Ум, карактер и личност
Религијата и умот
Христовата љубов го заживува целото битие. – Христовата љубов го проткајува целото битие со својата животворна сила и ги обновува здравјето и силата на најважните животни органи силата на мозокот, срцето и нервите; таа ги поттикнува на работа највозвишените сили на човековото битие. Ја ослободува душата од вина и тага, од немир и грижа кои ги уништуваат животните сили. А со неа доаѓаат спокојство и сталоженост; таа во душата буди радост која не може да ја уништи ништо земско радост во Светиот Дух, радост која донесува здравје и живот.—Здравје и среќа, 115 (1905). {1УКЛ 65.1}
Христовото дело е да ги исцели оние кои се со скршено срце. – Божјата исцелителна сила ја проткајува целата природа. Ако дрвото е повредено, ако човечкото суштество е рането или скршило коска, природата веднаш почнува да ја зацелува повредата. Дури и пред да се појави потреба, исцелителните сили се во состојба на готовност; и штом е повреден дел од телото, сите сили се посветуваат на делото на обновување. Така е и на подрачјето на духовното. Уште пред гревот да создаде потреба од тоа, Бог се погрижил за лек. Непријателот ја ранил и повредил секоја душа која попуштила пред искушението; но, каде што е гревот, таму е и Спасителот. Христовото дело е „да ги исцели скрушените по срце, да им проповеда на заробените ослободување, … да ги пушти на слобода напатените“ (Лука 4:18).—Воспитување, 113 (1903). {1УКЛ 65.2}
Спасителовиот рецепт за умствените и духовните болести. – Зборовите на нашиот Спасител: „Дојдете кај Мене, … и Јас ќе ви дадам одмор“ (Матеј 11:28), претставуваат божествен рецепт за исцелување од физичките, менталните и духовните заболувања. И покрај тоа што луѓето, поради сопствените грешки, си навлекле страдања, Тој гледа кон нив со сомилост. Тие можат да најдат помош во Него. Тој ќе направи големи дела за оние кои веруваат во Него.—Здравје и среќа, 115 (1905). {1УКЛ 66.1}
Евангелието наспроти науката и литературата. – Науката и литературата не можат да внесат светлина во замрачените човечки умови како што може славното евангелие на Божјиот Син. Единствено Божјиот Син може да го заврши големото дело на расветлување на душата. Не е чудно што Павле извикал: „Не се срамам од Христовото евангелие: затоа што претставува Божја сила за спасение на секој кој верува“ (Римјаните 1:16) Христовото евангелие станува лично обележување на оние кои веруваат и ги прави живи посланици, познати и читливи за сите луѓе. На овој начин квасецот на побожноста преминува во мноштвото. Небесните умови се способни да ги разликуваат вистинските елементи на карактерната големина и само добрината се цени како продуктивна кај Бога.—The Review and Herald, December 15, 1891; (Fundamentals of Christian Education, 199, 200.) {1УКЛ 66.2}
Само евангелието може да ги исцели злата кои се проклетство за општеството. – Единствен лек за гревовите и за жалостите на луѓето е Христос. Единствено евангелието на Неговата благодат може да го исцели злото што го мачи општеството. Неправдата на богатите кон сиромашните и омразата на сиромашните кон богатите имаат свој корен во себичноста, а себичноста може да се отстрани само со покорност на Христа. Само Тој може себичното срце полно со грев да го замени со ново срце полно со љубов. Христовите слуги нека го проповедаат евангелието, инспирирани со Духот кој дошол од небото, и нека го извршуваат делото што го извршувал Христос за благосостојба на луѓето. И тогаш ќе се покажат резултати – благослов и издигнување на човештвото какви што никогаш не можеле да се постигнат со човечка сила.—Христовите очигледни поуки, 254 (1900). {1УКЛ 66.3}
Совршенство може да се постигне само преку хармоничен развој. – Развојот на умот е должност која ја имаме кон себеси, кон општеството и кон Бога. Но ние никогаш не треба да измислуваме начини за развивање на интелектот по цена на моралот и духовноста. Крајно совршенство на менталните и моралните способности може да се постигнат само со хармоничен развој на тие способности.—Counsels to Parents, Teachers, and Students, 541 (1913). {1УКЛ 67.1}
Божествениот квасец го менува умот. – Во параболата жената го ставила квасецот во брашното. Тоа било неопходно за да ја задоволи потребата… Така и божествениот квасец ја врши својата работа… Умот се менува, способностите се ставаат во движење. На човекот не му се даваат нови способности, туку оние кои тој ги има се посветуваат. Совеста која дотогаш била мртва, е разбудена. Но човекот не може сам да ја изврши промената. Таа може да се изврши само со Светиот Дух… {1УКЛ 67.2}
Кога нашите умови ги контролира Божјиот Дух, ќе ја сфатиме поуката на која нѐ учи оваа парабола за квасецот. Оние кои ги отвораат срцата за да ја примат вистината ќе сфатат дека Божјиот Збор е најголемото средство во преобразувањето на карактерот.—The Review and Herald, July 25, 1899. {1УКЛ 67.3}
Евангелската вистина дава постојана цел. – Секој од нас треба да има длабок увид во учењето на Божјиот Збор. Нашите умови треба да бидат подготвени да ја издржат секоја проба и да го одбијат секое искушение, било да доаѓа однадвор или одвнатре. Ние мораме да знаеме зошто веруваме како што веруваме, зошто сме на Господовата страна. Вистината мора да стражари во нашите срца, подготвена да даде знак за узбуна и да нѐ повика на акција против секој непријател. Силите на темнината ќе го отворат својот прикриен оган на нас, и секој кој е рамнодушен и безгрижен, кој се поврзал за своето земно богатство и кој не се грижел да ги разбере Божјите постапувања со Неговиот народ, ќе биде готова жртва. Ниедна сила освен спознавањето на вистината каква што е во Исуса никогаш не може да нѐ прави постојани; но со неа човек може да гони илјада, и двајца да натераат во бегство десет илјади.—The Review and Herald, April 29, 1884. (HC 332.) {1УКЛ 67.4}
Предавајќи се себеси на Христос добиваме мир. – Целата наша иднина почива на нашето лично дело во отворањето на нашето срце за примање на Кнезот на мирот. Нашите умови можат да најдат мир и одмор во и преку предавање на себеси на Христос, во Кого постои сила која дава резултати. Обезбедувајќи го тој мир, таа утеха, таа надеж, која Тој ја нуди на вашата душа, срцето ќе се развесели во Бога, нашиот Спасител, за големата и прекрасна надеж која ни е доделена како на личности кои го признаваат Големиот Дар. Тогаш ќе бидете толку благодарни така што ќе го фалите Бога за таа голема љубов и благодат која ја излеал врз вас. {1УКЛ 68.1}
Гледајте на својот Помошник, Исус Христос. – Посакајте му добредојде и повикајте го Неговото милостиво присуство. Вашиот ум од ден на ден ќе се обновува и наша должност е да прифатиме мир и одмор, издигнувајќи се над грижите, фалејќи го Бога за тие благослови. Не подигнувајте бариери од непосакувани работи за да го задржите Исус подалеку од својата душа. Променете го својот глас; не јадикувајте; изразете пофалби за големата Христова љубов која ни ја покажал и кој сѐ уште ви ја покажува.— Letter 294, 1906 {1УКЛ 68.2}
Пребивањето во Христос ни дава поттик. – Ако дозволиме нашите мисли сѐ повеќе да се занимаваат со Христос и небесниот свет, ќе најдеме силен поттик и поддршка во водењето на Господовите борби. Гордоста и љубовта кон светот ќе ја изгуби својата сила додека ја посматраме славата на подобрата земја која наскоро ќе биде наш дом. Покрај Христовата привлечност, сите земни атракции ќе изгледаат малку вредни.—The Review and Herald, November 15, 1887. {1УКЛ 68.3}
Знаењето ги засилува умот и душата. – Нам ни е потребно знаење кое ќе ги зајакне умот и душата, кое од нас ќе направи подобри мажи и жени. Воспитанието на срцето е далеку поважно од обичното проучување на книгите. Добро е, дури и многу важно, да имаме спознанија за светот во кој живееме; Но ако ја испуштиме од предвид вечноста, ќе направиме грешка која никогаш нема да можеме да ја поправиме.—Здравје и среќа, 450 (1905). {1УКЛ 68.4}
Умствено и духовно војување. – Нашиот напредок во моралната чистота зависи од исправното мислење и исправното делување. „Не го осквернува човекот она што влегува во устата; туку она што излегува од устата го осквернува човекот”. „Затоа што од срцата излегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведочења, хулење на Бога. Ова е тоа што го осквернува човекот“ (Матеј 15:11,19,20) {1УКЛ 69.1}
Лошите мисли ја уништуваат душата. – Божјата преобразувачка сила го менува срцето, ги префинува и прочистува мислите. Сѐ додека не се направат одредени напори мислите да се насочат кон Христос, благодатта не може да се открие во животот. Умот мора да се вклучи во духовното војување. Секоја мисла мора да се потчини и да се доведе во послушност на Христа. Секоја навика мора да се доведе под Божја контрола.— Letter 123, 1904 {1УКЛ 69.2}
Преокупација на умот, заштита од злото. – Како заштита против злото, окупирањето на умот со она што е добро е многу поскапоцено од неброените законски и дисциплински забрани.—Воспитување, 213 (1903). {1УКЛ 69.3}
Расипаната фантазија произведува темнина. – Ако окото на умот внимава на возвишеноста на тајната на побожноста, на предноста на духовното богатство над световното, целото тело ќе биде полно со светлина. Ако фантазијата е изопачена од привлечноста на светскиот сјај и раскош, додека добивката изгледа по Божја волја, целото тело ќе биде полно со темнина. Кога умствените способности ќе се сконцентрираат на земното богатство, тие се понижуваат и омаловажуваат.—.The Review and Herald, September 18, 1888. {1УКЛ 69.4}
Умот насочен кон Создателот, не кон самовоздигање. – Кога на тоа начело (работење за Божја слава) би му се посветило поголемо внимание, какво што заслужува според својата важност, тогаш во сите начела на образованието би настанала коренита промена. Наместо да поттикнуваат горделивост, себична амбиција и натпреварувачки дух, учителите би се труделе да разбудат љубов кон доброто, кон вистината и внатрешната убавина – би се труделе да создадат копнеж за совршенството… Наместо да биде насочен кон земните стандарди или да биде придвижен од копнежот за самовоздигнување, која сама по себе закржлавува и омаловажува, умот ќе биде насочен кон Создателот, за да го познава Него и да биде како Него.—Патријарси и пророци, 595, 596 (1890). {1УКЛ 70.1}
Живата вода наспроти провалени кладенци. – Исус ги познавал потребите на душата. Сјајот, богатството и честа не можат да го задоволат срцето. „Кој е жеден, нека дојде кај Мене”. Богатите и сиромасите, возвишените и понижените, подеднакво се добредојдени. Тој ветува дека ќе го растовари обременетиот ум, дека ќе ги утеши жалосните и ќе им подари надеж на духовно обесхрабрените. {1УКЛ 70.2}
Мнозина од оние што го слушнале Исуса биле жалосни поради неисполнетите надежи, мнозина негувале тајно жалост, мнозина копнееле да ги задоволат своите неуморни желби за работите на овој свет и за пофалбата од страна на луѓето; но кога го добиле сето тоа, утврдиле дека се труделе само за да стигнат до провален кладенец на кој не можат да ја згаснат својата жед. Среде блескотните, радосни сцени, стоеле незадоволни и жалосни. {1УКЛ 70.3}
Тогаш ненадејниот извик „Кој е жеден,“ ги тргнал од нивното жалосно размислување и слушајќи ги зборовите што уследиле, во нивните души се запалила нова надеж. Светиот Дух пред нив ги изнесувал овие знаменија сѐ додека во нив не ја виделе понудата на непроценливиот дар на спасението.—Копнежот на вековите, 454 (1898). {1УКЛ 70.4}
Неопходно е единство помеѓу божественото и човечкото. – Духот обезбедува сила која ја крепи душата за да се бори со сите опасности – помеѓу многубројните непријатели, омразата во светот и сфаќањето на сопствените несовршености и грешки. Апсолутно е потребно единство помеѓу божествените и човечките напори, блиската врска на самиот почеток, на крајот и засекогаш со Бога, изворот на сета сила.—The Review and Herald, May 19, 1904. (HC 151.) {1УКЛ 70.5}
