Соломон — хиперреалистична илустрација

Пророци и цареви

1 Соломон

Сподели го ова:

За време на владеењето на Давид и Соломон, Израел станал силен меѓу народите и можел во многу прилики да изврши силно влијание во корист на вистината и правичноста. Името Господово се почитувало и се славело така што се чинело дека постојат добри изгледи за остварување на оние цели заради кои Израелците се населиле во ветената земја. Биле срушени пречките така што луѓето кои доаѓале од незнабожечките земји да ја бараат вистината, не се враќале незадоволни. Мнозина се обратиле и црквата Божја на земјата се ширела и напредувала. {ПЦ 25.1}

Соломон бил помазан и прогласен за цар во последната година од животот на неговиот татко Давид, кој се одрекол од престолот во негова корист. Тој во своите млади години многу ветувал. Божјата намера била Соломон постојано да напредува во сила и слава, неговиот карактер да се развива и да стане се посличен на Божјиот карактер, и на тој начин да го поттикне Божјиот народ во исполнување на светата доверба како чувари на Божјата вистина. {ПЦ 25.2}

Давид знаел дека високата цел која Бог му ја поставил на Израел ќе може да се оствари само ако владетелите и народот со непрестајна будност се трудат да го постигнат стандардот кој им е поставен. Знаел дека неговиот син Соломон не смее да биде само војник, државник и владетел, туку и силен и добар човек, учител на праведноста и пример за верност, затоа што само така ќе може да ја оправда довербата со која Бог го удостоил. {ПЦ 26.1}

Давид нежно и сериозно го поучувал Соломон да биде храбар и благороден, да покажува милост и добрина кон своите поданици, да го почитува и слави Божјото име во сите свои постапки кон народите на земјата и со тоа да ја открива убавината на светоста. Многуте искушенија и горчливи искуства низ кои поминал Давид во својот живот го научиле да ги цени поблагородните доблести и го воделе кон тоа вака да го искаже својот претсмртен совет до Соломон: „Кој владее праведно со луѓето, и кој владее со страв Божји, тој е како утринската светлина кога ќе огрее сонцето, утро без облаци, на кое светка земната трева после дождот”. (2. Самоилова 23:3,4). {ПЦ 26.2}

О, каква можност имал Соломон! Доколку се водел по вдахновените поуки на својот татко, неговото владеење би било владеење на праведноста, како што е тоа опишано во седумдесет и вториот Псалм: {ПЦ 26.3}

„Боже, дај му го на царот Својот праведен суд,

а на царевиот син – Својата праведност,

за да им суди со праведност на Твоите луѓе

и на сиромасите Твои со праведен суд… {ПЦ 26.4}

Нека биде како дожд на ливада,

како капки што наросуваат земја.

Во Негово време нека се зацари правда,

и нека има изобилен мир сè додека не ја снема месечината.

И нека владее од море до море и од Реката до краиштата на Земјата.

Пред Него нека паднат на колена жителите на пустината,

и непријателите Негови нека ја лижат прашината;

царевите на Тарсис и островјаните дарови нека му принесуваат;

и царевите на Сава и од Сева дарови нека му донесуваат.

И нека Му се поклонуваат сите цареви;

нека Му служат сите народи;

зашто Тој избави беден кога вика и сиромав и беспомошен…

секој ден нека Го благословуваат…

Неговото име нека биде вечно:

нека Му трае славата сè додека постои Сонцето;

и во Него нека бидат благословени сите земни племиња,

а и сите народи нека Го сметаат за блажен. {ПЦ 27.1}

„Неговото име нека биде вечно:

нека Му трае славата сè додека постои Сонцето;

и во Него нека бидат благословени сите земни племиња,

а и сите народи нека Го сметаат за блажен”. {ПЦ 27.2}

Соломон во својата младост владеел по Давидовите совети и многу години чекорел по патот на праведноста, строго покорувајќи се на Божјите заповеди. Тој на почетокот од своето владеење отишол со своите советниците во Гаваон, каде што сѐ уште се наоѓал шаторот за состанок кој бил подигнат во пустината, и тука заедно со „илјадниците, стотниците, судиите и сите началници во сиот Израел – старешините на домовите татковски” (2. Летописи 1:2) принел жртва на Господа, целосно посветувајќи се на Господа. Соломон во извесна мерка ја разбрал големината на должноста во врска со царскиот престол, па знаел дека оние кои носат голем товар треба да се обратат на Изворот на мудроста за водство, за да ги извршуваат своите должности со успех. Затоа ги повикал и своите советници сите заедно да ги свртат срцата кон Бога и да побараат Негов благослов. {ПЦ 27.3}

Повеќе од сите земски добра, царот копнеел за дарот на мудроста и разум неопходен за остварување на задачите што му ги дал Бог. Копнеел за остроумност, широко срце и нежен дух. Таа ноќ Бог му се јавил на Соломон во сон и го запрашал: „Барај што сакаш да ти дадам?” Во својот одговор, младиот и неискусен владетел го изнел чувството на беспомошност и желба за помош. „Ти му направи голема милост на Твојот слуга, татко ми Давид”, рекол тој, „и поради тоа што тој одеше пред Тебе, по вистината и праведноста и со искрено срце кон Тебе, Ти му ја зачува таа голема милост и му подари син, кој седи на престолот негов, како што е тоа денес. {ПЦ 28.1}

„И денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татко ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам како да се однесувам. А Твојот слуга е среде Твојот народ што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа. Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ? {ПЦ 28.2}

„Мило Му беше на Господ што Соломон го побара тоа”. {ПЦ 28.3}

„Господ му рече: ‘Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум за да умееш да судиш, – Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе”. {ПЦ 28.4}

„И ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни”. (1. Царевите 3:5-14; 2. Летописи 1:7-12). {ПЦ 29.1}

Бог ветил дека ќе биде со Соломон исто така како што бил и со Давид. Ако царот оди пред Господа во праведност и постапува онака како што Бог му заповедал, неговиот престол ќе биде зацврстен, а неговото владеење би било средство за издигнување на Израел како „мудар и разумен народ” (Второзаконие 4:6), како светлина на околните народи. {ПЦ 30.1}

Зборовите кои ги употребил Соломон додека се молел на Бога пред стариот олтар во Гаваон, ја откриваат неговата понизност и неговата силна желба да го прослави Бога. Сфатил дека без Божја помош е исто толку беспомошен како мало дете и дека нема да може да ги исполни должностите кои му биле поставени. Знаел дека му недостасува расудување и увидувајќи ја својата голема потреба, барал мудрост од Бога. Во неговото срце немало себични желби за знаење кое би го воздигнало над останатите. Сакал верно да ги исполнува должностите кои му биле доделени и избрал таков дар со чие посредство ќе може со неговото владеење да Му донесе слава на Бога. Соломон никогаш не бил толку богат, толку мудар, ни толку навистина голем како кога признал: „Јас сум сосема млад, не знам како да се однесувам”. {ПЦ 30.2}

Оние кои денес се наоѓаат на одговорни положби треба да ја примат поуката содржана во Соломоновата молитва. Колку човек е на повисока положба, толку се поголеми и неговите одговорности, неговото влијание се зголемува и поголема е неговата потреба од зависност од Бога. Таков човек секогаш треба да има на ум дека со повикот за работа се упатува и повик за негово сериозно однесување пред ближните. Тој мора да стои пред Бога во улога на ученик. Положбата сама по себе не дава светост на карактерот. Човекот станува навистина голем само ако го слави Бога и се покорува на Неговите заповеди. {ПЦ 30.3}

Бог на кого ние му служиме не гледа кој е кој. Оној кој на Соломон му дал мудрост, би сакал истиот благослов и денес да им го пружи на своите деца. Неговата реч вели: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде”. (Јаков 1:5) Ако човек кој носи товар на должности сака повеќе мудрост отколку богатство, власт или слава, нема да се разочара. Таквиот човек од големиот учител ќе научи не само што треба да направи, туку и како треба тоа да го направи како би добил знак на божествено одобрување. {ПЦ 31.1}

Сѐ додека остане посветен, човекот на кого Бог му подарил мудрост и способност нема да копнее за високи позиции ниту ќе бара да владее или да заповеда. Некој мора да го понесе бремето на одговорноста; но наместо да се стреми кон власт, вистинскиот водач ќе се моли за разумно срце за да може да разликува добро од зло. {ПЦ 31.2}

Патот на луѓето што се поставени како водачи не е лесен. Тие мораат да разберат дека секоја тешкотија им нуди можност за молитва. Никогаш не смеат да пропуштат да се обратат кон Изворот на целата мудрост. Кога Господ ќе ги поткрепи и просветли, тие ќе бидат во состојба одлучно да одолеат на несветите влијанија и да направат разлика помеѓу правичноста и неправичноста, помеѓу доброто и злото. Тие ќе го одобруваат она што Бог го одобрува и ревносно ќе се борат против воведување на погрешни начела во Неговото дело. {ПЦ 31.3}

Бог му дал мудрост на Соломон која ја сакал повеќе од богатството, почестите и долгиот живот. Неговата молба да добие чист ум, широко срце и благ дух била услишена. „А Бог му даде на Соломон мудрост, многу голем разум и широчина на срцето како песокот на морскиот брег. И Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите синови на Исток, од сета мудрост на Египќаните. Тој беше помудар од сите луѓе,… и името негово се славеше по сите околни народи”. (1. Царевите 4:29-31) {ПЦ 31.4}

„ И сиот Израел… почнаа да се однесуваат кон царот со длабока почит, зашто видоа дека има мудрост Божја во него за да извршува суд”. (1. Царевите 3:28). Народот со цело срце го прифатил Соломон, токму како некогаш Давид, го слушаше во сѐ. „Соломон, синот Давидов, се зацврсти во царството свое, и Господ, неговиот Бог, беше со него и го издигна високо”. (2. Летописи 1:1). {ПЦ 32.1}

Многу години го одбележувале Соломоновиот живот со посветеност на Бога, со исправност и строга послушност на Божјите заповеди. Тој раководел со секоја значајна активност и мудро ги водел работите поврзани со царството. Неговото богатство и мудрост, прекрасните згради кои ги изградил и јавните работи што ги направил во првите неколку години од неговото владеење, енергијата, побожноста, праведноста и големодушноста кои ги откривал преку зборови и дела, му обезбедиле лојалност на неговите поданици и восхитување и почитување на владетелите од многу земји. {ПЦ 32.2}

Името на Јехова беше силно и величествено во првиот дел на Соломоновото владеење. Царевата мудрост и праведност им сведочела на сите народи за совршенството на Бога кому му служел. Израел, извесно време, бил светлина на светот, покажувајќи ја величината на Јехова. Меѓутоа, славното Соломоново владеење во почетокот не било резултат на неговата голема мудрост, чудесните богатства, далекусежната моќ и добриот глас кои ги уживал, туку последица на укажување почит на името на Израеловиот Бог преку мудрото користење на небесните дарови. {ПЦ 32.3}

Со текот на годините и неговата слава сѐ повеќе растела, Соломон се трудел да го прослави Бога зголемувајќи ги своите умствени и духовни сили и делејќи ги со другите благословите кои ги примил. Никој подобро од него не разбирал дека само преку милоста на Јехова стекнал моќ, мудрост и расудување и дека тие дарови го обврзуваат да му пружи знаење на светот за Царот над царевите. {ПЦ 33.1}

Соломон особено се занимавал со природните науки, но неговите истражувања не се ограничувале само на една гранка од науката. Преку вредно проучување на сѐ што е создадено, живата и неживата природа, тој стекнал јасно спознавање за Творецот. Во природните сили, во минералниот и животинскиот свет, во секое дрво и грмушка тој видел откровение на Божјата мудрост. И колку повеќе се трудел да научи, неговото знаење за Бога и неговата љубов кон Бога постојано се зголемуваа. {ПЦ 33.2}

Соломоновата од Бога вдахновена мудрост нашла израз во песните на пофалби и во многу изреки. „Тој изрече три илјади мудри изреки, а песните негови беа илјада и пет; тој говореше и за дрвјата, од кедар што е во Ливан, до исопот што никнува по карпите; тој говореше и за животните, за птиците, за влекачите и за рибите”. (1. Царевите 4:32,33). {ПЦ 33.3}

Во Соломоновите изреки се изнесени начела за свето живеење и возвишени напори, начела со небесно потекло кои водат кон побожност, начела кои треба да управуваат со секоја постапка во животот. Благодарение токму на распространетоста на овие начела и разбирањето дека на Бога Му припаѓа секоја чест и пофалба, Соломоновото владеење во почетокот било период на морално воздигање и материјален просперитет. {ПЦ 33.4}

„Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост”, напишал тој, „и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцените камења; и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа. Во десницата нејзина е долговечноста, а во левицата и е богатството и честа; патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се спокојни. Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, оние кои ја запазуваат”. (Изреки 3:13-18). {ПЦ 34.1}

„Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност”. (Изреки 4:7). „Почеток на мудроста е стравот од Господ”. (Псалм 111:10). „Стравот Господов го мрази злото; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста”. (Изреки 8:13). {ПЦ 34.2}

Добро ќе беше и во подоцнежните години Соломон да се придржуваше на овие чудесни зборови на мудрост! О, кога оној кој рекол: „Устите на мудрите знаење сеат” (Изреки 15:7), и кој самиот ги учел земските цареви да му оддаваат почести на Царот над царевите, кои тие ги давале на земниот владетел, никогаш со „подмолни усни”, во „гордост и злоба”, не би ја присвоил славата која што му припаѓа само на Бога! {ПЦ 34.3}

Сподели го ова:

Поврзани статии