5. ДВИЖЕЊЕ

Сподели го ова:

„И го зеде Господ Бог човекот (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.“ (Создавање 2:15)

Активноста е закон на нашето битие. Секој орган на телото има своја одредена задача и од неговото извршување зависи нашиот развој и силата. Правилната работа на сите органи му дава на организмот сила и виталност, додека тенденцијата кон неактивност води кон распаѓање и смрт. Врзете ја раката и ослободете ја по неколку седмици, ќе видите колку таа е послаба од онаа со која во меѓувреме нормално сте се користеле. Неактивноста доведува до исти последици во целиот мускулен систем.

Неактивноста претставува значителна причина за болест. Движењето ја забрзува и изедначува циркулацијата на крвта во организмот, додека во состојба на неактивност, крвта не циркулира правилно и затоа во организмот не доаѓа до размена на материите, кои се толку неопходни за животот и здравјето. Кожата, исто така, станува неактивна. Нечистотиите не се излачуваат како во случај на интензивно вежбање, кое со забрзувањето на крвотокот ја одржува кожата здрава, а белите дробови ги храни со изобилство на чист и свеж воздух. Таквата состојба на организмот двојно ги оптоварува органите за лачење, а неизбежна последица на сето тоа е болеста.

Инвалидите не треба да се охрабруваат на неактивност. Кога е во прашање преоптовареност и сериозна исцрпеност во кој било поглед, целосното мирување за некое време може да претставува заштита од сериозни болести; меѓутоа, во случај на траен инвалидитет, ретко кога треба да се избегнува секаква активност.

Оние што се исцрпени од ментална работа, треба да се одморат од заморни мисли, но не треба да бидат наведени на помисла дека наводно е опасно да ги користат нивните умни способности. Многумина се склони да ја сметаат својата состојба за полоша, отколку што таа навистина е. Никако не смееме да поттикнуваме таква состојба на духот, затоа што таа влијае многу неповолно на оздравувањето.

Проповедниците, професорите, учениците и сите други умни работници, често страдаат од болест поради тоа што тешките ментални напори не ги ублажуваат со толку потребната физичка активност. Она што на овие лица им е потребно е многу поактивен живот. Навиката на строга умереност во комбинација со правилни вежби, ќе им обезбеди како умствена така и телесна сила и ќе ја зајакне издржливоста на сите умни работници.

Оние кои ги преоптовариле своите телесни сили, не треба да се поттикнуваат целосно да се откажат од физичката работа. Но, за да донесе најголем благослов, работата треба да биде систематизирана и пријатна. Всушност, најдобро е движење на отворено, и треба да биде испланирано така што ќе ги зајакне органите кои се ослабени; тоа треба сесрдно да се преземе. Работата со раце никогаш не треба да се смета за нешто што го понижува човекот и се сведува на ропско аргатување.

Кога инвалидите немаат на што да го посветат своето внимание и своето време, нивните мисли се концентрираат на себе и стануваат уште помрачни и пораздразливи. Тие често се задржуваат на нивните лоши чувства, сè додека не дојдат до заклучок дека нивната состојба е далеку полоша, отколку што навистина е. И како резултат на тоа, тие стануваат целосно неспособни да направат  нешто.

Неактивноста е најголемото проклетство што може да им се случи на повеќето инвалиди. Извршувањето на некоја лесна корисна работа, која не го преоптоварува умот или телото, има благотворно влијание и на телото и на душата. Тоа ги зајакнува мускулите, ја подобрува циркулацијата и на инвалидот му пружа задоволство, уверувајќи го дека не е сосема бескорисен во деловниот свет. Можеби на почетокот ќе може да извршува само некоја мала работа, но набргу ќе увиди дека неговата сила се зголемува, а сразмерно со зголемувањето на силата ќе се зголемува и неговата работна способност.

И покрај сето она што е кажано и напишано во врска со нивното значење, сè уште постојат многу луѓе кои ги занемаруваат физичките вежби. Некои премногу се дебелеат, затоа што организмот им е презаситен, други пак се тенки и слаби, затоа што нивните витални сили се исцрпени од исфрлувањето на прекумерно внесената храна. Црниот дроб е оптоварен во своите напори да ја очисти крвта од нечистотијата, а како резултат на сето тоа настанува болест.

Таквите вежби во многу случаи можат да бидат покорисни за здравјето од лековите. Честопати лекарите им препорачуваат на своите пациенти да одат дури и преку океанот, да одат до некој минерален извор или да посетат различни места поради промена на климата; но во најголем број случаи доколку биле умерени во исхраната и умерено и здраво се рекреирале, тие можеле да заштедат и време и пари и да оздрават дома.

Активноста дава моќ. (Мојот живот денес, 144)

Подобро од било кој лек

Во сите такви случаи, добро насочената физичка активност се покажала како ефикасно лековито средство. Во некои случаи таа е неопходна за обновување на здравјето. Волјата оди напоредно со работата на рацете и затоа кај таквите инвалиди треба да се разбуди волјата. Кога волјата е заспана, имагинацијата станува неприродна и организмот не е во состојба да ѝ се спротивстави на болеста.

Сите кои се во можност би требало и зиме и лете да се движат на отворено, секогаш кога тоа го дозволува времето. Но, облеката треба да биде погодна за вежбање, а нозете мораат да бидат добро заштитени. Една прошетка, дури и во зима, може да биде покорисна за здравјето отколку сите лекови кои лекарите можат да ги пропишат. За оние кои можат да одат, одењето е подобро од возењето. Мускулите и крвните садови се оспособуваат подобро да ја вршат својата работа. Ќе се зголеми виталноста, која е толку неопходна за здравјето. Белите дробови ќе ја извршуваат потребната работа, бидејќи е невозможно да се излезе на свеж воздух во зима наутро, а притоа белите дробови да не се рашират. (2. Сведоштво, 529)

Физичкото движење како средство за закрепнување е помоќно и поефикасно дури и од лекувањето со вода. (4. Сведоштво, 94)

Го подобрува варењето

Движењето ќе му помогне и на варењето. Многу е корисно да се излезе на прошетка после оброкот, држејќи ја главата исправено, со исфрлени рамена и така да се оди. Умот ќе се пренасочи од себе кон убавините на природата. Колку помалку се мисли на желудникот после јадењето, толку подобро. Ако постојано стравувате дека храната ќе ви наштети, тогаш тоа најверојатно и ќе се случи. Заборавете на себе и мислете на нешто пријатно. (2. Сведоштво, 530)

Бидејќи движењето ја потпомага работата на органите за варење, тоа е особено полезно за диспептичарите (оние што страдаат од лошо варење), додека премногу напорната физичка или умствена работа, која би се презела веднаш по оброкот, го попречува процесот на варењето; но кратката прошетка по оброкот, со крената глава и рамења повлечени наназад, е од голема полза.

Нема да умрете

Вас болните ве советувам да преземете нешто. Разбудете ја силата на волјата и направете барем еден обид. Оттргнете ги вашите мисли и чувства од самите себе. Одете во вера. Ако сте склони да ги насочувате своите мисли на самите себе, плашејќи се дека ќе го загубите животот ако се движите и ако се изложите на влијанието на воздухот, тогаш треба да се спротивставите на таквите мисли и чувства. Не ѝ попуштајте на вашата болна фантазија. Ако не успеете во тој обид, можете само да умрете. И што ако умреш? Подобро е да биде загубен еден живот, отколку многу животи да бидат жртвувани. Вашите сфаќања не само што го уништуваат вашиот живот, туку нанесуваат штета на оние чиј живот е многу подрагоцен од вашиот. Но, начинот на живот кој ние ви го препорачуваме нема да ве лиши од животот, ниту ќе ви наштети. Вие од тоа ќе добиете само корист. (2. Сведоштво,  534)

Главна, ако не и единствена причина зошто многумина заболуваат е што крвта не им циркулира слободно и што во неа не се вршат промени кои се нужни за живот и здравје. Овие луѓе не му пружиле на своето тело движење и на своите бели дробови храна, чист и свеж воздух; затоа крвта не е во состојба да се обнови туку мрзливо тече низ организмот. Колку повеќе се движиме, толку подобра ќе биде циркулацијата на крвта. Многу повеќе луѓе умираат поради тоа што не се движат отколку поради премореност; многу повеќе се оние кои корозираат, отколку оние кои се трошат. Оние кои ќе се привикнат на движење на чист воздух, по правило ќе имаат добра и силна циркулација. Ние многу повеќе зависиме од воздухот кој го вдишуваме отколку од храната која ја јадеме. Мажите и жените, младите и старите, кои сакаат да бидат здрави и да уживаат во активниот живот, треба да имаат на ум дека тоа не може да се постигне без добра циркулација. Какви и да се нивните склоности и нивното занимање, тие треба да настојуваат што повеќе да се движат на свеж воздух. Треба да сметаат дека нивна верска должност е да прекинат со стариот начин на живот – со затворените врати, без движење на чист воздух. Некои болни се многу самоволни и нема да увидат од колкава важност е секојдневното движење во поле и чистиот воздух. Од страв да не настинат, тие од година во година одат по својот пат, живеејќи живот кој е опасен по здравјето. Овие луѓе не можат никако да имаат здрава циркулација. Целиот организам страда поради недостатокот на движење и чист воздух. Кожата ја губи својата отпорност и станува чувствителна на секоја промена во атмосферата. Затоа уште повеќе се облекуваат и уште ја греат собата. Следниот ден бараат уште малку подобро да се облечат и собата уште повеќе да се загрее. Така ѝ угодуваат на секоја своја желба, додека не станат толку неотпорни што не можат да поднесат никакво студенило. Некои ќе запрашаат: „Што да работиме? Сакате ли да настинеме?” Ако облечете потопла облека, тоа нека биде во најмала мерка и движете се, ако е можно, за да ја надополните загубата на топлина. Ако навистина не сте во состојба да се движите, загрејте се на оган, но штом ќе се згреете, соблечете ја непотребната облека од себе и оддалечете се од огнот. Кога оние кои можат да се посветат на некоја работа во која би заборавиле да мислат постојано на себе, во повеќето случаи би заборавиле дека им е студено, и тоа нема да им наштети. Штом ќе се згреете толку колку што е потребно, треба да ја намалите температурата во собата. За оние кои имаат болни бели дробови ништо не е полошо отколку прегреан воздух. (2. Сведоштво, 525)

Пешачењето за жените

Не постои друг вид на вежбање кој би бил толку корисен за организмот во целина, како пешачењето. Активните прошетки на свеж воздух ќе им донесат голема корист на жените и ќе им помогнат да го сочуваат здравјето повеќе од било кое друго средство. Пешачењето – е исто така еден од најефикасните методи за лекување на болниот човек, особено за оние кои имаат повреди на екстремитетите. (Здрав живот, 130)

Стотици други болести

Утринските вежби, без разлика дали е тоа загревање, пешачење или работа во градина – се потребни за нормална циркулација на крвта. Ова е најсигурната гаранција од настинка, кашлица, белодробни заболувања, заболувањата на црниот дроб, бубрезите и стотици други болести. (Здрав живот, 130-131)

За оние кои учат

Многу ученици и студенти со денови седат во тесна соба наведнати над своите книги во свиткана положба, едвај дишејќи, нивниот крвоток е забавен, нозете студени, а главата жешка. Бидејќи телото недоволно се исхранува, мускулите слабеат, а целиот организам е исцрпен и болен. Често, таквите ученици стануваат хронично болни. Тие можеле да излезат од училиштето физички и ментално зајакнати, ако во текот на школувањето им биле обезбедени соодветни услови, со редовно вежбање на сонце и свеж воздух.

Ученикот кој се бори да се здобие со образование соочувајќи се со ограничено време и средства, мора да разбере дека времето потрошено за физичко вежбање не е загубено време. Оној кој е постојано задлабочен во книгите наскоро ќе согледа дека неговиот ум ја загубил свежината. Оние кои му подаруваат соодветно внимание на физичкиот развој подобро ќе напредуваат во стекнувањето знаење од книгите, отколку да го поминале сето свое време во учење. Недостатокот на физичка активност ги слабее не само умствените туку и моралните сили. (Воспитување, 208.209)

Со цел луѓето да имаат добро урамнотежен ум, сите сили и способности на битието треба да се развиваат со правилна употреба. Светот денес е преполн со еднострани луѓе затоа што се користат и развиваат само едните способности, додека другите поради неактивност потполно венеат. Многу од младите погрешно се воспитуваат. Тие премногу се занимаваат само со изучување на книги, додека она од што практично зависи животот целосно го занемаруваат. За да се одржи урамнотеженост на умот, со умните напори треба да се комбинира разумен систем на физичка работа, што ќе овозможи складен развој на сите способности.

На студентите кои сакаат двегодишните студии да ги завршат за година дена не треба да им се дозволи така да прават. Преземањето на двојни напори за мнозина значи преоптоварување на умот, а целосно запоставување на физичкото движење. Неразумно е да се претпостави дека умот може да свари двојно поголема количина на умна храна; а преоптоварувањето на умот е исто толку голем грев како и преоптоварувањето на дигестивните органи. (Совети за родителите, учителите и студентите, 296)

По обилниот оброк не треба да се учи или веднаш да се пристапи на тешка работа; со тоа би се повредиле законите на телесното здравје. Енергијата на нервите веднаш по јадењето значително се троши. Силите на мозокот активно работат за да му помогнат на стомакот. Според тоа, процесот на варење се попречува ако умот или телото се преоптоваруваат по јадењето. Животните сили кои се потребни за да се изврши работата во една насока, се упатуваат назад во друга насока. (2. Сведоштво, 413)

Упатства

Особено при болеста

Жените

Голем дел од жените се задоволни кога можат да поминат покрај шпоретот половина или дури и три третини од своето време додека мозокот не им се загрее и зашемети. Тие треба да излегуваат надвор и да се движат секој ден, па ако треба поради тоа и да занемарат некои работи во домот. Ним им е потребен свеж воздух за да го одморат својот расеан мозок. (2. Сведоштво, 531)

Наскоро тие не ќе можат да живеат без ова

Оние кои не ги користат своите екстремитети секој ден бргу ќе се заморат кога ќе се фатат за некоја работа. Вените и мускулите не се во состојба да можат правилно да функционираат и да го одржат целиот организам во здрава активност при што секој орган ја врши својата должност. Екстремитетите зајакнуваат со употреба. Умереното вежбање секој ден ги зајакнува мускулите, кои без вежбање стануваат млитави и слаби. Црниот дроб, бубрезите и белите дробови исто така зајакнуваат со секојдневно движење на свеж воздух и стануваат способни да ја вршат својата работа. Повикајте ја на помош и силата на волјата за да се спротивставите на студот и да го направите посилен целокупниот нервен систем. За кратко време ќе ги увидите сите благодати од движењето и чистиот воздух, така што веќе нема да сакате да живеете без овие благодати. (2. Сведоштво, 533)

Не дозволувајте болката да ве спречи

Оние кои се со слабо здравје и по својата природа невнимателни, не смеат да и попуштаат на својата склоност да бидат неактивни, лишувајќи се од воздух и сонце, туку треба што повеќе да се движат на свеж воздух, одејќи или нешто работејќи во градината. Тоа секако ќе ги замори, но никако нема да им штети. И ти, сестро моја, по таквото движење ќе чувствуваш замор, но тоа ништо нема да ти штети, само одморот потоа ќе ти биде многу посладок. Неактивноста ги слабее органите кои не се употребуваат. Болки и исцрпеност се чувствуваат затоа што мускулите ослабнале. Не е мудро да не се користат некои мускули само затоа што при нивна употреба се чувствува болка. Таквата болка често е предизвикана од напорите на природата да го поврати животот и силата на оние делови на организмот кои поради неактивност станале речиси безживотни. Движењето на тие долго неупотребувани мускули предизвикува болки, бидејќи природата повторно се буди и оживува.

Вредноста на пешачењето за болните

Пешачењето, во секој случај кога за тоа постои можност, е најдобар лек за болните, бидејќи во таквото движење учествуваат сите органи на телото. Многумина кои зависат од физикална терапија можат со вежбање на мускулите сами да направат за себе многу повеќе отколку што физиотерапевтот може да направи за нив. Во некои  случаи недостатокот на  движење  причинува цревата  и мускулите да се соберат и ослабнат и тие органи кои слабееле затоа што не се доволно користени, ќе зајакнат благодарение на движењето. Не постои вежба која би можела да го замени пешачењето. Со пешачење во голема мера се подобрува циркулацијата на крвта, што, пак, придонесува за побрзо лекување. (3. Сведоштво, 78)

Интензитетот на физичката активност

„Со пот на лицето свое ќе јадеш леб.“ (Создавање 3:19)

Врз организмот на здравиот млад човек интензивните физички вежби имаат зајакнувачки ефект. Без таков физички напор мозокот не може правилно да функционира со максимална ефикасност – во острината на реагирањето. (Специјални сведоштва, серија Б, број 1, стр. 28-30)

Ако сте поканети да учествувате на црковен состанок, запрашајте се: дали имате доволен потенцијал за перципирање на слушнатите и претставените податоци? Ако не се наоѓате во соодветна форма, ако вашиот ум е затапен и отсутен, вие немате право да учествувате на таквите средби. Дали чувствувате внатрешна желба да имате конфликт со некого?  Тогаш не одете на состанокот; ако отидете таму во таква состојба, вие само ќе се обесчестите себеси пред Бога. Земете ја секирата и исцепете ги дрвата – или занимавајте се со друг вид на вежбање, до тогаш додека не се вратите во нормала и не стекнете рамнотежа. (Медицинска служба, 295)

Качувањето по ридовите претставува физички напор кој е мошне корисен за нашите проповедници, лекари и други работници кои се во опасност да не се движат доволно. (Евангелизам, 386)

На учениците им е неопходно енергично вежбање. (Воспитување, 210)

Тип на вежби

Градинарството е еден вид на вежба за целото тело: рацете, нозете и торзото (горниот дел на телото). Секому се препорачува да си прилагоди за себе избалансирана програма на физички оптоварувања во која пропорционално ќе бидат вклучени сите делови на телото. Физичката работа е најпосакувана (за разлика од вежбањето, како цел сама за себе), во која се развиваат и волјата и разумот на човекот.

Вежбањето кое само претставува игра или движење не ни нуди најголема корист. Престојот на чист воздух и вежбањето на мускулите ни донесуваат некаква полза, но ако истата сила се вложи во некоја корисна работа, користа би била поголема и би имале чувство на задоволство. Таквите вежби донесуваат чувство на корисност и одобрување на совеста за добро извршената должност. (Темели на среќниот дом, 418)

Движењето на чист воздух треба да се претстави како животна потреба. Всушност не постојат подобри можности за такво движење од обработувањето на земјата. (Здравје и среќа, 204)

Циркулација на крвта

„Зашто душата на секое тело е во крвта негова…“ (Левитска 17:11)

Совршено здравје зависи од совршената циркулација. Доколку циркулацијата на крвта во организмот е подобра, дотолку крвта е послободна од пречките и нечистотијата. Крвта го храни телото. Здравјето на телото зависи од здравата циркулација на крвта. (Здрав живот, 178)

Зa дa имaмe дoбрo здрaвje, мoрaмe дa имaмe дoбрa крв, зaтoa штo крвтa e рeкa нa живoтoт. Taa гo нaдoмeстувa истрoшeнoтo и гo хрaни нaшeтo тeлo. Taa дoнeсувa живoт и витaлнoст дo сeкoj дeл oд нaшиoт oргaнизaм, кoгa e зaдoвoлeнa сo сooдвeтни хрaнливи eлeмeнти и прoчистeнa и зaсилeнa oд дoпирoт сo свeжиoт вoздух. Кoлку e пoдoбрa нejзинaтa циркулaциja, тoлку пoдoбрo тaa ќe ja изврши свojaтa зaдaчa.

Зa дa имaмe дoбрa крв, ниe мoрaмe прaвилнo дa дишимe. Длaбoкoтo вдишувaњe чист вoздух штo ги испoлнувa бeлитe дрoбoви сo кислoрoд ja прoчистувa крвтa. Toa ѝ дaвa нa крвтa свeтлa бoja и кaкo живoтвoрнa рeкa ja испрaќa дo ситe дeлoви нa тeлoтo. Дoбрoтo дишeњe ги смирувa нeрвитe; гo стимулирa aпeтитoт, гo пoтпoмaгa вaрeњeтo и дaвa здрaв, oкрeпувaчки сoн. (Здравје и среќа, 272)

При сeкoe oтчукувaњe нa срцeтo, крвтa трeбa лeснo и брзo дa пoминe низ сeкoj дeл oд тeлoтo. Нejзинoтo циркулирaњe нe смee дa бидe oтeжнaтo сo тeснa oблeкa или стeгaњe, или пaк сo нeдoвoлнo зaтoплувaњe нa eкстрeмитeтитe. Сé штo ja пoпрeчувa циркулaциjaтa, ja пoтиснувa крвтa нaзaд вo витaлнитe oргaни штo дoвeдувa дo нejзинo нaтрупувaњe. Кaкo рeзултaт нa тoa, чeстoпaти сe jaвувaaт глaвoбoлкa, кaшлицa, срцeбиeњe или лoшo вaрeњe нa хрaнaтa. (Здравје и среќа, 271)

Одржувајте го здравјето на вашето срце

Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот(Изреки 4:23)

Главна, ако не и единствената причина зошто мнозина стануваат инвалиди е што крвта не им циркулира слободно, и промените во таа витална течност, кои се неопходни за животот и здравјето не се остваруваат. Таквите не се движат доволно, ниту пак нивните бели дробови ги хранат со чист и свеж воздух; затоа невозможно е крвта да им се витализира и таа низ целиот организам тече пребавно.

Лошата циркулација прави крвта да стане нечиста, предизвикувајќи застој на крвта (конгестија) во мозокот и белите дробови и предизвикува болести на срцето, црниот дроб и белите дробови. (Здрав живот, 180)

Ако човекот во својот ум е слободен и среќен, бидејќи свесен дека чини добро и наоѓајќи задоволство во тоа што ги усреќува другите, тоа создава расположение кое делува на целиот организам, предизвикува послободна циркулација на крвта и го јакне целото тело.“ (Мојот живот денес, 150)

Болести на срцето

Месната храна, путерот, сирењето, богатите колачи, зачинетата храна и зачините слободно се користат и од старите и од младите… Таквата храна органите во кои се создава крвта не можат да ја претворат во добра крв.

Тешкотиите со настинката, болестите на бубрезите, главоболката и срцевите проблеми се резултат на неумереноста во јадењето. (Здрав живот, 181)

Маслинките, слично на зрнестите плодови, соодветно подготвени, можат да го заменат путерот и животинското месо. Маслото што го внесуваме при јадење на маслинката е далеку подобро од животинското масло и салото. Тоа служи како лаксатив.  Благотворно е и за болните од туберкулоза како и за оние со заболен  или воспален желудник. (Здравје и среќа, 298)

Во допир со природата

Творецот, за нашите прародители избрал околина која била најдобро прилагодена за нивното здравје и среќа. Тој не ги сместил во некоја палата, ниту ги опкружил со вештачки украси и луксузни работи, за кои денес многумина копнеат. Тој ги довел во допир со природата и во блиска заедница со светите небесни битија.

Во градината што Бог ја подготвил како дом за Неговите деца, преубавите грмушки и нежните цвеќиња, биле пријатна глетка на секој чекор. Во неа имало дрвја од секоја сорта, многу од нив биле преполни со миризливи и вкусни плодови. На нивните гранки птиците пееле славопојни песни. Под нивната сенка, земните суштества  се дружеле заедно без страв.

Адам и Ева, во нивната неизвалкана чистота, се восхитувале на глетките и звуците во Едем. Бог ја одредил нивната задача во градината „да ја обработува и да ја чува.“ (Создавање 2: 15) Секојдневниот труд им носел  здравје и радост, а среќниот пар со радост ги  поздравувал посетите на својот Творец, Кој на крајот од денот им се придружувал во прошетка и разговор. Господ секојдневно ги поучувал.

Начинот на живот што Бог го одредил за нашите прародители претставува поука и за нас. И покрај тоа што гревот ја замрачил Земјата, Бог сака Неговите деца да најдат задоволство во делата на Неговите раце. Колку сме поблиску до Неговиот план на живот, толку почудесно Тој ќе работи за исцелување на човештвото кое страда. Болните треба да бидат во потесен допир со природата. Животот на отворено, во природна околина, ќе има чудотворно дејство на многу беспомошни и речиси безнадежни лица.

Бучавата, возбудата и конфузијата во градовите, нивниот ограничен и вештачки живот, се заморни и исцрпувачки за болните. Воздухот исполнет со чад и прашина, со отровни гасови и бактерии на заразните болести е мошне опасен за животот. Болните, кои во најголем дел се затворени во четири ѕида, речиси се чувствуваат како затвореници во своите соби. Тие гледаат само куќи, тротоари и забрзано мноштво народ, и можеби се лишени од можноста да погледнат во синото небо, сонцето, тревата, цвеќињата или дрвјата. Така затворени, тие размислуваат за нивното страдање и тага и стануваат жртви на своите тажни мисли.

И за оние што се морално слаби, градовите изобилуваат со опасности. Во нив, пациентите кои треба да ги победат своите неприродни апетити, постојано се изложени на искушение. Тие треба да се сместат во нова средина, каде што нивните мисли ќе им бидат насочени во друг правец; треба да бидат ставени под влијанија сосема различни од оние што им го уништиле животот. За извесно време, нека бидат преместени во почиста атмосфера, далеку од влијанијата што ги одвојуваат од Бога.

Институциите за згрижување на болните ќе бидат далеку поуспешни доколку би можеле да се изградат подалеку од градовите. И колку што е можно, сите оние што се обидуваат да го повратат здравјето, треба да престојуваат во средина во која ќе имаат корист од животот во природата. Природата е Божји лекар. Чистиот воздух, прекрасната сончева светлина, цвеќињата и дрвјата, овоштарниците и лозовите насади како и активностите на отворен простор покрај такво опкружување, донесуваат здравје и живот.

Лекарите и медицинските сестри треба да ги поттикнат своите пациенти да се задржуваат што подолго на свеж воздух. За многу инвалиди, престојувањето во природа е единствениот лек кој им е потребен. Природата има чудотворна моќ да ги лекува болестите предизвикани од возбудите и претерувањата на современиот живот, живот кој ги ослабува и ги уништува силите на телото, умот и душата.

Колку само мирот и слободата на село би биле благотворни за болните, уморни од градскиот живот, блескавите светилки и уличната врева! Колку нетрпеливо би се свртеле кон сцените на природата! Колку би им било драго да престојуваат на свеж воздух, да уживаат во сончевата светлина и благопријатниот мирис на дрвјата и цвеќињата! Боровата смола, благопријатниот мирис на кедарот и елката и другите дрвја во себе имаат животворни својства кои го обновуваат здравјето.

Кога се во прашање хроничните болести, ништо не може да го врати здравјето и среќата во толкава мерка, како животот во привлечна природна околина. Тука и најбеспомошните можат да седат или да лежат на сонце или под сенката на дрвјата. Доволно е само да ги подигнат очите, за да го видат убавото зеленило над себе; и додека го слушаат шумолењето на ветрето, ги обзема некое пријатно чувство на смиреност и освежување. Изнемоштениот дух оживува, а изгубената сила се враќа. Духот несвесно се смирува, а забрзаниот пулс станува се постабилен. И додека така болните постепено закрепнуваат, тие ќе се обидат и да зачекорат за да скинат некои прекрасни цвеќиња, кои претставуваат скапоцени гласници на Божјата љубов кон Неговото болно семејство на оваа Земја.

Треба да се направат планови за задржување на пациентите надвор од затворениот простор. Треба да се пронајдат некои пријатни и лесни работи со кои можат да се занимаваат оние што се способни да работат. Покажете им колку е пријатна и корисна работата во природа. Поттикнете ги да вдишуваат свеж воздух. Научете ги да дишат длабоко и преку дишењето и зборувањето да ги вежбаат стомачните мускули. Ваквото образование за нив ќе биде од  непроценлива вредност.

Вежбањето на отворено треба да се претстави како животна потреба. А за таквите вежби нема ништо подобро од обработувањето на земјата. Пациентите нека се грижат за цветните леи, нека работат во овоштарник или зеленчукова градина. Ако бидат охрабрени да ја напуштат својата соба и да го поминуваат времето на отворено, одгледувајќи цвеќиња или вршејќи некоја друга лесна и пријатна работа, тие ќе престанат да мислат на себе и своите страдања.

Колку повеќе пациентот престојува на отворен простор, толку помалку ќе има потреба од нега. Колку повесела е неговата околина, толку повеќе ќе има надеж. А ако е затворен во собата, колку и да е елегантно декорирана, тој ќе стане нетрпелив и мрачен. Опкружете го со природата и нејзините убавини, сместете го таму, каде што ќе може да го набљудува растот на цвеќињата и да ги слуша птиците што пеат; и тогаш неговото срце ќе запее во хармонија со песните на птиците. Ќе настапи олеснување за телото и умот. Интелектот ќе се разбуди, внатрешните способности ќе се придвижат и умот ќе биде подготвен да ја цени убавината на Божјата реч.

Во природата секогаш може да се најде нешто што ќе го сврти вниманието на болните од нив самите и ќе ги насочи нивните мисли кон Бога. Опкружени со Неговите чудесни дела, нивните умови ќе се издигнат над видливите нешта и тие ќе размислуваат за она што е невидливо. Убавините на природата ќе ги наведат да размислуваат за небесниот дом, каде што нема да постои ништо што ќе ја наруши убавината, ништо што загадува или уништува, ништо што би предизвикало болест или смрт.

Лекарите и медицинските сестри нека црпат наука од природата, која е отворена книга на Божјата премудрост. Нека ги насочат своите пациенти кон Бога, чија рака ги создала високите дрвја, тревата и цвеќињата, охрабрувајќи ги во секоја пупка и цвет да видат израз на Неговата љубов кон Неговите деца. Оној, Кој се грижи за птиците и цвеќињата, ќе се грижи и за суштествата, кои се создадени според Неговиот изглед.

Надвор, во природа, среде работите што ги создал Бог, дишејќи го свежиот воздух што дава здравје, на болните најдобро може да им се зборува за новиот живот во Христа. Тука може да им се чита Божјата реч. Тука светлината на Христовата праведност може да ги осветли срцата помрачени од гревот.             

Мажите и жените кои имаат потреба од физичко и духовно исцелување, треба да бидат доведени во контакт со оние чии зборови и дела ќе ги привлечат кон Христа. Тие треба да бидат  под влијание на Големиот Здравствен Мисионер, Кој може да ја излекува како душата така и телото. Треба да ја слушнат приказната за љубовта на Спасителот, за помилувањето, кое им е обезбедено на сите кои доаѓаат кај Него да ги исповедаат своите гревови.

Под такви влијанија, како што се овие, многу страдалници ќе го променат начинот на животот. Небесните ангели соработуваат со човечките орудија внесувајќи охрабрување, надеж, радост и мир во срцата на болните и на оние што страдаат. Во такви услови болните ќе бидат двојно благословени и мнозина ќе оздрават. Слабиот, несигурен чекор ќе ја поврати својата еластичност. Очите ќе го повратат својот сјај. Безнадежните ќе се исполнат со надеж. На некогаш очајното лице, сега се огледа вистинска радост. Наместо тага, во гласот сега се чувствува призвук на радост и задоволство.

Кога ќе биде обновено физичкото здравје, мажите и жените ќе бидат способни да ја практикуваат таа вера во Христа, што ѝ обезбедува здравје на душата. Постои необјаснив мир, радост и спокој во свеста дека гревовите ни се простени. Засенетата надеж на христијанинот станува светла и јасна. Неговите зборови го изразуваат верувањето: „Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја.“ „Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат.“ „Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот.“ (Псалм 46:1; 23:4; Исаија 40:29). (Здравје и среќа, 261-267)

Сподели го ова:

Слични објави