8 моќни исцелители
Лекување на умот
Помеѓу умот и телото постои многу тесна врска; кога едното од нив страда, другото сочувствува. Состојбата на умот има многу поголемо влијание врз здравјето, отколку што многумина воопшто можат да сфатат. Многу болести од кои луѓето страдаат се резултат на ментална депресија. Жалоста, загриженоста, незадоволството, грижата на совеста, чувството на вина, неверувањето – сето тоа придонесува за ослабнување на животните сили и води кон уништување и смрт.
Имагинацијата на пациентот честопати ја предизвикува или многу ја влошува неговата болест. Многумина, кои можеле да се чувствуваат добро, остануваат инвалиди за цел живот, само затоа што самите се сметале за такви. Многумина си замислуваат дека секакво лесно изложување ќе предизвика болест и злото што го насетуваат и очекуваат, обично и доаѓа. Многу луѓе умираат од болести, кои се целосно измислени.
Храброста, надежта, верата, сочувството и љубовта го обновуваат здравјето и го продолжуваат животот. Задоволното срце и радосниот дух претставуваат здравје за телото и сила за душата. „Веселото срце е благотворно како лек.“ (Изреки 17:22).
При лекувањето на болниот не смее да се занемари менталното влијание – дејството на мислите, кои го обземаат неговиот дух. Правилно употребено, тоа влијание претставува едно од најефективните средства за совладување на болеста. (Здравје и среќа, 241)
Сочувство
Во лекувањето на болестите предизвикани од умот е потребна голема мудрост. Ранетото и болно срце, обесхрабрениот дух, бараат нежно постапување. Честопати се случува некоја тешкотија во семејниот дом да ја нагризува душата како рак, ослабнувајќи ги животните сили. Понекогаш се случува грижата на совеста заради сторениот грев да го поткопа здравјето на целиот организам и доведе до неурамнотеженост на умот. На ваквите болни, може да им се помогне само преку нежно сочувство. Лекарот, најпрвин треба да ја придобие нивната доверба, а потоа да ги упати кон Големиот Исцелител. Ако успееме да ја насочиме нивната вера кон Вистинскиот Лекар и да ги осведочиме дека Тој навистина се зазема за нив, тоа ќе доведе до олеснување на душата, а честопати и целосно оздравување на телото.
Многу често сочувството и тактичноста претставуваат поголем благослов за болниот, отколку најстручните методи за лекување, применети на студен и рамнодушен начин. Кога лекарот приоѓа до болничката постела на невнимателен и безгрижен начин, гледајќи го немоќниот рамнодушно и оставајќи со својот став и постапка впечаток дека таквиот случај не заслужува посебно внимание, оставајќи го пациентот сам за сето тоа да размислува, тој му нанесува огромна штета. Сомнежот и обесхрабрувањето предизвикани поради неговата рамнодушност, честопати го неутрализираат ефектот на лековите, што тој може да ги пропише.
Доколку лекарите би се ставиле себеси на местото на оној чијшто дух е потиштен и чијашто волја е ослабена преку страдањето и којшто копнее за зборови на сочувство и охрабрување, тие би биле поподготвени да ги сфатат неговите чувства. Кога љубовта и сочувството што Христос ги искажувал кон болните, комбинирани со знаењето на лекарот и самото негово присуствоби ги применувал на болниот, тоа би претставувало неискажлив благослов.
Искреноста на лекарот во постапувањето со пациентот го отвора патот на довербата и претставува значајна помош во обновувањето на здравјето. Постојат лекари, кои сметаат дека е мудро да ги прикријат од пациентот природата и причината за болеста од која тој страда. Многу лекари, плашејќи се да не го вознемират или обесхрабрат пациентот, не ја кажуваат вистината, туку му влеваат лажна надеж за оздравување, а со тоа дури и дозволуваат болниот да слезе во гроб, без да го предупредат за опасноста што му се заканува. Сето тоа е неразумно. Можеби не е секогаш најпрепорачливо и најдобро на пациентот нашироко да му се објаснува степенот и тежината на опасноста што му се заканува. Тоа би можело силно да го вознемири па дури и да го успори или спречи оздравувањето. Исто така не може целосната вистина секогаш да биде кажана до оние, чиишто слабости се во голем дел умислени. Многу од овие личности се неразумни и ненавикнати на дисциплина и самосовладување. Тие имаат својствени фантазии и замислуваат многу работи, кои не одговараат на вистината во поглед на самите себеси и другите. За нив тие исти нешта се реални и оние што се залагаат за нив, треба да манифестираат постојана љубезност и неуморно трпение и тактичност. Доколку на тие пациенти им биде кажана вистината за нив, некои би можеле да бидат навредени, а други обесхрабрени. Христос еднаш им рекол на Своите ученици: „Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.“ (Јован 16:12) Меѓутоа, иако вистината не може да биде кажана целосно во сите прилики, никогаш не е неопходно или оправдано да се измамуваат луѓето. Никогаш лекарот или болничарите не треба да се впуштаат во извртување на вистината. Оној што така постапува, се става себеси таму, каде што Бог не може да соработува со него; и губејќи ја довербата на своите пациенти, тој во исто време ја отфрла најефективната човечка помош за нивно оздравување.
Силата на волјата не се вреднува така како што би требало. Волјата треба постојано да се поттикнува и правилно насочува, затоа што таа му дава енергија на целото битие и претставува чудотворна помош во одржувањето на здравјето. Таа исто така претставува сила и во борбата против болеста. Правилно насочена, таа ќе владее над имагинацијата и ќе претставува моќно средство во спротивставувањето и победувањето на болеста на умот и телото. Ставајќи ја силата на волјата во правилен однос кон животот, болните можат многу повеќе да придонесат кон напорите за сопствено оздравување. Постојат илјадници, кои би можеле да оздрават, само кога би имале волја за тоа. Господ не сака тие да бидат болни. Тој копнее да бидат добри и среќни и тие треба да се погрижат околу тоа. Честопати и инвалидите можат да ѝ се спротивстават на болеста, одбивајќи да се препуштат на болката, тагата и очајувачката неактивност. Тие треба да се издигнат над сопствените болки и страдања и да се зафатат со некоја полезна работа што одговара на нивните сили. Со вакво ангажирање и со слободно користење на сончевата светлина и свежиот воздух, многу изнемоштени инвалиди повторно можат да ги повратат здравјето и силата.
Библиски принципи на лекување
Оние што сакаат да го повратат или сочуваат здравјето, можат да најдат поука во зборовите од Светото писмо: „Не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух.“ (Ефесјаните 5:18) Вистинското оздравување и закрепнување на телото и душата не се постигнува со возбуда или разонода предизвикана од неприридни и нездрави надразнувачки средства, ниту пак со задоволување на изопачениот апетит или страстите. Меѓу болните има многу такви, кои живеат без Бога и без надеж. Тие страдаат од незадоволени желби, безвредни страсти и грижа на совеста, која ги осудува; ги губат стожерот и надежта во овој живот и немаат никаква перспектива за идниот живот. Оние што се грижат за таквите болни, не смеат да негуваат лажна надеж дека на своите пациенти им прават добро, доколку им дозволуваат суета и возбудливи задоволства. Токму тоа било проклетство за нивните животи. Душата, која е гладна и жедна, ќе продолжи да гладува и жеднее, сé додека се обидува да се задоволи на таков начин. Оние што пијат од изворот на себичните задоволства, остануваат измамени. Тие ја сметаат за сила вештачки предизвиканата веселост, но кога возбудата ќе стивне, ја снемува и нивната инспирација, па така тие запаѓаат во незадоволство и малодушност.
Постои само еден Извор за траен мир и спокојство на духот. На него мислел Исус кога рекол: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ (Матеј 11:28) „Мир ви оставам; Својот мир ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот.“ (Јован 14:27) Овој мир не е нешто што Исус би можел да ни го даде независно од Себе. Тој е во Христа и ние можеме да го добиеме единствено, доколку го примиме и Него.
Христос е извор на животот. Она што на многумина им треба е да имаат појасно знаење за Него; треба трпеливо и љубезно, но сепак сериозно, да бидат поучени на кој начин целото битие може да биде достапно за Небесните исцелувачки сили. Кога топлите зраци на Божјата љубов ќе ги осветлат темните одаи на душата, уморот и незадоволство ќе исчезнат, а радоста и задоволството ќе му дадат виталност на умот и здравје и енергија на телото.
Ние живееме во свет преполнет со страдања. На секој чекор од нашиот пат нé чекаат тешкотии, искушенија и тага. Но, многу луѓе си го отежнуваат бремето на животот постојано предвидувајќи само неволји. Кога ќе ги снајде некоја неволја или разочарување, тие мислат дека сé оди кон пропаст, дека нивната загуба е најтешка и дека сигурно ќе наидат на криза. На таков начин тие си навлекуваат беда и фрлаат сенка на сé што ги опкружува. За нив животот станува тешко бреме. Но не треба да биде така. Тие ќе мораат да вложат одлучни напори да го сменат текот на мислите и таа промена може да се постигне. Нивната среќа во овој живот како и блаженството во идниот, зависи од насочувањето на сопствените мисли кон она што е убаво и пријатно. Пренасочете ги од таа мрачна слика што е плод на нивната имагинација кон благословите, кои Бог ги послал на нивниот пат, а потоа и кон она што е невидливо и вечно.
Бог обезбедил помош за секоја неволја. Кога Израелскиот народ во пустината наишол на горчливите води во Мера, Мојсеј повикал кон Бога. Бог не создал никакво ново средство за да ја подобри горчливата вода, туку го посочил вниманието кон она што веќе постоело. Во водата требало да бидат фрлени гранки од грмушката што Тој ја создал, за водата да стане чиста, слатка и питка. Кога го сториле тоа, луѓето пиеле од водата и биле освежени. Доколку Го побараме, Христос ќе ни притекне на помош во секоја неволја. Нашите очи ќе бидат отворени да ги запазиме спасоносните ветувања запишани во Неговата Реч. Светиот Дух ќе нé поучи како да го примаме секој благослов што ќе претставува лек против тагата и болката. Ние ќе најдеме лек за секоја горчлива голтка што ќе биде ставена на нашите усни.
Не треба да дозволиме нашето срце да го обземе страв, колената да ни затреперат, а рацете потклекнат, додека ја набљудуваме иднината со тешките проблеми и неповолните изгледи што таа ги донесува. „Ако прибегне кон Мојата заштита” – вели Моќниот, „за да склучи мир со Мене; и тогаш нека склучи мир со Мене.“ (Исаија 27:5) Оние што ги предаваат своите животи на Неговото водство и се посветуваат на службата за Него, никогаш нема да се најдат во положба, која Тој однапред не ја предвидел. Без оглед на околностите во кои се наоѓаме, ние ќе имаме сигурен Водич, Кој ќе го управува нашиот пат, доколку сме извршители на Неговата Реч. Колку и да сме збунети, ние имаме сигурен Советник; какви и да се нашите таги, големи загубите или осаменоста, ние имаме Пријател, Кој е полн со сочувство и љубов.
Ако направиме и некој погрешен чекор во нашето незнаење, ниту тогаш Спасителот нема да нé напушти и заборави. Никогаш не треба да чувствуваме дека сме сами. Ангелите се наши сопатници. Утешителот што Христос ветил дека ќе го испрати во Свое Име пребива во нас. На патот што води кон Божјиот Град, не постојат тешкотии, кои оние што веруваат во Него, нема да можат да ги победат. Не постојат опасности што тие не би можеле да ги избегнат. Не постои тага, болка, ниту човечка слабост за која Тој не предвидел соодветен лек.
Никој не треба да се препушти на обесхрабрување и очај. Сатаната може да ти пристапи и да ти дошепне: „Твојот случај е безнадежен. За тебе нема спасение.” Но твојата надеж е во Исуса Христа. Господ не бара од нас да победуваме со своја сила. Тој нé повикува одлучно да застанеме на Негова страна. Тој чека да нé ослободи без оглед на тешкотиите под кои работиме, без оглед на бремето што ги притиска душата и телото.
Оној, Кој ја зел човечката природа на себе, знае како да сочувствува со луѓето што страдаат. Христос не само што ја познава секоја душа и нејзините потреби и неволји, туку и сите околности што можат да го ранат и стаписаат духот. Неговата рака е испружена до секое Божјо дете што страда, со неизмерно сочувство и нежност. Тој им укажува најголема сомилост и сочувство на оние што најмногу страдаат. Тој е трогнат од нашата немоќ и копнее да положиме пред Неговите нозе сé што нé збунува и обременува и да го оставиме таму.
Не е мудро да се размислува само за себе и своите емоции. Ако го правиме тоа, непријателот ќе ни ги предочи тешкотиите и искушенијата, кои ја ослабнуваат верата и уништуваат храброста. Постојаното задржување на она што нé вознемирува и предизвикува излив на емоции, значи препуштање и вплеткување во нешто што го збунува духот. Наместо на себе, ние треба постојано да гледаме на Христа.
Кога искушенијата ќе навалат на вас, кога грижите, неизвесноста и темнината ќе ја опкружат вашата душа, гледајте на местото, каде што последен пат сте виделе светлина. Бидете спокојни во Христовата љубов и Неговата заштитничка грижа. Кога гревот се бори да загосподари во срцето, кога чувството на вина ја притиска душата и обременува совеста, кога неверувањето го замрачува духот, имајте во предвид дека Христовата благодат е доволна да го совладате гревот и да ја протерате темнината. Стапувајќи во тесна заедница со Спасителот, ние влегуваме во Царството на Мирот. (Здравје и среќа, 244-250)
