21. НЕПРЕМОСТЛИВАТА БЕЗДНА ПРЕМОСТЕНА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 16:19-31)

Во параболата за богатиот човек и Лазар, Христос покажува дека луѓето во овој живот одлучуваат за својата вечна судбина. За време на оваа проверка, Божјата милост и е понудена на секоја душа. Меѓутоа, ако луѓето ги испуштат можностите што им се даваат и наместо тоа живеат според своите желби, тие самите себеси се лишуваат од вечниот живот. Нема да им биде дадено никакво ново време на милост. Со својата одлука сами си создале непремостлив јаз меѓу себе и нивниот Бог. {ХП 260.1}

Оваа парабола ја нагласува спротивноста меѓу богатиот човек кој не се потпирал врз Бога и сиромавиот кој правел така. Христос покажува дека доаѓа време кога положбата на овие класи ќе се промени. Оние што се сиромашни со световни богатства, но сепак имаат доверба во Бога и стрпливо ги поднесуваат страдањата, еден ден ќе бидат возвишени над оние кои сега заземаат највисоки функции што светот може да ги даде, но кои својот живот не му го предале на Бога. {ХП 260.2}

Христос рекол: „Си беше еден богат човек кој се облекуваше во порфир и во свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.А еден сиромав, по име Лазар, лежеше пред вратата негова сиот покриен со красти,кој сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот”. {ХП 260.3}

Богатиот човек не спаѓал во класата претставена од неправедниот судија кој отворено изјавил дека не го почитува Бога и луѓето. Тој тврдел дека е син на Авраам. Спрема сиромавиот не постапувал насилно, ниту пак барал од него да се оддалечи затоа што неговиот изглед бил несоодветен. Тој немал ништо против овој сиромав човек со толку одвратен изглед и понатаму да остане пред неговата порта ако за него е некаква утеха само тоа што ќе го види на минување пред влезот. Но, тој бил себично рамнодушен кон потребите на својот изнамачен брат. {ХП 261.1}

Тогаш немало болници во кои можеле да се згрижат болните. Страдалниците и сиромасите биле препуштени на грижа на оние на кои Господ им доверил богатство, за да им укажат помош и утеха. Така било со просјакот и богатиот човек. Лазар имал голема потреба од помош, зашто немал ниту пријатели, ниту дом, ниту пари, ниту храна. А сепак од ден на ден бил оставен да живее во такви услови, додека богатиот благородник можел да ја задоволи секоја своја потреба. Оној кој изобилно можел да ги ублажи страдањата на своите ближни, живеел себично, како што живеат мнозина денес. {ХП 261.2}

Денес покрај нас има многу гладни, голи и бездомници. Ако занемариме да им послужиме со нашите средства на овие сиромашни и измачени души, си товариме себеси товар на вина, со која еден ден со страв ќе се соочиме. Секоја лакомост е осудена како идолопоклонство. Секое себично уживање претставува престап во Божјите очи. {ХП 261.3}

Бог го направил богатиот човек да биде управник на Неговите средства и негова должност била да се занимава токму со таквите случаи како овој на просјакот. Заповедта гласела: „Сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја и со сите сили твои“ (Второзаконие  6:5), и „сакај го ближниот свој како самиот себе“ Левитска 19:18). Богатиот човек бил Евреин и бил запознаен со заповедта Божја. Но, тој заборавил дека е одговорен за употребата на неговите доверени средства и можности. Врз него изобилно почивале благословите на Господ, но тој ги употребувал себично, да се прослави себеси, а не својот Творец. Пропорционално со изобилството што го примил, тој имал обврска да ги користи своите дарови за воздигнување на човештвото. Ова била заповед на Господ, но богатиот човек не размислувал за својата обврска кон Бога. Тој позајмувал пари земал камата за позајменото, но не давал камата за средствата што нему му ги позајмил Бог. Имал знаење и таленти, но не ги користел исправно. Заборавајќи ја својата одговорност пред Бога, тој ги посветил сите свои сили на уживања. Сè со што бил опкружен, низата задоволства, пофалбите и ласкањата на пријателите, сето тоа придонесувало за негово себично уживање. Толку многу бил опфатен со дружење со своите пријатели, што го изгубил чувството за одговорност да соработува со Бога во Неговата служба на милост. Имал можност да ја разбере Божјата реч и нејзините начела да ги применува во својот живот, но друштвото со кое бил опкружен, оддадено на задоволства, во толкава мера му го одземало времето, што тој го заборавил вечниот Бог. {ХП 261.4}

А потоа дошло време кога се случила промена во положбата на двајцата мажи. Сиромавиот секој ден страдал, но трпеливо и тивко поднесувал. По извесно време починал и бил погребан. Немало кој да жали за него; но со своето трпение во страдањето сведочел за Христа, ја издржал проверката на својата вера, и при неговата смрт тој бил прикажан како ангелите да го носат во пазувите на Авраам. {ХП 262.1}

Лазар ги претставува измачените сиромаси кои веруваат во Христа. Кога ќе затруби трубата, и сите што се наоѓаат во гробовите ќе го слушнат Христовиот глас ќе излезат да ја примат својата награда, зашто нивната вера во Бога не била обична теорија, туку реалност. {ХП 262.2}

„Умре и богатиот и го погребаа.И во пеколот, додека беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраам и Лазар во неговите пазуви.Тогаш тој извика и рече: ‘Оче Аврааме, смилувај ми се и прати го Лазар да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто многу страдам во овој пламен’”. {ХП 263.1}

Во оваа парабола Исус се среќава со луѓето на нивен терен. Доктрината за свесната состојба на умрените во периодот помеѓу смртта и воскресението ја држеле мнозина кои ги слушале Христовите зборови. Спасителот ги знаел нивните верувања, па Својата парабола ја обликувал така за да им објави важни вистини токму преку нивните вкоренети сфаќања. Тој пред Своите слушатели го држел огледалото во кое тие можеле да се видат себеси и својот вистински однос кон Бога. Се послужил со нивните верувања за да им ја пренесе идејата што сакал да ја истакне пред сите – дека луѓето не треба да се вреднуваат според нивниот имот, зашто сè што човек има го добил на заем од Господа. Злоупотребата на овие дарови ќе го стави човекот пониско од најсиромашните и најстрадалните луѓе кои го љубат Бога и веруваат во Него. {ХП 263.2}

Христос сакал Неговите слушатели да разберат дека човекот по смртта не може да стори ништо за спасението на својата душа. На Авраам му ги ставил во уста зборовите: „Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти се мачиш.Освен тоа, меѓу вас и нас има голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат кај вас, не можат; а исто така и оние оттаму – кај нас”. Со тоа Христос ја претставил безнадежноста да се бара уште една можност. Овој живот е единственото време што му е дадено на човекот да се подготви за вечноста. {ХП 263.3}

Богатиот човек не ја напуштил идејата дека е Авраамово дете, и го гледаме како во својот очај бара од него помош. Се молел: „Оче Аврааме, смилувај ми се!“ Тој не му се молел на Бога туку на Авраам. Така тој покажал дека го става Авраама над Бога и дека мисли оти сродството со Авраам може да му обезбеди спасение. Разбојникот на крстот својата молитва му ја упатува на Христа: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ (Лука 23:42). Одговорот веднаш стигнал: „Вистина ти велам: денес (додека висам на крстов и поднесувам понижување и страдање) ќе бидеш со Мене во рајот!“ Меѓутоа, богатиот човек му се молел на Авраам, и неговата молба не била примена. Само Христос е возвишен да биде Зачетник и Спасител „за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел“ (Дела 5:31). „И во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12). {ХП 263.4}   

Богатиот човек го поминал својот живот угодувајќи си себеси и предоцна увидел дека не направил ништо за вечноста. Ја сфатил својата лудост и помислил на своите браќа, кои ќе продолжат да живеат како што тој живеел, имено, ќе живеат да си угаѓаат себеси. Затоа упатил повик: „Тогаш, те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!“ Но, „Авраам му рече: ‘Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат!‘А тој рече: ‘Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите оди кај нив, тогаш ќе се покаат.’ Авраам му рече: ‘Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат!’“ {ХП 264.1}

Кога богатиот човек побарал дополнителни докази што ќе влијаат врз неговите браќа, јасно му било кажано дека ако бидат дадени овие докази, и тие нема да ги уверат. Оваа молба всушност била неискажан приговор против Бога. Богатиот како да сакал да каже: Да ме предупредеше подетално, сега немаше да бидам тука! Во Својата парабола Исус кажува дека Авраам одговорил вака: Твоите браќа беа доволно предупредени. Им беше дадена светлина, но тие не сакаа да ја видат; вистината им беше објавена, но не сакаа да ја слушаат! {ХП 264.2}

„Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат!“ Овие зборови ја покажале својата веродостојност во историјата на еврејскиот народ. Христово последно и врвно чудо било воскреснувањето на Лазар од Витанија, кој веќе четири дена лежел мртов. На Евреите им бил даден овој прекрасен доказ за божественоста на Спасителот, но тие го отфрлиле. Лазар воскреснал од мртвите и сведочел пред нив, но тие ги стврднале своите срца против секој доказ, па дури се обиделе да му го одземат животот (Јован 12:9-11). {ХП 265.1}

Законот и пророците се Божјо одбрано средство за спасување на луѓето. Христос рекол: Нека внимаваат на тие докази! Ако не го послушаат Божјиот глас кој зборува преку Неговата Реч, тогаш ниту сведочењето на сведокот воскреснат од мртвите нема да го послушаат. {ХП 265.1}

На оние што го слушаат Мојсеј и пророците нема да им треба поголема светлина од онаа што Бог им ја дал; но, ако луѓето ја отфрлат светлината и не ги ценат можностите што им се дадени, нема да го послушаат ниту оној што би дошол од мртвите со порака. Тие не би биле убедени ниту со овој доказ; зашто сите што го отфрлаат законот и пророците толку ги стврднуваат своите срца што ќе ја отфрлат секоја светлина. {ХП 265.3}

Разговорот меѓу Авраам и некогашниот богат човек е фигуративен. Од него треба да се извлече поука дека на секој човек му се дава доволно светлина за извршување на должностите што се бараат од него. Одговорностите на човекот се сразмерни на неговите можности и привилегии. Бог на секого му дава доволно светлина и благодат за да ја изврши работата што му ја дал да ја изврши. Ако човекот пропушти да ја исполни должноста што може да се забележи при помала светлина, поголемата светлина само би ја открила неговата неверност, неговата немарност да ги искористи благословите што ги добил. „Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив“ (Лука 16:10). Тие што одбиваат да бидат просветлени преку Мојсеј и пророците и бараат да видат некое прекрасно чудо, нема да бидат осведочени ниту ако им се исполни желбата. {ХП 265.4}

Параболата за богатиот човек и Лазар прикажува како се оценуваат двете класи претставени од овие луѓе во невидливиот свет. Не е никаков грев да се биде богат ако богатството не е стекнато со неправда. Богатиот човек не е осуден затоа што има богатство, туку осудата останува на него доколку средствата што му биле доверени ги троши за себични цели. Многу подобро би сторил ако своите средства ги вложи во Божјата ризница, со нив да прави добро. Смртта не е во состојба човекот да го направи сиромав ако се посветил и се потрудил да се здобие со вечното богатство. Но, човекот кој го напластува своето богатство за себе, не може да однесе ништо од тоа во рајот. Ќе се покаже како неверен управител. За време на неговиот живот нему му стоело на располагање неговото богатство, но заборавил на своите обврски кон Бога. Тој не успеал да го обезбеди небесното богатство. {ХП 266.1}

Богатиот човек, кој имал толку многу привилегии, ни е претставен како човек кој пропуштил да ги развива своите дарови, за да можат неговите дела да бидат достојни за возвишениот иден живот, да посведочат за искористените духовни предности. Целта на откупот, не е само бришење на гревот, туку да му ги врати на човекот и оние духовни дарови изгубени заради изопаченото влијание на гревот. Парите не можат да се понесат во идниот живот; таму не се потребни; но добрите дела, со кои сме ги придобиле душите за Христа, се носат во небесните дворови. Но, оние кои себично ги трошат Господовите дарови за себе, кои своите ближни што имаат потреба ги оставаат без помош и не прават ништо за напредок на Божјото дело во светот, го срамат својот Творец. Покрај нивните имиња во небесните книги ќе биде запишано дека го ограбиле Бога. {ХП 266.2}

Богатиот човек имал сѐ што можело да се купи за пари, но тој не поседувал богатство со кое можел да ги среди своите сметки со Бога. Живеел како сето она што го поседувал да е негово. Тој го занемарил Божјиот повик и барањата на сиромашните што страдале. Но, на крај доаѓа повик што тој не може да го занемари. Силата со која не можел да преговара ниту да и се спротивстави му заповедала да ги напушти просториите со кои повеќе не е управувач. Некогашниот богат човек на тој начин станал гол сиромав. Не можела да го покрие облеката на Христовата праведност исткаена на небесниот разбој. Оној што некогаш носел најскапоцен пурпур, најфин лен, сега останал наполно гол. Неговото време на милост поминало. Ништо не донел на овој свет, ништо и не однел од него. {ХП 267.1}

Христос ја кренал завесата и им ја прикажал оваа слика на свештениците и старешините, книжниците и фарисеите. Гледајте ја вие, кои сте богати со добра на овој свет, а не сте богати во Бога! Зарем нема да размислите за оваа сцена? Она што е многу ценето меѓу луѓето, е одвратно во Божјите очи. Христос прашува: „Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Марко 8:36,37). {ХП 267.2}

Применета на еврејскиот народ

Кога Христос ја изнел параболата за богатиот човек и Лазар, многу припадници на еврејскиот народ се наоѓале во истата жалосна положба на богатиот човек, кој Господовите дарови ги користел за да ги задоволи своите себични желби и кој се подготвувал да ја слушне пресудата: „Измерен си на кантар и се најде многу лесен“ (Даниел 5:27). Богатиот човек ги уживал сите материјални и духовни благослови, но одбил да соработува со Бога при користењето на тие благослови. Така било и со еврејскиот народ. Господ ги поставил Евреите за чувари на светата вистина. Тој ги назначил за повереници на Својата милост. Им ги дал сите духовни и материјални предности и ги повикал тие благослови да ги делат со другите. Им биле дадени посебни упатства како да постапуваат кон нивните браќа кои паднале во неволја, кон странецот пред нивните порти и кон сиромашните меѓу нив. Тие не требале да биде себични, туку морале да размислуваат и за потребите на другите. Бог ветил дека ќе ги благослови во согласност со нивните дела на љубов и милост. Но, како и богатиот човек, тие не му подале рака на помош на измаченото човештво, ниту пак се потрудиле да ги задоволат материјалните и духовните потреби на ближните. Исполнети со гордост, Евреите себеси се сметале за избран и повластен Божји народ; сепак тие не му служеле на Бога ниту пак го почитувале. Сета нивна сигурност во спасението се потпирала врз фактот дека биле деца на Авраам. „Ние сме семе Авраамово!“, гордо рекле тие (Јован 8:33). Кога се појавила криза, се покажало дека тие се одвоени од Бога и дека се потпираат на Авраам, како да е Бог. {ХП 267.3}

Христос копнеел светлината да ги расветли затемнетите умови на еврејскиот народ. Тој им рекол: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови.А сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше“ (Јован 8:39,40). {ХП 268.1}

Христос не признавал никаква корист од родословието. Тој поучувал дека духовната врска ја заменува секоја природна врска. Евреите тврделе дека потекнуваат од Авраам; но, не успевајќи да ги извршуваат делата на Авраам, тие докажале дека не се негови вистински деца. Само оние што ќе докажат дека духовно се во хармонија со Авраам, со тоа што му се покоруваат на Божјиот глас, се сметаат за негово вистинско потомство. И покрај тоа што питачот Лазар му припаѓал на општествениот слој кој луѓето го сметале за инфериорен, Христос го препознал како оној кого Авраам би го имал во најблиско пријателство. {ХП 268.2}

Богатиот човек иако бил опкружен со сите животни удобности, бил толку неук што го ставил Авраама таму каде што требало да биде Бог. Да ги ценел своите возвишени привилегии и да му дозволил на Божјиот Дух да го обликува неговиот ум и неговото срце, би се наоѓал во сосема друга позиција. Истото се случувало и со народот што го претставувал. Да одговориле на божествениот повик, нивната иднина би била целосно поинаква. Тие би покажале вистинска духовна проникливост. Располагале со средства кои Бог уште повеќе би ги зголемил, така што би имале доволно да им однесат благослов и светлина на целиот свет. Меѓутоа, тие толку многу се оддалечиле од Господовиот ред, така што целиот живот им бил изопачен. Даровите што ги добиле како Божји управители не ги употребувале сообразно со начелата на вистината и праведноста. Во нивните пресметки не влегувала вечноста, и како последица на нивната неверност целиот народ го снашла пропаст. {ХП 269.1}

Христос знаел дека при уништувањето на Ерусалим, Евреите ќе се сетат на Неговото предупредување. И така било. Кога над Ерусалим се надвила несреќа, кога народот го зафатиле глад и секакви страдања, тие се сетиле на овие Христови зборови и ја разбрале параболата. Занемарувајќи ја својата должност да го осветлат целиот свет со светлината дадена од Бога, сами ги навлекле на себе страдањата што ги снашле. {ХП 269.2}

Во последните денови

Завршните сцени од историјата на оваа земја се прикажани со затворањето на историјата на богатиот човек. Богатиот човек тврдел дека е син на Авраам, но тој бил одделен од Авраам со непремостлива бездна – со карактерот што погрешно го развил. Авраам му служел на Бога, живеел според Неговата Реч со вера и послушност. Меѓутоа, богатиот човек не внимавал на Бога и на потребите на измаченото човештво. Големата бездна меѓу него и Авраам била бездната на непослушност. И денеска мнозина одат во иста насока. Иако се членови на црквата, тие не се преобратени. Тие можат да учествуваат во црковната служби, можат да го пеат псалмот: „Како што кошутата копнее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе“ (Псалм 42:1); но тоа е лажно сведочење! Тие не се поправедни пред Бога од најлошиот грешник. Душата што копнее по возбудливи световни уживања, умот кој е окупиран со желба да се расфрла, не може да му служи на Бога. Како и богатиот човек во параболата,  и тој нема склоност да војува против желбите на телото. Тој копнее да ужива во апетитот. Тој бира грешна атмосфера. Кога одненадеж ќе го снајде смрт, се спушта во гроб носејќи го карактерот што го обликувал за време на својот живот во соработка со сатанските агенции. Во гробот нема веќе можност да избере нешто, било да е тоа добро или зло; зашто во денот кога човек ќе умре, исчезнуваат сите негови планови (Проповедник 9:5,6; Псалм 146:4). {ХП 269.3}

Кога Божјиот глас ќе ги разбуди мртвите, тие ќе излезат од гробот со истите желби и страсти, со истите склоности и несклоности, што ги ценеле додека биле живи. Бог нема да направи чудо за повторно да создаде човек кој не сакал да биде повторно создаден кога ги уживал сите предности и кога на располагање му стоеле сите средства. За време на својот живот, тој не уживал во Бога и не наоѓал задоволство во Неговата служба. Неговиот карактер не е во хармонија со Бога и затоа не може да биде среќен во небесното семејство. {ХП 270.1}

Денес во нашиот свет постојат луѓе кои се самобендисани. Тие не се лакоми, не се пијаници, не се неверници, но сакаат да живеат за себе, а не за Бога. Тој не е во нивните мисли, затоа тие се класифицирани со неверниците. Кога би им било овозможено да влезат низ портите на Божјиот град, тие не би имале право на дрвото на животот, затоа што кога им биле претставени Божјите заповеди со сите свои задолжителни барања, тие рекле: „Не“. Тие не му служеле на Бога тука; затоа тие нема да му служат на Бога ниту во вечноста. Тие не можат да живеат во Негово присуство, и би чувствувале дека секое место е подобро од небото. {ХП 270.2} Да се научиме од Христа значи да ја примиме Неговата милост, која го претставува Неговиот карактер. Но, оние што не ги ценат и не ги користат драгоцените можности и светите влијанија што им се дадени на земјата, не се способни да учествуваат во чистата посветеност на небото. Нивните карактери не се обликувани според божествената сличност. Поради својата немарност, тие создале провалија што не може да ја премостат. Помеѓу нив од праведните постои голема провалија. {ХП 271.1}

Сподели го ова:

Слични објави