2. „ИЗЛЕЗЕ СЕЈАЧ ДА СЕЕ“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:1-9, 18-23; Марко 4:1-20 и Лука 8:4-15)

Сејачот и семето

Со параболата за сејачот, Христос го прикажува небесното царство и делото што го врши големиот Сејач за Својот народ. Како и сејачот во полето, Тој дошол да го расфрла небесното семе на вистината. Неговото поучување со помош на параболи било семе со кое биле посеани најскапоцените вистини на Неговата милост. Поради својата едноставност, параболата за сејачот не е соодветно ценета. Од природното семе фрлено на земјата, Христос сакал нашите мисли да ги насочи кон семето на евангелието кое, кога ќе се посее, ги поттикнува луѓето да се вратат кај Бога и да му бидат верни. Оној што ја дал параболата за малото семе е небесниот Бог, и истите закони што управуваат со сеењето на земното семе, управуваат и со сеењето на семето на вистината. {ХП 33.1}

На бреговите на Галилејското Езеро се собрало мноштво луѓе кои сакале да го видат и слушнат Исуса – желно мноштво полно со очекувања. Тука имало и болни кои лежеле на простирки, очекувајќи своите случаи да ги изнесат пред Него. Христос имал од Бога дадено право да ги лекува слабостите на грешниот човечки род и затоа Тој сега ги лекувал болестите и ширел околу себе живот, здравје и спокојство. {ХП 33.2}

Бидејќи мноштвото околу Христа се зголемувало, луѓето почнале да се туркаат околу Христос и набргу немало веќе место да ги прими. И тогаш, откако се договорил со рибарите, влегол во чамецот кој го чекал да го превезе преку езерото, и им рекол на Своите ученици да се оддалечат малку од брегот, и почнал да му зборува на народот насобран на брегот. {ХП 34.1}

Покрај езерото се простирала прекрасната Генисаретска низина, а зад неа се издигнувале ритчиња. На падините на ритчињата и во низината вредно работеле сејачи и жетвари, некои сееле семе, а други ја жнееле првата летнина. Гледајќи ја оваа сцена, Христос рекол: {ХП 34.2}

„Ете, излезе сејач да сее;и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа.Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока.Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија.Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет”. {ХП 34.3}

Народот во она време не ја разбрал Христовата мисија. Начинот на Неговото доаѓање не бил во согласност со нивните очекувања. Господ Исус бил темел на целокупното еврејско верско уредување. Неговите импозантни служби биле од Бога дадени. Нивна цел била да го научат народот дека во определеното време ќе дојде Оној на кого упатувале овие церемонии. Но, Евреите ги издигнувале службите, обичаите и церемониите, губејќи ја од вид нивната цел. Овие традиции, изреки и човечките уредби, ги спречувале да ги научат поуките на кои Бог сакал да ги научи. Овие изреки и традиции станале пречка за разбирање и практикување на вистинската религија. А кога Стварноста дошла во лицето на Исус, тие во Него не препознале исполнување на сите нивни симболи, суштината на сите нивни сенки. Тие го отфрлиле Оригиналот, а се придржувале кон своите бесполезни симболи и церемонии. Божјиот Син дошол, но тие продолжиле да бараат знак. На пораката: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“, тие одговарале барајќи чудо (Матеј 3:2). Христовото евангелие им станало камен на сопнување затоа што барале знаци наместо Спасител. Очекувале Месијата да ги докаже Своите тврдења преку моќни освојувачки дела, за да ја воспостави Својата империја врз урнатините на земните царства. На овие очекувања Христос одговорил со параболата за сејачот. Небесното царство требало да победи не со силата на оружјето, ниту со насилна интервенција, туку со всадување на ново начело во срцата на луѓето. {ХП 34.4}

„Сејачот на доброто семе е Синот Човечки“ (Матеј 13:37). Христос не дошол како цар, туку како сејач; не да ги урне царствата, туку да го расфрли семето; не за да ги насочи Своите следбеници кон земни триумфи и на националната величина, туку на жетвата што мора да се пожнее по трпелив труд, со многу загуби и разочарувања. {ХП 35.1}

Фарисеите го разбрале значењето на Христовата парабола, но нејзината поука за нив била непожелна. Не сакале да ја разберат. За мноштвото луѓе таа со уште поголема таинственост ја извршила намерата на новиот Учител, чии зборови толку необично ги разбранувале нивните срца и толку горко ги разочарале нивните амбиции. Дури ни учениците не ја разбрале параболата, но сепак се заинтересирале за нејзиното значење. Дошле кај Исус насамо и побарале објаснување. {ХП 35.2}

Токму тоа била желбата што сакал Исус да ја разбуди, за да може да им даде поконкретни упатства. Им ја објаснил параболата, како што би го сторил тоа за сите други кои Го бараат со искрено срце. Оние што ја проучуваат Божјата реч со желба Светиот Дух да ги просветли нивните срца, никогаш нема да останат во темнина во поглед на значењето на прочитаните зборови. „Ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам“ (Јован 7:17). Сите што ќе дојдат кај Христа за да имаат појасно знаење на вистината, ќе ја примат. Тој ќе им ги открие тајните на небесното царство и тие тајни ќе ги разбере срцето кое копнее да ја дознае вистината. Во храмот на душата, ќе засветли небесна светлина, која ќе им се открие на другите како запалена светилка на темната патека. {ХП 35.3}

„Излезе сејач да сее!“ На исток, состојбата била толку несредена и постоела толку голема опасност од насилство, што луѓето претежно живееле во утврдени градови, од каде што земјопоседниците секој ден излегувале на работа. Така и Христос, небесниот сејач, излегол да сее. Тој го напуштил својот безбеден и мирен дом, ја оставил славата што ја имал со Отецот пред да дојде на светот, ја напуштил својата позиција на престолот на вселената. Излегол како паталец и искушуван човек, излегол во самотија да сее со солзи, да го полее со Својата крв семето на животот за изгубениот свет. {ХП 36.1}

Неговите слуги исто така морале да излезат да сеат. Кога бил повикан да стане сејач на семето на вистината, на Авраам му било заповедано: „Излези од својата земја, и од родот свој, и од домот на татко си, (па појди) во земјата што ќе ти ја покажам Јас!“ (Создавање 12:1). „И тргна, не знаејќи каде оди!“ (Евреите 11:8). Така и на апостол Павле, кој се молел во храмот во Ерусалим, му пристигнала вест од Бога: „Оди! Јас те праќам далеку – кај незнабошците!“ (Дела 22:21). Значи, оние што се повикани да се соединат со Христа, мораат да остават сè за да Го следат. Старите врски морале да се прекинат, животните планови да се откажат, земните надежи да се заборават. Семето ќе мора да се посее со труд и солзи, во самотија, со многу жртви. {ХП 36.2}

„Сејачот го сее словото“ (Марко 4:14). Христос дошол да го посее светот со вистината. Уште од падот на човекот, сатаната сеел семе на измама. Преку лага, тој најпрво добил контрола над луѓето и на ист начин се до сега се труди да го урне Божјото царство на земјата и луѓето да ги стави под своја контрола. Како сејач од повисок свет, Христос дошол да го посее семето на вистината. Оној што стоел во Божјите совети, кој живеел во светињата над светињите на Севишниот, можел на луѓето да им ги донесе чистите начела на вистината. Уште од падот на човекот, Христос на светот му ја откривал вистината. Преку Него, нераспадливото семе, „словото на живиот Бог“ (1. Петрово 1:23), им било објавено на луѓето. И во тоа прво ветување, што му е дадено на нашиот паднат род во Едем, Христос го посеал семето на евангелието. Но, параболата за сејачот се однесува токму на Неговата лична служба меѓу луѓето и за делото што го воспоставил. {ХП 37.1}

Словото Божјо е семе. Секое семе содржи во себе начело на ртење. Во него е вграден животот на билката. Значи, во Божјото слово се наоѓа живот. Христос вели: „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ (Јован 6:63). „Кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен“ (Јован 5:24). Секоја заповед и секое ветување на Божјото слово содржи сила, самиот Божји живот, сила со која може да се изврши заповедта и да се исполни ветувањето. Оној кој со вера ја прима речта, го прима и самиот живот и Божјиот карактер. {ХП 38.1}

Секое семе донесува плод според својот вид. Посеј семе во соодветни услови, и тоа својот живот ќе го развие во растението. Примете го со вера во душата непропадливото семе на речта и тоа ќе развие карактер и живот налик на Божјиот карактер и живот. {ХП 38.2}

Учителите во Израел не посеале семе на Божјата реч. Христовата активност како учител на вистината е во целосна спротивност со онаа на рабините од Неговото време. Тие се потпирале на легендите, човечките теории и шпекулации. Наместо напишаното во Речта, тие го истакнувале она што го кажале и што го напишале луѓето за Речта. Нивното учење немало моќ да ја оживее душата. Тема на Христовото учење и проповедање била Божјата реч. Тој на сомничавите секогаш им одговарал: „Напишано е!“ „Што кажува Писмото?“ „Како читаш?“ Во секоја прилика, кога пријателот или непријателот би покажал интерес, Тој го сеел семето на Речта. Оној, кој е Патот, Вистината и Животот, кој Самиот е жива реч, укажува на Писмото, велејќи: „Тие сведочат за Мене!“ „Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Јован 5:39; Лука 24:27). {ХП 38.3}

Христовите слуги треба да извршат исто дело. Денес, како и во минатото, виталните вистини на Божјата реч се заменуваат со човечки теории и шпекулации. Голем дел од таканаречени проповедници на евангелието не ја прифаќаат целата Библија како вдахновена Реч. Еден мудрец отфрла еден дел, друг го доведува во прашање другиот дел. Тие своите проценки ги ставаат како посупериорни во однос на Речта, а Писмото што го учат се потпира на нивни авторитет. Неговата божествена автентичност е уништена. На овој начин се сее семето на неверството; затоа што луѓето се збунети и не знаат во што да веруваат. Постојат многу верувања со кои умот не треба да се занимава. Во Христовите денови, рабините им давале нејасна, таинствена и мистична смисла на многу делови од Писмото. Бидејќи јасните учења на Божјата реч ги осудувале нивните обичаи, тие се обиделе да ја уништат неговата моќ. Истото се прави и денес. На Божјата реч и се припишува таинствено и нејасно значење за да се оправда престапот на Неговиот закон. Христос ги осудил тие обичаи во Неговото време. Тој поучувал дека Божјата реч треба да ја разберат сите. Тој го навел Писмото како неоспорен авторитет и ние треба да го сториме истото. Библијата треба да се претстави како Реч на бесконечниот Бог, како крај на сите полемики и темел на секоја вера. {ХП 39.1}

Библијата е лишена од својата сила, а последиците од ова се гледаат во опаѓањето на моќта на духовниот живот. Во беседите од многу денешни проповедалници ја нема онаа божествена манифестација што ја буди совеста и внесува живот во душата. Слушателите не можат да кажат: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24:32). Постојат многу луѓе кои го бараат живиот Бог, кои копнеат по божественото присуство. Филозофските теории или книжевните дела, колку и да се брилијантни, не можат да го задоволат срцето. Тврдењата и пронајдоците на луѓето немаат вредност. На народот нека му проговори Божјата реч! Оние што слушале само преданија и човечки теории и изреки, нека го слушнат гласот на Оној чијашто Реч може да ја обнови душата за вечен живот! {ХП 40.1}

Омилена тема на Христос била нежноста на Отецот и изобилната Божја милост. Тој посебно се задржувал на светоста на Неговиот карактер и Неговиот закон; Тој на луѓето им се претставил како Патот, Вистината и Животот. Тоа нека бидат теми на Христовите слуги. Презентирајте ја вистината онаква каква што е во Исус. Разјаснете ги барањата на законот и на евангелието. Зборувајте им на луѓето за Христовиот живот на самоодрекување; за Неговото понижување и смрт; за Неговото воскресение и вознесение; за Неговото посредување за нив во Божјите дворови; за Неговото ветување: „Пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:3). {ХП 40.2}

Наместо да расправате за лажни теории или да се обидувате да се борите со противниците на евангелието, следете го Христовиот пример. Дозволете свежите вистини од Божјата ризница да се влеваат во животот. „Проповедај го словото!“ „Сеете при сите води!“ „Во погодно време и во невреме!“ „А во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое. Што заедничко има плевата со пченицата? – вели Господ?“ „Секој збор од Бога е чист… Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец“ (2. Тимотеј 4:2; Исаија 32:20; Еремија 23:28; Изреки 30:5,6). {ХП 40.3}

„Сејачот го сее словото!“ Тука е претставено големото начело што треба да биде темел на сите образовни активности. „Семето е словото Божјо”. Меѓутоа, во безброј училишта денес, Божјата реч е потисната настрана. Умот се занимава со други теми. Образовниот систем е преплавен со атеистички автори. Скептични чувства се вткаени во материјалот содржан во учебниците. Научните истражувања се погрешни, бидејќи нивните откритија погрешно се толкуваат и искривуваат. Божјата реч се споредува со наводни научни докази и истата се прикажува како несигурна и недостојна за доверба. Така во мислите на младите се сее семе на сомнеж кое ќе никне за време на искушението. Кога ќе се изгуби верата во Божјата реч, душата нема водич, нема заштита. Младите луѓе ги привлекуваат патеките што водат далеку од Бога и вечен живот. {ХП 41.1}

Токму тоа е причината за широко распространетото беззаконие во денешниот свет. Кога Божјата реч ќе се потисне, се отфрла и нејзината моќ да ги задржи под контрола ниските страсти на природното срце. Луѓето сеат во своето тело и од телото жнеат расипаност. {ХП 41.2}

И тука се крие големата причина за менталната слабост и неспособност. Кога ќе се одврати од Божјата реч и ќе почне да се храни со списи на невдахновени луѓе, умот заостанува во развојот, зашто го губи допирот со длабоките и сеопфатните начела на вечната вистина. Настанува застој бидејќи се ограничува на постигнатото и поминливото; неговата моќ се намалува и со текот на времето станува неспособна да се прошири. {ХП 41.3}

Сето ова е лажно образование. Работата на секој учител е да ги зајакне умовите на младите за големите вистини на вдахновената Реч. Ова образование е од суштинско значење за овој живот и за животот што следи. {ХП 41.4}

Никој нека не мисли дека со тоа ќе го попречи изучувањето на природните науки или ќе доведе до намалување на нивото на образование. Знаењето за Бога е високо како небото и широко колку вселената. Ништо не е толку облагородувачко и оживувачко како проучувањето на големите теми што влијаат на нашиот вечен живот. Младите нека се трудат да ги разберат овие од Бога дадени вистини и нивниот ум при тие напори ќе се прошири и зајакне. Секој ученик, кој живее според Речта, ќе најде широко поле на размислување и на тој начин ќе си обезбеди богатство на знаење што е непропадливо. {ХП 42.1}

Образованието што се стекнува со проучување на Писмото претставува практично познавање на планот на спасението. Таквото образование ќе го обнови Божјиот лик во душата. Ќе го зајакне и зацврсти умот против искушението и ќе го оспособи ученикот да стане соработник на Христа во неговата мисионерска мисија кон светот. Тоа ќе го направи припадник на небесното семејство и ќе го подготви да учествува во наследството на светите во светлината. {ХП 42.2}

Но, учителот на светата вистина може да го пренесе само она што самиот го научил од лично искуство. „Сејачот го сее своето семе”. Христос ја објавувал вистината затоа што Тој бил вистината. Неговите мисли, Неговиот карактер, Неговото животно искуство, сето тоа било отелотворено во Неговото учење. Така треба да биде и со Неговите слуги; оние што сакаат да ја проповедаат Речта, мора да ја запознаат преку свое лично искуство. Тие мора да знаат што значи Христос да стане нивна мудрост, праведност, посветување и откуп. При презентирањето на Божјата реч на другите, тие не треба да дозволат да ја изговараат несигурно и со сомнеж. Треба да кажат заедно со апостол Петар: „Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Неговото величие“ (2. Петрово 1:16). Секој Христов слуга и секој учител треба да бидат во состојба да кажат заедно со омилениот Јован: „И животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави“ (1. Јованово 1:2). {ХП 43.1}

Земја покрај патот

Параболата за сејачот зборува најмногу за влијанието на почвата, во која се фрла семето, на растот на семето. Со оваа парабола, Христос практично им кажува на Своите слушатели: Не е безбедно за вас да ја критикувате Мојата работа или да се препуштите на разочарување затоа што не одговара на вашите идеи. Прашањето од најголемо значење за вас е: Како се однесувате кон Мојата порака? Од вашиот прием или одбивање зависи вашата вечна судбина. {ХП 43.2}

Објаснувајќи го семето што паднало покрај патот, Тој рекол: „Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граба посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот”. {ХП 44.1}

Семето посеано покрај патот ја претставува Божјата реч која паѓа врз срцето на невнимателниот слушател. Срцето кое станало широка сообраќајница за телесните уживања, за гревовите и световните склоности, е слично на тврд разгазен пат. Окупирана со себични цели и грешни задоволства, душата „отрпнала преку измамата на гревот“ (Евреите 3:13). Духовните способности се парализирани. Луѓето ја слушаат Речта, но не ја разбираат. Тие не спознаваат дека тоа важи и за нив. Тие не ја сфаќаат својата потреба или опасноста што им се заканува. Тие не ја согледуваат Христовата љубов и ја игнорираат пораката на Неговата милост како нешто што не ги засега. {ХП 44.2}

Како што птиците се подготвени да го соберат семето кое паднало покрај патот, така и сатаната е подготвен да го собере семето на божествената вистина од душата. Тој се плаши дека Божјата реч може да ги разбуди безгрижните и да влијае на закоравените срца. Сатаната и неговите ангели доаѓаат на состаноците каде што се проповеда евангелието. Додека небесните ангели се трудат да влијаат врз срцата со Божјата реч, непријателот будно внимава да ја направи речта бесплодна. Со ревност еднаква само на неговата злоба, тој се обидува да го спречи дејството на Божјиот Дух. Додека Христос ја привлекува душата со Својата љубов, сатаната се обидува да го одврати вниманието на оној кој е поттикнат да го бара Спасителот. Тој го окупира умот со светски планови. Тој буди критицизам или внесува сомнеж и неверување. Зборовите што ги бира говорникот или начинот на кој зборува можеби не им се допаѓаат на слушателите, па тие се задржуваат на овие недостатоци. Така вистината што им е потребна и која Бог милостиво им ја пратил, не остава траен впечаток врз нив. {ХП 44.3} 

Сатаната има многу помагачи. Многу луѓе кои тврдат дека се христијани, му помагаат на искушувачот да го извади семето на вистината од другите срца. Мнозина што го слушаат проповедањето на Божјата реч го прават предмет на критика во своите домови. Тие судат за проповедта како што би суделе за зборовите на некој предавач или политички говорник. Пораката, која треба да ја сметаат за Божјо слово, се третира со ситни или саркастични коментари. За карактерот, мотивите и постапките на проповедникот, како и однесувањето на другите членови на црквата, слободно се дискутира. Изрекуваат остри казни, ги повторуваат озборувањата или клеветите пред некрстените луѓе. Честопати овие работи ги кажуваат родителите во присуство на своите деца. На тој начин тие го уништуваат угледот на Божјите гласници и почитта кон нивната порака. И мнозина се научени лекомислено да гледаат на самата Божја реч. {ХП 45.1}

Така, во домовите на многу таканаречени христијани младите се воспитуваат да станат неверници. И родителите се прашуваат зошто нивните деца имаат толку мал интерес за евангелието и се толку подготвени да се сомневаат во вистините на Библијата. Тие се прашуваат зошто е толку тешко да се влијае врз нив со морални и религиозни средства. Тие не гледаат дека нивниот сопствен пример ги стврднал срцата на нивните деца. Доброто семе не наоѓа место каде да се вкорени, и сатаната го грабнува. {ХП 46.1}

На каменливи места

„А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима;но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува”. {ХП 46.2}

Семето посеано на каменлива почва не наоѓа длабока почва. Билката никнува бргу, но коренот не може да навлезе низ карпата за да најде хранливи материи за одржување на својот раст и набргу изумира. Мнозина кои исповедаат религија, можат да се споредат со каменлива почва. Како што под тенкиот слој земја лежи карпа, така под почвата на нивните добри желби и копнежи се крие себичноста на нивното природно срце. Самољубието не е потиснато. Тие не ја увиделе прекумерната грешност на гревот и нивното срце уште не се понизило под чувството на вина. Овој вид луѓе лесно можат да се убедат и да изгледаат дека се новообратени, но тие имаат само површна религија. {ХП 46.3}

Сепак, луѓето не отпаѓаат затоа што веднаш ја примиле Речта, ниту затоа што се радуваат на неа. Штом Матеј го слушнал повикот на Спасителот, тој веднаш станал, оставил сè и пошол по Него. Штом божествената Реч ќе го допре нашето срце, Бог сака да ја примиме, и правилно е да ја прифатиме со радост. „Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае” (Лука 15:7). И навистина радосна е душата што поверувала во Христа. Меѓутоа, оние што се опишани во оваа парабола, како луѓе кои веднаш ја прифатиле Речта, не ја пресметале нејзината цена. Не проучиле за да видат што бара Божјата реч од нив. Тие не се соочиле лице в лице со сите свои животни навики, ниту пак целосно се ставаат под нејзината контрола. {ХП 46.4}

Коренот на билката навлегува длабоко во почвата и скриен од погледот, го одржува нејзиниот живот. Така е и со христијанинот; душата стапува во невидлива заедница со Христа по пат на вера, и така го храни нашиот духовен живот. Меѓутоа, слушателите, споредени со каменлива земја, се потпираат врз себе наместо врз Христа. Тие се надеваат во своите добри дела и добри побуди и се чувствуваат силно во сопствената праведност. Не се силни во Господ и во силата на Неговата моќ. Таквите луѓе „немаат корен во себе“, зашто не се поврзани со Христа. {ХП 47.1}

Жешкото летно сонце, кое го зајакнува и созрева отпорното зрно, го уништува она што нема длабок корен. И така, сите „што немаат корен во себе“, „кога ќе дојдат неволји или гонење заради словото, веднаш отстапуваат“. Мнозина го прифаќаат евангелието како начин да ги избегнат страдањата, наместо како ослободување од гревот. Тие се радуваат извесно време, бидејќи сметаат дека религијата ќе ги ослободи од тешкотиите и искушенијата. Додека нивниот живот се одвива без тешкотии, тие може да изгледаат како доследни христијани. Но, тие паѓаат на жешката проверка на искушението. Не можат да поднесат прекор заради Христа. Кога Божјата реч ќе им укаже на некој омилен грев или бара самооткажување или жртва, тие се чувствуваат навредени, и се чини дека треба да вложат премногу напор да направат радикална промена во својот живот. Тие гледаат на сегашната непријатност и неволја и ги забораваат вечните реалности. Слично на учениците што го напуштиле Исуса, и тие се подготвени да кажат: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша?“ (Јован 6:60). {ХП 47.2}

Постојат многу луѓе кои тврдат дека му служат на Бога, но немаат практично знаење за Него. Тие сакаат да ја извршуваат Неговата волја, но таа нивна желба произлегува од нивните сопствени склоности, а не на длабокото убедување на Светиот Дух. Нивното однесување не е во согласност со Божјиот закон. Тие тврдат дека го прифаќаат Христа како свој Спасител, но не веруваат дека Тој ќе им даде сила да ги совладаат своите гревови. Тие немаат лична врска со живиот Спасител, и нивниот карактер ги открива наследените и стекнати мани. {ХП 48.1}

Едно е површно да се прифати дејствувањето на Светиот Дух, а сосем друго Светиот Дух да се прифати како Оној кој укорува и повикува на покајание. Мнозина чувствуваат дека се отуѓиле од Бога, свесни дека и робуваат на себичноста и на гревот; вложуваат напори да се поправат, но не се распнуваат себеси. Тие не се предаваат целосно во рацете на Христос, барајќи божествена сила да ја извршат Неговата волја. Не се подготвени да бидат обликувани според Божјиот пример. Општо, тие ги признаваат своите недостатоци, но не се откажуваат од своите конкретни гревови. Со секое грешно дело, нивната стара себична природа станува сè посилна. {ХП 48.2}

Единствената надеж за овие души е да ја сфатат во себе вистината на Христовите зборови упатени до Никодим: „Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора“. „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:7,3). {ХП 48.3}

Вистинската светост подразбира целосна преданост во службата на Бога. Тоа е услов за вистински христијански живот. Христос сака безусловна посветеност,  неподелена служба. Тој ги бара срцето, умот, душата и силата. Нашето „јас“ не треба да го негуваме. Оној што живее за себе, не е христијанин. {ХП 48.4}

Љубовта мора да биде начело на дејствување. Љубовта е основно начело на Божјото владеење на небото и земјата и мора да стане темел и на христијанскиот карактер. Само таа може христијанинот да го одржи постојан. Единствено таа може да го оспособи да ги издржи неволјите и искушенијата. {ХП 49.1}

Љубовта ќе се открие преку жртва. Планот за откуп бил заснован на жртва – жртва која е толку широка, длабока и висока, која е немерлива. Христос дал сè за нас, и оние кои го прифаќаат Христа, ќе бидат подготвени да жртвуваат сè за својот Откупител. Неговата слава и чест тие ќе ја стават на прво место. {ХП 49.2}

Ако го сакаме Исуса, ние ќе сакаме да живееме за Него, да му принесуваме жртви благодарници и да работиме за Него. Секој напор ќе ни биде лесен. Заради Него ние со задоволство ќе поднесуваме болка, напор и жртва. Заедно со Него и ние ќе чувствуваме длабок копнеж за спасување на луѓето. Ќе го почувствуваме истиот нежен копнеж за душите што Тој го чувствувал. {ХП 49.3}

Ова е Христова религија. Сè што е помалку од тоа е измама. Ниту една теорија за вистината, како и тврдењето дека сме Негови ученици, нема да спаси ниту една душа. Ние не му припаѓаме на Христа ако не сме целосно Негови. Токму половичноста во христијанскиот живот придонесува човекот да стане нерешителен во намерите и променлив во желбите. Напорот да си служиме и себеси и на Христа нè прави слушатели на кои семето им паднало на каменлива почва и кои нема да се одржат кога ќе бидат ставени на проверка. {ХП 50.1}

Во трње

„Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род”. {ХП 50.2}

Семето на евангелието често паѓа меѓу трње и штетен плевел; и ако не се случи морална преобразба во срцето на човекот, ако не се напуштат старите навики и практики и поранешниот живот во грев, ако сатанските особини не бидат исфрлени од душата, пченицата ќе се задуши. Трњето ќе расте и напредува и ќе ја уништи пченицата. {ХП 50.3}

Благодатта може да напредува само во срцето кое истрајно се подготвува за драгоценото семе на вистината. Трњето на гревот може да расте на секоја почва; нему не му е потребна нега; но благодатта мора грижливо да се негува. Чичката и трњето секогаш се подготвени да никнат, и затоа мора постојано да се врши чистење. Ако срцето не е под Божја контрола, ако Светиот Дух не работи постојано да го усовршува и облагородува карактерот, во животот ќе се манифестираат старите навики. Луѓето можат да тврдат дека веруваат во евангелието, но ако не се посветени со евангелието, нивните тврдења се бескорисни. Ако не постигнат победа над гревот, тогаш гревот ќе извојува победа над нив. Трњето што било пресечено, но не и искорнато расте со голема брзина, сè додека душата не биде прекриена со него. {ХП 50.4}

Христос ги навел работите што се опасни за душата. Како што запишал евангелистот Марко, тоа се грижите за овој свет, примамливото богатство и други желби. Лука ги наведува грижите, богатството и задоволствата за овој живот. Сето тоа ја задушува речта, духовното семе што расте. Душата престанува да црпи храна од Христа, а духовноста умира во срцето. {ХП 51.1}

„Грижите на овој свет”. Ниту еден класа не е ослободена од грижите на овој свет. Тешката работа, лишувањето и стравот од сиромаштија предизвикуваат неволји и тешко ги оптоваруваат сиромасите. Богатите ги обременува стравот од загуба и мноштво други стравови и грижи. Многу Христови следбеници ја забораваат поуката што Тој сакал да ја научат од цвеќињата во полето. Тие немаат доверба во Неговата постојана грижа. Христос не може да го понесе нивниот товар, затоа што тие не го ставиле врз Него. Затоа грижите во животот, кои требало да ги привлечат кон Спасителот за помош и утеха, ги одделуваат од Него. {ХП 51.2}

Мнозина што можеле да бидат плодни во Божјата служба се оддаваат на стекнување на богатство. Сите свои сили ги трошат во деловни потфати и мислат дека поради тоа немаат време за она што е духовно. На тој начин се одвојуваат од Бога. Библијата ни налага: „Бидете ревносни, а не мрзливи“ (Римјаните 12:11). Ние мораме да работиме за да можеме да им дадеме на сиромасите. Христијаните мора да работат, тие мора да бидат активни, и тоа можат да го сторат без да направат грев. Меѓутоа, мнозина се толку зафатени со работата што немаат време да се молат, немаат време да ја проучуваат Библијата, да го бараат Бога и да му служат. Понекогаш во нивната душа сè уште се јавува копнеж за светост и за небото, но немаат време да се одвратат од вревата на овој свет за да ги слушнат величествените и авторитативни искази на Божјиот Дух. Вечните работи стануваат споредни, а световните работи доминантни. Невозможно е семето на Речта да вроди со плод, зашто силите на душата се насочени кон негување на трњето на световноста. {ХП 51.3}

Мнозина, пак, кои пред себе имаат друга цел, ја прават истата грешка. Тие работат за добро на другите, но нивните должности ги оптоваруваат, одговорностите се множат и големите обврски не им оставаат време за проучување на Божјата реч и ја занемаруваат врската со Бога по пат на молитва. Забораваат дека Христос рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15:5). Тие одат одвоено од Христа; нивните животи не се проникнати со Неговата милост, и како резултат на тоа се покажуваат себични особини. Нивната служба е засенета со желбата за надмоќ и од грубите црти на бунтовното срце. Еве една од главните тајни за неуспехот во христијанскиот дело. Ова е причината за слабите резултати. {ХП 52.1}

„Примамливото богатство”. Љубовта кон богатството има заводлива, измамлива моќ. Оние што поседуваат светски богатства премногу често забораваат дека токму Бог им дал сила да стекнат богатство. Тие велат: „Мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство“ (Второзаконие  8:17). Нивното богатство, наместо во нив да разбуди благодарност кон Бога, ги води кон самовозвишување. Тие го губат чувството за зависност од Бога и за својата обврска кон другите. Наместо да гледаат на богатството како талент што треба да се употреби на Божја слава и за издигање на човештвото, тие сметаат дека тоа е средство да си служат себеси. Наместо кај човекот да развиваат Божји особини, богатството што се употребува на овој начин во него развива сатански особини. Семето на Речта е задушено со трње. {ХП 52.2}

„Наслади на овој живот”. Постои опасност во забавата што се бара само за самозадоволување. Сите навики на уживање, кои ги слабеат физичките сили, кои го затемнуваат умот или ги слабеат духовните способности се „телесни похоти што војуваат против душата“ (1. Петрово 2:11). {ХП 53.1}

„Други желби”. Ова не мора да бидат желби што се грешни сами по себе, туку нешто што го цениме повеќе од Божјото царство. Сè што ги одвлекува мислите од Бога, сè што на Христа му ја скусува нашата љубов, е непријател на душата. {ХП 53.2}

Кога умот е млад, енергичен и подложен на брз развој, се наоѓа во голема опасност да стане славољубив, да си служи себеси. Ако светските планови се успешни, постои склоност да се продолжи по насока што ја убива совеста и го оневозможува правилно да процени што претставува вистинско совршенство на карактерот. Ако и околностите се поволни за ваков развој, растењето продолжува во насока што е забранета со Божјата реч. {ХП 53.3}

Во овој период од животот, кога децата се формираат, родителите носат голема одговорност. Тие треба да се погрижат своите деца да ги опкружат со правилни влијанија, со влијанија што ќе им помогнат да се здобијат со исправни погледи на животот и нивниот вистински успех. Наместо тоа, на колку родители прва цел им е на своите деца да им обезбедат светски просперитет. Им го бираат друштвото, имајќи ја пред очи токму таа цел. Многу родители свој дом подигаат во некој голем град и своите деца ги воведуваат во модерното општество. Тие ги опкружуваат со влијанија што поттикнуваат световност и гордост. Во таква атмосфера умот и душата заостануваат во развојот. Децата ги губат од вид високите и благородни цели во животот. Привилегијата да бидат Божји синови, наследници на вечноста, тие ја разменуваат за светска добивка. {ХП 53.4}

Многу родители се трудат на своите деца да им обезбедат среќа, задоволувајќи ја нивната љубов кон забава. Тие им дозволуваат да спортуваат, да присуствуваат на забави, им даваат пари за слободно користење и задоволување на своите неконтролирани желби. Колку повеќе и се попушта на желбата за задоволство, таа станува посилна. Интересот на овие млади луѓе се повеќе е насочен кон забава, сè додека конечно не почнат истата да ја сметаат за најголема цел во животот. Тие создаваат навики на безделничење и самозадоволување, така што речиси им станува невозможно некогаш да станат цврсти христијани. {ХП 54.1}

Дури и црквата, која треба да биде столб и тврдина на вистината, понекогаш промовира себична љубов кон задоволства. Кога треба да се соберат пари за религиски потреби, кон кои средства прибегнуваат многу цркви? Кон базари, вечери, концерти за добротворни цели, па дури и кон лотарии и други слични средства! Честопати, местото издвоено за служба на Бога се сквернави со гозба и пијанка, купување, продавање и  забави. Почитта кон Божјиот дом и кон Неговата служба во очите на младите се намалува. Бариерите на самоконтрола слабеат, а себичноста, апетитот и љубовта кон раскошот и покажувањето се повеќе се негуваат и зајакнуваат. {ХП 54.2}

Потрагата по задоволство и забава е концентрирана во градовите. Многу родители кои на своите деца им обезбедиле дом во град, мислејќи дека тоа ќе им донесе поголеми предности, доживуваат разочарување и премногу доцна се каат за својата страшна грешка. Денешните градови бргу стануваат како Содом и Гомор. Многуте празници поттикнуваат безделничење. Возбудливите спортови, одењето во театар, коњските трки, коцкарниците, пиењето алкохол и веселбите, ги разгоруваат страстите во најголема мера. Младите се препуштаат на струјата на популарните трендови. Сите што ги сакаат забавите само заради уживање, ја отвораат вратата за поплави на искушенија. Друштвените забави, бесмисленото смеење и дружењето со љубителите на задоволствата имаат опоен ефект врз умот. Од еден вид разонода преминуваат на друг сè додека не ја загубат и желбата и способноста да живеат корисен живот. Нивните религиозни стремежи се оладуваат и нивниот духовен живот потемнува. Сите благородни духовни способности, како и сето она што човекот го поврзува со духовниот свет, се изопачува. {ХП 54.3}

Вистина е дека некои можат да ја увидат својата лудост и да се покајат. Бог може да им прости. Но тие ја раниле својата душа и ја изложиле на животна опасност. Способноста за расудување, која секогаш мора да биде остра и чувствителна за да може да го разликува доброто од злото, во голема мера е уништена. Тие не можат брзо да го препознаат насочувачкиот глас на Светиот Дух или да ги откријат плановите на сатаната. Премногу често, во време на опасност, под налетот на искушенијата паѓаат и се оддалечуваат од Бога. Крајот на нивниот живот кој го сака задоволството претставува пропаст и за овој свет и за светот што доаѓа. {ХП 55.1}

Грижите, богатствата, уживањата сето тоа се средства кои сатаната го користи во играта на животот за човечките души. Затоа ни се дава предупредување: „Не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот.Зашто, сè што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јованово 2:15,16). Оној што ги чита срцата на луѓето како отворена книга, вели: „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот“ (Лука 21:34). Апостол Павле, инспириран од Светиот Дух, пишува: „А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на што некои му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:9,10). {ХП 55.2}

Подготовка на почвата

Во параболата за сејачот, Исус ги прикажува различните резултати од сеидбата во зависност од почвата. Во секој прикажан случај, станува збор за ист сејач и за исто семе. Всушност Исус сака да ни покаже дека, ако Божјата реч не успее да ја постигне својата цел во нашето срце и живот, причината треба да се бара во нас самите. Меѓутоа, резултатот не е надвор од наша контрола. Вистина е дека ние не можеме да се промениме, но моќта на избор е во наши раце, и до нас стои да решиме што ќе станеме. Слушателите, кои се споредени со почва покрај патот, со каменлива почва и со почва полна со трње, не мора да останат такви. Божјиот Дух постојано се труди да ја разбие волшебната заслепеност која луѓето ги врзува за земните работи и се труди кај нив да разбуди желба за непропадливо богатство. Но кога му се спротивставуваат на Духот, луѓето стануваат невнимателни и ја занемаруваат Божјата реч. Тие самите се одговорни за тврдоста на срцето која го спречува доброто семе да фати корен, и за плевелот кој го кочи неговиот развој. {ХП 56.1}

Градината на срцето мора да се обработува. Почвата мора да се разбие со длабоко покајание за сторените гревови. Отровните, сатански растенија мора да се искоренат. Почвата, еднаш обрасната со трње, може да се поправи само со напорна работа. Значи, злите склоности на природното срце можат да се совладаат само со сериозни напори во Исусово име и со Негова сила. Господ ни заповеда преку Својот пророк: „Изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње!“ „Сејте правда – па ќе жнеете милост!“ (Еремија 4:3; Осија 10:12). Ова дело Тој сака да го изврши за нас и затоа нѐ повикува да соработуваме со Него. {ХП 56.2}

Сејачите на семе мора да извршат подготовка на срцето за да го прими евангелието. Во проповедањето на евангелието премногу се држат проповеди, а многу малку вистински се дејствува врз срцето. Потребен е личен труд околу изгубените души. Со сочувства какви што поседувал Христос, треба да им се приближиме на луѓето поединечно и да се потрудиме да разбудиме кај нив интерес за големите вистини на вечниот живот. Нивните срца можат да бидат тврди како разгазен пат и може да ни се стори дека попусто се трудиме да им го откриеме Спасителот, но, иако можеби логиката нема да успее да ги поткрене, и доказите да бидат немоќни да ги убедат, Христовата љубов, откриена во личната служба, може да го омекне каменото срце, така што  семето на вистината може да фати корен. {ХП 57.1}

Според тоа, и сејачите треба да направат нешто за семето да не биде задушено од трње или да пропадне поради тоа што почвата е плитка. На самиот почеток на христијански живот, секој верник мора да ги научи Неговите основни начела. Треба да научи дека не само што мора да се спаси со Христовата жртва, туку и дека Христовиот живот мора да стане негов живот и Христовиот карактер негов карактер. Нека се научи дека секој мора да носи товар и да се откаже од вродените склоности. Потребно  е да го запознаат благословот кој се наоѓа во работата за Христа, да го следат Неговиот пример во самоодрекување и да поднесуваат тешкотии како добри војници. Нека научат да веруваат во Христовата љубов и сите свои грижи да му ги предаваат Нему. Нека ја вкусат радоста што произлегува од придобивањето на души за Него. Во нивната љубов и интерес кон изгубените, тие ќе заборават на себе. Задоволствата на овој свет ќе ја изгубат моќта да привлекуваат и товарите да обесхрабруваат. Плугот на вистината ќе си ја заврши својата работа. Тој ќе ја преора необработената земја. Не само што ќе ги отсече врвовите на трњето, туку и ќе ги искорени. {ХП 57.2}

На добра земја

Сејачот нема секогаш да доживува разочарувања. За семето што паднало на добра почва, Спасителот рекол: „А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет”. „А тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение”. {ХП 58.1}

„Доброто и чисто срце“ за кое се зборува во параболата, не е срце без грев; зашто евангелието треба да им се проповеда на изгубените. Христос рекол: „Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците (на покајание)“ (Марко 2:17). Чисто срце има оној кој попушта пред убедувањето на Светиот. Тој ја признава својата вина и чувствува потреба од Божја милост и љубов. Тој има искрена желба да ја запознае вистината за да може да и се покорува. Добро срце е срце кое верува, срце кое верува во Божјата реч. Без вера не е можно да се прими Речта. „А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат“ (Евреите 11:6). {ХП 58.2}

Тоа е „оној кој ја слуша словото и го разбира“. Фарисеите во Христово време ги затворале очите да не видат и ушите да не чујат и затоа вистината не можела да допре до нивното срце, и поради тоа тие морале да претрпат казна за своето намерно незнаење и самонаметнато слепило. Меѓутоа, Христос ги учел Своите ученици дека треба да го отворат умот за поука и да бидат подготвени да веруваат. Тој изрекол над нив благослов зашто гледале и слушале со очите и ушите на верата. {ХП 59.1}

Слушателите споредени со добра земја го примиле словото „не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо“ (1. Солунјаните 2:13). Само оној што го прифаќа Писмото како Божји глас, кој му зборува нему, е вистински ученик. Тој трепери од Речта, зашто за него таа е жива реалност. Тој го отвора својот ум и своето срце за да ја прими. Такви слушатели биле Корнилиј и неговите пријатели, кои му кажале на апостол Петар: „Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сè што ти е од Бога заповедано“ (Дела 10:33). {ХП 59.2}

Познавањето на вистината не зависи толку од силата на интелектот, колку од чистотата на намерите, од едноставната искрена и цврста вера. Божјите ангели се веднаш покрај оние кои со понизно срце бараат Божјо водство. Ним им се дава Свети Дух да им ги отвори богатите ризници на вистината. {ХП 59.3}

Слушателите споредени со добра земја ја прифаќаат Речта кога ќе ја слушнат. Сатаната, заедно со сите свои орудија на злото, не е во состојба да им ја одземе. {ХП 59.4}

Не е доволно само да се слуша или да се чита Речта. Оној што сака да има корист од Писмото мора да размислува за вистината што му е презентирана. Со искрено внимание и размислувајќи со молитва, тој треба да го сфати значењето на зборовите на вистината и во најголема можна мера да се напои со духот на тие свети божествени изреки. {ХП 59.5}

Бог нè повикува нашиот ум да го исполниме со големи и чисти мисли. Тој сака да размислуваме за Неговата љубов и милост, да го истражуваме Неговото чудесно дело во големиот план на откупувањето. Тогаш се појасно ќе ја сфаќаме вистината и повисока и посвета ќе биде нашата желба да имаме чисто срце и јасни мисли. Душата што живее во чиста атмосфера на свети мисли ќе се преобрази затоа што го проучувала Писмото и воспоставила врска со Бога. {ХП 60.1}

„И дава плод”. Сите што ќе ја послушаат Речта откако ќе ја слушнат, ќе дадат плод во послушност. Божјата реч, примена во срцето, ќе се покаже во добри дела. Нејзиниот плод ќе се види во карактерот и во животот сличен на Христос. Христос за Себе вели: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое“ (Псалм 40:8). „Зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати“ (Јован 5:30). Писмото вели: „Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој“ (1. Јованово 2:6). {ХП 60.2}

Божјата реч честопати доаѓа во судир со човековите наследени и усвоени карактерни црти и неговите животни навики. Но, слушателите споредени со добра земја, примајќи ја речта, ги прифаќаат и сите нејзини услови и барања. Нивните навики, обичаи и практики се покоруваат на Божјата реч. Во нивните очи заповедите на смртниот, грешен човек, стануваат безначајни кога ќе се соочат со речта на бесконечниот Бог. Со цело срце и со непоколеблива намера тие бараат вечен живот и, по цена на загуба, прогонство, па дури и смрт, остануваат послушни на вистината. {ХП 60.3}

Тие носат плод „во трпение“. Никој меѓу оние што ја примиле Божјата реч не е ослободен од тешкотии и искушенија. Но, кога ќе се појават неволји, вистинскиот христијанин не станува немирен, недоверлив или малодушен. Иако не сме во состојба да го видиме конечниот исход на настаните, или да ја разбереме намерата на Божјото провидение, ние не смееме да ја отфрлиме нашата доверба. Сеќавајќи се за нежната Господова милост, сите наши грижи треба да му ги предадеме Нему и стрпливо да го чекаме Неговото спасение. {ХП 60.4}

Преку борба духовниот живот зајакнува. Неволјите што ги поднесуваат развиваат цврст карактер и скапоцени духовни доблести. Совршениот плод на верата, кротоста и љубовта, честопати најдобро созрева среде бурни облаци и темнина. {ХП 61.1}

„Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен“ (Јаков 5:7). Значи, христијанинот треба стрпливо да чека во неговиот живот да се покажат плодовите на Божјата реч. Честопати кога се молиме за благодатите на духот, Бог ги прима нашите молитви доведувајќи нè во околности во кои можат да се развијат тие плодови; но ние не ја разбираме Неговата намера, се чудиме и сме уплашени. Сепак, никој не може да ги развие овие доблести ако не се подложи на процес на растење и раѓање на плодови. Наш дел е да ја примиме Божјата реч, да се држиме цврсто за неа, целосно да се ставиме под нејзина контрола и тогаш ќе се исполни нејзината намера во нас. {ХП 61.2}

Христос рекол: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14:23). Нашата волја ќе биде под контрола на еден посилен, посовршен ум, зашто сме воспоставиле жива врска со Изворот на непрекратната сила. Нашиот божествен живот ќе се сообрази со желбите на Исуса Христа. Го нема веќе вообичаениот себичен живот, туку во нас ќе живее Христос. Во нашата природа ќе се обнови Неговиот карактер. И така ќе ги донесеме плодовите на Светиот Дух – „еден сто, друг шеесет, а трет триесет“. {ХП 61.3}

Сподели го ова:

Слични објави