11. НОВО И СТАРО

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Матеј 13:51,52)

Додека Христос го поучувал народот, Тој исто така ги учел и Своите ученици за нивното идно дело. Сите Негови поуки биле проникнати со совети наменети за нив. Откако ја изнел параболата за мрежата, ги прашал: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие одговориле: „Да, Господи!” Потоа во друга парабола им објаснил каква одговорност имаат кон вистината што ја примиле. Им рекол: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо“. {ХП 124.1}

Богатството што го стекнал домаќинот, не го задржал за себе. Го изнел за да им го предаде на другите. Богатството се зголемува кога се става во употреба. Домаќинот на располагање имал скапоцени работи, и нови и стари. Сообразно со тоа, и Христос кажува дека вистината, што им ја доверил на Своите ученици, мора да му ја објават на светот. Кога знаењето за вистината ќе се пренесува, тоа ќе се зголемува. {ХП 124.2}

Сите што ќе го прифатат евангелието во своите срца, копнеат да го објават. Христовата небесна љубов, мора да се покаже. Оние што се облекле во Христа ќе раскажат за своето искуство следејќи го чекор по чекор водството на Светиот Дух –  нивната глад и жед за познавање на Бога и испратениот од Него Исус Христос, резултатите од истражувањето на Писмото, нивните молитви, нивната душевна борба, и Христовите зборови кон нив: „Ти се простуваат гревовите!“ Секако, тие не можат да не им зборуваат за тоа на другите. Не е природно некој да ги крие тие искуства, па тоа не го прават ниту оние на кои срцето им е исполнето со Христовата љубов. Сообразно со големината на вистината што им ја доверил Господ е и нивната желба да им помогнат на другите да ги добијат истите благослови. Објавувајќи го богатството на Божјата благодат, тие самите добиваат сè повеќе и повеќе од Христовата благодат. Добиваат ново срце, срце на мало дете кое се одликува со едноставност и со безрезервна послушност. Нивните души копнеат по светост, и во сè поголема мера им се открива богатството на вистината и благодатта за да му го пренесат на светот. {ХП 125.1}

Божјата пишана Реч, книгата на природата и книгата на искуствата за Божјото постапување со луѓето се големи ризници на вистината. Тоа се ризници од кои треба да црпат Христовите соработници. Во својата потрага по вистината тие мора да се потпрат на Бога, а не на човечката интелигенција, на големите луѓе чија мудрост е лудост пред Бога. Преку канали што сам ќе ги одбере, Господ ќе му пренесе знаење за Себе на секој трагач. {ХП 125.2}  

Ако Христовите следбеници веруваат во Неговата Реч и ја практикуваат, тогаш не постои наука во светот на природата што тие не можат да ја разберат и ценат. Тоа е единствен начин вистината да им се пренесе на другите. Природните науки се ризница на знаење од која може да црпи секој ученик во Христовата школа. Додека размислуваме за убавината на природата, додека ги проучуваме нејзините поуките за обработување на почвата, со помош на растењето на дрвјата, во сите чуда на земјата, морето и воздухот, ние вистината ја сфаќаме на наполно нов начин. И тајните поврзани со Божјите постапки кон луѓето, длабочината на Неговата мудрост и судот, што се гледаат во животот на човекот, ќе се покажат како ризница која содржи големо богатство. {ХП 125.3}

Но, токму во пишаната реч најјасно се открива знаењето за Бога на паднатиот човек. Тоа е ризница на неиостражливото Христово богатство. {ХП 126.1}

Божјата реч ги опфаќа списите и на Стариот и Новиот завет. Едното не е целосно без другото. Христос изјавил дека вистините на Стариот завет се исто толку драгоцени како и вистините на Новиот. Тој во иста мера бил Откупител на човекот на почетокот на историјата на светот колку што е и сега. Пред да ја наметне Својата божествена природа со човечка и да дојде на нашиот свет, евангелската порака им била објавена на Адам, Сит, Енох, Матусал и Ное. Авраам во Ханан и Лот во Содом ја објавувале оваа вест, и од поколение во поколение, верните гласници го најавувале доаѓањето на Ветениот. Обредите на еврејскиот верски систем ги воспоставил самиот Христос. Тој бил темел на нивниот систем на принесување жртви, голем антитип на сите нивни верски служби. Крвта што се пролеала при принесувањето на жртвите укажувала на жртвата на Божјото Јагне. {ХП 126.2}

Христос, онака како што им се прикажал на патријарсите, како што е симболички претставен во службата на принесување на жртви, опишан во законот и откриен во списите на пророците, претставува богатство на Стариот завет. Христос во Својот живот, во Својата смрт и во Своето воскресение, Христос како што се покажал со силата на Светиот Дух, претставува богатство на Новиот завет. Нашиот Спасител, одраз на славата на Отецот, едновремено е и старо и ново. {ХП 126.3}

На апостолите им било кажано да излезат како сведоци да сведочат за Христовиот живот, за Неговата смрт и за Неговото посредување, како што го најавиле пророците. Христос во Своето понижување, чистота, светост, во Својата неспоредлива љубов претставувал тема на нивното проповедање. За да го проповедаат евангелието во целост, тие морале да го претстават Спасителот не само онака како што се открил во Својот живот и во Своето учење, туку и така како што го најавиле пророците во Стариот завет и како што бил симболички претставен со церемонијалните жртвени служби. {ХП 127.1}

Христос во Своето учење ги изнесувал старите вистини кои всушност потекнуваат од Него самиот, вистини што ги кажал преку патријарсите и пророците, но Тој сега фрлил врз нив нова светлина. Колку многу со тоа се изменило нивното значење! По Неговите објаснувања од познатите вистини бликала нова светлина и духовност. Тој ветил дека Светиот Дух ќе ги просветли и учениците, дека Божјата реч постојано ќе им ги открива своите тајни и дека и тие ќе бидат во состојба да ги прикажат Неговите вистини во нова убавина. {ХП 127.2}

Уште од времето кога било дадено првото ветување за откуп во Едем, Христовиот живот, Неговиот карактер и Неговото дело на посредување биле предмет на проучување за човечкиот ум. Сепак, секој ум преку кој работел Светиот Дух, ги претставувал овие теми во нова и свежа светлина. Вистините за откуп се способни постојано да се развиваат и шират. Иако се стари, тие секогаш се нови и постојано му откриваат на барателот на вистината поголема слава и поголема сила. {ХП 127.3}

Во секоја ера вистината доживувала нов развој, Божја порака до луѓето од таа генерација. Старите вистини се неопходно потребни; новата вистина не е независна од старата, туку претставува нејзино објаснување. Единствено кога ќе ги разбереме старите вистини, можеме да ги разбереме и новите. Кога Христос посакал на Своите ученици да им ја открие вистината за Своето воскресение, почнал од „Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24:27). Токму светлината што го осветлува новото толкување на вистината ја издигнува старата. Кој ја отфрла или занемарува новата, всушност не ја прифаќа старата. Таа за него ја изгубила својата животна сила и станала само безживотна форма. {ХП 127.4}

Има и такви кои тврдат дека веруваат и дека ги проповедаат вистините на Стариот завет, отфрлајќи ги едновремено вистините на Новиот. Но, одбивајќи да ги примат Христовите учења, покажуваат дека не веруваат во она што го кажале патријарсите и пророците. Христос рекол: „Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене“ (Јован 5:46). Оттаму во нивното учење нема вистинска сила дури тоа да е земено и од Стариот завет. {ХП 128.1}

Мнозина кои тврдат дека веруваат во евангелието и го проповедаат, прават слична грешка. Тие ги отфрлаат старозаветните списи, за кои Христос рекол: „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене“ (Јован 5:39). Отфрлајќи го Стариот, всушност го отфрлаат Новиот, зашто двата дела сочинуваат нераскинлива целина. Никој не може правилно да го претстави Божјиот закон без евангелието или евангелието без законот. Законот е отелотворено евангелие, а евангелието е објаснување на законот. Законот е корен, а евангелието миризлив цвет и плод што го донел коренот. {ХП 128.2}

Стариот завет фрла светлина врз Новиот, а Новиот врз Стариот. Секој од нив е откровение на Божјата слава во Исуса Христа. Обата ги содржат вистините кои на искрениот истражувач секогаш ќе му откриваат нови длабочини. {ХП 128.3}

Вистината во Христа и преку Христа е немерлива. Гледајќи во неговите длабочини, истражувачот на Писмото како да гледа во извор кој постојано се продлабочува и се шири. Ниту во овој живот нема да ја сфатиме тајната на Божјата љубов што се покажала кога го дал својот Син за откуп на нашите гревови. Делото на нашиот Откупител на оваа земја е и секогаш ќе биде предмет кој до крајни граници ќе ја напрега силата на нашата способност за имагинација. Човекот може да ги напрегне сите свои ментални сили за да ја сфати оваа тајна, но неговиот ум ќе остане без сила и бргу ќе се умори. И највредниот истражувач пред себе ќе види само бескрајно море, без крајбрежје. {ХП 128.4}

Вистината, онаква каква што е во Исус, може да се доживее, но никогаш не може да се објасни. Нејзината височина, длабочина и широчина, го надминуваат нашето знаење. Ние можеме да ја напрегнеме нашата мечта до крајни можни граници, па и тогаш нејасно ќе ги согледаме само контурите на љубовта која не може да се објасни, висока колку небото, но која се спуштила на земјата да стави печат на Божјиот лик на целото човештво. {ХП 129.1}

Сепак, нам ни е овозможено за Божјото сочувство да научиме толку колку што можеме да сфатиме. Тоа е откриено за скромната, скрушена душа. Ние ќе можеме да го разбереме Божјото сочувство само толку колку што ја цениме Неговата жртвата за нас. Додека ја истражуваме Божјата реч со понизно срце, пред нас ќе се отвори големата тема на откупот. Додека ја гледаме, таа ќе станува сè посјајна и при обидот да ја сфатиме, нејзината висина и длабочина постојано ќе се зголемуваат. {ХП 129.2}

Нашиот живот треба да се поврзе со Христовиот; мораме постојано да црпиме од Него, да се храниме со Него, со живиот Леб кој слегол од небото, да се напојуваме од свежиот, непресушлив извор на Неговото богатство. Ако постојано го имаме пред себе Господа, ако му дозволуваме на нашето срце да му се обраќа со фалба и благодарност, нашиот верски живот постојано ќе се освежува. Нашите молитви ќе имаат форма на разговор со Бога како што се разговара со пријател. Тој сам ќе ни ги открива Своите тајни. Честопати ќе уживаме во радоста која произлегува од свеста за Исусовото присуство. Честопати нашето срце ќе гори во нас кога Тој ќе се приближува да разговара со нас, како што правел со Енох. Кога тоа ќе стане дел на искуството на христијанинот, во неговиот живот ќе се забележи едноставност, скромност, кротост и понизност на срцето, особини што на сите со кои доаѓа во допир ќе им покажат дека бил со Исуса и дека се научил од Него. {ХП 129.3}

Кај оние што ја поседуваат, Христовата религија ќе се открива како окрепувачко начело што проникнува, како жива, делотворна, духовна енергија. Кај нив ќе се манифестира свежината и силата и радоста на вечната младост. Срцето што ја прима Божјата реч не е како бара што испарува, ниту напукнат кладенец кој го губи своето богатство. Тоа е како планински поток кој извира од непресушен извор, чијашто студена, пенлива вода, скока од карпа на карпа, освежувајќи ги уморните, жедните и тешко оптоварените. {ХП 130.1}

Ова искуство му ги дава на секој учител на вистината токму оние квалификации што го прават Христов претставник. Духот на Христовото учење ќе му даде на неговите излагања и молитви сила и сигурност. Неговото сведочење за Христа нема да биде ограничено, безживотно сведоштво. Проповедникот нема постојано одново да проповеда иста низа проповеди. Неговиот ум ќе биде отворен за постојано просветлување со Светиот Дух. {ХП 130.2}

Христос рекол: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен… Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене… Духот е тој што оживува… Зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ (Јован 6:54-63). {ХП 130.3}

Кога го јадеме Христовото тело и ја пиеме Неговата крв, во нашето проповедање ќе се појават елементи на вечен живот. Тоа нема да биде веќе резерва на мувлосани, често повторувани идеи. Здодевните, млитави проповеди ќе исчезнат. Ќе се изнесуваат старите вистини, но во нова светлина. Вистината ќе се сфати на нов начин, јасно и со сила што сите ќе ја забележат. Сите што имаат предност да слушаат такво проповедање, доколку се подложни на влијанието на Светиот Дух, ќе ја почувствуваат окрепувачката сила на новиот живот. Во нив ќе се разгори огнот на Божјата љубов. Ќе оживеат нивните способности за забележување и тие ќе ја распознаат убавината и величественоста на вистината. {ХП 130.4}

Верниот домаќин го претставува она што треба да стане секој учител на децата и младите. Ако тој ја прифати Божјата реч како свое богатство, постојано ќе објавува нова убавина и нова вистина. Кога учителот, ќе се потпре врз Бога во молитва, него ќе го проникне Христовиот Дух, и Бог со својот Свет Дух преку него ќе влијае врз умот на другите. Неговиот ум и неговото срце Светиот Дух ќе ги исполни со блажена надеж и храброст и со библиски сликовит начин на изразување, а тој сето тоа ќе им го пренесува на младите што ги поучува. {ХП 131.1}

Изворите на небесен мир и радост, запечатени во срцето на учителот со зборовите на Вдахновението, ќе се претворат во моќна река на влијание на благослов на сите што се поврзани со него. Библијата нема да стане заморна книга за учениците. Со помош на мудриот наставник, Речта ќе станува се попривлечна. Таа ќе биде како леб на животот, никогаш нема да застарува. Нејзината свежина и убавина ќе ги привлекува и ќе ги одушевува децата и младите. Ќе биде како сонцето кое ја осветлува земјата, кое постојано дава светлина и топлина и никогаш не се исцрпува. {ХП 132.1}

Светиот, воспитувачки Дух се наоѓа во Неговата Реч. Од секоја нејзина страница блескоти нова и драгоцена светлина. Во неа е откриена вистината со блескотни зборови и реченици што одговараат на секоја пригода; тоа е Божји глас кој и зборува на душата. {ХП 132.2}

Светиот Дух сака да им се обраќа на младите и да им ги открива богатствата и убавините на Божјата реч. Ветувањата изговорени од големиот Учител ги пленат чувствата и ја оживуваат душата со духовната сила што потекнува од Бога. Плодоносниот ум на младите сè повеќе се запознава со духовните вредности кои како планина се испречуваат пред искушенијата. {ХП 132.3}

Зборовите на вистината ќе ни стануваат се поважни, ќе добиваат широчина и целосно значење за кое пред тоа никогаш не сме сонувале. Убавината и богатството на Речта ќе имаат преобразувачко влијание врз умот и карактерот. Светлината на небесната љубов ќе го осветли срцето со силата на вдахновението. {ХП 132.4}

Колку повеќе ја проучуваме Библијата, сè повеќе ќе ја цениме. На која било страна да се свртиме, проучувајќи ги нејзините страници, ќе наоѓаме докази за Божјата бесконечна мудрост и љубов. {ХП 132.5}

Значењето на еврејскиот верски систем сè уште не е целосно разбран. Со неговите обреди и симболи се претставени бесконечните содржини на вистината. Евангелието е клуч што ги отклучува неговите тајни. Познавањето на планот на откупувањето ни помага да ги разбереме неговите вистини. Многу повеќе отколку што правиме, наша привилегија е да ги разбереме овие прекрасни теми. Ние треба да ги сфатиме длабочините на божествените вистини. И ангелите сакаат да навлезат во вистините што им се откриени на оние кои со понизно срце ја истражуваат Божјата реч и се молат да стекнат знаење со уште поголеми димензии, со поголема широчина, длабочина и висина што може само Тој да им го даде. {ХП 133.1}

Како се приближуваме кон крајот на историјата на овој свет, пророштвата што се однесуваат на последните денови особено бараат наше проучување. Последната книга од списите на Новиот завет е полна со вистини што треба да ги разбереме. Сатаната ги заслепил умовите на мнозина, така што тие се радуваат на каков било изговор да не го проучуваат Откровението. Меѓутоа, Христос преку Својот слуга Јован овде објавил што ќе се случува во последните денови и Тој кажува: „Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску“ (Откровение 1:3). {ХП 133.2}

Самиот Христос вели: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17:3). Зошто не ја сфаќаме вредноста на ова знаење? Зошто овие славни вистини не горат во нашите срца, зошто не треперат од нашите усни, зошто не го проникнуваат целото наше битие? {ХП 133.3}

Давајќи ни ја својата Реч, Бог ни ги дал сите вистини неопходни за нашето спасение. Илјадници веќе зафаќале од овие извори на животот, па сепак нивното изобилство не се намалило. Илјадници го гледале Христа пред себе и, гледајќи го, се промениле, станале слични со Него. Нивниот дух гори во нив додека зборуваат за Неговиот карактер, додека го објавуваат она што Христос станал за нив и што тие станале за Христа. Но тие истражувачи не ги исцрпеле овие големи и свети теми. Илјадници други можат да се вклучат во истражувањето на тајните на спасението. Кога се занимаваме со Христовиот живот и со карактерот на Неговата мисија, при секој обид да ја откриеме висината, нејзините зраци ќе светат појасно. Секое ново истражување ќе открие нешто ново и многу поинтересно од она што било познато до тогаш. Оваа тема е неисцрпна. Проучувањето на Христовото воплотување, Неговата жртва на помирување и Неговата посредничка служба ќе ги окупира умовите на трудољубивите истражувачи и во вечноста; и гледајќи кон небото и кон неговите неброени години, тие ќе извикнат: „Голема е тајната на побожноста!“ {ХП 133.4} Во вечноста ќе го изучуваме она, кое, ако бевме добиле просветлување кое можевме да го добиеме тука, ќе го отвореше нашето разбирање. Темите поврзани со откупот ќе ги окупираат срцата, умовите и јазиците на откупените низ вековите. Тие ќе ги разберат вистините што Христос копнеел да им ги открие на Своите ученици, но кои тие не можеле да ги разберат бидејќи немале доволно вера. Низ сета вечност ќе се појавуваат нови погледи за Христовото совршенство и слава. Во текот на бесконечните векови, верниот Домаќин од Своите ризници ќе изнесува нови и стари работи. {ХП 134.1}

Сподели го ова:

Слични објави