10. МРЕЖА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:47-50)

„Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби;и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат.Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби”. {ХП 122.1}

Фрлањето на мрежа го претставува проповедањето на евангелието. Така и во црквата се собираат и добри и зли. Кога мисијата на евангелието ќе биде завршена, разделувањето на злите од добрите ќе биде извршено со одлука на судот. Христос видел дека присуството на лажните браќа во црквата ќе придонесе да се зборува лошо за патот на вистината. Светот ќе го критикува евангелието поради недоследниот живот на лажните учители. Дури и христијаните можат да потклекнат кога ќе видат дека мнозина што го носат Христовото име не се потчинуваат на силата на Светиот Дух. Бидејќи во црквата се наоѓаат и грешници, луѓето се во опасност да помислат дека Бог ги оправдува нивните гревови. Токму затоа Христос го подига овој превез од иднината и ги повикува сите да видат дека карактерот, а не положбата, одлучува за судбината на човекот. {ХП 122.2}

И параболата за каколот, и оваа за мрежата, јасно учат дека никогаш нема да дојде време кога беззакониците ќе се свртат кон Бога. Пченицата и каколот растат заедно до жетвата. И добрите и лошите риби заедно се извлекуваат на брегот до конечното раздвојување. {ХП 123.1}

Понатаму, овие параболи учат дека, откако ќе заврши судот, ќе нема ново време на милост. Кога ќе се доврши делото на евангелието, веднаш следи поделба на добрите и злите, и со тоа судбината на двете групи засекогаш ќе биде одредена. {ХП 123.2} Бог не сака никого да го уништи. „Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелов?“ (Езекиел 33:11). Во текот на целиот пробен период, Неговиот Дух ги повикувал луѓето да го прифатат дарот на животот. Само тие што ќе ги одбијат Неговите повици, ќе бидат оставени да пропаднат. Бог објавил дека гревот мора да биде уништен како зло опасно за целата вселена. Оние што ќе се држат до гревот ќе загинат при неговото уништување. {ХП 123.3}

Сподели го ова:

Слични објави