4. KAKOЛ

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:24-30,37-43)

„И друга парабола им кажа, велејќи: Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива.Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде.А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот”. {ХП 70.1}

„Нивата е светот!“ рекол Христос. Меѓутоа, ние мораме да сфатиме дека овие зборови ја означуваат Христовата црква во светот. Во оваа парабола се опишуваат оние што му припаѓаат на Божјото царство, на Неговата служба за спасување на луѓето, а таа служба се извршува преку црквата. Вистина, Светиот Дух е присутен во целиот свет и Тој насекаде влијае врз срцата на луѓето, но во црквата треба да растеме и да созреваме за Божјата житница. {ХП 70.2}

„Сејачот на доброто семе е Синот Човечки… доброто семе тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот”.  Доброто семе ги претставува оние што се родени од Божјата реч, од вистината. Каколот ја претставува групата луѓе кои се плод или олицетворение на заблудата, односно на лажните начела. „Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот”. Ниту Бог ниту Неговите ангели никогаш не сееле семе од кое ќе израсне какол. Каколот секогаш го сее сатаната, непријателот на Бога и на човекот. {ХП 70.3}

На исток, луѓето понекогаш му се одмаздуваат на својот непријател така што на неговото штотуку посеано поле ќе посеат семе на некој штетен плевел кој, додека расте, многу наликува на пченица. Изникнувајќи со пченицата, плевелот го намалува приносот, предизвикува неволји и му носи загуба на сопственикот на полето. Исто така, од непријателство кон Христа, сатаната го сее своето зло семе меѓу здравите зрна на царството. Плодовите на своето сеење му ги припишува на Божјиот Син. Доведувајќи во црквата такви кои само го носат Христовото име, иако го отфрлаат Неговиот карактер, нечестивиот сака Божјото име да се обесчести, погрешно да се протолкува делото на спасението и да се загрозат душите. {ХП 71.1}

Христовите слуги се тажни кога гледаат како во црквата се мешаат вистински и лажни верници. Тие копнеат да направат нешто за да ја исчистат црквата. Како и слугите на домаќинот на нивата, тие се подготвени да го искорнат плевелот. Но Христос им вели: „Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата”. {ХП 71.2}

Христос јасно учел дека оние кои упорно и отворено грешат, мора да бидат одвоени од црквата, но Тој не ни ја предал нам задачата да ги оценуваме карактерите и побудите на луѓето. Тој премногу добро ја познава нашата природа за да ни ја довери оваа задача. Кога би се обиделе од црквата да ги искорениме оние што ги сметаме за лажни христијани, сигурно ќе направиме грешки. Честопати ги прогласуваме за безнадежни случаи токму оние што Христос сака да ги привлече кон Себе. Кога ние би се справувале со овие души и нивниот случај би го решавале сообразно со нашите несовршени расудувања, можеби би им ја згаснале и последната надеж. Мнозина кои себеси се сметаат за христијани на крај ќе бидат прогласени како лесни. Многумина ќе бидат во рајот за кој соседите претпоставувале дека никогаш нема да влезат. Човекот суди според изгледот, но Бог суди според срцето. Каколот и пченицата треба да растат заедно до жетвата; а жетвата е крај на времето за проверка. {ХП 71.3}

Зборовите на Спасителот кријат уште една поука, поука за прекрасната трпеливост и нежната љубов. Како што корењата на каколот се тесно испреплетени со корењата на благородната пченица, така и лажните браќа во црквата можат да бидат тесно поврзани со вистинските ученици. Вистинскиот карактер на овие лажни верници не е целосно откриен. Да беа одделени од црквата, тоа би довело до сопнување на други, кои инаку би останале непоколебливи. {ХП 72.1}

Поуката на оваа парабола добро е прикажана со Божјите постапки кон луѓето и ангелите. Сатаната е измамник. Кога згрешил на небото, дури и лојалните ангели не го разбрале целосно неговиот карактер. Ова била причината зошто Бог не го уништил сатаната веднаш. Ако го сторел тоа, светите ангели не би ја сфатиле Божјата праведност и љубов. Сомнежот во Божјата добрина би останал како зло семе кое би донело горчливи плодови на гревот и болката. Затоа, зачетникот на злото бил поштеден за целосно да го покаже својот вистински карактер. Во текот на долгите векови Бог бил изложен на маки гледајќи ги делата на злото. Тој го дал бесконечниот Дар на Голгота со што не дозволил некој да биде измамен со лажните зборови на нечестивиот; зашто плевелот не може да се искорне без опасност да се искорени и драгоцената пченица. Зарем не би требало и ние да покажеме исто толкава толерантност кон нашите ближни како што покажал Господарот на небото и земјата кон сатаната? {ХП 72.2}  

Светот нема право да се сомнева во вистинитоста на христијанството само затоа што во црквата има и недостојни верници, ниту христијаните смеат да се обесхрабрат поради своите лажни браќа. Како било тоа во раната црква? Ананија и Сапфира им се придружиле на учениците. Симон вражарот се крстил. Димас, кој го напуштил Павла, бил сметан за верник. Јуда Искариот се вбројувал меѓу апостолите. Откупителот не сакал да изгуби ниту една душа; Неговото искуство со Јуда е забележано за да се покаже Неговото бесконечно трпение кон изопачената човечка природа; и Тој нè повикува и ние да ги поднесуваме таквите, следејќи го Неговиот пример. Тој кажал дека во црквата ќе се најдат лажни браќа се до крајот на времето. {ХП 72.3}

Без оглед на Христовото предупредување, луѓето се обидувале да го искоренат каколот. За да ги казни оние што ги прогласила за злосторници, црквата прибегнала кон граѓанската власт. Сите, чиишто верувања се разликувале од општо прифатените доктрини, за возврат биле затворени, изложени на мачење и убивани; тоа го правеле луѓе кои тврделе дека за тоа добиле одобрение од Христа. Меѓутоа, тие нивни дела се инспирирани од духот на сатаната, а не од Христовиот Дух. Со такви методи се служел сатаната за да го стави светот под своја власт. Бог бил погрешно претставен преку црквата со овој начин на справување со таканаречените еретици. {ХП 74.1}

Оваа Христова парабола нè учи да не ги осудуваме ниту да ги омаловажуваме другите, туку да бидеме понизни и да не се потпираме врз себе. Не е сè што е посеано на нивата, добро семе. Фактот што некој е во црквата не докажува дека тој е христијанин. {ХП 74.2}

Каколот многу личи на пченицата додека неговите стебленца биле зелени; но, кога нивата ќе созрее за жетва, безвредниот плевел наполно се разликува од пченицата која се виткала под товарот на полните, зрели зрна. Грешниците, кои тврдат дека се побожни, можат извесно време да се мешаат со вистинските Христови следбеници; нивното привидно христијанство е пресметано да измами мнозина; но, во жетвата на светот нема да има веќе сличности меѓу доброто и злото. Тогаш ќе се откријат оние што се приклучиле на црквата, но не се придружиле на Христа. {ХП 74.3}

На плевелот му е дозволено да расте заедно со пченицата, да ги ужива сите предности на сонцето и дождот; но, за време на жетвата „ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи“ (Малахија 3:18). Самиот Христос ќе одлучи кој е достоен да живее со небесното семејство. Тој ќе му суди на секој човек според неговите зборови и дела. На Неговите мерила празната вера не значи ништо. Карактерот е тој што одлучува за судбината на секој човек. {ХП 74.4} Спасителот не кажува дека некогаш во иднина сиот плевел ќе стане пченица. Пченицата и плевелот ќе растат заедно до жетвата, крајот на светот. Тогаш каколот ќе биде врзан во снопови за да изгори, а пченицата ќе се собере во Божјите амбари. „Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец“. Тогаш „Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела,и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби”. {ХП 75.1}

Сподели го ова:

Слични објави