1. ЧИСТ ВОЗДУХ

Сподели го ова:

Воздухот како лек за болеста

„И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“ (Создавање 2:7)

Воздух, воздух, тој драгоцен дар од небото, кого сите можат да го имаат, ви носи благослов со своето животворно влијание, ако не го спречите да влезе во вашиот дом. Прифатете го со добредојде и навикнувајте се да уживате во него, и тој ќе се покаже како драгоцено смирувачко средство за вашите нерви. За да биде чист, воздухот мора постојано да циркулира и да се менува. Под влијание на чистиот и свеж воздух и крвта поздраво ќе циркулира низ целиот организам. Тоа го освежува и зајакнува телото, додека во исто време поволно влијае на умот создавајќи ведро и пријатно расположение. Тоа го поттикнува апетитот, го подобрува варењето и носи здрав и пријатен сон. (1. Сведоштво, 701)

Свежиот воздух ќе им донесе многу поголема полза на пациентите, отколку лекувањето со медикаменти. Всушност, тој за нив е понеопходен, отколку храната. Тие ќе се чувствуваат подобро и побргу ќе закрепнат без храна, отколку без свеж воздух. (Совети за здравјето, 55)

Животот на чист воздух е корисен и за телото и за умот. Тоа е Божји лек за оздравување. Чистиот воздух, добрата вода, сонцето, убавата природа – тоа се Божји средства за враќање на здравјето на болниот по природен пат. Лежењето на сонце или во ладовината на дрвјата, за болниот е подрагоцено од сребро и злато. (7. Сведоштво, 85)

Дишење на чист воздух

Една од примарните цели кон кои треба да се стремиме е правилното држење како при седење, така и при стоење.

Веднаш по правилното држење, по важност следуваат дишењето и негата на гласот. Оној кој седи и стои исправено, обично и дише поправилно од другите. Но учителот треба да им ја нагласи важноста на длабокото дишење на своите ученици. Треба да прикаже како здравото дејствување на органите за дишење, помагајќи го крвотокот, го оживува целиот организам, го буди апетитот, го потпомага варењето, предизвикува здрав и сладок сон, и на тој начин, не само што го освежува телото, туку и го ублажува и смирува умот. Додека ја објаснува важноста на длабокото дишење, тој треба упорно да бара тоа и да се применува. Длабокото дишење треба да се увежбува и да се вложи труд во зацврстувањето на оваа навика. (Воспитување, 198)

На организмот му е потребна помош за да се врати во нормална состојба. Оваа помош може да се обезбеди со едноставни средства и првенствено со природни дарови: чист воздух и правилно дишење. (Одбрани пораки 2, 287)

Здравјето на целиот организам зависи од здравото функционирање на органите за дишење. (Одбрани пораки 2, 473)

За да имаме добра крв, ние мораме добро да дишеме. Длабокото вдишување на чист воздух, што ги исполнува белите дробови со кислород, ја прочистува крвта. Тоа ѝ дава на крвта светла боја и како животворна струја ја испраќа до сите делови од телото. Доброто дишење ги смирува нервите; го стимулира апетитот, го помага варењето и дава здрав, освежувачки сон.

На белите дробови треба да им се овозможи најголемата можна слобода. Слободната активност го развива нивниот капацитет, кој се намалува доколку се притиснати или стегнати. Оттука, претераното наведнување при работа во седечка положба е мошне штетно. Во таква положба е невозможно длабоко да се дише. Површното дишење наскоро станува навика, а белите дробови ја губат својата способност да се шират. Сличен ефект се добива и со силното стегање на градите. На долниот дел од градниот кош не му се остава доволен простор; стомачните мускули, кои се дизајнирани да помогнат при дишењето, не ја извршуваат во потполност својата задача и белите дробови се ограничени во своето делување.

На тој начин доаѓа до недоволно снабдување со кислород. Крвта се движи бавно. Се задржуваат отпадните, отровни материи што треба да бидат исфрлени при издишувањето, а крвта станува нечиста. Со ова не се погодени само белите дробови, туку и желудникот, црниот дроб и мозокот. Кожата станува бледа, варењето забавено, срцето слабее, мозокот е заматен, а мислите несредени; духот го обземаат тага и раздразливост; целиот организам е во застој, неактивен и особено подложен на болести. (Здравје и среќа, 272.273)

Бидете уверени дека Бог нема да направи никакво чудо за да ве спаси од лошите последици на вашиот начин на живот. Вие немате доволно свеж воздух. Братот И работи во својата работилница, посветувајќи се целосно на своите работи, не изложувајќи се на свеж воздух и движење. Неговиот крвоток е успорен, тој дише само со врвот на белите дробови, и ретко употребува стомачни мускули при дишењето. Желудникот, панкреасот, белите дробови и мозокот страдаат од недоволно длабоко, полно вдишување на воздух кој би го оживеал крвотокот и би дал светла крв, жива боја, која единствено може да се одржи чиста и да подари сила на секој дел од животната машина. (2. Сведоштво, 68)

Белите дробови постојано исфрлаат нечистотии и тие треба да имаат постојан дотур на свеж воздух. Нечистиот воздух не го обезбедува потребното количество на кислород и крвта стигнува во мозокот и другите органи без потребната сила. Затоа е неопходно темелно проветрување. Животот во затворени, лошо проветрени простории, во кои воздухот е истрошен и задушлив, го ослабнува целиот организам. Тој станува особено чувствителен на влијанието на студот и се разболува дури и при најмала изложеност. Многу жени се бледи и слаби токму поради постојаниот престој во затворени простории. Тие одново и одново го вдишуваат истиот воздух, сè додека тој нè стане полн со отровни материи исфрлени преку белите дробови и порите на кожата, поради што нечистотијата повторно се враќа во крвта. (Здравје и среќа, 274)

Мнозина несвесно го загрозуваат своето здравје и го излагаат на опасност својот живот со користење на козметика. Кога телото ќе се загрее, отровите преку порите на кожата продираат во крвта. Животот на мнозина е жртвуван токму преку тие средства. (Здрав живот, 189)

Градската врева, возбудата и конфузијата. најмногу го заморуваат и исцрпуваат болниот. Воздухот исполнет со чад, прашина, со отровни гасови како и со бактерии на заразни болести е многу опасен за живот. (Здравје и среќа, 203)

Жените и децата страдаат поради тоа што морале да го вдишуваат воздухот загаден не само од страна на чадот од цигарите од безброј запалените лули и цигари, туку и од одвратниот здив на пушачите. Оние што живеат во таква атмосфера секогаш ќе бидат болни. (5. Сведоштво, 415)

Загреаниот воздух што доаѓа од печката е штетен, и ако прозорците се херметички затворени би можел да биде отровен дури и смртоносен. Топлината од печката ја уништува виталноста на воздухот и ги слабее белите дробови. Болните лица се истоштени од болеста, и потребен им е многу освежувачки воздух за да зајакнат виталните органи и да се спротивстават на болеста. (Одбрани пораки 2, 305)

Проветрување и сончева светлина

Како последица на постојано задржување во затворени и непроветрени простории, организмот станува слаб и неотпорен, циркулацијата ослабнува, крвта побавно се  движи низ организмот, бидејќи не е прочистена и освежена со животворното влијание на воздухот. Умот станува потиштен и нерасположен, а целиот организам е изнемоштен, склон кон треска и други болести. Со својата строга изолација од надворешниот воздух и преку стравот од проветрување, вие вдишувате истрошен и нездрав воздух кој веќе бил во белите дробови на останатите кои се наоѓаат во иста просторија, и затоа е полн со отрови, и мошне нездрав. Поради тоа телото станува тромо, кожата бледа, варењето е пореметено и целиот организам станува особено наклонет кон настинка. Вие мора строго да внимаваат да не седат на провев или во студена соба кога се изморени или испотени. Вие морате да се навикнете на воздух така што собната температура да не биде повисока од осумнаесет степени. (1. Сведоштво, 702)

При изградба на објекти за јавна употреба или живеење, треба да се обрати внимание тие да имаат добра вентилација и многу сончева светлина. Црквите и училниците често имаат недостатоци во овој поглед. Занемарувањето на соодветна вентилација е причина за големата поспаност и досадата, кои го уништуваат ефектот на многуте проповеди и прават работата на учителот да стане тешка и неуспешна.

Доколку е можно, сите објекти наменети за живеење треба да бидат поставени на високо, добро исушено тло. Со тоа, нашите домови ќе бидат суви и ќе се спречи опасноста од болести предизвикани од влага и штетни испарувања. На ова прашање често се гледа со недоволна сериозност. Континуираното лошо здравје, сериозните заболувања и многуте смртни случаи се последици на влагата и маларијата од ниските, лошо исушени места.

При изградба на куќите од особена важност е да се обезбеди целосна вентилација и многу сончева светлина. Во секоја соба треба да има проток на воздух и сонце. Спалните соби треба да бидат поставени, така што ќе имаат деноноќен проток на воздух. Ниту една просторија не смее да биде наменета за спална соба, доколку не може да биде изложена на сонце и воздух во текот на целиот ден. Во повеќето земји, спалните треба да имаат  уреди за загревање, кои добро ќе ги затоплат и ќе ја исушат влагата во текот на студеното или влажно време.

На гостинските соби треба да им се посвети подеднакво внимание како на собите наменети за постојана употреба. Како во другите спални соби и во неа треба да има доволно воздух, сончева светлина и уред за загревање, кој ќе ја исуши влагата што секогаш се јавува во простории што не се употребуваат постојано. Секој што спие во темна просторија, или во недоволно проветрена и сува постела, го ризикува сопственото здравје, а често и својот живот.

Многу луѓе внимателно се грижат за цвеќињата или растенијата во своите домови. Стаклената градина или прозорецот наменет за таа намена се топли и сончеви; бидејќи без топлина, воздух и сонце растенијата нема да живеат и да цветаат. Ако овие услови се неопходни за животот на растенијата, колку тогаш се понеопходни за нашето и здравјето на нашите семејства и гостите!

Оние што се грижат за постарите лица, треба да имаат на ум дека ним им се потребни добро затоплени и удобни соби. Со бројот на годините се намалува и силата, а со тоа се намалува и способноста за борба со нездравите влијанија; оттука и поголемата потреба старите да имаат што повеќе сончева светлина и свеж, чист воздух.

Совесната чистота е од суштинско значење и за физичкото и за менталното здравје. Преку кожата постојано се исфрлаат нечистотии од телото. Милиони пори кои се наоѓаат на неа, брзо се затнуваат доколку не се одржуваат чисти со често капење; на тој начин нечистотијата што требала да излезе преку кожата, станува дополнителен товар на другите органи за излачување.

Исто толку е важно и облеката да биде чиста. Облеката што ја носиме ги впива отпадните материи што излегуваат преку порите; ако таа не се менува и пере доволно често, нечистотиите ќе бидат повторно апсорбирани во организмот. (Здравје и среќа, 274-276)

Постелнината треба да се отстрани дел по дел од леглото и да се изложи на воздух. Прозорците треба да се отворат, ролетните да се повлечат, а на воздухот да му се дозволи да циркулира слободно неколку часа, ако не и цел ден. На овој начин целосно ќе се проветрат и креветот и постелнината и ќе биде отстранета нечистотијата од просторијата. (Совети за здравјето, 58)

Секој вид на нечистотија води кон болест. Смртоносните микроби престојуваат во темните, запоставени ќошиња, во остатоците што се распаѓаат, во влагата и мувлата. Не смееме да дозволиме отпадоци од овошје и зеленчук, ниту паднати лисја да се распаѓаат блиску до куќата и да го загадуваат воздухот. Ништо нечисто или што се распаѓа не смее да се толерира во домот. Во многу населби и градови што биле сметани за совршено здрави, се појавиле многу епидемии на треска, како резултат на материи кои се распаѓаат околу домовите на некои небрежни домаќини.

Совршената  чистота,  изобилната  сончева светлина,  грижливото  одржување на секој дел од куќата, се од суштествена важност за ослободување од болестите, како и за расположението и виталноста на домашните. (Здравје и среќа, 276)

Главната, ако не и единствената причина зошто луѓето стануваат „инвалиди“ се состои во тоа што циркулацијата во нивното тело е нарушена. Процесот на размена на оваа течност, толку неопходна за човековото здравје, и за одржување на животот, се нарушува. Овие луѓе го лишуваат своето тело од физички вежби, а белите дробови од чистиот воздух кој им е толку потребен. Како последица на тоа, крвта не може да се прочисти и таа продолжува бавно да циркулира низ телото. Колку повеќе се движиме, толку подобра ќе биде нашата циркулација. (Совети за здравјето, 173)

Настинките и свежиот воздух

Мнозина имаат погрешно мислење дека кога ќе настинат мораат внимателно да се чуваат од надворешниот воздух и ги загреваат своите простории сè додека не ги прегреат. Ова му штети на организмот, порите се затвораат со отпадни материи, а внатрешните органи страдаат повеќе или помалку од воспаление, бидејќи крвта е потисната од површината и ги оптоварила. Токму тогаш белите дробови не треба да бидат лишени од чист, свеж воздух. Ако чистиот воздух некогаш е потребен, тогаш тоа е кога ќе заболи било кој дел од организмот, белите дробови или желудникот. Умереното движење ќе ја потисне крвта на површината, со што ќе им се олесни на внатрешните органи. Лесните, не толку напорни телесни вежби на отворено, и во добро расположение, ќе ја забрзаат циркулацијата, ќе дадат здрава боја на кожата и на органите ќе им испраќа крв обновена со свеж воздух. Овие вежби помагаат и на заболениот желудник. Лекарите често ги советуваат болните да одат во странство, во бањи или преку мориња за да го повратат своето здравје. Но, во девет од десет случаи, тие би го повратиле здравјето и ќе заштедат време и пари кога би јаделе умерено, би имале ведар дух и би работеле некоја здрава работа. (2. Сведоштво, 530)

Под влијание на чистиот и свеж воздух и крвта поздраво ќе циркулира низ целиот организам. Тоа го освежува и зајакнува телото, додека во исто време поволно влијае на умот создавајќи ведро и пријатно расположение. Тоа го поттикнува апетитот, го подобрува варењето и носи здрав и пријатен сон. (1. Сведоштво, 629)

Разумно лекување на пневмонија

„Во зима во 1864 година, мојот Вили ненадејно тешко заболе од воспаление на белите дробови проследено со треска. Само што го погребавме нашиот најстар син кој подлегна од последиците на оваа иста болест, така што бевме многу вознемирени за Вили, плашејќи се дека тој, исто така, може да ни умре. Донесовме одлука да не повикаме лекар, туку да го направиме најдоброто што можеме во неговиот случај, користејќи вода и молејќи го Бога за нашето дете. Повикавме неколкумина, кои имаа вера, да се обединат со нас во молитва. Имавме слатка сигурност (верување) дека со нас е Божјото присуство и Неговиот благослов.

Следниот ден Вили беше многу болен. Беше во агонија. Изгледаше дека не ме гледа ниту слуша што му зборувам. Неговото срце имаше неправилен ритам и постојано беше вознемирено. Продолживме да го бараме Господа, молејќи се за него, додека му држевме облога со вода на глава, а на градите компрес. (Газа или парче платно обично натопено во вода или во некој медицински раствор што се става на заболено место од телото заради лекување) и тоа постојано. Набргу дојде при себе и стана присебен како и обично. Чувствуваше силна болка од десната страна на која ниту за миг не можеше да лежи. Тоа го елиминиравме со помош на компреси од топла вода, менувајќи ја температурата на водата во зависност од силината на треската. Многу внимававме неговите раце и нозе да бидат затоплени.

Очекувавме дека на седмиот ден ќе настапи криза. Малку се одмаравме за време на неговото боледување. Четвртата и петтата ноќ бевме принудени да го препуштиме во други раце. Мојот сопруг и јас петтиот ден почувствувавме голема загриженост. Детето исфрлаше свежа крв со силна кашлица. Мојот сопруг многу време поминуваше во молитва. Таа вечер го предадовме нашето дете на внимателни луѓе. Мојот маж долго и искрено се молеше пред да замине на починка. Одненадеж исчезна неговиот товар кој го гонеше на молитва и изгледаше како Божјиот глас да му се обрати со зборовите:

„Оди и легни си. Јас ќе се погрижам за детето.“

Јас на одмор отидов болна и неколку часа не можев да заспијам од страв. Чувствував дека ми недостасува воздух. Иако спиев во големата соба, се подигнав од креветот за да ја отворам вратата кон големиот ходник. Почувствував моментално олеснување и наскоро заспав. Сонував како еден искусен лекар стои покај моето дете и го посматра секој негов здив со едната рака положена на градите над неговото срце. Со другата го мереше пулсот. Се сврте кон нас и рече: „Кризата помина, најтешката ноќ е зад него, сега бргу ќе закрепне бидејќи не мора да се бори со штетните влијанија на лековите. Природата благородно ја извршила својата работа како би го очистила целиот организам од нечистотија.“ Му ја пренесов својата длабока загриженост, му раскажав како ми недостигаше воздух и какво олеснување почувствував која ја отворив вратата.

Свеж воздух

Тој одговори: „Она што тебе ти донесе олеснување, ќе го стори истото и на вашиот син. Нему му е потребен воздух. Премногу го затоплувавте. Загреаниот воздух кој доаѓа од печката е штетен и доволно отровен и ќе го уништеше вашиот живот да не беше воздухот кој доаѓаше низ пукнатините во прозорецот. Температурата од печката ја уништува свежината на воздухот и ги ослабнува белите дробови. Белите дробови на детето беа ослабени, бидејќи просторијата беше премногу загреана. Болниот човек е ослабнат од болеста и има потреба од свеж животворен воздух кој ќе ги зајакне виталните органи и ќе помогне да се победи болеста. Па сепак, во повеќето случаи воздухот и светлината како најголеми непријатели се протерани од болничката соба, токму кога се најпотребни.

Овој сон, како и искуството на мојот сопруг, беа голема утеха за нас. Утрото видовме дека нашето момче помина тешка, немирна ноќ. Силната треска го држеше сѐ до пладне, а потоа исчезна. Се чувствуваше прилично добро, освен што беше слаб. Јадеше само по еден мал крекер дневно за сите пет дена колку што траеше болеста. Од тогаш бргу закрепнуваше и имаше подобро здравје отколку претходните неколку дена. Ова искуство беше драгоцено за нас. (Факти за верата, страна 151-153)

Сподели го ова:

Слични објави