1. ПОУЧУВАЊЕ ВО ПАРАБОЛИ

Сподели го ова:

Во Христовите поуки се гледа истото начело со кое Тој се раководел во текот на целата Негова мисија кон светот. За да ни помогне да се запознаеме со Неговиот божествен карактер и живот, Христос ја зел нашата природа и живеел меѓу нас. Божеството се открило во човечка природа; невидливата слава во видлива човечка форма. Луѓето можеле да дознаат за непознатото преку познатото; небесните нешта се откривале преку земните; Бог се открил во облик на човек. Таков бил и Исусовиот начин на поучување; непознатото било илустрирано со познатото; божествените вистини – преку земните работи со кои луѓето биле најдобро запознаени. {ХП 17.1}

Писмото вели: „Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи… за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот“ (Матеј 13:34,35). Земното е прикажувано со духовното; појавите во природата и животните искуства на Неговите слушатели биле поврзувани со вистините на пишаната Реч. Водејќи ги така од земното кон духовното царство, Христовите параболи, земени од обичниот живот, станувале алки во синџирот на вистината што го поврзува човекот со Бога и земјата со небото. {ХП 17.2}

Во своето учење земено од природата, Христос зборувал за работи што Самиот ги создал со Свои раце, за она што има квалитет и сила кои Тој самиот ги подарил. Во Своето првобитно совршенство, сите создадени нешта биле израз на Божјата мисла. Во едемскиот дом на Адам и Ева, природата била полна со познавање на Бога, преполна со божествени поуки. Мудроста му зборувала на окото и таа била примена во срцето, зашто луѓето комуницирале со Бога преку Неговите создадени дела. Меѓутоа, штом светиот пар го прекршил законот на Севишниот, сјајот на Божјото лице се повлекол од лицето на природата. Сега земјата е замрачена и осквернета од гревот. Сепак,  дури и во својата изопачена состојба, таа сочувала голем дел од претходната убавина. Поуките што ни ги дава не се наполно избришани; правилно разбрана, природата зборува за Својот Создател. {ХП 18.1}

Во Христовите денови, овие поуки биле изгубени од вид. Луѓето веќе престанале да го препознаваат Бога во Неговите дела. Грешноста на човечкиот род фрлила сенка врз чистото лице на создаденото и, наместо да го манифестираат Бога, Неговите дела станале бариера која Го сокрива. Луѓето повеќе „му се поклонуваа и служеа на создаденото наместо на Создателот“. Така и незнабошците „се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи“ (Римјаните 1:25,21). Така, и во Израел, човечките учења биле ставени на местото на Божјите. Не само појавите во природата, туку и жртвената служба и самите списи, дадени да го откријат Бога, биле толку изопачени, што станале средство за Негово прикривање. {ХП 18.2}

Христос се обидувал да го отстрани она што ја прикриваше вистината. Тој дошол да го отстрани превезот што го навлекол гревот врз лицето на природата, да ја изнесе на виделина духовната слава што морале да ја одразуваат сите создадени дела. Неговите зборови им давале на поуките содржани во природата и Библијата, нова светлина, претворајќи ги во ново откровение. {ХП 18.3}

Исус би скинал прекрасен крин и би го ставил во рацете на децата и младите; и додека го гледале Неговото младешко лице, освежено од сончевата светлина од лицето на Неговиот Отец, Тој ја дал следната поука: „Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив”. Потоа следувало љубезно ветување и важна поука: „Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни!?“ {ХП 19.1}

Во проповедта на Гората, овие зборови биле упатени пред широк круг слушатели, пред мноштво деца и млади, мажи и жени, оптоварени со грижи и неволји, болни, тажни, разочарани, на кои Исус им рекол: „Па затоа, не грижете се и не говорете: ‘што да јадеме, или што да пиеме, или ,во што да се облечеме?’ Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде“ (Матеј 6:28-33). {ХП 19.2}

На овој начин Исус ја протолкувал пораката што Тој самиот им ја дал преку кринот и полската трева. Негова желба е и ние да ја читаме истата поука од секој крин и од секоја тревка. Неговите зборови се преполни со ветувања и се насочени кон воспоставување доверба во Бога. {ХП 19.3}

Христовиот поглед на вистината бил толку широк и Неговото учење сеопфатно; што секоја промена во природата ја користел за да ја прикаже вистината. Сите сцени на кои почива окото биле поврзани со некоја духовна вистина; така што параболите на големиот Учител можеле да се разберат од самата природа. {ХП 20.1}

Од почеток на Својата служба, Христос им зборувал на луѓето со толку јасни зборови така што сите слушатели можеле да ги разберат вистините што ќе ги направат мудри за спасение. Но, во многу срца вистината не можела да фати корен и бргу се губела. „Затоа им зборувам во параболи“, рекол Тој, „зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат… срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите“ (Матеј 13:13-15). {ХП 20.2}

Исус сакал да ги поттикне да истражуваат. Тој се трудел да ги разбуди безгрижните, и да им ја всади вистината во срцето. Поучувањето со параболи било популарно и предизвикувало почит и внимание не само кај Евреите, туку и кај луѓето од другите народи. Тој не можел да користи поефикасен метод за обука. Ако Неговите слушатели сакале да ги знаат божествените работи, тие би можеле да ги разберат Неговите зборови, бидејќи Тој секогаш бил подготвен да му ги објасни на искрениот истражувач. {ХП 20.3}

Повторно, Христос морал да објави и вистини кои луѓето не биле подготвени да ги прифатат, па дури и да ги разберат. Поради оваа причина, Тој ги учел со помош на параболи. Поврзувајќи го Своето учење со сцени од животот, искуството или  природата, Тој го привлекувал нивното внимание и ги импресионирал нивните срца. Потоа, гледајќи на предметите што ги илустрирале Неговите поуки, тие се сетиле на зборовите на божествениот Учител. На умовите што биле отворени за влијанието на Светиот Дух, поуките на Спасителот им станувале  сè појасни. Тајните се разјаснувале, а она што било тешко да се разбере станувало очигледно. {ХП 21.1}

Исус барал пристап до секое срце. Користејќи различни илустрации, Тој не само што ја претставил вистината во нејзините различни варијанти, туку исто така им се обраќал и на различните слушатели. Нивното внимание го привлекувал со слики и примери земени од нивното секојдневно опкружување. Никој, што го слушал Спасителот, не чувствувал дека е запоставен или заборавен. Најскромниот и најгрешниот, во Неговото учење слушал глас кој им зборувал со сочувство и нежност. {ХП 21.2}

Постоела и друга причина зошто Исус учел во параболи. Среде мноштвото што се собирало околу Него имало свештеници и рабини, книжници и старешини, иродовци и управители, светски, фанатични и амбициозни луѓе кои одвај чекале да најдат некакво обвинение против Него. Нивните шпиони ги следеле Неговите чекори од ден за ден, за да слушнат од Неговите усни нешто што ќе предизвика Негова осуда и засекогаш да го замолчат Оној, за кој се чинело дека го привлекува светот по Себе. Спасителот го знаел карактерот на овие луѓе и ја изнесувал вистината на таков начин што тие не можеле да пронајдат ништо за да го изнесат Неговиот случај пред Синедрионот. Во параболи Тој ги осудил лицемерството и злите дела на оние кои биле на високи функции, и со фигуративен јазик ја облекувал вистината толку остро така што ако се изнесе со директен прекор, тие не би ги слушале Неговите зборови и би се потрудиле бргу да и стават крај на Неговата служба. Но, додека ги избегнувал шпионите, Тој ја изнесувал вистината ,толку јасно, така што заблудата сама се разоткривала и луѓето со искрено срце можеле да имаат корист од Неговите поуки. Божествената мудрост, бесконечната благодат, биле разјаснети преку делата на Божјото создание. Преку природата и животните искуства, луѓето ги учел за Бога. „И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи сè уште  од создавањето на светот, гледано според Неговите дела“ (Римјаните 1:20). {ХП 22.1}

Начинот на кој Спасителот поучувал со помош на параболи покажува како изгледа вистинското „високо образование“. Христос би можел на луѓето да им ги открие најдлабоките научни вистини. Можел да им открие тајни во кои би можеле да проникнат дури по многу вековен труд и истражување. Можел да им даде предлози од подрачјето на науката што ќе обезбедат храна за размислување и охрабрување за пронајдоци до крајот на времето. Но тоа не го правел. Тој не кажал ништо за да ја задоволи љубопитноста или човечката амбиција отворајќи ги вратите кон светската величина. Преку Своето учење, Христос го доведувал човечкиот ум во допир со бесконечниот ум. Луѓето не ги упатувал да ги проучуваат човечките теории за Бога, ниту за Неговата Реч или за Неговите дела. Тој ги повикувал да го посматраат Бога онака како што се открил во Своите дела, во Својата Реч и преку Своето провидение. {ХП 22.2}

Христос не се занимавал со апстрактни теории, туку со она што е од суштинско значење за развој на карактерот, што ќе ја прошири способноста на човекот да го запознае Бога и да ја зголеми неговата ефикасност во правењето добро. Тој им зборувал на луѓето за оние вистини што се поврзани со однесувањето во животот и се однесуваат на вечноста. {ХП 23.1}

Христос бил Тој кој управувал со образованието на Израел. Во врска со Господовите заповеди и уредби, Тој вели: „Пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш;и врзи ги на раката своја како знак, и нека ти бидат ознака над очите твои,и напишете ги врз надвратникот од вашите куќи и на вашите градски порти“ (Второзаконие  6:7-9). Со Своето учење Исус покажал како може да се исполни оваа заповед, како законите и начелата на Божјото царство можат да бидат претставени на таков начин што ќе се открие нивната убавина и вредност. Господ ги подготвувал Израелците да бидат Негови посебни претставници, Тој им дал домови меѓу ридовите и долините. Во својот домашен живот и во верската служба, тие биле во постојан допир со природата и со Божјата реч. Така, Христос ги поучувал Своите ученици покрај езерото, на падината на планината, во полето и во шумичката, на места на кои можеле да ги видат природните појави со кои ги илустрирал Своите учења. И додека учеле од Него, тие го применувале своето знаењето за да соработуваат со Него во Неговата работа. {ХП 23.2}

Така и ние треба да го запознаеме Творецот преку Неговите создадени дела. Книгата на природата е одличен учебник што треба да го користиме заедно со Писмото за да ги научиме другите за Неговиот карактер и да ги вратиме изгубените овци назад кон Божјото стадо. Додека ги проучуваме Божјите дела, Светиот Дух го осведочува нашиот ум. Ова не е сведоштво што се стекнува по пат на логично расудување, туку начин на кој возвишените духовните вистини на пишаната Реч, се втиснуваат во нашето срце, се разбира, ако нашиот ум не станал премногу затемнет за да го запознае Бога, ако окото не е премногу слабо за да го види, а увото премногу слабо да го слушне Неговиот глас. {ХП 24.1}

Овие поуки, земени директно од природата, се одликуваат со едноставност и чистота што ги прави исклучително вредни. На сите им се потребни поуките што доаѓаат од овој извор. Сама по себе, убавината на природата ја одвраќа душата од гревот и од светските привлечности и ја насочува кон чистота, мир и Бога. Премногу често, мислите на учениците се преокупирани со човечки теории и претпоставки, кои лажно се нарекуваат наука и филозофија. Особено на таквите им е потребен близок контакт со природата. Нека научат дека создадените дела и христијанството имаат еден ист Бог. Нека научат дека духовното и природното се во совршена меѓусебна хармонија. Сè што гледаат нивните очи и сè со што се занимаваат нивните раце, нека се искористи како поука за изградба на карактерот. На овој начин ќе се зајакнат менталните сили, ќе се развива карактерот и целиот живот ќе се облагороди. {ХП 24.2}

Христовата намера кога поучувал во параболи била истоветна со првобитната намера за саботата. Бог на луѓето им го дал овој спомен на Својата творечка моќ, за да можат да Го препознаат во делата на Неговите раце. Саботата ни налага во Неговите дела да размислуваме за славата на Создателот. И токму затоа што сака и ние да постапуваме така, Исус ги поврзувал Своите драгоцени поуки со убавината на делата на природата. Во текот на светиот ден за одмор, повеќе од кој било друг ден, ние треба да ги проучуваме пораките што Бог ги напишал за нас во природата. Ние треба да ги проучуваме параболите на Спасителот таму каде што ги изговарал, во полињата и шумите, под отворено небо, меѓу тревата и цвеќињата. Како што се приближуваме до срцето на природата, ќе ни стане вистинско Христовото присуство и Тој на нашите срца ќе им проговори за Својот мир и љубов. {ХП 25.1}

Меѓутоа, Христос Своето учење не го поврзал само со денот за одмор, туку и со другите работни денови во седмицата. Тој му дава мудрост и на оној кој управува со плугот и сее семе. Во орањето и сеењето, во обработувањето и жетвата, Тој нè учи да видиме илустрација за Неговата благодатна работа во нашето срце. Негова желба е во секоја корисна работа и во секој животен позив да наоѓаме поуки за божествената вистина. Тогаш, нашата секојдневна работа нема да го окупира нашето внимание и да нè натера да заборавиме на Бога; напротив, тоа постојано ќе нè потсетуваат на нашиот Создател и Откупител. Помислата на Бога ќе се провлекува како златна нишка низ сите наши домашни грижи и активности. За нас, славата на Неговото лице повторно ќе почива врз лицето на природата. Постојано ќе учиме нови поуки за небесната вистина и сè повеќе ќе растеме до степенот на Неговата чистота. Така ќе бидеме „научени од Господ“ и „секој нека остане пред Бога во она во што е повикан“ (Исаија 54:13; 1. Коринтјаните 7:24). {ХП 26.1}

Сподели го ова:

Similar Posts