3. „НАЈНАПРЕД СТЕБЛЕНЦЕ, ПА КЛАС“

Сподели го ова:

 (Оваа поглавје се темели на Марко 4:26-29)

Параболата за сејачот покренува многу прашања. Некои слушатели заклучиле дека Христос нема да воспостави земно царство, додека други станале љубопитни и збунети. Гледајќи ја нивната збунетост, Христос се послужил со други илустрации, трудејќи се и понатаму нивните мисли да ги одврати од надежта за земно царство и да ги пренасочи кон делото на Божјата милост во душата. {ХП 62.1}

„Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае.Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот.А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва”. {ХП 62.2}

Господарот кој „веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва“, не може да биде никој друг освен Христос. Тој е Оној што во последниот голем ден ќе ја жнее жетвата на земјата. Но, сејачот на семето ги претставува оние кои работат за Христос. За семето се вели дека „никнува и како расте семето, тој не знае“, и тоа не се однесува на Божјиот Син. Христос не спие за време на Својата работа, туку го надгледува семето дење и ноќе. Нему не му е непознато како расте семето. {ХП 62.3}

Параболата за семето открива дека Бог дејствува во природата. Семето содржи во себе начело на ‘ртење, начело што самиот Бог го всадил во него; сепак, кога би било препуштено само на себе, семето не би имало сила да никне. И човекот треба да одигра своја улога за да го потпомогне растењето на семето. Тој мора да ја подготви и да ја збогати почвата и да го фрли семето. Тој мора да ја обработи нивата. Но, постои точка над која тој не може да постигне ништо. Со никаква сила ниту мудрост човекот не може да го наведе живиот никулец да никне од семето. Човекот може да ги вложи своите напори до крајни можни граници, но тој сепак ќе остане зависен од Оној кој сеењето и жетвата ги поврзал со прекрасни врски на Својата семоќна сила. {ХП 63.1}

Во семето има живот, во земјата постои сила; но, ако со тоа не би дејствувала дење и ноќе бесконечната божествена сила, семето никогаш не би донело плод. Мора да се излеат обилни дождови за да им даде влага на жедните полиња, сонцето треба да дава топлина, струјата да се пренесе до закопаното семе. Единствено Творецот, кој го всадил животот во семето, може и да го поттикне да расте. Секое семе расте, секоја билка се развива, единствено со Божјата сила. {ХП 63.2}

„Зашто – како што земјата ги произведува растенијата свои, и како што во градината расте сè што ќе се посее – така Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи“ (Исаија 61:11). Она што се случува во природата, се случува и при духовната сеидба; учителот на вистината треба да се потруди да ја подготви почвата на срцето; тој мора да го посее семето, но силата што произведува живот доаѓа единствено од Бога. Постои точка преку која секој човечки напор е залуден. Иако треба да ја проповедаме Речта, ние не можеме да ја пренесеме сила што ќе ја оживее душата и што ќе стори да никне правда и пофалба. Заедно со проповедањето на Речта мора да дејствува сила поголема од секоја човечка сила. Единствено со силата на Божјиот Дух Речта ќе стане жива и јака, способна да ја обнови душата за вечен живот. Тоа е она што Христос се обидел да им го втисне на Своите ученици. Тој ги учел дека ништо од она што го поседуваат во себе нема да обезбеди успех во нивната работа, туку дека Божјата чудотворна сила ќе стори Неговата Реч да биде делотворна. {ХП 63.3}

Работата на сејачот е дело на верата. Тајната на ртењето и растењето на семето тој не може да ја разбере, но тој има доверба врз средствата со кои Бог предизвикува цветање на вегетацијата. Фрлајќи го семето во земјата, тој очигледно го губи драгоценото жито што може да му обезбеди леб на неговото семејство. Меѓутоа, тој се откажува од сегашните добра, за поголемо враќање. Тој го фрла семето, надевајќи се дека ќе го собере многукратно зголемено во обилна жетва. Така треба да работат и Христовите слуги, очекувајќи жетва од семето што го посеале. {ХП 64.1}

Некое време, доброто семе може да лежи незабележано во студеното, себично и световно срце, без да даде доказ дека пуштило корен; но подоцна, кога во душата ќе делува Божјиот Дух, скриеното семе никнува и на крај дава плод на Божја слава. Во нашата животна задача не знаеме што ќе успее, ова или она. Ова не е прашање на кое ние треба да дадеме одговор. Ние треба да си ја извршиме својата работа и резултатите да му ги препуштиме на Бога. „Изутрина сеј го семето твое и навечер нека не мируваат рацете твои“ (Проповедник 11:6). Големиот Божји завет вели дека „сè дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето“ (Создавање 8:22). Потпирајќи се врз ова ветување, земјоделецот ора и сее. Ни малку помала доверба не смееме да имаме ниту ние кои вршиме духовна сеидба, верувајќи во Неговото ветување: „Така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11). „Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја“ (Псалм 126:6). {ХП 65.1}

Ртењето на семето претставува почеток на духовниот живот, а развојот на билката е прекрасна слика на христијанскиот раст. И во природата и во благодатта, не може да има живот без раст. Билката или мора да расте или да умре. Бидејќи нејзиниот раст е тивок и незабележлив, но континуиран, така се развива и христијанскиот живот. Во секоја фаза од развојот, нашиот живот може да биде совршен; но, ако се исполни Божјата намера во нас, ние постојано ќе напредуваме. Посветувањето е доживотно дело. Како што се умножуваат нашите можности, така ќе расте нашето искуство, а нашето знаење ќе се зголеми. Ќе станеме посилни, поспособни да носиме одговорности, а нашата зрелост ќе биде пропорционална со нашите привилегии. {ХП 65.2}

Билката расте примајќи го она што Бог го обезбедил за да го одржи нејзиниот живот. Таа ги пушта своите корени во земјата. Ја апсорбира сончевата светлина, росата и дождот. Добива животворни својства од воздухот. На ист начин и христијанинот треба да расте соработувајќи со божествените орудија. Чувствувајќи ја нашата немоќ, треба да ги подобриме сите можности што ни стојат на располагање за да стекнеме повеќе искуство. Како билката што пушта корен во почвата, така и ние треба длабоко да се вкорениме во Христа. Како што билката добива сончева светлина, роса и дожд, така и ние мораме да го отвориме нашето срце за влијанието на Светиот Дух. Работата треба да се изврши „не со сила не со снага, а со Мојот Дух“ (Захарија 4:6). Ако нашите мисли ги задржиме на Христа, Тој ќе ни дојде „како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата“ (Осија 6:3). Тој ќе ни изгрее како сонце на правдата „и исцелување ќе има во зраците негови“ (Малахија 4:2). Ние ќе цветаме како крин, ќе оживееме како пченица, ќе растеме како лоза (Осија 14:5,7). Со постојано потпирање на Христа како наш личен Спасител, ние ќе растеме во Оној, кој е наш поглавар. {ХП 66.1}

Пченицата развива „најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот“. Целта на земјоделецот при сеидбата на семето и одгледувањето на растенијата е производство на жито. Тој очекува леб за гладните и семе за идната жетва. Исто така и божествениот Земјоделец очекува жетва како награда за Својот труд и жртва. Христос се обидува да се  репродуцира во срцата на луѓето; Тој тоа и го прави за оние што веруваат во Него. Целта на христијанскиот живот е да донесе плод  – репродукција на Христовиот карактер во верникот, за да може да се репродуцира и во другите. {ХП 67.1}

Билката не ’рти, не расте, ниту носи плод само за себе, туку „за да му дава семе на оној, што сее и леб за да јаде“ (Исаија 55:10). Така никој не треба да живее само за себе. Христијанинот на овој свет е како Христов претставник, за спасение на другите души. {ХП 67.2}

Нема никакво растење ниту плод во животот кој е насочен кон себеси. Ако сте го прифатиле Христа како личен Спасител, треба да заборавите на себе и да се обидете да им помагате на другите. Зборувајте за Христовата љубов, говорете за Неговата добрина. Извршувајте секоја должност што ќе ви се даде. Носете одговорност за душите во своето срце и со сите средства што ви стојат на располагање трудете се да ги спасите изгубените. Кога ќе го примите Христовиот Дух – духот на несебична љубов и труд за другите – вие ќе растете и ќе донесете плод. Во вашиот карактер ќе се покажат доблестите на Духот. Вашата вера ќе расте, вашето уверување ќе се продлабочува, вашата љубов ќе се усовршува. Сè повеќе ќе го одразувате Христовиот лик во сè што е чисто, благородно и убаво. {ХП 67.3}

„А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност,кротост, воздржливост. Против такви нема закон“ (Галатјаните 5:22,23). Овој плод никогаш нема да пропадне, туку ќе донесе, според својот вид, жетва за вечен живот. {ХП 68.1}

„А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва”. Христос со длабок копнеж очекува да се покаже во Својата црква. Кога Неговиот карактер совршено ќе се репродуцира во Неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како Свои. {ХП 69.1} Предност на секој христијанин е не само да го очекува, туку и да го забрза доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос (2. Петрово 3:12). Ако сите што го исповедаат Неговото име би носеле и плод на Негова слава, колку бргу целиот свет би бил посеан со семето на евангелието! Бргу ќе созрееше последната голема жетва и Христос би дошол да го собере скапоценото жито. {ХП 69.2}

Сподели го ова:

Слични објави