Книгата „Патријарси и пророци“ од Елена Г. Вајт претставува моќна и сеопфатна духовна драма што ја осветлува историјата на светот од создавањето па сè до периодот на Израелскиот цар Давид. Делото не е само историско прераскажување на библиските настани, туку и Богато теолошко размислување за потеклото на злото, причините за страдањето и Божјиот план за спасение. Започнува со приказот на небесниот бунт и покажува како хармонијата била нарушена преку гордоста и самовозвишувањето на Луцифер. Таа „голема борба“ меѓу доброто и злото е главната тема на книгата и покажува дека настаните на Земјата не се одделни и случајни, туку се дел од поширок духовен судир што влијае врз нашите секојдневни избори и постапки.
Преку живописни сцени од падот во Едем, првите жртви, трагедијата на потопот и распрснувањето на народите, авторката го приближува карактерот на првите луѓе и нивната борба да ја зачуваат верата во Божјите ветувања. Книгата ги прикажува Авраам, Исак и Јаков не како совршени и недостижни херои, туку како вистински луѓе со слабости и искушенија. Посебно место има Мојсеј и излезот од Египетското ропство, прикажани како историски настан со длабока духовна порака: Бог ослободува, води и воспитува, дури и кога народот се колеба.
Еден од клучните моменти во книгата е давањето на Законот на Синај. Божјиот закон не се претставува како сувопарен список забрани, туку како израз на Божјиот карактер и како темел на слобода, доверба и праведен поредок. Токму затоа текот на излагањето покажува дека вистинската слобода не е во отфрлање на Божјиот поредок, туку во тоа секојдневно да се живее според Божјиот закон и Неговите упатства – а отстапувањето носи духовна празнина, страв и разорување.
Како што книгата ги следи настаните низ пустината и влегувањето во ветената земја, искуствата на Израел стануваат огледало за секое време: победите произлегуваат од вера и послушност, а падовите од самодоверба, заборав и идолопоклонство. Текот на излагањето кулминира со животот на Давид, каде преку неговите големи победи, но и преку тешките морални падови, особено јасно се прикажуваат и сериозноста на гревот и длабочината на Божјата милост кон оној што искрено се кае. На крајот, книгата остава силна порака дека злото не е конечната реалност: Божјиот карактер останува непроменлив – праведен и милостив – и токму во тоа е надежта што ги држи Божјите луѓе низ Сите генерации. „Патријарси и пророци“ затоа не е само книга што дава информации, туку дело што го поттикнува човекот да размисли за своите избори, ја зајакнува верата и помага подобро да се разберат библиските настани и поуките од нив, и што значат тие поуки за нашиот секојдневен живот и за надежта што ја носи иднината.
