4. ОДМОР

Сподели го ова:

„Сладок е сонот за оној, кој се труди, – па јадел тој малку или многу; но прејадувањето не му дава на богатиот да заспие.“ (Проповедник 5:12)

Некои луѓе се разболуваат поради прекумерна работа. За обновување на здравјето на таквите, одморот, ослободувањето од грижите и умерената исхрана се од суштинско значење. На оние чијшто мозок е преморен и кои станале нервозни поради постојаната работа и задржување во затворен простор, најмногу би им користела посета во природа, каде што во непосреден допир со природата би можеле да водат поедноставен и безгрижен живот. Прошетките по околните шуми и полиња, берењето цвеќиња, слушањето на птичјото пеење, ќе придонесе многу повеќе за нивно закрепнување, отколку кое било друго средство. (Здравје и среќа, 235)

„Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” (Марко 6:31)

Повеќе семејства кои живеат во градот или во населби, нека ги остават своите работи кои телесно и умствено ги окупирале и нека одат во природа на брег, на некое езеро или во шума, каде што е убава природата. Нека понесат едноставна, здрава храна, најдобро овошје и житарици и во сенката на некое дрво или под небесниот шатор нека постават маса. Возењето, движењето и природата ќе го зајакне апетитот и тие ќе можат да уживаат во гозбата на која и царевите можат да им позавидат.

Во такви ситуации и родителите и децата треба да бидат слободни од грижи, работа и товар. Родителите треба да станат деца со своите деца, правејќи сè што можат за да ги израдуваат. Цел ден нека биде посветен на одмор. За оние кои работат во затворени простории или седејќи, движењето на чист воздух ќе биде корисно за здравјето. Секој кој може треба да го смета овој совет за должност. Ништо нема да се изгуби, но многу ќе се добие. Тие можат да се вратат на своите обврски со нов живот и нова храброст и ревно да се посветат на својата работа; таквите ќе бидат подготвени да и се спротивстават на болеста. (Темели на среќниот дом, 501)

Освежување со разновидна работа

Младите треба да имаат на ум дека се одговорни за сите предности кои ги уживаат, за корисната употреба на своето време и за правилната употреба на своите способности. Тие можат да постават прашање: Зар не можеме да имаме забава или разонода? Зар само ќе работиме, работиме, работиме без никакви промени? Промената која одвојува од физичката работа, која сериозно ја оптоварила силата, повремено е неопходна за да можеме повторно да се посветиме на работата, трудејќи се да постигнеме поголеми успеси. За обнова на физичката сила не е потребно целосно мирување. Дури и тогаш кога ќе се заморат со еден вид на работа, тие не треба да ги трошат своите скапоцени моменти. Тие можат да побараат некоја друга работа која не е толку напорна, но која ќе биде благослов за нивната мајка и сестри. Со олеснување на нивните товари, земајќи ги на себе најтешките товари, тие можат да најдат разонода која произлегува од начелата, кои ќе им пружат вистинска среќа, а своето време нема да го поминат во бесполезно или себично попуштање. Тие секогаш можат корисно да го употребат своето време и секогаш да се освежат со преоѓање на друга работа, а времето да го користат така што секој момент ќе му послужи некому за добро. (Темели на среќниот дом, 507)

Многумина тврдат дека за зачувување на физичкото здравје потребно е да учествуваат во себични забави. Вистина е дека за најдобриот развој на телото е потребна промена, затоа што со промена умот и телото се освежуваат и крепат; таа цел не се постигнува со учествување во неразумни забави, на штета на извршувањето на домашните должности кои треба младите да ги извршуваат. (Темели на среќниот дом, 508)

Треба да се обрне внимание на редовни часови за спасување и работа. Ние мораме да имаме време за одмор, време за разонода, време за размислување… начелата на умереност имаат поголем опсег отколку што повеќето мислат. (Темели на среќниот дом, 494)

Службениците мора да имаат време за одмор

Видов дека има малку од оние кои ја сфаќаат постојаната, заморна работа на оние кои ја носат одговорноста на работа во канцеларија. Тие ден по ден, седмица по седмица, се зад затворена врата, а постојаниот напор на умствените моќи сигурно го поткопува нивниот организам и ја намалува нивната животна сила. Овие браќа се во опасност да доживеат ненадеен слом. Тие не се бесмртни и без промена тие ќе се истрошат и ќе станат изгубени за делото.

Тие ретко кога доживеале некоја промена, освен кога добивале температура или заболувале од некоја болест. Тие треба почесто да вршат промени, почесто да посветат цел ден одмор со своето семејство, кое речиси е целосно лишено од нивното друштво. (Темели на среќниот дом, 495)

Постои разлика помеѓу рекреација и забава. Рекреацијата, кога е навистина она што нејзиното име значи, (ре-креација) зајакнува и изградува. Одвојувајќи нè од нашите секојдневни грижи и работи, таа му пружа освежување на умот и на телото и така нè оспособува со нова сила да се вратиме на сериозната животна работа.

Од друга страна, забавата се бара поради уживање и во неа често се претерува; таа ја троши силата за полезна работа и така станува пречка за вистинскиот успех во животот. (Темели на среќниот дом, 512)

Тие треба да посветат далеку поголемо внимание на зачувување на своето физичко здравје; бидејќи силата на умот во голем дел зависи од силата на телото. Соодветни периоди на сон и одмор со изобилство на физички вежби се од суштинско значење за здравјето на телото и умот. Да и се скратуваат на природата нејзините часови за одмор и закрепнување, дозволувајќи му на еден човек да извршува работа за четворица, тројца, па дури и двајца ќе предизвика непоправлива штета. (Евангелски работници, 422)

Ноќен одмор

Сонот како пријатна природна обнова, го закрепнува и зајакнува измореното тело и го подготвува за утрешните должности. (1. Сведоштво, 394)

Природата ќе ја обнови силата и виталноста во часовите на нивното спиење, доколку не ги прекршуваат нејзините закони. (Здрав живот, 69)

Бидејќи процесот на изградба на телото се одвива во текот на часовите на одмор, од суштинско значење е, особено во младоста, спиењето секогаш да биде редовно и изобилно. (Мојот живот денес, 157)

Одреденото време за одмор им е неопходно на сите, а особено на жените. (Евангелизам, 395)

Не создавајте навика да седите по девет часот навечер. Секое светло треба да се згасне. Ова претворање на ноќта во ден е лоша и нездрава навика, и со таквото читање во време кога треба да се одмара, мнозина кои се занимаваат со умна работа, силно го загрозуваат своето здравје. Тоа ја повикува крвта во мозокот, а потоа настанува немир, и скапоцениот сон, кој треба да го одмори и освежи телото, не доаѓа тогаш кога е најпосакуван. Особено оние кои се занимаваат со умна работа треба да се смират и ниту на било кој начин да не се возбудуваат пред спиење. (Објавени ракописи 9, 46)

Спиењето пред полноќ вреди многу повеќе од она по полноќ. Два часа добар сон пред дванаесет часот вреди многу повеќе отколку по полноќ. (Објавени ракописи 1, 224)

Некои од младите се спротивставуваат на редот и дисциплината. Тие не ги почитуваат правилата на куќниот ред за времето одредено за утринско станување. Тие лежат во кревет неколку часа по разденувањето, кога сите треба да бидат на нозе. А на полноќ ги држат светилките запалени користејќи ја вештачката светлина наместо дневната светлина со која природата нѐ снабдува во предвидените часови на денот.

Нашиот Бог е Бог на редот, и Тој сака Неговите деца да се доведат во ред и под Негова дисциплина. Зарем нема да ни биде подобро ако раскинеме со оваа навика на претворање на ноќта во ден, и свежите утрински часови во ноќ? Ако младите формираат навики на редовност и поредок, тие ќе го подобрат здравјето во духовноста, меморијата и склоностите. (Совети за детето, 111)

Што обично го нарушува сонот, и како тоа може да се избегне?

Доколку се зема трет оброк, тој треба да биде лесен и неколку часа пред заминување во постела. Меѓутоа, кај многу несреќници, заморениот желудник може напразно да се жали барајќи одмор. Во него се внесува повеќе храна, која ги става органите за варење во движење за повторно да ја вршат истата работа и за време на спиењето. Сонот на таквите луѓе често пати е пореметен со непријатни соништа и наутро тие се будат неосвежени. Се јавува чувство на изнемоштеност и губиток на апетит. Низ целото тело се чувствува недостиг на сила. За кратко време органите за варење се исцрпени, бидејќи немале време за одмор. Овие луѓе стануваат несреќни диспептичари кои патат од лошо варење и се прашуваат што ги направило такви. Причината предизвикала сигурни последици. (Совети за исхраната, 174)

Ако оваа навика (на јадење доцна во ноќта, непосредно пред спиење) се практикува подолго време, здравјето ќе стане сериозно оштетено. Крвта станува нечиста, тенот нездрав, а често се појавува и осип на кожата. Често ќе слушнете како некои се жалат на болки и воспаленија во пределот на стомакот; и додека ја извршуваат својата работа желудникот толку ги измачува така што се принудени да се воздржат од работа и да се одморат. Тие се чини не се свесни за својата состојба и не водат сметка за тоа; бидејќи откако ќе поминат болките, тие изгледаат здрави.

Откако желудникот, кој бил преоптоварен, ќе ја изврши својата задача, тој станува исцрпен, што предизвикува истоштеност. Тука мнозина се заблудени, мислејќи дека поради недостиг на храна се јавуваат такви чувства, и не давајќи му на стомакот време за одмор, повторно јадат и тоа уште повеќе, што за некое време ја отстранува истоштеноста. (Здрав живот, 165)

Друга погубна навика е јадењето пред спиење. Иако се земени сите редовни оброци, луѓето повторно јадат пред спиење затоа што чувствуваат слабост. Ваквото попуштање создава толку силна навика што некои дури мислат дека ако не јадат воопшто нема да можат да заспијат. Како резултат на ова доцно јадење, органите за варење продолжуваат да работат за време на ноќта. Но иако постојано работи, желудникот не може правилно да ја изврши својата задача. Тогаш често се јавуваат непријатни сништа, а човекот наутро се буди неосвежен и без желба за појадок. Кога одиме на починка, желудникот треба да биде готов со својата работа и да ужива одмор како и другите органи во нашето тело. Оваа навика на вечерно јадење е особено штетна за оние кои многу време поминуваат во седечка положба. Ваквата неуредност често пати предизвикува болест која завршува со смрт. (Совети за детето, 251)

Сподели го ова:

Слични објави