3. УМЕРЕНОСТ
„Возљубени, ве молам: како туѓинци и придојденици да се воздржувате од телесните желби, зашто тие војуваат против душата.“ (1. Петрово 2:11)
Вистинската умереност нѐ учи на воздржување од сѐ што е штетно и разумна употреба на она што е здраво и корисно. (Патријарси и пророци, 562)
Умереноста во јадењето, пиењето, спиењето и облекувањето е едно од големите начела на верскиот живот. (Совети за детето, 394)
„Со цел да се зачува здравјето, потребна е умереност во сѐ – умереност во работата, умереност во јадење и пиење.“ (Христијанска умереност, 52)
Неумереноста во јадењето честопати е причина за болест, и во тој случај, на природата ѝ е најпотребно да се ослободи од непотребното оптоварување кое е ставено врз неа. Во многу случаи на болест, најдобриот лек за болниот е да изостави еден или два оброка, за да им овозможи време за одмор на органите за варење. На оние, кои работат со умот, големо олеснување би им донела овошна исхрана во траење од неколку дена. Многупати краток период на целосно воздржување од храна, проследен со едноставно умерено јадење, доведува до целосно оздравување благодарение на напорите на самата природа. Умерената исхрана во траење од еден месец или два ќе ги убеди многуте страдалници дека патот на самоодрекувањето е пат кон здравјето.
Нека оние што исповедаат побожност не се однесуваат рамнодушно кон здравјето на телото, и нека не си ласкаат себеси дека неумереноста не е грев, и дека нема да се одрази на нивната духовност. Постои блиска поврзаност помеѓу телесната и моралната природа. (Совети за здравјето, 67)
Опасност од неумереност
Во светот е сосема вообичаено да се јаде три пати дневно. Освен тоа се јаде и помеѓу редовните оброци; а последниот оброк е обично најобилен и често се зема пред спиење. Ова е сосема спротивно на природниот ред. Пообилен оброк никогаш не треба да се зема толку доцна. Оние кои така прават треба да ја променат својата пракса и да земаат само два оброка дневно, а помеѓу оброците ништо, дури ниту една јаболка, орев или било какво овошје, а резултатот ќе се види во добриот апетит и значајно подобреното здравје. (Лекарска служба, 282)
Неумереноста започнува со употреба на нездрава храна на нашата трпеза. По извесно време, поради постојано попуштање, органите за варење по извесно време ослабнуваат и храната што се зема веќе не го задоволува апетитот. Се создава нездрава состојба во желудникот и доаѓа до силна желба за посилна, стимулативна храна. Чајот, кафето и месото создаваат впечаток на моментално подобрување. Под влијание на овие отрови се надразнува нервниот систем и во некои случаи, привремено се чини дека умот е окрепен, а мечтата пожива. Бидејќи овие стимуланси имаат толку пријатно моментално дејство па мнозина доаѓаат до заклучок дека тие навистина им се потребни и продолжуваат да ги употребуваат. Меѓутоа, секогаш доаѓа до реакција. Нервниот систем, поради прекумерно надразнување, ја позајмува силата за сегашните напрегања од идните извори на енергија. Депресијата е неминовна последица од ова привремено освежување на телото. Опаѓањето на моќта на надразнетите органи по престанокот на дејството на стимулансот ќе биде сразмерен со привременото зајакнување на телото поради нив. Апетитот е воспитан да бара нешто посилно, се стреми да го одржи и зголеми ова пријатно чувство, сè додека попуштањето не премине во навика која се изразува со постојана желба за сè посилни стимуланси како што се тутунот, виното и жестоките пијалаци. Колку повеќе му се попушта на апетитот, толку почести ќе бидат неговите барања и толку потешко ќе биде да се владее со него. Колку повеќе телото ослабнува и е помалку способно да живее без тие неприродни стимуланси, толку повеќе ќе се зголемува копнежот по нив, сè додека волјата не ослабне и не се создаде впечаток дека веќе не постои сила со која би можеле да се отфрлат неприродните силни желби за ваквото попуштање. (3 Сведоштво, 487)
Мнозина кои ја прифатиле здравствената реформа се откажале од многу штетни продукти, но дали тоа значи дека откако се откажале од тие работи, можат да јадат колку што сакаат? Тие седнуваат на трпеза и наместо да мислат колку смеат да јадат, попуштаат на својата неумереност, јадат прекумерно и желудникот е принуден цел ден, сè до вечерта да се мачи со товарот кој му е наметнат. Сета храна која ја ставаме во желудникот, а од која нашиот организам не може да извлече состојки кои му се потребни, претставува оптоварување за работата на организмот. Тоа ја попречува животната машинерија. Целиот систем е оптоварен и не може со успех да ја извршува својата задача. Најважните органи се преоптоварени и нервната сила на мозокот е повикана да им помогне на органите за варење за да го сварат прекумерното количество кое не донесува никаква корист на организмот.
На тој начин се намалува силата на мозокот која мора да го помага желудникот да излезе на крај со непотребниот товар. И откако тој ќе ја заврши својата задача, какви се последиците од тоа непотребно трошење на животните сили? Имаме чувство на слабост и мака и ни се чини дека уште треба да јадеме. Тоа чувство доаѓа најчесто пред оброкот. Што е причина за тоа? Варењето на прекумерна храна го заморило нашиот организам кој е до таа мера исцрпен, така што човекот има чувство на слабост. Вие мислите дека желудникот вели: „Уште храна,” додека тој е толку заморен што всушност вели: „Дај ми одмор.”
На желудникот му е потребна храна за да ги собере своите исцрпени енергии за повторна работа. Меѓутоа, наместо да го пуштите да се одмора некое време, вие мислите дека му е потребно уште храна и така повторно го оптоварувате организмот не пружајќи му го потребниот одмор. Ова би можело да се спореди со човек кој работи во поле од рано утро додека не се измори. Напладне се враќа и вели дека е изморен, исцрпен; но вие му велите повторно да оди на работа, бидејќи така ќе се одмори. Ете така постапувате вие со својот желудник. Тој е потполно исцрпен. Наместо да му дозволите да се одмори, вие му давате уште храна и со тоа им наметнувате на другите органи да му помогнат на желудникот во варење на храната.
Многумина од вас понекогаш почувствувале некоја опиеност во мозокот, и во такви случаи сметале дека треба да се остави секоја работа која бара било какво душевно или телесно напрегање додека не помине тој притисок на органите. Тогаш повторно доаѓа тоа чувство на слабост. Вие тогаш тоа го толкувате како потреба за уште храна и двојно го оптоварувате својот желудник. Дури и ако строго внимавате на тоа каква храна земате, дали Го прославувате Бога во своето тело и дух, кои се Негови, кога земате толкаво количество на храна? Оние кои ставаат големи количества храна во својот желудник и така го преоптоваруваат својот организам, нема да бидат во состојба правилно да ја сфатат вистината која им се изнесува. Тие нема да бидат во состојба да ги пробудат своите заматени умни сили и да го увидат значењето на службата на помирување и големината на жртвата која била дадена за паднатиот човек. За овие луѓе е невозможно да ја сфатат сета големина и драгоценоста на наградата која го очекува верниот победник. Никогаш не смееме да дозволиме животинскиот дел од нашата природа да владее со моралното и умното.
Какво влијание има тоа прекумерно внесување на храна на желудникот? Тој слабее, органите за варење ја губат својата сила и како последица доаѓа болест. Луѓето кои и порано биле болни, само ја зголемуваат својата неволја и ги рушат животните сили секој ден. Тие луѓе непотребно ги трошат животните енергии на својот организам за да излезат на крај со храната која ја натрупуваат во својот желудник. Колку е страшно да се биде во таква состојба! Ние од искуство знаеме што значи лошото варење. Ги имавме во семејството и знаеме дека навистина треба да се стравува од тоа. Човекот кој е болен од диспепсија (лошо варење), тој е голем маченик и телесно и духовно, а се мачат и неговите пријатели, освен ако не се потполно бесчувствителни. А вие сепак зборувате: „Вас не треба да ви е грижа што јадам и како живеам.” Зар не страда околината на оние кои страдаат од диспепсија? Само обидете се да направите нешто што не би им било по волја. Зар не стануваат премногу раздразливи? Тие се чувствуваат лошо и им се причинува дека нивните деца се многу лоши. Не се во состојба мирно да им се обратат ниту разумно да постапуваат во своите семејства, освен ако не примат посебна Божја благодат. Сите кои се наоѓаат околу нив, страдаат поради нивните болести; сите мораат да сносат последици од нивната неволја. Тие фрлаат темна сенка околу себе. Значи, зар на другите им е грижа што јадете и што пиете? Многу им е грижа. Затоа треба многу да внимавате за да останете во најдобро здравје, за да можете што подобро да Му служите на Бога и да ги вршите своите должности во општеството и во своето семејство.
Но дури и здравствените реформатори можат да згрешат во поглед на количеството на јадење. И тие можат да бидат неумерени, иако јадат здрава храна. Некои и во овој дом грешат и во поглед на количеството на храна. Тие сметаат дека можат слободно да јадат сè што ќе посакаат и кога сакаат. На тој начин тие му штетат на својот организам. И не само тоа. Тие им штетат на своите семејства со тоа што ставаат на својата трпеза нездрава храна која ги зголемува животинските страсти кај децата и ги одвраќа нивните мисли од небото. Каква тешка казна ќе платат тие на крајот! А се чудат што нивните деца се толку слаби во морален поглед!
Родителите не им пружиле на своите деца вистинско воспитување. Тие често имаат исти мани кои се гледаат кај децата. Тие не се хранат онака како што треба и затоа силата на нивните нерви мора да му помага на желудникот. Затоа не им преостанува ниту малку енергија за развивање во други насоки. Не се во состојба да водат надзор над своите деца, бидејќи немаат трпение ниту се во состојба да ги поучат на правилен начин на живот. Понекогаш се груби и луто им делат шлаканици. Кажав дека со ќотек од детето истеруваме еден ѓавол, а втеруваме два. Ако некое дете е лошо, ќе биде уште полошо ако тоа биде затресено. Тоа нема да го потчини. Родителите не можат да владеат со себе ако не се чувствуваат добро, ако циркулацијата им е пореметена и кога нивниот нервен систем мора со сите свои сили постојано да ги совладува последиците на лошата храна или пак прекумерните количества на добра храна. Тие не се во состојба да го сфатат односот причина-последица. Со ова може да се објасни зашто тие со секоја своја постапка кон децата прават повеќе штета отколку корист. Изгледа дека тие не можат да ја сфатат врската помеѓу причината и последиците и затоа постапуваат како да се слепи. Тие се однесуваат како особено да го величаат Бога со тоа што постапуваат како дивјаци и што грубо и насилно ја исправаат секоја грешка која ќе се јави кај нивните деца.
Кои се нашите деца? Децата се само нашите помлади браќа и сестри во семејството кое Бог го признава за Свое. Ние имаме работа со членовите на Господовото семејство. И токму затоа што ни е доверена грижата за нив, мораме најсесрдно да се трудиме да ги подигаме за Господа, така што можеме да кажеме кога ќе дојде Господарот: „Еве сме, Господи, ние и децата кои Ти ни ги даде нам.” Ќе можеме ли тогаш да бидеме во состојба да кажеме: „Се трудевме да ја извршиме својата задача и тоа добро да ја извршиме”? (2. Сведоштво, 362-366)
Грев е да се биде неумерен во поглед на количеството на храна, дури и тогаш кога на квалитетот нема што да му се замери. Многумина сметаат дека едноставна храна можат да јадат до ситост, бидејќи не земаат месо и други нездрави продукти. Тоа е неточно. Многумина кои тврдат дека ја прифатиле здравствената реформа не се ништо друго туку алчни луѓе. Тие толку ги оптоваруваат органите за варење, што нивната животна сила се исцрпува во напорот да ја свари храната. Тоа исто така неповолно влијае на умот, бидејќи силите на мозокот мораат да му помогнат на желудникот. Прекумерното земање дури и на наједноставните продукти ги затапува чувствителните нерви на мозокот и ја слабее животната сила. Претераното внесување на храна има полоши последици по здравјето отколку претераната работа. Неумереноста во јадењето повеќе ги уништува енергиите на душите отколку неумереноста во работата.
Органите за варење никогаш не треба да се оптоваруваат со таква храна која според количеството или квалитетот бара целото тело да учествува во процесот на варење. Сè што ќе се внесе во стомакот преку она што организмот може да го претвори во крв, го оптоварува животниот апарат; тој вишок не може да се претвори ниту во мускули, ниту во крв туку само го оптоварува црниот дроб и создава болна состојба. Желудникот претерано работи за да го дислоцира тој вишок, па оттаму чувство на тромост, кое се толкува како чувство на глад. Не дозволувајќи им на органите за варење да се одморат од својата тешка работа, да присоберат енергија, човекот повторно внесува во стомакот претерани количества на храна и заморениот апарат повторно се става во погон. Телото извлекува помалку хранливи состојки од прекумерното количество на храна отколку од умереното количество на храна, која се зема во правилни временски интервали. (2. Сведоштво, 412.413)
Умереност во работата
Ние треба да бидеме умерени во својата работа. Ние не треба да се ставиме во положба да работиме претерано. Некои тоа можеби ќе го сторат кога е неопходно, но тоа треба да биде исклучок, а не правило. Ние треба да бидеме умерени во сите нешта. Доколку му дадеме чест на Бога со тоа што ќе го вршиме својот дел, Тој ќе го стори Својот дел со тоа што ќе го запази нашето здравје. Ние треба да имаме чувствителна контрола над сите наши органи. Преку практикување умереност во јадењето, пиењето, облекувањето, работата и во сите нешта, ние за себе можеме да го сториме тоа што ниеден лекар не ќе може да го стори за нас.
Како правило, работата од тој ден не треба да продолжи и во вечерта… Мене ми беше покажано дека оние кои прават така често пати губат повеќе отколку што добиваат, затоа што нивната сила е исцрпена и тие работат црпејќи енергија од својата возбуденост. Тие можеби нема да согледаат некоја неодложна штета, но со сигурност тие ја поткопуваат својата конституција.
Кога ја пишував третата и четвртата книга на „Духовни дарови,” често бев исцрпена поради претерана работа. Тогаш увидов дека морам да го променам својот начин на живот и откако се одморив неколку дена, потполно закрепнав. Од тие работи се откажав од начело. Здравствената реформа ја прифатив од начело. И од тоа време, браќа, никогаш не слушнавте да се залагам за некој претеран став за здравствената реформа, став кој подоцна би морала да го негирам. Го проповедав само она за што и денес се залагам. Јас ви препорачувам здрави, хранливи продукти.
За да остварат некоја незначајна добивка, мнозина со предумисла така ги распоредуваат своите работи, така што неизбежно ги оптоваруваат со напорна работа и оние што работат надвор од куќата, како и членовите на семејството што работат во куќата. Коските, мускулите и мозокот, сѐ е искористено до своите крајни можности. Тие си поставуваат преголема задача, а потоа тоа го оправдуваат со тврдењето дека мора да се направи сѐ што е можно, инаку ќе се работи со загуба, нешто ќе се загуби. Сѐ мора да се постигне, без оглед на тоа какви ќе бидат последиците. А што се постигнува со тоа? Можеби некои успеваат да ја одрджат главнината на својот капитал и дури да ја зголемат. Но, од друга страна, што сѐ загубиле поради тоа? Капиталот на здравјето што претставува непроценливо богатство и за најсиромашниот и за најбогатиот, постојано е во опаѓање. Мајката и децата постојано земаат од фондот на своето здравје и сила, убедени дека со тоа прекумерно трошење сепак нема да го потрошат својот капитал, сѐ додека на крајот ненадејно не се осведочат дека нивните сили, па и животот се приближуваат до својот крај… Здравјето и животот се жртвуваат поради љубовта кон парите. (1. Сведоштво, 477)
„Не работете прекумерно. Многу е подобро да се остават некои работи недовршени, кои се предвидени за денешниот ден, отколку да се преморувате, да губите елан потребен за извршување на задачите за следниот ден. Не кршете ги денес природните закони, за да не ја изгубите својата сила за утрешниот ден.“ (Ум, карактер и личност, 376)
Во јадењето
Вистинската умереност нè учи да го отфрлиме сето она што е штетно, и промислено да го користиме она што е корисно. Постојат малкумина кои сфаќаат како што треба, колку многу нивните навики на јадење се поврзани со нивното здравје, нивниот карактер, нивната корисност во овој свет и нивната вечна судбина. Апетитот секогаш треба да биде во потчинетост на моралната и интелектуалната сила. Телото треба да биде слуга на умот, а не умот на телото.
Оние кои јадат и работат неумерено и неразумно, тие зборуваат и постапуваат неразумно. Не е неопходно да се пијат алкохолни и силни пијалаци за човекот да стане неумерен. Гревот на неумереност во јадењето – покажан во премногу честото и прекумерно земање на храна или со употреба на силно зачинети и нездрави јадења – ги уништува органите за варење, влијае врз мозокот, го изопачува расудувањето и го оневозможува разумното, трезвено и здраво размислување и работа.
Во учењето
Неумереноста во учењето е еден вид опивање; и оние кои така постапуваат, како пијаницата, заталкуваат од безбедните патеки и се тетерават и паѓаат во мракот. Господ би сакал секој студент да има на ум дека окото мора да биде насочено само кон славата Божја. Тој не треба да ги исцрпува и напразно троши своите физички и умствени сили настојувајќи да се здобие со сето можно научно знаење, туку треба да ја запази свежината и силата на сите свои сили и да ги вклучи во работата која Бог му ја одредил помагајќи им на душите да го најдат патот кон праведноста.
Во спиењето
Ти си Божја креација. Ако се грижиш за себе, треба целосно да ја сфатиш својата одговорност кон Бога и да се однесуваш правилно. Дај си доволно време за спиење. Оние кои спијат доволно, на тој начин и даваат на природата време да ги обнови и поправи истрошените сили и ресурсите на организмот. (Медицинска служба, 80)
Во облекувањето
Ние го пресудуваме карактерот на една личност преку стилот на облеката која ја носи. Скромна, побожна жена ќе се облекува скромно. Префинетиот вкус и културниот ум, ќе биде откриен преку изборот на едноставна, прикладна облека… Жената која е едноставна и скромна во својата облека и во нејзините манири покажува дека таа разбира дека вистинската жена е карактеризирана преку својата морална вредност. Колку прекрасна, колку интересна е едноставноста во облекувањето, која според убавината може да се спореди со полските цвеќиња. (Совети за детето, 413)
Сестри мои, чувајте се од сето она што изгледа дека е зло. Во овој век на разврат, полн со расипаност, нема да бидете сигурни ако не стражарите. Доблеста и скромноста се ретки. Апелирам кон вас како Христови следбеници, кои тврдите дека сте добри христијани, внимателно да ја чувате драгоцената, бесценета скапоценост на скромноста. (Совети за детето, 417)
Скромната едноставност во облекувањето, соединета со скромност во однесувањето, многу ќе придонесе младата жена да биде опкружена со атмосфера на света воздржаност, која ќе ја заштити од илјадници опасности. (Совети за детето, 417.3)
Едноставноста во облеката ќе стори една мудра жена да изгледа на најдобар можен начин. (Совети за детето, 421)
Што наведува на неумереност
Сè што го попречува варењето на храната, што непотребно го возбудува духот, или на било кој начин го ослабнува организмот, нарушувајќи ја рамнотежата на менталните и физичките сили, ја слабее контролата на умот над телото и така наведува на неумереност. Падот на многу талентирани млади животи може да му се припише на неприродниот апетит, кој бил предизвикан од штетната исхрана (Совети за детето, 279).
Секоја крајност е мошне опасна
…Но што да кажеме за слабата исхрана? Спомнав дека и количеството и квалитетот на исхраната треба во целост да одговорат на барањата на законот на здравјето. Меѓутоа, не препорачуваме сиромашна исхрана. Видов дека многумина лошо ја разбираат здравствената реформа и земаат премногу слаба исхрана. Тие се хранат со продукти со слаб квалитет и лошо подготвени, не земајќи притоа во обѕир дека организмот треба да се одржи во живот. Многу е важно храната грижливо да се подготви за да му годи на организмот со неизопачен апетит. Никој не смее да дојде на мисла дека не е важно што јадеме затоа што од начело ја отфрламе употребата на месото, путерот, питите со месо, зачините и маста.
Има луѓе кои одат во крајност. Како да мораат да јадат толку и толку, таа и таа храна и се ограничуваат само на два-три вида. Тие дозволуваат само некои јадења да се изнесуваат пред нив и пред членовите на семејството. Земајќи малку храна и тоа со слаб квалитет, тие не внесуваат сè што е потребно за прикладно да се исхрани организмот. Слабата храна не може да се претвори во добра крв. Лошата исхрана ќе даде лоша крв.
Тоа е причината за вашата голема слабост. Наместо да ги испитувате своите побуди во светлината на вечноста, наместо навистина да ги сфатите начелата според кои се раководите во животот, наместо да копате по дното и да градите за себе на вистински темел, вие чекорите во искрите кои други ги запалиле. Меѓутоа, и тука ќе доживеете неуспех исто како и во здравствената реформа. Но ако сте постапувале според начелата, ова не би се случило…
Втората група на луѓе е многу строга во применување на начелата на здравствената реформа. Тие луѓе стојат тврдоглаво на својот став и претеруваат во сè. Една од таквите е и сестра А. Таа немаше во себе чувство на љубов и милосрдие како нашиот Господ. Единствено што сфати беше правдата. Таа одеше уште подалеку од Др. Трел. Нејзините пациенти морале да ја напуштат бидејќи не добивале доволно да јадат. Поради нејзината оскудна исхрана, нејзе ѝ ослабнала крвта.
Месото ја расипува крвта. Варете го месото со зачини, јадете колачи и ќе имате лоша крв. Нашиот организам мора да направи тежок напор за да ја совлада ваквата храна. Питите со месо и киселите краставички, кои никогаш не треба да се внесат во човечкиот желудник, ќе дадат сиромашен квалитет на крв. Слабата храна, неправилно подготвена, земена во недоволни количества не може да даде здрава крв. Месото и изобилната храна ќе доведат до исти последици како и премногу сиромашната исхрана.
Да преминеме сега на прашањето за шеќерот и млекото. Познавам луѓе кои здравствена реформа ги исплаши и кои изјавија дека нема да размислуваат за неа, бидејќи ја забранува употребата на овие продукти. При промената на начинот на исхрана треба да се биде многу внимателен и мудар. Ние сакаме да тргнеме по еден пат кој сам себе ќе се препорачува на разумните мажи и жени во оваа земја. Земањето на големи количества на млеко и шеќер во исто време е многу штетно. Со нив во организмот се внесуваат штетни состојки. Животните од кои се добива млеко не се секогаш здрави. Тие можат да бидат болни. Се случува кравата да изгледа многу здрава наутро, а да погине истата вечер. Значи дека уште наутро била болна и дека и нејзиното млеко било нездраво, а вие тоа не сте го знаеле.
Животните се болни и нивното месо е исто така болно. Кога би можеле да знаеме дека животните се совршено здрави, јас на луѓето би им препорачала попрво да јадат месо отколку големи количества на млеко и шеќер. Тоа толку не би му наштетило на организмот колку млекото и шеќерот. Шеќерот го оптоварува организмот и ја попречува работата на животната машинерија.
Ќе изнесам еден случај кој се случи во областа Монткалм во Мичиген. Станува збор за еден благороден човек. Ме повикаа да го посетам, бидејќи беше болен. Прво разговарав со него за неговиот начин на живот. „Не ми се допаѓа изгледот на вашите очи,” му реков. Тој земаше големи количества на шеќер. Го прашав зашто го прави тоа. Ми рече дека го оставил месото и потоа не знаел со што да го замени. Неговата исхрана не го задоволила од проста причина што неговата сопруга не знаела да готви. Своите ќерки, веќе готови за мажење, вие ги испраќате на колеџ за да студираат, пред да научат да готват; меѓутоа, готвењето е од првостепено значење. Таа жена не знаела да готви; не научила да подготвува здрава храна. Жената и мајката не била дорасната на своите должности во оваа важна работа и бидејќи исхраната била слаба, не можела да ги задоволи барањата на организмот, па семејството земало премногу шеќер, што довело до болест. Овој човек недолжно страдал поради лошо готвење. Кога дојдов кај овој болен човек, се обидов да им објаснам како треба да живеат и тој набргу почна подобро да се чувствува. Но еднаш, неразумно, сакаше да ја испита својата сила, иако не беше потполно закрепнат и изеде мало количество на лоша храна: повторно падна во постела. Овој пат му немаше помош. Целиот негов организам како да беше во распаѓање. Тој почина како жртва на лошото готвење. Се обиде лошата исхрана да ја надополни со шеќер и со тоа само ја влошуваше својата состојба.
Често седнувам зад трпезата на браќа и сестри и забележувам дека употребуваат големи количества на млеко и шеќер. Тоа го оптоварува телото, ги надразнува органите за варење и влијае на мозокот. Сè што го попречува правилното движење на животната машинерија непосредно влијае на мозокот. А јас видов, во светлината која ми е дадена, дека шеќерот, доколку се употребува во големи количества, е поштетен од месото. На промените во исхраната треба внимателно да се пристапи, за да не им нанесеме штета на оние кои сакаме да ги поучиме и да им помогнеме.
Нашите сестри често не знаат како треба да готват. На таквите сестри би им препорачала: Јас би отишла кај најдобрата готвачка која може да се најде во околината и би останала кај неа со седмици ако е потребно, додека не ја научам таа вештина и станам мудра и вешта готвачка. Јас би постапила така ако имам и четириесет години. Ваша должност е да знаете да готвите и ваша должност е да ги научите своите ќерки да готват. Кога ги учите на готварски вештини, вие изградувате околу нив брана која ќе ги сочува од лудоста и гревот на кои би можеле да им подлегнат. Јас ја ценам својата шивачка и го почитувам својот писар; но готвачката која знае како треба да ја приготви храната за да се одржува животот и да се хранат мускулите, мозокот и коските, врши најважна должност меѓу помагачите во моето семејство.
Мајки, ништо не води кон толкаво зло, како кога ги ослободувате од товар своите ќерки, кога не им давате ништо да работат и кога им дозволувате сами себеси да си бираат работа, можеби малку плетење или некоја друга лесна работа. Тие треба да ги вежбаат своите органи и мускули. Ако тоа ги заморува, ништо страшно. Зар и вас не ве заморува вашата работа? Дали заморот ќе им пречи на вашите деца – освен ако не претераат – повеќе отколку што ви штети вам? Не, навистина. Децата можат да закрепнат од заморот со добар сон преку ноќта и да се подготват за работа идниот ден. Грев е да се пуштат да растат во мрзливост. Изобилството на леб и мрзеливоста беа најголемите гревови на Содом.
Ние сакаме да работиме правилно. Сакаме да постапуваме како мажи и жени на кои ќе им се суди. И кога ќе ја прифатиме здравствената реформа, треба да ја прифатиме од чувство на должност, а не поради тоа што некој друг ја прифатил. Јас ниту најмалку не го изменив својот начин на живот откако ја прифатив здравствената реформа. Не отстапив ниту еден чекор откога небесната светлина ја осветли мојата патека во тоа поглавје. Одеднаш се одвоив од сè – од месото, путерот и трите оброци, и тоа работејќи заморна работа, пишувајќи од рано утро до залезот на сонцето. Земањето на храна го сведов на два оброци дневно не намалувајќи ја својата работа.
Бев голем болник, пет пати бев парализирана. Левата рака со месеци ми беше приврзана покрај телото, бидејќи имав болки во пределот на срцето. Кога ја извршив таа промена во исхраната, не сакав да му попуштам на вкусот и да дозволам тој да владее. Зар апетитот треба да стои на патот на моето оздравување со кое ќе Го прославам Бога? Зар смее да застане на патот дури и за момент? Никогаш! Чувствував страшна глад. Порано многу јадев месо. Но кога би почувствувала слабост, би ги ставила рацете на својот стомак и би рекла: „Не, нема да вкусам ниту залак. Ќе јадам едноставна храна, или воопшто нема да јадам.”
Лебот ми стана невкусен. Ретко можев да изедам парче со големина на долар. Некои работи од здравствената реформа многу лесно ги примив; но кога дојде до лебот, тоа ми беше особено тешко. Кога ја прифатив таа промена, морав да водам особено остра борба. Првите два-три оброка воопшто не можев да ги јадам. Му реков на својот желудник: „Чекај додека да можеш да јадеш леб.” Нешто подоцна можев да јадам леб, и тоа грахамов. Порано не можев да го јадам. Но сега ми годи и не го губам апетитот.
Не сметам дека е голема жртва да се откажеме од оние работи кои оставаат лош здив и лош вкус во устата. Зар е лишување ако се откажеме од тие работи и дојдеме во состојба кога сè ни е слатко како мед, кога во устата не останува никаков лош вкус и кога нема слабост во стомакот? Тоа порано често ми се случуваше. Често со детето во прегратка паѓав во несвест. Сега тоа веќе не се случува. И зар да го наречам лишување, тоа што денес можам ваква да стојам пред вас? Ниту една жена од сто не би можела да ја издржи работата која јас ја издржувам. Се раководам според начело, а не според побуди. Постапувам така бидејќи верувам дека небото ќе го одобри патот по кој тргнав, за да ја подобрам својата здравствена состојба и да Го славам Бога со своето тело и душа, кои се Негови.
Можеме да земаме многу разновидна храна, здраво сварена, која ќе му годи секому. А ако не знаете да готвите, јас, сестри мои, ве советувам да научите. Од животна важност е да знаете да готвите. Повеќе души се загубени поради лошо зготвена храна отколку што вие мислите. Таа предизвикува слабост, заболувања и нерасположение. Организмот губи рамнотежа и човекот не може јасно да го согледа она што е небесно. Во векна добар леб има исто како и во добро подготвената храна, повеќе вера отколку што многумина мислат. Ние сакаме да ве поучиме во што се состои вистинската вера за да ја остварите во своите семејства. Секогаш кога бев на пат, знаев дека ќе ми пречат и лебот и храната кои се изнесуваат на трпезата, но бев принудена нешто да јадам за да го одржам својот живот. Да се внесува таква храна, е грешно во очите на небото. Страдав заради недостаток на добра храна. На еден човек кој боледува од диспепсија можете да му дадете различен зеленчук, но не многу за еден оброк. На тој начин ќе обезбедите разновидност што ќе ви годи и добро ќе се чувствувате по оброкот.
Се зачудив кога дознав дека многумина од вас јадат помеѓу оброците, наспроти светлината која ви беше дадена. Не би требало да земете ниту залак помеѓу редовните оброци. Јадете го она што треба да го изедете, но само за време на оброкот и тогаш почекајте го другиот. Јас јадам толку колку што е потребно да ги задоволам потребите на организмот, но кога ќе станам од трпезата, имам толку добар апетит како и кога седнав. И кога ќе дојде време за следниот оброк, подготвена сум да земам одредено количество, но не повеќе. Ако би земала двојно количество храна која ми годи, како би можела да се поклонам пред Бога и да Го замолам да ми помогне во пишувањето, кога воопшто немам инспирација поради својата алчност? Дали би смеела да побарам од Бога Тој да води грижа за мене откако толку неразумно го оптоварив својот стомак? Со тоа само би Го обесчестила. Тоа би значело да барам Тој да се грижи за мојата алчност. Затоа јадам толку колку што сметам дека е потребно, а потоа можам да побарам од Него да ми подари сила да ги вршам оние должности кои Тој ми ги доверил. И јас имам осознаено дека Небото ја услуши мојата молитва кога се имам така помолено.
Освен тоа, ако сме неумерени во јадењето, грешиме кон сопственото тело. Во сабота таквите ќе спијат во Божјиот дом и тоа за време на изнесување на горечките вистини од Божјата реч. Тие не се во состојба да ги држат своите очи отворени ниту да ги сфатат сериозните проповеди. Зар сметате дека тие луѓе Го слават Бога во своето тело и душа, кои се Негови? Не, тие Го обесчестуваат. Ваквиот начин на живот доведува до диспепсија. Болниот не внимавал на редот и умереноста туку дозволил со него да владее неговиот апетит и јадел помеѓу оброците. Освен тоа, ако сè работел седејќи, не можел да ја почувствува животворната сила на чистиот воздух кој го помага варењето, ниту доволно се движел што е неопходно за одржување на здравјето.
Некои од вас сметаат дека сепак некој би требало да ви каже колку треба да јадете. Не треба така да биде. Ние мораме да се управуваме според моралните и верските начела. Мораме да бидеме умерени во сè, бидејќи пред нас е нераспадливиот венец и небесното богатство. А сега сакам да им кажам на своите браќа и сестри: треба да се има морална храброст, да се заземе одлучен став и да се владее со себе. Јас никогаш не би сакала ова да му го препуштам на некој друг. Вие премногу јадете, а потоа жалите поради тоа, така што постојано мислите за тоа што јадете и пиете. Јадете толку колку што ви е потребно и потоа станете од трпезата ведри и чисти во очите на небото, без никаква грижа на совест. Ние не веруваме дека треба целосно да ги отстраниме искушенијата од децата или возрасните. Сите ние мораме да се бориме и спротивставуваме на искушенијата на сатаната и да бидеме свесни за тоа дека во себе имаме сила тоа да го направиме.
Додека од една страна ве опоменуваме да не јадете прекумерно, дури ниту кога е во прашање најдобра храна, од друга страна би сакале да ги опоменеме и оние кои одат во крајност, да не подигаат лажно знаме и да не запнуваат и останатите да се соберат околу нив. Има многу луѓе кои се нафатиле да ја проповедаат здравствената реформа бидејќи не се способни да се посветат на ниту една друга активност, да се грижат за сопственото семејство ниту да ги исполнуваат своите реални должности во црквата. И што прават тие? Се фрлаат на здравствената реформа како да се во состојба тука да постигнат некој успех. Се нафаќаат на одговорности мажите и жените, а всушност не разбираат ништо.
Сакам да го подигнам својот глас против почетниците кои се нафаќаат на лекување на болести според начелата на здравствената реформа. Да не даде Бог да бидеме предмет на нивните опити. Ние сме премногу малку. Освен тоа, неславно е да загинеме во таква борба. Бог нека нè сочува од таквата опасност! Нам не ни се потребни такви учители и лекари. Болестите треба да ги лекуваат луѓе кои знаат нешто за човечкиот организам. Небесниот лекар е полн со милосрдие. Такви треба да бидат и сите оние кои имаат работа со болните. Некои кои вршат должност на лекар се лицемерни, себични и тврдоглави. Не можете на ништо да ги подучите. Можеби никогаш во својот живот не направиле ништо корисно. Можеби не успеале во животот. Не знаат ништо од она што е вредно да го знаат, а сепак се нафаќаат да лекуваат според начелата на здравствената реформа. Не смееме да дозволиме овие луѓе да упропастат некого. Не, ние не можеме тоа да си го дозволиме! (2. Сведоштво, 362-375)