15. „ОВОЈ ПРИМА ГРЕШНИЦИ“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 15:1-10)

Додека околу Христа се собирале „цариници и грешници“, рабините јавно го изразиле своето незадоволство: „Овој прима грешници и јаде со нив“. {ХП 185.1}

Со ова обвинување тие лукаво навестувале дека Христос, дружејќи се со тие грешници и морално нечисти луѓе, е ист како и тие и дека затоа Нему не му пречи нивната грешност. Рабините биле разочарани од Исус. Зошто Тој со толку возвишен карактер не се дружи со нив и не ги следи нивните методи на поучување? Зошто се однесува толку непредвидливо, зошто се движи меѓу припадниците на сите општествени слоеви? Кога Тој би бил вистински пророк, велеле тие, Тој би се согласил со нив, а кон  цариниците и грешниците би се однесувал незаинтересирано, како што и заслужуваат. Овие чувари на општествениот морал беснееле што Оној, со кого постојано биле во полемики, чијашто животна чистота кај нив предизвикувала страХПочит, иако ги осудувала, со толку очигледна симпатија се дружи со отпадниците од општеството. Не ги одобрувале Неговите методи. Себеси се сметале за образовани, облагородени и, пред сè, побожни. Но оваа Христова парабола ја разоткрила нивната себичност. {ХП 185.2}  Нив, исто така, ги лутело и тоа што околу Исуса се собираат и со особено внимание ги слушаат Неговите зборови и оние кои за нив како рабини покажувале само презир и кои никогаш не ги виделе во синагогите. Книжниците и фарисеите во присуството на овој чист и благороден карактер чувствувале само осуда; па, тогаш, зошто цариниците и грешниците се собираат околу Него? {ХП 186.1}

Не знаеле дека објаснувањето лежи токму во зборовите што самите ги изговориле како потсмешно обвинување: „Овој прима грешници!“ Душите што доаѓале кај Исуса во Негово присуство чувствувале дека и за нив постои излез од понорот на гревот. Фарисеите за нив имале само презир и осуда, а Христос ги поздравувал како Божји деца кои навистина се оддалечиле од домот на небесниот Отец, но останале блиску до Неговото срце. Токму поради нивната беда и нивниот грев Тој имал уште повеќе сочувство кон нив. Колку подалеку заталкале од Него, подлабок бил Неговиот копнеж по нив и поголемо Неговото пожртвување во настојувањето да ги спаси. {ХП 186.2}

Сето ова, учителите во Израел можеле да го научат од светите списи кои со гордост ги чувале и ги толкувале. Зарем Давид нè напишал – Давид, кој паднал во смртен грев: „Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга“ (Псалм 119:176). Зарем Михеј нè ја открил Божјата љубов кон грешниците кога рекол: „Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува“ (Михеј 7:18). {ХП 186.3}

Загубената овца

Овој пат Христос не се обидел да ги потсети Своите слушатели на зборовите на Светите списи, туку се повикувал на нивното лично искуство. Пространата висорамнина источно од Јордан била богато пасиште за стадата, а во клисурите и на пошумените ритчиња се губеле многу заталкани овци кои пастирот макотрпно ги пронаоѓал и ги враќал во стадото. Меѓу мноштвото што се собрало околу Исуса имало пастири и луѓе кои инвестирале пари во стада овци, па сите можеле да ја следат Неговата парабола: „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги остави останатите деведесет и девет во пустината и нема да оди да ја бара загубената, сè додека не ја најде?“ (Лука 15:4). {ХП 186.4}

Овие души што вие ги презирате, рекол Исус, се Божја сопственост. И со создавањето и со откупувањето тие се Негови и тие се драгоцени во Неговите очи. Како што пастирот го сака своето стадо и не може да биде мирен ако му недостига само една, исто така, само во многу поголема мера, Бог ја сака секоја изгубена и отфрлена душа. Луѓето можат да ја отфрлат Неговата љубов, можат да заталкаат од Него, можат да одберат друг господар; сепак, тие му припаѓаат Нему и Тој копнее да ги врати кај Себе. Господ вели: „Како што пастирот го проверува стадото свое, во оној ден кога ќе се најде меѓу своето распрснато стадо, така ќе ги најдам Јас овците Мои и ќе ги ослободам од сите места, каде што биле распрснати во ден облачен и мрачен“ (Езекиел 34:12). {ХП 187.1}

Во параболата пастирот оди да бара само една овца последната која фалела при пребројувањето. Според тоа, кога би постоела само една изгубена душа, Христос би умрел и за таа една. {ХП 187.2}

Овцата кога ќе залута од стадото е најбеспомошното од сите созданија. Пастирот мора да ја бара, зашто таа сама не може да го најде патот за да се врати. Така е и со душата што залутала од Бога; таа исто така е беспомошна како и загубената овца, и ако божествената љубов не и прискокне на помош, таа никогаш не може да го најде патот кон Бога. {ХП 187.3}

Пастирот, кој ќе открие дека фали една од овците, не го посматра безгрижно своето стадо кое се нашло во сигурно засолниште, ниту пак кажува: „Имам деведесет и девет овци. Премногу големи би биле напорите да одам и да ја барам залутаната. Сама нека се врати, а јас ќе ја отворам вратата на трлото и ќе и дозволам да влезе!“ Не, штом овцата ќе се оддалечи од стадото, пастирот е исплашен и загрижен. Тој повторно го пребројува стадото. Кога ќе се увери дека една овца навистина заталкала, тој не дреме. Ги остава деведесет и деветте во трлото и се упатува во потрага по таа една изгубена. Колку е ноќта помрачна и побурна и поопасен патот, толку е поголема неговата загриженост и посериозна неговата потрага. Тој вложува максимални напори да ја пронајде загубената овца. {ХП 187.4}

Со какво олеснување првпат го слуша од далечина нејзиното придушено блеење. Следејќи го звукот, тој се искачува по најстрмни падини, доаѓа до работ на бездната и го изложува на опасност својот живот. И така бара сè додека  повиците покажуваат дека овцата ги губи и последните свои сили. Конечно неговите напори се наградени; загубената овца е пронајдена. Тој тогаш не ја кара што му задала толку грижи. Не ја тера со стап. Дури не се обидува ниту да ја одведе дома. Со радост го зема на рамо тоа немоќно создание што се тресе; ако е повредена или ранета, ја зема на раце, ја притиска на своите гради со топлината на своето срце да и го поврати животот. Полн со благодарност што неговата потрага не била напразна, ја носи назад во трлото. {ХП 188.1}

Фала му на Бога што Исус не дозволил да замислуваме слика на жалосен пастир кој се враќа без овца! Параболата не зборува за неуспех, туку за успехот и радоста на избавувањето. Ова претставува божествена гаранција дека ниту една од заталканите овци од Божјото стадо нема да биде занемарена, ниту една нема да биде оставена без помош. Сите што сакаат да бидат спасени, Христос ќе ги извлече од понорот на расипаноста и од трњето на гревот. {ХП 188.2}

Обесхрабрена душо, охрабри се, иако си живеела во грев! Немој да мислиш дека Бог можеби нема да ти ги прости твоите престапи и да се сомневаш дека нема да ти дозволи да се најдеш во Негово присуство! Бог го направил првиот чекор. Додека беше во бунт против Него, Тој се упатил да те бара! Со нежно срце на пастир оставил деведесет и девет и пошол во дивината да ја најде онаа што се изгубила. Душата, повредена и ранета, на работ на смртта, ја зема во прегратките на Својата љубов и радосно ја носи во сигурното засолниште на Своето трло. {ХП 188.3}

Евреите тврделе дека грешникот треба да се покае пред да може да ја ужива Божјата љубов. Според нив покајанието е дело со кое човекот заслужува небесна наклоност. Токму таа мисла ги навела фарисеите да извикнат полни со вчудовиденост и гнев: „Овој прима грешници!“ Сообразно со нивните замисли, Тој не смеел да му дозволи никому да му се приближи освен на оние што се покајале. Меѓутоа, во поуката за загубената овца Христос зборува дека спасението не се стекнува затоа што ние го бараме Бога, туку затоа што Бог нè бара нас: „Нема разумен, нема кој да Го бара Бога;сите се отклонија, заедно станаа развратни“ (Римјаните 3:11,12). Ние не се каеме за Бог да може да нè сака, туку Тој ни ја открива Својата љубов за да нè наведе на покајание. {ХП 189.1}

Кога загубената овца конечно ја довел во трлото, пастирот својата благодарност ја изразил во радосни, милозвучни песни. Ги повикал своите пријатели и соседи и им рекол: „Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца“ (Лука 15:6). И така, кога големиот Пастир на овците ќе ја најде Својата загубена овца, и небото и земјата се соединуваат во заедничка благодарност што му ја упатуваат на Бога. {ХП 189.1}

„Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење” (Лука 15:7). Вие фарисеи, рекол Христос, себеси се сметате дека сте небесни миленици. Мислите дека сте сигурни во својата праведност. Затоа, знајте дека Мојата мисија не се однесува на вас доколку вам не ви е потребно никакво покајание. Јас дојдов да ги спасам токму оние понизни души кои се свесни за своето сиромаштво и за својата грешност. Небесните ангели се заинтересирани за тие изгубени души што ги презирате. Вие се жалите и кодошите кога една од овие души ќе се придружи кон Мене, но знајте дека ангелите се радуваат и дека низ небесните дворови одѕвонуваат победоносни песни. {ХП 189.3}

Рабините имале изрека дека на небото владее радост кога ќе биде уништен оној што згрешил против Бога, а Исус тврдел дека уништувањето му е туѓо на Бога, дека целото небо се радува кога Божјиот лик ќе се обнови во душите што Тој ги создал. {ХП 190.1}

Кога некој што залутал далеку во грев, сака да се врати кај Бога, ќе наиде на критика и недоверба. Има такви кои се сомневаат дека неговото покајание е вистинско, или такви кои зборуваат полугласно: „Тој не е стабилен; не верувам дека ќе се оддржи!“ Таквите лица не извршуваат Божјо дело, туку дело на сатаната кој е обвинител на браќата. Служејќи се со нивните критики, нечестивиот се надева дека ќе ја обесхрабри душата и дека ќе ја оддалечи уште подалеку од Бога и од надежта. Затоа покајаниот грешник нека размислува за радоста на небото кога ќе се врати една загубена душа. Нека почива во Божјата љубов и во никој случај да не го обесхрабрува презирот и сомневањата на фарисеи. {ХП 190.2}

Рабините сфатиле дека оваа Христова парабола се однесува на цариниците и грешниците; но таа има и пошироко значење. Со загубената овца Исус не го прикажал само поединечниот грешник, туку и оној свет кој отпаднал од Бога и бил уништен од гревот. Овој свет е само атом меѓу бесконечните светови со кои управува Бог, но сепак тој мал паднат свет – таа една изгубена овца – е поскапоцен во Неговите очи од деведесет и девет светови кои не залутале од стадото. Христос, омилениот Заповедник во небесните дворови, ја напуштил Својата висока положба, ја одложил славата што ја имал кај Отецот за да го спаси еден изгубен свет. Ги оставил безгрешните светови на висините, деведесет и девет такви што Го љубеле, и дошол на оваа земја да биде „изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија“ (Исаија 53:5). Бог се дал себеси во својот Син за да може да се радува на враќањето на Својата овца која била изгубена. {ХП 190.3}

„Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме“ (1. Јованово 3:1). Христос вели: „Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот“ (Јован 17:18), „го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Колосјаните 1:24). Секоја душа што ја спасил Христос е повикана да работи во Негово име за спасување на изгубените. Тоа дело било занемарено во Израел. Зарем и денес не го занемаруваат токму оние што тврдат дека се Христови следбеници? {ХП 191.1}

Колкумина од оние што заталкале, драг читателу, си побарал и си вратил во трлото? Кога им го вртиш грбот на оние што се непривлечни и не ветуваат многу, сфаќаш ли дека ги занемаруваш токму тие души што ги бара Христос? Можеби тие имаат најголема потреба од твое сочувство токму во времето кога ти се свертуваш од нив. Среде секое мноштво што се собира на богослужение има души кои копнеат по одмор и мир. Можеби се чини дека водат безгрижен живот, но тие не се нечувствителни за влијанието на Светиот Дух. Мнозина од нив можат да се придобијат за Христа. {ХП 191.2}

Ако загубената овца не се врати во трлото, таа талка сè додека  не загине. Многу души одат во пропаст затоа што нема подадена рака да ги спаси. Овие грешни души можеби изгледаат тврди и непромислени, но кога тие би ги уживале истите предности што ги имале другите, можеби би покажале многу поголема благородност во душата и поголеми способности за корисна служба. На ангелите им е жал за овие заталкани души. Ангелите плачат, додека човечките очи се суви и срцата затворени за сожалување. {ХП 191.3}

О, каков ли недостаток на длабока, душевна трошка на сочувство кон искушуваните и грешниците! О кога би имале повеќе од Христовиот дух, а помалку, далеку помалку, себе и својот дух! {ХП 192.1}

Фарисеите ја сфатиле Христовата парабола како укор кој им е упатен на нив. Наместо да ги прифати нивните критики за Неговото дело, Тој ги укорил затоа што тие ги занемарувале цариниците и грешниците. Тој тоа не го сторил отворено, за да не ги затвори нивните срца за Своето учење, но со Своите зборови им го открил делото што Бог го очекувал од нив, а кои тие пропуштиле да го извршат. Да се покажале како вистински пастири, овие водачи во Израел би извршиле пастирска служба, би покажале Христова милост и Негова љубов и би се соединиле со Него во Неговата мисија. Одбивајќи да го сторат тоа, тие покажале дека нивната побожност е лажна. Мнозина од присутните го отфрлиле Христовиот укор, но имало и такви кои биле осведочени со Неговите зборови. По Христовото вознесение врз нив слегол Светиот Дух и тие се соединиле со Неговите ученици во истото дело што е опишано во параболата за загубената овца. {ХП 192.2}

Загубената драхма

Откако ја изнел параболата за загубената овца, Христос изнел и друга, велејќи: „Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сè додека не ја најде?“ (Лука 15:8). {ХП 192.3}

На Исток куќите на сиромасите обично се состоеле од една просторија, честопати без прозорци и мрачна. Собата ретко се чистела и металната пара, ако би паднала на подот, бргу би била покриена со прашина и смет. За да се пронајде, дури и преку ден, морало да се запали свеќа и грижливо да се исчисти целата куќа. {ХП 192.4}

Свадбениот дел на сопругата обично се состоел од метални пари, кои таа внимателно ги чувала како свој најскапоцен имот за подоцна да им го пренесе на своите ќерки. Губењето на само еден од тие примероци се сметал за сериозна несреќа, а неговото наоѓање предизвикувало голема радост во која и соседните жени лесно би учествувале. {ХП 193.1}

Христос тоа и го нагласил: „А штом ќе ја најде, ќе повика пријатели и сосетки, велејќи: ,Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае!“ (Лука 15:9,10). {ХП 193.2}

Оваа парабола, како и претходната, ја опишува загубата на нешто што може да се најде со внимателно барање и откако ќе се најде, причинува голема радост. Меѓутоа, двете параболи опишуваат различни групи. Загубената овца знае дека е загубена. Таа го напуштила пастирот и стадото и не може сама да се врати. Таа ги претставува оние што сфаќаат дека се одвоиле од Бога и обвиени се со облак на збунетост, понижени и во сериозно искушение. Загубената паричка ги претставува оние кои се загубени во престапите и гревовите, но не се свесни за својата состојба. Тие се отуѓиле од Бога, но тие не го знаат тоа. Нивните души се во опасност, но тие се несвесни и безгрижни. Во оваа парабола Христос учи дека дури и оние што се рамнодушни кон Божјите барања се предмет на Неговата љубов што сожалува и тие треба да се побараат за да бидат вратени кај Бога. {ХП 193}

Овцата се оддалечила од стадото и залутала; се загубила во пустината или во планините. Драхмата била загубена во куќата. Била во близина, но можела да се пронајде само со внимателно барање. {ХП 194.1}

Оваа парабола содржи поука за семејствата. Во домаќинството често владее голема негрижа за душите на неговите членови. Меѓу нив може да има и такви кои се оддалечил од Бога; меѓутоа, во семејните односи малку се води грижа за тоа дали ќе се загуби некој кој им е доверен како „дар од Него“ (Псалм 127:3). {ХП 194.2}

Паричката, иако лежи во прашина и смет, и понатаму е парче сребро. Неговиот сопственик ја бара затоа што има вредност. Така и секоја душа, колку и да е деградирана од гревот, во Божјите очи и понатаму е драгоцена. Како што паричката го носи ликот и натписот на владетелот, така и на човекот при создавањето му е втиснат ликот и натписот на Бога; иако тој натпис денес е расипан и полуизбришан под влијание на гревот, неговите траги остануваат во секоја душа. Бог сака да ја врати кај Себе таквата душа и да го обнови во неа ликот на Својата праведност и светост. {ХП 194.3}

Жената во параболата внимателно ја бара загубената паричка. Таа запалува свеќа и ја мете куќата. Отстранува сè што би можело да и пречи при потрагата. Иако е загубена само една паричка, таа нема да престане да се труди сè додека не ја пронајде. Така и во семејството, ако еден член е загубен за Бога, мора да се вложи секој можен напор за да се врати. Сите други членови на семејството мора трудољубиво и внимателно да се испитаат себеси. Нека се испитаат животните навики. Нека се утврди дали можеби никоја грешка, некој пропуст во управувањето придонел таа душа да се зацврсти во своето непокајание. {ХП 194.4}

Доколку во семејството има дете кое не е свесно за својата грешна состојба, родителите не смеат да мируваат. Нека ја запалат свеќата, нека ја истражуваат Божјата реч и во нејзината светлина внимателно нека се испита сè што е во домот за да се утврди зошто е изгубено ова дете. Родителите нека го испитаат своето срце, нека ги испитаат своите навики и практики. Децата се наследство од Господ, и ние сме одговорни пред Него за нашето управување со Неговиот имот. {ХП 195.1}

Постојат татковци и мајки кои копнеат да работат во некоја странска мисија; мнозина се дури и активни во христијанското дело надвор од домот, додека за нивните родени деца Спасителот и Неговата љубов се потполно туѓи и непознати. Придобивањето на своите деца за Христа, мнозина родители му го препуштаат на проповедникот или на учителот во саботната школа, но, постапувајќи така, тие ја занемаруваат одговорноста што им ја доверил Бог. Воспитувањето и обучувањето на децата да станат христијани е најголема служба што можат да ја извршат родителите за Бога. Тоа е дело што бара стрплив труд, вреден и истраен напор во текот на целиот живот. Занемарувајќи ја таа работа, ние покажуваме дека сме неверни управници. Бог нема да прифати ниту еден изговор за таквото занемарување. {ХП 195.2}

Но ниту оние што се виновни за такво занемарување на должностите не треба да очајуваат. Жената што ја загубила својата паричка ја барала упорно сè додека  не ја нашла. Така и родителите со љубов, вера и молитва треба да работат за членовите на својот дом, сè додека  не бидат во состојба радосно да дојдат пред Бога, велејќи: „Ете, јас и децата што ми ги даде Господ“ (Исаија 8:18). {ХП 195.3}

Тоа е вистинската мисионерска работа во домот, подеднакво важна и за оние што ја извршуваат и за оние за кои се извршува. Ако искрено се интересираме за оние што живеат во домот, ние се оспособуваме да работиме за членовите на Господовото семејство, со кои, ако му бидат верни на Христа, ќе живееме низ сите векови на вечноста. Кон нашите браќа и сестри во Христа треба да ја покажеме истата грижа што ја покажуваат членовите на едно семејство едни кон други. {ХП 196.1}

Бог сака на тој начин да се оспособиме да работиме и со другите. Кога кругот на нашата грижа ќе се прошири и кога нашата љубов ќе се зголеми, на сите страни ќе најдеме работа за себе. Божјото големо човечко семејство го опфаќа целиот свет и тоа не смее да биде занемарено од Неговите членови. {ХП 196.2}

Каде и да сме, некоја загубена сребрена паричка чека да ја побараме. А дали ја бараме? Од ден на ден се среќаваме со луѓе кои не покажуваат никаков интерес за верските прашања; ги посетуваме и разговараме со нив, но покажуваме ли некаков интерес за нивното духовно добро? Им го претставуваме ли Христа како Спасител кој ги простува гревовите? Ако нашето срце навистина е загреано со Христовата љубов, им зборуваме ли и ним за таа љубов? Ако не го правиме тоа, тогаш како ќе се сретнеме со тие души загубени за сета вечност кога ќе застанеме пред Божјиот престол? {ХП 196.3}

Кој може да ја процени вредноста на една душа? Ако сакате да ја дознаете нејзината вредност, одете во Гетсиманија и таму бдејте заедно со Христа во текот на тие часови на Неговата агонија, кога од Неговото чело течеле големи капки крвава пот! Гледајте го Спасителот високо на крст! Слушајте го Неговиот очаен извик: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ (Марко 15:34). Гледајте ја Неговата ранета глава, Неговите прободени ребра, изнакажаните нозе! Спомнете си дека Христос ставил сè на коцка! Заради нашиот откуп, во опасност е доведено целото небо. Во подножјето на крстот, имајќи на ум дека Христос би го положил Својот живот и за еден единствен грешник, и ти можеш да ја процениш вредноста на една душа! {ХП 196.4}

Ако имате заедница со Христа, вие секое човечко суштество ќе го цените така како што Тој го цени. Вие ќе ја чувствувате кон другите истата длабока љубов што ја чувствувал Христос кон вас. И тогаш ќе бидете во состојба да ги придобивате, а не да ги избркате, да ги привлечете, а не да ги одбиете оние за кои Тој умрел. Никој никогаш не би бил вратен назад кај Бога кога Христос не би вложил личен напор околу него; и само со такво лично залагање и ние можеме да ги спасуваме душите. Кога ќе ги видите оние што заминуваат во смрт, нема да останете мирни и рамнодушни. Колку е поголем нивниот грев и подлабока нивната беда, толку посериозни и понежни ќе бидат вашите напори да ги придобиете. Вие ќе ги препознаете потребите на оние што страдаат, кои грешеле против Бога и кои се натоварени со товар на вина. Вашето срце ќе се исполни со сочувство кон нив, и вие ќе им подадете рака помошничка. Во прегратките на својата вера и љубов вие ќе ги доведете кај Христа. Тогаш ќе стражите будно над нив и ќе ги охрабрувате, а со вашето сочувство и доверба ќе им помогнете да бидат истрајни во верата. {ХП 197.1} Во ова дело сите небесни ангели се подготвени да соработуваат. Сите небесни извори им стојат на располагање на тие што се трудат да ги спасат загубените. Ангелите ќе ви помогнат да допрете и до најнемарните и најтврдите. И кога некој ќе се врати кај Бога, ќе се радува целото небо; серафимите и херувимите ќе ги земат своите златни харфи и ќе му пеат слава на Бога и на Јагнето заради Нивната милост и добрина кон синовите човечки. {ХП 197.2}

Сподели го ова:

Слични објави