В О В Е Д

Сподели го ова:

Животот е Божји дар: „И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“ (Создавање 2:7)

„Зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме.“ (Делата на апостолите 17:28)

Вистински одраз на овој животен принцип е нашата здравствена состојба, изразена во хармонија на душата и телото. Здравјето е конечно резултат на послушноста на Божјите закони.

Библијата вели: „Пазете ги сите Мои заповеди и сите Мои закони и извршувајте ги, и секој што ги извршува жив ќе биде. Јас сум Господ. (Бог ваш).“ (Левитска 18:5)

Како последица на неприфаќањето на овие свети правила кои владеат во природата и човечкото тело се јавуваат болести, физичко и морално пропаѓање. Оваа врска помеѓу причините и последиците, апостол Павле накратко и сликовито ја прикажал во Библијата: „Не лажете се: Бог не е за подигрување. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее.“ (Галатјаните 6:7)

Откако го создал човекот, Бог му дал природно опкружување, одредувајќи му начин на живот, кој ја одразува неговата хармонија со природата: „И го зеде Господ Бог човекот. (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.“ (Создавање 2:15)

Од тогаш, оддалечувајќи се од Бога, човекот се обидува да ги подобри условите во кои живее, заменувајќи го она што е природно со вештачко. Модерната цивилизација го изменила животниот стил, карактерот на физичките активности, насочувајќи го човекот кон пасивен, „седечки“ начин на живот, што претставува еден од факторите на ризик во процесот на настанувањето на болеста.

Оваа иста цивилизација, целосно ја изменила човековата исхрана, заменувајќи ја сѐ повеќе природната храна со рафинирана, термички обработена храна, со што на продуктите им се одземени нивните витални, лековити својства.

Покрај тоа, алкохолот, тутунот, медикаментите и стимулативните средства, неорганизираност во работата и одморот, како и претераната работа, ја попречуваат состојбата на виталност и рамнотежа во човечкиот организам.

Големиот број на отровни материи од фабриките кои ја загадуваат атмосферата, издувните гасови од автомобилите, кои од ден во ден се сѐ побројни, како и „безопасниот“ дим на цигарите, го трујат воздухот и го спречуваат продорот на ултра-виолетовите зраци, што сериозно го загрозува здравјето на луѓето.

Долгиот и тежок пат кој го поминал човекот од носталгичниот едемски дом до најмодерните урбани живеалишта во денешницата, е најдобриот доказ за постојаното оддалечување од природата и нејзините благодати.

Зошто?

Затоа што човекот, за цел на своите стремежи одредил живот без уважување на Бога, презирајќи ги и кршејќи ги како моралните принципи дадени во вид на десетте Божји заповеди (Излез 20:1-17), така и природните закони кои владеат со човечкиот ум и неговиот организам.

Обновата на телесното здравје, како и човековата духовна состојба подразбира, пред сѐ, враќање кај Бога, воздигање на моралните вредности содржани во Десетте заповеди, но и на природните закони кои ја регулираат човечката природа и битие. Исто така, оваа цел – обнова на здравјето – подразбира и враќање кон многубројните природни средства во лекување на болестите – природна исхрана, лековити билки, вода, сонце, воздух, глина, физичка активност итн.

Дали е можно човекот да ја оствари оваа голема животна цел? Секако дека е можно. За таа цел се погрижил нашиот Спасител, Господ Исус Христос, и секому од нас на дофат од рацете му е книгата над книгите – Библијата.

„ЈАС СУМ ПАТОТ, ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене.“ (Јован 14:6)

Нека нашите очи, макар и во часот на болка и страдање, погледаат со целосна доверба во Оној Кој е „Зачетникот и Довршителот на верата“ – во нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Оваа книга претставува компилација од цитатите на Е.Г. Вајт, која има изјавено:

„Господ ми даде голема светлина во поглед на здравствената реформа. Таа светлина јас не ја барав, ниту до неа дојдов преку проучување и истражување на тој предмет. Таа ми е дадена од Господа да им ја пренесам на другите.“ (Совети за исхраната, 493)

Со други зборови кажано, во оваа книга не се користени човечки методи или откровенија, туку Божји.

„Јас ниту најмалку не го изменив својот начин на живот откако ја прифатив здравствената реформа. Не отстапив ниту еден чекор откога небесната светлина ја осветли мојата патека во тоа поглавје. Одеднаш се одвоив од сè – од месото, путерот и трите оброци, и тоа работејќи заморна работа, пишувајќи од рано утро до заоѓање на сонцето. Земањето на храна го сведов на два оброци дневно не намалувајќи ја својата работа. Бев болна, пет пати бев парализирана. Левата рака со месеци ми беше приврзана покрај телото, бидејќи имав болки во пределот на срцето. Кога ја извршив оваа промена во исхраната, не сакав да му попуштам на вкусот и да дозволам тој да владее. Зар апетитот треба да стои на патот на моето оздравување со кое ќе Го прославам Бога? Зар смее да застане на патот дури и за момент? Никогаш! Чувствував страшна глад. Порано многу јадев месо. Но кога ќe почувствував слабост, ги ставав рацете на својот стомак и велев: ‘Не, нема да вкусам ниту залак. Ќе јадам едноставна храна, или воопшто нема да јадам.’ Лебот ми стана невкусен. Ретко можев да изедам парче со големина на долар. Некои работи од здравствената реформа многу лесно ги примив; но кога дојде до лебот, тоа ми беше особено тешко. Кога ја прифатив таа промена, морав да водам особено остра борба. Првите два-три оброка воопшто не можев да ги јадам. Му реков на својот желудник: ‘Чекај додека да можеш да јадеш леб.’ Нешто подоцна можев да јадам леб, и тоа грахамов. Порано не можев да го јадам. Но сега ми годи и не го губам апетитот.“

Сестра Вајт примила светлина од Бога во врска со здравствената реформа уште во далечната 1863 година. Дали овие начела или принципи сѐ уште важат? Еве што вели самата таа:

„Покажано ми е дека начелата кои ни се дадени во првите денови на веста и денес се исто така значајни и дека треба совесно да се спроведуваат како и тогаш. Постојат некои кои никогаш не се управувале според светлината дадена во поглед на исхраната. Сега е време таа светлина да се земе од под садот и да светли јасно со блескави зраци.“ (9. Сведоштво, 158)

Не е потребно да се биде квалификуван лекар, бидејќи секој може да стекне основно знаење и да ги примени принципите изнесени во оваа книга. Осум најважни принципи Господ предвидел како лек за луѓето, кои ако не се занемарат, ќе му го повратат здравјето на човекот.

Господ нека ги благослови сите искрени истражувачи и нека им подари добро здравје.                                                                                                                     

 Издавачите

Сподели го ова:

Слични објави