16. „ИЗГУБЕН БЕШЕ И СЕ НАЈДЕ“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 15:11-32)

Параболите за загубената овца, за загубената паричка и за изгубениот син, мошне јасно ја прикажуваат Божјата љубов и сочувство кон оние што застраниле од Него. Иако се одвратиле од Бога, Тој не ги остава во нивната бедна состојба. Тој е полн со љубов и нежно сочувство кон оние што се изложени на искушенијата на лукавиот непријател. {ХП 198.1}

Во параболата за изгубениот син прикажано е Господовото постапување со оние што некогаш ја познавале љубовта на Отецот, но му дозволиле на искушувачот да ги зароби и да ги потчини на својата волја. {ХП 198.2}

„Еден човек имаше два сина.Помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!’ И таткото им го раздели имотот.По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја”. {ХП 198.3}

Овој помлад син се заморил од ограничувањата во домот на својот татко. Сметал дека слободата му е ограничена. Погрешно ги толкувал љубовта и грижата на татко му, па решил да се раководи според сопствените склоности. {ХП 198.4}

Младиот човек не признавал никакви обврски кон неговиот татко, ниту пак му искажал некаква благодарност; а сепак барал како негово дете да добие дел од неговиот имот. Наследството што би му било доделено дури по смртта на неговиот татко сакал да го добие веднаш. Важно му било моменталното задоволство и не се грижел за иднината. {ХП 199.1}

Откако го добил своето наследство, заминал во „далечна земја“, далеку од домот на неговиот татко. Имајќи во изобилие пари и слобода да се однесува како што сака, тој се занесувал со мислата дека ќе ги исполни сите желби на своето срце. Немало никој да му каже: Немој така, зашто ќе си наштетиш себеси или, постапи вака и ќе биде добро, зашто тоа е правилно! Расипаните другари го туркале сè подлабоко во грев, така што сиот свој имот го потрошил „живеејќи блудно“. {ХП 199.2}

Библијата зборува за луѓе кои, „тврдејќи дека се мудри“, станале „безумни“ (Римјаните 1:22); и токму таква е историјата на младиот човек во параболата. Богатството што себично го барал од својот татко, тој го растурил со блудници. Напразно го потрошил и богатството на својата младост. Драгоцените години од животот, силата на интелектот, светлите визии на младоста, духовните стремежи – сето тоа било потрошено во огнот на страстите. {ХП 199.3}

„И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи“. За еден Евреин, тоа била најниска и најсрамна работа. Младичот, кој се фалел со својата слобода, сега се нашол во положба на роб. Тој бил во најлошо ропство – „и врските на гревот негов го држат“ (Изреки 5:22). Исчезнале сјајот и блесокот што го мамеле; ја чувствувал само тежината на своите окови. Седејќи наземи во таа пуста и со глад погодена земја, без никакво друго друштво, освен друштвото на свињите, бил присилен да се храни со лушпите на мешунките со кои се хранеле животните. Од  сите оние весели другари што се собирале околу него во деновите на поранешната благосостојба, кои јаделе и пиеле на негова сметка, не останал ниту еден да му помогне. Каде е сега неговата бунтовна веселост? Додека ја смирувал својата совест и ја отапувал својата чувствителност, тој се сметал себеси за среќен; но сега, без пари и гладен, со понижена гордост, со понижена морална природа, со слаба и ослабена волја, речиси со згаснати благородни чувства, станал најбеден од сите смртници. {ХП 200.1}

Каква слика за вистинската состојба на грешникот! Иако е опкружен со благословите на Божјата љубов, грешникот, кој е наклонет да попушта пред своите слабости и пред грешните уживања, најмногу од сè сака да се одвои од Бога. Како и неблагодарниот син, тој смета дека со право му припаѓаат божествените благослови. Тој ги зема како нешто што се подразбира само по себе, не возвраќа со благодарност и не му служи на Бога со љубов. Како Каин што заминал од Божјата близина да си побара себеси дом; како загубениот син што заталкал во „далечна земја“, така и грешниците мислат дека ќе најдат среќа ако го заборават Бога (Римјаните 1:28). {ХП 200.2}

Без оглед на надворешниот изглед, секој живот, сосредоточен кон себе, всушност е промашен живот. Секој што се обидува да живее подалеку од Бога, ја троши суштината на животот. Напразно го пропушта драгоценото време од животот, ги растура способностите на умот, на срцето и душата, работејќи сам врз својот банкрот за цела вечност. Човекот што се одвојува од Бога за да може да си служи себеси, станува роб на мамонот. Умот што Бог го создал да биде во друштво на ангели, се деградирал до таа мера да служи на она што е земно и животинско. Таков е крајот на сите кои  себично се стремат да си служат себеси. {ХП 200.3}                      

Ако сте одбрале таков живот, тогаш знајте дека своите пари ги трошите за нешто што не е храна и дека работите за нешто што нема да ве насити. Секако, ќе се соочите со мигови кога ќе сфатите колку ниско сте паднале. Сами во својата „далечна земја“ ќе станете свесни за својата беда и во својот очај ќе извикнете: „Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?“ (Римјаните 7:24). Универзална вистина се крие во зборовите на пророкот: „Така вели Господ: проклет да е човекот кој се надева на човек и кој телото го смета за своја крепост и чие срце се одвраќа од Господ.Тој ќе биде како троскот во пустина и нема да види кога ќе дојде доброто, па ќе се насели во топли пустински места, во земја солена и непогодна за живеење“ (Еремија 17:5,6). Бог „го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните“ (Матеј 5:45), но луѓето се способни сами да се заштитат и од сонцето и од дождот. И така, иако Сонцето на праведноста свети, иако дождовите на божествената милост паѓаат изобилно врз сите, ние, ако се одвоиме од Бога, и понатаму можеме да живееме во „топли пустински места, во земја солена и непогодна за живеење“. {ХП 201.1}

Божјата љубов и понатаму копнее по оној што решил да се одвои од Него и затоа употребува различни влијанија да го врати во домот на Отецот. Загубениот син во својата беда „дојде на себеси“. Измамливата сила која сатаната ја имал над него била скршена. Увидел дека неговите страдања се последица на неговата глупост, па си рекол: „Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад.Ќе станам и ќе отидам кај татко ми”. Иако се наоѓал во бедна положба, мислата дека татко му и понатаму го сака му дала надеж на загубениот син. Таа љубов го привлекувала да се врати во својот дом. Значи, уверувањето во Божјата љубов го наведува грешникот да се врати кај Бога. „Не знаеш ли дека Божјата благост те води кон покајување?“ (Римјаните 2:4). Секоја загрозена душа е опкружена со златен синџир на Божјата милост и љубов која сожалува. Господ изјавува: „Со вечна љубов те засакав и затоа останав милостив кон тебе“ (Еремија 31:3). {ХП 202.1}

Синот одлучил да ја признае својата вина. Ќе отидам кај својот татко и ќе му кажам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе,и не сум веќе достоен да се наречам твој син”. И, покажувајќи колку е ограничено неговото познавање на љубовта на неговиот татко, ќе додаде: „Прими ме како еден од своите наемници!“ {ХП 202.2}

Младиот човек го остава крдото свињи и лушпите од мешунките и се упатува кон својот дом. Тетеравејќи се од слабост и губејќи свест од глад, тој желно тргнува на пат. Нема наметка да ја покрие својата искината облека; но бедата ја совладала неговата гордост и тој брза да побара место како слуга во домот во кој некогаш бил дете. {ХП 202.3}

Додека излегувал од портата на неговиот татко, веселиот и непромислен младич не помислувал на болката и копнежот што ги оставил во срцето на татко му. Додека танцувал и се гоштевал со своите разуздани другари, и не помислувал на сенката што се надвивала над неговиот дом. И сега, додека се движел изморен и болен по патот кон својот дом, не знаел дека некој го очекува неговото враќање. Но, „кога беше уште далеку“, таткото го препознал неговиот изглед. Љубовта има остро око. Дури ни пропаднатиот изглед, по толку години поминати во грев, не можел да го скрие синот од очите на таткото. Тој „се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива“ држејќи го долго во цврста и нежна прегратка. {ХП 203.1}

Таткото нема да дозволи на ниту едно презриво око да се подбива со бедата и парталите на неговиот син. Тој ја соблекол својата широка, богата наметка и со неа го покрил истрошениот лик на својот син, а младиот човек изразувал каење со зборовите: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!“ Таткото цврсто го гушнал и го вовел во домот. Не му дал можност да заземе место на слуга. Тој е син кој ќе биде почестен со најдобро што може да понуди домот и кого слугите и слугинките ќе го почитуваат и ќе му служат. {ХП 203.2}

Таткото им рекол на своите слуги: „Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;па доведете едно згоено теле и заколете го; да јадеме и да се веселиме,зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде”. {ХП 204.1}

Во својата немирна младост, изгубениот син го сметал својот татко за строг и суров. Колку сега се изменило неговото мислење за него! Така и сите што ги завел сатаната Бога го сметаат за тврд, кој премногу бара. Тие Него го замислуваат како некој судија кој само чека да обвини и осуди, кој грешникот не сака да го прими ниту да му помогне сè додека не побара и не добие легално простување. Тие Неговиот закон го прогласуваат за пречка на патот кон среќата на човекот, за тежок јарем од кој со најголемо задоволство би се ослободиле. Меѓутоа, оној, на кого Христовата љубов му ги отворила очите, во Бога гледа татко полн со сочувство. Тој не се појавува како тиранско и немилосрдно суштество, туку како татко кој копнее да го прегрне својот син кој се кае. И затоа грешникот може да извикне заедно со псалмистот: „Како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него“ (Псалм 103:13). {ХП 204.2}

Во параболата таткото не го прекорува и не го осудува синот поради неговиот грешен живот. Синот чувствува дека минатото е простено и заборавено. Така и Бог му вели на грешникот: „Ќе ги растерам како магла твоите беззаконија, и твоите гревови“ (Исаија 44:22). „Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“ (Еремија 31:34). „Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто е многу милостив“ (Исаија 55:7). „Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе побарам грев во Израел и нема да го има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи“ (Еремија 50:20). {ХП 204.3}

Какво уверување за Божјата подготвеност да го прими грешникот што се кае! Дали и ти, читателу, си одбрал некој свој пат? Дали си залутал далеку од Бога? Дали си се обидел да се насладуваш со плодовите на престапот, само за да утврдиш дека станале како пепел на твоите усни? А сега, кога исчезнало твоето богатство, кога пропаднале твоите животни планови, кога умреле твоите надежи, седиш ли сам и осамен? Сега гласот, кој долго му зборувал на твоето срце и кој никогаш не си сакал да го слушаш, одекнува јасно и одредено: „Станете и одете си, зашто тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена – и тоа со голема погибел“ (Михеј 2:10). Врати се во домот на својот Отец! Тој те повикува, велејќи: „Сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив!” (Исаија 44:22). {ХП 205.1}

Немојте да го слушате предлогот на непријателот кој ве наговара дека не можете да се вратите кај Христа сè додека  не станете подобри, доволно добри за Бог да може да ве прими. Ако чекате на тоа, никогаш нема да дојдете. Кога сатаната ќе ја покаже вашата валкана облека, повторете го Исусовото ветување: „Кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор“ (Јован 6:37). Кажете му на непријателот дека крвта на Исус Христос чисти од секој грев. Молитвата на Давид нека стане и ваша молитва: „Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег“ (Псалм 51:7). {ХП 205.2}

Стани и оди кај својот Отец! Тој ќе ти излезе во пресрет. Ако направиш само еден чекор кон Него со покајание, Тој ќе побрза да те прифати во Своите прегратки на бесконечната љубов. Неговото уво е отворено за крикот на скрушената душа. Нему му е познато и кога твоето срце првпат се свртело кон Бога. Никогаш не е упатена молитва, колку и да е несовршена, никогаш не е пролеана солза, колку и да е потајна, никогаш не се јавил искрен стремеж кон Бога, колку и да е слаб, Божјиот Дух тоа да не го поткренал да го исполни. Дури и пред да се изговори молитвата или да се објави копнежот на срцето, Христовата милост веќе дејствува врз човечкото срце. {ХП 206.1}

Вашиот небесен Отец сака да ја соблече од вас облеката извалкана со грев. Во прекрасното симболичко пророштво на Захарија првосвештеникот Исус (синот Јоседеков) стои облечен во валкана облека пред Господовиот ангел претставувајќи ги грешниците. И Господ ги изговара зборовите: „Соблечете ја од него извалканата облека”; и нему лично: „Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека”.Потоа рече: „Ставете Му на главата чист повој”, и Му ставија на главата чист повој и го облекоа во свечена облека. А ангелот Господов стоеше“ (Захарија 3:4,5). Исто така Господ ќе те облече и тебе во  „облека на правда“ (Исаија 61:10). „Додека вие почивавте меѓу стадата, крилјата на гулабицата заблескаа во сребро, а нејзините пердуви со злато“ (Псалм 68:13). {ХП 206.2}

Тој ќе те „воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов“ (Песна над песните 2:4). „Ако одиш по патиштата Мои“, вели Господ, „ќе владееш со Мојот дом и ќе ги вардиш дворовите Мои. И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде“, меѓу светите ангелите што го опкружуваат Неговиот престол (Захарија 3:7). {ХП 206.3}

„Како што момче се жени со мома,… така ќе ти се радува тебе твојот Бог“ (Исаија 62:5). „Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни, како на празничен ден“ (Софонија 3:17). И земјата и небото ќе се обединат во радоста на Отецот излеана во песната: „Зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде!“ {ХП 207.1}

Сè до овде во параболата на Спасителот нема некоја неусогласена нота да ја наруши хармонијата на радосната сцена. Но сега Христос воведува друг елемент. Кога изгубениот син пристигнал дома, постариот син „беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, слушна песни и извици.И тогаш повика еден од слугите и го праша: ‘Што е ова?’ А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и татко ти закла згоено теле, затоа што повторно здрав го доби.’ Тој се налути и не сакаше да влезе“. Овој постар брат не ја делел загриженоста на татко му ниту пак чекал да се врати изгубениот брат. Затоа тој не учествувал ниту во радоста на таткото што му се вратил залутаниот син. Звуците на радост не предизвикале радост во неговото срце. Тој се распрашувал кај слугата за причината за веселбата и одговорот предизвикал кај него љубомора. Тој не сакал да влезе да се поздрави со изгубениот брат. Наклоноста што е покажана кон изгубениот син тој ја сметал за навреда кон него лично. {ХП 207.2}

Кога татко му излегол да го одоброволи и да го придобие, тогаш се покажала гордоста и злобата на неговата природа. Тој се осврнува на својот живот во домот на неговиот татко како низа на невозвратени услуги, а во погрешна светлина ги прикажува предностите што му се укажани на синот кој штотуку се вратил. Отворено нагласува дека неговата улога во домот повеќе наликувала на улога на слуга отколку на син. Наместо да се радува што живее во присуството на својот татко, тој размислувал за наградата што ја заслужил со својот трудољубив и беспрекорен живот. Неговите зборови покажуваат дека токму заради добивката се откажал од задоволствата на гревот. Според тоа, ако помладиот брат треба да учествува во поделбата на имотот на таткото, тогаш постариот син себеси се смета за оштетен. Затоа е незадоволен со предностите што ги добил помладиот брат. Тој јасно покажува дека ако бил на местото на таткото, тој не би го примил изгубениот син. Тој дури и не го признава како брат, туку ладнокрвно зборува за него како за „твој син“. {ХП 207.3}

Сепак, таткото постапува нежно со него: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое”. Во текот на сите овие години што ги помина твојот брат како изгнаник, зар ти не уживаше предност да се дружиш со мене? {ХП 208.1}

Таткото во изобилна мера им ставил на располагање на своите деца сè што можело да послужи за нивната среќа. Синот немал потреба да поставува прашање за некакви дарови или за награда. „Сè мое е твое!“ Требаше само да ја прифатиш мојата љубов и дарот што ти е понуден во изобилна мера! {ХП 208.2}

Еден од синовите бил одделен од семејството веќе некое време, несвесен за љубовта на неговиот татко. Меѓутоа, сега тој се вратил и напливот од радост и среќа однел многу грди мисли и спомени од минатото: „Зашто овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде”. {ХП 209.1}

Дали постариот брат станал свесен за својот зол, неблагодарен дух? Дали сфатил дека изгубениот син и понатаму е негов брат иако неговиот брат згрешил? Дали постариот брат се покајал поради својата љубомора и тврдоста на срцето? Во врска со ова Христос молчи. Во параболата е истакнато само она што се случило, а слушателите сами треба да утврдат каков ќе биде исходот. {ХП 209.2}

Со постариот син се прикажани непокајаните Евреи во Христово време, но и фарисеите во сите времиња кои со презир ги гледаат сите што тие ги сметаат за цариници и грешници. Бидејќи не паднале во оние најдлабоки пороци, кај нив преовладувала свест за самоправедност. Христос се судрил со тие ситничари на нивна почва. Како и постариот син, и тие уживале посебни привилегии од Бога. Себеси се сметале за синови во Божјиот дом, но биле проникнати со наемнички дух. Работеле, но не од љубов, туку затоа што очекувале награда. Во нивните очи Бог бил строг работодавец. Тие виделе како Христос ги повикува цариниците и грешниците и ним им го нуди изобилниот дар на Својата благодат, дарот што рабините сметале дека само тие можат да си го обезбедат за себе со мака и покајание па биле навредени. Враќањето на изгубениот син, кое срцето на таткото го исполнило со радост, нив само ги поттикнало да станат љубоморни. {ХП 209.3}

Во параболата приговорот на таткото упатен до постариот син претставува нежен повик што им го упатува Небото на сите фарисеи: „Сè мое е твое!“ – не како плата, туку како дар. Како и изгубениот син, и вие можете да го примите само како незаслужен дар на љубовта на Отецот. {ХП 209.4}

Самоправедноста ги наведува луѓето не само погрешно да го прикажуваат Бога, туку ги прави да бидат бесчувствителни и критички расположени кон своите браќа. Себичен и полн со љубомора, постариот син бил подготвен да го контролира својот брат, да ја критикува секоја негова постапка и да го обвинува и за најмал недостаток. Бил готов да ја открие секоја негова грешка и да искористи секое негово погрешно дело. Така тој се обидува да го оправда својот дух кој не простува. И денес мнозина постапуваат како него. Додека некоја душа ги води своите први битки против напливот на искушенија, тие стојат настрана, тврдоглави, самоволни, полни со приговори, обвинувачки расположени. Тие можеби тврдат дека се Божји деца, но дејствуваат според духот на сатаната. Со своето однесување кон своите браќа, овие тужители себеси се ставаат во положба во која Бог не може да ги осветли со светлината на Своето лице. {ХП 210.1}

Мнозина постојано се прашуваат: „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци?Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло?“ Меѓутоа, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:6-8). {ХП 210.2}

Еве ја службата што ја одбрал Бог: „раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем;раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се“ (Исаија 58:6,7). Кога себеси ќе се видиме како грешници кои се спасени единствено со љубовта на нашиот небесен Отец, тогаш ќе чувствуваме нежно сочувство кон ближните кои страдаат поради својот грев. Повеќе никогаш нема да ги пречекуваме со љубомора и осуда. Кога мразот на себичноста ќе се стопи во вашите срца, тогаш ќе покажувате Божјо сочувство и ќе ја споделите со Него радоста што произлегува од спасувањето на изгубените. {ХП 210.3}

Вие со право тврдите дека сте Божји деца; но, ако ова тврдење е вистинито, тогаш оној кој беше „мртов и оживе, изгубен беше и се најде“, навистина ќе биде „твој брат“. Тој е поврзан со тебе со најблиски врски, зашто Бог го признава како Свој син. Ако го одбиеш своето сродство со него, покажуваш дека си само наемник во домот, а не и дете во Божјото семејство. {ХП 211.1} Иако нема да се придружиш кон оние што ги пречекуваат загубените со добредојде, сепак, радоста ќе продолжи, откупените ќе добијат свое место покрај Отецот и во делото на Отецот, но ти ќе останеш во темнина, надвор од домот. „Кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). {ХП 211.2}

Сподели го ова:

Слични објави