17. „ОСТАВИ ЈА И ОВАА ГОДИНА“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 13:1-9)

Во Своето учење, Христос го поврзал предупредувањето за судот со повикот на милост. „Зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси“ (Лука 9:56). „Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3:17). Односот меѓу Неговата мисија на милост, Божјата праведност и судот е прикажана во параболата за неплодната смоква. {ХП 212.1}

Христос ги предупредувал луѓето за доаѓањето на Божјото царство и остро го укорувал нивното незнаење и рамнодушност. Знаците на небото кои го претскажуваат времето бргу ги читале; но знаците на времето, кои толку јасно укажувале на Неговата мисија, не ги препознавале. {ХП 212.2}

Меѓутоа, тогаш, како и денес, луѓето биле подготвени себеси да се прогласат за небесни миленици и да заклучат дека укорите се однесуваат на други. Слушателите го известиле Исуса за еден настан кој штотуку предизвикал голема возбуда кај народот. Некои мерки на Понтиј Пилат, гувернерот на Јудеја, го навредиле народот. Избувнало народно востание во Ерусалим и Пилат се обидел да го задуши со сила. Во една пригода неговите војници дури провалиле на подрачјето на храмот и убиле неколку галилејски поклоници кои штотуку колеле животни за жртви. Евреите оваа несреќа ја сметале како казна за некој грев, и оние кои раскажувале за оваа насилство тоа го правеле со потајно задоволство, сметајќи дека тие самите се многу подобри од споменатите Галилејци и дека уживаат поголема Божја наклоност. Очекувале Исус да ги осуди овие луѓе кои, според нивните мерила, потполно ја заслужуваат својата казна. {ХП 212.3}

Христовите ученици не се осмелувале да го искажат своето мислење пред да го дознаат мислењето на својот Учител. Тој веќе им дал одредени поуки за оценувањето на карактерот на другите луѓе и за одмерувањето на казната според нивното ограничено просудување. Сепак, очекувале Исус да ги осуди тие луѓе како погрешни од останатите. Затоа биле мошне изненадени кога го чуле Неговиот одговор. {ХП 213.1}

Свртувајќи се кон мноштвото, Спасителот рекол: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа?Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете!“ Оваа тешка несреќа требала да ги наведе да ги понизат своите срца и да ги поттикне да се покајат за своите гревови. Бурата на одмазда која наскоро требала да се урне врз сите кои не нашле свое прибежиште во Христа, веќе се насобирала. {ХП 213.2}

Додека Исус разговарал со учениците и мноштвото, Тој со пророчко око гледал во иднината и го видел Ерусалим опколен со војска. Тој ги слушнал тупотите од чекорите на странците кои марширале кон избраниот град и видел како безброј илјадници гинат во текот на опсадата. Многу Евреи, слично на оние Галилејци, биле убиени во предворјето на храмот, токму во миговите кога принесувале жртви. Несреќата што ги снашла споменатите Галилејците претставувала Божја опомена за целиот народ кој бил подеднакво виновен. Исус рекол: „Ако не се покаете, сите така ќе изгинете!“ Уште малку ќе се одложува мигот на проверка за сите нив. Имале уште малку време да дознаат она што е потребно за нивниот мир. {ХП 213.3}

Затоа Исус продолжил: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, но не најде.Тогаш му рече на лозарот: ‘Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?’” {ХП 214.1}

Христовите слушатели не можеле погрешно да ги разберат овие зборови. Давид пеел за Израел како за лоза која е пренесена од Египет. Исаија напишал: „Лозјето на Господ Саваот е домот Израелов, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина“ (Исаија 5:7). Поколението при кое дошол Спасителот било претставено со смоква во Господовото лозје – во доменот на Неговата посебна грижа и благослов. {ХП 214.2}

Божјата намера со Својот народ и славната можност што ја имал народот биле искажани со овие прекрасни зборови: „И ќе ги наречат дабови на правда, градина на Господ за Негова слава“ (Исаија 61:3). Инспириран од Духот на својата претсмртна постела Јаков рекол за својот најмил син: „Јосиф е плодна гранка, плодородна гранка покрај извор, чии фиданки поминуваат над ѕидот“. Потоа продолжил: „Од Семоќниот Кој ќе те благослови со благослови одозгора од небото, со благослови од бездната подземна, со благослови од градите и од утробите“ (Создавање 49:22,25). И така Бог го засадил Израел како добра лоза покрај изворот на животот. Тој го насадил Своето лозје на „плодороден рид“. „Го огради и го исчисти од камења, насади во него избор од лозови прачки“ (Исаија 5:1,2). {ХП 214.3}

„Очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје“ (Исаија 5:2). Народот во Христово време по помпезно ја истакнувал својата побожност отколку Евреите во поранешните времиња, но затоа многу повеќе бил лишен од слатките родови на Божјиот Дух. Драгоцените плодови на карактерот кои животот на Јосифа го правеле толку прекрасен и благороден, не биле видливи кај еврејскиот народ. {ХП 215.1}

Бог преку Својот Син барал плод, но не го нашол. За жал, Израел само и пречел на земјата. Неговото постоење се претворило во проклетство, зашто заземал место во лозјето што можело да го заземе некое плодно дрво. Тој на светот му ги одземал благословите што Бог сакал да му ги даде. Израелците погрешно го претставувале Бога пред другите народи. Не само што биле бескорисни, туку претставувале и вистинска пречка. Нивната религија во толкава мера била изопачена што, наместо благослов и спасение, таа на светот му носела само пропаст. {ХП 215.2}

Во параболата лозарот не ја доведува во прашање одлуката дрвото да биде пресечено ако остане без плод; тој само знаел во колкава мера сопственикот, заедно со него, е заинтерсиран за тоа неплодно дрво. Ништо не можело да го израдува повеќе отколку да види како тоа расте и носи плод. Кога сопственикот побарал од него дрвото да го пресече, тој одговорил: „Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и и ставам ѓубре;па, ако роди, добро!“ {ХП 215.3}

Лозарот не одбил да се потруди околу ова дрво кое толку малку ветува. Бил подготвен да му посвети уште поголема грижа. Тој настојувал неговата околина да ја направи уште поповолна, да му посвети поголемо внимание. {ХП 215.4}

И сопственикот и лозарот подеднакво биле заинтересирани за смоквата. Така и Отецот и Синот биле единствени во Својата љубов кон избраниот народ. Христос им ветил на Своите слушатели дека ќе им бидат дадени уште подобри можности. Ќе биде употребено секое средство што може да го смисли Божјата љубов за да можат тие да станат дрвја на праведноста што ќе носат плод за благослов на светот. {ХП 216.1}

Во параболата Исус не кажал што постигнал лозарот со својот труд. На тоа место приказната се прекинува. Нејзиниот крај му бил препуштен на поколението што ги слушало Неговите зборови. Им било дадено свечено предупредување: „А ако не даде плод, тогаш в година ќе ја пресечеш!“ Од нив зависело дали ќе биде искажана неотповиклива осуда. Денот на гневот наближувал. Во несреќите што веќе го снашле Израел, сопственикот на лозјето милостиво ги предупредувал луѓето на уништувањето на неплодното дрво. {ХП 216.2}

Оваа предупредување се одгласува низ времето се до нашата генерација. Дали ти, о безгрижно срце, си неплодно дрво во Господовото лозје? Дали поради тоа истата осуда ќе биде изречена и над тебе? Колку долго веќе ги примаш Неговите дарови? Колку долго Тој бдее и чека да му возвратиш со љубов? Колкави предности си уживал посаден во Неговото лозје, под будната грижа на лозарот! Колку често нежната порака на евангелието го воодушевувала твоето срце! Го носиш Христовото име, и по надворешност си член на црквата која е Негово тело, а сепак не си свесен дека немаш никакви живи врски со големото срце на љубовта! Благотворната плима на Неговиот живот не тече низ тебе. Во твојот живот не се гледаат пријатните особини на Неговиот карактер, „плодовите на Духот“. {ХП 216.3}

Неплодното дрво ги користи дождот и сонцето, и грижата на лозарот. Тоа извлекува храна од почвата. Но со своите неплодни гранки само ја засолнува почвата, така што во неговата сенка не можат да растат и да напредуваат плодните билки. Така и Божјите дарови, со кои Бог те опсипал тебе, не му пренесуваат никаков благослов на светот. На другите им ги одземаш привилегиите кои, да не си ти, би можеле да бидат нивни. {ХП 217.1}

И сега сфаќаш, иако можеби само нејасно, дека претставуваш само товар за земјата. Сепак, во Својата голема милост Бог сè уште не те пресекол. Тој не те посматра студено; не се свртува рамнодушно од тебе ниту те препушта на уништување. Напротив, гледајќи те тебе, извикува, како што извикнал пред многу векови за Израел: „Како да те дадам, Ефреме? Како да те предадам, Израеле… Нема да постапам според јароста на гневот Свој, и нема да го истребам Ефрем, зашто Јас сум Бог, а не човек“ (Осија 11:8,9). Жалостивиот Спасител кажува за тебе: „Остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и и ставам ѓубре“! {ХП 217.2}

Со каква неуморна љубов Исус му служел на Израел за време на милоста што го продолжил. И на крстот се молел: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ (Лука 23:34). По Неговото вознесение евангелието прво се проповедало во Ерусалим. Тука бил излеан и Светиот Дух. Тука првата евангелска црква ја откривала силата на воскреснатиот Спасител. Тука Стефан на кого лицето му било „како лице на ангел“ (Дела 6:15) го објавил своето сведоштво и го положил својот живот. Сè што можело да стори Небото, било сторено. Христос рекол: „Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив?“ (Исаија 5:4). Така ниту Неговата грижа ниту Неговиот труд околу тебе не се намалуваат, туку се зголемуваат. Сепак, Тој вели: „Јас, Господ, сум негов чувар, во секој миг го напојувам; ноќе и дење го вардам, за да не влезе некој во него“ (Исаија 27:3). {ХП 218.1}

„А ако не даде плод, тогаш в година ќе ја пресечеш!“ {ХП 218.2}

Срцето што не реагира на божествените повици станува тврдо додека не стане нечувствително за влијанието на Светиот Дух. И тогаш неотповикливо се изговараат зборовите: „Пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата!“ {ХП 218.3} Денеска Тој те повикува: „Врати се, Израеле, кај Господ твојот Бог… Ќе ги излекувам од одметнувањето нивно, благонаклоно ќе ги засакам… Јас ќе бидам роса за Израел; тој ќе цвета како крин и ќе пушти корења како дрвјата на Ливан… Ќе се вратат под Мојата сенка, и ќе имаат жито во изобилие – па ќе цветаат како лоза… од Мене ти доаѓаат плодовите“ (Осија 14:1-8). {ХП 218.4}

Сподели го ова:

Слични објави