекне со богатството на вистината. {ХП 104.1}

Во параболата нивата што го содржи богатството го претставува Светото Писмо. А евангелието е богатството. Самата земја не е толку испреплетена со златни жили ниту толку полна со драгоцености како што е Божјата реч. {ХП 104.2}

Како е скриено богатството?

За богатствата на евангелието се вели дека се скриени. Оние што се мудри во своите очи и што се расфрлаат со учењата на лажната филозофија не ја согледуваат убавината, моќта и тајната на планот на откупувањето. Мнозина имаат очи, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат; имаат ум, но не го препознаваат скриеното богатство. {ХП 104.3}

Човек може да помине преку местото каде што било сокриено богатството. Во најголема сиромаштија и оскудица, тој можел да седи и да се одмори под дрвото, несвесен за богатството скриено во неговите корени. Така било и со Евреите. Како златна ризница, вистината му била доверена на еврејскиот народ. Еврејскиот верски систем го воспоставил лично Христос. Големите вистини на откупувањето биле претставени со слики и симболи. Сепак, кога Христос дошол, Евреите не го препознале Оној на кого укажувале сите овие симболи. Тие ја имале Божја реч во свои раце, но традициите, пренесувани од колено на колено, и човечките толкувања на Писмото, ја скриле вистината каква што е во Исус. Духовното значење на списите било изгубено. Богатството на севкупното знаење им било отворено, но тие не знаеле за тоа. {ХП 104.4}

Бог не ја крие Својата вистина од луѓето. Со своето однесување тие сами ја кријат од себе. Христос на еврејскиот народ му дал изобилство докази дека тој е Месијата, но Неговото учење барало одлучна промена во нивните животи. Виделе дека, ако го примат Христа, ќе мора да се откажат од сите свои омилени правила и традиции, од своите себични, безбожни практики. Од нив се барала жртва за да можат да ја прифатат непроменливата, вечна вистина. Токму затоа не сакале да ги прифатат дури ни најубедливите докази што Бог можел да ги даде за да ја утврди нивната вера во Христа. Тврделе дека веруваат во старозаветните списи, но одбивале да го прифатат сведочењето на тие списи за Христовиот живот и карактер. Се плашеле дека ќе бидат осведочени, дека ќе мораат да се преобратат и ќе бидат принудени да се откажат од своите предрасуди. Ризницата на евангелието, Патот, Вистината и Животот, била меѓу нив, но тие го отфрлиле најголемиот дар што небото можело да им го подари. {ХП 105.1}

„Но, и од началниците мнозина поверуваа“, читаме, „само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата“ (Јован 12:42). Тие биле осведочени; верувале дека Исус е Божји Син, но тоа не било во согласност со нивните амбициозни желби да Го признаат. Немале вера што ќе им го обезбеди небесното богатство. Барале световни богатства. {ХП 105.2}

И денес луѓето желно бараат земни богатства. Нивните умови се исполнети со себични, амбициозни мисли. За да стекнат световно богатство, чест или моќ, тие ги ставаат преданијата, традициите и барањата на луѓето над Божјите барања. За нив ризниците на неговата Реч се скриени. {ХП 106.1}

„Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита“ (1. Коринтјаните 2:14). {ХП 106.2}

„Ако, пак, е и покриено нашето Евангелие, тоа е покриено за оние што пропаѓаат:за оние, на кои богот од овој свет им ги заслепил нивните безверни умови, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христос, Кој е слика на (невидливиот) Бог“ (2. Коринтјаните 4:3,4). {ХП 106.3}

Вредноста на богатството

Спасителот видел дека луѓето се обземени со желба за стекнување на добивка и дека ги загубиле од вид вечните реалности. Тој се потрудил да го поправи ова зло. Тој настојувал да ја отстрани оваа заслепувачка привлечност што ја парализирала душата. Подигајќи го својот глас, Христос извикал: „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Матеј 16:26). Тој на паднатиот човечки род му претставил поблагороден свет, што човекот го изгубил од вид, за да му помогне да ги согледа вечните реалности. Луѓето ги повел до прагот на бесконечноста, осветлен со неопислива Божја слава, и им го покажал богатството кое таму се наоѓа. {ХП 106.4}

Вредноста на тоа богатство ја надминува вредноста на златото или среброто. Богатствата на земните рудници не можат да се споредат со него. {ХП 107.1}

„Бездната вели: не е во мене таа;

и морето вели: не е кај мене.

Таа не се дава за злато

и не се добива за измерено сребро;

таа не се оценува со офирско злато,

со скапоцен оникс, ниту со сафир;

не се споредува со неа злато и кристал;

нема да ја размениш со садови од чисто злато.

А за корал и бисер нема што ни да се спомнува,

зашто здобивање со мудрост чини повеќе од скапоцен камен“ (Јов 28:14-18). {ХП 107.2}

Ова е богатството што се наоѓа во списите. Библијата е голем Божји учебник, негов голем воспитувач. Темелите на секоја вистинска наука се содржани во Библијата. Проучувајќи ја Божјата реч, ние можеме да се здобиеме со универзално знаење. И пред сè, ја содржи науката што ги надминува сите науки, науката за спасението. Библијата е рудник на неисцрпното Христово богатство. {ХП 107.3}

Вистинското високо образование се стекнува со проучување и почитување на Божјата реч. Но, кога Божјата реч се потиснува настрана заради книги што не водат кон Бога и небесното царство, стекнатото образование не е достојно да се нарекува со тоа име. {ХП 107.4}

Во природата има прекрасни вистини. Земјата, морето и небото се полни со вистини. Тие се наши учители. Природата го подига својот глас учејќи за небесната мудрост и вечната вистина. Но, паднатиот човек тоа нема да го разбере. Гревот го замаглил неговиот духовен вид и тој сам не е во состојба правилно да ја толкува природата без опасност истата да ја издигне над Бога. Во умот на оние што ја отфрлаат Божјата реч не е можно да се втиснат исправни поуки за тоа. Учењето на природата е толку изопачено од нив, што го одвраќа умот од Творецот. {ХП 107.5}

Мнозина човечката мудрост ја издигнуваат над мудроста на божествениот Учител, а божествениот учебник го прогласуваат за старомоден, изветвен и неинтересен. Меѓутоа, оние што се оживеани со Светиот Дух, не мислат така. Тие го гледаат непроценливото богатство и би продале сè што имаат за да ја купат нивата што го крие. Наместо книги што содржат претпоставки за наводно реномирани големи писатели, тие ја бираат Речта на Оној кој е најголемиот автор и најголемиот учител што светот некогаш го познал, кој го дал Својот живот за нас за да имаме вечен живот преку Него. {ХП 107.6}

Последици од занемарување на богатството

Сатаната делува врз човечкиот ум, наведувајќи ги луѓето да помислат дека надвор од Бога може да се стекне некакво чудесно знаење. На таков заводлив начин ги навел Адама и Ева и да се посомневаат во Божјата реч и истата да ја надоместат со теорија што ги довела до непослушност. Со своите лукавства тој и денес го прави истото она што го сторил некогаш во Едем. Учителите, кои во своите образовни програми воведуваат мисли на атеистички автори, во умот на младите всадуваат идеи што ќе доведат до недоверба во Бога и престап на Неговиот закон. Секако, тие не се ниту свесни што прават и не знаат какви ќе бидат последиците од нивното дело. {ХП 108.1}

Ученикот може да ги заврши сите денешни средни и високи школи. Сите свои сили може да ги употреби за да стекне одредено знаење. Но, ако нема знаење за Бога, ако не е послушен на законите што управуваат со неговото битие, тој ќе се уништи себеси. Со погрешни навики тој ја губи самопочитта, ја губи самоконтролата. Тој не може правилно да расудува за работи што најмногу го интересираат. Тој е несовесен и неразумен во пристапот кон својот ум и тело. Со лоши навики тој самиот се прави руина. Нема да постигне среќа, бидејќи занемарувајќи да негува чисти, здрави начела, самиот себе се ставил под контрола на навиките што му го уништуваат мирот. Годините што ги поминал на студии ќе бидат изгубени, бидејќи се уништил себеси. Ги злоупотребил своите физички и ментални сили, а храмот на неговото тело е уништен. Тој е уништен  за овој живот и за животот што следи. Здобивајќи се со земно знаење, тој помислил дека стекнал богатство, но, отфрлајќи ја својата Библија настрана, жртвувал богатството повредно од сè друго. {ХП 108.2}

Во потрага по скриеното богатство

Божјата реч треба да биде предмет на наше истражување. И нашите деца треба да ги учиме на вистините содржани во неа. Таа е неисцрпно богатство, но луѓето не успеваат да го пронајдат затоа што не го бараат додека не го пронајдат. Мнозина се задоволуваат со претпоставки во врска со вистината. Тие се задоволни со површна работа, земајќи здраво за готово дека го имаат сето она што е од суштинско значење. Тие ги земаат изреките на другите како вистина затоа што се премногу мрзливи да вложат сериозен труд кој во Библијата е претставен со барање на скриено богатство. Меѓутоа, човечките пронајдоци не само што не се сигурни, туку се и опасни, затоа што тие човекот го ставаат таму каде што треба да биде Бог и човечките искази таму каде што треба да се наоѓа она: „Така вели Господ!“ {ХП 109.1}

Христос е вистината. Неговите зборови се вистинити и имаат подлабоко значење отколку што се чини на прв поглед. Сите Христови зборови имаат вредност која далеку ја надминува нивната привидна едноставност. Умовите, оживеани со силата на Светиот Дух, ќе ја препознаат вредноста на овие зборови. Тие ќе ги препознаат драгоцените бисери на вистината, дури и тогаш кога се скриени како закопаното богатство. {ХП 110.1}

Човечките теории и шпекулации никогаш нема да доведат до разбирање на Божјата реч. Оние кои претпоставуваат дека знаат што е филозофија, веруваат дека нивните објаснувања се неопходни за да се откријат ризниците на знаењето и да се спречи ересите да влезат во црквата. Меѓутоа, токму овие објаснувања довеле до појава на лажни теории и ереси. Луѓето вложувале очајни напори да ги објаснат библиските текстови што ги прогласиле за неразбирливи; но премногу често нивните напори само го затемниле она што се обидувале да го разјаснат. {ХП 110.2}

Свештениците и фарисеите мислеле дека прават големи работи како учители, наметнувајќи го своето толкување на Божјата реч, но Христос рекол за нив: „Не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?“ (Марко 12:24). Тој ги обвинил дека проповедаат „човечки повелби“ (Марко 7:7). Иако тие биле учители на Божјите зборови, иако требало да ја разбираат Неговата Реч, тие не ја извршувале. Сатаната им ги заслепил очите за да не го видат нејзиното вистинско значење. {ХП 110.3}

И денес мнозина се занимаваат со тоа дело. Многу цркви се виновни за тој грев. Постои опасност, голема опасност, денешните мудреци за кои се претпоставува дека се мошне мудри да го повторат искуството на еврејските учители. Тие погрешно ги толкуваат Божјите откровенија, а душите се збунети и обвиткани во темнина поради нивното  погрешно разбирање на божествената вистина. {ХП 110.4}

Писмата не треба да се читаат при слабата светлина на традициите или човечките шпекулации. Да се осветлува сонцето со факел би било исто како да се обидуваме да го објасниме Писмото со помош на човечките традиции или замисли. На Божјата света Реч не и е потребен сјајот на земниот факел за да за да ја направиме нејзината слава препознатлива. Таа е светлина сама по себе – откровение на Божјата слава, а покрај неа секоја друга светлина е слаба. {ХП 111.1}

Но таа мора сериозно да се истражува и внимателно да се проучува. Острото и јасно сфаќање на вистината никогаш нема да биде награда за мрзливоста. Никаков земен благослов не може да се добие без сериозен, стрплив, истраен напор. Ако луѓето сакаат да постигнат успех во работата, тие мора да имаат волја за работа и вера да ги чекаат резултатите од својот труд. И ние не можеме да очекуваме дека ќе стекнеме духовно знаење без сериозни напори. Оние кои сакаат да ги пронајдат ризниците на вистината мора да копаат по нив, како што рударот копа по богатството богатството скриено во земјата. Со работа што се извршува половично и рамнодушно не се постигнува успех. Битно е и младите и старите, не само да ја читаат Божјата реч, туку и да ја проучуваат искрена ревност, молејќи се и барајќи ја вистината како скриено богатство. Тие што постапуваат така, ќе бидат наградени, затоа што Христос ќе го изостри нивното сфаќање. {ХП 111.2}

Нашето спасение зависи од познавањето на вистината содржана во Писмото. Божја волја е да ја поседуваме. Пребарувајте ја, о пребарувајте ја драгоцената Библија со гладно срце! Истражувајте ја Божјата реч како рударот што ја истражува земјата за да пронајде златна жила. Никогаш не се откажувајте од истражувањето сè додека не го воспоставите вашиот однос со Бога и Неговата волја за вас! Христос рекол: „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот.Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам“ (Јован 14:13,14). {ХП 111.3}

Побожните и талентирани луѓе својот поглед го насочуваат кон вечните реалности, но честопати не успеваат да ги разберат, зашто што видливите работи ја прикриваат славата на невидливото. Оној што сака да биде успешен во трагањето по скриеното богатство, мора да се издигне над световното, да се стреми кон нешто што е далеку повозвишено. Неговите чувства и сите негови способности мора да бидат посветени на потрагата. {ХП 112.1}

Непослушноста ја затворила вратата за огромните знаења што можат да се стекнат од Писмото. Разбирањето значи почитување на Божјите заповеди. Писмото не треба да се прилагодува за да одговара на предрасудите и сомнежите на луѓето. Него можат да го разберат само оние кои понизно бараат да ја запознаат вистината за да можат да и се покоруваат. {ХП 112.2}

Дали се прашуваш: Што да направам за да се спасам? Пред да почнеш да истражуваш, треба да ги оставиш своите предрасуди, мислења, своите наследени и стекнати идеи. Ако го истражуваш Писмото за да ги одбраниш своите мислења и сфаќања, никогаш нема да дојдеш до вистината. Истражувај за да дознаеш што вели Господ. И додека истражуваш, ако се осведочиш, ако утврдиш дека твоите омилени мислења не се во согласност со вистината, немој погрешно да ја толкуваш вистината за да ја прилагодиш кон своето верување, туку прифати ја дадената светлина. Отвори го својот ум и своето срце за да ги согледаш чудесните вистини на Божјата реч. {ХП 112.3}

Верата во Христа како Откупител на светот може да се развива во срце кое се наоѓа под контрола на просветлен ум кој може да го препознае и цени небесното богатство. Оваа вера е неразделна од покајанието и преобразбата на карактерот. Да се има вера значи да се најде и прифати богатството на евангелието со сите обврски што ги наметнува. {ХП 112.4}

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:3). Тој може да претпоставува и да замислува, но без окото на верата, не може да го види богатството. Христос го дал Својот живот за да ни го обезбеди тоа непроценливо богатство; но без преродба преку вера во Неговата крв нема простување на гревовите, ниту богатство за ниедна душа што пропаѓа. {ХП 112.5}

Ние мораме да бидеме просветлени со Светиот Дух за да ја препознаеме вистината во Божјата реч. Прекрасните дела во светот на природата не можат да се видат сè додека сонцето не ја растера темнината, додека не ги осветли со својата светлина. Така и богатствата на Божјата реч не можат да се проценат сè додека Сонцето на праведноста не ги открие со своите светли зраци. {ХП 113.1}

Светиот Дух, кој е пратен од небото благодарение на добрината и милоста на бесконечната Љубов, ја открива вистината  на секоја душа која негува безусловна вера во Христа. Со Негова сила животодавните вистини, од кои зависи спасението на душата, се всадуваат во умот, и патот на животот станува толку јасен, што никој не е во опасност да скршне. Додека ги проучуваме Писмата, треба да се молиме светлината на Божјиот Свет Дух да ја осветли Речта за да можеме да ги видиме и цениме нејзините богатства. {ХП 113.2}

Награда за истражување

Никој да не помисли дека нема повеќе знаења што може да ги стекне. Длабината на човечкиот интелект може да се измери; делата на човечките автори можат да се надминат; но ниту највисокиот, најдлабокиот и најширокиот лет на мечтата не може да го досегне Бога. Зад границите на она што можеме ние да сфатиме се простира бесконечност. Ние видовме само треперење на божествената слава, почетоци на бесконечно знаење и мудрост; ние работевме, ако така може да се каже, само на површината од рудникот во чијашто длабина се крие богатата златна жила за да го награди оној што ќе копа длабоко да ја најде. Во рудникот мора да се копа сè додека не се допре до славното богатство. Ако поседуваме вистинска вера, божественото знаење ќе стане човечко знаење. {ХП 113.3}

Никој не може да го истражува Писмото во Христовиот Дух без да биде награден. Кога човекот е подготвен да биде поучен како мало дете, кога целосно ќе му се покори на Бога, тогаш тој ќе ја најде вистината во Божјата реч. Ако луѓето се послушни, тие ќе го разберат Божјиот план на владеење. Небесниот свет ќе ги отвори одаите на милост и слава за истражување. Човечките суштества би биле многу поразлични отколку што се сега, бидејќи со истражување на рудниците на вистината луѓето би биле облагородени. Тајната на откупот, Христовото воплотување, Неговата посредничка жртва, не би биле како што се сега, нејасни во нашите умови. Тие не само што ќе бидат подобро разбрани, туку и многу повеќе ќе бидат ценети. {ХП 114.1}

Во својата молитва кон Отецот, Христос на светот му дал поука која ќе биде врежана во умот и во душата. Тој рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17:3). Ова е вистинско образование. Тоа дава сила. Практичното познавање на Бога и на Исуса Христа, кого Тој го испратил, го преобразува човекот, обновувајќи го во него божествениот лик. Тоа му овозможува на човекот да владее со себеси и секој нагон и секоја страст на пониската природа да ги стави под контрола на повисоките сили на умот. Тоа знаење оној што го поседува го прави Божји син и небесен наследник, го доведува во заедница со умот на Бесконечниот и му ги отвора богатите ризниците на неизмерните богатства на вселената. {ХП 114.2}

Тоа е знаењето што се стекнува со истражување на Божјата реч. И ова богатство може да го пронајде секоја душа која е подготвена да се откаже од сè за да го стекне. {ХП 114.3} „Ако ги повикаш знаењето и разумот;ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, -ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Изреки 2:3-5). {ХП 114.4}

Сподели го ова:

Слични објави