14. „ЗАРЕМ БОГ НЕМА ДА ГИ ОДБРАНИ СВОИТЕ ИЗБРАНИЦИ“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 18:1-8)

Овде Христос зборува за периодот непосредно пред Неговото второ доаѓање и за опасностите низ кои мора да поминат Неговите следбеници. Имајќи го предвид тој период, Тој ја раскажал параболата за тоа „како е потребно секогаш да се молат и да не паѓаат со духот“. {ХП 164.1}

„Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‘Заштити ме од мојот противник’! Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‘Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“И рече Господ: ‘Чујте што зборува несправедливиот судија!Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?Ви велам, ќе ги одбрани набргу!’“ {ХП 164.2}

На судијата, што е опишан овде во параболата, не му било грижа за правдата ниту пак ги сожалувал луѓето што страдале. Вдовицата што го изнесувала својот случај пред него постојано ја одбивал. Одново и одново доаѓала кај него, единствено да биде примена со презир и протерана од судницата. Судијата знаел дека правдата е на нејзина страна, дека веднаш може да и укаже помош, но не сакал. Сакал да ја покаже својата самоволна моќ, му создавало задоволство да ја пушти залудно да бара, да моли и напразно да преколнува. Но таа не попуштала ниту пак се обесхрабрувала. И покрај неговата рамнодушност и тврдоста на неговото срце, таа ја повторувала својата молба сè додека  судијата не се согласил да го разгледа нејзиниот случај. Самиот рекол: „Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева”. За да го сочува својот углед, за да не покажува јавно пристрасност, едностран пристап кон парниците, тој ја одбранил истрајната и упорна жена. {ХП 164.3}

„И рече Господ: ‘Чујте што зборува несправедливиот судија!Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?Ви велам, ќе ги одбрани набргу’”. Христос овде го нагласува остриот контраст помеѓу неправедниот судија и Бога. Судијата попуштил на барањето на вдовицата само поради себичност за да може да се ослободи од нејзината упорност. Ниту ја сожалувал, ниту сочувствувал со неа. Нејзината неволја ништо не му значела. Колку е различен односот на Бога кон оние што Го бараат. Тој со бескрајно сожалување ги разгледува молбите на бедните и на ожалостените. {ХП 165.1}

На жената што барала заштита од судијата смртта и го оттргнала мажот. Сиромашна и без пријатели, таа немала средства да го поврати својот грабнат имот. И човекот поради гревот ја загубил својата врска со Бога. Не постои никаков начин тој сам да си обезбеди спасение. Меѓутоа, во Христа ние повторно сме доведени во близина на Отецот. Божјите избраници му се мили на Неговото срце. Тоа се луѓе што Тој ги повикал од темнината во Својата чудесна светлина за да го возвишуваат, да светат како светила во темнината на овој свет. Неправедниот судија не покажал посебен интерес да ја избави вдовицата која му додевала. Сепак, за да се ослободи од нејзините постојани молби, тој го прифатил нејзиното барање и ја избавил од нејзиниот противник. Но Бог ги сака Своите деца со бесконечна љубов. За Него Неговата црква е поважна од сè на земјата. {ХП 165.2}

„Зашто делот на Господ е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово добиено со ждрепка.Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое“ (Второзаконие  32:9,10). „Зашто така вели Господ Седржителот, Кој ме прати за слава кај народите, што ве плачкосуваа: ‘Зашто кој чепка во вас, чепка во зеницата на окото Мое“‘ (Захарија 2:8). {ХП 166.1}

Молитвата на вдовицата: „Заштити ме од мојот противник!“ ја претставува молитвата на Божјите деца. Сатаната е нивниот голем противник. Тој е „клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе“ (Откровение 12:10). Тој постојано се труди погрешно да го претстави и обвини, да го измами и уништи Божјиот народ. Во оваа парабола Христос ги повикува Своите ученици да се молат на Бога да ги одбрани од силата на сатаната и од неговите слуги. {ХП 166.2}

Во пророштвото на Захарија е прикажано обвинувачкото дело на сатаната, но и Христос кој му се спротивставува на противникот на Својот народ. Пророкот вели: „Потоа ми го покажа тој Исус, великиот свештеник, кој стоеше пред ангелот Господов, и сатаната, кој стоеше од Неговата десна страна, за да го обвинува.И му рече Господ на сатаната: ‘Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?’ А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот“ (Захарија 3:1-3). {ХП 166.3}

Божјиот народ овде е претставен како криминалец на судење. Нашиот Првосвештеник, Исус, бара благослов за Својот народ кој е во голема неволја. Додека се моли пред Бога, сатаната му стои од десната страна како противник. Ги обвинува Божјите деца, трудејќи се нивниот случај да го претстави колку што е можно поочаен. Тој пред Господа ги претставува нивните лоши дела и нивните недостатоци. Ги прикажува нивните грешки и неуспеси, надевајќи се дека тие во Христовите очи ќе изгледаат толку лоши, што Тој нема да им помогне во нивната голема потреба. Како претставник на Божјиот народ, првосвештеникот Исус (синот Јоседеков) стои под осуда, облечен во нечиста облека. Свесен за гревовите на својот народ, тој е оптоварен и обесхрабрен. Сатаната ја притиска неговата душа со чувство на вина, така што тој се чувствува речиси безнадежно. Сепак тој стои како молител додека сатаната стои наспроти него. {ХП 166.4}

Сатаната своето дело како обвинувач го почнал уште на небото. Со истото дело продолжил да се занимава на земјата уште од времето на човековиот пад, и колку повеќе се приближуваме до крајот од историјата на овој свет тоа ќе биде негово особено дело во посебна смисла. Бидејќи гледа дека неговото време е кратко, тој ќе работи уште поинтензивно и уште порешително, трудејќи се да мами и да уништува. Тој се гневи кога на земјата гледа луѓе кои, иако се слаби и грешни, го почитуваат Господовиот закон. Цврсто решил да ја скрши нивната послушност кон Бога. Ужива во нивната недостојност, подготвува лукавство за секоја душа, се труди сите луѓе да ги вовлече во својата стапица и со тоа да ги одвои од Бога. Се обидува да го обвини и да го изложи на осуда и Бога, но и сите што се обидуваат да ги исполнуваат Неговите намери на овој свет со милост и љубов, сочувство и прошка. {ХП 167.1}

Секоја манифестација на Божјата моќ среде Неговиот народ кај сатаната предизвикува непријателство. Секојпат кога Господ дејствува во нивна полза, сатаната со своите ангели работи со обновена сила за да предизвика нивна пропаст. Тој е љубоморен на сите што го прават Христа своја сила. Негова цел е да поттикне зло, и кога ќе успее, сета вина да ја префрли врз оние кои паднале во искушението. Ја истакнува нивната валкана облека и укажува на нивните карактерни мани. Ги изнесува нивните слабости и лудости, нивната неблагодарност како грев, нивната несличност со Христа со што го обесчестуваат својот Откупител. Сето тоа го изнесува како доказ дека има право да ги упропасти. Се обидува да ја исплаши нивната душа, да предизвика кај нив свест дека нивниот случај е безнадежен, дека дамката на нивната вина никогаш не може да се отстрани. Се надева дека со тоа ќе ја уништи нивната вера, целосно да подлегнат под неговите искушенија. {ХП 168.1}

Господовиот народ не може сам да се спротивстави на обвинувањата на сатаната. Додека гледаат  на себе, тие се подготвени да паднат во очај. Но, тие му се обраќаат на божествениот Застапник. Тие се повикуваат на заслугите на Откупителот. Бог може да покаже дека е „справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус“ (Римјаните 3:26). Затоа тие со целосна доверба му се обраќаат Нему и бараат Тој да ги замолчи обвинувањата на сатаната и да ги осуети неговите лукавства. „Заштити ме од мојот противник!“ се молат тие; и со силниот доказ на крстот, Христос го замолчува дрскиот обвинувач. {ХП 168.2}

 „И му рече Господ на сатаната: ‘Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?’“ (Захарија 3:2). Кога сатаната се обидува да го оцрни Божјиот народ и да го уништи, Христос се вмешува. Иако згрешиле, Христос вината за нивните гревови ја зел на Својата душа. Тој човечкиот род го извлекол како гламна од огнот. Со Својата човечка природа Христос е поврзан со човекот, додека со Својата божествена природа е соединет со бесконечниот Бог. На душите што гинат на дофат на рака им стои помош. Противникот е укорен. {ХП 169.1}

„А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот,кој им одговараше и на оние што стоеја пред него, и им рече: ‘Соблечете ја од него извалканата облека’; и нему лично: ‘Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека’. Потоа рече: ‘Ставете Му на главата чист повој’, и Му ставија на главата чист повој и го облекоа во свечена облека. А ангелот Господов стоеше. И ангелот Господов, му посведочи на Исус и му рече:‘Вака вели Господ Саваот: Ако одиш по патиштата Мои и се придржуваш кон Моите уредби, ќе владееш со Мојот дом и ќе ги вардиш дворовите Мои. И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде’“ –  имено, меѓу ангелите кои стојат околу Божјиот престол“ (Захарија 3:3-7). {ХП 169.2}

И покрај недостатоците на Божјиот народ, Христос не ги отфрла оние за кои се грижи. Тој има моќ да ја замени нивната облека. Тој ја слекува од нив нивната валкана облека и сите што се каат и веруваат ги облекува во облеката на Својата праведност. Во небесните извештаи покрај нивното име се допишува: „Помилувани!“ Тој ги признава како Свои пред целата вселена. Нивниот противник, сатаната, се покажува како обвинител и измамник. Бог навистина ќе им даде правда на Своите избраници. {ХП 169.3}

Молбата: „Заштити ме од мојот противник!“ не се однесува само на сатаната како непријател, туку и на сите сили со кои тој се служи да го прикаже во погрешна светлина, да го искуша и да го уништи Божјиот народ. Оние што решиле да ги држат Божјите заповеди од лично искуство ќе знаат дека се борат со противници со кои управуваат сили одоздола. Такви противници навалувале и на Христа на секој чекор, и тоа со таква упорност и одлучност така што човечките суштества никогаш нема во целост да дознаат! Христовите ученици, како и нивниот Учител, мораат постојано да се борат со искушенијата. {ХП 170.1}

Писмото ја опишува состојбата во светот непосредно пред второто Христово доаѓање. Апостол Јаков дава верна слика на лакомството и насилството што ќе преовладуваат во тоа време. Тој вели: „Ајде сега вие, богати… Сте насобрале богатство за последните дни.Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот.Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше“ (Јаков 5:1-6). Ова е вистинската слика на она што постои денес. Со разновидни насилства и изнуди, луѓето собрале големи богатства, додека извиците на поголемиот дел од човештвото кое умира од глад се издигаат до Бога. {ХП 170.2}

„И справедливоста отстапи назад, а правдата застана далеку; зашто вистината се сопна на плоштадот, чесноста не можеше да влезе.И исчезна вистината, а кој се оддалечува од злото, се изложува на ограбување“ (Исаија 59:14,15). Ова се исполнило во Христовиот живот на земјата. Тој верно ги извршувал Божјите заповеди, а ги отфрлал човечките преданија и барања што се поставувани наместо нив. Токму поради тоа Тој бил омразен и прогонуван. Оваа историја се повторува. Човечките закони и традиции се издигнуваат над Божјиот закон, а оние што верно се придржуваат кон Божјите заповеди трпат срам и прогонство. Заради својата верност кон Бога, Христос бил обвинет дека ја прекршува саботата и хули на Бога. Било кажано дека е опседнат од демони и објавено дека самиот Тој е Веелзевул. На сличен начин ги обвинуваат и погрешно ги претставуваат и Неговите следбеници. Сатаната се надева дека на тој начин  ќе ги наведе на грев и срамот ќе го фрли врз Бога. {ХП 170.3}

Во параболата Христос го прикажал карактерот на судијата, судија кој не се плашел од Бога ниту пак се срамел од луѓето, за да го покаже начинот на судење кое во тоа време се практикувало, и со кое наскоро и Самиот ќе се сретне при Своето судење. Тој сакал Неговиот народ во сите времиња да сфати дека не може да се потпре врз земните управители или судии во миговите кога ќе настапат неволји. Божјите избраници често ќе мора да стојат пред луѓе на службени положби кои Божјата реч не ја прифатиле како свој водач и советник, туку ги следат своите непосветени, неконтролирани нагони. {ХП 171.1}

Во параболата за неправедниот судија, Христос ни покажал што треба да правиме. „Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе?“ Христос, нашиот Пример, не сторил ништо за да се одбрани или да се ослободи. Својот случај Тој му го предал на Бога. Значи, Неговите следбеници не смеат да обвинуваат или да осудуваат, или да прибегнуваат кон сила за да се избават. {ХП 171.2}

Кога ќе се појават искушенија што не можеме да ги разјасниме, не смееме да им дозволиме да го нарушат нашиот мир. Колку неправедно да се постапува со нас, не смееме да се жестиме. Негувајќи дух на одмазда, ние само ќе си наштетиме себеси. Ќе ја поткопаме својата доверба во Бога и ќе го ожалостиме Светиот Дух. Покрај нас се наоѓа еден сведок, небесен гласник, кој наместо нас ќе подигне знаме наспроти непријателите. Тој ќе нè заштити со светлите зраци на Сонцето на праведноста низ кои сатаната не може да проникне. Тој не може да го пробие тој штит на светата светлина. {ХП 171.3}

Додека светот напредува во злоба, никој од нас не треба да си ласка себеси дека нема да имаме потешкотии. Но, токму овие тешкотии нè внесуваат во приемното предворје на Севишниот. Ќе можеме да побараме совет од Оној кој располага со бесконечна мудрост. {ХП 172.1}

Господ вели: „Повикај Ме во тежок ден“ (Псалм 50:15). Тој нè повикува да ги изнесеме пред Него нашите тешкотии и неволји и потребата од божествена помош. Тој ни заповеда да бидеме брзи во нашите молитви. Веднаш штом ќе се појават тешкотии, ние треба да Му упатиме искрени, сериозни молитви. Со нашите упорни молитви даваме доказ за нашата длабока доверба во Него. Чувството за нашата потреба нè тера да се молиме сериозно, а нашиот небесен Отец ќе биде трогнат од нашите молби. {ХП 172.2}

Честопати оние што се изложени на срам и прогонства заради својата вера се во искушение да помислат дека Бог ги заборавил. Во очите на луѓето тие претставуваат малцинство. Се чини дека нивните непријатели триумфираат над нив. Но нека не ја мачат својата совест! Оној што страдал заради нив и ги носел нивните таги и страдања, не ги напуштил! {ХП 172.3}

Божјите деца не се оставени сами и без одбрана. Молитвата ја става во движење раката на Семожниот. Со молитва „победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови;угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски“ (Евреите 11:33,34). {ХП 172.4}

Ако нашиот живот му го посветиме Нему во служба, ние никогаш нема да се најдеме во положба за која Бог не се погрижил. Каква и да е нашата состојба, ние имаме Водич кој ќе го насочи нашиот пат; без оглед на нашите неволји, ние имаме сигурен Советник; без оглед на нашите таги и жалости, каква и да е нашата осаменост, ние имаме Пријател кој сочувствува со нас. Ако од незнаење направиме погрешен чекор, Христос нема да нè остави. Неговиот глас, јасен и одреден, се слуша како вели: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14:6). „Зашто Тој избави беден кога вика и сиромав и беспомошен“ (Псалм 72:12). {ХП 173.1}

Господ изјавува дека чест му укажуваат оние што сакаат да бидат близу до Него и што верно ја извршуваат Неговата служба. „Цврстиот по дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева“ (Исаија 26:3). Раката на Семожниот е подадена за да нè води напред, и само напред. Одете напред, вели Господ; Јас ќе ви пратам помош! Ми причинува задоволство да барате, и затоа ќе добиете! Јас ќе се прославам пред оние што го очекуваат вашиот неуспех. Тие ќе видат како мојата Реч славно триумфира. „И сè што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете“ (Матеј 21:22). {ХП 173.2}

Сите кои се наоѓаат во неволја, со кои се постапува неправедно, нека повикаат кон Бога! Напуштете ги оние чиишто срца се тврди како челик, изнесете ги своите барања пред вашиот Создател! Тој никогаш не одбил ниедна душа која доаѓа пред Него со скршено срце. Ниту една искрена молитва не е изгубена. И среде песните на небесните хорови Бог го слуша извикот на Своето најслабо човечко суштество. Кога желбите на нашето срце ги излеваме во нашата клет, кога ги искажуваме нашите молби додека одиме по пат, нашите зборови допираат до престолот на Владетелот на вселената. Тие можеби се нечујни за секое човечко уво, но не можат да се загубат во просторот, ниту пак може да ги задуши бучавата на деловните активности што се одвиваат. Ништо не може да ги задуши барањата на душата. Над уличниот шум, над вревата на мноштвото, тие се издигнуваат кон небесните дворови. Бог е Оној кому му се обраќаме и нашата молитва ќе биде слушната. {ХП 174.1}

И вие, кои се чувствувате најнедостојни, не плашете се својот случај да му го препуштите на Бога. Кога се дал Себеси во Христа за гревовите на светот, Бог го презел случајот на секоја душа. „Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè?“ (Римјаните 8:32). Зарем Тој нема да го исполни ова милостиво ветување кое е дадено за да нè охрабри и зајакне? {ХП 174.2}

Најмногу од сè Христос сакал да го откупи Своето наследство од власта на сатаната. Но, пред да нè избави од силата на сатаната околу нас, Тој мора да нè ослободи од неговата сила во нас. Господ дозволува да наидат неволји за да можеме да се исчистиме од световноста, од себичноста, од грубите нехристијански црти на карактерот. Тој дозволува нашата душа да ја преплават длабоки води на неволји за да можеме да го запознаеме Него и Исуса Христа, кого го пратил, за длабоко во своето срце да почувствуваме копнеж да бидеме очистени од секоја нечистотија и од проверката да излеземе почисти, посвети и посреќни. Често влегуваме во печката на неволји, зашто душите ни се извалкани со себичност; но, ако стрпливо ја издржиме проверката на која нè изложил Бог, од неа ќе излеземе со карактер сличен на Божјиот карактер. Кога ќе се исполни Неговата намера со неволјите, „ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне“ (Псалм 37:6). {ХП 174.3}

Нема опасност Господ да ги занемари молитвите на Својот народ. Меѓутоа постои опасност во искушенијата и неволјите да изгубиме храброст и да престанеме да бидеме истрајни во своите молитви. {ХП 175.1}

Спасителот покажал божествено сочувство кон жената Сирофеничарка. Неговото срце било трогнато кога ја видел нејзината длабока тага. Посакал веднаш да ја увери дека нејзината молитва е примена. Меѓутоа, сакал на Своите ученици да им даде поука, па извесно време се чинело дека не сака да го слушне плачот на нејзиното измачено срце. Но, кога се покажала нејзината вера, Тој и упатил пофални зборови и ја отпуштил со драгоцениот дар што го барала. Учениците никогаш не ја заборавиле оваа поука, и таа е забележана за да ги покаже резултатите на истрајната молитва. {ХП 175.2}

Самиот Христос бил Тој што во срцето на таа мајка всадил упорност што не можела да се одбие. Токму Христос ја вдахнал таа вдовица, да биде толку храбра и решителна пред судијата. Истиот Христос пред многу векови, во текот на таинствениот судир на Јавок, го вдахнал Јакова со истата таа истрајна вера. А довербата што самиот ја всадил, никогаш не пропуштал да ја награди. {ХП 175.3}

Тој, кој живее во небесното Светилиште, суди праведно. Тој повеќе ужива во Својот народ, кој се бори со искушенијата во овој грешен свет, отколку во мноштвото ангели што го опкружуваат Неговиот престол. {ХП 176.1}

Во оваа честичка од светот целата небесна вселена покажува најголем интерес, зашто Христос платил бесконечна цена за животот на нејзините жители. Со помош на невидливи посетители Откупителот на светот земјата ја поврзал со небото зашто на неа живеат откупениците Господови. Небесните суштества и сега ја посетуваат земјата како и во деновите кога оделе и разговарале со Авраам и со Мојсеј. Среде деловната бучава во нашите големи градови, среде мноштвото што се тиска на нашите улици и пазаришта, во кои од утро до вечер луѓето се однесуваат така како работите, спортовите и уживањата да се единственото нешто што постои во овој живот, во кои малку има такви кои размислуваат за невидливите реалности дури и на тие места небото има свои набљудувачи и свои свети луѓе. Постојат невидливи сили кои го следат секој збор и секое дело на човечките суштества. На секој деловен собир, на секоја забава, на секое богослужение, има повеќе слушатели отколку што може да се види со човечко око. Понекогаш небесните сили ја подигаат завесата што го крие невидливиот свет, така што нашите мисли можат да се одвратат од трката и динамиката на животот и да се позанимаваат со фактот дека постојат невидливи сведоци за сè што правиме или ќе кажеме. {ХП 176.2}

Би требало многу подобро да ја разбереме мисијата на тие ангелски посетители. Би било добро да размислиме дека во сета наша работа можеме да сметаме на соработка и грижа од страна на небесните суштества. Кротките и понизните, кои веруваат во Божјите ветувања и се потпираат врз нив, ги придружуваат невидливите војски на светлината и силата. Херувими и серафими, и ангели кои се истакнуваат со сила – илјадници и милиони – стојат од Неговата десна страна. „Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението“ (Евреите 1:14). {ХП 176.3}

Овие ангели гласници водат верен запис за зборовите и делата на синовите човечки. Секое свирепо и неправедно дело против Божјиот народ, сè што морале да претрпат од оние кои правеле зло, е забележано на небото. {ХП 177.1}

„Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?Ви велам, ќе ги одбрани набргу“ (Лука 18:7,8). {ХП 177.2}

„И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни“ (Евреите 10:35-37). „Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен.Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи“ (Јаков 5:7,8). {ХП 177.3}

Божјото трпение е прекрасно. Праведноста долго чека додека милоста го повикува грешникот. Меѓутоа, „праведност и правда се основа на Неговиот престол“ (Псалм 97:2). „Господ е долготрпелив, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав под нозете Негови“ (Наум 1:3). {ХП 177.4}

Светот станал дрзок во престапот на Божјиот закон. Поради Неговата долга трпеливост, луѓето го погазиле Неговиот авторитет. Се поддржувале едни со други во угнетувањето и во свирепоста кон Неговото наследство, велејќи: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?“ (Псалм 73:11). Но, постои линија преку која тие не можат да преминат. Наближува времето кога тие ќе ја достигнат пропишаната граница. Дури и сега тие речиси ја надминале границата на Божјото долго трпение, границата на Неговата благодат, границата на Неговата милост. Господ ќе се вмеша да ја оправда Својата чест, да го избави Својот народ и да му стави крај на беззаконието кое е во силен подем. {ХП 177.5}

Во деновите на Ное, луѓето не го почитувале Божјиот закон сè додека речиси не се изгубило од земјата сеќавањето за Творецот. Нивното беззаконие достигнало такви размери, што Господ пуштил потоп со вода на земјата и ги уништил нејзините расипани жители. {ХП 178.1}

Од поколение во поколение, Господ на луѓето им ставал до знаење дека постои начин на кој Тој може да интервенира. Кога би се појавила криза, Тој би се откривал и би се вмешал за да ги спречи плановите на сатаната. Кога станувало збор за народите, за семејствата или за поединците, Тој честопати дозволувал да се појават кризи со цел Неговата интервенција да стане видлива. На тој начин Тој покажувал дека постои Бог во Израел кој е во состојба да го сочува Својот закон и да го земе во заштита Својот народ. {ХП 178.2}

Во ова време на преовладувачко беззаконие ние можеме да знаеме дека последната голема криза е близу. Кога пркосното противење на Божјиот закон станал речиси универзална појава, кога Неговиот народ е изложен на насилство и суровост од страна на своите ближни, Господ мора да се вмеша. {ХП 178.3}

Наближува времето кога Тој ќе рече: „Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот (Господов);зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени“ (Исаија 26:20,21). Луѓето кои тврдат дека се христијани сега можат да ги мамат и угнетуваат сиромасите; можат да ги ограбуваат вдовиците и сирачињата; тие можат да се препуштат на својата сатанска омраза затоа што не можат да владеат со совеста на Божјиот народ; но за сето ова Бог ќе ги изведе на суд. „Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот“ (Јаков 2:13). Наскоро тие ќе застанат пред Судијата на целата земја да дадат сметка за болката што им ја нанеле на телата и душите на Неговото наследство. Тие денеска можат да подигаат лажни обвинувања, можат да им се подбиваат на оние што ги поставил Бог да ја извршуваат Неговата работа, можат да ги туркаат Неговите верници во затвори, да ги ставаат во окови, да ги прогонуваат и осудуваат на смрт; но за секоја болка, за секоја пролеана солза, ќе мора да дадат одговор. Бог двојно ќе им наплати за сите нивни гревови. За симболот на отпаднатата црква, за Вавилон, Тој ќе им каже на Своите слуги на судот: „Бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.Платете и како што и таа ви плати вам и дајте и двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно“ (Откровение 18:5,6). {ХП 178.4}

Од Индија, од Африка, од Кина, од морските острови, од безбројните милиони угнетени во таканаречените христијански земји, кон Бога се издигнува вик на човечката болка. Тој вик нема долго да чека одговор. Бог ќе ја исчисти земјата од нејзината морална расипаност, не со морето вода како во времето на Ное, туку со огнено море што не може да се угаси со никакви човечки напори. {ХП 179.1}

„И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес“ (Даниел 12:1). {ХП 179.2}

Од поткровјата и од колибите, од занданите и од губилиштата, од планините и од пустините, од земните пештери и од морските длабочини, Христос ќе ги доведе Своите деца пред Себе. На земјата биле сиромашни, прогонувани и измачувани. Милиони заминале во гроб натоварени со срам затоа што одбиле да им се потчинат на измамните тврдења на сатаната. Од страна на човечки судови, Божјите деца биле осудувани како најтешки злосторници. Но близу е денот кога самиот „Бог е судија“ (Псалм 50:6). Тогаш земните пресуди ќе бидат поништени. „Ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја“ (Исаија 25:8). „И на секого од нив им се дадоа бели облеки“ (Откровение 6:11). „И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господ“ (Исаија 62:12). {ХП 179.3} За секој крст што морале да го носат, за секоја загуба што морале да ја претрпат, за секое прогонство што морале да го претрпат, дури и ако ги изгубиле своите привремени животи, Божјите деца ќе бидат богато наградени. „И ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни“ (Откровение 22:4). {ХП 180.1}

Сподели го ова:

Слични објави