Ум, карактер и личност
Принципи на мотивацијата
Успехот бара цел. – За да се постигне успех на било кое подрачје, мора да се има одредена цел. Оној кој сака да постигне вистински успех во животот, мора постојано да ја има пред очите целта вредна за тој труд. Таква цел е поставена пред денешната младина.—Воспитување, 262 (1903). {1УКЛ 341.1}
Да се тежнее кон најголемата можна цел. – Она посебно место кое ни е одредено во животот, ни е доделено врз основа на нашите способности. Не достигнуваат сите ист степен на развој, ниту со ист успех ја извршуваат истата работа. Бог не очекува од исопот да ги достигне пропорциите на еден кедар, ниту од маслинката височина на величествена палма. Но секој мора да се труди да се вивне онолку високо колку што му овозможува здружувањето на човечките и небесните сили.—Воспитување, 267 (1903). {1УКЛ 341.2}
Студентите мораат да имаат реална цел. – Учете ги студентите талентите кои Бог им ги дал да ги употребуваат за најголемата, најсветлата цел, за да можат да го направат најголемото добро на овој свет. Студентите мораат да научат што значи да имаат вистинска цел во животот, и да се стекнат со реално разбирање за тоа што значи вистинско образование.— The Madison School, November 14, 1905, 16. {1УКЛ 341.3}
Христос ги поттикнува возвишените стремежи. – Тој нѐ поттикнува и нѐ храбри да се стремиме кон највисоките цели и да си го обезбедиме најскапоценото богатство.—Христовите очигледни поуки, 374 (1900). {1УКЛ 342.1}
Пропуст да се разбере нечиј потенцијал. – Мнозина не стануваат она што би можеле, затоа што не ја ползуваат силата што е во нив. Не се потпираат, колку што би можеле, врз божествената сила. Мнозина скршнале од патот на кој би можеле да постигнат најголем успех. Барајќи поголема почест или поугодна работа, тие се обидуваат да прават нешто за што не се способни. {1УКЛ 342.2}
Многу луѓе чии таленти се посоодветни за некоја друга работа, амбицијата ги нагонува да се посветат на некоја интелектуална професија. И така, оној кој може да биде успешен како земјоделец, занаетчија или медицински техничар, носи назив на проповедник, правник или лекар, иако е неспособен за тоа. Дури, пак, кои можеле да се занимаваат со некоја одговорна работа, се задоволуваат со некоја полесна положба едноставно поради недостиг на енергија, трудољубивост или истрајност.—Воспитување, 267 (1903). {1УКЛ 342.3}
Големи можности во животот. – Со оглед на можностите во животот, кој е способен да оцени што е големо а што мало? Колку луѓе на ниски положби во животот, поттикнувајќи дејности од благослов за светот, постигнале резултати на кои и цареви би можеле да им завидуваат!—Воспитување, 266 (1903). {1УКЛ 342.4}
„Нешто подобро“ – закон на вистинско живеење. – „Нешто подобро!“ е лозинката на образованието, закон на секое вистински живеење. На местото на она што се бара да отфрлиме, Христос ни нуди нешто што е многу подобро. {1УКЛ 342.5}
Младите често се стремат кон цели, потфати и уживања, кои не мораат да делуваат како за лошо, но на кои им недостасува највозвишеното добро. Тоа го застранува животот од неговата најблагородна цел. Самоволните мерки или директни закани можеби нема да успеат да ги наведат младите да се откажат од она што им е мило. Да ги насочиме кон она што е подобро од покажување, честољубивост, и задоволување на сопствените каприци. {1УКЛ 342.6}
Да ги донесеме во допир со повистинска убавина, со повозвишени принципи и поблагороден живот. Да ги наведеме да гледаат во Оној Кој е „сиот мил“. Кога погледот еднаш ќе се насочи кон Него, животот наоѓа свое средиште. Воодушевувањето, благородната предаденост и огнената ревност на младите тука ја наоѓаат својата вистинска цел. Должноста станува уживање, а жртвата задоволство. Да се слави Христос, да се стане сличен на Него, да се работи за Него, тоа е најголемата животна амбиција и најголема радост.—Воспитување, 296, 297 (1903). {1УКЛ 343.1}
Да се развиваат најголемите мотиви за напредок. – Оние кои се обучуваат за медицински браќа или сестри и лекари треба секојдневно да се упатуваат за да можат да развијат најголеми мотиви за напредок. Тие би требало да ги посетуваат нашите факултети и школи за обука; а учителите во овие научни институции да ја сфатат својата одговорност да работат и да се молат за студентите. Во овие школи, студентите треба да се учат да бидат вистински медицински мисионери, цврсто поврзани со службата на евангелието.—The Madison School, November 14, 1905, 12. {1УКЛ 343.2}
Непромислена себична бесцелност на богатиот. – Целите на овој човек не биле повозвишени од целите на животните што гинат. Живеел како да нема Бог, како да нема небо, како да нема иден живот; се што имал како да било само негово, како ништо да не му должел ниту на Бога ниту на луѓето. Псалмистот го опишал овој богат човек кога напишал: „Безумникот рече во своето срце: ‘Нема Бог!’“ (Псалм 14:1).—Христовите очигледни поуки, 257, 258 (1900). {1УКЛ 343.3}
Бесцелниот живот е жива смрт. – Бесцелниот живот е жива смрт. Умот треба да се занимава со теми кои се однесуваат на нашите вечни интереси. Тоа ќе им донесе здравје и на телото и на умот.—The Review and Herald, July 29, 1884. (Counsels on Health, 51.) {1УКЛ 343.4}
Скапаните корени се бесцелни. – Една од основните причини за душевната немоќ и слабоста на духот е недоволната насоченост кон вредните цели. Ние се фалиме со широката распространетост на литературата; но умножувањето на книгите, дури и оние кои сами по себе не се штетни, може да стане вистинско зло… {1УКЛ 343.5}
Освен тоа, поголем дел од списанијата и книгите кои, како жабите во Египет, ја преплавуваат земјата, не е само претеран, празен и штетен, туку и порочен и унижувачки. Нивна цел не е само да го отрујат и упропастат умот туку и да ја расипат и уништат душата. {1УКЛ 344.1}
Умот и срцето кои се немарни и бесцелни, паѓаат како лесен плен на злото. Габите растат токму врз болните, безживотни организми. И токму невработениот ум е работилница на сатаната. Умот треба да се насочува кон високи и свети идеали, животот да добие благородна цел, смисла со која ќе биде сосема окупиран, па злото тешко ќе се пробие.—Воспитување, 189, 190 (1903). {1УКЛ 344.2}
Бесцелноста предиспозиција за неумереноста. – Но, за да го пронајдеме коренот на неумереноста, мораме да одиме подлабоко отколку што се уживањето во алкохолот или тутунот. Безделничењето, бесцелноста или лошото друштво можат да го приготват патот кон неумереноста.—Воспитување, 202, 203 (1903). {1УКЛ 344.3}
Малку се страшни зла. – Има малку зла од кои треба да се плашиме повеќе отколку од тромоста и бесцелноста. Но тенденцијата на поголемиот дел атлетски спортови ги загрижува оние врз чии срца тежи доброто на младите… Тие поттикнуваат љубов кон уживања и возбудувања, развивајќи на тој начин одвратност кон полезната работа и тенденција кон одбегнување на практичните должности и одговорности. Тие се стремат да ја уништат склоноста кон трезните реалности на животот и неговите смирени задоволства. Така се отвора вратата за лекоумноста и беззаконието со сите нивни страшни последици.—Воспитување, 210, 211 (1903). {1УКЛ 344.4}
Никој не мора да живее бесцелен живот. – Секоја душа мора да служи. Таа мора да ја употреби секоја физичка, ментална и морална моќ низ посветување на Духот за да може да биде Божји помошник. Секој е обврзан активно и безрезервно да ѝ се посвети на Божјата служба. Тие мораат да соработуваат со Исус Христос во големото дело за помагање на другите. Христос умрел за секој човек. Тој го откупил секој човек давајќи го Својот живот на крстот. Тој го направил тоа за човекот да не мора повеќе да живее бесцелен, себичен живот туку да живее за Исуса Христа Кој умре за Неговото спасение. Сите не се повикани да стапат во служба, но и покрај тоа, тие мораат да служат. Навреда за Светиот Божји Дух е доколку и еден човек одбере живот во служба на своето јас.— Letter 10, 1897. (The S.D.A. Bible Commentary 4:1159.) {1УКЛ 344.5}
Мора да се негуваат вистински побуди. – Вистинските мотиви на служба мора да се изложат пред старите и младите. Учениците треба да се подучуваат на таков начин за да се развиваат во корисни мажи и жени. Мора да се искористат сите средства кои ќе ги воздигнат и облагородат. Тие мора да се научат своите сили да ги употребат на најдобар начин. Физичките и менталните сили треба подеднакво да се оптоваруваат. Мораат да се негуваат навики на ред и дисциплина. Силата која се покажува со чист и исправен живот мора да се демонстрира пред учениците. Тоа ќе им помогне во подготовката за корисна служба. Од ден во ден ќе бидат сѐ почисти и посилни, подобро подготвени преку Неговата благодат и проучувањето на Неговото Слово за да можат да вложат одлучни напори против злото.—The Review and Herald, August 22, 1912. (Fundamentals of Christian Education, 543.) {1УКЛ 345.1}
Постапките ги откриваат побудите. – Постапките ги откриваат принципите и побудите. Родовите што ги донесуваат мнозина кои засега полагаат право да бидат во Господовото лозје покажуваат дека се само трње и троскот. Погрешниот пат на некои свои членови може да биде одобрен од страна на целата црква, но тоа одобрување не докажува дека тоа што е погрешно е вистинско. Тоа не прави грозје од трње.—5. Сведоштво за црквата, 103 (1882). {1УКЛ 345.2}
Пресудни се побудите, а не изгледот. – Важна должност на сите им е да се запознаат од поблизу со текот на своето секојдневно однесување и побуди кои се причинители на нивните постапки. Секое дело во нивниот живот се цени не според надворешниот изглед, туку според побудите кои ја налагаат одредената постапка.—3. Сведоштво за црквата, 507 (1875). {1УКЛ 345.3}
Христовите следбеници наоѓаат нова мотивација. – Ниедна друга наука не е еднаква на онаа којашто во животот на ученикот развива Божји карактер. Оние кои стануваат Христови следбеници откриваат дека наоѓаат нови мотиви за акција, нараснуваат нови мисли кои мораат да резултираат со нови акции. Но тие можат да постигнат напредок само низ судир, бидејќи постои непријател кој секогаш се бори против нив, претставувајќи им искушенија за да предизвика грев и сомнеж во душата. Постојат наследни и здобиени склоности кон злото кои мора да се надминат. Нагонот и страста мора да се потчинат на контролата на Светиот Дух. Нема крај на војувањето од оваа страна на вечноста. Но додека постојат постојани битки кои треба да се бијат, исто така постојат и драгоцени победи; а триумфот над себе и над гревот е од поголема вредност одошто умот може тоа да го процени.—Counsels to Parents, Teachers, and Students, 20 (1913). {1УКЛ 346.1}
Две спротивставени сили на мотивација. – Библијата се толкува самата себеси. Библиски стих мора да се споредува со библиски стих. Оној што ја проучува Библијата мора да се научи да ја набљудува како целина, и да го согледа взаемниот однос на нејзините делови. Тој треба да се запознае со нејзината голема централна тема, со Божјата првична намера со светот, со потеклото на големата борба и со делото на спасението. Треба да ја разбере природата на двата принципа кои се борат за превласт и да научи да го следи нивното делување во извештаите на историјата и пророштвата се до големиот завршеток. Треба да види како оваа голема борба го проткајува секој степен на човечкото искуство; како и тој самиот во секое свое животно дело ја открива или едната или другата од овие две спротивни побуди; и како, го сакал тој тоа или не, тој уште сега одлучува на чија страна ќе се најде во овој судир.—Воспитување, 190 (1903). {1УКЛ 346.2}
Секоја постапка има двоен карактер. – Секој правец на акцијата има двоен карактер и двојна важност. Тој е или чесен или расипан, исправен или погрешен, во зависност од побудата која го поттикнува. Погрешното постапување, и неговото често повторување, остава траен впечаток на умот на актерот, а исто така и на умовите на оние кои се поврзани со него во некаков си однос, духовен или световен. Родителите или учителите кои не им придаваат внимание на тие мали престапи кои не се исправни, со тоа ги утврдуваат младите во нив.—The Review and Herald, May 17, 1898. (Совети за детето, 201.) {1УКЛ 347.1}
Постапката го црпи квалитетот од мотивот. – Секоја постапка го црпи квалитетот од мотивот што ја движи, и доколку мотивите не се возвишени, чисти и несебични, умот и карактерот никогаш нема да бидат добро урамнотежени.—The Youth’s Instructor, April 7, 1898. (Sons and Daughters of God, 171.) {1УКЛ 347.2}
Побудите им даваат карактер на делата. – Побудите им даваат карактер на нашите дела, ставајќи врз нив печат на срам или на висока морална вредност. Бог не ги смета за највредни големите дела што ги гледа секое око и ги фали секој јазик. Малечките должности извршени радосно, малечките дарови со кои не се расфрлува и кои за човечките очи изгледаат безначајни, често се најголеми во Неговите очи. Срцето полно со вера и со љубов му е помило на Бога од најскапоцениот дар. Сиромашната вдовица го дала она што и било потребно за животот за да го стори она малку што го сторила. Се лишила од храната давајќи ги тие две лепти за делото што го сакала. Тоа го сторила со вера, со целосна доверба дека нејзиниот небесен Татко нема да ја превиди нејзината голема потреба. Спасителот го пофалил нејзиниот несебичен дух и нејзината детска вера.—Копнежот на вековите, 615 (1898). {1УКЛ 347.3}
Бог ги открива потребите. – Бог го води Својот народ, чекор по чекор. Тој ги доведува во состојба која е пресметана да ги открие потребите на нивните срца. Некои ќе истраат на една точка, но паѓаат на друга. При секој чекор нанапред срцето малку поподробно се испитува и се става во искушение. Ако некој открие дека срцето му се спротивставува на одредената работа за Бога, тоа треба да го осведочи дека има задача да го надвладее проблемот, или во спротивно Бог конечно ќе го отфрли.—The Review and Herald, April 8, 1880. (HC 162.) {1УКЛ 347.4}
Нашите тајни побуди ни ја одредуваат судбината. – Нашите дела, нашите зборови, дури и нашите најскриени побуди сето тоа влијае врз донесувањето на одлуката за нашата судбина за живот или за смрт. Иако ние ги забораваме, тоа сепак ќе сведочи за нашето оправдување или осуда.—Големата борба, 486, 487 (1911). {1УКЛ 348.1}
Бог ги оценува луѓето по чистите побуди. – Бог не ги вреднува луѓето според нивното богатство, образование или положба. Ги вреднува според чистотата на нивните побуди и убавината на карактерот. Тој бара да види колку поседуваат од Неговиот Дух и колку во нивниот живот се открива Неговиот карактер. Да се биде голем во Божјото царство значи да се биде како мало дете во понизноста, едноставноста на верата и чистотата на љубовта.—Здравје и среќа, 477, 478 (1905). {1УКЛ 348.2}
Бог суди според побудите. – Има многу нешта што можат да се подобрат во однесувањето на проповедникот. Мнозина ги гледаат и ги чувствуваат своите недостатоци, но сепак се чини дека не знаат какво влијание вршат. Тие се свесни за своите постапки сѐ додека ги спроведуваат, но дозволуваат истите да им избледат од сеќавањата, и затоа не се реформираат. {1УКЛ 348.3}
Кога проповедниците од своите секојдневни постапки би направиле предмет на внимателно размислување и пресметан преглед, со цел да се запознаат со своите животни навики, подобро би се познавале самите себе. Со поподробно разгледување на својот секојдневен живот под сите околности тие би ги запознале сопствените потреби и начелата кои ги водат. Овој секојдневен преглед на нашите дела, за да се види дали совеста ги одобрува или осудува, неопходен им е на сите кои сакаат да достигнат совршенство на христијанскиот карактер. {1УКЛ 348.4}
Многу дела за кои сметаме дека се добри, дури и дела на милосрдие, кога подобро би се испитале, би се открило дека се поттикнати од погрешни побуди. Мнозина примаат одобрување за доблести кои не ги поседуваат. Истражувачот на срцето ги испитува побудите, и често делата кои луѓето високо ги ценат Тој ги бележи како такви кои потекнуваат од себични побуди и подло лицемерство. Секој чин во нашите животи, било да е возвишен и вреден за пофалба или да заслужува осуда, Истражителот на срцата го просудува според побудите кои го поттикнале.—2. Сведоштво за црквата, 511, 512 (1870). {1УКЛ 348.5}
Понекогаш е тешко да се проникне во побудите. – Среде грижите на активниот живот понекогаш е тешко да се продре во нашите сопствени побуди, но се прави секојдневен напредок било на добро или на зло.—5. Сведоштво за црквата, 420 (1889). {1УКЛ 349.1}
Вистинското обратување ги менува побудите. – Вистинското обратување е одлучна промена на чувствата и побудите; тоа е вистинско простување од световните врски, излегување од нивните духовни атмосфери, оттргнување од владејачката сила на нивните размислувања, ставови и влијанија.—5. Сведоштво за црквата, 82, 83 (1889). {1УКЛ 349.2}
Големите движечки сили на душата. – Големите движечки сили на душата се верата, надежта и љубовта; и проучувањето на Библијата, ако таа правилно се проучува, ги разбудува токму овие сили. Надворешната убавина на Библијата, убавината на мислата и изразот, се само заднина, ако така може да се рече, за нејзиното вистинско богатство убавината на светоста. Во библискиот извештај за луѓето кои оделе со Бога можеме да ѕирнеме во одблесоците на Неговата слава. Во Оној, Кој е „Сиот мил“, ние го гледаме Него, кого сета убавина на Земјата и на небото само благо го одразуваат. „А Јас кога ќе бидам издигнат од Земјата“, рекол Тој, „ќе ги привлечам сите кон Себе“ (Јован 12:32). ).—Воспитување, 192 (1903). {1УКЛ 349.3}
