29. ВО ПРЕСРЕТ НА МЛАДОЖЕНЕЦОТ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 25:1-13)

Христос со Своите ученици седел на Маслиновата Гора. Сонцето заоѓало зад планините и небото се покривало со вечерни сенки. Пред нивниот поглед се издигала куќа, блескаво осветлена како за некоја празнична пригода. Од сите прозорци допирала светлина, а пред куќата се гледала група свечено облечени мажи и жени, нестрпливо навестувајќи дека наскоро ќе се појави свадбена поворка. Во многу делови на Истокот, свадбените свечености се одржувале навечер. Младоженецот излегувал во пресрет на својата невеста за да ја доведе во својот дом. Во светлината на факелите, свадбената поворка излегувала од домот на невестата и се упатувала кон домот на младоженецот каде што е организирана гозба за поканетите гости. Во сцената што ја посматрал Христос, една група чекала да се појави невестата и нејзината поворка, со намера да и се приклучат на поворката. {ХП 405.1}

Во близина на куќата на невестата имало десет млади девојки облечени во бело. Секоја од нив со себе носела запалена светилка и сад за масло. Сите со нетрпение го очекувале доаѓањето на младоженецот. Меѓутоа, настапило задоцнување. Чекајќи така со часови во ноќта, чекателите се умориле и заспале. На полноќ се слушнал силен вик: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ Заспаните одненадеж се разбудиле и скокнале на нозе. Ја виделе поворката како доаѓа осветлена со факели и придружена со разиграни звуци на музика. Се слушнал гласот на младоженецот и гласот на невестата. Десетте девојки ги зграпчиле своите светилки и почнале да ги средуваат, брзајќи да излезат. Меѓутоа, петте девојки занемариле своите садови да ги наполнат со масло. Не очекувале чекањето толку да се одолжи, па затоа и не се подготвиле за вонредната состојба. Во својата неволја им се обратиле на своите помудри другарки велејќи им: „Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат!“ Меѓутоа, петте што чекале, со своите свежо поткастрени фитилчиња, маслото од своите садови веќе го преточиле во светилките. Немале повеќе масло на располагање и затоа одговориле: „Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!“ {ХП 405.2}             

Додека отишле да купат масло, поворката поминала, оставајќи ги зад себе. Петте девојки со запалени светилки се приклучиле кон мноштвото и влегле во куќата во придружба на невестата, и вратите се затворија. Кога неразумните девојки стигнале пред свечената сала, неочекувано биле одбиени. Домаќинот им рекол: „Вистина, ви велам: не ве познавам!“ Останале надвор, стоејќи на пуста улица, во густа црна ноќ. {ХП 406.1}                

Додека го посматрал мноштвото кое го чекало младоженецот, Христос на Своите ученици им ја раскажал приказната за десетте девојки, опишувајќи го со нивното искуство, искуството на црквата која ќе живее непосредно пред Неговото второ доаѓање. {ХП 406.2}                       

Двете групи на девојки ги претставуваат двете групи кои тврдат дека го чекаат својот Господ. Тие се нарекуваат девици затоа што исповедаат чиста вера. Светилките го претставуваат Божјото слово. Псалмистот вели: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 119:105). Маслото е симбол на Светиот Дух. Така Духот е претставен во пророштвото на Захарија. Пророкот вели: „И се врати оној ангел, кој зборуваше со мене, и ме разбуди, како што се разбудува човек од сон.Па ми рече: ‘Што гледаш?’ Одговорив: ‘Еве, гледам свеќник цел од злато и чашка за масло врз него, а и седум кандилца на него и по седум цевчиња за кандилцата, при врвот.И две маслинови дрвја на него – едно десно од чашката, а друго лево од неа.’ Му се обратив и му реков на ангелот, кој говореше со мене: ‘Што претставува ова, господине?’ И ангелот, што зборуваше со мене, одговори и ми рече: ‘Зар не знаеш што е тоа?’ Му реков: ‘Не знам, господине мој.’ Тогаш одговори и ми рече: ‘Тоа е словото Господово кон Зоровавел, што кажува – не со сила не со снага, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот’… И пак почнав да му зборувам и му реков: ‘Што треба да означуваат оние две маслинови гранчиња, што се наоѓаат меѓу двете златни цевчиња, кои долеваат масло?’ А тој ми рече: „Зар не ти е познато што е тоа?” Му одговорив: ‘Не знам, господине мој.’ Тогаш тој ми рече: ‘Па тоа се двајцата помазаници кои стојат пред Господарот над целата земја’“ (Захарија 4:1-14). {ХП 406.3}

Од двете маслинови дрвја течело златно масло низ златни цевки во садот на светилникот, а оттаму во златните светилки што го осветлувале Светилиштето. Така и од двата „помазаника“, кои стојат во Божјо присуство, Неговиот Дух се пренесува на човечките орудија кои се посветени на Божјата служба. Мисијата на двајцата помазаници е да му ја пренесуваат на Божјиот народ небесната милост која единствено може да стори неговата Реч да биде светилка за нозете и светлина на патеката. „Не со сила не со снага, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4:6). {ХП 408.1}

Во параболата, сите десет девојки излегле да го пречекаат младоженецот. Сите имале светилки и садови за масло. Едно време, не се видела никаква разлика меѓу нив. Така ќе биде и со црквата која ќе живее непосредно пред второто Христово доаѓање. Сите добро го познаваат Светото Писмо. Сите ја слушнале пораката за скорашното второ Христово доаѓање и со сигурност ја очекуваат Неговата појава. Но, она што се случило во параболата, ќе се случи и тогаш. Времето на чекање ќе се одолжи, верата ќе биде ставена на испит, и кога ќе се слушне викот: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“, мнозина ќе бидат неподготвени. Тие немаат масло во садовите за своите светилки. Тие се лишени од Светиот Дух. {ХП 408.2}

Без Божјиот Дух, познавањето на Неговата Реч е бескорисно. Теоријата на вистината, ако не е придружена со Светиот Дух, не може да ја оживее душата ниту да го посвети срцето. Можеби некој е запознаен со библиските заповеди и ветувања, но ако Божјиот Дух не ги всади истите во срцето, неговиот карактер нема да се преобрази. Без просветлување од Духот, луѓето нема да можат да ја разликуваат вистината од заблудата и ќе паднат под маестралните искушенија на сатаната. {ХП 408.3}

Групата претставена со неразумните девојки не е лицемерна. Таа ја цени и ја пропагира вистината; таа е на страна на оние што веруваат во вистината, но не се предале на влијанието на Светиот Дух. Тие не паднале на Карпата, Исус Христос, и не  дозволиле да се скрши нивната стара природа. Таа група е претставена и со слушателите на каменливата почва. Тие лесно ја прифаќаат Речта, но не ги усвојуваат нејзините начела. Нејзиното влијание врз нив не е трајно. Духот делува на срцето на човекот, всадувајќи нова природа според негова желба и согласност; но групата, претставена со неразумните девојки е задоволна со површна работа. Тие не го познаваат Бога, не го проучувале Неговиот карактер, не комуницирале со Него и затоа не знаат како да Му се доверат, како да гледаат и живеат. Нивната служба на Бога преминала во формализам. „И тие ќе доаѓаат кај тебе како на собрание народно и Мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; зашто тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се управува по нивната лакомост“ (Езекиел 33:31). Апостол Павле посочува дека ова ќе биде посебна карактеристика на оние кои живеат непосредно пред второто Христово доаѓање. Тој вели: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви… повеќе сластољубиви отколку богољубиви,на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ ( 2. Тимотеј 3:1-5). {ХП 411.1}

Ова е група која за време на опасност извикува: „Мир и безбедност!“ (1. Солунјаните 5:3). Тие своите срца ги успиваат во некаква сигурност и не сонуваат за никаква опасност. Кога ќе се тргнат од летаргијата, тие ја препознаваат својата сиромаштија и бараат од другите да го надоместат нивниот недостаток; но во духовните работи никој не може да го надомести недостатокот на другиот. Божјата милост бесплатно се нуди на секоја душа. Се прокламира евангелската порака: „И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Но карактерот не може да се пренесе. Никој не може да верува наместо друг. Никој не може да го прими Духот наместо друг. Никој не може да му го пренесе на друг карактерот што е плод на делувањето на Духот. „Или, да бев пратил врз таа земја помор… за да истребувам во неа луѓе и добиток,тоа Ное, Даниел и Јов среде неа – се колнам во Себе, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души“ (Езекиел 14:19,20). {ХП 411.2}  

Карактерот се открива во криза. Кога се огласил свечениот полноќен вик: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ девојките што спиеле се разбудиле од дремката, и тогаш се видело кој се подготвил за настанот. Двете групи биле изненадени, но едната била подготвена за вонредна состојба, а другата била неподготвена. Така, кога ќе настапи криза, некоја ненадејна и неочекувана несреќа, настан кој душата ќе ја соочи лице во лице со смртта, ќе покаже дали таа негува вистинска вера во Божјите ветувања. Ќе покаже дали душата навистина се потпира врз Божјата милост. Последниот голем тест доаѓа на крајот од времето на милоста за човечкиот род, кога ќе биде доцна да се задоволат потребите на душата. {ХП 412.1}

Десетте девојки чекаат во самото предвечерие на земната историја. Сите тие тврдат дека се христијани. Сите го чуле повикот, сите имаат светилки и тврдат дека му служат на Бога. Очигледно, сите го чекаат Христовото доаѓање. Но петте девојки не се подготвени! Петте ќе бидат изненадени и преплашени ќе се најдат надвор од свадбената сала. {ХП 412.2}

Во последниот ден, мнозина ќе бараат да бидат примени во Христовото царство велејќи: „Јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше!“ „Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‘Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме’“ „А Тој ќе рече: ‘Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда’“ (Лука 13:26; Матеј 7:22; Лука 13:27). Во овој живот тие не воспоставиле заедница со Христа; затоа не го познаваат небесниот јазик, туѓа им е небесната радост. „Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух“ (1. Коринтјаните 2:11). {ХП 412.3}

Најтажни од сите зборови што некогаш допреле до увото на смртникот се зборовите на пропаст: „Не ве познавам!“ Единствено заедницата со Духот, што сте го занемариле, можела да ве направи едно со радосното мноштво на свадбената прослава. Вие не можете да учествувате во овој настан. Неговата светлина би паднала врз заслепени очи, а Неговата мелодија врз глуви уши. Неговата љубов и Неговата радост никогаш не можат да разбудат ниту еден акорд на радост во срцето кое светот го направил нечувствително. Вие сте исклучени од небото поради својата недостојност за света заедница. {ХП 413.1}

Ние не можеме да се подготвиме за средба со Господа така што ќе се разбудиме кога ќе се слушне викот: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ Не ќе можеме тогаш да побрзаме и да ги наполниме нашите празни светилки. Ние не можеме да го оддалечиме Христа од нашиот живот овде, а да се подготвиме за заедница со Него на небото. {ХП 413.2}

Во параболата, мудрите девојки имале масло во садовите заедно со своите светилки. Во текот на ноќта, додека чекале, нивната светлина блескала со непоматен сјај и ја засилувала заедничката светлина во миговите кога пристигнувал младоженецот. Светејќи во темнината, таа помогнала да се осветли патот до домот на младоженецот, кон куќата во која се одржувала свадбената свеченост. {ХП 414.1}

Така и Христовите следбеници со својата светлина треба да ја расветлат темнината на овој свет. Преку силата на Светиот Дух, Божјата реч станува светлина, бидејќи станува преобразувачка сила во животот на примателот. Всадувајќи ги во нивните срца начелата на Неговата реч, Светиот Дух кај луѓето развива божествени особини. Во животот на Неговите следбеници треба да свети светлината на Неговата слава – Неговиот карактер. На тој начин тие треба да го прослават Бога, да го осветлуваат патот до куќата на Младоженецот, до Божјиот град, до свадбената вечера на Јагнето. {ХП 414.2}

Пристигнувањето на младоженецот било на полноќ, во најтемниот час. Така и Христовото доаѓање ќе се случи во најтемниот период од историјата на оваа земја. Деновите на Ное и Лот ја отсликуваат состојбата на светот непосредно пред доаѓањето на Синот Човечки. Во стиховите што укажуваат на ова време се вели дека сатаната ќе работи со сета своја сила „и со секакво неправедно измамување“ (2. Солунјаните 2:9,10). Неговото дело јасно се открива во се поголемата темнина, во многубројните заблуди, ереси и измами во овие последни денови. Сатаната не само што го води светот во заробеништво, туку неговите измами како квасец се шират и во таканаречените цркви на нашиот Господ Исус Христос. Големиот отпад ќе прерасне во темнина потемна од полноќната, непробивна како најцрно платно. За Божјиот народ, тоа ќе биде ноќ на неволја, ноќ на плачење, ноќ на прогонство заради вистината. Но и во таа темна ноќ ќе блесне Божјата светлина. {ХП 414.3}

Тој прави „од темнината да изгрее светлина“ (2. Коринтјаните 4:6). Кога „Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата. И Бог рече: ‘Нека биде светлина!’ И настана светлина!“ (Создавање 1:2,3). Така и во ноќта на духовната темнина ќе екне Божјата реч: „Нека биде светлина!“ На Својот народ Бог му вели: „Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе“ (Исаија 60:1). {ХП 415.1}

Писмото вели: „Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе“ (Исаија 60:2). {ХП 415.2}

Темнината која го обвива светот  е темнина на погрешна претстава за Бога. Луѓето изгубиле секакво претстава за Божјиот карактер. Тој е погрешно сфатен и погрешно толкуван. Во тоа време треба да се објави порака од Бога, порака што просветлува со своето влијание, порака што има спасоносна моќ. Неговиот карактер мора да се обелодени. Светлината на Неговата слава, светлината на Неговата добрина, милост и вистина, треба да ја растера темнината на овој свет. {ХП 415.3}

Ова е делото што го опишува пророкот Исаија со зборовите: „Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благоизвестителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јудини: еве Го вашиот Бог!Ете, Господ Бог иде со сила и раката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово“ (Исаија 40:9,10). {ХП 415.4}

Оние што го очекуваат доаѓањето на Младоженецот треба да им кажат на луѓето: „Еве Го вашиот Бог!“ Последните зраци на милосрдната светлина, последната порака на милоста што му е дадена на светот, е откривање на Неговиот карактер на љубовта. Божјите деца треба да ја манифестираат Неговата слава. Со својот живот и карактер, тие треба да откријат што направила Божјата благодат за нив. {ХП 415.5}

Светлината на Сонцето на правдата треба да свети во добри дела – со зборови на вистината и со свети постапки. {ХП 416.1}

Христос, одраз на славата на Отецот, дошол на светот да биде светлина на светот. Дошол на луѓето да им го прикаже Бога. За Него е запишано дека „Го помаза Бог со Дух Свети и со сила“ и дека „одеше вршејќи добри дела“ (Дела 10:38). Во синагогата во Назарет, Тој рекол: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;да ја проповедам благопријатната година Господова“ (Лука 4:18,19). Тоа е задачата која Христос им ја оставил на Своите ученици. Тој рекол: „Вие сте светлина на светот!“ „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5:14,16). {ХП 416.2}

Ова е делото што го опишува пророкот Исаија кога вели: „Раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува“ (Исаија 58:7,8). {ХП 417.1}

И така, во ноќта на духовната темнина, Божјата слава треба да блесне преку Неговата црква, подигајќи ги погазените и утешувајќи ги жалосните. {ХП 417.2}

Насекаде околу нас се слушаат лелеци на јадосаниот свет. На сите страни има сиромаси и несреќни. Наша должност е да помогнеме во ублажување и во олеснување на животните тешкотии и неволји со кои се соочуваат. {ХП 417.3}

Практичната работа ќе има многу поголем ефект од проповедите. Ние треба да им дадеме храна на гладните, облека на голите, засолниште на бездомниците. Повикани сме да сториме и повеќе од тоа. Само Христовата љубов може да ги задоволи потребите на душата. Ако Христос престојува во нас, нашите срца ќе биде исполнети со божествено сочувство. Запечатените извори на искрената, Христолика љубов ќе бидат отпечатени. {ХП 417.4}

Бог од нас бара не само дар за сиромасите, туку и ведро лице, зборови што охрабруваат, пријателски стисок на рака. Кога Христос ги лекувал болните, Тој врз нив полагал раце. Затоа и ние мораме да стапиме во близок контакт со оние на кои сакаме да им помогнеме. {ХП 418.1}

Мнозина останале речиси без никаква надеж. Вратете им ја сончевата светлина! Мнозина изгубиле храброст. Упатете им зборови што охрабруваат! Молете се за нив! Постојат луѓе на кои им е потребен лебот на животот. Читајте им од Божјата реч! Многу се заболени од душевна болест која ниту еден земен мелем не може да ја ублажи ниту лекар да ја излечи. Молете се за тие души, доведете ги кај Исус! Кажете им дека има балсам во Галаад и Лекарот е таму! {ХП 418.2}

Светлината е благослов, универзален благослов кој ги излева своите богатства врз овој неблагодарен, несвет и морално расипан свет. Така е и со светлината на Сонцето на правдата. Целата земја, обвиткана со темнината на гревот, тагата и болката, треба да биде осветлена со знаењето за Божјата љубов. На ниту една верска заедница, ранг или класа на луѓе не треба да и биде ускратена светлината што сјае од небесниот престол. {ХП 418.3}

Пораката на надеж и милост треба да се носи до краиштата на земјата, Секој што ќе посака, ќе може да посегне и да се фати за Божјата сила; ќе може да склучи и да има мир со Него. И незнабошците нема веќе да бидат обвиткани со полноќна темнина. Темнината мора да исчезне пред светлите зраци на Сонцето на правдата. Моќта на гробот ќе биде совладана. {ХП 418.4}

Меѓутоа, никој не може да го даде она што самиот не го примил. Во Божјото дело ништо не може да се постигне со човечка сила. Ниту еден човек не може со свои напори да стане светлоносец за Бога. Единствено златното масло, кое небесните гласници преку златните цевки го спроведувале во златните садови во светилките на Светилиштето, било во состојба континуирано да ја одржува блескавата, сјајна светлина. Само Божјата љубов, која постојано се излева врз човекот, може да го оспособи човечкото орудие да пренесува светлина. Во срцата на сите кои со вера се поврзани со Бога, златното масло на љубовта тече слободно, за повторно да заблеска во добри дела, во вистинска, срдечна служба за Бога. {ХП 418.5}

Во Големиот и неизмерен дар на Светиот Дух се содржани сите небесни ресурси. Ако врз човекот не се слева богатството на Божјата милост, тогаш тоа не е поради некакво ограничување од Бога. Кога сите би сакале да ја примат силата на Светиот Дух, сите би биле исполнети со неа. {ХП 419.1}

Привилегија на секоја душа е да постане жив канал преку кој Бог ќе може да му ги пренесе на светот богатствата на Својата милост, неисцрпните Христови богатства. Нема ништо што Христос толку многу посакува како орудија кои на светот ќе му го претстават Неговиот Дух и карактер. Нема ништо што на светот му е толку потребно, колку што е манифестацијата на љубовта на Спасителот преку луѓето. Целото небо чека канали преку кои може да го излее светото масло да носи радост и благослов во човечкото срце. {ХП 419.2}

Христос сторил сè за да ја трансформира Својата црква во тело кое, осветлено со Светлината на светот, ја поседува славата на Емануел. Негова намера е секој христијанин да биде опкружен со духовна атмосфера на светлина и мир. Тој сака да ја откриваме Неговата радост во нашите животи. Најдобар доказ дека во нечие срце живее Светиот Дух е небесната љубов што ја покажува човекот во својот живот. {ХП 419.3}

 Присуството на Духот ќе се манифестира со излевање на небесната љубов.  Божествената полнота ќе тече преку посветен човечки претставник, за да се излева и на другите. {ХП 419.4}

Сонцето на правдата носи исцелување „во зраците негови“ (Малахија 4:2). Така и секој вистински ученик треба да шири влијание што носи живот, храброст, корисност и вистинско исцелување. {ХП 419.5}

Христовата религија значи многу повеќе од простување на гревовите; тоа значи отстранување на нашите гревови и пополнување на празнината со доблести на Светиот Дух. Тоа значи божествено просветлување, радост во Бога. Тоа значи срце испразнето од себичност, благословено со постојаното Христово присуство. Кога Христос царува во душата, постои чистота, ослободување од гревот. Во животот на тој човек се исполнуваат славата, изобилието и совршенството на евангелскиот план. Прифаќањето на Спасителот во срцето внесува совршен мир, совршена љубов, совршена сигурност. Убавината и мирисот на Христовиот карактер откриени во животот сведочат дека Бог го испратил Својот Син во светот да биде негов Спасител. {ХП 419.6}

Христос не бара од Своите следбеници да се трудат да светат. Тој вели: „Нека свети вашата светлина!“ Ако сте ја примиле божествената милост, тогаш светлината е во вас. Отстранете ги пречките и славата Господова ќе се открие. Светлината ќе светне за да навлезе и да ја растера темнината. И вие едноставно нема да можете а да не светлите во подрачјето на вашето влијание. {ХП 420.1}

Откривањето на Неговата слава во човечка форма ќе го приближи небото до луѓето до таа мера што убавината што го краси внатрешниот храм ќе се види во секоја душа во која живее Спасителот. Славата на Спасителот кој живее во нас, ќе ги плени и восхитува луѓето. И во изливи на пофалби и благодарност од многубројните души придобиени за Бога, славата ќе му се врати на големиот Дародавец. {ХП 420.2}

„Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе!“ (Исаија 60:1). Оваа порака им е упатена на оние кои излегле да го пречекаат Младоженецот. Христос доаѓа со сила и голема слава. Тој доаѓа со Својата слава и со славата на Отецот. Тој доаѓа во придружба на сите свети ангели. Бидејќи целиот свет е обвиен со темнина, во секое живеалиште на светите ќе има светлина. Тие први ќе го видат сјајот на Неговото второ појавување. Неговата слава и величество ќе болскотат со беспрекорна вонземна светлина, и Откупителот, Христос, ќе биде предмет на восхит, ќе го слават и обожаваат сите кои му служеле. Додека беззакониците бегаат од Неговото присуство, Христовите следбеници ќе се радуваат. Патријархот Јов, гледајќи го времето на второто Христово доаѓање, вели: „Јас сам ќе Го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат Него!“ (Јов 19:27). За Своите верни следбеници Христос бил секојдневен другар и познат пријател. Тие живееле во близок контакт, во постојана заедница со Бога. Врз нив се покажала Господовата слава. Тие ја рефлектирале светлината на знаењето на Божјата слава во лицето на Исус Христос. Сега тие се радуваат на нејасните зраци на сјајот и славата на Царот во Неговото величество. Тие се подготвени за заедница со небото, зашто што го имаат небото во нивните срца. {ХП 420.3}

Со кренати глави, осветлени со светлите зраци на Сонцето на правдата, радосни што наближува нивното избавување, тие излегуваат да го пречекаат Младоженецот, велејќи: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нè спаси!“ (Исаија 25:9). {ХП 421.1} „И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кој велеше: ‘Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се приготви!’… И ми рече: ‘Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!’”… И ми рече: ’Напиши: Блажени се оние кои се повикани на свадбата на Јагнето!“‘ „Тој е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни“ (Откровение 19:6-9; 17:14). {ХП 421.2}

Сподели го ова:

Слични објави