Зависност и независност

Ум, карактер и личност

Зависност и независност

Сподели го ова:

А. ЗАВИСНОСТ ОД БОГА, НЕ ОД ЧОВЕК

Зависноста од Бога е апсолутна. – Бог би сакал секоја душа за која што умрел Христос да биде дел од лозата, поврзана со коренот, хранејќи се од него. Нашата зависност од Бога е апсолутна, и тоа треба да не направи многу понизни; и поради таа своја зависност, нашето знаење за Него треба многу да се зголеми. Бог би сакал да ја оттргне секоја црта на себичност и да дојдеме кај Него, не како своја сопственост, туку како Господова откупена сопственост.— Special Testimonies for Ministers and Workers 8, 1897, 8,9. (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, 324, 325.) {1УКЛ 261.1}

Зависност од Бога, не од човек. – Бог копнее да ги доведе луѓето во директна врска со Себе. Во сите Свои постапки со човечките битија, Тој го признава принципот на лична одговорност. Тој се стреми да ги разбуди чувствата за нашата лична зависност и да ни ја втисне потребата одлично водство. Тој копнее да го доведе човештвото во тесна заедница со божественото за луѓето да можат да бидат преобразени во божествено обличје. Сатаната настојува да ја попречи таа цел. Тој настојува да ја охрабри нашата зависност од луѓе. Кога мислите и духот се оттргнати од Бога, искушувачот може да ги доведе под своја контрола. Така тој стекнува власт над душите на луѓето.—Здравје и среќа, 242, 243 (1905). {1УКЛ 261.2}

Бидете потполно зависни од Бога. – Кога постапувате поинаку, тоа значи дека е време да се застане. Застанете таму каде што сте и изменете го редот на работите… Во искреноста и гладот на душата, повикајте го Бога. Борете се со небесните посредници додека не победите. Предајте го целото свое битие во Божјите раце  душата, телото и духот  и решете се да бидете Негово сакано, посветено орудие, кое се движи по Неговата волја, се владее по Неговиот ум, исполнето е  со Неговиот дух;… така појасно ќе го согледате небесното.— Manuscript 24, 1891. (Sons and Daughters of God, 105.) {1УКЛ 262.1}

Направете го Бога свој советник. – Наместо своите потешкотии да ги пренесувате на некој брат или проповедник, изнесете ги пред Бога во молитва. Не ставајте го проповедникот таму каде што треба да биде Бог туку направете го предмет на своите молитви. Сите ние грешиме по ова прашање. Христовиот пратеник е ист како и останатите луѓе. Вистина е дека, тој носи посветла одговорност во однос на обичниот човек, но не е непогрешлив. Тој е  подложен на слабости, и потребна му е  благодат и божествено просветлување. Потребно му е небесно миросување за да ја изврши својата задача точно и успешно, давајќи целосен доказ за своето пратеништво. Има такви кои не го познаваат патот на животот и спасението, и тие во својот побожен проповедник ќе го пронајдат оној кој ќе ги научи што да прават за да се спасат. {1УКЛ 262.2}

Оние коишто знаат како да се молат, кои знаат што значи повикот на Христовото евангелие, кои знаат за непроменливоста на Неговите ветувања, покажуваат непочитување кон Бога кога ги изложуваат своите тешкотии пред смртници. Секогаш е правилно заедно да се советуваме. Правилно е заедно да се дискутира. Правилно е јасно да се изложат потешкотиите кои се јавуваат во некој потфат пред браќата или пред проповедникот. Но не обесчестувајте го Бога како се да зависи од човечката мудрост. Барајте од своите соработници да се молат со вас, и Господ ќе ги исполни Своите зборови: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18:20). — Manuscript 23, 1899.{1УКЛ 262.3}

Б. ЗАВИСНОСТ И НЕЗАВИСНОСТ ВО РАБОТНИТЕ ОДНОСИ

Умот на еден човек. – Погрешно е  да се убедуваат луѓето да веруваат дека работниците за Христа не треба да прават ништо за да го спасат она што е исправно изнесено пред некој одговорен човек. Луѓето не треба да ги учиме да гледаат на човекот како на Бог. Кога е неопходно заедничко советување и единствена акција помеѓу работниците, умот на еден човек и судот на еден човек не смее да биде владејачка сила.—The Review and Herald, August 7, 1894. {1УКЛ 263.1}

Растење во ефикасноста. – Бог е владетел на Својот народ и Тој ќе ги научи оние кои му ги предаваат своите умови како да го користат својот мозок. Додека ги вработуваат своите извршни способности, тие ќе напредуваат во ефикасност. Господовото наследство го сочинуваат големи и мали садови, но секој човек има своја сопствена задача. Не смее да се зависи од умот на само еден човек, или умовите на двајца или тројца луѓе, како сигурноста за сѐ да почива врз нив. Секој нека гледа, нека верува во Него, и нека негува целосна доверба во Неговата моќ. Здружете се со Христа а не со луѓето, бидејќи тие немаат сила да ве зачуваат од падот.— Letter 88, 1896. {1УКЛ 263.2}

Совет на еден раководител. – Твојата зависност мора да биде од Бога. Не смееш да дозволиш другите луѓе да ги празнат своите умови во твојот. Не дозволувај со своите наговарања да те одведат на лажни патеки. Предај му ја во целост својата доверба на Оној кој објавува: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам“ (Евреите 13:5).— Letter 92, 1903. {1УКЛ 263.3}

Зависноста од Бога гради доверба. – Кога луѓето ќе престанат да зависат од луѓе, кога го признаваат Бога за својата ефикасност, тогаш ќе се покаже повеќе меѓусебната доверба. Севкупно земено, нашата вера во Бог е премногу слаба и нашата меѓусебна доверба е премногу оскудна.— Special Testimonies for Ministers and Workers 3, 1895, 48. (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, 214.) {1УКЛ 263.4}

Зависноста од себе води во искушение. – Со сериозни молитви и зависност од Бога, Соломон ја стекнал мудроста која предизвикувала чудење и восхит на светот. Но кога го напуштил Изворот на својата сила и почнал да се потпира на себе, паднал како жртва на искушението. Тогаш чудесната моќ која му била дадена на овој најмудар цар направила од него само поуспешен посредник на непријателот на душите.—Големата борба, 509 (1911). {1УКЛ 264.1}

Зависноста од други може да значи незрелост. – Луѓето кои би требало да бидат верни во секоја ситуација како магнетната игла на полот станале неуспешни поради своите напори да се заштитат од прекори и да ја избегнат одговорноста поради стравот од грешки. Луѓето со џиновска интелигенција се мали деца во дисциплината затоа што се плашат да ги преземат и да ги носат бремињата кои би требало да ги носат. Ним не им е до тоа дали ќе станат ефикасни. Тие предолго му верувале на еден човек да планира за нив и го потхранувале мислењето дека се многу способни да се вградат себеси во интересите на Божјото дело. Менталните недостатоци не дочекуваат на секое место. {1УКЛ 264.2}

Луѓето кои се задоволуваат со тоа што на другите ќе им го препуштат планирањето и донесувањето мислење за нив, не се потполно развиени. Кога би се оставиле да планираат за себе, би се согледало дека се разумни, луѓе кои сметаат на сѐ. Но кога ќе дојдат во врска со Божјото дело, тоа за нив е сосема друга работа; тие скоро во целост ја губат таа способност. Се задоволуваат да останат некомпетентни или непродуктивни како да другите мораат да планираат и да мислат за нив. Некои луѓе се изгледа крајно неспособни да си ја поплочат патеката. Мораат ли секогаш да се потпираат на тоа другите да планираат и проучуваат за нив, да им бидат ум и суд? Бог се срами од таквите војници. Тој не е почестен со никаков нивен удел во Неговото дело додека се само обични машини.—3. Сведоштво за црквата,  495, 496 (1875). {1УКЛ 264.3}

Потребни се независни луѓе. – Потребни се сериозни луѓе, а не луѓе растегливи како лепак. Тие кои сакаат работата да им се приготви на раце, кои сакаат одреден износ и одредена плата, и кои сакаат да постигнат одреден залет без проблемите кои произлегуваат од приспособувањето или обуката, не се луѓе кои Бог ги повикува на работа во Неговото дело. Човекот кој не може да ги приспособи своите способности скоро на секое место доколку тоа го бараат потребите, не е човек за ова време. {1УКЛ 265.1}

Луѓето кои што Бог ќе ги вклучи во Своето дело не се слаби, без моќ или морални сили на карактерот. Само со непрекината и сериозна работа луѓето можат да се дисциплинираат да носат дел во Божјото дело. Тие луѓе нема да се обесхрабрат дури ни тогаш кога околностите и опкружувањата се најнеповолни. Тие нема да ја напуштат својата намера како целосен неуспех се додека не се осведочат надвор од секој сомнеж дека не можат да направат многу за слава на Бога и за доброто на душите.—3. Сведоштво за црквата,  496 (1875). {1УКЛ 265.2}

Непосветената независност потекнува од себичноста. – Лошото самопочитување и непосветената независност, кои најмногу им штетат на нашата корисност и кои ќе ја предизвикаат нашата пропаст ако не се надвладеат, потекнуваат од себичноста. „Советувајте се заедно“, е пораката која ангелот повеќепати им ја повторува. Преку влијанието на судот на еден човек, сатаната може да се обиде да ги контролира работите онака како што тоа на него му одговара. Тој може да успее во заведувањето на умовите на две личности; но кога неколкумина меѓусебно се советуваат, тогаш постои поголема сигурност. Секој план треба внимателно да се преиспита, секое движење треба внимателно да се проучи. Така ќе има помала опасност од непромислености, погрешни движења, кои би внеле забуна и пораз. Во единството е силата. Во поделбата е слабоста и поразот.—5. Сведоштво за црквата, 29, 30 (1882). {1УКЛ 265.3}

В. НЕЗАВИСНОСТ НА ДУХОТ

Ризици од личната независност. – Запомнете еднаш засекогаш што е она што ни припаѓа во нашиот христијански повик како на посебен Божји народ; и пазете во покажувањето на лична независност вашата работа да не ве сврти против Божјите намери, а вие преку сатанските замисли, да не станете камен на сопнување на патот на оние кои се слаби и неодлучни. Постои опасност да им се даде можност на нашите непријатели да хулат на Бога и да ги презираат оние кои веруваат во вистината.—5. Сведоштво за црквата, 477, 478 (1889). {1УКЛ 266.1}

Независност на духот. – Во црквата секогаш имало поединци кои се стремеле кон лична независност. Се чини дека тие не сфаќаат оти независниот дух лесно може да ги наведе луѓето премногу да се потпираат врз себе и врз сопствениот суд, наместо да ги почитуваат советите и високо да го ценат судот на своите браќа, особено оние кои Бог ги поставил да го водат Неговиот народ. Бог на Својата црква и дал посебен авторитет и сила кои никој нема право да ги потценува ниту да ги презира, зашто оној што постапува така, го презира Божјиот глас.—Делата на апостолите, 163, 164 (1911). {1УКЛ 266.2}

Усогласено дејствување. – Мора да се внимава на една работа, а тоа е личната независност. Како војници во Христовата армија, мораме да имаме усогласена акција во разни области на делото… Секој војник треба да дејствува повикувајќи се на другите. Следбениците на Исус Христос нема да работат независно еден од друг. Нашата сила мора да биде во Бога, и таа мора да се култивира да се покажува во благородна, сконцентрирана акција. Таа не смее да се растура во бесмислени движења.—5. Сведоштво за црквата, 534, 535 (1889). {1УКЛ 266.3}

Самодоволноста нѐ изложува на сатанските лукавства. – Ние живееме среде опасностите на последните денови, и доколку имаме самодоволен и независен дух, ќе бидеме изложени на сатанските итрини и на тој начин совладани.—3. Сведоштво за црквата,  66 (1872). {1УКЛ 266.4}

Г. МОРАЛНА НЕЗАВИСНОСТ

Закон на взаемна зависност. – Во големиот сплет на човештвото сите ние меѓусебно сме поврзани и сѐ што можеме да сториме за да ги усреќиме и да ги издигнеме другите, ни се враќа нам во вид на благослов. Законот за заемна зависност ги опфаќа сите општествени класи. Сиромавиот не зависи од богатиот повеќе отколку богатиот што зависи од сиромавиот. Додека сиромасите копнеат за благословите што им ги доделил Бог на нивните имотни браќа, богатите чувствуваат дека не можат без верната служба, без силата на умот, коските и мишките, што е капитал на сиромасите.—Патријарси и пророци, 534, 535 (1890). {1УКЛ 267.1}

Должност на покорување на индивидуалните верски убедувања. – Има многу начини со кои се служи сатаната со помош на човечкото влијание да ги врзе своите робови. Тој задржува илјадници такви врзувајќи ги со фини врски на љубов кон непријателите на Христовиот крст. Каква и да е оваа врска, било да е родителска, синовска, брачна или пријателска, последиците се исти. Противниците на вистината ја користат својата сила за да владеат над совеста, а душите држени под нивна власт немаат доволно храброст или самостојност да го слушаат своето лично чувство на должност.—Големата борба, 597 (1911). {1УКЛ 267.2}

Гушење на индивидуалниот суд. – Иако умот и совеста се осведочени, сепак, овие заслепени души не се осмелуваат да мислат поинаку од нивните духовни водачи, и своето лично мислење, своето вечно добро им го жртвуваат на неверувањето, на горделивоста и на предрасудите на другите.—Големата борба, 597 (1911). {1УКЛ 267.3}

Независно стоење на страната на правдата. – Потребна е храброст и независност за издигнување над религиозните стандарди на христијанскиот свет. Тие не го следат Спасителовиот пример на самоодрекувања; не се жртвуваат; постојано настојуваат да го одбегнат крстот за кој Христос објавил дека ќе биде обележје на оние кои се Негови ученици.—5. Сведоштво за црквата, 78 (1882). {1УКЛ 268.1}

Морална независност во  спротивставување на светот. – Моралната независност е сосема на место кога се спротивставува светот. Кога сме во целосна хармонија со Божјата волја ќе се најдеме на погодно тло и ќе ја увидиме неопходноста за одлучно одвојување од светските обичаи и навики. Ние не смееме да го подигаме својот стандард само малку над светскиот стандард, туку мораме да повлечеме линија на јасно разграничување.—The Review and Herald, January 9, 1894. (Fundamentals of Christian Education, 289.) {1УКЛ 268.2}

Моралната независност е доблест. – Наша единствена сигурност е да стоиме како Божји посебен народ. Ние не мораме ни за една педа да се покориме на обичаите и помодарството на ова изопачено време туку напротив треба да стоиме во морална независност, не правејќи компромис со нивните расипани и идолопоклонички навики.—5. Сведоштво за црквата, 78 (1882.) {1УКЛ 268.3}

Д. НЕЗАВИСНОСТ НА УМОТ

Вистинската независност не е тврдоглавост. – Вистинската независност не е тврдоглавост. Таа ги води младите во обликување на своето мислење според Божјото слово, без разлика што зборуваат или работат другите. Ако се во друштво со неверници или атеисти, таа ги води да ги признаат и бранат своите верувања и светата вистина на евангелието од приговори и неумесни забелешки и од духовитоста на своето безбожно друштво. Кога се со оние кои мислат дека е доблест да се изнесуваат заблудите на христијаните по име и да ја исмеваат религијата, моралноста и доблеста, вистинската независност на умот ќе ги наведе учтиво, но одлучно да им покажат дека потсмевањето е само бедна замена за јасен аргумент. Таа ќе им овозможи да гледаат над забелешките на критичарите на оној кој ги инспирира, непријателот на Бога и човекот, и да го одбијат во ликот на неговиот посредник.—The Review and Herald, August 26, 1884. (Fundamentals of Christian Education, 88, 89.) {1УКЛ 268.4}

Потреба за индивидуална независност. – Има луѓе кои си ласкаат на себе дека би можеле да направат нешто големо и добро кога само би се нашле во поинакви околности, додека од друга страна тие истите не ги користат можностите кои веќе ги имаат за да работат во услови каде што ги поставило Провидението. Човекот може да ги креира околностите, но околностите никогаш не го прават човекот. Човекот треба да ги сфати околностите како инструменти со кои работи. Тој треба да господари со околностите, но никогаш да не дозволи околностите да господарат со него. Индивидуалната независност и индивидуалната моќ се особини кои се сега потребни. Индивидуалниот карактер не треба да се жртвува, туку да се модулира, подобри, и воздигне.—3. Сведоштво за црквата,  496, 497 (1875). {1УКЛ 269.1}

Колку далеку да се оди во независност. – Бог би сакал Неговиот народ да биде дисциплиниран и подреден на складна акција за да биде едномислен, со ист ум и ист суд. За да се достигне таквата состојба, уште многу нешта треба да се сторат… Господ не би сакал да ѝ се предадеме на својата индивидуалност. Но кој човек е меродавен судија по прашањето колку далеку треба да се оди со индивидуалната независност?… {1УКЛ 269.2}

Петар ги воздигнуваше своите браќа: „Така и вие помладите покорувајте им се постарите. А сите еден кон друг препашајте се со смиреност, зашто Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат“. Апостол Павле исто така ги воздигал своите браќа во Филипи на единство и покорност. „И така, ако има некаква утеха во Христа, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво внатрешно сочувство и сомилост, исполнете ја мојата радост, и мислете исто имајќи ја истата љубов, еднодушни со мисли насочени кон едно. Не правете ништо од натпреварување или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси!“ —3. Сведоштво за црквата,  360 (1875). {1УКЛ 269.3}

Божјата сила наша зависност. – Браќа, ве проколнувам гледајте единствено на Божјата слава. Неговата сила нека биде ваша зависност, Неговата благодат ваша сила. Со проучување на Светите Списи и со сериозни молитви настојувајте да стекнете јасна концепција за своите должности, и тогаш верно исполнете ги. Важно е да ја развивате верата во малите работи, а правејќи така ќе стекнете навики на целовитост во поголеми одговорности. Малите случувања од секојдневниот живот честопати ни поминуваат незабележително, но тоа е она што го оформува карактерот. Секоја случка во животот е голема за добро или зло. Умот мора да се вежба низ секојдневните проби за да може да стекне сила за да опстои во секоја тешка положба. Во деновите на искушенија и опасност ќе ви биде потребно да се зацврстите за да можете одлучно да застанете на страната на правдата, независно од секое спротивно влијание.—4. Сведоштво за црквата, 561 (1881). {1УКЛ 270.1}

Сподели го ова:

Поврзани статии