20. ДОБИВКА ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗАГУБА

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 12:13-21)

Додека Христос поучувал, како и обично, околу Него покрај учениците, се собирале и многу други слушатели. Тој им зборувал на учениците за сцените во кои наскоро и тие ќе учествуваат. Вистините што им ги доверил требало да ги објават наоколу и тоа ќе ги доведе во судир со владетелите на овој свет. Заради Него ќе бидат изведувани пред судови и пред владетелите на овој свет. Тој им ветил мудрост на која никој не ќе може да и се спротивстави. Неговите Сопствени зборови, кои ги допирале срцата на мноштвото и ги збунувале Неговите лукави противници, сведочеле за силата на Духот, кој бил во нив, кој им го ветил на Своите следбеници. {ХП 252.1}

Меѓутоа, имало и многу такви кои посакувале небесната милост да им послужи само на нивните себични цели. Виделе дека Христос има чудесна способност вистините да ги изнесува во јасна светлина. Го слушнале ветувањето што им го дал на Своите следбеници дека ќе им даде мудрост да зборуваат пред владетелите и властите. Зарем Тој не би ја позајмил Својата моќ за остварување на нивните земни цели? {ХП 252.2}

„Некој од народот Му рече: ‘Учителе, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!’“ Бог преку Мојсеј дал упатства за наследување на имотот. Најстариот син добивал два дела од имотот на таткото (Второзаконие  21:17), додека помладите браќа добивале подеднакви делови. Овој човек сметал дека неговиот брат го измамил при поделбата на наследството. Неговите напори да се избори за своите права биле напразни, но мислел дека сигурно ќе постигне успех ако Христос се заложи за него. Ги слушал Христовите возбудливи повици и Неговите свечени осуди изречени над книжниците и фарисеите. Кога со такви зборови би му наредил на неговиот брат, тој не би се осмелил на оштетениот брат да му го задржи неговиот дел. {ХП 253.1}

За време на свечените поуки што ги давал Христос, овој човек ги открил своите себични склоности. Тој ги ценел оние Господови способности што би можеле да се искористат за унапредување на неговите земни работи; но духовните вистини не влијаеле ниту врз неговиот ум ниту врз неговото срце. Стекнување на наследство ги окупирало сите негови мисли. Исус, Царот на славата, кој бил богат, но кој заради нас осиромашил, му ги отворил ризниците на божествената љубов. Светиот Дух го молел да стане наследник на наследството „што не пропаѓа, чисто, кое не свенува“ (1. Петрово 1:4). Ги видел доказите за Христовата моќ. Добил можност да разговара со големиот Учител, да ги изрази најдлабоките желби на своето срце. Но, како и човекот со валкано гребло, од алегоријата на Бањан, неговите очи биле вперени кон земјата и не ја видел круната над својата глава. Слично на Симон маѓесникот, тој го ценел Божјиот дар само како средство за овоземна добивка. {ХП 253.2}

Мисијата на Спасителот на земјата бргу се ближела кон крај. Му останале само уште неколку месеци да го заврши она за што дошол, да го воспостави Своето царство на милоста. Сепак човечката алчност се обидела да го одврати од Неговото дело и да го втурне во расправа околу парче земја. Меѓутоа, Исуса ништо не можело да го оддалечи од Неговата мисија. Неговиот одговор бил: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“ {ХП 253.3}

Исус можел да му каже на човекот точно што е исправно. Тој знаел како треба да гласи праведната пресуда во овој случај; меѓутоа, браќата се карале затоа што обајцата биле лакоми. Всушност, Христос како да сакал да каже: Не е моја работа да решавам полемики од таков вид! Тој дошол со друга цел, да го проповеда евангелието и на тој начин да им помогне на луѓето да станат свесни за вечните реалности. {ХП 254.1}

Христовата постапка во овој случај претставува поука за сите што служат во Негово име. Кога ги пратил дванаесеттемина, им рекол: „И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:7,8). Тие не требало да решаваат земни судири меѓу луѓето. Нивна задача била да ги убедат луѓето да се помират со Бога. Во тоа лежела нивната моќ да му бидат на благослов на човештвото. Единствениот лек за гревовите и за тагите на луѓето е Христос. Единствено евангелието на Неговата милост може да го исцели злото што го мачи општеството. Неправдата на богатите кон сиромасите и омразата на сиромасите кон богатите имаат свој корен во себичноста, а себичноста може да се искорени само со потчинување на Христа. Само Тој може себичното срце полно со грев да го замени со ново срце полно со љубов. Христовите слуги нека го проповедаат евангелието, инспирирани со Духот испратен од небото, и нека го извршуваат делото што го извршувал Христос за доброто на луѓето. Тогаш ваквите резултати ќе се манифестираат во благослов и воздигнување на човештвото, какви што никогаш не можеле да се постигнат со човечка сила. {ХП 254.2}

Нашиот Господ удрил во коренот на проблемот што го мачел неговиот соговорник и коренот на сите слични спорови кога рекол: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот!“ {ХП 254.3}

„И им кажа една парабола и рече: ‘На некој богат човек нивата му беше родила многу.И размислуваше во себе, велејќи: Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои’.Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,и ќе и речам на душата своја: ‘Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?’ Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога”. {ХП 255.1}

Со параболата за неразумниот богаташ Христос ја покажал лудоста на сите кои се врзани за светот и на кои светот им претставува сè. Овој човек добил сè од Бога. На сонцето му било дозволено да ги осветлува и неговите ниви, зашто неговите зраци паѓаат и на праведниот и на неправедниот. Небесните дождови паѓаат и за добрите и за злите. Господ сторил билките да растат и полињата да носат обилен род. И сега богатиот човек се нашол во неволја што да стори со својот род. Неговите амбари биле преполни и тој немал каде да го стави вишокот на својата жетва. Тој не мислел на Бога, од кого доаѓаат сите благослови. Не сфатил дека Бог го поставил како управител на Своите добра за да може да им помогне на сиромашните. Имал благословена можност наместо Бога да дели милостина, но мислел само на својата удобност. {ХП 256.1}

Состојбата на сиромасите, вдовиците, сираците, страдалниците и на оние што биле во неволја, му била позната на богатиот човек; на многу места тој можел да го дарува своето богатство. Лесно можел да се ослободи од дел од своето изобилство и многу домови би биле ослободени од сиромаштија, многу гладни ќе беа нахранети, многу голи облечени, многу срца израдувани. Многу молитви за леб и облека услишени и кон небото би се издигнувале многу песни на благодарност. Господ ги чул молитвите на сиромашните и во Својата добрина се погрижил за сиромасите (Псалм 68:10). Обилни резерви за потребите на мнозина биле напластени во благословите што му биле дадени на богатиот човек. Меѓутоа, тој го затворил своето срце за плачот на сиромашните и им рекол на своите слуги: „Вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,и ќе и речам на душата своја: ‘Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!’“ {ХП 256.2}

Целите на овој човек не биле повисоки од целите на животните што гинат. Живеел како да нема Бог, како да нема небо, како да нема иден живот; сè што поседувал како да било само негово, како ништо да не му должел ниту на Бога ниту на луѓето. Псалмистот го опишал овој богат човек кога напишал: „Рече безумниот во срцето свое: ‘Нема Бог’“ (Псалм 14:1). {ХП 257.1}

Овој човек живеел и планирал за себе. Сега сфатил дека изобилно се погрижил за својата иднина и дека нема веќе никаква работа освен да го чува богатството и да ужива во плодовите на својот труд. Тој се сметал себеси за посреќен од другите луѓе и себеси си ја припишал заслугата за своето мудро управување. Тој уживал и углед во очите на своите сограѓани како човек со добра проценка, кој поради тоа ужива благосостојба. Зашто луѓето „те фалат кога си угодуваш“ (Псалм 49:18). {ХП 258.1}

Но „мудроста од овој свет е безумство пред Бога“ (1. Коринтјаните 3:19). Додека богатиот човек се радувал на долгогодишното уживање, Господ правел сосема поинакви планови за него. На овој неверен повереник му била упатена пораката: „Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја!“ Прогласена е пресуда од која не можел да се откупи со пари. Со богатството што го ценел не можел да го одложи нејзиното извршување. За миг сиот негов животен труд станал наполно безвреден. „Тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?“ Неговите широки полиња и преполни амбари се лизнале од негова контрола. „Навистина, човек оди како сенка и залудно се измачува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави“ (Псалм 39:6). {ХП 258.2}

Единственото нешто што сега би имало вредност не било обезбедено. Живеејќи себично, тој ја отфрлил божествената љубов која преку него би се излевала врз неговите ближни. И така, тој го отфрлил животот. Зашто Бог е љубов, а љубовта е живот. Овој човек го избрал земното наместо духовното, па заедно со земното морал и тој да исчезне. „Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните што загинуваат“ (Псалм 49:20). {ХП 258.3}

„Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога”. Оваа слика се однесува за сите времиња. Вие можете себично да планирате само за себе, можете да собирате богатство, да градите големи и високи палати, како што правеле градителите на античкиот Вавилон; но не можете да изградите ѕид толку висок или врата толку силна за да ги задржите гласниците на пропаста. Царот Валтазар „приреди голема гозба“ во својата палата. „Пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени”. Меѓутоа, раката на Невидливиот напишала на ѕидот зборови на проклетство и пред вратата на неговата палата се слушнале чекорите на непријателските војски. „Во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен“, а на престолот седнал туѓ монарх (Даниел 5:4,30). {ХП 258.4}

Да се живее за себе значи да се пропадне. Алчноста, желбата за себична добивка, ја отсекува душата од животот. Да се присвојува за себеси, да се граба за себе, тоа е сатански дух. Христовиот Дух е да се даде, да се жртвува себеси за добро на другите. „А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син.Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој го нема Синот Божји, го нема тој живот“ (1. Јованово 5:11,12). {ХП 259.1} Затоа Тој вели: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот”. {ХП 259.2}

Сподели го ова:

Слични објави