27. „КОЈ Е МОЈОТ БЛИЖЕН“

Сподели го ова:

(Оваа поглавје се темели на Лука 10:25-37)

Меѓу Евреите прашањето: „Кој е мојот ближен?“ предизвикувало бесконечни расправии. Во врска со незнабошците и Самарјаните немало никакво сомнение. Тие за нив секогаш биле туѓинци и непријатели. Но како да се утврди границата меѓу припадниците на нивниот народ и меѓу различните класи на општеството? Кого свештениците, рабините или старешините треба да го сметаат за свој ближен? Тие целиот свој живот го поминувале извршувајќи низа церемонии за да се исчистат. Контактот со неукото и немарно мноштво, така сметале, го прави човекот нечист и нему му се неопходни тешки напори за повторно да се исчисти. Зарем би требало и тие „нечисти“ да ги сметаат за свои ближни? {ХП 376.1}

На ова прашање Христос одговорил во параболата за добриот Самарјанин. Тој покажал дека за наши ближни не треба да ги сметаме само оние кои припаѓаат на иста црква или верата на која ние и припаѓаме. Да се биде ближен не се однесува ниту на расата, на бојата на кожата, ниту на општествената класа. Наш ближен е секој човек на кого му е потребна нашата помош. Наш ближен е секоја душа која е ранета или загрозена од нашиот заеднички противник, сатаната. Наш ближен е секој што му припаѓа на Бога. {ХП 376.2}

Параболата за добриот Самарјанин е изнесена како одговор на прашањето што му го поставил некој доктор по закон на Христа. Додека Спасителот поучувал, „ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: ‘Учителе, што треба да направам за да наследам живот вечен?’“ Фарисеите му го беа предложиле ова прашање на законикот со надеж дека ќе го заробат Христа во Неговите зборови, па со нетрпение го очекувале Неговиот одговор. Меѓутоа, Спасителот не влегол во полемика. Тој на прашањето одговорил со прашање. „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ Евреите постојано го обвинувале Исуса дека лекомислено се однесува кон законот даден на Синај. Меѓутоа, Тој прашањето на спасението го поврзал со држењето на Божјите заповеди. {ХП 377.1}

Законикот одговорил: „Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!”Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш!“ {ХП 377.2}

Законикот не бил задоволен со ставот и делата на фарисеите. Тој ги проучувал Писмата со желба да го сфати нивното вистинско значење. Навистина се интересирал за ова прашање и прашал искрено: „Што треба да направам?“ Во својот одговор за барањата на законот, тој заобиколил мноштво церемонијални и обредни прописи. За нив тој не тврдел дека имаат некаква вредност, но ги истакнал двете големи начела на кои виси целиот закон и пророците. Пофалбата на Спасителот за овој одговор Го ставиле во поповолна положба во однос на рабините. Тие не можеле да го осудат што ги потврдил зборовите кои ги изговорил признат толкувач на законот. {ХП 377.3}

„Тоа прави го и ќе живееш!“ рекол Христос. Во Своето учење Тој секогаш го претставувал законот како божествена целина, покажувајќи дека не е можно да се држи еден пропис, а да се крши друг, бидејќи исто начело се провлекува низ сите прописи. Судбината на човекот ќе биде одредена врз основа на неговото покорување на целиот закон. {ХП 377.4}

Христос знаел дека никој не може да се покорува на законот со своја сила. Сакал да го наведе законикот на поопсежно и поточно истражување, за да може да ја пронајде вистината. Само со примање на Христовата доблест и благодат можеме да го држиме законот. Верувањето дека гревот навистина ќе му биде простен го оспособува паднатиот човек да го љуби Бога со сето свое срце и ближниот како себеси. {ХП 378.1}

Законикот знаел дека не ги одржал ниту првите четири, ниту последните шест заповеди. Тој било целосно осведочен од Христовите проникливи зборови; но наместо да го признае својот грев, тој се обидел да се оправда. Наместо да ја признае вистината, тој се обидел да покаже колку тешко можат да се исполнат заповедите. Се надевал дека со тоа ќе успее да го задуши гласот на совеста и ќе се оправда во очите на народот. Зборовите на Спасителот покажале дека неговото прашање било непотребно, бидејќи самиот можел да одговори. Сепак, тој поставил уште едно прашање: „А кој е мојот ближен?“ {ХП 378.2}

Повторно Христос одбил да биде вовлечен во расправии. Тој одговорил на прашањето раскажувајќи еден несреќен случај, кој сè уште  бил свеж во сеќавањето на Неговите слушатели. „Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов”. {ХП 379.1}

Патувајќи од Ерусалим за Ерихон, патникот морал да помине низ дел од Јудејската пустина. Патот го водел низ диви, карпести провалии полни со разбојници, кои често биле место на насилства. Токму тука патникот бил нападнат, му одзеле сè што било вредно и го оставиле полумртов покрај патот. Додека така лежел, покрај него поминал свештеник. Свештеникот го видел човекот како лежи ранет и во модрици се вала во својата крв, но го оставил без да му укаже каква и да е помош. Едноставно „поминал на спротивната страна“. Потоа на патот се појавил Левит. Љубопитен да дознае што се случило, застанал и погледнал на страдалникот. Бил осведочен што требало да стори, но тоа била непријатна и неблагодарна должност. Посакал никогаш и да не поминал по овој пат за да не го види ранетиот. Успеал да се убеди себеси дека случајот не е во негова надлежност, па и тој „преминал на другата страна“. {ХП 379.2}

Но еден Самарјанин, кој патувал по истиот пат, го видел страдалникот и го сторил она што другите одбиле да го сторат. Нежно и љубезно се погрижил за ранетиот. „Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: ‘Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам’“. И свештеникот и левитот исповедале побожност, но само Самарјанинот покажал дека е навистина обратен. И за него оваа должност не била ниту малку попријатна отколку за свештеникот и левитот; но тој со дух и дело покажал дека е во хармонија со Бога. {ХП 379.3}

Изнесувајќи ја оваа поука, Христос ги прикажал начелата на законот на директен,  и мошне впечатлив начин, покажувајќи им на Своите слушатели дека занемариле на практичен начин да ги применат овие начела. Неговите зборови биле толку јасни и одредени, така што слушателите не можеле да најдат можност да се препираат. Законикот во дадената поука не нашол  ништо што би заслужило критика. Неговите предрасуди кон Христа исчезнале. Меѓутоа, тој не успеал да го надмине својот национален презир кон Самарјаните за да му оддаде признание за ова благородно дело. Кога Христос прашал: „Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“ Тој одговорил: „Оној што му искажа милосрдие”. {ХП 380.1}

„Исус му рече: ‘Оди и ти прави така!’“ Покажи иста нежна љубезност кон оние кои имаат потреба. Така ќе дадеш доказ дека го почитуваш целиот закон. {ХП 380.2}

Големата разлика меѓу Евреите и Самарјаните била разликата во верувањето, прашањето за тоа што претставува вистинско богослужение. Фарисеите немале ниту еден добар збор за Самарјаните, туку ги опсипувале со најостри клетви. Нетрпеливоста меѓу Евреите и Самарјаните била толку силна што на жената Самарјанка и било чудно што Исус од неа бара вода да пие, па го прашала: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? Зашто“ – додава евангелистот – „Јудејците со Самарјаните не се мешаат“ (Јован 4:9). Кога Евреите биле толку исполнети со крвожедна омраза кон Христа и кога во храмот станале да го каменуваат, не можеле да најдат подобри зборови со кои би ја искажале омразата од овие: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека зол дух има во Тебе“ (Јован 8:48). Сепак свештеникот и левитот го занемариле делото што сам Господ им го доверил и му препуштиле на омразениот и презрен Самарјанин да му послужи на еден од нивните сонародници. {ХП 380.3}

Самарјанинот ја исполнил заповедта: „Возљуби го својот ближен како себеси!“,  покажувајќи на тој начин дека е поправеден од оние што го презирале и осудувале. Ризикувајќи го својот живот, тој се однесувал кон ранетиот како да му е брат. Овој Самарјанин го претставува Христа. Нашиот Спасител кон нас покажал љубов која не може да се спореди со љубовта на ниту еден човек. Кога бевме претепани до смрт, Тој се смилувал над нас, не нѐ заобиколил, не нѐ одминал, не преминал на другата страна од патот, не нѐ оставил да пропаднеме беспомошни и без надеж. Не останал во Својот свет, среќен дом, во кој уживал љубов од сите небесни чети. Гледајќи ја нашата огромна потреба, Тој го презел нашиот случај и ги изедначил Своите интереси со интересите на човештвото. Умрел за да ги спаси Своите непријатели. Се молел за Своите убијци. Укажувајќи на Сопствениот пример Тој им рекол на Своите следбеници: „Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг!“ „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 15:17; 13:34). {ХП 381.1}

Свештеникот и левитот требале да служат во храмот, чијашто служба била назначена од самиот Бог. Учеството во Божјата служба претставувало голема чест и возвишена привилегија, а свештеникот и левитот,  имајќи таква чест, сметале дека достоинството не им дозволува да му помогнат на непознатиот страдалник покрај патот. И така пропуштиле да ја искористат таа посебна можност што им ја дал Бог како Негови орудија, да му послужат на благослов на ближниот. {ХП 382.1}

Мнозина денес прават слична грешка. Тие своите должности ги делат на две различни категории. Едната категорија ја сочинуваат таканаречените големи должности, регулирани со Божјиот закон, во втората категорија спаѓаат таканаречените мали должности, и на нив наводно не се однесува заповедта „возљуби го својот ближен како себеси“. За нив тоа подрачје, малите должности, се препуштаат на човечките каприци, на нивните моментални склоности и лични побуди. Така се нарушува карактерот, а Христовата религија погрешно се претставува. {ХП 382.2}

Мнозина мислат дека ќе им се намали достоинството ако му служат на измаченото човештво. Мнозина со рамнодушност и презир гледаат на оние кои храмот на својата душа го претвориле во урнатини. Другите ги занемаруваат сиромасите од поинаков мотив. Тие работат, како што веруваат, за Христовото дело, и дека учествуваат во мошне благороден потфат. Мислат дека чинат големо дело, така што немаат време да се запрат и да ги забележат потребите на сиромасите и неволните. Напредувајќи во своето наводно големо дело, тие можат дури и да ги угнетуваат сиромасите. Тие ги доведуваат во тешки и мачни околности, ги лишуваат од нивните права или ги занемаруваат нивните потреби, сметајќи дека сето тоа е оправдано затоа што тие, според нивно мислење, го унапредуваат Христовото дело. {ХП 382.3}

Мнозина допуштаат нивниот брат или сосед без ничија помош да се бори во тешки околности за гол опстанок. Бидејќи тие тврдат дека се христијани, тој може да биде во искушение да помисли дека таквите христијани со својата студена себичност го претставуваат Христа. Бидејќи овие таканаречени Господови слуги не соработуваат со Него, Божјата љубов која преку нив треба да се излева на другите, во голема мера им е скусена на нивните ближни, од чиишто срца и усни поради тоа не успеваат да се издигнат кон небото многубројни изрази на слава и благодарност. На тој начин Бог е лишен од славата што му припаѓа на Неговото свето име. Од Него се отимаат души за кои Христос умрел, души кои Тој со радост би ги зел во Своето царство да живеат во Негово присуство низ бескрајните времиња на вечноста. {ХП 383.1}

Божествената вистина има мало влијание врз светот, која ако практично се примени во нашиот  секојдневен живот ќе може да изврши големо влијание. Сè повеќе има формално исповедање на вера, но таквото исповедање има мала тежина. Ние можеме да тврдиме дека сме Христови следбеници, можеме да тврдиме дека веруваме во секоја вистина содржана во Божјата реч, но тоа на нашите ближни нема да им донесе никакво добро ако нашето верување не се внесе во нашиот секојдневен живот. Нашето исповедање на верата може да биде високо дури до небото, но тоа нема да нè спаси ниту нас, ниту нашите ближни освен ако не бидеме христијани на дело. Вистинскиот пример ќе му донесе на светот многу поголема корист од самото наше исповедање. {ХП 383.2}

Секое себично однесување го кочи Христовото дело. Негово дело се угнетените и сиромасите. Во срцата на оние кои тврдат дека се Негови следбеници недостига нежно Христово сочувство, им недостига подлабока љубов кон оние што Тој толку многу ги сака и го дал Својот живот за нивно спасение. Тие души се мошне драгоцени, неспоредливо подрагоцени од која било жртва која ние можеме да му ја принесеме на Бога. Дури и сета своја енергија да ја вложиме во некое навидум големо дело, доколку ги занемариме потребите на сиромасите или ако им ги скусиме на туѓинците нивните права, тоа не е служба со која ќе му угодиме на Бога. {ХП 383.3}

Посветувањето на душата преку делувањето на Светиот Дух е всадување на Христовата природа во човечката. Религија на евангелието е Христос во животот, живо, активно начело. Тоа е Христовата милост откриена во карактерот и покажана во добри дела. Начелата на евангелието не можат да се одвојат од било кој дел на практичниот живот. Секое подрачје од христијанското искуство и работа треба да биде приказ на Христовиот живот. {ХП 384.1}

Љубовта е темел на побожноста. Независно од исповедањето, никој нема чиста љубов кон Бога ако не покажува несебична љубов кон својот брат. Но, никогаш не можеме да го поседуваме овој дух обидувајќи се да ги сакаме другите. Потребно е Христовата љубов да се всели во нашето срце. Кога нашето „јас“ наполно ќе се изгуби во Христа, љубовта извира спонтано. Кога во нашето срце постојано ќе се јавува желба да им помогнеме на ближните – кога небесната светлина го исполнува нашето срце и се открива на лицето, тогаш ние постигнуваме совршенство на христијанскиот карактер. {ХП 384.2}

Не е можно срцето во кое престојува Христос да биде лишено од љубов. Ако го љубиме Бога затоа што Тој најпрвин нè возљубил нас, ние ќе ги љубиме и сите оние за кои Христос умрел. Без поврзаност и контакт со човештвото не можеме да дојдеме во допир и со божественото, бидејќи во Оној кој седи на престолот на вселената, божественото и човечкото се соединило. Поврзани со Христа, ние сме поврзани и со нашите ближни со златните алки на синџирот на љубовта. Тогаш во нашиот живот ќе се покажат истото сочувство и сожалување што ги покажал Христос. Нема да чекаме сиромашните и несреќните да дојдат кај нас. Не е потребно некој да нè преколнува за да почнеме да сочувствуваме со неволјите на другите. За нас ќе биде природно да им служиме на сиромасите и неволните, како што на Христа му било природно да прави добро. {ХП 384.3}

Секаде каде што се покажува љубов и сочувство, каде што срцето се труди да им помогне на ближните и да ги подигне, се открива делувањето на Светиот Божји Дух. Среде најдлабокото многубоштво, луѓето кои воопшто ништо не знаеле за напишаниот Божји закон, кои дури никогаш и не чуле за Христовото име, биле љубезни кон Неговите слуги, штитејќи ги и ризикувајќи го на тој начин својот живот. Нивните дела покажуваат дека врз нив дејствувала божествената сила. Светиот Дух ја всадил Христовата милост во срцата на тие дивјаци, побудил кај нив сочувство спротивно на нивната природа, спротивно на нивното воспитание. „Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов“ (Јован 1:9). Таа светлина ја осветлила нивната душа и, доколку ја следат, истата ќе ги насочи нивните нозе кон Божјото царство. {ХП 385.1}

Небесната слава се покажува во настојувањето да се подигнат паднатите и да се утешат нажалените. И кога Христос престојува  во човечкото срце, таа ќе се открие на ист начин. Каде и да дејствува Христовата религија носи благослов. Секаде каде е присутна, се појавува светлина. {ХП 386.1}

Бог не признава никаква разлика врз основа на националност, раса или општествен слој. Тој е Творец на целото човештво. Според создавањето сите луѓе се припадници на едно исто семејство. Христос сите ги соединил со Својот откуп. Тој дошол да урне секој ѕид на поделба, да го отвори секое одделение на храмот, за секоја душа да добие слободен пристап до Бога. Неговата љубов е толку широка, толку длабока, толку сеопфатна, што продира насекаде. Таа ги извлекува од кругот на сатаната бедните души што биле заведени со неговите измами и ги става во близина на Божјиот престол, престол опкружен со виножитото на ветувањето. {ХП 386.2}

Во Христа нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен. Сите тие се соединети со Неговата скапоцена крв (Галатјаните 3:28; Ефесјаните 2:13). {ХП 386.3}

Без оглед на разликите во верските убедувања, ние мораме да го слушнеме и да одговориме на повикот на човештвото што страда. Кога во срцата на луѓето ќе се појават горчливи чувства поради разликите во верувањата, ние со нашето лично залагање можеме да сториме многу добра. Службата на љубовта може да ги отстрани предрасудите и да ги придобие душите за Бога. {ХП 386.4}

Ние мораме да ги пресретнеме тагите, тешкотиите и неволјите на другите. Мораме да ја делиме радоста и грижите на угледните и презрените, на богатите и сиромасите. Христос рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). Насекаде околу нас среќаваме јадосани, измачени души на кои им се потребни зборови на сочувство и раце помошнички. Има вдовици на кои им е потребно наше сочувство и наша помош. Има сирачиња кои Христос им ги препуштил на Своите следбеници како свои заштитници. Нив мошне често ги занемаруваме. Тие можат да бидат парталави, грозни и навидум непривлечни, но сепак се Божја сопственост. И тие се купени скапо и исто толку се драгоцени во Неговите очи колку што сме ние. И тие се припадници на големото Божјо семејство, и христијаните, како Божји чувари, се одговорни за нив. Тој вели: „Нивните души ќе ги барам од вашите раце!“ {ХП 386.5}

Гревот е најголемо од сите зла и наша должност е да сочувствуваме со грешниците и да им помогнеме. Меѓутоа, не можеме на сите да им се приближиме на ист начин. Мнозина го кријат гладот на својата душа. Љубезен збор или љубезен потсетник многу ќе им помогне на овие луѓе. Други се наоѓаат во голема неволја, а не се свесни за тоа. Тие уште не ја сфаќаат ужасната беда на својата душа. А мноштво луѓе толку длабоко потонале во грев, што го изгубиле чувството за вечна реалност и секоја сличност со Бога, така што не знаат веќе дали им е неопходно спасение. Тие немаат ниту верба во Бога ниту имаат доверба во човекот. До мнозина од нив може да се стигне само преку манифестација на несебична добрина. Прво мораме да се погрижиме за нивните телесни потреби. Мораме да ги нахраниме, да ги искапеме и пристојно да ги облечеме. Кога ќе ги видат доказите за вашата несебична љубов, ќе им биде полесно да поверуваат и во Христовата љубов. {ХП 387.1}

Постојат многу луѓе кои прават грешки и се чувствуваат засрамено и глупаво. Си спомнуваат за своите грешки и заблуди сè додека  не ги зафати очај. Овие души не треба да се занемаруваат. Кога некој мора да плива против струјата, тогаш сета водна сила го турка назад. Подадете му рака помошничка, слично на раката на постариот Брат кон Петар кога се давел. Упатете му зборови на надеж, зборови што ќе му дадат самодоверба и ќе разбудат љубов. {ХП 387.2}

Ти си му потребен на твојот брат со заболен дух, како и тебе што ти била потребна братска љубов. Нему му е потребно искуство на човек кој бил исто толку слаб како и тој, некој што ќе сочувствува со него и ќе му помогне. Познавањето на сопствената слабост треба да нè поттикне да им помогнеме на другите во нивната горчлива потреба. Никогаш не треба да поминеме покрај некоја измачена душа, без да се обидеме да ја утешиме со утехата со која Бог нас нè утешил. {ХП 387.3}

Токму заедницата со Христа, личниот контакт со живиот Спасител, ги оспособува умот, срцето и душата да постигнат победа над својата пониска природа. Зборувајте му на заталканиот за Семоќната рака што ќе го поддржи, за бескрајното сожалување што го чувствува кон него Христос како човек. Не е доволно да го упатите да верува во законот и силата, во нешто што не може да има сожалување и што не може да чуе повик за помош. Тој има потреба да прифати топла рака, да се потпре врз срце полно со нежност. Зборувајте му постојано дека Бог е секогаш покрај него, дека постојано го придружува со Својата љубов проникната со сожалување. Помогнете му да мисли за срцето на Отецот, кое е жалосно поради гревот, за раката на Отецот која сè уште е испружена, за гласот на Отецот кој вели: „Нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене“ (Исаија 27:5). {ХП 388.1}

Кога постапувате така, вие имате сопатници, невидливи за човечкото око. Небесните ангели биле покрај Самарјанинот кој се грижел за ранетиот туѓинец. Ангелите од небесните дворови стојат покрај сите што му служат на Бога, помагајќи им на своите ближни. Имате соработка и од самиот Христос. Тој е обновител, и кога работите под Негово водство, ќе постигнувате одлични резултати. {ХП 388.2}

Од вашата верност во ова дело зависи не само благосостојбата на другите, туку и вашата лична вечна судбина. Христос на секого сака да му овозможи висок степен на заедница со Себе за да можеме да бидеме едно со Него, како што е Тој едно со Отецот. Тој ни дозволува да дојдеме во допир со измачените и настраданите за да нè извлече од нашата себичност, трудејќи се кај нас да ги развие особините на Својот карактер: сочувство, нежност и љубов. Прифаќајќи ја оваа служба, ние влегуваме во Неговата школа за да се подготвиме за Божјите дворови. Одбивајќи да го сториме тоа, ние ги отфрламе Неговите упатства и избираме вечно одвојување од Неговото присуство. {ХП 388.3} Господ вели: „Ако одиш по моите патишта и ако ги пазиш моите наредби, ти ќе бидеш управител во Мојот Дом… и ќе ти дадам пристап меѓу оние кои стојат таму!“ – дури и меѓу ангелите што го опкружуваат Неговиот престол (Захарија 3:7). Соработувајќи со небесните суштества во нивната работа на земјата, ние се приготвуваме за дружење со нив на небото. Како „службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението“ (Евреите 1:14), ангелите ќе ги примат на небото оние што живееле на земјата „не за да им се служи, туку да служат“ (Матеј 20:28). Во оваа благословена заедница, на наша вечна радост, ќе научиме сè што е опфатено со прашањето: „Кој е мојот ближен?“ {ХП 389.1}

Сподели го ова:

Слични објави